Владимир Мартиновски

„Им се восхитувам на оние пусти исповеди
што ги нарекуваме мемоари, ама тие
моето внимание можат да го додржат
само делумно.“
Андре Малро, Антимемоари

„Помнењето е убава работа, затоа што е враќање
во живот на работите кои се запатиле, заталкале накај
заборавање. Или кои сме ги потурнале натаму.
Помнењето е и – добро што е – и сентиментално, но и со
доза на одмината и малку ветва и излитена патетика.“
Коле Чашуле, Антимемоари

          На воведните страници од големата (и по обем и по значење) книга Антимемоари (2009)[1] од Коле Чашуле (1921-2009), грижливо компонирана и приредена од страна на Јелена Лужина, доајенот на македонската современа книжевност и култура актуализира една древна народна мудрост: „Секој жив човек е приказна“. Но, приказната продолжува да живее (и по смртта на секој жив човек) само ако продолжи да се (пре)раскажува или ако се запише. Спомените на и за луѓето, колку и да се тие значајни и битни за една култура – нè предупредува токму Коле Чашуле во оваа книга – можат да избледат или целосно да исчезнат. Да заталкаат кон заборавање. Токму затоа, чинот на бележење и објавување на битните сеќавања, како во случајот на оваа капитална книга, може да се набљудува како чин на еден стамен простум (еден од стожерните зборови на Чашуле) во тешката битка против минливоста и заборавот. А, дека не е воопшто едноставно и безболно да се „извадат“ сеќавањата од лавиринтите на меморијата, Чашуле сведочи во повеќе наврати во книгата Антимемоари. Евокацијата на спомените за другите неизбежно подразбира и еден вид ретроспектива на сликите за себеси, но и еден вид „пресметка со себеси“.
          Но, како да го толкуваме префиксот „анти“ пред жанровската одредница „мемоари“? Дали повторно овој префикс упатува на еден антиномичен, противречен однос кон жанрот, што подразбира и спротивставување, но и преземање на некои од неговите одлики? Иако овој наслов со целосно право може да се чита како омаж на истоименото дело на Андре Малро, сепак тој во голема мера упатува и на ставовите на Коле Чашуле за мемоарскиот жанр: во еден од текстовите посветени на Владо Малески, Коле Чашуле во оваа книга експлицитно ја пласира тезата дека без автобиографското „и нема литература“ (63), така што, логично, и неговите Антимемоари се неразделни од автобиографскиот и меморабилниот потход. Тие ги фиксираат настаните и личностите кои „треба да се запомнат“, како што би се изразил А. Јолес, кој „меморабилите“ ги разгледува како една од „едноставните книжевни форми“.
          Во овој контекст, според канонската дефиниција на мемоарите, поместена во Речникот на книжевните термини[2], станува збор за „раскажувачко дело во кое се изложуваат спомените на авторот за значајни општествени или културни настани во кои писателот бил сведок“ (448). Несомнено е дека во Антимемоари на Коле Чашуле, писателот е директен сведок и учесник во клучни настани од поновата македонска историја, при што собитијата се раскажани од поголема временска дистанца, „по многу години“, кажано со вокабуларот на Блаже Конески. Притоа, во сите текстови (неприкосновено и недвосмислено) е запазена перспективата на автентичен сведок на опишаните настани и личности. Од оваа перспектива, книгата на Чашуле покажува низа сродности со мемоарскиот и автобиографскиот дискурс. Од друга страна, според Речникот на Француската академија, објавен во далечната 1694 година, главната функција на мемоарите е да ги запазат „релациите на особените факти или настани кои можат да ? послужат на историјата“[3] (385), а книгата Антимемоари на Коле Чашуле, барем на прв поглед, се чини нема толку големи претензии.
          Распоредени во три кохерентни блока („Пишување“, „Сеќавање“ и „Носталгија“), текстовите од кои е сочинета книгатаАнтимемоари имаат завидна жанровска разновидност. Таа нивна одлика особено ја истакнува Георги Старделов[4], според кого што тие се движат од одликите на есејот како хибриден жанр, па сè до оние на сказните како „литературни чудесии“. Но, и на овој план Антимемоари не се одвојуваат целосно од мемоарскиот жанр. Уште од своите зачетоци, мемоарската литература манифестира жанровска хетерогеност: „Голем број остварувања кои се вбројуваат во мемоари, се наоѓаат на границата меѓу дневник, запис, извештај и автобиографија“ – нè потсетува Речникот на книжевните термини (448). Во предговорот на делото на Чашуле, Јелена Лужина со право подвлекува дека „неговата книга е составена од 46 меморабилни наративи (сосема е сеедно дали ќе ги декодираме како раскази, есеи, записи, белешки...) кои, по првиот прочит, оставаат впечаток на попатни, сосема непретенциозни евокации на настаните што биле и останале навидум неважни, маргинални, сосема приватни“ (8). Токму непретенциозноста на кажувањата и стилот, маркирана од страна на Лужина, е она што го оправдува префиксот „анти“, што упатува на дистанцата кон мемоарите.
          Искажувањето низ спомени, за Чашуле, е искажување на личната, субјективна, но најбитно од сè „човечка“ перспектива. Се чини дека Чашуле, всушност, намерно и настојчиво, во повеќе наврати се откажува од обидот да ја симулира „сезнајната“ и „научно-објективна“ позиција на стандардната мемоарска литература. Напротив, Чашуле го открива својот став дека „автобиографските записи се негово лично, интимно видување на луѓето и на настаните, па затоа и само дел од објективната вистина“ (149). Затоа, Јелена Лужина во предговорот од книгата ефектно поентира: „Меѓутоа, оваа книга, колку и да е евокативна или меморабилна по својот карактер, на стандардната мемоаристика вешто и лукаво ѝ опонира токму со она што не може да ѝ биде оспорено: со интонацијата со која се испишани сите нејзини пасажи, ама и со начинот на кој нејзината граѓа и нејзините јунаци авторот доследно ги третира. Тој начин е, просто, човечки. Неговата мера е човечки едноставна (а не е историски претенциозна)“ (11).

          За стапиците на автобиографскиот и на мемоарскиот потход, Чашуле најотворено говори по повод книгата Јазли на Владо Малески. Имено, мемоарскиот пристап, според Чашуле, „може да го зароби запишувачот, да го направи пленик на болката од минливост (...) да го направи вјарменик, роб на суетата (...), роб на поривот да скрои ново домислено паметење за себе“ (107). Имено, слично како и неговиот пријател Малески, Коле Чашуле постојано особено внимава да ја одбегне „лизгавицата (стапицата) на автобиографското“ (107).
          Оттука, проблематизирањето на мемоарскиот жанр неизбежно го имплицира и односот на писателот кон другиот/другите. Во оваа насока е особено индикативно толкувањето на Чашуле на автобиографскиот потход на Ристо Крле, што би можело да биде релевантно и пертинентно за неговите Антимемоари: ликот на авторот, како во случајот со Крле, во овие меморабилни текстови напати се одделува „од конкретниот животен податок и израстува во книжевен лик, кон кој авторот има, напати, и слабост и пристрасност, но и потсмев и иронија, па и покажување со прст, закана“ (154). Оваа двојна позиција овозможува да се надмине дисјунктивната логика: авторот воспоставува однос кон себеси низ призма на односот со Другиот, а тој однос подразбира и критичка свест кон сопствените постапки. Толкувањето на Ката Ќулавкова, изнесено во текстот „Од света творечка фамилија до политичка есеистика“[5], ја пунктира оваа димензија суштествена за книгата на Чашуле: „Спрегата меѓу критичко-теорискиот и толкувачкиот говор со мемоарскиот стил на есеистичката, литераризирана проза на Коле Чашуле е налик на спрегата која е воспоставена меѓу субјектот кој посматра и субјектот кој доживува, раскажувачко-актерскиот субјект на и во самите Антимемоари. Таа спрега го генерира мешаниот жанр што Коле Чашуле го нарекува, пркосно и инвентивно, Антимемоари. Таа спрега се покажува како погоден простор за поврзување на две клучни карактеристики на личноста на Коле Чашуле, пркосот и инвентивноста, бунтовџискиот менталитет и потребата да се уважи стварноста како саможив дел на имагинацијата. Таа спрега ги има поврзано со една флуоресцентна мнемоничка нишка записите на Коле Чашуле кои се провлекуваат низ повеќе децении, низ повеќе географии и низ повеќе биографии“.

Книга на портрети и омажи

          Антимемоари е книга што нуди ретроспективни погледи кон еден океан од значајни настани и личности врежани во меморијата на писателот. Оттука, читањето на оваа книга би можело да се спореди со посета на еден вид на „постојана поставка“, на која се прикажани исклучително пластични и живи портрети на галерија од неодминливи личности од македонската културна историја на дваесеттиот век. Но, нивните портрети не се направени за да се идеализираат како личности, ниту се сликани низ „црно-бела“ визура. Од оваа перспектива, Благоја Иванов оправдано констатира дека книгата Антимемоари на Чашуле не го следи мемоарскиот жанр, бидејќи „нема приказна за себе, кажувањата се за други“[6].
          Од неопходната временска дистанца, преку текстовите од Антимемоари Коле Чашуле ги согледува клучните елементи во процесот на личното созревање низ средбите со другите. Несомнено е дека оваа книга би можела да се чита и како еден вид на непретенциозна, но исцрпна и исклучително богата и разновидна, интелектуална автобиографија на Коле Чашуле. Писателот повторно и повторно ги оживува сеќавањата на своите „даскали“: од баба Ташка и Марко Цепенков до славните современици во сферата на книжевноста, театарот и општествениот живот.
          Притоа, интересот на Чашуле е, пред сè, да го наслика „човечкиот лик“ на своите знаменити современици. Понекогаш во портретирањето на личностите, Чашуле го става акцентот на физикусот, како во „портретот“ на незаборавниот Петре Прличко: „Возбудуваше треперењето на неговите раце, немирот на неговиот поглед, во кои како секавици се сменуваа љубопитството, стравот, лутината, радоста“ (290). Понекогаш, меѓу кориците на Антимемоари се нудат и ефектни психолошки портрети, како оној на Ристо Шишков, опишан како „вулкан кој си ја насетува како ненаситна болка силата, вулкан кој не може да си ја најде мудроста како да се смири, вулкан кој сам себеси се гори (...) за таквите артисти вреди да се пишува“ (362). Сепак, најчесто воАнтимемоари наидуваме на „духовните профили“ на македонските книжевни и културни дејци. Како мала илустрација, за актерот Тодор Николовски, на пример, Чашуле вели: „ако се бара вистинскиот прекар за него, тој би требало да почне од зборот добрина, па да се премине на кроткост, па во разбирање, па во давање поддршка, па во проштавање, по кое сите излегуваа збогатени“ (293). Може дури да се каже дека Антимемоари е една голема збирка на омажи, на оддавања признанија на своите современици. Така, драмскиот автор не ја пропушта можноста кога говори за актерските интерпретации на Ристо Шишков, да изрази безрезервна благодарност кон целата актерска фела: „Помудри, побогати сте и од нас, срочувачите на текстови, затоа што на она кое сме го напишале како слово, вие, со својата божествена дарба и сила му вдахнувате – живот“ (362).
          Дури и кога ги карактеризира современиците со кои имал несогласувања, недоразбирања и спротивставени ставови (особено во дебатата реалисти-модернисти), Чашуле покажува целосен респект кон „противниците“, потенцирајќи го нивното значење за македонската култура, како, на пример, во сеќавањата за критичката дејност на Димитар Митрев: „Тој, според мене има грамадна заслуга веќе и заради фактот што беше секогаш еден вид инспирација за творечки простум спроти него“ (209). Особена почит Чашуле искажува кон колегите-писатели и уметниците кои стоички ги трпеле ударите на судбината. Така, за Ристо Крле, во едно од сведоштвата, се вели: „Мудрост имаше во тој негов животен став, мудрост до која, еве, не сме дораснале безмалку сите“ (147).
          Имено, Чашуле никогаш не пропушта да ги истакне доблестите на своите современици, така што токму за Ристо Крле сведочи дека: „Ниту еднаш, ниту еднаш не насетив, не чув од него поплака или грд збор за некого“ (123). Веројатно затоа и Георги Старделов е сосем во право кога тврди дека во суштина во оваа книга на Чашуле не само што не сретнал „ниту една лага“, туку „ниту еден лош збор за никого“ (исто). Веројатно затоа Ката Ќулавкова е во право кога вели дека оваа книга на Чашуле би можеле да ја читаме и како „лекција по хуманизам“.

Книга за пријателствата

          Во овој контекст, ако бараме заеднички, обединувачки критериум за изборот на личностите од сферата на културата кои се предмет на кажувањата на Чашуле, тогаш, тоа е, речиси без исклучок, печатот на искреното пријателство. Антимемоари, бездруго, би можела да се чита и како книга за пријателствата што го збогатуваат и му даваат смисла на животот. „Пријателствата се непредвидливи, доаѓаат кога не им се надеваш. Те збогатуваат, но и те растажуваат кога имаат брза разделба“ (307) – констатира Чашуле. Оттука, воопшто не изненадува фактот што писателот акцентот најчесто го става врз првите средби (и првите впечатоци од тие средби) со идните пријатели, разговорите (и темите на тие разговори) со секој од пријателите, миговите кога се носеле крупни одлуки, споделувањата на некои (мали или големи) тајни, чиешто делење ги зацврстува пријателските врски, но и сеќавањата на последните средби, последните „виѓања“, т.е. разделбите со пријателите.
          Притоа, интересот на нараторот честопати е фокусиран на недоволно познатите факти, на она што е „недооткриено, и покрај тоа што ни е на сите пред очи“ (58). Некои од овие сеќавања за пријателите би можеле да бидат еден вид „надополнувања“ на добро познатите живописи на посочената личност. Книгата Антимемоари би можела да се чита и како неисцрпен извор на анегдоти за значајни личности од македонската книжевна и културна историја. Анегдотите, како „помалку познати случки и настани од приватните животи на познатите луѓе“, во Антимемоари на Чашуле се раскажуваат за да се покаже дека и најзначајните личности имаат свои мали недостатоци, како и за да се долови и ведрата страна на животот, неретко во тешки животни и историски околности. Особено впечатливи се многубројните анегдоти од возбудливиот патопис „Спомени и патешествија – Освојувањето на Америка“, анегдотите за Владо Малески, Симон Дракул, Димитар Митрев, Харалампие Поленаковиќ, Антов Панов, Стале Попов, Петре Прличко, Милица Стојановска, Ловро Матачиќ, Илија Милчин, Димитар Ќостаров, Лазар Личеноски или Борис Чипан. Низ евоцирањето на анегдотите Коле Чашуле ја потенцира потребата за одржување на споменот на некои личности не само како „митски фигури“, туку и како „луѓе од крв и месо“, особено ако се има предвид уверувањето дека „луѓето живеат колку и споменот за нив“.
          Текстовите од кои се сочинети Антимемоари, речиси без исклучок, ги потенцираат доблестите на пријателите на Чашуле. Впрочем, значителен дел од текстовите се сочинети како чин на „оддолжување“ на писателот на неговите искрени пријатели за поддршката што му ја давале и за пријателството.

Книга на драгоцени сеќавања и сведоштва

          Во книгата пишувана во последните две децении од животот на Коле Чашуле, сеќавањето и пишувањето се проникнуваат во едно неразлачиво единство. „А не е лесно, богами, и да се патува наназад. Не!“ (15) – потсетува Чашуле уште во воведниот текст „За моите учители“. Значителен дел од сеќавањата објавени во Антимемоари е посветен на „творечките драми“ и „творечките востанија“, како на авторот така и на плејада од неодминливи писатели и театарски дејци. Од денешна перспектива, трогателни се сведоштвата за ентузијазмот да се пишува на штотуку стандардизираниот македонски јазик: „Некаква силна потреба во сите нас диктираше да истражуваме, да се обидуваме, да пишуваме не толку затоа што имавме нешто да кажеме, колку да искажеме на наш јазик, да го озакониме јазикот“ (140). Во дел од сведоштвата се засведочува и процесот на настанување, но и оној на непосредна рецепција на неодминливи дела од македонската книжевна историја. Љубопитството на Чашуле честопати е насочено кон тајните на творечкиот чин: „како функционира таа писателска лабораторија, кои се нејзините закони, која движечка сила? Колкаво е влијанието од незадоволството од себе? (142)“. Сведоштвата на Чашуле се драгоцени и затоа што преку нив добиваме можност да ѕирнеме во творечките лаборатории на повеќе автори. Од друга страна, особено драгоцени се и сведоштвата на Чашуле за создавањето на низа институции од сферата на културата.
          Некои од податоците што Чашуле ги објавува на страниците од Антимемоари можат (и мораат) да бидат земени предвид од страна на македонската книжевна наука. На пример, Чашуле сведочи за „нестанувањето“ на значаен дел од оставината на Крле од ракописот на неговата Автобиографија: „Фактот што, еве, дури денес сме во состојба да објавиме дел од неговата Автобиографија е најнепорекливо сведоштво дека инерцијата на неправдата и на потурнувањето продолжуваат, напати, и преку границите на разумот (...) А јас сум жив сведок дека тие страници се напишани“ (151-2).

Книга на преиспитувања и сомнежи

Живееме самоубиствено време, време на безумие,
кога умопомрачувањето е општа состојба... (57)

          Како што има изјавено во едно впечатливо интервју со писателот Тодор Чаловски, за Коле Чашуле, пишувањето е еден вид преиспитување и „пресметка со себеси“. Оттука, книгата Антимемоари би можела да се чита и како „литература на болка, на себеистражување, на сомнежи, на запрашаност, на дилеми“ (63). Таа е книга на себеиспитувања и книга што повикува на освестување. Претставувањето на себеси, но и на „портретите“ на своите современици, за Чашуле е незамисливо без да се тематизира општествено-политичкиот контекст во кој се живеело и се живее. Затоа, Ката Ќулавкова ги разгледува Антимемоарикако политичка есеистика: „Мемоарите секогаш одат од онаа страна на иманентните книжевни, театарски и уметнички простори, навлегуваат во сферата на културниот, општествениот и политичкиот живот, па оттаму стигнуваат на прагот на политичката рефлексија и се конституираат како политичка есеистика. Не обични спомени, туку критички мета-мемоари кои почиваат врз една вредносна дистанца и ја покажуваат моќта на херменевтичката фузија на хоризонтите на авторот, на историјата и на перспективата на другиот, слеани во едно, во една интимна и заветна перспектива“.
          Критичен и кон минатото, но и кон сегашноста, Чашуле во Антимемоари анализира низа на горливи теми, меѓу кои постојано се наметнува темата за јазот меѓу идеалите и стварноста, како и темата за губењето чувство за мера. Според Георги Старделов, еден вид на опсесивна тема во оваа книга, а и во опсежниот книжевен опус на Чашуле, е жестоката критика на феноменот на власта: „Освен познатите трагични македонски, историски црнила што се распространиле низ сите негови книги, феноменот на власта е втора голема тематска целина во неговото творештво, како во драмите така и во романите (...) Но не само власта од комунистичкото раздобие во кое и самиот се вгради со срце и со ум, туку и оваа денешнава, која се обидувала според него да го разнебити претходниот асномски период, не знаејќи дека со тоа ја разнебитува и самата Македонија“[7].
          Имено, на страниците од Антимемоари, Чашуле има смелост да ја постави дијагнозата на синдромот на апсурдното „себеоткажување“ на нашево време: „Се откажуваат луѓето од себеси, се пресоблекуваат во севозможни, новоскроени, самоделски, партиски одежди, се пресуратуваат во нови сурати, се откажуваат од своите идеи, верувања, од својата историја, од своето минато, од своите дела, од својата фамилија, од најблиските, од она со што се легитимирале и гордееле“ (59). Некои од прашањата што Чашуле ги поставува на страниците од Антимемоари вџашуваат со загриженоста на авторот за актуелниот политички миг: „Се заситивме ли од Македонија? Ни боктиса ли нејзината Могила на непобедените, нејзината востаничка и АСНОМ-ска победа, нејзината држава, нејзината образовна и културна преродба? (...) Се откажавме ли самите од себеси?“ (499-500).

Книга на аманети

          Низ призма на влогот што оваа книга на Чашуле несомнено го дава во колективната меморија, Ката Ќулавкова забележува дека: „Книгата Антимемоари на Коле Чашуле, колку и да се декларира како антимемоарско дело, се обидува да одбрани од заборавот бројни македонски приказни, се обидува – на обеспаметената состојба на амнезија да ? ја спротивстави македонскатамнеме, македонската современа ’сторија’ составена од бројни парчиња, фрагментирана мозаички, така што едновремено да претставува и целина за себе, и целина на делови“.
          И покрај свесната и намерна дистанца од мемоарскиот дискурс, со длабочината на мисловните зафати и со перманентна самокритика, делото Антимемоари би можело да се чита и како еден вид на „интелектуална автобиографија“ на Коле Чашуле. Премрежјата што ја преокупираат неговата свест остануваат да бидат актуелни и по неговата смрт. Затоа, Антимемоари можеме да ја читаме и како еден вид на „тестаментална“ книга на Коле Чашуле, книга што изобилува со дискретно соопштени аманети (не само на авторот, туку и на неговите современици) за идните поколенија.
          Некои од тие аманети, предизвици и „задачи“ се пласирани и особено експлицитно, како, на пример, низата препораки адресирани до македонската книжевна наука. Коле Чашуле повикува на нови читања на плејада дела од македонската современа литература. Повикува и на ревалоризации на делата на родоначалниците на македонската книжевност и култура. Антимемоариупатуваат на низа од недоволно проучувани пунктови од историјата на македонската книжевност, при што се регистрирани низа (мали и големи) „неправди“ кон повеќе македонски книжевни творци. Еве само неколку од неговите аманети за книжевните проучувачи: 1) „Струшката книжевна традиција е нешто кое бара допрвашна темелна разработка и анализа“; 2) „Нашиот долг кон него допрва ќе треба да се плаќа“ (за Крле); 3) „Плејада македонски мислители, револуционери, писатели и борци допрва треба да бидат вратени во нивниот природен амбиент. Македонија. Тоа што, повремено, а некои и трајно, губеле ориентација, застанувале на згрешена страна, губеле здив и вера, станувале жртви на малодушноста, на манипулацијата со нив, не треба да ги екскомуницира од македонската историја“ (за Венко Марковски); или, 4) „Македонската книжевна историја треба – напати – да се приспомне и на таа проста вистина. Колку и да е научнички студена – демек, егзактна и објективна – нека не се стеснува, понекогаш, на првиот македонски роман да му искаже и малку љубов!“ (за Стале Попов)...
          Во предговорот на Антимемоари на Чашуле, Јелена Лужина сведочи дека книгата Антимемоари од Андре Малро била омилено четиво на Чашуле: „забележав (не без чудење) дека безмалку ниту една од 580 страници не е негибната (...) книгата очигледно била читана и препрочитувана постојано. Со години и децении“ (11-12). Се чини дека и во овој случај се соочуваме со книга што несомнено вреди да се препрочитува, да се подвлекува, да се памети, да се толкува. Повторно и повторно. На една од тие страници (од мојот примерок) на кои веќе има повеќе подвлечени реченици и зборови, ја среќавам увереноста на авторот дека пишувањето е врвен чин на паметење: „И сега, само за она кое не само што не треба да се потурне и заборави, туку и да се подвлече: Да се подвлече!“ (347). Впрочем, Антимемоари на Чашуле е токму таква книга. Според Ќулавкова, оваа книга е еден вид на „интимна историја на Македонија во дваесеттиот век, особено на неговата втора половина“, според Старделов таа е „книга-паметник“, а според Иванов – таа е книга „против заборавот на големите вредности“. Да се надоврземе: Антимемоари на Коле Чашуле е книга за работите што „не смеат да останат незабележани“. Книга што инспирира и повикува на „мисловен бунт“. Книга-простум.

Белешки

[1] Чашуле, Коле. Антимемоари (прир. Јелена Лужина). Скопје: МАНУ, 2009, 550.

[2] Živković, Dragiša. prir. Rečnik kniževnih termina. Beograd: Nolit, 1992.

[3] Le dictionnaire du litté ;raire (sous la direction de Paul Aron, Denis Saint-Jacques, Alain Viala). Paris: PUF, 2002.

[4] Во рамките на промоцијата на Антимемоари во МАНУ, одржана на 10.12.2009 година.

[5] Ќулавкова, Ката. „Од света творечка фамилија до политичка есеистика“, во: Mirage/Мираж бр. 22, декември 2009.

[6] Промотивна беседа на Благоја Иванов, на промоцијата во МАНУ на 10.12.2009 година.

[7] Цитат од текстот „Постхумно промовирана Антимемоари на Коле Чашуле“ на Александра Бубевска.