ЗАКОРАВЕНИ И СТЕРЕОТИПИЗИРАНИ ПОЛОВИ ИДЕНТИТЕТИ КАРАКТЕРИСТИКА НА „ПОЛОТ И КАРАКТЕРОТ”

Марта Маркоска

 

ЗАКОРАВЕНИ И СТЕРЕОТИПИЗИРАНИ ПОЛОВИ ИДЕНТИТЕТИ
КАРАКТЕРИСТИКА НА „ПОЛОТ И КАРАКТЕРОТ”



ИСТОРИЈА НА ОПСКУРНОТО ВО ДОБА НА ПОСТМОДЕРНИЗМОТ?!

 

Овој поднаслов сигурно разбуди многу дилеми, зашто опскурното го подведувам под заеднички именител со постмодернизмот. И како е можно да се помисли на мешање на два толку контрастни и временски дистанцирани историски периоди? Но, сите дилеми ќе бидат поништени откако ќе се земе предвид дека овој текст ги разгледува ставовите на австрискиот филозоф Ото Вајнингер (Otto Weinninger, 1880-1903) кои, иако настануваат на почетокот од 20 век, изгледаат како сè уште на свои плеќи да ја носат добата на опскурантизмот од средниот век. Се разбира дека 20 век сè уште не е доба на постмодернизмот, па за да не создава конфузија ваквото претопување на насловот, да појаснам дека намерата е да се детектираат ставови кои (не)благодарејќи ѝ на историјата која ги конзервирала, продолжиле да опстојуваат како скаменети форми, чии влијанија не само што ги забележуваме и сега, туку истите имаат деструктивни размери. Денес, во оваа несомнено постмодернистичка и деконструктивистичка ера, наша етичка должност кон научната мисла е да ги избришеме границите на формираните дефиниции и да ги презапишеме со нови поими. Да внесеме нова терминологија, прифатлива на нашето постмодерно постоење, кое нема да исклучува, напротив ќе вклучува и во себе ќе инкорпорира: полиморфност, поливалентност, разноумие, различје и многугласие; ќе прифаќа, а не ќе одбива, со што се надеваме, тивко, но континуирано, ќе продолжи процесот на надраснување на удобно заземените стојалишта.

Овој текст ќе се занимава со проблематизирање на таканаречените „машки” и „женски” дискурси, односно со детектирање на фалоцентричните и логоцентричните конструкции кои постојано се провлекуваат во голем дел кај научната мисла. Можеби се смета за одвишно или депласирано истакнувањето на проблеми поврзани со родовите прашања и дека нема ниту причина ниту простор за нивна дискусија  во „прогресивните” мисли на 21 век, каде што, на прашањата што ги третира феминизмот – не им е место.  Сепак, сè додека во меѓучовечките односи, во поделбата на улогите и сферите на интереси ќе се чувствува и најмала моќ на доминација за превласт над тоа, кој ќе ги носи епитетите „подобар”, „посилен”, „помудар” „поснаодлив” (значи, засекогаш), ќе постои и потребата нештата да се извагаат, предефинираат, преосмислат, преформулираат. Механизмите на моќ, во најмала рака, мораат да бидат забележани, видени, а не стихијно да се провлекуваат и да создаваат латентна тензија и презир. А за да се превагне отаде разликите, нужно е да се обелоденат стреотипните поделби и вештачки конструираните формули за тоа кој, како и зошто е „повеќе или помалку маж” или „повеќе или помалку жена”.

За секое тврдење, секоја мисла да добијат валидност, истите треба да бидат образложени во контекстот во кoj се употребени. Почнувам со наведување на еден пример кој Вајнингер го смета за доволно релевантен да ги поткрепи сопствените ставови.  „Кинезите уште од памтивек ја оспоруваат душата на жената. Ако на кинезот му се постави прашање колку деца има, ќе ги наброи само синовите, а ако има само ќерки, ќе изјави дека нема деца ... Од слична причина, продолжува Вајнингер, Мухамед ги исклучил жените од рајот, сносувајќи со тоа дел од вината што женскиот род во земјите со исламска вера има толку недостојна положба.”(Weininger 1986,258)

За да докажам дека овие ставови не се застарени, па во 21 век сè уште се промовираат, ви предочувам еден напис од весник излезен 2010 година, насловен вака: „Кинезите измислија паркинг исклучиво за жени”. Менаџерот на даден трговски центар нè утешува дека со ова не сакале да направат дискриминација и омаловажување на жените, туку сакале да им биде поудобно и покомотно при паркирањето.  Затоа овие паркинзи ќе бидат пошироки и подолги од 1 метар бидејќи треба да го задоволат „различниот осет за простор кај жените”. Се надевам дека овие еуфемизми за „удобноста и комотноста” при паркирањето, односно правењето на нештата „за нечие добро” им се познати на сите оние кои сакаат да ја прикријат вистинската причина за каков било вид  дискриминација.

Разбирливо би било доколку вакви ставови потекнуваат од времето на средновековниот опскурантизам или барем од 17-18 век, како што вели Фуко, од времето на Викторијанците или други епохи на духовна и ментална репресија, но жалосен е податокот што тие се напишани токму во почетoкот на „прогресивниот“ 20 век... Ако историјата се набљудува како целина, еден нераздвоен дел што ја овозможува кохерентноста на целината, се обидите некому да се наметне некаква репресија, закана, а следствено на тоа и казна. Она што низ времињата останало непроменето е настојувањата на едни да воспоставуваат норми, наспроти настојувањата на други да ги рушат и да ги променат. Оваа низа на конструкции и деконструкции ја создава историјата на човештвото, само што за полесно снаоѓање во периодизацијата, човекот морал да измисли имиња на поединечните периоди, да ги класифицира стратегиите преку кои општествата се натпреварувале меѓу себе, секое од нив трудејќи се да се наметне над другото, а своите норми на живот да ги постави како единствено исправни и издржани, пофункционални од останатите. Еве како, само еден век пред да биде напишано делото на Вајнингер, се дочекувани и доживувани проблемите поврзани со сексуалноста. „...Речиси не постои болест или телесно страдање, за кое 19 век не замислил дека, барем делумно, има сексуална етиологија. Од лошите навики на децата до мозочните удари на старците, од нервните заболувања до дегенерацијата на лозата, тогашната медицина исткала цела мрежа од сексуална каузалност ... Начелото на сексот било поставувано како „причина за сè и за што било” (Фуко 2003, 86).  Во истиот овој 19 век, постоела претпоставката дека „прераната полова зрелост подоцна доведува до стерилност, импотенција, фригидност...” (Фуко 2003,195-196). Според Фуко, механизмите на репресија почнале да се разлабавуваат дури во 20 век, „од жестоките сексуални забрани се преминало на релативна толеранција на предбрачните или на вонбрачните врски; се ублажува дисквалификацијата на „перверзните”, делумно се укинува нивното гонење од страна на законот; во значителна мера се отстрануваат табуата што ја притиснале сексуалноста на децата.”(Фуко 2003,147). Но, дали навистина престанале сексуалните репресии врз жените? Многу жени патат токму од овие погоренаведени, а непризнаени проблеми. Табуата сè ште постојат, додека многумина ги порекнуваат. Сè уште постојат мноштво случаи какви што ги опишува Ед Кед во својот текст: „Митот за вагиналниот оргазам” (Колозова  2003,259). Таа јавно и без пардон кажува дека на оние жени кои се жалеле на неможноста да доживеат оргазам им биле препорачувани психијатри, за да можат да го откријат својот „проблем”, „дијагностициран како неуспех, да се приспособат на нивната улога како жени.” Тоа е така, затоа што и денес жените сексуално се дефинирани преку начинот на кој тие ги задоволуваат мажите. На овој начин на жените им бил импутиран еден непостоечки проблем заради кој, тие завршувале под надгледување на „соодветна” психијатриска грижа. Така тонејќи во самопрезир биле доведени во состојба да се сомневаат и во единствената улога што им ја дозволило општеството да ја заземат – улогата на жена.

Во ова нафрлање на историски факти, не е доцна, туку напротив е актуелно, да се сврти внимание кон проблемот со наметната клиторидектомија, која сè уште се практикува во земјите на Средниот Исток. Отстранувањето на клиторисот би требало да го намали сексуалниот нагон кај жените, со цел мажот да си ја потврди својата доминација, така што ќе има целосна контрола над нивниот сексуален живот. Одземајќи им го правото на сексуално уживање, жените се претворени во машини за раѓање деца.

Што се однесува до 19 век и обидот да се покаже прогресивен напредок во сфаќањата, француската револуција ја истакнува паролата: „слобода, еднаквост, братство”, не сфаќајќи дека тој восклик има неизмерна доза шовинизам. Што е ако не шовинизам промовирање на братството, а исклучување на жените од редовите на граѓанството? Значи, овде зборуваме за 19 век кој во тоа време се сметал за синоним за напредно граѓанство, во кое (треба да) има еднакво застапени можности за сите. И декларацијата „За правата на човекот и граѓанинот”, никаде не го спомнува правото на „жената - граѓанка”, туку напротив, ја исклучува уште во самиот наслов.

Колку штета му е нанесено на човештвото во име на самото човештво! Секогаш биле ликвидирани сите оние кои немале доволно да се согласат со оние што ги наметнуваат правилата на игра. Слобода, еднаквост, братство...или…или што? Подоцна на оваа дефиниција ѝ била придодавана и именката „смрт”. Сите што се колнеле во големите идеологии и нарации и убивале во нивно име. „Па, дали ни е потребно навраќање кон една посреќна состојба пред законот за да потврдиме дека современите родови односи и казненото создавање на родовите идентитети се угнетувачки?” ( Батлер 2002, 132).

 

СТЕРЕОТИПИТЕ - НАЈСИЛНО СРЕДСТВО ЗА ВЛАДЕЕЊЕ СО МАСИТЕ

Голи факти – скриени вистини

Гордана Ѓериќ, во својата студија „За немите и гласните стереотипи” (G. Đerić) пишува дека она што е во историска перспектива секогаш исто е фактот што позицијата на Другоста се одредува од позиција на моќта. Механизмите што ги одредуваат поделбите се многубројни, а еден од нив е промовирање на стереотипизирани претстави за Другиот. Стереотипите или реторичките клишеа најчесто служат за генерализирање, класификација, каталогизација на одредени феномени, но во најчест случај целта им е воопштување, етикетирање, исклучување... Наметнувањата на „релевантни” епитети за Другиот е смислено со цел „Непријателот” да се направи опиплив, за него да се создаде некаква слика. Прашањето е: зошто само на човекот му е потребно да воопштува, да класификува, да сведува на заеднички именител? Една од многу познатите стереотипни дефиниции што им се познати на поголемиот дел од јавноста за тоа каква треба да биде „совршената” жена, е следниов: „Домаќинка во кујна, дама во кафеана и курва во кревет”.

Ова е само еден од безбројните стереотипизирани погледи за тоа кои епитети и квалитети треба да ги поседува секоја жена, ако сака да биде ценета и сметана за успешна.  Но, колку само има неизговорени јавно, туку премолчени, кои индиректно–„се подразбираат”. Неточно е тврдењето дека претставите за кои јавно не се зборува – не постојат. Напротив, понекогаш невербалните претстави и постапки се пострашни стереотипи од вербалните бидејќи се претпоставени. Она што е неискажано/премолчено поседува многу повеќе потенцијални значења, кои му се импутираат без да бидат соопштени бидејќи се сметаат за „саморазбирливи”. Кај нив е пренебрегнат чинот на соопштувањето, а со тоа и преиспитувањето или превреднувањето и веднаш се оди кон чинот на премолчено прифаќање, т.е. согласување без двоумење или безконсензусно одобрување.

Пречките во комуникацијата најчесто се од јазична природа, самиот јазик ја конструира нашата реалност, а истиот е конструиран од тековните дискурси на моќта. За иронијата да биде поголема, во англискиот јазик, дури и именката „feminist” е од машки род. Нашите делувања секогаш ќе останат во границите на јазикот и условени од него, па затоа кога во македонскиот јазик ќе кажеме „научник”, веднаш се помислува на маж што ја врши таа функција. Забелешките се упатени на сите морфолошко-лексичко-семантички недоследности во јазикот каде се врши фаворизирање на именки од машки род за наводно „машки занимања”, дури и кога тие занимања ги врши жената. И по претпоставка дека е возможно да се преосмисли целата реторика, дилемата што повторно се наметнува е дали откако ќе се изнајдат нови јазични претстави за „загрозените групи”, заедно со тоа ќе се промени и нивниот статус, нивното третирање од страна на другите? Дали со промената на некое име кое било сметано за погрдно, во друго кое ќе се применува во официјалните, званични дискурси, ќе се промени и суштинскиот статус на новоименуваните?Или со преименувањето само уште повеќе се нагласуваат (потенцираат) предрасудите кон истите? (Овој проблем е еквивалентен на прашањето за името на нашата држава. Дури и кога би се преименувала дали би ѝ се променил статусот или третманот од оние кои промената на името ја сметаат за нужна?)

Овој вовед со стереотипите ни беше потребен за да даде јасна слика врз Вајнингеровите описи за жената. Најспорни елементи од неговото дело „Пол и карактер” се токму оние што се занимаваат со психологијата на жената,  нејзината логика,  етика,  нејзината положба и улога во човештвото. Проучувачите, за полесно пристапување кон истото, го имаат поделено на три делови: природо-научен, филозофски и антифеминистички, иако мизогинијата ја има во изобилство во секој од овие делови поединечно. Дури и оние кои лично го познавале велат дека во неговото пишување може да се насети премногу личен однос кон нештата, афективен, вообразен, со  неверојатните критики, отвореното непријателство и цинизам кон целиот женски род. Кога Вајнингер ја негира секоја вредност во битието на жената, тој е радикален и немилосрден, речиси без исклучок субјективен. Накусо прераскажано, според него, жената бидејќи нема никаков однос кон логиката, а ни кон етиката, таа нема ни апсолутно Јас и никогаш не може да биде генијална. Во омаложувањето оди до таму што тврди дека талентираните жени во уметноста или науката можат да му заблагодарат само на машкиот дел во себе, па оттука најмногу успех може да се очекува од „машкуданестите” жени. „Нема жена која сериозно би се интересирала за наука, макар колку за тоа понекогаш и да се залажува себеси.” (O.Weininger; 1986: 266)

Според Вајнингер, кој во многу нешта е контрадикторен, вели дека на мажот не му е потребно сексуалното општење со жената, не му е потребна нејзината љубов. Тој има само една потреба–да ја разбере. Но, како? Овде, како контрапункт на научната сериозност, а во корист на погорното, ќе си дозволам да кажам еден виц што им оди во прилог на женските ставови. Вицот прашува: „Која е разликата помеѓу маж и куче? – Нема разлика. И двајцата те гледаат како да те разбираат!” Оваа досетка, која се разбира дека работи на принципот на стереотипите, успешно се спротивставува на низата други во кои жените се нападнатиот субјект, како на пример: „Што е разликата помеѓу батерија и жена? – Батеријата има барем една позитивна страна.” Па на ова, еве, повторно сопоставување: „Што е разликата меѓу мажите и паркетот? Нема разлика! Ако добро ги сложиш и врз обајцата ќе можеш да газиш и до 30 години!” И вака до недоглед – штом ја заземеме едната крајност, неминовно се судруваме со другата.

Честопати преку вицовите успеваме да наметнеме една колективна слика и претстава за протагонистите на дејството. Ако тоа се „плавуши”, однапред се знае каков тек ќе заземе раскажувањето, ако се полицајци, исто така. Значи, стереотипите „баратаат“ со веќе добро познати и прифатени претстави за одредени појави, настани или субјекти.

 

ПАРЕНЕЗИ И МАКСИМИ ШТО КОНТИНУИРАНО ГО ПАРАЛИЗИРААТ ЧОВЕШТВОТО

 

Една од стратегиите на Вајнингер била да најде научен метод преку кој ќе докаже дека жените се нус-производ на природата. Преку математички формули и по пат на силогизми се обидел да ја истакне женската инфериорност во секоја значајна област од создавањето. Но, дали успеал во тоа? Иако, потрагата по научно знаење треба да биде неутрална, непристрасна (колку што е тоа возможно), безинтересна, заштитена од политички интереси, цели и желби, сепак, секоја мисла има намера да стане догма, секоја институција да стане закон, секоја власт да биде последната, секоја нација да биде избраната ... И така, низ историјата, истакнувањето (поттикнувањето) на едни знаења, секогаш ќе засенат, потиснат или задушат некои други ... Но, таква е хегемонијата на научната мисла – секоја нарација да стане санација или сензација!

Еден од многуте проблеми со Вајнингер е настојчивоста да ги подели работите со една реска раница меѓу нив, да ги подведе под еден најмал заеднички содржател, не земајќи ги предвид разликите меѓу нив. Неговиот пораз лежи во очајниот обид сè што постои да го подведе под дуалистичко разграничување. Во така создадениот црно/бел свет нема ништо што може да му пружи утеха и излез од дихотомијата во која е приклештен.  „Тој, на дуалистички начин сè дели до самиот апсурд: мажите од жените, љубовта од сексот, мајката од блудницата ... господ од ѓаволот, ... и бара од човекот невозможно определување – сè или ништо!”(Weininger 1986,45). За него жената е, или мајка или блудница, ништо помеѓу. Но, зарем не може да се имаат феминистички ставови, а и покрај тоа да се посакува улогата на добра сопруга, домаќинка и добра мајка? Дали дуализмот е воопшто неопходен – се прашува Батлер? „Како дуализмите пол/род и природа/култура се конструираат и натурализираат еден во друг и еден преку друг?” (Батлер 2002,86). Одговорот е во тоа што регулаторниот културен механизам и културните конвенции се тие што вршат поделби на мажи и жени, на мажествени и женствени и притоа дозволуваат една континуирано хиерархизирана состојба на истите.

Изборот на човекот не може да се сведе на заземање на само една улога, како што тоа сака да ни го покаже Вајнингер. Самото општество е така конструирано што наметнува двоен аршин на вреднување – од една страна жената треба да даде придонес во општествениот опстанок со тоа што ќе биде позитивно вреднувана ако учествува во производството на материјални добра, а од друга страна - во биолошкиот – ако даде придонес во производството на човечки суштества.  Но, сè додека правото на избор е сопствено и не се наметнува отстрана, е во ред.

Значи, феминизмот не мора да се содржи во големи теории и нарации, затоа што впрочем тука лежи и главната вина за создавањето на измислени идеологии. Феминизмот првенствено, треба да се сфати како лична битка, личен став, личен избор, како и сè останато, тој се очитува пред сè во недозволувањето да се живеат туѓите правила, обрасци, да се прифатат здраво за готово и безрезервно наметнатите ставови за животот. Затоа, во крајна линија „и феминистичките епистемологии се во непосреден конфлит една со друга.”(Колозова 2003,172). Иако, тврди Џудит Батлер, „феминистичката критика треба да ги истражува тоталитаризирачките барања на машката означувачка економија, сепак треба да остане самокритична и во однос на тоталитаризирачките гестови на феминизмот.” (Батлер 2002,49).

 

ДЕФИНИЦИИ ЗА ЖЕНАТА

 

Никој, па ни најблиските пријатели на Вајнингер не можеле да ги откријат причините за неговиот огромен гнев кон жените. Постојат неколку објаснувања за ваквиот арогантен и мизогин став во неговото дело. Истите може да се предизвикани од некоја конкретна женска индивидуа која непростливо го налутила, го навредила или го повредила, па сега тој интелигентно се одмаздува, не само на неа туку и на целиот женски род, но можно е, исто така, тврдат неговите пријатели, дека се работи за некаква апстрактна жена која Вајнингер воопшто не ја познавал. Претпоставките се многу, од тоа дека немал никакви интимни односи со жени, но имал со мажи; до тоа, дека бил импотентен и не бил воопшто способен да се впушти во каква било сексуална врска. На едно место во книгата тој вели вака: „Кога мажот вистински сака, за него е незамисливо телесно спојување со жената што е предмет на неговата љубов. Кој тврди дека телесно ја посакува жената што ја сака или лаже или никогаш не знаел што е љубов. Постои само платонска љубов, љубов како спрема Беатриче...”(Weininger 1986,21). Психоаналитичарите претпоставуваат дека причините лежат во нарушениот однос со неговата мајката, но никој со гаранција не може да тврди за што всушност се работи. Сепак е коректно, неговиот приватен живот да го оставиме настрана, без да влијае врз анализата на неговото дело кое има сопствен живот и сопствено легитимно постоење во светот.

Ќе набројам овде само неколку од оформените дефиниции што Вајнингер ги нуди како појаснување на жената. „Жената е само сексуална, додека мажот е, и сексуален.” (Weininger 1986, 149). Бидејќи според него, сексуалноста е пониска сфера на постоење и делување, кон која чувствува не само презир туку и одвратност, жената никогаш не може да биде морална. „Таа дури не е ни неморална, туку аморална” (Weininger 1986 269). Исто така е и алогична. Таа никогаш не чувствува вина за ништо, непрестајно лаже, завидлива е, несоцијална, нема сопствени ставови, туку ги прифаќа од мажот. Вајнингер смета дека опсежно докажал дека „жената е без душа, нема свое ЈАС, ни индивидуалност, ни личност, ни слобода, ни карактер, ни волја.” (Weininger 1986, 281).

Но, неговите претпоставки не застануваат тука. Според него, жената е или мајка или блудница. Единствената цел на мајката е продолжување на видот. Ни мајката ни блудницата не се во состојба вистински да сакаат. На мајката ѝ е потребен маж не заради самиот себе, туку заради продолжување на видот. Таа се однесува подеднакво мајчински и кон мажот, како и кон синот. Од друга страна пак, „способноста и склоноста за блудничење се наоѓа во жените исто така како и предиспозицијата за мајчинство, органски, од раѓање”(Weininger 1986, 295). Во поглавјето МАШКА И ЖЕНСКА ПСИХОЛОГИЈА следуваат безброј вакви претпоставки кои, за жал, во ниеден момент не се наведени како претпоставки, туку Вајнингер е толку сигурен во вистинитоста на неговите искази, што им придава значење на аксиоми.

„Женски гениј нема – ниту некогаш имало. Според тоа „женскиот гениј е contradictio in ajecto.” (Weininger 1986, 259-260). Со ова тврдење ги дискредитира сите жени научници, добитнички на огромни награди и признанија, хуманистки, миротворки, но и воинки кои ѝ се познати на човечката историја: од Клеопатра, преку Елизабета, Јованка Орлеанка, Марија Кири, Олимпија де Гоге, Мери Вулстонкрафт, Лу Андреас Саломе, до Индира Ганди и Мајка Тереза ... Дури им ја одзема заслугата на жените кои биле признати како најголемите измамнички и злосторнички: Валерија Месалина, Лукреција Борџија и ним слични… За после ова да изјави дека „генијалниот човек во себе потполно ја содржи жената, како и сè останато.” (Weininger 1986, 260). Дали во ниеден момент не се сетил и на обратната претпоставка дека, ако генијалниот човек во себе не ја содржел жената, значи - не бил генијален, а тоа е de facto – contradictio in adjecto!

За комплетно да го деградира женското битие, љубовта кон жената ја поистоветува со машкиот идеал за задоволување на сопственото его: „Кога мажот посакува жена, тој во неа го сака сопствениот идеал бидејќи жената како таква, не може да биде сакана, т.е. да биде предмет на сакање.“ (Weininger 1986, 21).

Не земајќи ги предвид оние векови на континуирана репресија врз жените, спроведувана токму поради ваквите ставови на мнозинството кое одлучувало за сечија судбина, Вајнингер вината за нееманципираноста на жените им ја припишува на самите жени. Додека оние жени што имаат потреба и способност да се еманципираат, тоа му го должат на присуството на „машкоста” во нив. „Оттука следува оправданиот заклучок дека жената не чувствува никаква потреба за еманципација … Во нив сака да се еманципира само мажот.” (Weininger 1986,125-127).

Во светот, за жал, сè уште, голем дел од работните задачи се делат на „машки” и „женски”, особено во земјите со изразен религиозен фанатизам или пак во помали и економски помалку развиени места и рурални средини. Но, генерално земено секаде, главно на високо раководни позиции, стојат мажи: претседатели, потпретседатели, премиери, министри, директори и слично. Се разбира, секоја чест за исклучоците, кои постојат да го релативизираат правилото и нè потсетуваат да не продолжуваме со класификации што ќе ги поддржат стереотипните сфаќања.

 

ПРЕТПОСТАВКИТЕ ЗА ПОЛОТ

 

Меѓу мноштвото докази што ги присобрал Вајнингер, во првиот дел од неговата книга тврди дека ниту во морфолошка ниту во генетска смисла не постојат чисти мажи и жени, туку само машка и женска основна супстанција, така што секоја индивидуа е мешавина (производ) од обете супстанции. Поаѓајќи од фактот дека во бременоста не постои диференцијација на полот кај ембрион помал од 5-та недела, Вајнингер смета дека секундарните полови карактеристики на секој пол латентно се присутни во спротивниот пол и се спремни да се развијат под дадени околности. Според ова, „бисексуалноста никогаш сосема не исчезнува, туку напротив, секогаш одново го објавува своето само времено потиснато постоење.” (Weininger 1986,102). Колку ова тврдење е современо и напредно во однос на времето во кое се појавило, покажува прашањето што Батлер си го поставува во една пригода: „А можеме ли да претпоставиме дека нашите идентитети се секогаш инхерентно подредени на една бисексуалност која поради нејзиното потиснување, во понатамошниот развој на личноста, се расцепкува на незините составни делови?” (Батлер 2002,106). Исто така, таа вели дека „Радикалната дисјункција помеѓу хомосексуалноста и хетеросексуалноста не држи вода ... Постојат структури на психичка хомосексуалност во хетеросексуалните односи и структури на психичка хетеросексуалност во геј и лезбејската сексуалност...” (Батлер 2002, 189). Значи, не може да постои една единствена и како таква зададена, кохерентна сексуалност, канонски поставена. Воопшто, секоја сексуалност е различна внатре во себе самата.

Постојат само малку прогресивни сфаќања кај Вајнингер од кои логички може да се заклучи дека не постојат структури како „апсолутен маж” или „апсолутна жена”, туку „во секој човек постои трајна бисексуална основа односно двополовост”(Weininger 1986, 16). Но, веднаш потоа, самиот го порекнува погореизнесениот став за „биполарноста” на секоја индивидуа тврдејќи дека постоењето на „машката” односно „женската супстанција” во човекот се тие кои тежнеат да се спојат во идеална целина и конечно да ги создадат комплетените/идеалните маж или жена. Колку е голема неговата контрадикторност ни потврдува тоа што, само неколку страници претходно, самиот беше спомнал дека не постојат „чисти” типови на маж или жена, а потоа тој упорно се обидува нивната „машка” и „женска” супстанција да ги спои во една „комплетна” целина на „совршен маж” или „совршена жена”. Според него, тој сооднос е ваков: жена која има три четвртини „машка супстанција” во себе, која би можела да се вброи во таканаречени „машкуданести” жени, би морала да се чувствува психички и физички задоволна и потполна, ако се спои со маж кој во себе носи три четвртини „женска супстанција”, па со тоа припаѓа на типот таканаречени „женствени мажи” (Weininger 1986, 17). Тој, во својата увереност оди дотаму што во дропки може да ја изрази „мажественоста” или „женственоста” обидувајќи се да ѝ даде легитимност на оваа математичка реципрочност и да ги убеди останатите дека е во право. Но, и ова тврдење не е сосема оригинално земајќи го предвид митот за андрогинот, кого како литерарна предлошка го користат недоброено многу писатели низ историјата на литературата. Ова рационализирање на „количеството женска или машка материја” во секој човек, прикажувајќи ја истата со бројка, за од еден апсолутен апстракт да се добие опиплива материја, потсетува токму на обид да се авторизира и одново презапише митот за андрогинот.

За да не западнеме и ние во преголема радикалност при анализата на неговото дело, треба да му се признаат оние ставови и прогресивни идеи кои се однесуваат на прашањето за бисексуалноста и за хомосексуалноста. Вајнингер е пред своето време во онаа смисла што храбро се оддалечил од тогашните тврдења дека хомосексуалците треба да бидат кастрирани, а се залагал за укинување на законите против нив. Редно е да се претпостави дека тој можеби бил и зачетник на поставувањето на тезата за бисексуалноста и начинот на привлекување на половите уште многу пред психоанализата да фати корени во науката. „Сексуалноста не е ограничена само на половите органи … Каде треба да се повлече граница? Дали полот е ограничен само на „примарните” и „секундарните” полови ознаки? Дали можеби има многу поширок обем? Со други зборови, во што се состои, а во што не се состои полот?” (Weininger 1986,67). Се чини дека Вајнингер е во постојан безизлез од сопствената контрадикција во која се става, затоа што веднаш по ваквата изјава, што се чини сосема издржана и напредна во однос на ставовите од неговото време, тој не може да одолее на потребата сè да подели со ригидни граници и ништо да не остави надвор од двете црни/бели множества. Непосредно по горната теза ја изјавува следнава: „...Терцијарни сексуални ознаки се наречени вродените особини кои можат да се забележат како изјави или постапки (на пример – мускулната снага или самоволието кај мажите) ... додека постојат и квартерни сексуални карактеристики како пиењето и пушењето кај мажите или рачната работа кај жените.” (Weininger 1986,70). Вајнингер овде прави разлика на примарни, секундарни, терцијарни и квартерни карактери/особини што ги разликуваат мажите од жените. На овој начин тој ни покажува колку неговите судови се субјективизирани посочувајќи ни квалификативни особини што треба да покажат што е она што мажите ги прави мажи, а жените – жени. Значи ли ова дека „жените се потврдувани (т.е нарекувани женствени) доколку тие се слаби, малечки, доколку ги бричат нивните нозе, доколку имаат високи и меки гласови”? (Колозова 2003, 266-267). И сега „што е впрочем „пол”? - прашува Батлер, во нејзиното дело „Проблеми со родот”. „Дали е тој природен, анатомски, хромозомски... Дали полот има историја? Како и каде се одигрува конструкцијата на родот ?” (2002, 42-43).

Најпосле, Вајнингер фрла сенка дури и врз сопствените напредно лансирани сфаќања за преодните сексуални облици, со конечниот заклучок дека „...И покрај сите полови меѓуоблици, човекот на крајот сепак е само едно или друго – маж или жена...” (O.Weininger; 1986:136). Нели се сите поделби само човечка потреба за разликување, класификација, систематизација и во крајна линија, полесно снаоѓање? Светот знае да функционира преку бинарни опозиции, затоа и врши диференцирање; поделбите служат за полесно придржување кон доделените улоги заради нормирање на должностите и обврските, а сите тие се наметнати од институциите на моќта, така што секоја поделба, пред сè, е историски, општествено и социјално условена.

За жал, малку генерации пред мене можеле да констатираат дека живееле во ера на деконструкција на вештачки наметнатите обрасци, типизации, категоризации, шаблонизации на постоечките облици на живот. Есенцијализмот одамна не ја придобива битката за вистината, особено кога ќе се постави прашањето за жените. Одамна е направена разлика помеѓу категориите пол и род, но сепак се тазе ставовите дека и обете се конструирани, т.е. се производ на комплексни социо-културни и општествени односи. Бидејќи денес е повеќе од очигледно дека големите историски нарации се во криза насекаде ширум светот, мора да ја признаеме потребата за нови толкувања, потребата од реконтекстуализации, реконцептуализации и реконструкции на одамна изготвените обрасци. Поимот род, кој суштински се спротивставува на она што довчера се подразбираше под поимот пол, е измислен со цел да се истражи што е всушност пропуштено при проучувањето на она за кое општеството вели дека „се подразбира”. Што е она што „се подразбира”? Зарем не треба да се проблематизира она што се подразбира под поимите „жена” или „маж”? Од оваа перспектива комплетно е разбирливо зошто се тежнее кон реконструкција на сè она што до вчера (но, и сè уште) се земало здраво за готово.

 

КОНЦЕПТОТ ЗА ЖЕНСКОСТА” И МЕТОДИТЕ ЗА НЕЈЗИНОТО ОДРЕДУВАЊЕ

 

Што, во крајна линија, претставува еден субјект? Тој не може да биде кохерентен бидејќи е вечно поделен помеѓу себе и Останатите/Другите, затоа што во себе секогаш инкорпорира мноштво идентитети. Затоа Дона Харавеј ќе рече „секој конечно кохерентен субјект е фантазија, а личниот и колективниот идентитет на неизвесен начин и постојано, општествено се реконструира.” (Колозова 2003, 88). Субјектот, индивидуата, идентитетот се толку нестабилни поими, во што, всушност, и се согласувам со Лакан, тие се недовршени, во постојан расцеп, децентрирани. Тие се симболички единства што имаат своја реалност само во јазикот.  „Ако во тврдењето на Бовоар дека не се раѓаме, туку попрво, стануваме жени, има нешто точно, оттука следи дека самата жена е еден процесуален термин во настанување, во создавање, за кое не може со точност да се смета дека започнало или завршило.” (Батлер 2002,73). Женскиот идентитет и концептот за тоа што е „женскоста” се одредени од страна на машкиот, фалогоцентричен дискурс. Феминизмот тврди дека само женскиот род е означен бидејќи машкиот се смета за универзален, па женскиот е изведен од него како негов негатив. Психоаналитичкиот дискурс на чело со Фројд е токму она едноумие, едно линеарно знаење што со години им се пласира како храна на љубопитните.  Жената сфатена како „дупка”, „отсуство” или „празнина”, нешто „недовршено” е, исто така, вешто промовирано и од наследникот на Фројд, Жак Лакан. „Жените се полот што „не е”. Во маскулинистичкиот фалогоцентричен јазик, жените го претставуваат непретставливото.“ (Батлер 2002, 45). Па, би било вредно за поставување прашањето, како е возможно да се создадат цврсти темели за феминистичките проучувања, кога нивната методологија на истражување за своја претпоставка ја зема психоанализата? Согласно ова, кои методи би биле уникатно феминистички и дали истите нема да се потпираат на претходните епистемологии за кои знаеме дека во многу нешта се маскулинистички, напишани од гледна точка на мажот? И ден денес, кога сметаме дека науките направиле прогрес во преиспитување на сопствените сфаќања, сепак жените сè уште бидуваат потценети, омаловажувани, дискриминирани, т.е. нивната работа се дочекува со недоверба за разлика од таа на мажите. Вината за бавниот прогрес во надминувањето на ваквите закоравени ставови лежи во тоа што проучувањето на жените не се врши врз база на нивните лични и поединечни животни искуства, туку низ призмата на нивните проучувачи-мажите. „Андроцентричната биологија и социјалните науки на безбројни начини „докажаа” дека жените се биолошки и социјално инфериорни во однос на мажите, додека андроцентричната епистемологија инсистираше дека само мажите можат да бидат „познаватели” (Колозова  2003,181).

 

ФЕМИНИЗМОТ ПОМЕЃУ ДРУГИТЕ  ИЗМИ”

 

Феминизмот не е ниту „шизма”, ниту „изум”, ниту „измама”, само една од многуте „призми”, оптикум, спекулум на креирање на поинаква приказна. Заложбата на феминистичките движења се сведува на една потрага за добивање легитимност врзона што досега било исклучувано, етикетирано, прогласено за погрешно, неважечко, нереално, необјасниво, а поради тоа останало и неразбрано. Феминизмот може да биде институционализиран  и подведен под називот „политичко движење за социјална правда”, но тоа би го омеѓило неговото поле на интереси и истражувања, бидејќи ниедна епистемологија, филозофија, наука, не може конечно да го определи својот предмет на проучување без притоа да не се почувствува заклучена и изолирана само во сопствената методологија. Историјата на феминизмот само докажува дека е невозможно да се подведе под една заедничка методологија, можеби токму затоа и не му се придава потребната легитимност. А некритички е да се тврди спротивното бидејќи женските искуства на патријархално угнетување се разликуваат во различни културни, социјални и историски средини. Затоа деконструкцијата што овде ќе ја користам како главен адут во борбата против „универзалните” знаења, ќе ми помогне во промовирање на еден нов скептицизам кон досегашниот „прогрес” на науките, јазикот, културите, општествата... „Да се тврди дека еден закон е универзален, тоа не значи дека тој дејствува на ист начин во различни култури...” (Батлер 2002,133). Затоа, угнетувањето или репресијата (дури ни зборот угнетување не може да се употреби во онаа строга смисла што му се припишува бидејќи не секогаш се работи за угнетување кое ја има таа тежина што ја носи самиот збор) имаат различно значење во различни временски, историски, социо-културни, општествени средини. Од оваа причина, лично предлагам да се признаат индивидуалните животни приказни и да се земат во обѕир единствено поединечните, лични, сопствени искуства на субјектите кои се истражуваат/разгледуваат.



ЛИТЕРАТУРА

  1. Weinniger, Otto.  Pol i Karakter.  Beograd:Književne Novine, 1986.

  2. Фуко, Мишел.  Историја на сексуалноста.  Скопје: Три, 2003.

  3. Батлер, Џудит.  Проблеми со родот.  Скопје: Евро-Балкан Прес, 2002.

  4. Колозова, Катерина, приредувач.  Хрестоматија на класични текстови од областа на родовата теорија.  Скопје: Евро-Балкан Прес, 2003.

Gordana, Đerić. Pr(a)vo lice množine Kolektivno samopoimanje i predstavljanje: mitovi, karakteri, mentalne mape i stereotipi. Beograd: Institut za Filozofiju i Društvenu teoriju, 2005