ПРОЛЕГОМЕНА ЗА ЕДНА ТЕОРИЈА НА ЧИТАЊЕТО

Џонатан Калер

      Луѓето што се занимаваат со литература сакаат да читаат критики или прилози како овој. Тоа кажува нешто многу важно за суштината на нашата дисциплина. Малкумина ги отвораат овие страници верувајќи дека тоа е најрелаксирачкиот и најзабавен начин да се потроши времето. Ќе и’ обрнеме внимание на критиката и дискусијата за неа со надеж дека ќе чуеме вредни предлози, аргументи и вредни расправи. Се чини дека веруваме во квалитетот на она што е кажано за литературата; дека тоа може да влијае врз нас и врз туѓите заложби на литературата и оттаму да биде поттик за еден потфат во кој се вклучени многумина професионалци. Претпоставката дека ќе бидат изнесени значајни ставови во критичките расправи е очекување, многу почесто изневерено отколку исполнето; но постоењето на претпоставката или поточно, нејзиното зачудувачки упорно опстојување наспрема нејзиниот неуспех покажува дека литературната критика ја гледаме како дисциплина што стреми кон знаење (научност).
      Некој, се разбира, може да тврди дека оние што се занимаваат со проучување на литературата се во заблуда за природата на своите активности. Норман Холанд (Norman Holland), на пример, би рекол дека не се здобиваме со знаење за литературата преку нашите активности туку само ако го анализираме јаството, исто онака како што го реконструираме сопствениот идентитет низ делата, посетувајќи ги часовите. Идејата за прогресивен, интерперсонален статус на знаењето, во ова светло, изгледа чиста илузија, но јас сметам дека ние не сме во заблуда за природата на нашиот потфат. Претпоставката дека истражуваме нешто поинакво од самите себеси, дека соработуваме со јавните институции, кои можат да бидат спознати само до одредена мера, не ми изгледа како одбранбена ниту како самодоволна измама, иако, како што е познато, денешната историја на критиката го чини уште потешко прецизното одредување на начините со кои нашата дисциплина преминува во знаење. Откако литературните проучувања преминаа од ерудиција кон интерпретација, лесно беше определувањето на литературната критика како кумулативна дисциплина. Секој интерпретативен акт, за жал, не нè доближува до целта онака како што е наложено од интерпретативната критика: што е можно поточно разбирање на големите дела од англиската (француската или која и да е друга) литература. Натрупувањето на интерпретациите бара испитување на кумулативните знаења; тоа не прави неспособни да го замислиме прогресот како нешто различно од дијалектичката трансумпција. Секако, циникот може да рече дека критиката не се залага за подобра интерпретација и наполно разбирање на светот, туку за она што Шенберг (Shoenberg) во своето дело го именува како ерњартунг: хроматска заокруженост, одекнување на сите можни ноти од сите можни партитури, заситеност од музиката на сферите.
      Некои од нас би посакале да ја напуштат идејата за критиката како дисциплина, доколку тоа би биле нужните последици од интерпретативната анализа. Цената што мора да ја платиме ако сакаме критиката да биде интерпретативен потфат е нејзиното декларирање за интерпретација. Но, за жал, тоа е цена што не може секој да ја плати. Невозможна е едноставна замена бидејќи би можела да ја парализира целата акција на нејзино зачнување. Интерпретацијата не може да се конципира сè додека не се сфати оти читањето е зголемување на знаењето и оти постојат стандарди на соодветност (standards of adequacy) на читањето според кои се одредува квалитетот на едно предложено читање. Интерпретацијата е неразделна од поимите метод и валидност. Таа не отстапува од концепцијата на критиката како дисциплина насочена кон знаење. Прашањето е - каков облик би имал таквиот потфат и какви проблеми би разработувал?
      Многу важно е уште на почетокот да се разјаснат карактерот и целите на критиката, во спротивно и најенергичните напори би станале попусти. Нортроп Фрај (Northrop Frye) своевремено даде едно свое храбро видување на критиката, обидувајќи се да ја преформулира во поетика, систематски приказ на форми, начини, теми и родови. Тој не беше експлицитен за методолошкиот статус на своите предлози и на начините на кои тие доживеаја успех, па поради тоа неговите напори пропаднаа. Фрај, едноставно, беше проголтан од интерпретативната критика и наместо кумулативен потфат за создавање поетика, се изроди уште еден вид интерпретативна практика: митолошката или архетипската критика, која ги интерпретира делата служејќи се и именувајќи ги категориите на Фрај. Важно е да се осигураме дека ваквото интересно пренасочување, пренаменување, не е нивно осакатување, а го потенцирам тоа, бидејќи Стенли Фиш (Stanley Fish) терајќи нè да се осврнеме на читателот и читањето, постојано се изложува на оваа опасност. Иако Фиш има ригидни ставови за суштината на литературното искуство, сепак, се чини дека нема јасно одредена програма за литературните проучувања и на тој начин се предава без борба за интерпретативната критика - што подразбира една добро изработена програма. Од афективната стилистика произлегува уште една интерпретација: опис на читателовото доживување на текстот.

       Ако сакаме да ги избегнеме ваквото искривоколчување и омаловажување, мора уште на почетокот да ги разјасниме нашите барања, па дури и да се покажат како недостижни. Мора да знаеме што треба да се објасни, кои факти и проблеми ги опфаќа нашата дисциплина. Ова е, без сомнение, најтешкото прашање што се поставува пред книжевната наука. Што се обидуваме да образложиме? Ние не сакаме да го објасниме начинот на постоење (битието) на литературните дела, а сепак би сакале нашата дисциплина да укажува на нивниот карактер и функција. Формата и значењето остануваат, и покрај сè, факти на кои им е потребно објаснување. Литературните дела во текот на проучувањето ги сметаме за објективни акти што поседуваат форма и значење. Во особеностите што литературните дела ги имаат за секого од нас се наоѓаат единиците што треба да бидат објаснети: (дека Крал Лир е трагедија, дека Марвеловата Хорациева ода може да се прочита и како пофалба и како осуда, декаПуста земја може да се унифицира преку тематизирање на формалните несогласности). Постојат многу можности за избор меѓу литературните единици. Оние што ја ценат разликата во интерпретациите на одредени дела може да го земат токму фактот на нивното разидување како место што би се образложувало. Критиката го свртува вниманието врз селектирани факти и конструира хипотези што ги објаснува.
       Секако, јас тврдам дека литературната критика само на ваков начин може да ги прифати императивите што би сакале да и’ ги поставиме. Ваквата ориентација на критиката води до актот на читање затоа што формата и значењето не се наоѓаат внатре во самиот текст. Исто онака како што гласовните секвенци го добиваат своето значење во сооднос со граматиката на јазикот, така и литературните дела навистина би ги збунувале оние што што не ги познаваат специфичните конвенции на литературниот дискурс, оние што немаат знаење за литературата како институција. За да се објаснат формата и значењето на литературното дело, најпрво треба да се одредат специфичните конвенции и постапки на интерпретација, што, пак, ќе ги оспособат читателите да преминат од лингвистичко познавање на речениците кон разбирањето на целината. За да се објаснат формата и значењето, читателите треба да формираат хипотеза за условеноста на значењето (the condition of meaning), па оттаму хипотезата за условеноста на значењето е потврда на конвенциите и интерпретативните операции употребени во текот на читањето. Накратко, сакам да кажам дека, доколку литературното проучување претставува дисциплина, тогаш тоа треба да стане поетика, поточно проучување на условеноста на значењето или изучување на читањето.
      Може да се наведе еден лингвистички пример како одговор на оние што се сомневаат дека ваквата методолошка преориентација е круцијална, како што јас тврдам. Решавачкиот чекор што го направи повоената лингвистика не се состои во лансирањето на тезата за постоењето две рамништа на лингвистичката структура, длабинска и површинска, туку во промената на нејзиниот фокус, нејзината тенденција да се редефинира задачата на лингвистиката. Структуралната лингвистика својата цел ја одредува како дескрипција на податоците т. е. дескрипција на реченичниот корпус. Со доаѓањето до заклучок дека, сепак, природниот јазик има неограничена можност за комбинирање на речениците, лингвиситката е принудена да го промени својот фокус. Дескрипцијата на ограничен збир реченици веќе не е соодветна. Наместо тоа, лингвистиката треба да ја опише способноста на родените говорители (оние што го зборуваат мајчиниот јазик), или она што тие го знаат кога го познаваат јазикот. Прикажувањето на компетенцијата е задачата што се актуелизира, откако средиштето на интересот се префрли од корпусот на компетенцијата. Тоа поместување е круцијално затоа што i’ дава цел но и релевантност на лингвистиката, водејќи ја кон нови хипотези и нови начини на интерпретација. Сега е јасно што се обидува да стори лингвистиката. Таа се труди да ја објасни компетенцијата на родените говорители (дека тие ја распознаваат синонимијата меѓу активните и пасивните реченици; ги сфаќаат сосем различните логички релации во две навидум слични реченици итн.).
       Свртувањето на вниманието врз дескрипцијата на компетентноста креира една витална дисциплина. Таквиот фокус и’ дава на лингвистиката долга низа факти (судови, интуиција итн.) што треба да бидат објаснети. Кога во рамките на литературната критика веќе не се трудиме да го анализираме корпусот литературни дела туку се обидуваме да извршиме дескрипција на читателската компетенција, доаѓаме до заклучок дека нашата методолошка втемеленост значително се подобрила.
      Интерпретативната критика нема што да објаснува; ниту има експлицитни стандарди што го гарантираат нејзиниот успех; нејзината цел е да генерира интерпретации коишто се доволно нови за да бидат разбирливи и коишто не се радикални за да бидат прифатливи. Анализата на книжевната компетентност (literary competence), онака како што таа се манифестира во користењето на интерпретативните стратегии е задачата на нашето проучување. Читателовата активност (неговите судови, толкувања, колебања) нè соочува со мноштво факти што треба да бидат објаснети, при што методолошката прецизност го олеснува нашиот обид. Благодет е да се знае што сака некој да направи, дури и кога задачата се покажува екстремно тешка.
      Непосредната достапност на фактите што бараат објаснување е една од најголемите доблести на ваквата преориентација и една од причините за фокусирање врз читањето а не врз пишувањето. Во принцип, поимот книжевна компетентност треба да биде рамнодушен спрема дистинкциите читање/пишување. Условеноста на значењето, книжевните конвенции - се исти, без разлика дали за нивното промислување се усвојува гледната точка на читателот или на авторот. Авторот има свое читателско искуство и своја визија за она што можат но и за она што би можеле да го направат читателите. Сето тоа го оспособува авторот за пишување. За да се постулира значењето, треба да се претпостави одреден систем на конвенции. Знаците ќе се креираат според неговата шема. Пишувањето би можело да се гледа како акт на критичко читање во кој авторот го пренасочува своето литературно минато кон иднината.
      Главно, активноста на читателот или на авторот се зема како доказ на конвенционалноста и условеноста на значењето. Во практика е навистина многу полесно да се осврнеш врз компетентноста на читателот. Претпоставките што ги користел авторот се тешко достапни, а изјавите за сопственото дело се мотивирани од различни фактори, па оној што од нив се обидува да извлече заклучок за претпоставените конвенции постојано е во заблуда. Концентрацијата врз читателот не значи дека авторот се лишува од целата своја слава и не значи дека се сугерира пасивна позиција на авторот (тој не прави ништо) и активна позиција на читателот (тој прави сè). Едноставно, се забележува дека активноста на читателот продуцира повеќе и поквалитетни докази за условеноста на значењето. Еден читател може да ги изведе сите неопходни експерименти по однос на текстот, а во исто време друг читател има пристап до она што го рекле безброј други читатели за дадениот текст. Во таа смисла, изјавите на авторот се скудни и проблематични.

       Кога некој не се согласува со проучувањето на чинот на читање, тој најчесто приговара, се спротивставува на фразите од типот „начењето на делото постои само за читателот“или „перациите преземени од читателот“, фрази што го претпрограмираат меѓусебното доближување на двете сфаќања. Според противниците, тоа не може да биде забележано меѓу актуелните читатели. Секоја теорија на читањето е заинтересирана за различните постапки и заклучоци на читателите и оттаму теоријата на читањето ќе се стреми да дознае на кој начин се разликуваат нивните постапки. Но преориентацијата, онака како што јас ја предложив, го остава ова прашање целосно отворено и не зема предвид никаков договор меѓу читателите. Преориентацијата покажува дека фактите што треба да подлежат на обработка се токму читателовите судови, интуиција и толкување. Доколку тврдиме дека читањето на текстот е непредвидливо и идиосинкретички маркирано, тогаш тоа би била теза што дополнително треба да се разработува. Проучувањето на чинот на читање е можност да се открие на кој начин делата поседуваат значење. Ваквите проучувања го оставаат на страна прашањето за видовите и за опсегот на значењето на едно дело.
      Секако, не проповедајќи едногласно прифаќање, проучувањето на чинот на читање е интересно токму затоа што не признава договор (согласност) меѓу читателите. Теоријата на читањето се обидува да се помири со еден единствен многу продуктивен и зачудувачки податок за литературата: литературното дело има свој опсег на значење, т. е. не може да има секакво значење. Ако веруваме дека делото има само едно вистинско точно значење, тогаш можеме да се надеваме дека тоа значење ќе го пронајдеме внатре во самиот текст. Во овој случај, теоријата на читањето би имала само случајни интереси, како што би бил приказот на пречките и грешките во досегањето токму на тоа значење. Но, откако ќе признаеме дека за едно дело постои асортиман на можни исчитувања и дека тоа е многу повеќе отворен отколку затворен склоп на значења, тогаш се јавува и потребата да се објасни настанувањето на тие значења. Кои конвенции и постапки на читање ја овозможуваат продукцијата на нови значења, кои се веродостојни, оправдани и во исто време контрадикторни со други исто така оправдани читања? Без да ја дискредитира поетиката фокусирана врз литерарната компетенција, несогласувањето, немањето договор меѓу читателите ја прави потребата од таквата поетика уште поочигледна.  
     Секојдневното искуство, здобиено од проживувањето на професионалноста, исфрла на виделина факти што би требало да бидат објаснети, а јас сето тоа инсистирам да наликува на приказ на литерарната компетенција. За жал, единствено точно е дека познавањето на англискиот јазик и минималното искуство не се доволни од некого да направат вешт и сензибилен познавач на литературата. Се бара нешто друго, нешто што треба да го создадат наставниците по литература. Тие или успеаја да промовираат една измама без преседан или навистина вештината и знаењето се директно вплетени во актот на читање, при што вештината е таа што се учи. Во најмала рака, зачудува тоа што токму оние што не се двоумат да ја оценуваат подготвеноста на студентите за чинот на читање и нивниот напредок во изучувањето на уметноста на читањето, се подготвени да го негираат постоењето на книжевната компетентност и не вложуваат никакви напори експлицитно да ја објаснат вештината за чие пренесување се задолжени. Да се опише ваквата компетенција би можело да биде екстремно тешко, но со отфрлањето на целиот институализиран наставен процес, кој очигледно функционира на ист начин, би се довело во прашање постоењето на таквата компетенција.
      Секоја теорија на литературата мора да ги образложува фактите или барем да биде во согласност со нив. Процесот на литературната едукација исфрла на површина неколку неоспорни факти: делото е неразбирливо за оној што не ги асимилирал соодветните конвенции; се открива дека предодреден за разбирање на делото е тој што прочитал повеќе литературни дела од оној што не прочитал ниту едно и дека на тој начин се манифестира супериорноста на една интерпретација. Се разбира, тоа понекогаш може да се сфати како потклекнување пред авторитетите, но останува можноста некој да биде убеден со помош на аргументи, процес што сведочи за постоење на заеднички интерес. Постојат поделени мислења за тоа како треба да се чита, постои подвоеност за видот на заклучоците што се допуштени, колебање за тоа што треба да се смета за доказ и што е тоа што би требало да се образложува. Читањето и интерпретацијата можат да се одвиваат во самотија, но тие сепак се високо социјални активности, кои не можат да се раздвојат од интерперсоналните и институционализирани конвенции, кои се манифестирани во книжевните списанија, критичките дискусии и литерарното образование. Некој како Норман Холанд би можел да нè убедува дека ова е резултат на масовната делузија, но јавната заблуда, погледната од овој агол, е апсолутно социјален факт, позначаен и поинтересен од божемната стварност, која е чиста лага.

 

      Што ќе се случеше ако критиката што јас ја бранам станеше поетика што ќе ја истражува условеноста на значењето? Ајде да ги занемариме актуелните ставови, кои велат дека критиката е оправдана само со интерпретациите на едно индивидуално дело, при што пристапот кон проучување на чинот на читање би бил доближување кон културната практика или институција, израз на интерперсоналната литерарна компетенција. Со какви потешкотии притоа би се соочиле?
      Првата пречка при определувањето на таквата критика е поврзувањето меѓу чинот на читањето и читателот. Како усвоените конвенции на читање се поврзуваат со однесувањето и мислите на актуелните читатели? Обвинението дека некој е преокупиран само со идеалниот читател, т. е. со суперчитателот повеќе одошто со реалните читатели не е никакво оправдување. Како што претходно веќе истакнав, најголемата предност на концентрирањето врз актот на читање е токму практиката на актуелните читатели (на некои студенти, на самиот себеси, на колегите и на другите критичари) што произведува докази или поточно факти што мора да бидат објаснети. Поимот идеален читател претполага и идеално читање на песна, на пример. Токму поради тоа, теоријата на читањето е подобро да ги усвои онаа терминологија и фокус што ги остава ваквите прашања отворени, а и дозволува да ги проучува и искористува различните стратегии и заклучоци што ги преминуваат актуелните читатели. Најдобро е да се избегнуваат поимите што ја имплицираат страста за избор на идеалното читање. Откако постои можноста за асортиман на значењето, најбитно е тоа што некој сака да објасни нешто. Ова не значи дека треба да се истрча надвор вооружен со анкети и да се интервјуираат читателите што се сретнуваат на улица. Зошто е тоа така докажува и примерот со делото на Норман ХоландПет читања од читателите. Проучувајќи колку личноста може да влијае врз читачкиот процес, Норман Холанд зел петмина студенти на кои им дал тест за испитување на личноста за да ја определи нивната персоналност. Со нив потоа дискутирал за неколку приказни што однапред ги прочитале. Ги прашувал што чувствувале за одреден лик, настан, ситуација и ги терал да замислуваат што би можел тој лик да направи во други изменети околности. Со вака неформална постапка, вели Холанд, се надевав дека ќе излезат, ќе се исфрлат на површина слободните асоцијации поврзани со приказната. Некој може да додаде дека излегувањето на површина (get out) не значи елиминирање, отфрлање, исфрлање туку значи изнудување (elicit)) Холанд откри суштествена поврзаност меѓу слободните асоцијации на студентите по однос на приказната и нивната персоналност определена преку тест на слободни асоцијации.
      Примеров е навистина поучен не поради тоа што дава корисни информации за актот на читањето туку поради тоа што го илустрира искушението на кое лесно му подлегнува непретпазливиот читател, особено кога ќе се увери себеси дека е виртуозен хуманист. Кога некој започнува да изучува серија индивидуални читатели, тој е склон да ги запрашува за нешто за кое тие веќе однапред изградиле свој сопствен став и имаат своја визија; тој може да оди уште подалеку барајќи слободни асоцијации и сето тоа од една едноставна причина - не е многу интересно секој читател посебно да го раскажува сижето на дадениот роман или да утврди дали постои тематско поместување во две строфи на даден сонет. Се обложувам дека теоретичарот би имал сериозни потешкотии во издавањето на книгата или списанието доколку во нив вели дека 93 од 100 читатели се согласуваат по однос на сижето на Макбет или по однос на слични работи. Слободните асоцијации не мора да бидат најважни во читачкиот процес, но допуштаат мешање на студентите со обичните читатели.
      Откако трудовите на Холанд сè почесто почнаа да се групираат заедно со многу поефектни истражувања на актот на читањето како оние на Стенли Фиш, Мајкл Рифатер и Џералд Принс, вреди да се забележи барем една причина за неуспехот и погрешноста на неговиот пристап. Холанд тргнува од претпоставката дека уметничкот дело нема единство, целина. Делото се унифицира на различни начини преку активноста на читателот. Тој додава дека единството произведено од страна на читателите е проекција на читателовиот проблем на идентитетот (identity theme) врз делото што е константен и обединувачки центар на читателовата личност. Не е тешко да се увиди што точно е овде сторено. Откако Холанд заклучил дека текстовите се екстремно комплицирани и амбигвитетни, го трансферира концептот за единството од текстот врз личноста. Што сè е вклучено во лоцирањето на единството во индивидуата што како аспект на идентитетот упорно опстојува во нивното однесување? Една личност може да има свое јадро на идентитетот само ако нејзиното однесување е прочитано и интерпретирано согласно со унифицирачките постапки што Холанд ги отфрла во моментот кога ги применува врз текстот. Тој зборува за личниот идентитет како за нешто однапред дадено, но тоа е тематски, па дури може да се рече и литерарен конструкт. За да се открие јадрото на идентитетот, мора однесувањето на личноста да се третира како текст. Интерпретацијата на таа тема би наликувала на приказот на карактерите од традиционалниот роман. Холанд продолжува безгрижно да го сфаќа однесувањето на индивидуата како израз на една непроменлива и централна суштина, иако претходно е дециден во отфрлањето на погрешниот и претерано поедноставувачки поим на литературното дело како хармонична целина во која секој поединечен дел ја претставува централната тема. Ова, се разбира, е една линија на американската психологија на јаството, што се покажа дека е само вулгаризирана и сентиментализирана верзија на Новата критика.

      Накратко, пропаѓа напорот на Холанд читањето да се обработува како чин со свои сопствени операции и цели. Прескокнува од текстот на читателот повикувајќи се на поедноставениот поим на личниот идентитет, што е многу попроблематичен поим од оној за тематското единство за кој, пак, Холанд се изјаснува дека претерано ја упростува литературата. Но, луѓето, а особено читателите, во најмала рака, се комплицирани исто онолку колку што се и текстовите. Тие не се хармонични целини определени од сопствениот детерминирачки аспект на идентитетот и ниту едно нивно движење не ја изразува нивната суштина. Личноста е место во кое се вкрстени различни улоги, јазици, стремежи, кои не постојат сами по себе; тие се интерперсонални. Мора да се признае дека однесувањето на петтемина читатели што Холанд ги испитувал веродостојно го илустрира фактот дека интерпретацијата е условена од кодифицирани правила на културата. Петтемина студенти меѓусебно се разликуваат во оној момент кога понудуваат клишеа на различни суб-култури.
      Начинот на кој едно нешто води кон нешто друго се сфаќа како феномен поинаков од центар што постојано издава наредби и емитира информации; нешто повеќе од трансцендентално означено (signified) за кое секоја акција означува означител (signifier). Соодветно на тоа, луѓето мислат па дури и зборуваат зачудувачки работи што не им се иманентни, работи што соговорниците ни оддалеку не би можеле да ги очекуваат бидејќи тоа изгледа како нагло придвижување од една улога или дискурзивна активност кон друга. Кој и да било психоаналитички модел би бил многу пополезен и попрецизен од психологијата на јаството за која Холанд резимира: мојот јазик не е мој, исто онака како што моетонесвесно не е мое. Психоаналитичкиот модел е збир од процеси и можности. Едно нешто води кон друго, честопати преку верига од означители, наместо под директна контрола и зависност од едно доминантно означено (signified). Ако се чита, тогаш се останува читател сè додека трае читањето, а сè додека трае читањето, читателот е фатен во мрежата на социјалните активности што не може целосно да се заузда. Во проучувањето на чинот на читањето, како и во поголемиот број области на она што Французите го нарекуваат хуманистички науки, постои една главна аксиома што е етаблирана од страна на модерните истражувачи. Индивидуалноста на личноста може да функционира како објаснувачка парадигма. Таа е, пред сè, високосложен културен конструкт, повеќе резултат отколку причина.
      По сето горекажано да заклучам дека приоритетно, за оние што го проучуваат актот на читањето а не читателите, е да се избегнат експерименталните ситуации што ја потенцираат потребата од слободни асоцијации, за потоа да се фокусираат врз јавните интерпретативни процеси. Овде би можел да биде од помош карактерот на пишувачкиот чин. Доколку некој сака да напише опис за својата сопствена литерарна компетенција, чекор по чекор да ги објасни видовите претпоставки, конвенции и интерпретативни начела коишто ги овозможуваат перцепцијата и толкувањето на различни литературни дела, тогаш актот на пишување покрај тоа што ја соопштува заднината на интерпретацијата, акцентира сè што е јавно и сфатливо во читачкиот процес. Откога одредени претпоставки за тоа како треба да се чита и за тоа што е вклучено во интерпретативниот процес се популаризираа на пазарот заедно со безброј други, моделот на конструирање сопствена литерарна компетенција доби навистина голема вредност, а со тоа и општа валидност. Во секој случај, треба да се консултира спектарот на интерпретации што литературната историја ги меморирала за секое поголемо дело, а со цел да се потврди сознанието за постоење асортиман на интерпретациски можности содржани во системот на книжевни конвенции. Замислените реакции на читателот се повеќе од корисни за да се докаже широчината на испитувањето на условеноста на значењето. Најдобар начин да се започне проучувањето на чинот на читањето е да се постави прашањето за конвенциите и интерпретативните потези, кои мора да бидат кодифицирани за да се поврзе текстот со интерпретацијата.
      Мојата досегашна дискусија се состоеше од прелиминарни тези, прелиминарни промисли за еден теоретски проект. Сега би сакал да посочам еден пример и да го илустрираме она што досега го зедов како легитимно без доволно да го аргументирам. Тоа е артифициелноста на специфичните конвенции на кои читателите се осврнуваат дури и кога вршат некое банално толкување. Преку различните читања на песната Лондон од Вилијам Блејк може да се покаже дека интерпретацијата на литературните дела се темели врз специфични конвенции, кои мора да бидат дескрибирани и уште може да се увиди дека разидувањата на критичарите се поврзуваат со конвенциите на интерпретацијата.

 

       Песната се изградува како листа на видени и чуени факти:

I wander thro’ each charter’d street
Near where the charter Thames does flow,
And mark in every face I flow
Mark of weakness, marks of woe.

In every cry of every Man,
In every Infant’s cry of fear,
In every voice, in every ban,
The mind-forg’d manacles I hear.

How the chimney-sweeper’cry
Every black’ning Church appalls;
And the hapless Soldier’s sight
Runs in blood down Palace walls.

But most thro’midnight streets I hear
How the youthful Harlot’s curse
Blasts the new-born Infant’s tear
And blight with plaques the marriage hearse

Талкам низ сите изнајмени улици
Близу онаму каде што изнајмената Темза тече
И забележувам на секое лице што го сретнувам
Знаци на тага, знаци на јад.

Во секој плач на секој човек,
Во секоја детска солза од уплав,
Во секој глас, во секоја прокоба,
Искованите пранги на умот ги слушам.

Како плачот на оџачарот
Ја стаписува секоја зацрнета црква:
И погледот на несреќниот војник,
Се движи закрвавен по ѕидовите на палатите

Но на полноќните улици слушнав
Како клетвата на младата блудница
Ја проколнува солзата на новороденото дете
И го заразува со чума венчалниот одар.


       Она што го покажуваат и го истакнуваат многубројните интерпретации на оваа песна е важноста од конвенциите за единството. Ако ви кажам што сè сум чул и видел скитајќи низ улиците на Њујорк, вие најверојатно би биле вџашени, но не би чувствувале никаква обврска да ги трансформирате овие хетерогени искуства во варијации на една иста идеја. Читателите на песните го прават токму тоа. Различните интерпретации на оваа песна покажуваат дека во чинот на читањето се вклучува напорот да се обединат погледите и звуците соодветно на еден од нашите модели, при што интерпретациите можат да се класифицираат во зависност од моделот што го употребуваат. Најопшт во оваа смисла е моделот на синегдохиската низа. Низа од особености се зема за да се претстави цела класа предмети/поими чиишто членови се токму тие детали. Оваа класа може сèда именува на најразлични начини: вистинско социјално зло на урбаниот живот во 18 век; јадот предизвикан од вештачките и репресивни институции креирани од човековиот разум или едноставно оддалечените, воопштени случаи на страдање. Другиот модел на целината употребен овде е алетеичниот пресврт (aletheic reversal). Најпрво се дава неадекватната визија, а дури потоа точното или адекватното двојство. Според овој модел, пресвртот се наоѓа во третата строфа: разрешување на повторувањата оа претходните строфи пишува Хедер Глен. Апстрактноста на секој... секој... секој..., придушените плачови и гласови отстапуваат пред една специфично промислена човечка ситуација.
       Интерпретациите на Лондон најчесто се базираат врз првоспоменатиот модел на единство, додека со второспоменатиот модел се конструира драматичната структура што студентите на книжевност повеќе ја ценат. Сите поинакви интерпретациски операции се слични меѓу себе, па може да се искористи кој и да било од нив. Читателот изведува имагинарни трансформации на различни веќе чуени и видени нешта и нив ги поврзува онака како што налага моделот. Поетскиот исказ се сфаќа како фигуративен систем на знаци што бара интерпретација.
       Сложеноста на интерпретацискиот процес најјасно се гледа преку изведените операции во последните две строфи. Фактот што речиси секој читател ја толкува третата строфа како визија на страдањата и тиранијата, сведочи уште еднаш за моќта на конвенциите за единството и целината. Различните патеки што водат до ваквиот заклучок е извонредно тешко да се дефинираат. Оџачарот, на пример, во рамките на нашата културна традиција е симбол на угнетена невиност, а неговиот плач, како што се вели, ја стаписува (appalls) црквата. Како може да се објасни тоа што критичарите не ја признаваат номиналната вредност на овој исказ туку ја објаснуваат заобиколувајќи ја? Ако буквалното значење е недопустливо, тогаш примеров докажува дека исказот не мора секогаш да има врска со јазикот и со мислата воопшто, туку со конвенциите на книжевната структура. Само така може да се објасни зошто стаписува се интерпретира онака како што се интерпретира, со нагаѓање на книжевните конвенции на делото. Прво, изгледа дека не постои модел на единство што би ни понудил дефиниција на злодело против институциите, која да не е потврдена ни јасно негирана или објаснета во четвртата строфа. Ваквата перспектива би овозможила да се изгради нова структура, но и кога не би постоела како таква, конвенциите за единството и целината би го ограничиле буквалното читање на стаписува. Второ, паралелизмот меѓу:

                  оџачар   плаче           црква
и                 војник     поглед         палата
ја воведува во делото конвенцијата на паралелизмот на изразот, кој го евоцира и паралелизмот на мислите. Структурата ги става еден до друг црквата и палатата на таков начин што нивните значења меѓусебно се опозитни (т. е. како што сугерирав и претходно, значењето ќе биде ограничено со помош на конвенцијата), но во исто време и еквивалентни. Значи, конвенциите му ја одредуваат целта на читателот и го водат низ интерпретацијата на третата строфа, односно кон пронаоѓање заедничка врска меѓу институцијата и индивидуата во обата случаја.
      Иако критичарите искажуваат најразлични нешта објаснувајќи ја црквата, тие по сè изгледа следат една иста конвенција како предлошка и изведуваат речиси исти операции. Единствен исклучок е Д. Г. Гилхам кој буквално го чита стаписува:црквата е престрашена вели тој од злобата наоџачарот. Набргу сфаќајќи ја несоодветноста на ваквото читање, ни раскажува една мала приказна за црквите со која сака да го неутрализира стаписува и нè доведува до заклучокот што го нуди и конвенцијата за единството: црквата е престрашена..., но немоќна тоа да го надмине, никакви жестоки средства не можат да се преземат, бидејќи институциите, по дефинициј,а секонзервативни. Наклоноста на институцијата не може или не сака да направи ништо, а тоа значи дека молкум станува соучесник на тиранијата.
      Друг начин за трансформација на стаписува е иронијата. Таа е главна интерпретациска операција и моќно оружје со кое, во согласност со различни структурни кодови и конвенции, би се нивелирало она што изгледа девијантно. Па така, Хазард Адамс  го сфаќа стаписува како иронична ознака за хипокризијата на црквата: Црквата повторно е симбол на самозадоволство и слепило. Црквата е стаписана од глетката што ја гледа, но нејзината театрална реакција е типична хипокризија. Како што покажува овој пример, иронијата не е само технички алат достапен на авторите туку е и тропа или интерпретациска операција што им стои на располагање и на читателите кога се сретнуваат со проблеми што треба да бидат разрешени.
      Стратегијата што најчесто е користена во случајов што го разгледуваме се темели врз специјални конвенции, кои ги дозволуваат игрите со зборови и лексичката декомпозиција, а кои придонесуваат за кохеренцијата на текстот неискривоколчувајќи го задоволителното буквално читање. Во своето дело Визионерска придружба, Харолд Блум  вели дека:Плачот стаписува, меѓутоа има значење на пребледнување на црквата, со што таа се разоткрива како бела гробница. 
       Другите критичари, иако стремат кон речиси исти интерпретативни заклучоци, не се согласуваат со фигуративниот пристап.Стаписува (appalls) значи да се фрли покривот (pall) преку, од другата страна т. е. да зацрнува, а не да избелува.Зацрнувањето од вината на нејзината индиферентност е посилно отколку поцрнувањето од саѓите, вели Мартин Прајс.Стаписува овде се јавува во значење на затемнување, соопштува Томас Едвардс, нагласувајќи дека црквата сама по себе не епрестрашена. Vаквото читање, кое си поигрува со метафоричните саѓи на вината, е потсилено со очигледниот податок дека оџачарите ги отстрануваат а не ги применуваат саѓите. Набљудувачот што не е упатен во литературата можеби очекувал овој факт да му контрира на читањето. Соодветно му е на оџачарот метафорично да ја чисти црквата, правопропорционално со реалноста на неговата работа - отстранувањето на саѓите. Оттаму, навистина апсурдно е на стаписува да му се припишува значењето затемнува. Би можело уште долго да се расправа за оваа насока на размислување, а тоа е само потврда за специфичноста на книжевниот јазик. Конвенциите на книжевната интерпретација се потврдуваат преку пресвртите и парадоксите, кои функционираат како некаков доказ за песната, сведоштво за нејзината логичка и семантичка набиеност. Конвенциите на интерпретацијата ни дозволуваат да изведуваме радикални семантички преноси, движејќи се од црнилата и саѓите преку оџачарот до црквата и нејзиниот морален авторитет.
       Критичарите што ги цитирав би можеле да не го прифатат ваквото значење на овие стихови, но тие сепак ја следат истата конвенција на единството, изведувајќи ги интерпретациските операции за да ја исполнат, секој на свој начин, структурата што претходно ја постулирале. Интерпретациските операции и семантичките трансформации, кои ги практикуваат критичарите, како што веќе истакнав, не се ни од далеку лични, ниту идиосинкретични чинови на слободните асоцијации. Тоа се генерални, општоприфатливи формални стратегии.

      На ова место би сакал да ги акцентирам интерпретациските операции со кои се конципираат совршено банални толкувања. Честопати е навистина тешко да се пронајдат вистинските видови потези, кои водат од текстот кон интерпретацијата, но тоа во никој случај не значи дека токму тие се единствени или идиосинкретични. На пример, во песната стои: И погледот на несреќниот војник / Се движи закрвавен по ѕидовите на палатите. Извонредно тешко е да се објасни кои фигури, интерпретациски постапки и семантички преноси се искористуваат кога читателот би го префигурирал овој исказ, во нешто слично на ова: Очајот и болката на војникот ги жигосуваат со вината за неговото страдање луѓето и институциите што тој ги бранел. Без разлика колку е тешко јасно да се одредат интерпретациските операции коишто го профилираат ваквото читање, ние тврдиме дека тоа не се идиосинкретични потези, т. е. сфаќаме дека поетскиот исказ без никакви реперкусии може да го има тоа значење. Признавајќи ја уверливоста на оваа интерпретација, ние всушност ги идентификуваме како општоприфатени и мултиплицирани операции оние интерпретативни стратегии за чија дескрипција не сме биле способни. Примарната задача на проучувањето на чинот на читање е да изврши дескрипција на оние операции што се одговорни за изградувањето на една уверлива интерпретација. Не може да се одговори на прашањата до кој степен индивидуалните читатели изведуваат иста операција или колку овие операции се ограничуваат на малите професионални заедници составени од критичари, сè додека ние само ги опишуваме операциите за кои станува збор.
        Комплексноста на овие операции целосно се разоткрива во читањето во   последната строфа од Лондон. Треба малку повеќе имагинација за да си претставиме како клетвата на блудницата ги проколнува детските солзи или како со чума го заразува венчалниот одар. Проблематичното место само од себе не ги оправдува интерпретативните напори што читателите и критичарите ги потрошиле на строфава. По сè изгледа, би било навистина уверливо да се рече дека оној што зборува ги слуша двете клетви изречени од проститутката. Еднаш го проколнува своето дете, кое плаче, друг пат викајќи по свадбената процесија, ја проколнува институцијата на бракот. Сите оние што се обидувале и што се обидуваат да ја интерпретираат оваа песна, никогаш не се и не би биле задоволни со ваквото читање, а причината повторно треба да се бара во конвенциите на книжевната структура. Завршната строфа мора да i’ го даде крајот на песната, мора да произведе единство. Постојат, се разбира, најразлични начини тоа да се стори. Читателот што е во потрага по единството на песната организирана како наниз од перцепции се стреми последната строфа да ја чита како климакс на визиите, нејзин најинтензивен и најтипичен момент. Овој став води до најразлични тврдења. Блудницата, вели Едвардс, ја проколнува иднината на невиното дете и ја заразува со чума здравата можност за брак, бидејќи нејзината егзистенција е голема пародија на светото сврзување во љубов. Други критичари во оваа строфа гледаат критика на институцијата на бракот. Да ги немаше браковите, немаше ни да постојат грешните страсти, значи немаше да постојат проститутки. Нјапосле, самиот венчален одар, а не младата блудница ја коти чумата што ја заразувавенчалниот одар
        На кој начин вакви заклучоци изникнуваат од исказот за клетвата на блудницата, која ја проколнува детската солза и го заразува со чума венчалниот одар? Во толкувањето се вклучени голем број интерпретативни потези коишто се обид за трансформација на оваа бизарна реченица во причинско-последична шема, која ќе ги содржи блудницата, детето и бракот, а воедно ќе потенцира најмалку една жртва. Во сите читања, жртва е детето, но видувањата на проститутката радикално се разликуваат во зависност од интерпретативната постапка што ја следи авторот. Конвенцијата за единството му овозможува на читателот проститутката да ја смести во низата составена од оџачарот и војникот: оџачарот плаче, војникот гледа, проститутката проколнува. Плачот зборува окован во прангите исковани од умот, солзите ги издаваат жртвите. Клетвата на проститутката може да биде редуцирана на нејзиниот плач и семантичката енергија на клетвата да се пренасочи кон неа самата за да може таа да стане проколнатата жртва. Од една страна, ако се започне со детето како проколната жртва, тогаш синтаксата дозволува брачните двојки да се групираат заедно со децата како жртви на проклетството. Ваквата комбинација се оправдува со обединувачката референца на венеричната болест.
      Сите досегашни шематски читања се различни, иако се базирани врз слични операции. Следните интерпретативни чекори предизвикани од потребата да се пронајде климаксот на разбирањето во четвртата строфа уште повеќе ги доближува двете читања. Првите жртви, оџачарот и војникот, ги напаѓаат со својот плач социјалните институции чиишто жртви се тие самите.Венчалниот одар може да се чита како комплекс создаден за да ја претставува категоријата на бракот како институција. Тој може да се стави во иста низа со црквата и палатата. Движејќи се синегдохиски, од делот кон целината, за проститутката може да се зборува како за жртва на социјалниот поредок. Од друга страна, ако брачните двојки и децата се сфатат како жртви на клетвата на блудницата и ако се стреми песната да се заврши со општа визија повеќе отколку со осудување на венеричните болести, тогаш може да се истакне: клетвата на проститутката е нешто повеќе од обична поетска фигура за венерична болест, која уништува и заразува. Невините не се заразени само од болести ниту од блудството на улиците, туку од социјалниот систем изграден врз експлоатација. Блудниците се само нејзин најистурен и најизразен продукт.

 

      Во обата случаја, по сè изгледа, завршната семантичка трансформација зема облик на синегдоха, преминот од делот кон целината, што ја стабилизира песната како политички исказ. Причините за различните согледби на гнилоста на социјалниот систем се различни од читател до читател, но формалните интерпретациски операции, кои ја конципираат структурата што треба да се функционализира, е речиси иста во обата случаја.
       Обидот да се разјаснат некои конвенции и интерпретациски операции, кои ги овозможуваат различните видови интерпретации на песнава, илустрира две нешта. Прво, докажува дека читањето не е невина активност, девствен пристап ниту самодоволна комуникација меѓу текстот и јаството. Читањето ангажира низа сложени операции, кои мора да подлежат на дескрипција. Второ, примеров го докажува специфичниот статус на интерпретативните варијации, значајни за теоријата на читање. Наспроти оние што не отстапуваат од мислењето дека теоријата на читањето е бескорисна поради непостоењето на барем два исти прочити или интерпретации, некои тврдат дека дури и кога читателите доаѓаат до дијаметрално спротивни заклучоци по однос на значењето на еден стих или на едно дело, тие употребуваат интерпретативни постапки и се потпираат врз интерпретативни конвенции, кои можат да бидат формално дефинирани и општоважечки. Интерпретацијата не е случаен процес. Таа објаснува како несогласувањата се произведуваат преку употребата на заеднички но и сложени разместувања.
       Ако сакаме докрај да ја спознаеме суштината на литературата и задоволството од вживувањето во јазикот, тогаш мора да резимираме дека отвореноста и амбигвитетот на литературните дела не се резултат на нивната неодреденост ниту на читателовата страст себеси да се проектира во текстот туку на потенцијалната реверзибилност на секоја фигура. Секоја фигура може да се чита буквално (референцијално) и преносно (реторички). Мојата љубов е црвена, црвена роза е исказ којшто референцијално укажува на пожелните квалитети на саканата. Ако се прочита исказов реторички, т. е. во неговата фигуративност, тој ја означува страста да се види љубената онаква каква што таа не е: како роза. Изнајмените улици од првата строфа на Лондонреференцијално нè упатуваат на поредокот на градот, на неговите веќе закупени улици. Реторички, тоа е хипербола. Да се зборува дека дури и улиците се кралска сопственост, навистина е претерано, иронично. Иронијата може и референцијално да биде прочитана, дека преголемата изнајменост подјармува. Лондон е толку ограничен што и улиците мора да бидат изнајмени за да опстане. Но, оваа фигура може да биде пресвртена и да се прочита фигуративно. Гледањето на закупените улици е уште еден пример за поробување, заробување на нечија фантазија и поглед. Четирите толкувања ги генерираат две елементарни операции, кои во пар ја конструираат можноста за фигуративно читање.
       Репетитивната организација на почетните строфи на Лондон, референцијално, ни укажува на визионерската моќ за перцепција на општата мизерија, под површината на надворешната појавност. Само поетите можат да чујат што има во нечиј плач и да знаат како тој изгледа и што тој значи, вели Мартин Прајс. Но, реторички да се чујат прангите исковани од умот во секој плач на која и да било личностниз фигурата на репетицијата да се поврзат површините и звуците, е само по себе опсесија, пранги исковани од умот, опасност на која постојано се изложуваат поетите визионери.
        Пресвртите им се инхерентни на чинот на читање и на книжевниот јазик онаков каков што го познаваме. Опозитните па дури и контрадикторни читања не се зачнуваат од предрасудите на субјектите туку од формалните операции што ја конституираат интерпретативната активност. Опозитни читања може да се детектираат по однос на еден ист текст. Интерпретативната норма, која фигуративно ја третира лингвистичката секвенца, ја отвора можноста за постоење серија пресврти, кои, пак, би продуцирале нови читања. Содржината на тие читања ќе се разликува во зависност од природата на текстот, но нивните формални обележја ќе бидат резултат од веќе определените операции на читање. За да се разберат интерпретативните несогласја, двосмисленоста или отвореноста на литературното значење, мора да се проучи чинот на читање. Ниедна друга област на книжевната критика не понудува олку интересна и валидна програма.

Превод од англиски: Ана Алачовска