КОМУНИКОЛОШКИТЕ И КУЛТУРОЛОШКИТЕ ТЕОРИИ НА ХУМОРОТ НИЗ ДЕНЕШНО ОКО

Звонко Танески 

КОМУНИКОЛОШКИТЕ И КУЛТУРОЛОШКИТЕ ТЕОРИИ НА ХУМОРОТ НИЗ ДЕНЕШНО ОКО

(Poetika humoru. Vedecký zborník. Editorka: Jana Waldnerová. Nitra: UKF, 2011)

Рецензираниот зборник Поетика на хуморот, приреден од Јана Валднерова, а издаден од страна на Катедрата за ареални студии на Факултетот за средноевропски студии при Универзитетот „Константин Филозоф“ од Нитра, Република Словачка, претставува практичен творечки резултат од научниот проект „Хуморот во иронијата, иронијата во хуморот“, кој под водство на проф. д-р Тибор Жилка, го реализираше тим од научници сплотени околу Комисијата за словенски поетики при Меѓународниот комитет на слависти, во 2011 година.

Публикацијата Поетика на хуморот си задава за примарна цел да ја мапира обемната и разгранета област на хуморот, па затоа во сите застапени студии во неа (ги има вкупно 22) се забележува стремежот за тоа да се застапат што повеќе теоретски ставови и видувања и истите тие да се илустрираат со примери од литературата и од денешните современи медиуми. Тоа ќе рече дека зборникот опфаќа и стручно обработува едно цело интердисциплинарно и културолошко подрачје, каде што хуморот се појавува во некој свој суштински аспект и влијае врз семантичкото јадро на посланијата што се пренесуваат преку конкретните остварувања. Во некои од текстовите се споредуваат најстарите теории за хуморот, кои датираат од периодот на антиката, со Бахтиновата теорија на средновековната култура на смеата, но, исто така, и се специфицираат поимите хумор, сатира, иронија, пародија и слично видени првенствено низ призмата на поновата теорија на комичното од В. Борецки. Неколку студии се занимаваат и со функцијата на сатирата во комунистичките и во посткомунистичките држави, со формите на нејзината презентација (травестија, пастиш, персифлажа, гротеска), но ја согледуваат неа воедно и како начин и стил на изразување на отпорот во тоталитарните режими; зборуваат и за антиутопијата како сатиричен литературен жанр, чиј валиден уметнички извештај не умира со падот на тоталитарноста. Најпосле, во некои од текстовите се испитува и феноменот на ирониски потсмев, кој се раѓа со имплементацијата на т.н. наивни раскажувачи. Автори на студиите во зборникот се, впрочем, докажани научни имиња од словачката, но и од целоевропската академска и филолошка средина, и тоа: Павол Адамка, Богуслав Бакула, Миријам Балкова, Мартин Босорад, Људмила Будагова, Власта Хохелова, Геза С. Хорват, Корнелија Хорват, Вера Јакубовска, Емилија Јанецова и Марија Кишова, Агњешка Јаниец-Нитраи, Ана Кобилинска, Мартина Мацухова, Либор Павера, Иво Поспишил, Звонко Танески, Штефан Тимко, Зузана Варгова, Јана Валднерова, Вера Жемберова, Тибор Жилка и Марија Жилкова. Нивните поединечни прилози во публикацијата му нудат на читателот и различни и специфични погледи на хуморот, а притоа избираат за анализа и повеќе области, дела и автори, така што нивната разнородност е правопорционална со разнородноста сфатена како една од карактеристичните црти на хуморот.

Репрезентативниот научен зборник Поетика на хуморот, всушност, ги сумаризира резултатите од истражувањата на наведените научници, кои се проследени, разбирливо, од различна перспектива на посматрање на хуморот, па затоа и самиот зборник не може да се толкува како последен збор, ами како меѓустепен, кој објаснува, поучува, инспирира и треба да биде и дополнуван, т.е. да добие и свое продолжение во иднина. Повеќето застапени текстови во зборникот има интерпретациски карактер, но има таму и студии кои се интересираат, на пример, и за проблемот на преведување на комиката од некој странски јазик на словачки или обратно; потоа се нудат и интерпретации и анализи на авторската комика во рамките на нечие цело творештво или, пак, во рамките на извесно избрано дело од словачки или од странски автор. Две студии во зборникот се посветени и на хуморот во медиумите: првата ја анализира неговата репрезентација во современите радио и телевизиски програми емитувани на територијата на Словачка, а втората го проследува присуството на пародијата и сатирата во британските ситуациски комедии.

Се разбира, денешните облици на хуморот се многубројни и тие во никој случај не се стабилни или неменливи. Исто како и луѓето и нивните општества, и хуморот минува низ истиот развој, па денес низ оптиката на жанровскиот пуризам се појавуваат мноштво аномалии, деформации, кои стануваат стандард, но и актуелен импулс за појавата на новите форми и видови. Од гледна точка на културата и на уметноста, таквите нови облици (хибриди) се карактеризираат со видливи промени во набљудувањето и во примањето на хуморот, создавајќи така предуслови за негово поместување од првичната периферна позиција кон центарот. Ако подетално се загледаме на изворот или на потеклото на она што ни се чини смешно и весело, ќе наидеме минимално на три основни теории, кои го објаснуваат раѓањето на ситуациите што нè забавуваат (Хобсовата теорија на супериорноста, теоријата на инконгруенција и теоријата на релаксација на Х. Спенсер и З. Фројд). Овие теории постојано, иако напати само имплицитно, се појавуваат и се цитираат во поединечните студии од публикацијата. Затоа и може да се каже дека зборникот Поетика на хуморот, протолкуван како целина, ја става на увид и луцидната проверка и валидноста на сите досегашни комуниколошки и културолошки теории за хуморот, кои во овој проект биле разбрани, пред сè, како предизвик за да се погледне на нив со денешно око и со раширена диоптрија во стремежите за нивно што посуштинско растајнување и разглобување.

Најпосле, луѓето се смеат често и со задоволство, бидејќи смеата е една од симптомите на среќата, радоста и веселбата, а тоа се чувства, кои понекогаш и самите иницираат хумористични ситуации. На општ план, на хуморот се гледа како на нешто разбирливо, обично, па затоа него и немаме секогаш потреба да го дефинираме. Го цениме, да речеме, тоа ако е некој вицкаст, се смееме на анегдотите, ама не размислуваме како тие настанале, како функционираат, ниту како смеата што ги придржува нив станала резултат на свесниот напор за забавување или, пак, предизвикала контрареакција на некоја претходна спонтана реакција. Изгледа дека хуморот отсекогаш тука бил и ќе биде, но оние што се занимаваат со оваа проблематика подлабоко ќе го заклучат и тоа дека иако хуморот од дамина го следел човекот, до поврзување на комичната концепција со терминот дошло дури во осумнаесеттиот век. Дотогаш се зборувало за комедија или за комика, при што наспроти нивната никогаш нестивнувачка општествена популарност, подеднакво и комедијата и комиката воопшто се наоѓале речиси на маргините од интересот на тогашните учени кругови. Неоспорната терапевтска, прочистувачка и релаксирачка функција, која хуморот ја внесува во животот на обичниот човек, сепак, ја промениле ситуацијата, па денес на таквата мултиспектрална област му се радува евидентно научниот интерес од страна на психологијата, антропологијата, социологијата, уметноста итн. Хуморот и различните форми на негова репрезентација се во денешниот свет присутни во многу области на човечката активност, не исклучувајќи ја и уметноста. Тоа претставува прилично голема промена, бидејќи од таквите области, првично тесно поврзани со вознесувањето како состојба, хуморот во минатото бил поради својот низок статус и исклучуван. Ама, времињата денес се променети.  

Искрено се надеваме дека ваквите научни истражувања ќе продолжат да се развиваат во позитивна и нагорна линија во нитријанскиот истражувачки центар и понатаму, на задоволство на сите нас.