Анастасија Ѓурчинова

       Имагологија - термин кој долго време претставува составен дел од споредбената наука за книжевноста, присутен во традиционалните компаратистички дискусии уште на почетокот од минатиот век. Потоа, извесен период подзаборавен, занемаруван пред напливот на иманентните критички методи за проучување и интерпретација на книжевното дело. Но,  исто така и термин кој доживува една повторна и плодотворна актуализација во последниве две децении, редефинирајќи го својот статус, особено под влијание на растечкиот интерес за културолошките студии ширум светот.

Статус прв.

       Најшироко прифатената дефиниција за имагологијата во традиционалната компаратистика претпоставува проучување на слики и мислења за други народи и култури, искажани преку различни творечки облици во литературата. Притоа, зборот image, илисликата за Другиот, е секако клучниот збор во оваа дефиниција. Затоа што, не станува збор за вистинските карактеристики на одделни нации (земји и народи), туку за сликата што тие едни за други ја формирале преку книжевните дела. Значи, не реални претстави за одделен ентитет, туку конструкции, нешто што во голема мера навлегува во сферата на имагинарното. Имагологијата во оваа смисла претпоставува замислување на другите земји и народи, формулирање на судови за особините на нивните жители, споредување на себеси и сопствените сонародници со нив и сл.
       Оваа дисциплина за предмет на своите проучувања ги има т.н. имаготипски текстови, текстови кои ја третираат другоста, или содржат слики и претстави за Другиот. Но, мошне брзо, во проучувањата, имагологијата разоткрива дека сликите за Другиот во литературата се  всушност деформирани, искривени слики за другите нации и култури, оптоварени со множество клишеа, предрасуди и стереотипи. Затоа, поимот на сликата или имажот, набргу е заменет со поимот mirage, со значење на привид, фатаморгана или лажна слика, којшто пластично алудира токму на тој, имагинарен карактер на проучуваната појава. Но сепак, задачата на имагологијата компаратистите не ја гледаат во тоа – на искривената слика за една нација да и’  се спротивстави онаа вистинската, - туку да се проучат причините коишто довеле до создавање на ваквите деформирани претстави. На тој пат имагологијата се доближува до сознанијата на редица други науки, пред сè на социологијата, филозофијата, антропологијата, психологијата, фолклористиката, лингвистиката и сл. И да потсетиме, во традиционалната компаратистика интересот е насочен пред сè кон Другиот како колективитет, така што поимот на нацијата или проблематичниот концепт за менталитетот на една нација имаат пресудно значење за истражувачите. Притоа, најчесто се застанува на бинарната поделба Ние и Тие, согледани како два поларитета во богатата комуникација меѓу народите и културите.

Статус втор.

      Актуелизирањето на имаголошките проучувања во современата наука за литературата и културата е поврзано со напливот и извонредниот  успех на редица дисциплини кои го проблематизираат поимот на идентитетот, а со самото тоа и неговиот однос кон Другиот или алтеритетот. Притоа, идентитетот сфатен во неговата комплексна и многукратна смисла, како полов, расен, национален или културен, е сериозно разнишан и ставен под сомнеж, особено од претставниците на постструктурализмот и деконструкцијата. Критичкото преиспитување на поимот на идентитетот ја напушта идејата за неговата крутост, исконска зададеност и непроменливост, во прилог на отвореноста, амбивалентноста, вкрстеноста и измешаноста на различните облици на припадност. И притоа, се инсистира на фактот дека идентитетот најчесто се формира и се определува токму преку погледот на Другиот. Ваквото редефинирање на овој поим влијае и врз развојот на погоре споменатите дисциплини: културолошките, родовите и постколонијалните студии, кои заедно со традуктолошките или преведувачки студии стануваат базичен елемент и за  современата компаратистика. Притоа, особено постколонијалните проучувања најнепосредно се надоврзуваат на достигнувањата на традиционалната имагологија. Во концепциите на Едвард Саид, Марија Тодорова, Хоми Баба или Гајатри Спивак постепено се напушта колективната дихотомија Ние и Тие, па дури и индивидуалната: јас и Другиот, а сè во насока на воспоставување на еден реципрочен, двонасочен и флуктуантен (динамичен) однос, одразен во поимот интеркултура, или на поширок план - афирмација на феномените како хибридизација, креолизација и метисаж. На тој начин имагологијата повторно добива нови и поттикнувачки импулси за сопствениот обновен и актуелизиран развој.

Апликација
.

      Во намерата да истражиме некои од споменатите имаголошки постапки во рамките на македонскиот роман, потсетуваме дека романот и не е најкарактеристичниот жанр што ја третира оваа проблематика. Сликата за Другиот е многу поприсутна во некои други, најчесто гранични литературни жанрови, како што е патописот, репортажата, есејот. Но, македонската романсиерска, раскажувачка, и особено драмска продукција, несомнено нудат низа податливи можности за имаголошките проучувања.
        Нашето внимание во оваа пригода се задржа на еден, денес по малку подзаборавен роман од крајот на 60-тите години, но кој е типичен имаготипски текст - исцело проникнат со темата за контактот помеѓу две различни култури и начинот на кои тие меѓусебно се доживуваат. Станува збор за романот „Селани и војници“ од писателот Методија Фотев, втор дел од своевидната трилогија посветена на животот во преспанскиот крај. По првиот роман, „Потомците на Кат“, од 1966 година, и определен како роман-хроника, во „Селани и војници“ од 1969, авторот навидум продолжува со истиот тип нарација. Но, овде хрониката е определена со една конкретна историска ситуација: италијанската окупација на овие краишта од Македонија. Романот започнува со доаѓањето на италијанските војници во преспанското село Добридол, а завршува со нивното заминување и напуштање на месноста Долна Долина. Следствено – целиот роман им е посветен на меѓусебните односи меѓу двата колективитета: туѓинската војска и домашното население, при што е изградена остра спротивставеност на Едните и Другите, Ние и Тие. Сликата за Другиот се гради врз основа на оваа базична поларизација, при што Другиот во овој случај е колективен поим, определен преку националниот идентитет и војничката професија на дојденците. Затоа и самиот роман, веќе означен како роман-хроника, не содржи некој посложен фабуларно-сижетски систем, ниту поизградени карактеризации на ликовите. Вниманието на авторот, преку сезнајниот тип на раскажувач е свртено, главно, кон меѓусебниот однос на двете инволвирани заедници, кои постепено се разоткриваат себеси токму преку погледот на „Другиот“.

       Согласно правилото дека исклучителните историски ситуации, како војните, миграциите, природните непогоди и сл. само ги засилуваат стереотипните однесувања, проекции и размислувања, и во романот на Фотев издвојуваме неколку карактеристични состојби во оваа смисла. Тие може ди ги претставиме преку следниве констатации, со кои се гради имаголошката постапка во овој роман: 
1. Италијанците се невешти како војници.

Цитирам: „Веќе  ближеше  месец  откако  беа  дојдени  во Добридол и ни еднаш не излегоа да ги вежбаат воените вештини.“ Се покажа оти тие живееја мирен живот, то ест, беа плашлив народ тие италијански луѓе. Навистина беа насмеани  и растрбушени. Како да беа родени да не можат никогаш да се стегнат и да заприлегаат на војници, кои дошле  преку  триста  мориња  да поробуваат други народи. (Но, потоа се дознава дека Италијанците тука доаѓаат речиси на одмор, преморени од други фронтови, како на пример оној во Абисинија.) Можна е во оваа смисла имаголошка споредба со едни поинакви „други“ окупатори– бугарските и германските војници – кои речиси редовно се  прикажани како сурови и безмилосни. 
2. Италијанците го сакаат животот
, виното, и убаво пеат, и тоа најчесто некакви тажни песни за мајката...   
3. Италијанците брзо се спријателуваат со селаните
, особено со децата, заради храна, топлина и разонода. 
4. Италијанците се вешти во додворувањето и љубовта
. Војниците на Фотев успеваат да ги заведат сите девојки, па дури и мажени жени (печалбарски невести) во селото. Еве како ги опишува Фотев: Војниците, малечки човечиња, со некои  лити насмевки, со постојано живи очиња и живи желби.  Се  триеја  крај стреите да не газат кал. И доаѓа жена. Војничето  не  гледа  каде гази, цапнува во вирот, се поклонува,  се  престорува  во  некоја сонувана женска играчка, о мадона, мадона! Колку е убав светот. 
5. Италија е за нас далечна земја
, сосема непозната, преку „триста мориња“ (во „таа нивна“ Италија...) но претставена и како синоним за место во кое се води побогат и посреќен живот. 
6. Италијанците не се доволно големи патриоти
 – не и’  служат доследно на својата татковина. (Ова предизвикува големо чудење кај луѓето.) Добридолските селани не ја разбираат ваквата лежерност на Италијанците, не навлегувајќи во идеолошките причини заради кои војниците се радуваат на веста за капитулацијата на фашистичкиот режим во Италија и набрзо се пресвртуваат и преминуваат на страната на партизаните.

      Елементи кои учествуваат во градењето на сликата за другата страна од воспоставената релација: 
1. Селаните не чувствуваат никаков страв од окупаторската војска
. „Тие се како нас, Мануиле. Мене овие војници многу ми прилегаат  на  нашите  луѓе.“
2. Селаните се спријателуваат со војниците
 главно од користољубивост, пред сè од практична гледна точка, гледајќи ги туѓинците како извори на облека и храна. Следствено на ова, набрзо се појавуваат Добродолчани облечени во црни војнички кошули... Всушност, секоја куќа си има „свој“ војник, и домаќинките жестоко се караат со сосетките ако некоја се обиде да и’  го преземе. 
3. Добродолските девојки ги сакаат италијанските војници. 
Тие водат љубов со нив и мечтаат дека по завршувањето на војната ќе се омажат во Италија. Тажна е приказната за девојката Темка, која по несреќната љубов со војникот Марио, се впушта во неколку слични врски и на крајот се оддава на проституција. 
4. Односот на добродолските жени
, осамени, печалбарски сопруги, кон странците во нивното село. Поттикнати од војниците тие и’  се оддаваат на страста, и наеднаш стануваат изненадувачки плотни и сензуални. Оваа релација го испровоцирала авторот да испише некои од најсугестивните страници во овој роман: „На улиците на Добридол живееја само жени и војници. Селаните не се забележуваа. Жени и војници, жени и војници. Тие два вида суштества од човечкиот род, беа како создадени  најубаво да ја прикажат воената атмосфера. Туку на други жени не ќе им успееше да можат да прикажат воена атмосфера. Можеа само жените од Долна Долина, особено од Добридол.“ Меѓусебното поттикнување на љубовниот копнеж авторот го објаснува вака: „Секој миг овие италијански војници мислат на жена. Секој миг готови се да дадат сè што имаат, ако им побара која и да е жена во селото. А жените наши го насетуваат некако тоа и почнуваат и тие постојано да мислат на мажи. Поправо, мислат на војниците.  Се  сретнуваат  на  улица  со  некакви  намери  во очите... Во нашето село  секоја  ноќ  околу  две  илјади  војници постојано мислат на нашите жени. ... А, нашите  жени  цел  живот  се сами. Сега со војниците се изнајдоа блиски по нешто. Сега  нашите жени се сетија за што се родени...“ Ова, нормално, предизвикува љубомора кај локалните момчиња, кои погрдно се нафрлаат на соперниците: „Ако не е за војна, гнида проклета, што барал тука да дојде, што не останал во таа смрдлива чизма? Се накитил како паун за да може да ни ги зема нашите жени“, итн, итн.

 

        Сите овие спротивставени слики во романот функционираат истовремено и со едно парадоксално заедништво меѓу двата колектива, еден извонреден соживот проткаен со апсолутна толеранција. И сето тоа е природно условено од историската ситуација: „Ние и војниците мораме да сме заедно. Ни едните ни другите не можеме да бидеме сами. Ако нема бубалки,  ќе изумрат птиците. Ако нема глувци, ќе изумрат мачките,  тоа  ти  е еден систем.“ Притоа, лесно се прифаќаат и културните разлики, меѓусебно се учат јазиците и обичаите, а се создаваат и некои чудни, хибридни облици на животот во овој микрокосмос. На пример, општествениот живот на селаните во преспански Добридол се одвива во кафеани кои се викаат: „Џиола“, „Рома“, „Парадисо“, „Наполи“, „Феличита“, „Пенсиеро“, „Милано“.
       На крајот само да споменеме дека слични стереотипни прикажувања на Другиот одразен во лицето на италијанскиот војник постојат и во некои други македонски романи, се разбира само во одделни епизоди и во многу помал обем отколку во романот на Фотев. На пример: во „Волшебното самарче“ на Ванчо Николески, да потсетиме на епизодата кога Трајче и’  раскажува на мајка си: „Фатив пријателство со еден италијански војник. Се вика Федерико. И меѓу нив има добри и милосливи луѓе...“. Потоа, во „Двете Марии“ на Славко Јаневски, сосема накусо, италијанските црни кошули се означени како „Безгрешни души. Гондолиери, гитаристи.“... Понатаму, на повеќе места во романите на Јован Стрезовски, па сè до еден роман од 2000-та - „Патот на јагулите“ од Луан Старова. Тука на едно место се говори за убавата стружанка Марија која само еднаш се вљубила и тоа засекогаш - во еден млад италијански војник: „Заминаа војските, остана Марија мома засекогаш...“ 
      И се чини дека насекаде ги гледаме истите клишеа и стереотипи – речиси занемарен е фактот дека станува збор за окупаторска војска, за војници на фашистичкиот режим на Мусолини. Но, тоа е веројатно предизвикано од конкретните историски настани и од многубројните приказни кои се совпаѓаат во оваа смисла. За волја на вистината – станува збор за еден широко распространет стереотип, бидејќи темата е слично  обработена и од други автори, во други средини и медиуми, па дури и од самите Италијанци. Да се потсетиме само на популарниот роман „Мандолината на капетанот Корели“ од Луј Берние или на извонредниот филм-оскаровец Медитеран на режисерот Габриеле Салваторес, каде што пластично претставената приказна за италијанските војници изолирани на еден далечен грчки остров, во голема мера е претставена според споменатиот имаголошки модел.


Заклучок

      Го разгледавме романот „Селани и војници“ на Методија Фотев како еден од најеклатантните примери за имаготипски роман во македонската книжевност. Во него е очигледна стереотипноста во прикажувањето на Другиот, но исто така и благата иронија, потсмевот и самокритиката во прикажувањето на сопствените сонародници. Тие под влијание на средбата со „Другиот“ покажуваат некои претходно потиснувани особини, често поврзани со моралниот пад и корумпираност, но кои бездруго ја збогатуваат и ја надополнуваат на тој начин сликата за сопствениот идентитет.
      Романот „Селани и војници“ во себе содржи постапка која исцело одговара на традиционалниот имаголошки модел, градејќи слика или претстава за другиот како колективен идентитет. Но, сигурни сме дека овој тип истражувања може да оди и понатаму, во откривањето на многу посложени и попровокативни облици на идентитетот и алтеритетот особено во македонската книжевност од последните две децении. Конечно, секој писател е слободен да го одбере сопствениот дискурс за Другиот, но да се потсетиме дека тој истовремено не може да го одбегне ни специфичниот историски, општествен и културен код. Бидејќи, сето тоа заедно на продуктивен и плодотворен начин влијае врз создавањето и обликувањето на нашето колективно имагинарно.