Марина Мијаковска

„Предиграта се исцрпува во тоа трагање,
мапирање на страста и еротиката во релјефот на зборовите”.
(Оргазмични писма – Ирена Цветковиќ)

          Човековото битие е лавиринт низ кој е тешко да се пробиеме и да ја откриеме неговата „тајна природа”. Одсекогаш секој човек се соочувал со прашалникот од типот:  Што сум јас? Ентони Кени го дефинира човекот како „живо тело од одреден вид” (Марковска/Симоновска, 189), а бидејќи сме тело мора во него да се приспособиме и да го одживееме својот животен пат. Во современите проучувања се избегнува застарениот дуализам душа/тело, и се надминуваат предрасудите дека тоа е пасивен предмет. Телото е објект што се сфаќа како субјект кој стапува во интеракција со другите субјекти. Тоа е материјалност што не може да се сведе само на физичкото и на физиолошкото постоење, туку тоа е и општествен, културен, политички и историски конструкт.  Елизабет Грос во Недофатни тела го дефинира телото на следниов начин:

Телото е нешто мошне особено, зашто никогаш, не може да се сведе само на предмет, ниту пак некогаш може да успее да се крене над статусот на предмет.Така, тоа е и предмет и непредмет, објект, но објект што некако содржи и коегзистира со внатрешноста, објект што е во состојба да се сфати себеси и другите како субјекти, единствен вид објект што не може да се сведе на други објекти(11-12).

          Прашањето за тоа што всушност сме треба да му го поставиме на полот. Одговорот на ова прашање не може да го добиеме само од биолошкиот пол, туку од корелацијата пол/род, пол/историја, пол/говор итн.[1] Телото задира во сите активности на половите, бидејќи „половоста може да се сфати и во смисла на чин, на низа постапки и поведенија во кои се вклучени тела, органи и задоволства” како што наведува авторката Елизабет Грос (2002, 7). Потребно е да направиме анализи кои ќе ги преиспитаат категориите моќ-знаење-сексуалност. Овој триаголник е суштински за концепирањето на сексуалноста како дискурс. Телото е моќ да се произведат најразлични знаења за сексуалноста. oa добива значење само во контекст на моќта. Затоа, елото не треба да се разгледува изолирано, туку потребно е да го анализираме во релација со моќта, бидејќи тоа е медиум преку кој функционира истата. Системите на моќ и регулација се во врска и со телото и со сексуалноста.
          Сексуалноста не претставува само акт на телесна комуникација, aphrodisia, туку таа потребно е да се искаже, самата да се преточи во дискурс кој ќе проговори.
          Сексуалноста се преточува во говор кој треба да се искаже преку употребата на различните дискурзивни механизми преку кои се продуцираат одредени вистини и знаења за телото и половоста.  Постојат моќни апаратури за создавање на говор за сексуалноста кои настојуваат да влијаат врз неа, да ја управуваат, да ја контролираат и да ја кодираат.  Според Мишел Фуко „ важно е да се дознае во какви форми, низ какви говори власта допира дури до најсуптилното и до најличното однесување, кои патишта ‚ овозможуваат да допре до ретките или одвај забележителните видови на желбата, како го проникнува и контролира секојдневното задоволство.”[2]
          Индиго Бомбај од Јагода Михајловска– Георгиева е роман- река, драматичен роман со огромен емотивен набој и со потресна приказна, која во својата основа содржи вистински настани и ликови. Ова е запис кој обработува епифанија во чиј центар е човековата телесност и сексуалност. Во тематското јадро е телото, злоупотребата и трговијата со човечките органи. Од суштинско значење е да испитаме како моќта влијае врз човечките тела и да видиме како се инкорпорира власта во процесот  на создавање на одредени знаења и „ вистини” за сексуалноста. Анатомијата на моќта е таа која управува со човечките тела и со нивните сили. Ваквата анатомија на моќта се состои од три извори на моќ:  личноста, сопственоста и организацијата. Секој од овие извори ја спроведува својата моќ преку употреба на три инструменти на моќ: изнудена, надоместувачка и условена моќ.[3]  Секој субјект е субјект со моќ, како можност да владее со себеси и да ја наметне својата воља и власт врз другите субјекти. Субјектите мора да поседуваат знаења како да владеат и како да ги победат своите сили. Еден цитат од романот одлично го илустрира фактот дека телата треба да ја искористат сопствената моќ за да владеат со себе си, да се контролираат и дисциплинираат:

Не сте вашето тело, Ананда. Јас не сум моето. Телата постојат за да ни служат. Исто како и умот и чувствата. Ние сме тела што владееме со нив (Михајловска, 202).

          Во романот телото се инструментализира од страна на оние личности кои ја поседуваат власта.Тоа е поразено и жигосано од моќта која настојува да го дели, да го кине  да го парчосува на делови. Тeлото станува опредметена играчка која може да се склопува и отклопува, пресоздава и управува. Власта е репрезентирана преку две спротивставени страни. Од едната се наоѓаат луѓето од Западот кои се моќни да владеат, да се наметнат и да купат сè што ќе посакаат, а од другата страна се наоѓа Истокот кој е помалку моќен. Европа е средина која владее и бара, а Истокот е тој што дава. Европа се служи со сите три инструменти на моќ: изнудената, надоместувачката и условената моќ, а Истокот е средина во која постои вакуум на моќ, т.е отсуство или слабо присуство на истите. Човечките органи и тела на луѓето од Истокот се комодифицирани. Се сметаат за стока која лесно може да се купи со паричен надоместок. Тој што е моќен купува органи, а тој што е на работ на егзистенцијата ги распродава своите екстремитети компензирајќи ги за бедни парични средства. Моќта на европоцентризмот е изразена преку ликот на богатиот Германец кој си купува нов бубрег од младото момче Гаруда, употребувајќи надоместувачка моќ, т.е европски банкноти. Германецот е личност со моќ која ги наметнува своите желби и настојува тие да бидат прифатени од личноста со слаба моќ како што е момчето Гаруда.  Бомбај е средина која поседува големо духовно богатство, но и  материјална беда. Луѓето живеат по депонии и по улици, изгладнувајќи ги и измачувајќи ги своите тела до исцрпеност. Бомбај е сиромашно општество во кое е мала разликата помеѓу изнудената моќ, која подразбира физичка болка и беда и  надоместувачката моќ, која подразбира телесна комодификација. Преку ликот на момчето Гаруда се претставени послабите.   Власта ги става послабите пред лоша алтернатива која бара од нив да се  одлучат дали ќе живеат во беда или ќе мораат да продадат некој орган за да можат да преживеат.  Бистрај е еден од главните ликови кој се наоѓа во позицијата на посредник помеѓу моќните и немоќните. Тој е медијатор помеѓу оние кои сакаат да купат органи и оние кои сакаат да им ги продадат истите. Кај него доминира цврстото убедување дека посредувањето помеѓу оние кои бараат органи и оние кои ги нудат своите е чин на добра волја, гест на солидарност, обезбедување на добра карма. Овој лик е несвесен за својата покорност кон ваквата моќ која ги инструментализира човечките тела.   
          Моќта учествува во создавањето на фиксни знаења за родовите улоги. Околу полот се создаваат апаратури кои пропишуваат одредени социо-културни улоги кои се изведени само преку биолошкиот пол. Моќните патријархални апаратури пропишуваат улоги кои се дозволени, пожелни и „ добри” . Секој кој ќе остапи од нив е осуден, стигматизиран и отфрлен од заедницата. Обидот за создавање на скаменети улоги ги создава стереотипите кои претставуваат кодирани имаголошки слики, еднодимензионални знаења, чија функција е да ограничат, д забранат, да оспорат. Во Индиго Бомбај постојат токму такви традиционални обрасци на родова идентификација. Затоа, ликовите циркулираат во рамки на воспоставените траектории од родови улоги. Тие се движат во рамки на нивните хетеросексуални улоги, ролјите на родителите, на семејните луѓе, на моралистите  кои го почитуваат законот на сопственото општеството итн. Европејката Ана и Индиецот Бистрај се главните протагонисти во романот. Тие, иако припаѓаат на две различни општествени заедници, сепак се придржуваат кон истиот образец на родова идентификација. И двајцата заземаат стереотипни родови и сексуални позиции. Ана е семејна жена, мајка и сопруга која ги почитува општествените закони кои ги кодираат нејзините социо-културни улоги на сопруга, жена, мајка. Исто така и  Бистрај се движи во улогата на верен сопруг, татко и гуру кој настојува да ги води луѓето кон просветлените вистини и да им помогне во тоа да се однесуваат во согласност со будистичките принципи.

          Во романот е вградена патријархалната матрица на моќта која настојува да каже не, да постави граници, да забрани и да контролира. Власта учествува во воспоставувањето на моралот како предложена норма според која личностите се обврзани да се покоруваат. Затоа, механизмот на сексуалноста функционира само преку моќта која настојува да управува, да регулира, да каже што е дозволено, а што е не дозволено.   Сексуалноста е во спрега со моќта. Таа е нешто за кое законот треба да одреди што е добро, а што е лошо. Заради тоа патријархалниот сексуален морал станува императив кој бара свое спроведување. Ана е лик со токму таков сексуален морал. Таа се држи во рамки на пристојноста, нормираното однесување кое бара да не се премине црвената линија на забранетото.За неа сексуалниот морал подразбира брачна верност, пристојност, контролирање на задоволствата, забрана за промискуитет и неверство. Одлична илустрација за стереотипната сексуалност на овој лик е следниов пасус:

Беше сосем пристојна жена, никогаш ја немаше преминато линијата на дозволеното, а овие... овие жени... Тие не познаваат забрани!, се згрози, не признаваат норми, туку се дрски, развратни!Но кога сум била јас како нив? Каде?.. (Михајловска, 241).

          Постојат регулаторни практики кои се резултат на условената моќ, со која општествените субјекти се држат под контрола.Условената моќ е произведена преку најразлични општествени инстанции, организации, кампањи и медиуми кои вршат најразлични пропаганди за тоа што е прифатливо и за тоа што е неприфатливо. Ана доброволно му се потчинува на овој инструмент на моќ, сметајќи дека ваквата покорност кон сексуалниот морал е производ на моралното и на социјалното чувство коешто е „добро”. За Ана љубовта и сексуалноста е нешто за кое не треба многу да се говори јавно, тоа е табу, премолченост, темен континент. Овој лик се води според принципите на традицијата која смета дека сексуалноста треба да биде табу тема, кутија која не смее да се отвора. Затоа овој лик во себе развива стандардни клиширани чувства на срам, на збунетост, на замолченост кога станува збор за телесните задоволства. Таа, при посетата на тантристичкиот храм со голи тела и еротски сцени, останува засрамена. Тоа може да се проследи од следниве зборови:

Се избезуми. Се посрами од себе самата што е... не само што е сведок на сето тоа, туку и учесник во блудничењето, така се почувствува. Се одзеде. Посака да се стори камен наместо нив (Михајловска, 238).

          Интересно е тоа што Ана во Индија за прв пат ја осознава љубовта. Кај неа се појавуваат љубовни чувства кон Чандралока– Бистрај, кои на читателот му стануваат маркер за една наивна и инфантилна љубовна игра. Меѓутоа, Ана е лик со вграден сексуален морал кој од неа бара да ги потисне емоциите, да ги контролира и да им се спротивстави. Затоа таа вели:

Соземи се Ана, не губи ја главата, не си ти таква! Каква? Вљубена си Ананда? Како да знам кога никогаш не сум била!? (Михајловска, 182).

          Ана во еден миг срамежливо се обидува да ги довери своите чувства. Но, кај неа се јавува страв и срам, бидејќи таквото признание е спротивно на нејзината улога на жена. Таа се плаши од својата љубов, бидејќи таа е спротивна на нејзините кодекси. Нејзината љубов е невозможна, забранета и не може да се оствари бидејќи се коси со принципите за бракот и сексуалната етика.
          И Индиецот, како и Ана, се придржува кон патријархалниот сексуален морал кој подразбира сексуална умереност и владеење со своите страсти. За Бистрај поседувањето ваков традиционален будистички морал е врвна вредност. Да се биде слободен од задоволствата, значи да не им се робува на истите. За него телото е само еден облик од постоењето, бидејќи тоа треба да се ослободи од самсарата - вечниот круг на постоења и да се стреми кон празнината. Тој смета дека човекот за да стане слободен мора најпрво да ги искуси телесните задоволства и, потоа, да го научи патот кој ќе го води кон чистењето од истите. За него сексуалноста е тантрички храм кој од својата надворешност ја изразува телесноста, страста, а внатрешноста е мир и  спокојство кои доаѓаат само откако човекот ќе се ослободи од страстите и од телесните задоволства, залепени на ѕидовите на материјалното постоење. Тоа е изразено во следнава констатација:

Оној кој сериозно сака да напредува во свесноста за Кришна, треба да се однесува во согласност со светите списи. А, тоа значи, да ги пренебрегне телесните задоволства, искачувајќи се над нив (Михајловска, 247).

          За овој будистички учител врвен принцип е ослободувањето од телесната обвивка, надминувањето на материјалното и преминувањето кон повисоките сфери на духовното. Практикувањето на ваквата духовна теорија за ослободувањето е традиционален закон кој го става телото под контрола, ги зауздува страстите, нагоните и желбите кои го развластуваат телото. Кај овој карактер механизмот на брачната заедница е врвен механизам за практикување на сексуалноста. Бракот се смета за легална институција којашто е полезна за општеството,  активност која се одвива според однапред пропишани правила за едно примерно живеење. Бракот станува врвна норма зададена од патријархалните идеологии кои настојуваат да ја контролираат личноста и нејзината сексуална желба. Затоа кај Бистрај сексуалноста е сведена само во доменот на  репродуктивната функција. Таа е чин за зачнување на пород во брачната заедница и затоа никогаш не смее да се отстапи од оваа цел ниту во рамки на бракот, а најмалку вон него.
          Ана и Бистрај се ликови кои самоволно ја прифаќаат  патријархалната матрица на моќта. Тие,  воопшто, не се обидуваат да се спротивстават и да се бунтуваат против традиционалните норми, стереотипи и цензури. Овие ликови стануваат обезгласени букви пред моќните апаратури кои им пропишуваат кодекс на однесување според кој мораат да се однесуваат, доколку сакаат да бидат прифатени и вреднувани од општеството.
          За разлика од романот на Јагода Михајловска – Георгиева, во кој доминира сексуалноста во рамки на стереотипите, расказите Оргазмични писма од Ирена Цветковиќ се обид да се направи чекор понапред и да се одстапи од истите. Оргазмични писма од Ирена Цветковиќ се раскази-точки во кои се стопуваат еротичноста, телесноста и игривиот дискурс. Оваа книга се состои од десет куси раскази преку кои авторката настојува да даде поинаков светоглед, да ги нападне стереотипите кои се зацврстени околу телото и половоста и да ги разруши шаблоните и старите наслаги. Авторката тргнува од телото, кое станува нејзина текстуална површина, палимпсест за инскрипција на различни значења.Таа го следи телото и, на тој начин, создава моќно женско писмо во согласност со природата на женската телесност.   Ова писмо е натопено со телесните знаци, бидејќи главен пункт е телесноста и нејзините атрибути. Да се создаде писмо од ваков вид, значи да се пишува и да се создава текст, следејќи ги телесните рефлексии. Цветковиќ, со употребата на телесениот јазик, создава дискурс за сексуалноста. Создавањето на телесниот јазик авторката го најавува уште на почетокот на книгата, кога вели:

Јазикот е осуден да биде истовремено мој сексуален инструмент и продукт  (Цветковиќ, 7).

          Субверзивноста и рушителната енергија стануваат главен инструмент на овој дискурс кој настојува да ја нападне патријархалната свест и отворено, без срам, да проговори за сексуалноста. Авторката создава субверзивен дискурс кој им се спротивставува на стариот сексуален морал и на патријархалната матрица на моќта. лавната цел на овој дискурс е ослободувањето на сексуалноста од предрасудите и од стереотипите. Оргазмични писма е токму таков сексуален дискурс кој авторката го изедначува со сексуалното празнење. Зборовите се ископуваат од длабочините, душевните јазли се исфрлаат на површината и му отвараат пат на ослободувањето од забраните. Преку употребата на експлозивниот, остриот и скокотлив говор, се настојува да се соблечат оковите од забраните, од табуата и од општествените стеги. Интересно е што овие десет раскази се надополнети со пет впечатливи и лапидарни форми кои наликуваат на еротски лексикон. Разголување, Предигра, Стимулација, Пенетрација и Оргазам се најмаркантните форми во кои сексуалниот чин е преточен во говор.
          Дел од насловите на овие текстови имаат еротска маркираност. Расказите Дупката, Црешите близначки и Оргазмична епистола се токму такви раскази, чии наслови алудираат на сексуалноста и прераснуваат во вешта алегорија зад која се насетува играта помеѓу отсутното и присутното значење.  Ваквото преточување на сексуалноста во говор е во служба на жесток напад на фалоцентричниот говор и општеството коешто ја контролира телесноста, ја замолчува личноста и нејзините задоволства, притоа не дозволувајќи афирмација на поинаквите телесни идентитети. Зборовите немој, не смееш, казна стануваат главен императив на фалоцентричното општество и патријархалниот светоглед, кои настојуваат да цензурираат сè што е спротивно на нивната моќ и принципи. Описот на строгиот фалоцентричен режим воспоставен од ред, од мир и од дисциплина е есксплицитен во следниве зборови:

Казна! Казна за непослушните. Телото е подложно на дисциплина, драги читателки. (Свети Космополит...ен!) (Цветковиќ, 70).

          Патријархалната матрица воспоставува хиерархии на моќта, воспоставени по вертикала и по хоризонтала. Оската на вертикалата ја сочинува моќта на општеството, на културата, на институциите, а на оската на хоризонталата се ноѓаат обичните луѓе. Моќта на обичните граѓани е нулта моќ V.S општествените организации.

          Во Оргазмични писма се илустрира токму таквата хиерархија на моќта која е изразена преку судирот меѓу личностите, од една страна,  и општеството, културата и хетеросексуалните институции, од друга страна. Авторката дава слика на општеството, чија моќ ја сочинуваат сексизмот, мизогинијата и хомофобијата. Оваа формација се служи со закони и со казнени механизми, а власта е ограничување на можностите за сексуален избор. Вака поставеното општество воспоставува културен императив за родова припадност само кон еден род. Општеството не им дозволува на субјектите да бидат поинаку родово изјаснети, бидејќи им наложува тие да се себеодредат преку дисјункцијата или-или. Секој кој ќе се обиде да и се спротивстави на ваквата определба е стигматизиран  и е отфрлен на маргините од општественото постоење. Затоа Лил и Сандра се ликови кои се кријат зад хетеросексуалната маска и бракот како институција за „правилно насочена” сексуалност. Овие ликови се свесни дека немаат голема моќ да му се спротивстават на дискриминаторското општество кое е спремно да осуди, да шиканира и да исфрли сè што е спротивно на хетеросексуалниот морал.
          Сите ликови од Оргазмични писма се притиснати од законот, од традиционалните норми и од обичаите. Затоа тие својот спас го гледаат во бегството и во игнорирањето на ваквата стварност. Тие наоѓаат свое прибежиште во станови, во кафе-барови, формирајќи свое гето во кое ќе можат да и се препуштат на желбата и својата индивидуалност.
          Лил, Сандра, Зоја, Крсте се ликовите кои не можат да ја одредат својата родова припадност преку ваквата строга хетеросексуална дисјункција. Овие ликови не се вклопуваат во еднодимензионалниот хетеросексуален модел на општеството и се залагаат за бунт против сите обиди родот да се затвори во ваквата дисјункција.
Ликовите не можат да се затворат во рамки на една родова заокруженост, туку тие претставуваат една отвореност за ознаки. Преку ваквите фигури, авторката го крши стариот образец за родова идентификација и се залага за една перформативност на родот, која лежи во можностите за слободно сексуално и телесно дефинирање.
          Цветковиќ тргнува од клучната теза на авторката на студијата Проблеми со родот која гласи:

Треба да се отвори полето на можности на родот.Родот е перформативна, отворена категорија на можности, а не на скаменети зададености.[4]            

          Овие ликовите се загрозени и згрозени од стварноста. Затоа, тие се гушат во ваквата стереотипна и ограничувачка средина и одеднаш прераснуваат во жестоки бунтовници кои настојуваат да ги ослободат своето тело и својата сексуална желба.
          Лил, Сандра и Зоја се најпарадигматични примери за субверзивноста. На овие ликови им пречи сè што подразбира детерминираност. Затоа тие се издигнуваат над сите ограничувања, забрани и цензури. Бунтот, неприфаќањето и деструирањето на каноните стануваат моќна субверзивна, разорувачка сила преку која ликовите ја апострофираат родовата другост. Ваквото одбивање да се биде монолитен, стереотипен и унифициран е чекор напред во борбата против законот на таткото и сексуалните ограничувања.

Заклучок

          Индиго Бомбај од Јагода Михајловска–Георгиева и Оргазмични писма од Ирена Цветковиќ- Алена се два комплементарни дискурси за сексуалноста. Индиго Бомбај е запис во кој е вградена патријархалната матрица на моќта, преку која се создаваат стереотипни претстави за телесноста, за родовите улоги и за сексуалноста. Авторката во изградбата на ликовите ја следи ваквата матрица, без притоа да се направи обид за отстапување од истата.
          За разлика од романот на Михајловска, Оргазмични писма од Алена е субверзивен дискурс за сексуалноста кој ја напаѓа старата матрица на моќта и отстапува од истата. Субверзивноста е главна сила со која се руши стариот поредок, а ваквото спротивставување води  кон ослободувањето на субјектот и неговата сексуалност. Оргазмични писма е храбро писмо со кое се прави чекор понапред. За пофалба е тоа што Цветковиќ остава зад себе писмо кое охрабрува, кое намамува, кое заведува и ветува промени.

Белешки

[1] Мишел, Фуко. Историја на сексуалноста. Скопје: Три, 2003, стр. 100.

[2] Фуко во изградбата на историјата за сексуалноста тргнува од инстанциите на создавањето на говорот, за создавањето на власта и создавање на знаењето (18).

[3] Џон, Галбрајт. Анатомија на моќта. Скопје: Култура, 1995.

[4] Џудит Батлер, за разлика од другите теоретичари, дава поинаква интерпретација на категориите пол/род. Родот како социокултурен конструкт може да се изведе од полот како биолошки конструкт. Но, според авторката родот е перформативна, отворена категорија која подразбира безброј родови т.е толку родови колку што има луѓе  (217-224).

Литература

1.  Батлер, Џудит. Проблеми со родот. Скопје: ЕвроБалкан, 2007.
2.  Галбрајт, Џон. Анатомија на моќта. Скопје: Култура, 1995.
3.  Грос, Елизабет. Недофатни тела. Скопје: Македонска книга, 2002.
4.  Марковска, Слободанка/Симоновска, Сузана. Антропологија.Скопје: Догер,1999. 
5.  Михајловска-Горгиева, Јагода. Индиго Бомбај. Скопје: Три, 2008.
6. Фуко, Мишел. Историја на сексуалноста- воља за знаење. Скопје:Три, 2003
7. Фуко, Мишел. Историја на сексуалноста- употреба на задоволства.Скопје: Три, 2004.
8.  Цветковиќ- Алена , Ирена. Оргазмични писма. Скопје: Ѓурѓа, 2008.
9.  Џепаровски, Иван. Аспекти на другоста. Скопје: ЕвроБалкан, 2007.