ЖЕНСКОТО ПИСМО НА ТОНИ МОРИСОН

НАЈСИНИТЕ ОЧИ - ПОТРАГА ПО НОВ ИДЕНТИТЕТ

Ана Вељаноска

Вовед

          Основната цел на ова книжевно-теориско излагање е да се осврне на некои од прашањата, кои се поврзани со феминистичките теории и критики, а тоа ќе биде женското писмо и неговите карактеристики, потоа жената како „друга“, женскиот субјект, кој твори, идентитетот и потрагата по него, илустрирано преку романот Најсиното око на добитничката на Нобелова награда за литература Тони Морисон.

Женското писмо на Тони Морисон

          Деконструирајќи го машкото писмо, и проговорувајќи од еден поинаков агол, не само од аголот на една црна жена, туку и од аголот на жената воопшто,  авторката на романот Најсиното око се обидува и успева да продре длабко во еден интимен женски свет, каде тајните се чуваат како нешто свето. Занемарувајќи го машкиот свет, Тони Морисон навлегува во женскиот свет на чувствата, на емоциите и дозволува тој свет да биде обелоденет, преку женската хетeроглосија или женското повеќегласје [1], а тоа го прави преку техниката на пишување.
          Интересно е како е презентирана самата приказна за девојчето Пекола, кое во суштина врз себе носи едно тешко бреме, а најсреќна би била кога би ги имала најсините, а со самото тоа и најубавите очи од сите девојчиња што ги познава, за тие истите кога би биле дел од неа, да ѝ обезбедат среќа, безгрижно детство и воедно би ѝ пружиле слика на еден поинаков и поубав свет, од кој таа сака да биде дел.
          Машкиот глас во приказната е потчинет, субординиран, за разлика од женскиот глас, кој читателот го води низ вратите од приказната. Но, иако е потчинет машкиот глас, сепак преку женскиот, ние добиваме потполн впечаток и за светот на машките ликови во романот Најсиното око. Но, машките чувства и машкиот свет остануваат зад женскиот, затоа што Тони Морисон ги акцентира токму деловите каде жената се наоѓа, го лоцира и го определува нејзиното место во светот, во кој ја затекнува читателот.
          Генерално, тоа е приказна од жената за жената, а ако подлабоко навлеземе во приказната, ќе откриеме дека тоа е гласно шепотење на една тажна исповед, кажана на еден неконвенционален, женски начин. Пекола- се гледа себе си, но конечно ќе се види во мигот кога ќе почне да халуцинира за себе си, но себе си видена со и низ  најпосакуваните, најсините очи.
          Добитничката на Нобеловата награда за литература, толку суптилно, но истовремено толку моќно успева да ја артикулира жената и да ја претвори од она „Другото“, во дејствувачки субјект, кој иако во поголемиот дел репресиран успева да се оттргне, макар и во лудило и станува субјект кој посакува, има желба и знае што сака- (тука реферирам на Пекола и на нејзината желба да ги има најсините очи).
          Феминистичката критичка теорија во фокусот на своето проучување ја има жената, женскиот субјект- кој доаѓа на површина, женскиот глас и женското писмо, кое го сопоставува на машкото писмо, при што ги извлекува разликите меѓу овие два дискурси.
          Отсекогаш сметана за онаа „Другата“ или пак како што Симон де Бовоар ќе ја нарече и својата студија „Вториот пол“- мислејќи на жената или на женскиот пол- како втор и занемарен или оној „другиот“, кој е дефиниран од „првиот“ (Бовоар 11, 12), во романот Најсиното око- жената се отвара под пресијата на оној кој е „Прв“ [2] и создава свој свет, своја слика за претставите и предметите и почнува критички да го промислува светот, со што го создава своето женско писмо, преку креативниот процес на пишувањето.
          Но, се прашувам дали во иднина ќе бидат потребни овие квалификации на машко и женско писмо, на машки и женски текст или, пак, текстот ќе почне да се разгледува од друга перспектива како исклучиво добар или лош, текст со или без уметничка вредност, со или без уметничка парадигма?
          Секако, дека до оваа поделба морало да дојде, затоа што жената автор или подобро кажано- жената авторка, сакала да се изрази и да ја истакне својата креативност и да ја поништи својата придушеност. Всушност, феминистичката креативна мисла, на свет ќе донесе многу бурни промени и ќе покаже дека не само мажите, туку и жените знаат да пишуваат, дека тоа е наше право и никој не може да ни го одземе. Или пак, како што Хелен Сиксус ќе рече: „И зашто не пишувате? Пишувајте! Пишувањето е за вас, вие сте си за себе; вашето тело е ваше, земете си го“ (Сиксус, 335). На тој начин Сиксус, сака да укаже на тоа дека преку пишувањето ќе дојде до либераризација, еманципација и де-маргинализирање на жената.
          Но, јас сметам дека во денешно време не само пишувањето, туку и активното дејствување на жените во сите структури на општеството, ќе доведе до потполно, па дури и целосно импрегнирање на жената како активен, а не како пасивен субјект на дејствувачките процеси и промени и во сите сфери на општествено, на културно и на политичко дејствување и на критичко преиспитување на веќе воспоставените „стандарди“ за жените.
          Во минатото машките текстови доминирале, жените авторки не биле толку присутни или, пак, твореле под псевдоними, за подоцна жените кои почнале да творат направиле тотална револуција во книжевната мисла. Тука, пред сè, мислам на феминистичките критички текстови, но и на книжевните ремек дела создадени од жени- авторки. Не треба да се заборави фактот, дека постои женско писмо, коешто е создадено од страна на некои мажи автори, но сепак, феминистките и мажите феминисти (иако ретки, но сепак ги има), направиле позитивен исчекор во начинот на пишување и на креативно вообликување на книжевната и на критичката мисла.
          Она што посебно ме интересира и ме фасцинира е начинот на кој пишува жената, која себеси се смета не за феминистка, туку за womenist, а тоа е авторката на Најсиното око- Тони Морисон, чиј глас на црната жена проговорува низ ликовите на романот.
          Како што Илејн Шоуволтер го воведува помот гинокритика (gynocriticism), со што би означила соодветен опис на сопствениот пристап, Алис Вокер, но и Тони Морисон го употребуваат терминот womanist, за да направат разлика меѓу пристапот што се сосредоточува врз жените и пристапот на останатите феминистки, кои ги игнорирале и прашањето на расизмот и делата на црните жени.
          За овој свој пристап, Тони Морисон говори во поговорот на своето дело Најсиното око, каде што вели дека овој роман оперира со јазик, кој  е воедно и „обид да се преобрази комплексноста и богатството на Афро- Американската култура во јазик достоен на една култура“ (Морисон, 216).
          Женскиот субјект во романот е претставен како девојче- кое прерано станува жена- преку сексуалниот чин; потоа жената е претставена како мајка, како домаќинка, како работничка и како проститутка. Сите женски ликови во романот се обидуваат да изградат еден поубав свет, свет во кој преку своето постоење ќе се потрудат да изгледа поубаво и да биде виден со поубави очи или да биде виден низ најсините очи на Пекола Бидлов. Ако се земе во предвид мислењето на современата француска писателка Хелен Сиксус, која во „Смеата на Медузата“ вели дека ’женскиот креативен процес е тесно поврзан со телото и женското искуство, и дека е поблизок до телото и емоциите и до сето она што не може да се именува’ (Сиксус, 317), тогаш овој роман на Тони Морисон сигурно ќе се потврди афирмативно по однос на ваквото мислење. Она што Морисон ќе го донесе со овој роман е секоко и во голем дел, она што напати читателот не ќе може да го именува, не ќе може да пронајде вистински зборови, за да каже или да пронајде соодветно место за Пекола, за таа подобро да се чувствува. Но, и на едно повиско рамниште, во однос на јазикот, овој роман ќе се потврди позитивно, а тоа е чувството за телото и женското искуство и како сето тоа искуство се впишува во јазикот и го означува она „difference“ на „едниот“ (машки) од „другиот“ (женски) јазик.
          Едно е сигурно дека ова е роман, кој започнува со зборовите, кои обично им се припишуваат на жените, а тоа е озборувањето, но она тивко озборување, никој да не чуе, никој не знае, а всушност сите ја дознаваат тајната или она што ѝ се случило на Пекола, а тоа е дека истиот овој роман ја потврдува женскоста наспроти машкоста, но сега женската страна не премолчува и за неа не раскажува некој „Друг“, туку таа самата, потврдувајќи се себе си како активен субјект, гласно ја искажува желбата, а со тоа и постоењето. Желбата за најсините очи- ја чинат посреќна и ја потврдуваат позитивно во суровото опкружување.
          Додека Сиксус зборува за ecriture feminine или за женското писмо, кое што во себе го впишува женското тело, женските емоции и женското искуство, кое станува дел од еден сосема поинаков јазик и текст, од друга страна пак Вирџинија Вулф не само во Сопствена соба, туку и преку нејзините романи, се залага за интелектуална и за креативна андрогинија. Со интелектуалната и со креативната андрогинија, сметам дека треба да се занимаваат книжевните критичари во ова време, со што, на тој начин би ги издвоиле книжевните од некнижевните текстови. Овој текст, кој е предмет на мое разгледување и размисла е текст кој поседува и интелектуална и креативна андрогинија, затоа што станува збор за исклучително добро промислена техника на пишување и презентирање на приказната, при што и машкиот глас иако молчи, сепак „проговорува“ преку женскиот, имплицитно постои, не е во потполност запоставен и читателот добива слика и за машкиот свет. Сепак, женскиот  е на едно скалило повиско поставен, затоа што токму женскиот јазик доминира. Оваа техника на нелинеарно, нехронолошко пишување е својствена за женското писмо или пишување што Сиксус го определува како „кружно“, додека, пак, Нина Бејм женското писмо го определува како „отворено, нелинеарно, експодирачко недовршено, флуидно, фрагментирано, полисемично, обид да проговори телото, потсвесно, вклучувајќи ја тишината, инкорпорирајќи ја симултаноста на животот и спротиставувајќи или како тотално различно од претходно смислениот, ориентираниот, господарскиот, дидактичкиот јазик“ (Бејм, 157). Овој вид на пишување, јас би го нарекла мозаично, испреплетено или puzzle техника на пишување, кога приказната не е хронолошки раскажана, туку мозаично или како сложувалка се надополнува со секоја прочитана страница. Самата Морисон вели дека за да ја пренесе приказната се користи со „зборуван, колоквијален јазик“ (Морисон, 215), што би можело да се вброи во карактеристиките на женското писмо, така што тоа писмо се доближува повеќе до секој читател.

          Во романот се раскажува за злоставување, гнасен чин којшто го врши татко врз својата ќерка, кое може како новинарски извештај да се каже точно и прецизно, линеарно, но Морисон, со употребата на совршената техника на пишување, ја проблематизира и ја доведува под знак прашалник секоја злоупотреба врз жената. Кусиот приказ на грозоморните злоставувања бледее, додека, пак, фрагментираното, нелинеарно, постојано повторуваното (како озборувањето- „Тивко- како што беше зачувано“-(Морисон, 5, 215) и на крај експлодирачко пишување доведува до осветлување и до излегување од примитивната темница. Тоа всушност доведува до мигот кога женскиот глас ќе се чуе и истиот тој глас ќе донесе промени.
          Деловите на сложувалката се растурени и читателот сам ја составува приказната, која ни е претсавена во четири главни делови, кои носат свои наслови: Есен, Зима, Пролет и Лето. Тони Морисон во подоцнежните изданија го пишува и предговорот, кој е напишан во италик, за читателот подобро да ја разбере приказната, но и тоа е дел од т.н женско писмо, кое се карактеризира со цикличност, несразмерно, нехронолошко, нелинеарно пишување. Женското писмо ни нуди романи, во кои читањето може да започне не од првата страница, туку од педесеттата на пример, а сето тоа му дава слобода на читателот и можност како сака и по своја желба да се движи во текстот, а не онака како што одредува хронолошкото читање на текстот. Тоа е уште една карактеристика на женското писмо, кое што машкото писмо не го поседува. Фрагментираноста, отвореноста и нелинеарноста, испреплетеноста и пишувањето со телото, мене ми се чини дека се главните карактеристики на писмото на Тони Морисон, но исто така како што вели таа самата: „Овој најмаскулински акт на агресија станува феминизиран во мојот јазик ’пасивен’ и јас мислам, многу поточно средство, кога е лишен од машкиот ’гламур на срамот’, силувањето е (или некогаш било) рутина“ (Морисон, 215).
          Таа сака да го потчини, да го маргинализира, да го запушти и тотално да го пасивизира машкиот говор во романот, во што и успева, со тоа што не му дава збор на ниту еден машки лик, туку секој машки лик проговорува и единствено му е дадена шанса да каже нешто- само преку и низ женскиот глас. „Силувањето“, метафорично, во јазикот на Тони Морисон, јас го читам како пресвртување на јазикот и она што било некогаш „рутина“ на мажите, да ја „силуваат литературата“ и да определуваат правила само како тие ќе посакаат, за сега Тони Морисон да каже дека на мажите не им припаѓа сè, и дека не го имаат само тие ексклузивното право да ги одредуваат параметрите како во животот, така и во другите работи, а особено не во книжевноста.
          Текстот не е исклучителен до крајна мера по однос на машкиот свет, тоа е женско писмо, кое проговорува и за светот на мажите, но сепак акцентот е ставен врз „женската експресија“ (Морисон, 215), како што вели и самата авторка на романот. Таа во најсуптилни граници го проблематизира и прашањето на црната жена и црнечката култура воопшто, која во Америка е дополнително дискриминирана, при што се обидува да покаже дека Афро- американската култура трансферирана и во јазикот и во општеството е вредна и заслужува да биде дел од секоја пора. Ако го земеме во предвид францускиот феминизам, кој се базира на деконструктивистичката матрица, а кој подоцна ќе доживее значителен успех и во американските феминистички кругови и кој се потпира на концептот на разликата, вели дека жените се трудат да докажат дека во основа се различни и дека различно размислуваат, а сето тоа доведува до „деконструирање“ на машката култура.
          Според мое мислење, Тони Морисон повеќе се потпира на ecriture feminine или поконкретно нејзиниот текст во себе го впишува женското тело, таа пишува со емотивниот глас на женскиот наратор, кој постојано се менува, или раскажува Клаудија, една од сестрите во чие семејство се наоѓа Пекола, по злоставувањето, или сезнаечкиот наратор. Интересно е кога се раскажува за Чоли Бридлов, причинителот на инцестот, приказната ја раскажува сезнаечкиот наратор. Машкиот глас е само вклучен со директен говор, додека женскиот и со директен и со индиректен говор. На машкоит субјект му е одземена можноста тој директно да ја раскаже приказната, но бидејќи станува збор за женско писмо- женските емоции и женското искуство се на преден план.

Најсините очи- потрага по нов идентитет

          Самата Морисон во поговорот вели дека ова е приказна за жената, ова е приказна за „концептот на убавината“ и што значи да бидеш „убава“ или „грда“, што е релативна категорија, зависно од очите, кои гледаат, или како што вели: „Убавината  не беше нешто што едноставно се поседува; тоа беше нешто што  секој може да го стори“ (Морисон, 209).Но, дали и на кој начин тоа ќе го направи или „ќе го стори“ Пекола? Таа иако, фактички не ги поседува најсините очи, а со тоа и најубавите, таа почнува да верува во чудото, што мисли дека го направил свештеникот со најсомнителен морал- Соуфхед Чрч, кој ја мами дека преку Божјата волја ако му даде на омразеното за него  куче, парче месо, (кое е отровно), за откако ќе го изеде, да u даде знак онаков, каков и двајцата посакуваат- таа да ги добие најсините очи, а тој да се реши од кучето. И двајцата стигнуваат до целта. свештеникот преку измама, а пак Пекола преку халуцинации ќе ги види своите очи- сини и ќе го обои својот свет во „сино“. На тој начин, Пекола не ја поседува убавината, затоа што секој што ќе ја види вели дека ништо погрдо во животот не видел, но таа убавината ќе ја стори, ќе ја направи, ќе ја створи, ќе ја создаде. Едноставно, ќе почне да верува дека ги има најсините очи, поубави од сите нејзини другарки.
          Субјективното доживување на сопственото тело е еден од начините да се разбере и сфати „другото“ тело, поинакво од нашето. „Телото на другиот дава рамка за претставување на сопственото тело“ (Грос, 79). На тој начин, Пекола гледајќи дека нејзините другарки Џона и Михаела имаат сини очи, а постојано се насмеани и среќни, смета дека ако и таа ги добие најсините очи ќе стане среќна и ќе стане нешто друго, ќе стане како нив или како што вели уште поубава или најубава, со најубавите, најсините очи, со што ќе го смени својот идентитет. Сметам дека новиот идентитет на Пекола и носи конечна среќа, со него таа врти нова страница во својот живот. „Претворајќи“ ги своите очи во сина боја таа како да добива нова шанса да си го поправи и онака прерано уништениот живот, се разбира не по нејзина вина, туку по вина на нејзините родители, но најмногу по вина на татко ѝ. На тој начин и само на тој, може да продолжи да живее, во спротивно нема друг излез, затоа и Морисон својот лик во романот го остава да живее така.
          Несомнено е зашто насловот на романот е Најсиното око, а не „Најсините очи“, тоа е затоа што Пекола всушност не ги добива сините очи, туку го добива едноокииот поглед кон својот свет, каде што само во халуцинациите нејзините очи се сини. Но, пак од друга страна, тој свет, иако виден еднооко ѝ гарантира на Пекола среќа.  Роси Браидоти во својата книга „Номадски субјекти“, феминистката ја означува како номад, при што вели: „Како на сите жени да им беше заедничко чувството на нивното бездомништво, немањето заедничко место за усидрување“ (Браидоти, 35). Пекола, сè  додека не ги добие своите „најсини очи“, нема мир, постојано лута и ги бара очите, кои ќе ѝ донесат еден поубав свет, а со тоа ќе и ја променат глетката не само кон себе, туку и кон другите. Таа е како номад, кој смета дека со исполнувањето на најпосакуваната желба, ќе ја добие среќата што конечно го пронаоѓа својот дом, се додека не се појави следниот. „Најсините очи“ се силна метафора на потрагата по нов идентитет, кој што ќе донесе нов помирен, поубав и поспокоен свет, во кој што Пекола ќе го заземе првото место. Копнежот по најсините очи, означува радикална промена во светот на Пекола. Тоа е потрага, која успешно завршува, но само во виртуелниот свет на девојчето, кое рано го завршува го детството, прескокнувајќи го стадиумот на девојка и прерано станувајќи жена. [3]
          Нејзинот нов идентитет- нејзините најсини очи ѝ го носат сето она што цел живот го посакувала и иако без нив, но халуцинативно со нив таа е најсреќната и најубавата од сите девојчиња. Само и единствено преку отфрлањето на секоја дистинктивна црта од претходниот идентитет, кој што ја потсетува на нешто горко и болно и креирањето на нов идентитет, Пекола го наоѓа својот духовен мир и спокојство, кое ја води кон искачување на „брегот“ и зачекорување во поубав свет, виден низ најсините очи.

Заклучок

          Преку Најсиното око, Тони Морисон ја осамостојува жената, женскиот лик добива нов облик и нова поинаква светлина, при што идентитетот на жената не е повеќе пресликан или не претставува одраз во огледалото на машкиот, туку сега или на овој начин преку женскиот восклик и возбликнување станува самостоен, реално постои и има свои желби, надежи и очекувања.

Белешки

[1] Во рамките на анархистичкиот феминизам или т.н black feminism полифонијата или хетероглосијата е очигледна и свесно употребувана техника при пишувањето.

[2] „Првиот“ е оној, кој го означил и го означува „Другиот“. „Другиот“ или оној, кој не може или не му е дадена можност да говори од свое име, туку за него говори оној „Првиот“; тогаш велиме дека оној „Другиот“ е субалтерен или премолчан, при што својата презентација ја добива од оној кој го означува или оној што ја има моќта да репрезентира. Обично „улогата“ на премолчан субјект ја добивала жената, при што од нејзино име говорел машкиот субјект, што не е случај во романот „Најсиното око“ на Тони Морисон.

[3] За стадиумите на „станувањето жена“ говори Симон Де Бовоар во вториот том на својата студија „Вториот пол“, Наша Книга, 1989, Скопје.

Литература

1. Baym, Nina. The Madwoman And Her Languages. Literature In The Modern World. Oxford: Oxford UP, 1992.
2. Браидоти, Роси. Номадски субјекти. Скопје: Македонска Книга, 2002.
3. Cixous, Helene. The Laugh Of The Medusa. Literature In The Modern World, приредил. D. Walder (Oxford: Oxford UP), 1992.
4. Вулф, Вирџинија. Сопствена Соба. Скопје: Сигмапрес, 1998.
5. Грос, Елизабет. Недофатни тела. Скопје: Македонска Книга, 2003.
6. Де Бовоар, Симон. Вториот пол, том 1. Скопје: Наша Книга, 1989.
7. Де Бовоар, Симон. Вториот пол, том 2. Скопје: Наша Книга, 1989.
8. Showalter, Elaine. A Literature of Their Own: Women Novelists From Bronte to Lessing. Princenton, N. J.: Princenton University Press, 1977.
9. Џордан, Глен и Ведон, Крис. Културна политика: Феминизмот и културната политика на полот. Скопје: Темплум, 1999- 2000.
10. Morrison, Toni. The Bluest Eye With a new Afterword by the author. Ohio: Penguin Books USA, 1993.
11. Кошка Хот, Рајна. Англиска драма: За феминистичката критичка теорија. Скопје: Bigoss, 2007.
12. Њиши, Армандо. Компаративна книжевност: Феминизмот и Gender Studies од Гајери, Елена. Скопје: ДККМ & Магор, 2006.