МАКЕДОНЕЦОТ КАКО ЛЕГБА - ДИЈАЛОГ СО ДРУГИОТ ИЛИ ИСКРИВУВАЊЕ НА ХРОНОТОПИТЕ СО ПОДВИЖНА ЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА?

Јасминка Марковска

      Кога се разгледува  историско-географската положба на Македонија, или македонскиот хронотоп, веднаш се забележува дека (барем) во последниве 100 години, тоа е динамична и променлива структура, којашто постојано варира површински (гранично) и во којашто постои промена на внатрешните структурни чинители (иселеништво, јазик, национални припадности). Во овој период се направија и најголемите обиди да се зацврсти идентитетот на Македонецот. Истовремено, Македонија е митска земја, постои во библиските записи, некогаш била моќно царство и ја запоседнувала територијата на скоро целиот тогашен свет (митот за моќта на Александар Македонски, кој подоцна поскромно се трансферира во митот за Самуиловото Царство). Токму зад овие факти се крие и една болна вистина која на Македонецот му создава тешкотии при создавањето слика за себе си, а со тоа и за Другиот - централизацијата и стабилната идентификација постоела во минатото, но не и во сегашноста и блиската историја. Токму на оваа претпоставка се повикува и Бранислав Саркањац, кога вели: ... таа (Македонија) не може да се определи како земја со неоспорен или неоспоруван идентитет како национална држава (со суштествените елементи, име, јазик, култура, националната историја, национално-државни обележја - знаме, грб и сл.). Во таа своја притеснетост од двојни гледања на работите, ни ваму ни таму, во таа своја хибридност, дихотомичност, апоричност - не е европска; не е ни неевропска земја; има идентитет, нема идентитет; има историја, нема историја; не се дофаќа ниту со модерен, ниту со постмодерен дискурс... (4, стр.62)
      Лоциран во еден ваков контекст, Македонецот е секогаш распнат помеѓу сопствената актуелна немоќ (која му се потврдува со познавањето на блиската историја) и знаењето за некогашната моќ која се врзува со дамнешните историски збиднувања. Со самото тоа што денешниот Македонец потекнува од словенските доселеници кои се ситуирале врз остатоците на моќната Александрова империја се создава проблем искористуван од страна на соседите кои го негираат македонскиот мит за Александар и инсистираат на свој, грчки. Ова е една од основните причини за креирање на ситуации во кои Македонецот (како граничен случај, маргинално Друг за Грците) е принуден да балансира помеѓу сопствената приказна и историското раскажување на европски центрираниот сосед. Со самото тоа, тој е поставен во позиција на иницијатор на конфликт, зашто ако згреши и инсистира на сопствениот етноцентризам, Другиот реагира и обвинува, целејќи токму на болната немоќ за создавање на еднонасочна вистина. Овој Балкански феномен го забележува и Марија Тодорова, кога вели дека двосмисленоста се смета зааномалија, и тоа не на вистината (фактот), туку на територијата, народот. Соочени со фактите и идеите коишто не можат да бидат вкалапени во постоечката шема, или кои овозможуваат повеќе од едно толкување, човек треба или да замижи пред адекватноста на концептите, или пак сериозно да се позанимава со фактот дека некои реалности се излиснуваат од шемата (5, стр. 24) При тоа, шемата не ја креира Македонецот, а, поради немоќта да ја измени, замижува пред неадекватноста на туѓите концепти и привидно ги прифаќа за свои, секогаш имајќи ја на ум и другата, сопствената вистина. Тој самиот игра улога на медијатор помеѓу Себе и Другиот, т.е се подвојува во суштината.
       Само што Македонските Словени почнале да создаваат своја, нова империја, биле принудени да се покорат и да потпаднат под Отоманската Империја. Заради важната стратешка положба на Македонија и специфичниот културен контекст во кој се наоѓала, таа доживува навистина голем степен на мешање на културите и, повторно, двоен однос кон Турците. Имено, во Македонското народно творештво постојат докази за идентификација на Македонецот со Турчинот (некој вид на идентификација со централната власт), при што се напаѓа непријателот(ите) на Турската империја - претставени како Наполеон, Франција, Русија и сл. Истовремено, петте века кои Македонецот ги поминува под турски протекторат се демонизирани и претставувани како можеби, најкрвавиот и најтешкиот дел  од опстојувањето на Македонија како ентитет. Но, она што е интересно е дека, токму во овој период границите на (провинцијата, протекторатот) Македонија се најстабилни.  Иако не постоела Македонска држава, постоело најконкретно и реално определување за тоа што е Македонецот (во смисла на тоа на која територија живее, на кој јазик говори, и на која религија и припаѓа) и цврста заедничка борба против (единствениот) непријател, кој истовремено бил заштитник од Европскиот Друг. Ова доведе до јакнење на етноцентризмот, што во 1903 година резултираше со Илинденското Востание и Крушевскиот Манифест, како важен обид за дефинирање на Македонецот во однос на внатрешниот Друг (она што се нарекува малцинство во однос на Македонците) и негово најконкретно повикување на заедничка борба против надворешниот  Друг - Турците.

      Токму во овој период започнува вистинскиот проблем со Македонската државност, националност, идентитет, границите. Создавањето на препознатлива и манифестирачка етноцентричност и чувство на национална припадност кај Македонецот делуваше раздразливо кај соседите, кај кои веќе одамна беа присутни и развиени овие категории (освен во  Албанија). Македонецот веќе не беше под протекторат на посилните Турци (централната власт, моќ), но тој, во никој случај, не требаше да развие свој сопствен идентитет и  да стане моќен, централизиран Друг, беше подобро да остане не-етноцентричен народ кој би ги прифатил нив (соседите) како централна власт, а македонската територија која и без тоа беше останата без конкретни географски граници можеше многу удобно да се присвои и да стане нивна. Со прифаќањето на нивните правила, принудно би се прифатил и идентитетот, при што Македонецот за нив би бил маргинална фигура, а тие би го претставувале центарот. Ваквото ре-креирање на историјата е проблем опфатен од пост-колонијалниот дискурс  на расправа и појдовна точка на обидите за „облагородување“ на сликата за маргиналните простори и народи. При разгледувањето на проблемот на Ориентот, Саид ќе каже:Тргнувам од фактот дека Ориентот не е инертен факт. Тој не е нешто што просто постои, како што ни Окцидентот не е нешто што просто постои... ... луѓето сами ја создаваат својата историја, за да можат да го знаат она што го создале, и да го прошират на географија: местата, регионите, географските подрачја како „Ориент“ и „Окцидент“, ги создал, исто како и географските и културалните ентитети - за историските и да не зборуваме - човекот.  (3, стр. 13)
      Забележувањето и свеста за овој факт е добро искористена од помоќните соседи на Македонецот, кои пласираат свои слики и дискурси за историјата, сликата и (непостоечкиот) идентитет на Македонецот кај оние кои се наш „Окцидент“. Во периодот претставен со Балканските војни, се до крајот на Втората Светска Војна и Првото Заседание на АСНОМ (клучен период за денешната голема болка на Македонецот и градењето на неговиот идентитет) особено се интензивирало инсистирањето на заборавање на оваа вистина, која не требало да важи за секого подеднакво. Имено, Македонецот требало да ги прифати нивните државни и фиктивни замисли како инертно постоечки факти кои се доволно вистинити со самото тоа што би биле искажани од (условниот) Окцидент.
       Со постојаните напади и присвојување на територијата на фиктивната Македонска држава, со интензивните пропаганди и забрани за јазичната слобода на Македонецот, со постојаното негирање на неговиот идентитет, се создаде сосема поинаков ефект од посакуваниот. Македонецот се повеќе го градеше и развиваше чувството за себе како за маргинализирана  фигура која треба да се бори против негирањето, и конечно, од секој аспект да го развие националното чувство и чувството на припадност на одредена територија.
       Во овој период е настаната и поделбата на државата помеѓу соседите, а она што се нарекувало Вардарска Македонија е денешната Македонија со (сé уште) спорни граници. Со самото тоа Македонецот се создаде како преговарач не само меѓу Себе и Другиот, туку стана и шизофрено расчленет медијатор меѓу Себе, Србинот, Бугаринот, Албанецот, Гркот, со многу свежо сеќавање за Турчинот-Деспот, под закана на Страшниот Друг (демонизираниот Окупатор од Првата и Втората Светска Војна кој ја симболизираше Европа), со желба за заштита од Непознатиот Друг (Америка, Австралија, Канада - во овој период се лоцираат најголемите иселенички бранови).
      При читање на текст од Стивен Мају, сретнав една интересна фигура на бог-трикстер, митска фигура од Централна Африка, кој е прекрасна метафора за Македонецот и неговата позиција. 
...Фоните од Северна Африка исто така имаат  еден бог-Трикстер, Легба, моделиран според Есу-Елегбара од Јоруба религијата. Легба е лингвистички медијатор, создателот на магијата, подржувачот на просветленијата, постојан крадец и создател на неволји кој исто така смирува и повторно ја средува состојбата. Тој е преведувачот помеѓу боговите на Фоните, кои говорат различни јазици, и гласникот од боговите до луѓето, давајќи им моќ на пророчиштата да ја толкуваат судбината при просветлувњето. Како создател на магијата, Легба „ги носи на отворено моќите на сите граници, отвара премини за нов вид живот, и ги прави можни трансформациите дури и додека ги стимулира конфликтите.“ Тој „живее онаму каде што различните светови се спојуваат и може да се движи назад и напред меѓу нив, а сепак не може да го смени едниот за другиот“. Легба е измамник сличен на Хермес, кој преведува и трнсформира. Тој е „жив лимен“ , премин кон другиот, кој „безмилосно го зголемува видокругот  (доменот) на човештвото
“...(1, стр. 23)

       Целта на овој цитат, надвор од историскиот дискурс на Македонија не е да ја „облагороди“ сликата на Македонецот споредувајќи го со бог, туку да укаже на сликата за „измамникот“ Македонец, исклучително важна при анализата на опстојувањето на македонскиот идентитет. Низ краткиот културно-историски осврт на променливоста на границите на Македонија, сакав да укажам на постојаната медијаторска, ускладувачка улога која не му дозволува на Македонецот никогаш да се одвои од Другите (како Легба од посилните богови), туку постојано да мора да „преведува“ меѓу нив, да им ги ускладува интересите и дискурсите. Обидите да се одвои или да одбие да биде само посредник секогаш резултираат со конфликт: Балканските војни се резултат на неуспешен договор помеѓу соседите (Македонија одбива да биде медијатор и канал на нивните идеи, па станува жртва).
        Исто така, последниот обид да се создаде сопствен јазик, дискурс и државност доведоа до конфликт со внатрешниот, етнички Друг - Албанецот, при што најспорното прашање е токму двојазичноста на државата. На Македонецот му е иманентна и карактеристиката на жител на гранична територија, која фиктивно припаѓа на сите наоколу, така што самата е лимен (понекогаш добива некаква поцврсто дефинирана форма), но повторно, при секој обид за утврдување на строги граници, настанува перфорација, конфликт - таков транспарентен чекор кон идентификација едноставно не е дозволено да се случи. Затоа, тој мора да опстојува измамувајќи се себе си (никогаш нема цврсто дефиниран имиџ, слика за себе), гледајќи се во огледала кои искривуваат по теркот на Другите. При тоа, тој го измамува и светот, презентирајќи огромна желба за прифатеност во заедницата на Другите и покорување и следење на нивните критериуми. Се работи, всушност, за постојана адаптација во која се губи смислата на државноста, народот, етницитетот, идентитетот, јазикот, сопството. Истовремено, на Западот (Големиот Друг) не му е јасно како може една ваква трикстерска држава да постои, и не само тоа, туку истата таа да е клучна за мирот и стабилноста на поширокиот хронотоп (Балканот). Обидувајќи се да ја моделира по сопствените теркови, да ја шематизира, превреднува оваа државичка, Западот ја превиде флексибилноста на Македонецот кој, лишен од стабилни критериуми неверојатно брзо ја измени и радикализира сликата за Другиот, при што си дозволи себе си да го посматра внатрешниот Друг како од Центарот.
       Во суштина, во Македонија ваквите ставови се повторно со матни разграничувања, зашто до неодамна таа беше дел од целина која се темелеше на принципот „Братство и Единство“, и каде, заради маргиналноста на нејзината положба во однос на централната Република Србија беше засилен етноцентризмот на жителите на Македонија на сметка на етноцентризмот на Македонците. Македонците немаа (видливи) конфликти со малцинските групи, нивните религии, јазикот и сл. Овие конфликти се појавија по осознавањето на тие групи дека се Други во однос на Македонецот (кој, за жал, уште го нема целосно осознаено овој факт, повторно измамувајќи се себе си). И така, Легба повторно го преведува дискурсот на боговите, просветлувајќи ги луѓето - „репресираните“ малцинства дека треба жестоко да инсистираат на постколонијален (во случајов радикализиран) дискурс на барање на свои права, на докажување на свој идентитет и зацврстување на некакви квазиграници во простори што сами по себе се без определени граници. Македонецот, неспремен, без слика за Сопството и без централизација, не сакајќи, се најде во конфликт со Внатрешно Другиот, при што говорот му е диктиран од Големиот Друг. Како резултат на неможноста на дијалог, повторно се случува познатата приказна на редефинирање и оправдување на границите и граничностите во и на Македонија, која, всушност, самата  е еден искривен хронотоп, постојано временски (историски) ремоделиран, со фиктивни меѓници и адаптибилна и подвижна централизација.