Јулија Крстева

Јулија Кристева (Julija Kristeva) е француска писателка од бугарско потекло. Родена е 1941. Во Франција живее од 1966 год. Таа е книжевен теоретичар, лингвист и психоаналитичар. Се смета за истакнат претставник на францускиот феминизам. Има објавено повеќе книги, меѓу коишто: Семиотика (1968), Текстот на романот (1971), Револуцијата на поетскиот јазик (1973),Полилог (1977), Љубовни приказни (1983) и др. 
Огледот „За необичноста на фалусот или женското меѓу илузијата и дезилузијата“ ("De l'etrangete du phallus ou le feminin entre illusion et desillusion") на Јулија Кристева претставува првично едно од серијата предавања одржани во вид на курс за студентите на Универзитетот Paris VII - Denis Diderot, меѓу 1994 и 1995 година (февруари 1995), на тема „Моќта и границите на психоанализата“. Во тек на овие предавања таа ги преиспитува искуствата на тројца славни (француски) писатели на 20 век, кои се показателни за предностите и безизлезот на културата на револтот или културата-револт: Луј Арагон, Жан Пол Сартр и Ролан Барт, како „различни фигури на субјективитет“. 
Овие предавања се објавени во нејзината книга Смислата и бесмислата на револтотМоќта и ограничувањата на психоанализата, том прв (Sens et non-sens de la revolte, Pouvoir et limites de la psychanalyse I, Paris, Fayard, 1996). Во оваа книга таа го промислува прашањето на револтот како парабола на независноста и творечкиот потенцијал на човекот, како облик на нова култура. Кристева, по вокација лингвист, револтот го толкува најпрвин етимолошки, потоа, како што самата вели, прустовски, како „разоткривање, враќање, преместување, како реконструкција на минатото, на сеќавањето, на смислата“. 
Психоаналитичката оптика на Ј. Кристева актуализира клучни аспекти на родовите и феминистичките студии, секогаш во корелација со некој конкретен книжевен опус, овојпат и врз основа на изворна клиничка практика. Во тој отворен толкувачки контекст, Кристева го интерпретира феноменот на „женското“ (le feminin) низ призма на тн. едиповски револт, но и низ призма навраќањето на архаичното. Револтот кај жената се јавува во вид на особен женски атеизам, денес актуелен во светот. Таа ја проблематизира скептично и со своја аргументација специфичноста на женскоста - понекогаш диверзивно радикална, понекогаш пристрасно приврзана за претходниците (Фројд во психоаналитичкиот дискурс, Бахтин во поетичкиот).Идентитетот на женскоста таа го бара низ ракурсот на бисексуалноста, што ја одредува нејзината основна премиса: „Јас сум Другиот“, значи и женскоста е не само другост по однос на машкоста, туку и самата е еден облик на машкост, како што и машкоста е иманентно женствена. Потиснувањето и непризнавањето на бисексуалноста кај жената (и кај мажот) доведува до репресија, деформација и малформација на идентитетот и на личноста, што се одразува и врз поширок општесвен контекст, во форма на национализам, конзервативизам, фундаментализам, расизам... 
Атрибутот женско, поставен меѓу илузијата или заблудата и дезилузијата или губењето на илузијата, наспрема а не само наспроти фаличкиот атрибут, Кристева го ре-дефинира враќајќи се на меморијата на женското, а таа пак се пројавува секогаш како јазик и како несвесно. Таа го набљудува феноменот на женската бисексуалност од аспект на специфичниот однос на жената кон фалусот, и во таа смисла ја одредува жената како психички бисексуално суштество. Кристева инсистира врз концепцијата на копрезентноста на сексуалноста и на мислата кај жената (мисла-сексуалност/сексуалност-мисла). Јазикот е просторот на взаемно содејство на мислата и сексуалноста, но треба да се имаат предвид и сите нивни пројави несводливи на свесната јазична комуникација.

Прикажи # 
Наслов Created Date Посети
РЕЧТА, ДИЈАЛОГОТ И РОМАНОТ 23 Април 2013 4225