МОЌТА НА ПРЕПОЗНАВАЊЕТО

Марија Ѓорѓиева

„Никогаш да не се премолчува блискиот однос помеѓу два факта: првиот, којшто се нарекува живот, а другиот литература. А, кога тие два факта ќе се најдат пред внимателниот посматрач, цврсто се стопуваат во волшебниот збор препознавање, во  зборот во кој лежи тајната на книжевниот успех..... Токму во тоа лежи тајната на книжевноста: во препознавањето, во миговите кога со книгите, независно дали се напишани во искрено прво или во замаскирано трето лице, ги делиме заедничките места“.

Јулијана Матановиќ

          Препознавањето на блискоста или идентичноста меѓу одделните животни и книжевни ситуации е основниот конструктивен принцип применет во книгата Како да сме татко и ќерка од хрватската авторка Јулијана Матановиќ.Таа поаѓа од одредена животна ситуација која, во процесот на аналитичко освестување и партикуларизирање, асоцијативно ја упатува на книжевен текст на иста тема, првенствено од домашната книжевна продукција. Така сочинети дваесет и деветте текста во книгата се исчитуваат на три рамништа: и како приказни, во смисла на вербализација на личното искуство; и како книжевни интерпретации; и како констатации, дедуцирани на мета рамниште, за кревката и суптилната граница меѓу стварноста и книжевноста.
          Рекогнитивниот принцип како тематски бајпас помеѓу „она што е прочитано/напишано и  она што е проживеано“ е очигледен и во книгата Низ призмата на другиот од македонската авторка Славица Србиновска.
          Во препознавањето на интертекстуалните релации меѓу двеве книги индикативни се уште неколку факти: обете се објавени во иста година, 2003-тата; во насловите на книгите е сугерирана извесна интерсубјективна, дијалошка со-поставеност која се провлекува и низ тематското рамниште на текстовите; авторките, инаку универзитетски професорки, во обидот да се дистанцираат од академскиот дискурс, преку овие книги се „искушуваат“ себеси маневрирајќи низ подрачјата на  фељтонско-есеистичкото и теориско-интерпретативното промислување и изразување.
          Панданот на експлицитно изнесените намери на пишувањето од страна на Матановиќ, може да се пронајде и во книгата на Србиновска: меѓу другото, таа експлицитност е илустрирана во есејот каде што авторката ја користи книгата Егејци од Кица Б. Колбе за активирање, елаборирање и примена на принципот препознавање и во хоризонтала и во вертикала, и по однос на актуелниот миг/реалноста и по однос на случувањата кои се носталгично евоцирани: читањето на книгата е мигот на конечното осознавање на она што отсекогаш било дел од стварноста и од историјата - егзодусот на Македонците од Егејскиот крај. Значи, читателските импресии го инспирираат авторскиот потход на Србиновска којшто резултира со сочинување на еден од нејзините текстови. Оваа вкрстена, рецепциско-продукциска референца, посредувана низ препознавањето, е потенцирана во неколку наврати:

„Тие места од книгата на прустовски начин го оживеаја во мене спокојството од едно друго време кое сум го потиснала или пак можеби сосема сум го заборавила..... Затоа оваа ситуација (од оваа книга) како да ми е блиска и ми дозволува проекција во таквите индивидуални, лични судбини Низ призмата на егејското распарување јас настојувам како во палимпсестот да го надоградам мојот текст за разделбите од луѓето кои ги сакав, кои ми беа блиски"  (2003: 28-31).


          Која е функцијата на вака применетото препознавање? Дали обезбедува одредена моќ и привилегија за оној којшто препознава, и кој, на тој начин го потврдува сувереното познавање на различни сфери; или, пак, ефектуира со хендикеп по однос на она што се препознава, со самото тоа што е реконтекстуализирано и доведено во нови, па и неочекувани констелации? И што, во крајна линија, значи препознавањето, односно да се препознава?

          1. значи: појавите да се поврзат со посредство на tertium comparationis, т.е. да се идентификува онаа трета и навидум непостоечка, невозможна, отсутна, алогична и бесмислена нишка која се исткајува меѓу најмалку  два диспаритета;
          2. значи: ситуираност некаде помеѓу, на граничната линија, во просторот којшто обезбедува увид  и во двете гранични области - симултана присутност  и внатре и надвор, и на едната и на другата страна;
          3. значи: да се биде доволно упатен, да се биде инволвиран во, но и егзалтиран од обете страни;
          4. значи: да се поседува доблест, толерантност и широчина во хоризонтот, како претпоставка за идентификувањето со другиот и за перципирањето (и) низ призмата на другиот.
Другиот: компетентен/специјалист/теоретичар/научник
Другиот: човек/мајка/жена/граѓанин/Македонец
Другиот: секој  којшто го има потребниот емотивен и интелектуален капацитет да не се согласува со актуелната, официјална или неофицијална (медиокритетска/чаршиска), односно со наметнатата, шаблонско-матрично продуцираната и дистрибуираната визура, и, наспроти тоа, да ја заземе сопствената позиција на видување и да ја искаже „сопствената вистина“.
          Меѓутоа, посматрањето низ другата и туѓата призма не имплицира елиминирање на сопствената, автентична диоптрија. Напротив, тоа е само еден од облиците на афирмација на комплеметарното коегзистирање на човекот и уметникот/научникот, на есеистичкиот и сциентичниот дискурс, на животот и уметноста.
(Во таа смисла индикативно е што во насловот на книгата одредницата другиот е употребена со мала буква)
          Привилегија или проклетство? За Србиновска тоа е предуслов на постоењето:

„Уметноста, како и човекот, секогаш постои преку другите, во спротивност - настапува молкот на смртта и дефинитивното запирање на дијалогот" (2003: 22).

          Двојната визура низ која се перципираат темите во книгата е билансот што се нуди од страна на интелектот кој набљудува од супериорна и од надредена позиција (што се обезбедува преку специјалистичката поткованост и акумулираното знаење), но кој, несомнено, се' уште ги поседува и сензорите на обичниот човек, затекнат во одредена историска и општествено-политичка констелација.
          Во таа смисла, погледот низ призмата на другиот е манифестација на една хиперсензибилна свест која се потврдува себеси низ умешноста на препознавање на бројните процеси на соединувања и поделби во стварноста /животот (апсолвирано во првиот дел од книгата); низ умешноста на препознавање на состојбите на граничното и на хибридното во уметноста ( застапено во вториот дел од книгата); и низ констатирањето неопходност од дијалог во обете сфери.
          Оттаму, Славица Србиновска во својата книга се концентрира врз феномените на границата (во контекстот на стварноста) и на граничното (во контекстот на уметноста) и врз разгледувањето и толкувањето на нивните бројни варијанти. Во првиот случај, каде што се зема стварноста како предмет на интерес, фокусот е поставен врз она што Дубравка Ораиќ-Толиќ го именува како „тешка, воена, морална постмодерна која сака разграничување на сите нивоа, од разлика меѓу жртвата и агресорот до стварните географски граници", додека, вториот случај, т.е толкувањата на уметноста, доаѓа како потврда на „лесната, аморална, лежерна постмодерна која не познава граници, којашто се' нивелира и се' изедначува" (1996: 149).

          Канадската компаратистка Линда Хачон во своето посветено проучување на постмодерната култура, меѓу бројните одлики ги наведува и појавите на ex-centric, off-center, de-center, коишто ги опфаќаат процесите на неопходното преосмислување на улогата и статусот на маргините и на границите: децентрираното, мултиплицираното, хетерогеното, различното како плурализирачка реторика на Постмодернизмот која ја одбива и апстрактната категорија на единствената другост.  „Да се биде ex-centric, на границата или на маргината, внатре, а сепак надвор, значи да се има различна перспектива која секогаш го алтерира својот фокус"  (1988: 67).
Но, поставувањето на маргините и на границите не е поставување ниту наспроти на центарот, ниту наместо центарот, туку негово апострофирање  и аналитичко партикуларизирање со цел провокативно пре-испитување. Само преку таквото соочување помеѓу  доминантната позиција и нејзините можни варијанти и алтернативи, може да се евидентираат противречноста и разликата, да се потенцираат недостатоците и да се констатира потребата од нивно корективно надминување. Затоа, поентира Хачон, „јазикот на маргините и на границите ја обележува состојбата на  парадокс – да се биде и внатре и надвор, да се критикува внатрешноста и од надвор и од внатре“ (1988:125).
          Впрочем, и самата структура на книгата Низ призмата на другиот - и насловите и поднасловите, и тематските преокупации - го сигнализираат тој интерес за граничното. Книгата  содржи осум текста, артикулирани во два дела: Човекот  и стварноста и Особености на уметноста изведена во хибридни варијанти.
          Така исцртаниот триаголник помеѓу човекот-стварноста-уметноста и она што се создава на границата помеѓу нив, релациите човек-живот, уметност-стварност, ги исцртуваат и генералните тематски координати во книгата: границите,  дијалогот, идентитетите - подвојувањата и дијалозите помеѓу световите и суштествата и идентитетите коишто се профилираат низ таквите процеси и релации.
          Во таа смисла, се следат и се потенцираат облиците на интерсективно и концентрично поврзување и комбинирање, на сопоставување и надополнување кои резултираат со афирмација на идентитетот, колективен и личен. Комплексноста на тие соодноси авторката ја објаснува на следниот начин:

„Така, би се обидела да ги изразам моите ставови за надворешното опкружување кое во фразеологијата на секојдневјето се нарекува „балканска ситуација“, а кои, истовремено се во корелација со моите доживувања и мојот интимен, емотивен свет. Во тој чудесно составен ентериер на душата, јас настојувам да го одредам мојот субјективитет, мојот свет наспроти опкружувачката стварност и другиот во неа. Од друга страна, мојот субјективитет го поставувам наспроти оној на моите пријатели, од кои, за жал, засекогаш ме делат посебните опкружувања и животите кои тие ги избраа или се најдоа во нив, во оваа последна деценија од милениумот што заврши“ (2003: 26).

          Границата и граничното не реферираат единствено на просторот којшто е лоциран некаде помеѓу и којшто разделува, разграничува, диференцира, демаркира, туку упатуваат и на интерсективниот простор каде што се конституира енклавата подмножества, како простор на хибридното, квалитативното пре-структурирање, како простор на „афирмација на идентитетот преку разликите“ (Хачон, 1988:108).

„Во сите облици на делење и воспоставување разлики постои копнеж за дијалог и приближување, но приближувањето значи и потврдување низ разликите“ (2003:19).

          Оттаму, од една страна, вниманието на авторката е насочено врз животот кој се одвива на и низ различните видови граници - реални и имагинарни, политички, географски, временски, „границите кои се исцртани само за нас“, транзицијата како „живот на трансфер од еден во друг систем“, преминот, кризата или прагот во Бахтиновска смисла; од друга страна, интересот е сосредоточен врз неколкуте форми на  хибридност во уметноста: релациите меѓу историјата и фикцијата, фотографијата и нарацијата, проблемот на авто/биографијата, вклучително и хибридните варијанти во книжевната теорија, отелотворени во феминистичката наратологија.

          Ваквата структурираност на книгата потврдува, на дело, дека призмата на Едниот никогаш не ја потиснува призмата на Другиот: научникот е сепак само човек кој е осуден да води „преполовен живот“ и многу поинтензивно да ја чувствува границата меѓу „европскиот космополитизам и балканскиот национализам“. Второстепената профилираност на научник е привилегија во насока на суптилизација и изостреност на погледот кој умее да препознава и да поврзува, да ги детектира и да ги активира навидум непостојните линкови:

„Поделеноста врзана за проблемот наречен Егејци, јас би го развила во проблем за сите можни рамништа на делење на субјектот“ (2003:28). 
          Во согласност со темите кои се предмет на интерес во книгата Низ призмата на другиот се поставува и пристапот кон нив: во таа насока, доминира аналитичкиот модел на опсервација како облик на ангажираност или отвореност кон другите, и како облик на исповедност или отвореност/свртеност кон себеси:

„Иако поттикот да се напише една книга, како книгата Егејци е резултат на една лична судбина, поврзана со судбината на еден човек од Егејска Македонија, сепак, таа судбина за мене добива и едно проширено значење за кое не можам, а да не зборувам, со вклучување на мојата перспектива и текстот во истиот контекст“ (2003: 29).

          Со оглед на ваквата нијансираност, аналитичноста не се спроведува од  омнисцентна, индиферентна и „објективна“ позиција, туку низ перспективата на вовлеченост во и засегнатост од, а тоа е позицијата на учесник, сведок, коментатор, трпител; тоа е двојниот статус  на некој кој е „внатре“ (сега и овде во Македонија и на Балканот), и кој емотивно, преку својата генерација и сеќавањата е „надвор“ (во минатото и во Западна Европа).
          Потентноста на ваквата поставеност се должи токму на испреплетувањето и надополнувањето помеѓу животната емпирија и професионалната упатеност  во уметноста, теоријата и науката. Идентификувајќи ја фреквентноста на тој тип дискурс во рамки на сопствената книжевна средина Јулијана Матановиќ го дава следново објаснување:

„Авторите, свесни за нехеројското време кое и самите го осведочуваат, се свртуваат кон својата приватност, составуваат парчиња од своите лични сеќавања и од сеќавањата на своите блиски, па им ги нудат на читателите кои се подготвени понудените реченици да ги примаат како свој сопствен говор“ ( 2003: 8).

          Несомнено, ваквиот актуелен облик на поставување кон другиот/другите не и е туѓ ниту на Славица Србиновска: како човек таа го чувствува силниот предизвик на стварноста и има потреба да реплицира - емотивно, исповедно, интерпретативно: „што значи тоа за мене“ – се прашува таа на едно место во книгата, соочена со реалните и апсурдни проблеми на транзициското општество.
          Она што паѓа в очи е што авторката своите проникливи опсервации ги преточува во говор кој е лишен од премногу експлоатираниот и напати патетичен популистички дискурс (особено актуелен во колумните на печатените медиуми) преку којшто се симулира блискост и сочувство со колективната состојба, иако, очигледно, таа состојба се посматра од аристократска дистанца, и истовремено се сугерира циничниот триумф поради потврдувањето на сопствените профетски способности.
          Наспроти формите на резистентност пројавени како доброволен егзил, како културен бастардизам или како апстиненција, Едвард Саид ја заговара својата варијанта на интелектуален ангажман:

„Интелектуалецот е поединец со специфична јавна улога во општеството која не може едноставно да се сведе на улога на безличен професионалец, компетентен член на една класа која само се занимава со својата работа. За мене средишниот факт се состои во тоа што интелектуалецот е поединец кој има способност да претставува, отелотворува, артикулира некоја порака, поглед, став, филозофија или мислење во име на публиката, но и за публиката. .. . Според тоа, на една страна, постои една мошне сложена мешавина на приватни и јавни светови, моите сопствени истории, вредности, пишувања и позиции кои се изведени од моите искуства, додека, на друга страна, стои прашањето како сето тоа влегува во општествениот свет  каде што луѓето дебатираат и одлучуваат за војната, слободата и правдата  (1994: 9).

          Во својата јавно искажана определба да „остане овде“, во определбата да ги препознава, да ги толкува и да ги коментира феномените во животот и во уметноста, Србиновска, меѓу другото, ја демистифицира и позицијата на интелектуалецот:

„Интелектуалците во тој збунувачки круг на заменливи позиции пристапуваат со една симулирана невиност, со приближување кое прераснува во изедначување со масата и со говор кој повикува Јас како и вие не знам ништо (2003: 23).

          Меѓу сопственото признание и разобличувањето на позицијата на мнозинството, меѓу личното и јавното, меѓу животот и уметноста, меѓу првиот и вториот дел на книгата, меѓу случувањето и кажувањето, меѓу исповедното и интерпретативно-аналитичкото се исчитува „ангажманот“ на авторката: во воспоставувањето врски меѓу нив, во препознавањето кое резултира со конструкција на приказни, на наративи, на коментари, како „пишувања и позиции кои се изведени од нејзините искуства.“
          Во потребата да се понуди сопствената призма на видување и да се каже сопствената приказна препознаваме и извесна (до)верба оптимизам во моќта на раз-говорот и убеденост дека тоа е единственото нешто што преостанува во однапред загубената битка со минливоста и со конечноста. Тој оптимизам Србиновска го потврдува и во своето апострофирање до истомислениците односно до:

„Она малцинство кое има моќ да направи самокритика на се' што во животот создаваат, оние кои имаат потреба да дијалогизираат со човекот кој живее каде било  во овој огромен свет населен со различни луѓе кои постојат во времето, во деновите кои неповратно заминуваат, секој со својот изгрев и заод на сонцето, одживеан само еднаш, без можност за негово повторување, како  на пример, овој ден во Скопје и заодот на сонцето кое засекогаш оди некаде зад хоризонтот означувајќи го крајот на овој неповторлив миг во мојот живот и во животот на сите други додека се спушта самракот кој го најавува доаѓањето на ноќта која полека го покрива животот “ (2003: 24).

          Проследувајќи ја транзицијата во современата книжевна теорија (и особено во наратологијата) Марк Кари ги евидентира принципите на  diversification, deconstruction, politicisation како принципи кои го генерираат спојот помеѓу: респектот кон партикуларноста на наративите, сумирањето на хетерогеноста и собирањето на поопшта колекција од принципи и техники (1998: 14).
          Славица Србиновска на извесен начин ги илустрира тие поместувања преку примерот на сопствената книга, односно преку тенденцијата кон препознавање и толкување на феномените на граничното во сферата на животот/стварноста и во сферата на  уметноста/книжевноста и преку намерата да ги јукстапонира и да ги интегрира своите сознанија во една книга, каде што ќе ги посматра низ една друга призма.
          Од тие причини, станува насушна потребата од ваков тип книги: провокативни и актуелни по однос на прашањата што ги третираат; автентични и атрактивни по однос на пристапот кон тие прашања; и во таа смисла, стимулативни, инспиративни и инструктивни.
          Ефектот е уште поголем бидејќи за познавачите на научната мисла на Славица Србиновска (и особено за читателите наПодвижниот посматрач во романот), книгата насловена како Низ призмата на другиот е необична и неочекувана: на прв поглед, со оглед на насловот, е индикативна во наратолошка смисла, а изненадувачки и изневерувачки во тематска и во стилска смисла.

Литература

Edward W Said, „Representations of tehe Intelectual“, The 1993 Reith Lectures, Vintage, 1994.
Julijana Matanovic, Kаo da smo otac i kci, Zаgreb, Profil International, 2003
Linda Hutceon, A Poetics of Postmodernism: History, Theory, Fiction, Nеw York and London, Routledge, 1988.
Mаrk Currie, Postmodern Nаrrative Theory, Неw York, ST. Mаrtin's Press, 1998.
Dubravka Oraic-Tolic, Paradigme 20 stoljeca, Zavod za znanost o knjizevnosti Filozofskoga fakulteta Sveucilista u Zagrebu, Zagreb, 1996