Ричард Палмер

Ричард Е. Палмер (Richard E. Palmer) е професор по филозофија на MacMurray Колеџот. Автор е на книгата Херменевтика (Теоријата на интерпретацијата кај Шлаермахер, Дилтај, Хајдегер и Гадамер, 1969), една од најреферентните студии на херменевтиката, област која побудува се' понагласен интерес и стекнува исклучителна важност во духовните науки како филозофијата, теологијата, теоријата на книжевноста, реториката. Херменевтиката е сфатена како теорија на разбирањето и на интерпретацијата (толкувањето). Р.Е. Палмер ја обликува својата концепција на современата херменевтика осврнувајќи се критички на поимот (општа) херменевтика кај Шлаермахер, Дилтај и Хајдегер и на „филозофската херменевтика“ кај Гадамер. Тој ја истакнува улогата на херменевтиката не само во филозофијата, туку и во книжевните толкувања. Тој ги проширува херменевтичките хоризонти отворајќи ја херменевтичката парадигма на тн. хуманистички науки кон научните форми на интерпретација, со оглед дека проблемот на разбирање и толкување го сфаќа како основен проблем на човештвото и на културата.