ГЛАСОВИТЕ РАСКАЖУВААТ ЗА ГЛАСОВИТЕ ШТО РАСКАЖУВААТ

ГЛАСОВИТЕ РАСКАЖУВААТ ЗА ГЛАСОВИТЕ ШТО РАСКАЖУВААТ

Наративот за минатото низ примерот на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција

Теона Мицевска

Во овој текст ќе ја испитам улогата на елементите својствени за книжевните текстови во анализи на настани од минатото коишто придонесуваат за нивното разбирање по коешто трага историјата, врз примерите на две студии што се однесуваат на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција. Едната од нив е Македонските деца-дедовци: Транснационалната политика на меморијата, егзилот и враќањето, 1948-1998 од Кит Браун, а втората е Децата на Граѓанската војна во Грција: Бегалците и политиката на сеќавањето од Лоринг М. Денфорт и Рики ван Бусхотен[1]. Фокусот ќе го поставам врз наративните аспекти и откривањето на нивното присуство и функција во овие студии. Во првиот дел од текстот ќе ја скицирам теориската основа на зближувањето на книжевноста и теоријата на книжевноста од една и историјата и историографијата од друга страна, што во клучна мера ќе се потпира врз согледувањата на историчарот Хејден Вајт, додека во прецизирањето на значењето на наративните аспекти употребено во конкретниот контекст ќе се повикам на Џералд Принс и неговиот концизен Речник на наратологијата. Понатаму, во вториот дел, ќе ги издвојам овие аспекти во конкретните примери. Двете студии ги обединуваат неколку основи.

Тие обработуваат настани од минатото означени со едно име - Граѓанската војна во Грција, конкретно во однос на децата-бегалци. Освен тоа, во текот на нивното пишување, меѓу останатите, се консултирани трудовите на овие автори меѓусебно, а се нагласува и придонесот на Браун во пишувањето на студијата на Денфорт и Бусхотен и обратно. Понатаму, тројцата автори се антрополози коишто се занимаваат со некои од настаните во минатото што заземаат важно место во осмислувањето на историјата како на Македонија, така и на Балканот, а се од голем интерес и за историграфската продукција што се занимава со овие прашања на овој географски простор. Оттаму, постапката ќе опфати детектирање на наративните аспекти што се активни во двете студии, при што се ќе испита сличноста односно разликите при нивната употреба и функција. Притоа, ќе се задржам на издвојување на нивното место во целината на текстот, па затоа и ќе се осврнам на низа аспекти. Тука ќе бидат вклучени: дискурсот и наративот, приказната, ликовите и раскажувачот, хронотопот, но и празнините, селекцијата на настаните, авторитетот и вредностите, причинско-последичните врски, мотивациите и гледната точка. Со оваа постапка ќе се обидам да покажам дека пишувањето за настаните „од историјата", а со тоа и самото нејзино создавање, иманентно ги содржи принципите на наративот како конститутивни. Без оглед на тоа дали овие студии ќе ги категоризираме во „антропологија" или „историографија" или пак нешто друго, и покрај тоа што се означуваат како „научни студии", тие се изградени како што се и „фикционалните" наративи. Имено, наративните аспекти се присутни на ниво на структурата на самите студии, како и на ниво на произведување на значењето, односно репрезентацијата како на светот и настаните, така и на искуствата и сведоштвата. Поаѓајќи од констатацијата на Ирена Стефоска, во рамки на промоцијата на македонскиот превод на студијата Минатото под прашање. Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата од Кит Браун:

„значењето не е однапред дадено, туку е културен артефакт. Анализата на контекстите во кои се создавале овие различни значења за еден и ист настан, и различните мемории, приказни создадени околу нив, произведуваат спротивставени гледишта кои на моменти се исклучуваат, а на моменти се надополнуваат."

Акцентот ќе биде поставен врз формирањето значења преку приказните. Повеќегласноста што произлегува од овој процес, овозможува инклузивно поимање на минатото, како алтернатива на традиционалните ексклузивни пристапи.

Продукција на значење преку јазична конструкција

Поаѓајќи од внатрешното двојство на поимот историја: прагматското, дискурзивното ниво што упатува на настаните и личностите од една мината стварност (res gestae) од една страна, и наративното, односно, раскажувањето за минатотоод друга (historia rerum gestarum), наративните елементи, како и текстуално посредуваниот пристап кон минатото но и јазикот преку којшто истите се остваруваат, го интегрираат ова двојство бидејќи се однесуваат и на, сега веќе условно, двете страни. Врз оваа платформа ќе се развиваат преиспитувањата на границата меѓу книжевноста и историографијата. Ова отвора пат за преиспитување на разликите меѓу книжевното сфатено како фикционално и историографското сфатено како објективно бележење на историските факти. Почетната позиција е поставеноста на книжевноста и историографијата како спротивставеностиврз основа на критериумот субјективно/објективно преставување на настаните. А настаните пак, кога се предмет на историографското проучување, се нарекуваат историја, што подразбира дека во една точка на минатото навистина се случиле, а она што и преостанува на науката (историографијата) е да ги реконструира со хируршка прецизност. А кога се предмет на фикционални записи, тогаш реалноста на нивното фактичко одвивање се доведува под прашање, па се сметаат за измислени од страна на авторот. Сепак, токму реалното е едно од полињата за проблематизирање на оваа опозиција. Ова е прашање на предметот на фикцијата и историографијата, којшто се одредува според критериумот измислено/стварно. Но, ова подразбира дека разликата меѓу фиктивното и реалното е веќе востановена. Ако е така, се поставува прашањето која е таа разлика или што претставува за нас фиктивното, а што реалното? Притоа, токму начинот на претставување е одредувачки. Фиктивното/реалното е производ на начинот на претставување на она што во историографијата се нарекува настан или група настани, а во книжевноста слика на свет. Но, тука итерминологијата може да биде заматена, односно, синонимно да се зборува за настанот/сликата на светот, бидејќи репрезентацијата на предметот на одреден текстуален осврт е таа којашто води кон именувањето настани, со што се имплицира на реалната димензија и следствено на историографијата, односно, на сликата на светот како плод на имагинацијата во книжевното дело. А репрезентацијата всушност претставува продукција на значење, со што се оформува претставата за реалното/фиктивното.

Ако се осврнеме на начинот на којшто се изложени настаните, без оглед на тоа дали за нив веруваме дека се измислици или факти, тогаш се активира прашањето на внатрешната структура на текстовите што истите ги изложуваат. Преку контрастивната анализа со аналите и хрониките како форми различни од она што се смета за историски запис, Хејден Вајт укажува на иманентната организирачка логика на историографскиот запис што отсуствува во другите две форми, а којашто пак е структурирана според принципите на наративот[2]. Карактеристично за првите две форми е регистрирањето на настаните, нивното набројување еден под друг во хронолошки редослед, но како заокружени секвенци. За еден запис да се смета за историографски, покрај запазувањето на хронолошката последователност, настаните се претставуваат и како организрана целина, со видлива причинско-последична врска меѓу нив, а не отсуствува и вреднувачкиот тон со кој се изложени, што заедно ја претставува анализата на самата низа настани. Сместувањето на една група настани во линеарна низа, што подразбира временско претходење и последователност предадени во форма на хронолошки след или прогрес, што го исклучува цикличниот тек на времето, е интервенција во настаните „онака како што се случиле" во минатото, тоа е една од етапите на осмислување на хаосот од впечатоци, искуства и случувања во она што го сметаме за непосредна реалност:

„Настаните треба да бидат регистрирани во хронолошката рамкана нивното вистинско одвивање, но мора да бидат и раскажани, што значи, мора да бидат предадени во форма штоима структура, како и значенска организација, што тие како секвенци не ја поседуваат" (Вајт 1987, 5).

Понатаму, споредувајќи ги аналите и хрониките со дискурсот на модерната историја, Вајт ги бара наративните аспекти, што покажува дека недостасуваат кај хрониките и аналите, а наспроти тоа, токму тие аспекти ги дефинираат современите историографски записи. Така, во секвенцијалната низа настани, недостасува приказна, субјекти (или чинители), етапите на развој на дејството не се прецизирани (јасно одреден почеток на настаните, заплет, развој, перипетија, завршеток) како што не е јасна ни мотивацијата зошто се одбира токму одреден збир настани или зошто се сместуваат во иста низа. Недостасува поврзаноста меѓу нив, како и заокруженоста на дејството. Притоа, крајот на осврнувањето на одреден настан не подразбира и негово заклучување во логична целина. Особено значајна за таа логичка целина е структурата на заплет[3] {plot), што подразбира континуитет во одвивањето на настаните, односно, цврстата и видлива поврзаност на настаните внатре во таа целина, како начин на произведување значење што се остварува единствено во меѓусебен однос. Сепак, бидејќи таквата конструкција во голема мера го натурализира присуството, на крај во форма на заклучок, Вајт предупредува дека и самата целина со своите терминални граници е доказ за фиктивноста на репрезентацијата:

„Само морализирањето овозможува трудот да заврши, поточно, да добие свој заклучок, на начин поинаков од оној на хрониките и аналите. Но, на која друга основа е воопшто можно да биде заокружен еден наратив за реалните настани? Кога се работи за навраќање на текот на реалните настани, каков друг „завршеток" би можела да има дадена секвенца од такви настани, освен „морализирачкиот" крај? ... Признавам дека не можам да изнајдам друг начин на „заокружување" на записите за реалните настани, бидејќи не можеме да тврдиме дека која било секвенца од реални настани навистина станува заокружена, дека самата реалност исчезнува, дека настаните во реалниот поредок престанале да се одвиваат. Таквите настани може само навидум да престанат да се одвиваат само кога постои смена во значењата, и тоа смена изведена со наративни средства, од еден физички или социјален простор во друг. ...

Онаму каде што во записите за реалноста е присутна наративноста, сигурно е присутен и морализирачкиот импулс" (Вајт 1987, 23).

Но, и покрај потрагата по претставување на настаните во стабилна логичка конструкција карактеристична за современата историографија, сепак остануваат празнини, како во претпоставената реалност на минатото време во коешто се одвивале настаните, така и во пишувањето за нив. Тоа го покренува прашањето за селекцијата според којашто некои настани образуваат целина, а некои се оставени надвор од неа или се премолчени. А тоа е прашање и на субјектот кој пишува, „авторот", инстанцијата што ја има таа одлучувачка моќ да вклучи или исклучи, или прашање на авторитетот во текстот. Меѓутоа, политичката димензија се однесува и на „политичко и социјално подредување" на настаните:

„Она што и недостига на листата настани за истата да добире регулирана заокруженост е идејата за социјален центар во однос на којшто настаните ќе бидат позиционирани еден во однос на друг, и ќе бидат одредени со етичка или морална важност" (Вајт 1987, 11).

На ова се надоврзува и аксиолошката вредност. Поточно, изложувањето на настаните од минатото подразбира перспектива во којашто истите се осветлени со цел да се произведе смисла. Таа перспектива нужно вклучува и морална димензија. Покрај тоа, социјалниот поредок и правниот систем се присутни во функција на репери во однос на коишто се вреднуваат настаните во процесот на нивно прикажување. На тој начин, преку авторитарната сувереност на законот, се одредува (не)оправданоста на избраните настани. На пример, присуството на конфликтите, тензиите, различните видови решенија и исходи што вообичаено се среќаваат во претставите на реалноста за коишто се застапува историјата сфатена како наука, Вајт ги припишува на подредувањето на настаните на авторитетот на социјалниот поредок. Така станува можно да зборуваме за категориите на правдата, правдината и вистината. Позиционирањето на хаосот од настани за коишто се пишуваат историографските записи, на оската на правдата од една страна, и вистината од друга, е интервенција на авторитарниот историчар. Така, повикувајќи се на општоприфатени репери, како што е правниот систем, тој ги прикажува настаните на тој начин што го демонстрира нивното место меѓу правдата и неправдата. А самиот потенцијал на постоењето повеќе можни верзии на настаните, или пак отсуството на прифатена претстава на истите, и овозможува на историјата како наука да говори за вистината, истовремено конструирајќи ја истата. Вајт укажува дека и кога станува збор за анализите на минатото што се сметаат за научни, одредувачка инстанција е поривот на авторот за нејзино пишување, што е спротивно на претпоставената објективност и непристрасност на научните трудови, воедно, една од клучните разлики од ненаучните форми, како што е создавањето фикции. Тој оди дотаму што тврди дека самиот предмет на тој порив, да се прикаже смисла, е иманентно имагинарен:

„...Вредноста на наративот во репрезентацијата на реалните настани произлегува од стремежот тие да се претстават со манифестна кохерентност, интегритет, заокруженост и комплетираност што во сликата за животот е, и единствено може да биде, имагинарно. Идејата дека секвенцата од реални настани поседува формални атрибути на приказните што ги раскажуваме за измислените настани може да потекнува само од желбите, стремежите и апстракциите. Дали светот навистина се претставува себеси во форма на добро осмислени приказни, со централни субјекти, изграден почеток, средина и крај, со кохерентност што ни овозможува да „го видиме крајот" уште на самиот почеток? Или пак, се претставува едноставно како секвенца без почеток и крај или како секвенци од почетоци што само прекинуваат, без вистински да завршат? И дали светот, дури и оној социјалниот, некогаш се пријавил како веќе наративизиран, веќе „зборувајќи самиот за себе", од зад хоризонтот на нашиот капацитет да направиме научна смисла од него? Или се работи за фикцијата за таков свет, што е способна да зборува сама за себе и да се претстави во форма на приказна, неопходна за развивањето на морален авторитет без којшто поимот за специфична социјална реалност би бил незамислив?" (Вајт 1987, 24-25).

И самиот поим настан, што досега беше употребуван како предмет на наративизација, како граѓа изложена во наративна форма, со премолчана и привремена согласност дека условно, подразбираме реални и имагинарни настани, е подложен на ревизија. Поточно, дистинкцијата меѓу реални и имагинарни настани се преиспитува врз основа на медиумот со којшто тие се изложени во наративна форма - јазикот. Прво, прикажаните настани се референти во јазичната репрезентација и на фикцијата и на историјата. Меѓутоа, принципот на употреба на реферирањето што е иманентно својство на јазикот, е заеднички за двата краја на оваа условна поделба:

„Вајт го потенцира нивниот заеднички аспект како „семиолошки апарати кои продуцираат значења по пат на систематска супституција на означените (концептуалните содржини) место екстрадискурзивните ентитети кои служат како нивни референти'" (Вајт 1990 во: Ѓоргиева Димова 2012, 228).

На тој начин се наметнува организирана структура на хаосот на минатото што тоа не ја поседува во своето непосредно пројавување. А за одреден текст да биде препознаен како историографски, според погоре изнесеното, клучно е да бидат препознаени елементите на неговото конструирање што го изделуваат од останатите алтернативни форми на историја. Оттаму, клучно за наративот што се плете околу настаните од минатото е тој да биде препознаен како таков, што зборува пак за метадискурс. Ако наративните елементи се тие што ја даваат смислата на настаните, што го овозможуваат значењето, тогаш наративот, којшто е јазична конструкција, станува начин на размислување за тие настани, сега откако видовме дека наративната стурктура е наметната врз минатото како даденост. Оттаму, пренесувањето на знаењето станува можно само преку раскажување. Како такво, раскажувањето е „симболичка структура", а не миметичко прикажување на настаните што би го реконстурирало нивното одвивање без забележителни интервенции. Затоа, како што и некои фикционални текстови имаат потенцијал да манифестираат метареференцијални капацитети, така и историографските текстови во голема мера упатуваат на начинот на размислување за минатото, повеќе отколку на самото минато. Со замената на претпоставеното покажување или имитирање на реалноста кај историографскиот наратив, со активното создавање значења, доаѓаме до разбирањето на наративот како конструкција, а конструкцијата како неразделна од наративот, бидејќи тој конструира претстави за претпоставената реалност. Ова е постапка што е неодминлива при фикционалните текстови. Воедно, е и постапка што го доведува под прашање настанот како факт. Наместо тоа, настанот станува имагинарен референт во симболичкото функционирање на јазикот што постои како таков само во рамки на историскиот или историографскиот наратив. Штом фактот или настанот премине во наратив, тогаш тој станува предмет на трополошко обликување:

„Ако постои логика што и претходи на транзицијата од ниво на факт или настан во дискурсот[4]до оној во наративот, тоа е логиката на фигурацијата, односно, тропологијата. Ефектот на оваа транзиција е распределувањето на фактите на тлото на литерарната фикција или, што е исто, проекцијата на фактите од структурата на заплетот од еден во друг жанр на литерарна фигурација. Поинаку кажано, ефектот на таквата транзиција е процесот на транскодирањето, во којшто настаните оригинално впишани во кодот на хрониката се транскрибирани во литерарниот код на фарсата" (Вајт 1987, 47).

Фигуративниот говор подразбира кодирање на секвенците настани во наративна целина. На пример, кога зборуваме за репрезентација на настани, реферираме на нешто надвор од самиот јазик, а со негова помош; ние всушност зборуваме за алегорија, за алегориско мислење во коешто значењето се измолкнува од непосредните означувачи, а се однесува на оние отсутните. Што значи дека аморфното минато се трансформира во серија настани со свој развој, свои агенси, вредносно уредени, така што му се наметнуваат кодовите на наративизацијата. Врската меѓу наративот сфатен како симболична, јазична и дискурзивна структура и репрезентацијата на историските настани произлегува од природата на настаните во човечката историја што не се ништо друго туку плод на човековите дејства и како такви имаат свои последици. Ова ја реактуелизира логиката на каузалната поврзаност во наративните структури, а воедно само преку нив и може да се разберат истите. Сепак, нашето разбирање на овие дејства се изведува преку раскажување на нивната наративна стурктура, зашто само така може да ги репродуцираме. Така, имплицитното двојство меѓу содржината (настаните) и формата (наративот) во историографската продукција се слејува во едно, зашто наративот го раскажува она што по својата внатрешна суштина може единствено да се раскаже, што пак резултира со вишокот симболичко значење, коешто упатува „на нешто друго". Оттаму, наративот има повеќекратни функции, зашто освен што е единствен начин на осмислување на стварноста, има и комуникациска вредност, бидејќи искуството се пренесува како раскажување.

Наративите за и на децата бегалци

Студијата Македонските деца-дедовци: Транснационалната политика на меморијата, егзилот и враќањето, 1948-1998, за прв пат е објавена во 2003 година, од страна на University of Washington, а студијата Децата на Граѓанската војна во Грција: Бегалците и политиката на сеќавањето, за прв пат е објавена во 2011 година, од страна на University of Chicago. Авторите на овие студии, Кит Браун, Лоринг Денфорт и Рики ван Бусхотен соодветно, се истражувачи и/или професори во областа на антропологијата. Оттаму и воздржаноста низ овој текст од именувањето на овие студии како „историографски". Од друга страна, при обидот за реконструкција на настаните околу бегалците од Граѓанската војна во Грција, што и во двете студии се изведува преку зборување/пишување за нив, авторите се повикуваат на приказните раскажани од луѓето што ја доживеале војната и успеале да ги раскажат нивните искуства. Субјективната перспектива на овие луѓе е изложена воедно со завидната теориска елаборација што ја презентираат авторите во двете студии. Изложените теориски концепти се разгрануваат во повеќе насоки, и вклучуваат компаративни анализи на случаи на присилна миграција на деца во различни региони ширум светот, промислување на идентитетите и нивните конститутивни фактори, на сеќавањето и меморијата како начин за осознавање на минатото, расветлување на поврзаноста со политичкото ангажирање и активизмот и антрополошко реконстурирање на текот на нивните животи што се потпира врз обемни теренски истражувања. Покрај тоа, екстензивно се употребуваат податоци од различни историски извори што укажува на деталната упатеност на авторите во историографските сознанија за настаните од Граѓанската војна во Грција. Исто така, авторите демонстрираат свесност за актуелноста на мигот во којшто се случувале одредени настани, вклучувајќи го и личното сведоштво како конкретен настан, покрај разгледувањето на широката мрежа фактори што придонесуваат во обликувањето на одредени настани, иако ги надминуваат истите. Преку овие инстанции низ двете студии се создава сликата за настаните поврзани со Граѓанската војна во Грција. Притоа се забележува упорната потрага на авторите по смислата на целата таа лавина настани. Во различни делови на овој текст се зборува за она што се случило во различен временски однос кон самата Граѓанска војна, сместена меѓу 1946 и 1949 година (Денфорт и Ван Бусхотен 2012, 36-38). Но карактеристично и за самите автори е што применуваат лизгачка перспектива во однос на хронологијата на настаните како и во однос на географијата. Така, иако обединувачко за двете студии е што се занимаваат со децата (дедовци) на Граѓанската војна во Грција, сепак опфаќаат широк спектар на настани што аргументирано ги доведуваат во врска со, оперативно ќе го наречеме, „централниот" настан. На пример, интервјуата со бегалците што се одвиваат децении по нивните искуства поврзани со самото бегање од виорот на војната се еден од можните агли на расветлување. Но разговорите се однесуваат и на сиот нивен претходен и понатамошен живот, а се изложуваат и позициите од кои тие зборуваат. Или пак, авторите зборуваат и во рамката на Втората светска војна за да ја илустрираат ситуацијата на избувнување на самата Граѓанска војна во Грција, покажувајќи ја последичната врска со завојуваните табори на левицата и десницата во Грција, а исто така, во децениите по војната, елаборираат за современите актери коишто го обликуваат сеќавањето на војната, при што здруженијата од дијаспорите се наметнуваат како активен одлучувачки фактор. На тој начин низ двете студии со изложувањето на механизмите со кои се осмислуваат, иако на различен начин, преживеаните и случените настани од минатото, истовремено, на друго ниво е видлив стремежот и самите автори да им дадат смисла на бројни навидум дифузни настани, во обидот да ја дофатат големата слика на означувањето и пренесувањето.

Истражувачкото прашање во студијата на Кит Браун го третира групирањето на бегалците од Граѓанската војна во Грција, тогаш деца, во „свесен колективитет на активни историски субјекти" (Браун 2012, 98) децении по војната, коишто во заедници продуцираат сопствено разбирање на тие настани, но воедно дејстуваат во согласност со тоа:

„Во колкава мера луѓе со толку различни истории и толкави разлики во изборот што го направиле во животот делат некакво чувство на заедница? На кој начин се одржувало тоа чувство и каква улога одиграла политиката во неговото обликување? Овој оглед се осврнува на ваквите прашања за да го расветли неговото основно прашање: Кои се тие сили во минатото и во сегашноста што одржуваат една заедница на деца бегалци, кои денес се на возраст од по педесет или шеесет години, половина век по настанот што ги одредил како поединци?" (Браун 2012, 10-11).

Доведувајќи ги во релација „политиката, културата и идентитетот" (Браун 2012, 10), Браун се обидува да ги конекстуализира клучните моменти за животот на бегалците. Во наративната логика, фокусот на авторот е врз (тогашните) деца бегалци, а сега возрасни луѓе и нивните приказни. Тој ја раскажува приказната за нивните животи почнувајќи од нивните приказни за самите искуства во текот на војната, но продолжувајќи со понатамошниот тек на нивните животи несомнено одреден од настаните во текот на војната. Затоа тие се и фигури во раскажувањето коишто се понесени од текот на настаните, но исто така, се и актанти во понатамошното креирање на нивните приказни. Иако секако дека нивната моќ да управуваат со случувањата што ги засегаат постојано е ограничувана во различни степени. Сепак во текот на раскажувањето на авторот доминира стремежот да се посочат инстанците што дејствуваат, што се центри на моќ. Така,освен усните сведоштва на тогашните деца бегалци што се запишани од страна на авторот, во реконструирањето на приказните за нив, покрај нивните раскажувања, интегрален дел се и позициите на властите на неколку држави, како и здруженијата и заедниците на бегалци што обединуваат луѓе со искуства кои и не мора да ги споделувале.

Изборот на настаните што авторот ги вклучува во оваа студија ги распределува во поглавја кои ги означуваат различните агли од коишто го гради мозаикот на приказната за децата-дедовци, војните и бегањето. Така, студијата се отвора со поставување платформа со излагањето компаративни теориски пристапи кон присилното мигрирање, со акцент врз примери на протерување на децаод целиот свет. Следува стеснување на призмата во историските прилики на Граѓанската војна во Грција, поточно со положбата на Македонија, но и на броењето на децата. Потоа централно се поставени ретроспективните сеќавања на децата бегалци, сега луѓе во поодминати години. Тука Браун се повикува и на автори, како Кица Колбе која искуството на

„Егејците" го пренесува во истоимениот текст, или пак Ѓорѓи Доневски, автор на монографија на селото од коешто потекнува, Бапчор. Неговото раскажување поминува низ критичката анализа на авторот, во којашто тој го акцентира ефектот на политиката врз животите на луѓето, но и ги реконструира антрополошките обрасци на нивното живеење. На пример, го наведува склучувањето бракови како силен фактор во одржувањето на сеќавањата. Потоа перспективата повторно се шири и се воведуваат транснационалните заедници како модуси на функционирање на „Егејците". Се следи активизмот за пишување на историјата за нивните искуства и осигурување на нивната видливост, преку неговиот историски развој, од почетоците во дијаспората, до враќањето во тогашна Југославија и промените со создавањето на самостојна Македонија. Покрај бројните здруженија што се основаат, истите организираат средби на децата бегалци, како и издавање на гласила. Дел од тие здруженија се Здружението на децата бегалци, Македонското движење за човекови права во Канада, Здружението на Македонците во Полска, Австралиско-македонскиот комитет за човекови права итн. Како клучни чинители авторот ги посочува и властите како на Југославија, така и на Македонија пред и по осамостојувањето, кои не секогаш биле на страната на овие здруженија, но и сферите на влијание што ги имале и властите и секое од нив. Покрај тоа, авторот во ниеден момент не го губи предвид диверзитетот на членовите на здруженијата, па изложувањето на разликите во нивните агенди и конфликтите на интереси се уште еден јазол што придонесува кон одредување на текот на настаните. Конечно, изложени се последиците од овој диверзитет, што покрај уназадувањата и разочарувањата што ги носат со себе, оставаат простор и за активирање на солидарноста како обединувачко начело.

Браун завршува со отворен заклучок. Притоа, овде повторно вреди да се напомене една авторефлексивна забелешка: низ текстот не се фиксира предметот на студиите, во очекуваната смисла на зборот, што би подразбирал една концизна конструкција. Затоа што оваа студија, како и другата, колку што може да се сметаат за историографски студии за Граѓанската војна во Грција (напишани од антрополози), воедно се и приказни за приказните на бегалците, а исто толку и за преплетувањата на центрите на моќ, конечно и за идентитетот и нацијата. Нестабилниот предмет е постојана внатрешна деконструкција на секој обид да се конструира цврст наратив, во којшто ќе се фиксираат односите меѓу инстанците. Затоа, иако од една страна овие студии упатуваат на наративи за настаните во минатото, истовремено покажуваат дека е невозможно таков наратив да се создаде и да опстои како таков. Показател за тоа е и крајот на студијата на Кит Браун, што авторот ја завршува со отворен заклучок, со прашање:

„Нивниот случај отвора се позагрижувачки прашања во свет во кој раселувањето е распространето, а, сепак, и натаму се замислува како минлива појава. Како што веќе наведовме, првото поколение деца бегалци денес е на или близу пензионерска возраст. Некои шпекулираат дека тоа што наскоро ќе почнат да умираат ја подгрева решеноста на грчката влада да не попушти ни малку, уверена дека прашањето ќе изумре со нив. Без разлика дали ваквиот цинизам е или не е оправдан, останува фактот дека држава која е членка на демократската, просперитетна и безбедна Европска унија и натаму не сака да ги решава неправдите на кои се жалат група луѓе родени на нејзина територија и изгонети во егзил поради причини врз кои немале контрола. И покрај мирните и законските активности на образовани и посветени граѓани од низа држави, меѓународните организации, сепак, не биле во состојба делотворно да интервенираат во овој случај. Оттука, историјата на децата бегалци го загатнува следново прашање: Што им претстои на милионите бегалци кои денес ги има ширум светот и кои се во далеку понесигурни околности? Доколку нивното искуство е некаков показател, тоа укажува дека дури и кога постојат услови за транснационален активизам и кога информациите и луѓето побрзо патуваат околу светот, националните држави и натаму имаат голема контрола врз поединците. За изгонетите и за бегалците враќањето може и натаму да биде силен симбол на единство, иако останува зад хоризонтот на возможното" (Браун 2012, 99­100).

Со ова авторот постигнува своевидно единство на делото, бидејќи го затвора кругот онаму каде што и почнува - со позиционирањето на приказната за бегалците од Граѓанската војна во Грција во однос на сродните настани од минатото на светот. Но, на крајот, компарацијата ја изведува од перспектива на епилогот, за разлика од почетокот. Имено, ако во почетните теориски согледби авторот ја сместува приказната што му е од интерес во низа други приказни за децата бегалци и се обидува да го исцрта самиот поим деца бегалци, на крајот повторно повикува на оваа почетна споредба но со предупредувањето дека тоа што се случувало на средината на минатиот, 20.век, се случува и понатаму, и покрај сето занемарување. Ако останатите приказни во почетокот помогнаа да се дефинира клучната приказна во оваа книга, на крајот ситуацијата е инверзна,  преку приказната раскажана во оваа книга,  се надминуваат хронолошките и просторни ограничувања и се отвора простор таа да придонесе кон раскажувањето на актуелните приказни на протераните ширум светот.

Почетната премиса на студијата Децата на граѓанската војна во Гоција: Бегалците и политиката на сеќавањето, содржи неколку значајни наративни категории - раскажувачкиот глас, неговото присуство или отсуство поврзани со моќта истиот да биде слушнат и видлив или не, како и умножувањето на гледните точки преку реконструкцијата на различните приказни за навидум истите настани:

„Се обидуваме да одговориме на пресудното прашање што не преокупира во текот на нашето истражување: Зошто сеќавањето за евакуацијата на децата бегалци за време на Граѓанската војна во Грција се уште е битно во современиот грчки политички дискурс? ... Во оваа студија за децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, ние се обидуваме да ја свртиме оваа тенденција кон деисторизација и деперсонализација сосредоточувајќи се на специфичните историски моменти и на посебните лични и семејни околности во кои овие деца биле одвоени од своите домови и станале бегалци. Сакаме да им дадеме сила на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција со тоа што одново им го враќаме гласот и внимателно ги слушаме нивните приказни. Само на овој начин е возможно да се разбере како бегалците наоѓаат сила да го осмислат својот живот по сите тие трагични настани" (Денфорт и Ван Бусхотен 2012, 24 и 32).

Покрај тоа, во оваа премиса раскажувањето добива улога на неодминлив фактор во разбирањето на настаните, и осмислување на она што следува по нив. Позицијата на авторите наликува на рашомонска, тие се стремат да ги опфатат бројните различни видувања на децата бегалци за нивните трагични доживувања. И токму ова го истакнуваат тие како предност на нивниот труд во однос на мнозинството други што ја третираат оваа проблематика. Имено, задачата што авторите си ја поставуваат е да излезат од удобната положба на единствената перспектива што ја гради својата стабилност исклучувајќи ги другите, дали преку трудовите напишани од луѓе што се сметаат себеси за Грци во однос на други луѓе кои се одредуваат како Грци или обратно, од Македонци за и само за Македонци, и и покрај тоа да ги исцртаат механизмите на функционирање на заедниците на сеќавање:

„Во оваа книга покажуваме како „историите" (или „приказните") раскажани во прво лице можат навистина да ги поткопаат и усложнат извесностите на „Историјата", но ние, исто така, нагласуваме дека односот меѓу овие два вида историја е многу посложен отколку оној на некоја бинарна спротивставеност. Сосредоточувајќи се на меѓусебното влијание на „историјата" и „историите", се надеваме дека ќе придонесеме за едно ново разбирање на историјата на Граѓанската војна во Грција" (Денфорт и Ван Бусхотен 2012, 4-5).

Во современите текови на историографијата, во кои се приклучува и Хејден Вајт, ревидирањето на познатите места во историските наоди е особено актуелно.Тука нарацијата станува средство преку кое одново се зборува за веќе увтрденото, со тенденција истото да се преиспита. На пример, преку наративната инстанција глас на раскажувачот, се ревидира начинот на претставување на минатото. Ако постоеше утврдена историја, една или барем за секоја „страна" по една, преку слушањето на гласовите на бројните наратори сите тие добиваат свој удел во претставувањето на тоа минато. Со тоа авторитетот се расцепува, при што секој глас станува авторитет за сопствената приказна, што сега добива подеднаква улога во креирањето на историјата. Секако дека хируршката прецизност во поделбата на улогите и уделите во математичка пропорционалност во чиста форма може да постои само во теоријата, сепак и стремежите да се постигне истата, остваруваат резултати на полето на ревизијата и отворањето простор за нови интерпретации. Со проблематизирање на претставувањето на минатото преку овозможување алтернативи за неговата востановена верзија, се менува и пишувањето за него, како и самата природа на историското и историографското. А поаѓајќи од фактот дека усните сведоштва се во основата на антрополошката методологија, на тој начин се воведува интердисциплинарната перцепција на минатото. Преку акцентирањето на сведоштвата и личните приказни авторите инклинираат кон сфаќањето на историјата како приказна или наративно соопштување за стварноста што се одригрувала во одредено минато, наспроти прикажувањето на историјата како фактичка даденост што останува да се соопшти. А бидејќи овие усни кажувања се сеќавања преку кои се обмислува минатото, сегашноста и иднината, низ текстот авторите ги детектираат механизмите на функционалната динамика на овие процеси. Така, сеќавањето, со сите свои одлики е инстанцијата што осмислува, наспроти навидум научното и непристрасно бележење на историјата. Тука повторно се јавува диверзитетот на мноштвото гласови, како што забележа и Браун, така што со мултиплицирањето на гласовите, приказните и искуствата, правопропорционално растат и разликите во перцепциите на обединувачките настани. А расчленувањето на авторитетите во креирањето на историјата овозможува конструирање на „свое" минато, персонализирање на големиот историски наратив. Ова води и кон негово раситнување, што го преиспитува предметниот интерес на историографијата. По ова, Граѓанската војна во Грција од историја на завојуваните големи сили, станува историја на луѓето што ги почувствувале нејзините последици на своја кожа. Од „голема историја" станува микроистории, што го опфаќаат трагичниот настан на војната ситуиран во секојдневието на луѓето, каде што се покажува дека се работи за животите на тие луѓе многу повеќе отколку за завојуваните големи сили. Наместо илјадниците луѓе да бидат сосема исклучени од текот на историските процеси бидејќи нивното влијание не може да се обележи со терминологијата на „значајните историски фигури", се демонстрира значењето на тие големи надлични процеси во нивните лични животи. Во овој случај, како и во претходната студија, историјата за Граѓанската војна во Грција се пишува со оралната историја на (тогашните) деца бегалци. Централниот дел и тука се личните искуства, мислења и кажувања на непосредните учесници во овој настан. Конечно, како што воведувањето на усните сведоштва ги преиспитува предметот и методологијата на историографскиот запис, така и неговиот автор не може да остане недопрен. Тука антрополозите се обидуваат да придонесат кон пишувањето на историјата, но и тие се ставени во улога на активни чинители кои ги интерпретираат сознанијата. На тоа укажува и изложувањето на нивното кредо при пишувањето. Свесно е направена селекција на прикажаните настани, преку споменатата тенденција да вклучат гласови од сите страни што тие ги согледале како засегнати. Метатекстуалната деконструкција на сопствените пориви, како што укажа и Вајт, ја поткопува функцијата историчар како непристрасен научник. Понатаму, концентрирањето врз усните сведоштва претставува сегмент, само дел или множество делови од целината на настаните од и поврзани со минатото. Оттаму, авторите се ослободени од лажниот товар на сеопфатната научна реконструкција на минатото. Во низата на предметот, методологијата и позицијата на авторот, следствено доаѓа и епилогот од ваквиот труд. Наспроти обзнанувањето на големата и единствена вистина за големите историски настани, последицата од овие ревизии води кон отворање на завршницата, со што како и во студијата на Браун, заклучокот ќе биде изведен како завршна премиса.

Студијата на Денфорт и Ван Бусхотен е поделена на три дела, Истории, Приказни и Етнографии. Ова кореспондира со почетната најава на авторите, кога прецизираат дека ги интересираат приказните на децата бегалци, историјата на самата војна, но и пресекот меѓу приказните и историјата. Првиот дел се однесува на „историјата" на граѓанската војна и протерувањето и евакуирањето на децата. Сепак, најпрво се трасира методолошката основа на анализата што следи и тука повторно се работи за интердисциплинарно поврзување на екстензивната литература (традиционална и современа) за историјата на војната, но и наодите од теренските истражувања на авторите. Приказните се сместени во вториот дел. Индикативно, тој е поделен на три целини, Грчките деца бегалци, Македонските деца бегалци и Децата на педополисите. Ова е надоврзување на двете глави од првиот дел, што обработуваат два различни процеси - едниот е евакуирањето на децата и нивно раселување низ Источна Европа, а вториот се концентрира врз педополисите на кралицата Фредерика. Оттаму произлегуваат трите групи гласови во вториот дел на книгата, бидејќи од првата група деца што ги споделувале искуствата на одделување од нивните најблиски и раселување, децата се разликуваат по идентификувањето на самите себеси. Иако авторите покажуваат дека создавањето на идентитетот на децата е сложен процес во којшто се активирале многу фактори, сумираат дека дел од децата се идентификуваат себеси како Македонци, а дел како Грци. Од друга страна, за оние коишто биле однесени во педополисите, процесите низ коишто поминале при нивнот живот се единствени за нив и различни од другите. Во третиот дел приказните и историјата се доведуваат во динамична релација, што добива свои особености со хронолошките и географските промени. Предмет на интерес се заедниците на сеќавање коишто се претставени како сложени организации што обединуваат различни искуства, интереси и агенди. И овде како и во претходната студија, за да се прикаже функционирањето на здруженијата, се доведуваат во спрега комплекс фактори, што ги опфаќаат личните животи на децата бегалци, нивниот развој и кариери, но и идеолошките профилации низ коишто поминувале индивидуално и како колектив, како и конекстуализирањето на нивнтото дејствување во нациите и националните држави. Затоа авторите ја означуваат својата книга како „полифонична" (Денфорт и Ван Бусхотен 2012, 18), во којашто одекнуваат различните гласови на актантите во оваа метаприказна. Така, во првиот дел го претставуваат гласот на традиционалните историчари но и на политичкиот дискурс развиван пред и за време на војната, што има огромен удел во развојот на двете програми за евакуација на децата што ги претставуваат авторите. Во вториот дел пак се слуша гласот на дванаесет луѓе, што во детството поминале низ трагичните искуства на Граѓанската војна во Грција. Пренесени се нивните оригинални зборови кои ја подриваат востановената и поедноставена, во голема мера исполитизирана слика за случувањата околу децата во војната, особено доминантна во јавните „национални" дискурси. Важно е да се нагласи дека во оваа прилика, авторите упатуваат на значајноста на еднаквото вреднување на сите овие приказни и на неопходноста од пишување на историјата за Граѓанската војна во Грција како синтеза од различните гласови. Во третиот дел одекнува гласот на научниците (антрополози) кои интерпретираат, споредувајќи ги и анализирајќи ги различните кажувања. Тука се интересираат за развојот на животните патишта на децата, укажувајќи на комплексноста на нивните сведоштва кои во некои точки се допираат, а во некои се сосема спротивни. Тука веќе фокусот се поместува во сегашноста и товарот на времето што таа го носи со себе. Оттаму, авторите прават поделба на заедниците на сеќавањето на „искуствени" и „политички" (Денфорт и Ван Бусхотен 2012, 326), што се заснова на обединувачките фактори на овие заедници што ги нарекуваат и „замислени" - заедничките искуства од минатото или заедничките политички погледи за сегашноста ииднината. Како примери за анализа, во третиот и последен дел од својот труд, авторите избираат четири: Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија и Панмакедонското здружение од САД, чијшто меѓусебно исклучлив однос од сферата на јавниот дискурс е доведен под прашање преку анализа на клучното место што му се доделува на наративот за децата бегалци во приказните за нациите што се во активен процес на формирање; и книгата Елени, од Николас Гејџ, којашто е еден од столбовите на градењето антикомунистички наратив за војната и селото Лија во Епир, од коешто потекнува и самиот Гејџ и неговата мајка по којашто романот го добил насловот, поточно преку анализа на неговото претворање во село-меморијал по успехот на романот, со што се активира прашањето за односот меѓу глобалното и локалното и меѓу фикцијата на авторот и секојдневниот живот во селото. Почнувајќи од историјата на еден сегмент од Граѓанската војна во Грција, евакуацијата на илјадници деца, авторите завршуваат со политиката на сеќавањето за тие настани. На тој начин, се покажува динамичниот процес на постојано создавање историја, поточно, на постојано раскажување на приказните за минатото. Затоа самото тоа минато, до нас стигнува само преку приказните. Гледаме дека и (се уште) авторитативните традиционални историчари раскажувале приказни, со сопствена селекција на настаните и гласовите што ќе бидат слушнати. Потоа се раскажуваат други приказни, од други гласови. Тоа не доведува до тезата за посредуваниот пристап до минатото, којшто е (интер)текстуален по својата природа. Имено, единственото поле на спознавање на минатото се текстовите што се преплетуваат едни со други, се надоврзуваат и се менуваат. Ние за минатото го знаеме само она што го знае гласот што го слушаме како ни раскажува. Целината на некогашните настани е распределена во безбројните гласови што ја имаат или не моќта да ја соопштат својата приказна. Само преку констурирањето сојузништва и опозиции меѓу овие приказни, можеме да го оформиме нашето знаење за минатото. А во таа конструкција, гласовите неретко се самите субјекти кои учествувале на настаните. Покрај тоа, контекстуалната обележаност, социјалните и културните одлики оставаат свој печат врз тие приказни, раскажувачките субјекти/гласови се историски втемелени и тоа е видливо во методологијата на излагање на овие приказни. Карактеристично за современите обиди да се пишува за минатото е да се изложат конструктивните постапки при создавањето на приказните или раскажувањето на истите. Освестеноста на авторите за тоа дека преземаат конструкти за да создадат нови констуркти за минатото, бидејќи тоа е достапно само преку конструкти, ја предочува механиката на создавањето знаење, на местото на алхемијата на бележењето на минатото како историја. И токму во тие механизми лежи потенцијалот за перманентен критички однос кон она што претендира да биде вистина. Па наместо потрага по Вистината, се пристапува кон потрага по полифонијата, кажано со зборовите на Денфорт и Ван Бусхотен, којашто ќе овозможи продлабочен поглед во посредуваноста на минатото. А кога историјата станува наратив, а наративот текст по својата суштина, тогаш во него неизбежно се присутни елементите на раскажувањето што Хејден Вајт ги воочува, а кои беа изложени во првиот дел на овој текст.

Во епилогот на студијата се изложени актуелните состојби иницијално поврзани со судбините на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција. Заборавот и сеќавањето се доведуваат во динамична врска како клучни двигатели на современите политики на сеќавањето во коишто се чини дека војната се пренела и продолжува да се води. Како и Браун, и Денфорт и Ван Бусхотен на крајот го шират фокусот, опфаќајќи широк контекст што е релевантен за анализирањето на предметот на интерес, но и за којшто тој предмет има индикативни потенцијали. Тие се повикуваат на теориите за разрешувањето на конфликтите, човековите права, за глобализацијата, но искажуваат и критички став по однос на нивната растечка популарност, светот по Студената војна, како и надворешните политики на македонската и грчката држава но и внатрешните, особено во поглед на третманот на малцинствата. Повторно ја предочуваат потребата за помирување со минатото, коешто, според наведените бројни примери ширум светот, се покажува дека е можно само со инклузивно вреднување на траумите и страдањата на сите засегнати страни. Јавноста и јавното признавање на колективните трауматични и разорни искуства ја има одлучувачката улога. Воедно, отворањето простор за признавање во јавната сфера отвора простор и за сеќавање и заздравување, за спречување на заборавот и молкот. Исто така, овозможува активно и инклузивно осмислување на сегашноста и иднината преку означување на минатото, за креирање историски наратив којшто ќе се однесува на сите оние што ги чувствуваат последиците од неговото создавање. Во спротивно, забележуваат авторите, при отсуство на општествено признавање на страдањето се создаваат „политиките на страдање" (Денфорт и Ван Бусхотен 2012, 411), коишто продуцираат исклучиви наративи пласирајќи бинарна слика за засегнатите во виорот на војната ригидно делејќи ги на жртви и крвници, а игнорирајќи ги траумите и одговорностите од двете (или сите засегнати) страни. Со таквите поларизации, војната се пренесува во сферата на политиките на сеќавањето, коишто влегуваат во двонасочна интеракција со моменталните и променливи политички и идеолошки констелации. Од своја страна пак, на полифонијата што ја конструираат, авторите Денфорт и Ван

Бусхотен ги додаваат и нивните гласови, со коишто повикуваат на помирување. Така го заокружуваат текстот, враќајќисе до посветата со којашто го отвораат трудот: „На сите деца бегалци." (Денфорт и Ван Бусхотен 2012, v).

За значењето на наративите

Зошто е важно расветлувањето на наративните аспекти во осмислувањето на минатото? Утврдените верзии ја носат придобивката од стабилноста на сликата што ја пласираат, којашто се потпира врз долгото опстојување што ги претворило во традиција. Консеквентно, ширењето и прифаќањето на таквите верзии се олеснува со нивното повторување што води и кон поедноставување и прилагодување на моменталните варијабилни потреби, но со цел пренесување нови и нови поддржувачи. Меѓутоа, веќе долги години актуелната ситуација на постојани конфликти, на симболичко и политичко ниво, го покренува прашањето за ефективноста на ваквите стратегии. Поточно, за карактерот на ефектите што ги имаат врз обликувањето и одржувањето на овие конфликти. Стратегиите на претставување на Граѓанската војна во Грција, што се навлезени во сите пори на живеењето, од образовниот систем, до јавната сфера и секојдневието, конструираат доминанто колективно мнение што ги присвојува облиците на функционирање на толпата и како такво, стихијно опстојува но и лесно може да се измолкне од контролата на иницијалните стратегии. Така, низ годините во континуитет се забележуваат инциденти на териториите на двете држави, од ширење видеа на Интернет со интензивна и експлицитна употреба на познатата фатална иконографија од периодот на Втората светска војна, преку каменувања амбасади, уништување личен имот и организирање погранични протести. Од друга страна пак, расте стравот од заборав, а постепената акумулација на капитал и моќ се прелева долж и ширум интернационалниот простор, па физички го преобликува националниот. И тоа се само дел од центрите што тежнеат да ја напишат историјата, поточно да ја запечатат. Нивната пролиферација со висока успешност се калеми врз споменатите стратегии, и обратно, во маѓепсан круг. Оттаму, произлегува дека како последица се креира перманентна арена на демонстирање авторитет над минатото, коешто се користи како алатка за обликување на актуелните односи и оправдување на идните тенденции.

Потенцијалот на минатото да ја обликува сегашноста, и покрај тоа што е предодреден од неа, сепак е огромен. Како органски поврзана целина, нивното разделување во обид да се смират духовите е вештачки. Но, кога веќе се посегнува по минатото, тогаш во претставата за него лежи можноста за остварување удел во актуелните прилики.

Концептуализирањето на минатото како наратив отвора можност за расчленување на скаменетите фрази и флоскули како едно од главните оружја во постојаните борби за доминација на полето на пишувањето историја. Наративните елементи се жаришта со неисцрпен капацитет за надминување на ригидните спротивставени позиции. Структурата на заплетот, со својата интенционално конструирана линеарна хронологија, просторно единство, перипетија, кулминација и расплет; фабулата; селекцијата на настани и специфичните информации; актантите; вредностите и идеологијата; нараторот и авторитетот; гласот, гласовите; видливоста и тишината, како скелет на наративот што прераснува во Минато, воедно се и точките што овозможуваат вклучување на алтернативни интерпретации. Со тоа се стекнуваат со капацитет за празнење, поточно преместување на флуксот на спротивставеноста, стравот и загрозеноста кон конструктивните потенцијали на активното промислување. Така станува возможен симболички, јавен и политички простор, создаван од засегнатите инстанци, наместо од централизираните и дистанциранифактори на моќ. Овој пристап, Ирена Стефоска го сумира во однос на споменатата студија на Браун:

„Сите учесници во оваа имагинарна дебата (околу замислувањето на Илинден) имаат рамноправна улога. ... Истакнувањето на мноштвото неслушнати гласови кои го претставуваат напливот на историјата, т.е. за големите прашања да зборуваат малите факти, според Клифорд Гирц, Браун посочува нови и инакви патишта (кон проблемот на Илинден и Крушево) кој во македонската историографија бил третиран низ призмата на националниот и политичкиот дискурс".

Како таков, тој е суштински различен од преовладувачките, продолжува да се развива во повеќе студии и и понатаму вродува со плод. Ова се ефектуира и во заемното поврзување меѓу осмислувањето на минатото со осмислувањето на сеќавањата. Ексклузивното минато носи со себе и екслузивно сеќавање. Ако првото ги исклучува гласовите, второто го предизвикува заборавот. Просторот


за сеќавање се отвора во концепцијата на минатото. Споделувањето на заедничките сеќавања како начин за справување со колективната траума е можно само доколку во нив постои претстава за сличностите (секако, и разликите). Наративот во себе ги обединува и сеќавањата и претставите. За обете неопходни се гласовите што ќе ги направат видливи. Оттаму, кога сите гласови го градат концептот на минатото, така живеат и сите сеќавања. Затоа, осмислувањето на минатото како наратив, со својата форма и содржина, има потенцијал да прерасне во алтернатива за стратегиите што генерираат конфликти и изолираност.


Библиографија

Браун,    Кит.   2012.    Македонските   деца-дедовци:   Транснационалната

политика на меморијата, егзилот и враќањето, 1948-1998. Скопје:

Фондација Отворено општество - Македонија. Вангели, Анастас. 2011. Античка сегашност: Осврт кон грчко-македонскиот

спор за Александровото наследство. Скопје: Темплум. Денфорт, Лоринг М. и Рики ван Бусхотен. 2012. Децата на граѓанската војна

во Грција: Бегалците и политиката на сеќавањето. Скопје: Фондација

Отворено општество - Македонија. Ѓорѓиева Димова, Марија. 2012. Повторната средба на Клио и Калиопа.

Скопје: Три.

Ѓорѓиева Димова, Марија. 2011. Интенција и интерпретација. Велес: Графопринт.

Каракасиду, Анастасија. 2011. Полиња жито, ридишта крв: Патиштата кон националноста во грчка Македонија, 1870-1990. Скопје: Магор.

Лафазановски, Ермис и Лидија Лафазановска. 2002. Егзодусот на Македонците од Грција: женските стории за Втората светска војна и нивниот Егзодус. Скопје: Евро-Балкан Пресс.

Принс, Џералд. 2011. Речник на наратологија. Скопје: Сигмапрес.

Србиновска, Славица. 2003. "За односот историја/фикција". Низ призмата на

Другиот. Скопје: Сигмапрес.

Тодорова, Марија. 2001. Замислувајќи го Балканот. Скопје: Магор.

Промоција     на     книга     и     дебата:     „Македонските     деца-дедовци:

Транснационалната  политка  на  меморијата,  егзилот и  враќањето

1948-1998" од Кит Браун, во Скопје, на 27.11.2012

http://vozivo.mk/makedonskite-deca-dedovci/. Промоција на книга и дебата: „Децата на Граѓанската војна во Грција,

бегалците и политиката на сеќавањето" од Лоринг М. Денфорт и Рики

ван Бусхотен, во Скопје, на 16.11.2012

http://vozivo.mk/decata-na-gragjanskata-vojn/.


Промоција на книгата и дебата: „Минатото под прашање. Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата" од Кит Браун, во Скопје, на 9.12.2010 http://gem.org.mk/vesti/755-promocija-na-knigata-minatoto-pod-prasanje-

______ moderna-makedonija-i-neizvesnostite-na-nacijata.

Brison, Susan J. "Trauma Narratives and the Remaking of the Self". (eds.) Mieke

Bal, Jonathan Creweand Leo Spitzer. Acts of memory: Cultural Recall in the

Present. Hanover: University Press of New England. Facing history and Ourselves. 2008. Stories of Identity: Religion, Migration and

Belonging in a Changing World.

www.facinghistory.org/publications. International Centre for Transitional Justice. 2012. Transitional Justice and

Displacement: Challenges and Recommendations.

http://www.ictj.org/publications. Van Alphen, Ernst. 1999. "Symptoms of Discursivity: Experience, Memory and

Trauma". (eds.) Mieke Bal, Jonathan Crewe and Leo Spitzer. Acts of memory:

Cultural Recall in the Present. Hanover: University Press of New England. White, Hayden. 1987. The Content of the Form: Narrative Discourse and Historical

Representation. Baltimore: The John Hopkins University Press.



И двете студии се за прв пат објавени на македонски јазик во ноември 2012 година, од страна на Фондацијата Отворено општество - Македонија.

[2] Џералд Принс ја дефинира нарацијата како: „Раскажувачки текст; дискурс кој претставува еден или повеќе настани. Раскажувањето традиционално се разликува од опишувањето и од коментирањето, меѓутоа ги инкорпорира во себе. Продукција на раскажувањето; раскажување серија од ситуации и настани. ...Кажување, во терминологијата на Тодоров: раскажувањето е претставување, како кажување е покажување" (Принс 2011, 81).

Една од дефинициите што ги посочува Принс за заплетот гласи: „Раскажување на настаните со акцент врз причината, како опозиција на приказната којашто е раскажување на настаните со акцент врз хронологијата" (Принс 2011, 45).

[4] Според Принс, дискурсот е: „Изразното рамниште на раскажувачкиот текст, како опозиција на неговото содржинско рамниште или приказната; 'како' на раскажувачкиот текст, како опозиција на неговото 'што'; раскажувањето како опозиција на раскажаното; ... Дискурсот има супстанца (медиум на манифестација: устен или пишан јазик, неподвижни или слики во движење, гестови итн.) и форма (составена од поврзана група искази на раскажувањето коишто ја формулираат приказната и уште поспецифично, го детерминираат редот на презентацијата на ситуациите и настаните; гледната точка ја води таа презентација, брзината на раскажувањето, видот на коментарот итн. ...Во дискурсот врската е воспоставена помеѓу состојбата или настанот и ситуацијата во која таа состојба или настан се лингвистички евоцирани. Значи, дискурсот инволвира некои референци во објавувањето и имплицира испраќач и примател. Приказната, од друга страна, не го прави тоа" (Принс 2011, 39-40).