ПО ЧЕВЛИТЕ НА ДРУГИОТ

Марта Стефановска

 

ПО ЧЕВЛИТЕ НА ДРУГИОТ

 

        Петар Андоновски е роден во Куманово во 1987 година. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје. Со романот Очи со боја на чевли, Андоновски дебитирал на книжевната сцена и влегол во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник. Очи со боја на чевли е раскажан од страна на неутрален и објективен наратор кој се обидува да навлезе во психологијата на ликовите, без притоа да дава свои коментари и мислења за некој од нив. Романот е поделен во два дела, во првиот дел нараторот го претставува ликот на Ема а во вториот лик говори за писателот Нестор. Деловите се раскажани одделно, без преплетувања и надоврзувања, низ куси поглавја.  Петар Андоновски, со својата проза ветува многу и воедно, отвора врати кои беа долго време заклучени за нашата книжевна традиција. Кусиот роман на Андоновски е мајсторство во кој се опишува светот со целата своја празнина и светот со целата своја полнотија- стравот, мечтата,опсесијата, паранојата[1].

      Овој роман е шаренолика лектира(во позитивна смисла) која може да се толкува од повеќе аспекти. Во овој семинарски труд, романот ќе биде анализиран низ призма на очудената перспектива, при  што ќе ги следи епизодите во кои нормалното се прикажува поинаку. Поетиката на очудувањето повикува човекот, предметот или појавата што уметникот ги набљудува да се претстават небаре првпат видени.

 

Стилски и содржински одлики на романот

 

          Петар Андоновски како реинкарнација на Аполинер, едниот писател а другиот поет, а двајцата ги постигнуваат своите цели без тешкотија, небаре секогаш во игра. Петар е еден од оние автори коишто „црпат“ од секојдневието. Неговиот роман е полн погодок за познавачите и љубителите на книжевноста. Но, она што го прави да биде читлив и за пошироката публика е поради тоа што можните значења и толкувања се заткриени внатре во четивото и нив може да ги улови некој кој ќе се посвети темелно да го анализира овој роман.

Содржински, приказната е поделена на два дела. Во првиот дел, нараторот ја раскажува приказната за Ема, професорката по книжевност која има фетиш за чисти машки чевли. Во низа од апсурдни епизоди, таа трага, бара, се сокрива за да го најде Другиот во толпата од случајни минувачи[2]. Во вториот дел од романот, нараторот нè воведува во ликот на Нестор(случајно следениот маж на Ема),  кој бил некогашен славен писател чијшто роман е погрешно протолкуван од страна на власта, па поради тоа завршил в затвор.

 Во македонската книжевност, Андоновски речиси и да нема пандан кој се занимава со овој тип теми. Тој на извореден начин ја прикажува приказната на прогонувачот и прогонетиот, а освен тоа што на содржински план романот се „перчи“, тој може да се пофали и со неговите стилски и наративни аспекти. Авторот користи редуктивна постапка, се стреми со малку зборови а во кратки секвенции да пренесе нешта со широка симболичка вредност. Краток, прецизен и непретенциозен[3], секоја негова реченица е одмерена, без патетика, без разводнување. Навидум едноставен стил а истовремено толку комплициран. Нараторот раскажува без да се наметнува, тој не изнесува свое мислење, раскажува смирено, како да го следиме објективот на филмската камера. Имено, тој преку оваа постапка нè остава да се нурнеме во море од значења кои ги навестува а самите треба да ги препознаеме и откриеме.

 

Очи со боја на чевли

 

      Насловот треба да ни служи како клуч за толкување, но за Умберто Еко, насловот не треба да ни доведе ред во текстот туку треба уште повеќе да нè збуни, што во овој случај е и намерата на авторот. Насловот –очи со боја на чевли- алудира и на интермедијалноста во текстот, релациите кон фотографијата. Двата дела, на почетокот од романот се обединети со стихот од Ацо Караманов: Гледајте, моите очи имаат блесок на вашите лакирани чевли“, а на крајот завршува со белешка на авторот. Авторот вложил напор наративно да ја протолкува фотографијата на Јанаки Манаки насловена како Мртва природа со чевли и фотографија, на која се фотографирани машки и женски чевли, при што над машките чевли стоела фотографија од некој маж, а над женските рамката била празна. Како што забележува и самиот автор, приказната на фотографијата му изгледала недовршена без женскиот лик, па посакал да го создаде ликот на жената.  Бојата на очите не ја означува со оние споредби што веќе се познати- очи како бадеми, небесно-сини очи итн., туку сјајот на очите го приземјува, кога го веднеме погледот најчесто гледаме во чевлите и одразот се пресликува во нив.

 

Дисфункционални ликови во игра

Ликот на Ема

     

Како што нагласивме претходно, нараторот не суди на неговите ликови, тој ги дефинира нивните карактерни црти, ја дешифрира нивната психа без да даде дополнителен коментар:„Слично како во лов на степски ветрушки или друг редок вид птици, Ема, педестгодишна професорка по книжевност, следи мажи со убави чевли[4]“. Кој уште лови степски ветрушки? На почетокот го насетуваме очудувањето, затоа што нараторот овој необичен „лов“ го прикажува како нешто најнормално коешто не треба да го осудуваме, туку да го прифатиме на пример, како и ретките видови на птици. Вообичаено е да следиме некој дури и со поглед, восхитени од начинот на кој изгледа но, за Ема „изгледот на мажот воопшто не е важен. Важно е тој да има убави и добро исчистени чевли“ (2016,10). Таа ги портретира мажите кои ги следи според нивните чевли. Не ги сака мажите што носат чизми и за нив смета дека се доминантни, ја потсетуваат на татко ù. Чекор по чекор ја соголуваме нејзината интима затоа што досието на ликот започнува со приказ на чудни работи на микро план, а се проширува на макро план кон нејзиното семејство. Односите поединец наспроти неговото семејство во овој роман се многу проблематични. Фетишот на Ема произлегува од нејзината траума од детството. Се запознаваме со ликот на таткото кој е воен генерал а врз ќерка му врши притисок, чевлите секогаш треба да бидат совршено исчистени пред да излезе од дома. Од Фројдовски аспект, нејзиниот потиснат гнев го проектира во стварноста па затоа нејзината опсесија е следење мажи со чисти чевли. Но, пред да започне со своето ново хоби, бегството од реалноста го наоѓала во читањето книги. Сега, нараторот го поставува прашањето- дали Ема погрешила откако почнала да ги следи мажите? Тоа го зачинува во поглавјето каде што на сцена ги „носи“ свештеникот, момчето што продава порнографија и онесветувањето пред излогот, индиректно ја потенцира вината и несигурноста на ликот. Невообичаен е односот татко-ќерка. Знаеме дека таа има 50 години. Но, на некој начин е претставена како тинејџерка која бега од дома пред да ја забележи и избегнува караници: По петнаесет години здодевен брак еден ден дојде таткото и ù рече да си се врати дома. Ема си ги собра работите и без да му каже на мажот, си замина од неговиот стан. Ема секогаш го правеше она што таткото го бараше од неа“ (2016, 14). Постојаното контролирање, потребата за хигиена, сите доведени до максимум чудно, профитираат со нејзиното ново хоби. Откако татко ù умира, посакува да води нормален живот, но како што и самата тврди: „Сега е доцна за да почне со животот од почеток. Што да прави со слободното време сега кога диктаторот е мртов? Нејзиното време и нејзината слобода немаа никаква смисла повеќе“(2016, 33). Ема не може да се огради од татковиот авторитет. Управувана цел живот од суровиот „Бог“, потчинета на флоскулата „така треба“, сака повторно да ја пронајде смислата на нејзиното битисување. Поради нејзината емотивна состојба, очудена е нормално очекуваната реакција. Секој би се обидел да почне одново, но не и овој лик. Тогаш приказната би била премногу едноставна.

 

Ликот на Нестор

 

     „Нестор е писател. Зад себе има неколку неуспешни романи. Неговиот роман Ние пред дваесет и пет години беше прогласен за најдобар роман, а неколку месеци подоцна Нестор, поради романот, беше обвинет дека работи против државните интереси“ (2016, 49). Она што ги поврзува овие два лика е нивната дисфункционалност во општеството. Нараторот, Нестор го претставува како лик кој страда од параноја поради две причини: малтретирањето од страна на тетка му која била опседната со идејата тој да стане писател и поради осудениот роман од страна на власта.  Меѓутоа, никаде не е нагласено дека ликот страда од параноја, затоа што тој се однесува сосема нормално, обидувајќи се да побегне од странските служби. Јас мислам дека авторот во тој поглед и со мала доза на иронија, упатува скриена претпоставка дека уметноста честопати може да биде протолкувана буквално а во овој случај тие толкуваат поинаку: „Многу критичари сметаа дека во грбавата тетка се крие некаква симболика (...) но симболиката набргу ја откри власта, што мислеше дека романот е побуна против неа и дека Нестор со романот сакал да каже дека маченото дете е народот, а грбавата тетка е лошата власт што го малтретира детето, односно народот“ (2016, 49). Впрочем, тој забележува дека некој го демне тогаш кога навистина Ема ќе тргне по неговите чевли. Иако е толку едноставно за да открие кој го следи според советот на неговиот психијатар, тој се плаши. Затоа авторот уште еднаш го очудува секојдневното движење, секој човек барем еднаш забележал дека некој го следи, но овој лик се плаши да се соочи со стравот.

Додека се наоѓа во ординацијата на психијатарката Марта, се присеќавана една сцена кога имал десет години. На „часовите“ по креативно пишување, тетка му го затворала во темен шкаф за да напише добра приказна, затоа што сакала од Нестор да направи добар писател: Таа, која никогаш не беше задоволна од приказните, веруваше дека со секој ден вежбање ќе успее да направи добар писател од Нестор“ (2016, 65). Но, за разлика од ликот на Ема, тој станува параноичен поради тоа што бил притворен и се сомнева во сите коишто се наоѓаат во неговата околина. Стравот дека некој постојано го следи станува неговиот двигател воживотот. Можеби единствениот разумен глас во овој роман е гласот на ликот кој му е пријател на Нестор. Тој се обидува го освести: Во целост те разбирам. И јас понекогаш го имам истото чувство, но тоа е само пароноја. И двајцата поминавме низ ист пекол и потполно те разбирам, но мислам дека замислуваш“(2016, 71-72). Двајцата биле осудени, но тој останал присебен. Од палетата од необични ликови,  нараторот има потреба од лик кој се обидува да го вразуми протагонистот. Нестор со години се обидувал да ја напише првата реченица од неговиот нов роман. Затоа заминува на друго место каде што би можел да пишува. Понатаму, очуден е неговиот поглед на свет. Обичното патување во возот го толкува како потера од страна на кодошите.

 

Очудување на улогите прогонувач – прогонет

             Во рамки на клишеизираните крими романи, присутни се ликовите на прогонувач и прогонет. Во крими романите има акција, многу адреналин, потери, оружје. Во овој роман, Петар Андоновски на постмодернистички начин, ги крши сите тие норми и ги превртува очекувањата. Протагонистите Ема и Нестор се изместени од нормалните оквири. Перцепциите на двата лика се менуваат, она што е нормално станува необично поместувајќи се од границите на традиционалното.  Потрагата по Другиот е речиси пасивна, без лоша намера. Ема, прогонувачката е очудена затоа што за разлика од некој кој вистински прогонува, таа се крие, гледа надолу во чевлите. Во тој поглед, таа се однесува инфантилно затоа што улогата на прогонувач подразбира поседување на моќ, додека таа е сосема немоќна. Нејзиното страствено следење на мажот е последица од нејзината потреба да поседува некој.  Ема се чувствуваше немоќно. Таа никогаш не би можела да поседува некого. Таа нема храброст. Таа е плашлива. Нема дух на владетел, таа има дух на роб“  (2016, 36).

Од друга страна пак, прогонетиот Нестор, наместо да избега, да најде засолниште од прогонувачот, тој се обидува да најде засолниште за да може слободно да пишува, без да го демнат „кодошите“, да избега надвор од реалниот свет за да се нурне во фикцијата. Ема како вистински прогонувач, би требало да има однапред определена мета, цел, лик предвид, но наместо тоа, таа има чевли. „Мажот излезе на една постројка пред Кисела Вода. Ема тгна по него. Сето ова ù се чинеше глупаво. Што сака таа од него? Зошто постојано го следи? Што имаше во тие чевли што толку многу ја привлекуваа?“( 2016, 24).

Бездруго, прогонетиот треба да го гледа својот демнач како опасност, некој од кој треба да се плаши, но во овој роман, не може да го дефинира субјектот кој го следи: непрекинато гледаше во сенката и се обидуваше да ја открие личноста што го следи/ се работеше за човек со средна висина, веројатно жена, зашто имаше долга коса, не многу слаба“(2016, 52). Од Нестор очекуваме дека ќе се претвори во лик-херој кој ќе се спастри, а наместо тоа тој е параноичен.Постојано ја повторува фразата нема да дозволам да ме полудат. Постапката очудување ја лоцираме и во случката во хотелот кога двата лика се во соба еден до друг. Авторот го очудува начинот на кој изострено функционираат нивните сетила: слуша како некој хистерично се смее во соседната соба, наслушнува како некој ја одвртува славината на чешмата а на дното од бокалот со вода забележува жолтеникава течност за која мисли дека е отров.

Она што ги прави уште повеќе мистериозни и чудни овие два лика е фактот дека нараторот во неколку ситуации ги доведува блиску еден до друг а не им дозволува да остварат физички контакт. Затоа нивните средби се само од далечина, без допирање, без eye-контакт. На уште еден начин ги руши нормите на тривијалниот жанр, тој ужива во средбите без допири. Движејќи се кон крајот, согледуваме дека двата лика никогаш нема да се сретнат, затоа што Ема постои само во неговата свест. Ема е неговата сенка, неговата анима, всушност таа цело време го следи за да му ја соошти првата реченица од неговиот прв роман. Затоа таа постои само во фиктивниот свет, ќе постои на хартија и не може да го допре.

Романот завршува така што ги прикажува двете психолошки жртви целосно излезени од контрола. Исполнети со гротескност и апсурдност, симболички го прикажуваат моментот кога авторот добива идеја, рефлексијата од сликите е толку силна што има чувство дека пред да ја преточи во зборови може да се истопи како снегот: „Нестор почувствува уште еден силен удар. Како од камен. Како од карпа. (...) Од кога немаше почувствувано нешто толку топло. Снегот паѓа, а нему му е топло. Топло. Последното нешто што го почувствува беше студот на нозете“ (2016, 92).

 

Библиографија

 

·         Андоновски, Петар, Очи со боја на чевли, Скопје: Или-Или, 2016.

·         Делкова, Магдалена. Нештата ги гледаме онака како што тие нè гледаат нас (достапно на: http://www.reper.net.mk/2014/10/01/nestata-gi-gledame-onaka-kako-sto-tie-ne-gldaat-nas/).

·         Котеска, Јасна. Роман на една нова наративна младост (поговор кон романот Очи со боја на чевли од Петар Андоновски), Скопје: ИЛИ-ИЛИ, 2016, стр.101-106.

·         Србиновска, Славица. За една опсесија на погледот (поговор кон романот Очи со боја на чевли од Петар Андоновски). Скопје:ИЛИ-ИЛИ, 2016, стр. 94-96.

 



[1]Магдалена Делкова. Нештата ги гледаме онака како што тие нè гледаат нас (достапно на: http://www.reper.net.mk/2014/10/01/nestata-gi-gledame-onaka-kako-sto-tie-ne-gledaat-nas/)

[2]Србиновска, Славица. За една опсесија на погледот (поговор кон романот Очи со боја на чевли од Петар Андоновски).Скопје: ИЛИ-ИЛИ, 2016, стр. 94.

[3]Котеска, Јасна. Роман на една нова наративна младост (поговор кон романот Очи со боја на чевли од Петар Андовски), Скопје: ИЛИ-ИЛИ, 2016, стр.101.

[4]Андоновски, Петар. Очи со боја на чевли. Скопје: Или-Или, 2016, стр. 9