КНИЖЕВНА ТЕОРИЈА, ПАК?

 

КНИЖЕВНА ТЕОРИЈА, ПАК?



(Џонатан Калер. Книжевна теорија: сосема краток увод.Скопје:Поетики, 2012)






Книжевната теорија не е бестелесен асортиман на идеи, туку сила во институциите. Теоријата постои во заедниците на читателите и на авторите, како дискурзивна практика нераздвојно поврзана  со образованите и со културните институции.

 

                                                                       Џонатан Калер, Книжевна теорија: сосема краток увод

 

Теоријата се стреми да го исфрли здравиот разум од колосек. Да ги оспорува, да ги критизира, да ги посочува – авторот, светот, читателот, историјата, вредноста – како заблуди, па, се чини, дека за книжевноста може да говориме дури откако ќе се ослободиме од нив. Но, здравиот разум и се спротивставува на теоријата со сите сили. Теоријата и отпорот не може да се замислат еден без друг.

                                                                                             Антоан Компањон, Демонот на теоријата



Кога со студентите од Катедрата за општа и компаративна книжевност ги дискутираме теориските концепции на Џонатан Калер, изложени во неговите студии  Структуралистичка поетика (1975) и Книжевна теорија-сосема краток увод (1997), и тоа токму по овој редослед, нивната реакција е тукуречи збунетост од разликата меѓу двете студии. И, се разбира, рецептивниот приоритет ù го доделуваат на втората студија, аргументирајќи дека таа е многу поприемчива, а помалку академска, „сувопарна“ и теоретска.  Впрочем, и самиот наслов Книжевна теорија – сосема кратокувод најавува непретенциозност во приопштувањето на теоријата. (Своевидна релаксација на академизираниот дискурс се и стрип илустрациите, кои ефектуираат со очудена хуморна прспектива во експликацијата на теориските категории. Одличен пример за една таква реконтекстуализација на теоријата е онаа стрипувана форма каде што јунакот со олеснување констатира дека пред себе има терорист а не теоретичар: „Ти си терорист? Фала му на бога. Помислив дека Мег рече теоретичар“ (Калер 2012,8).



  1. од една страна, синтагмата книжевна теорија, наспроти теорија на книжевноста, експлицитно, ја соопштува намерата да се елаборира сопствената теориска концепција, како една меѓу мноштводо други, да се вербализираат сознанијата, перспективите и дилемите на еден теоретичар на книжевноста;

  2. од друга страна, синтагмата сосема краток увод плеонастички тројно го индицира  рестриктивниот, селективниот пристап во областа на теоријата на книжевноста: имено уводот, сам по себе подразбира поставување на резимирана и генерализирана рамка, исто како што краткоста сугерира лапидарен преглед на одредена тема, област, проблематика, што, пак, дополнително се потенцира и со модалната форма сосема.

Оттаму, насловот може и да нè заведе, алудирајќи на прирачниците (со коишто изобилува американското издаваштво), со цел да се обезбеди ефективна инстант обука на теоретичари. Но, тоа е само прв впечаток, бидејќи  воведно, резимирано и сублимирано може да говори само оној кој ја апсолвирал целината, кој го усвоил системот, којшто има увид во дијахрониската и во синхрониската перспектива во една научна област, па може суверено да одбира меѓу можните, па и навидум не(воз)можните аспекти на промислување на феноменот книжевност. Да се биде краток, тоа, меѓу другото, значи да се биде концизен, експлицитен, разбирлив, да се понудат дефиниции, но и да се отвори простор за реплика и за реакција, за полемика и за дијалог, да се отвори патот кон следното дополнување и ревидирање во широкото подрачје на теорија на книжевноста. Во истовреме, насловната синтагма претставува и охрабрување за читателите, коишто а приори ја избегнуваат теоријата, оптоварени со предрасудите дека таа е, како што вели Калер, „застрашувачка и несовладлива“.

Токму со цел да го разбие таквиот имиџ на теоријата, односно да го поткопа стереотипното сфаќање на теоријата како книжевнонаучна дисциплина со највисок степен на научност и на објективност, Калер ја создава оваа студија како  метатеориска, епистемолошка расправа, којашто низ сопствениот пример демонстрира дека упориштата во формулирањето на теоријата и изборот на перспективата од која се врши таквата формулација повеќе не се непроблематични прашања. Оттаму, редефинирањето на  статусот на теоријата на книжевноста, но и на позициите и перспективите на нејзиното промислување се темелат врз промените што му се припишуваат на ефектот на теоријата во оспорувањето на „јавното мнение“: здраворазумските гледишта за значењето, за пишувањето, за книжевноста и за искуството. „Теоријата честопати се смета за борбена критика на сознанијата на здравиот разум и, понатаму, таа е обид да покаже дека она што го земаме ’здраво за готово’, всушност, е еден историски конструкт, една посебна теорија која ни станала толку природна, што повеќе и не ја сметаме за теорија“ (Калер 2012, 12).

Во прилог на оваа изјава се и првите две поглавја Што е тоа теорија? и Што претставува книжевноста и дали е значајна? Интерогативната форма на насловите ја осведочува потребата од и намерата за редефинирање и ревидирање не само на она што се проучува (книжевноста), туку и на она како се проучува (книжевната теорија). Оттаму, селективната теориска перцепција на Калер врз книжевноста, но и автоперцепцијата врз книжевнонаучната област ги фокусира категориите, релациите и феномените коишто имаат долг стаж во рамки на книжевните студии, тукуречи од Аристотеловата Поетика, но и оние коишто се  наметнуваат или произлегуваат од книжевноуметничката и книжевнонаучната актуелност, потврдувајќи дека во теоријата навистина никогаш и ништо не може да се земе конечно и „здраво за готово“. Затоа, дилемата дали земањето на книжевната теорија „здраво за готово“ треба да се толкува како нејзина смрт или како нејзин триумф Калер се обидува да ја побие како надминување на депласираните бинарно-ексклузивните перцепции на теоријата.

Десетте поглавја во книгата, условно, може да се групираат во два (тематски) циклуса: првиот, којшто е фокусиран врз елаборирањето на книжевноста како јазик-објект и вториот којшто се однесува на метајазичното подрачје на книжевната теорија и на книжевнонаучната методологија. Во текстовите што се однесуваат на првиот циклус, книжевноста се промислува од аспект на нејзината природа (како јазик, како фикција, како естетски предмет, како интертекстуален или авторефлексивен конструкт), од аспект на нејзините функции, дијаметрално сопоставени, но и од аспект на нејзините парадокси, коишто Калер ги објаснува со двојството на употреба и на поигрување со конвенциите.

Во текстовите од вториот циклус, интересот е поставен врз интердисциплинарните релации меѓу книжевните и културалните студии, (кои, меѓу другото, се реализираат низ заедничкиот интерес за субјектот и за идентитетот),  односно меѓу реториката и поетиката, понатаму врз теоријата на жанровите (со посебен осврт врз поезијата и раскажувачката проза), врз теориските категории толкување, значење, контекст, перформативноста на јазикот, етиката и естетиката, за да заврши со прегледот на теориските школи и движења (рускиот формализам, новата критика, феноменологијата, структурализмот, постструктурализмот, деконструкцијата, феминистичката теорија, психоанализата, марксизмот, новиот историцизам/културниот материјализам, постколонијалната теорија, дискурсите на малцинствата, квир теоријата, еко-критиката).

Ваквиот предметен радиус во студијата на Калер, имплицитно,  ја разбива илузијата дека историјата на книжевната теорија е процес на револуција, на радикални парадигматски пресврти, потврдувајќи дека, многу повеќе, нејзиниот развој се одвива според принципите на еволуцијата, која ја следи логиката на конверзија на доминантите, односно на средиштето и на периферијата. Дополнително, тоа е начин на потенцирање на системската природа на теоријата на книжевноста: во рамките на тој систем пулсира свеста за постојните концепции и методолошки парадигми, свеста за библиотечната организација (и) на теоретското знаење. Во рамки на книжевната теорија, нема парцијалност, нема дисконтинуитет, нема исклучивост, нема негација, туку многу повеќе дијалог, реконцептуализација и трансконтекстуализација на поимите што, нужно, се реализира во дослух со развојните тенденции во книжевноуметничката практика, но и со развојните тенденции во науката. Конечно, како би се сфатил или, воопшто, би се појавил постструктурализмот ако не му претходи структурализмот, или, пак,  културниот материјализам доколку не му претходи фонот на марксистичката методолошка парадигма, како што е тешко, признава Калер „да се направи разлика меѓу структурализмот и семиотиката.“

Потребата на теоријата самата себеси перманентно да си го поместува упориштето во предметниот интерес е сугерирана и во етимолошката основа напоимот theoria која го содржи значењето на гледање, но и на задоволството што произлегува од чинот на перцепција, на посматрање кое е поврзано со патувањето, со намерата да се види светот. (Во таа смисла и значењето на  theoroi како државни претставници кои биле испраќани како гледачи на говори, свечености и натпревари, но надвор од границите на матичната заедница). Ако искуството на овие сведоци theoroi, стекнато низ пречекорувањето на границите во туѓото и во непознатото, е радикално поинакво од оние кои остануваат во матичната средина, тогаш крајната импликација е дека теоријата содржи димензија на трансгресивност, на надминување на сопствената затвореност, самодоволност и на отворање кон другоста. Токму таа иманентна дистанца на теоријата, но и во теоријата ја илустрира и Калер, којшто, во рамки на својата книжевна теорија упатува на задоволството од постојаното поместување и пречекорување на границите на веќепознатото, на конечното, на аподиктичното, на дефинираното, на она што во теоријата веќе еднаш е апсолвирано како усвоено, утврдено, неприкосновено знаење. Впрочем, целта на теоријата да иницира поинаков, друг, раз-личен поглед врз истото, врз познатото (книжевноста)  директно ја соопштува и авторот кога вели: „Овој краток увод нема да ве претвори во врвни познавачи на теоријата и тоа не поради тоа што е многу краток, туку затоа што ги подвлекува најзначајните линии на размислување и полиња за полемики, особено оние кои се однесуваат на книжевноста. Ги претставува примерите на теориско истражување со надеж дека читателите ќе ја најдат  теоријата привлечна и значајна, и ќе ја искористат можноста  да ги доживеат задоволствата на размислувањето“ (Калер 2012, 32).

Несомнено, епистемолошкиот потход што го презема Калер со оваа студија  потврдува дека епистемолошкиот скептицизам што ја  зафати научната мисла генерално, ја инфицирал и книжевната теорија. Секако, тоа е една здрава скепса којашто превенира од апсолутизација, од едностраност, од аподиктичност и ригидност во теориското промислување. Дополнително, тоа го иницира и иманентното метатеориско промислување на книжевната теорија, сопственото редефинирање во континуитет и прилагодувањето на промените што ги претрпува нејзинот предмет на интерес – книжевноста. Во таа смисла, евентуалниот отпор кон теоријата на книжевноста не се објаснува со нејзината академска херметичност, туку со нејзината комплексност. Теоријата ја исклучува апсолутната власт над неа, не само затоа што секогаш има што повеќе да се научи, туку, поспецифично, исто колку и поболно, таа по себе претставува  испрашување на претпоставените резултати и на заклучоците врз коишто истите се засновани.

Оттаму, појдовната премиса дека теоријата е „комплексен корпус на размислување и пишување чиишто граници се исклучително тешки за дефинирање“ (Калер 2012, 10), Калер ја потврдува и во заклучните дескрипции на теоријата:

1. како интердисциплинарна (дискурс што има ефекти надвор од оригиналната дисциплина).

2. како аналитичка и спекулативна (обид да реши што се подразбира со она што го именуваме како  пол или како јазик, како пишување, како значење или како субјект.

3.како критика на здравиот разум, на концептите земени и сфатени како природни.

4. како рефлексивна, како размислување за размислувањето, истражување на категориите што ги користиме со цел да им доделиме смисла на нештата во книжевноста, но и во останатите дискурзивни практики.

Дополнително, самиот факт што за второто издание на студијата авторот го ревидира и го дополнува она што го понудил во првото издание („за ова ново издание преработив неколку дискусии, модифицирав неколку биографии и додадов едно ново поглавје“) (Калер 2012,4) потврдува дека  во меѓувреме нешто се променило дури и во теоријата, дури и за теоретичарот.  Конечно, една потврда дека намерата на Калер да ја релаксира и позицијата на книжевната теорија, но и позицијата на нејзините реципиенти, има резултат претставува и преводот на неговата Книжевна теорија – сосема краток увод на македонски јазик. (Секако, треба да се земе предвид уште една придобивка од преводот на вакви теоретски студии, а тоа е токму можноста од калкирање на книжевнонаучната терминологија на македонски јазик).Во таа насока треба да се поздрави и поддржи амбицијата на преведувачот, (младата компаратистка Кристина Димовска), која си дозволила себеси да биде  провоцирана и охрабрена да се фати во костец со книжевната теорија и да ја демистифицира нејзината „застрашувачка несовладливост“.