РОДОВИОТ ИДЕНТИТЕТ ВО МОДЕРНИЗМОТ И ПОСТМОДЕРНИЗМОТ

Јасмина Мојсиева - Гушева

          Идентитетот како иманантно самоидентификациско својство на човекот, а, со самото тоа, и како негово суштинско својство, во последно време, сè почесто се политизира. Додека, според едните, политизирањето на идентитетот нуди решение за сè позачестените проблеми во современиот свет кои произлегуваат од конфликтите меѓу половите, според другите, се смета дека со политизацијата на идентитетот, всушност, се создаваат уште поголеми бездни меѓу нив. Ваквите размислувања потекнуваат од двата спротиставени погледи на светот: од една страна, погледите на оние кои се залагаат за зачувување и за афирмација на постоечките односи и, од друга страна, погледите на оние кои претпочитаат во иднина да се води остра битка на полето на родовиот идентитет, со цел да се надмине половата дискриминација. Поточно, додека од една страна на ова наше патријархално општество стојат ликовите на почитувачите на маркантната, машката, аутистичната, ксенофобичната, националистичката фигура, од другата страна, предупредувачки не пречекуваат застапниците на насмеаниот ксенофилиски, антинационалистички,   антисексистички, космополитски лик на Другиот, кои, наѕирајќи под коприната на нашите надежи, се стремат да го променат сфаќањето за половите.
          Вакавата поделеност има своја темпорална и идеолошка конотација. Едниот лик се поврзува со модернизмот и со модернистичкиот концепт на  универзална и  на кохерентна целина, со цврстото и со статичното означено, со јасната референцијална рамка којa ги самопoтврдува поимите. Неговата поврзаност со самоидентификацискиот код, го вкотвува модернистичкиот идентитет во предсимболичната и предогледалната фаза, кога нештата се дефинираат еднозначно. Tој се определува како идеолошки, бидејќи на општествено рамниште се залага за не - разликата,  каде што секој треба да се труди да го достигне ценетиот машки модел. И, единствено, со таквите предиспозиции може да се носи со горните ознаки. Додека, другиот идентитет гради сосема поинакви релации. Тој секогаш е динамичен, поливалентен, сложен  конструкт и, како таков, е виден во различни состојби, така што одговара на посмодернистичката свртеност кон себеси. Неговиот автореферирачки дух постојано е самозапрашан од перспективата низ која се согледува и се вреднува, застанувајќи понекогаш збунет пред мноштвото опции.
          Поделеноста на идентитетите ја налага и нивната  конфликтна спротивставеност со бројните тензии, бидејќи залагањата на едниот, најчесто, се наоѓаат во директна спротивност со потребите на другиот. Се разбира, на ова се надоврзуваат и тензиите меѓу социјалните очекувања и норми, кои, исто така, предизвикуваат раздор, доколку се свртени само кон едната страна, на пример, кон јакнењето на машкиот идентитет во патријархалното општество. Затоа, се чини дека е неопходно креирањето некаква политика на идентитет, која на општествен план ќе се обиде да постигне помирување меѓу половите, вклучувајќи ги барањата на маргинализираните и на угнетените идентитети. Решавањето на конфликтните ситуации, преку политиката на идентитетите, го вклучува идентитетот во современите општествени процеси, сметајќи го за еден од главните фактори за  модернизацијата која полека, но сигурно, се спротиставува на паријархалната поставеност на културниот идентитет.

Патријархално поставен културен идентитет

          Евидентно е , патријархалноста лежи во основната структура на нашата култура што се огледа во првичните митски претстави за потеклото на човештвото и на општеството изразена преку сферата на симболизацијата. Истото гледиште го застапуваат сите современи религиозни претстави во кои врховниот бог и господар на светот секогаш е од машки пол и стои наспроти телесното, грешното, женското, како симбол на злото кое треба да се контролира, да се потчинува, да се насочува  со цел да се спаси човештвото. Подоцна, патријархалноста се согледува и во бројните теориски елаборации, кои потеклото на структурата и на модусите на функционирањето на човечкото општество ги наоѓаат во категориите формирани врз основа на полот и на сексуалноста.
          Сите  наши системи на претставување се биполарни. Првичната определба е машкоста и на неа спротиставената женскост. Основното јадро на севкупното културно наследство е содржано во таа биполарна спротивставеност, поточно, во опозицијата меѓу духот и материјата, меѓу рационалноста и чувствутелноста, меѓу културата и природата, односно меѓу машкиот  и женскиот принцип. При дефинирањето на женскиот принцип се наметнува разликата како опозиција на машкиот модел кој го озаконува исклучувањето на Другиот. Според моделот на различност,  жената е сето она што не е мажот, таа е присутна таму каде што не е тој, нејзе ѝ е забрането она што нему му е дозволено и.т.н. И секогаш женскиот принцип е инфериорен и помалку вреднуван од машкиот. Острата спротивставеност меѓу нив се базира на  законите на борба заради доминација на едниот од  принципите. При тоа, духот, во суштина, секогаш се стреми да ја совлада материјата; културата, со својата способност за прилагодување, ја видoизменува природата; рационалноста е перцепирана како попрактична од чувствителноста;  и тoкму затоа недостатоците на женскиот принцип се очекува да бидат коригирани од  страна на машките претставници. Со други зборови, супериорноста на машкиот пол стои во основата на нашата цивилизација.
          Надоврзувајќи се на традиционалните бинарни опозиции сета наша наука (Клод Леви-Строс во антропологијата, Фердинанд де Сосир во лингвистиката) почива на уверувањето дека тие потекнуваат од биолошките разлики меѓу половите и, како такви, произлегуваат од природата којашто не е противречна. При тоа, се заборава дека ваквите толкувања и заклучоци ја одразуваат човечката перспектива, наметната од оние кои ги вршат анализите и кои, очигледно, ги внесуваат во нив своите ставови и интереси.  На таков начин, бескрупулозно, се креира состојба во која својствата на средината добиват диригирано вреднувани значења, во зависност од историскиот тип на доминантност, којашто е условена од техничкиот развој. Во тој контекст, разликуваме матријархална или патријархална општествена структура со свои специфични проседеа, кои, ако се толкувани од машка перспектива, повторно, би се делеле на: сеопшто добро, кое се истакнува со стихиски автоматизам; и она што се одредува со принудни норми, кои го одредуваат релационистичкото и личното, а кои се релевантни за денешниот начин на живеење. Но, дали навистина во матријархатот се владеело стихијно и дали не постоеле норми на однесување? Произволноста на претходното толкување веднаш паѓа в очи, пред сè, заради апсурдноста на тврдењето дека нормите ја карактеризираат културата која се смета за исклучително машка структура, наспроти стихијноста на природата  резервирана единствено за женскиот прототип. Па, оттаму, следува ригидната, ограничувачката идеја дека мажите не се способни за спонтана реакција или дека жените не можат да ги почитуваат нормите и забраните. 
          Досегашните стереотипни толкувања на односот меѓу поимите култура и природа не ни говорат само дека првата носи машки предзнак, додека втората е женски предиспонирана, туку тие толкувања го истакнуваат фактот дека „во текот на историјата нивниот антагонистички однос е интерпретиран како погубен за природата и нејзините конституенти“ (Tomić 2001,16). Уште од времето на просветителството датира  концепцијата која ја одредува културата како надредена над природата, со митот  за „дивиот човек“, кој, нужно, мора да се култивира.  Иако, според некои современи интерпретации,  нивниот однос може да биде и надополнувачки, што се согледува во фактот дека  спротивен пандан на културата е некултурата, а не природата, којашто е само основа  врз која, подоцна, се развива културата, потполнувајќи ги нејзините празнини со своите прогресивни решенија.
          Идејата на прогресот е уште една од централните  позитивни категории поврзани со културното живеење (Tomić 2001,28). Нејзиното иманентно начело е неприкосновеното господарење на човекот над природата, па оттука, според хиерархијата на индустриското општество, производството станува доминантен фактор на прогресот заедно со сите останати машки одредници, како што се разумот, интелектот, општествениот ангажман и.т.н. Но, како да се заборава на хуманистичката идеја дека прогресот подразбира креирање подобар живот за луѓето во склад со нивните потреби за слобода и за среќа. Таквото сфаќање на прогресот, уште во самиот старт, се коси со денешното потрошувачко општество, но, и ретроградно гледано, со времето на индустријализацијата, со средновековното крепосништво, сè до робовладетелството. Низ сиот историски развој човекот бил заробеник на прекумерниот труд и на парите, кои му носат моќ, но не и среќа. И затоа, идејата за прогрес, онака како што е поставена во ова наше патријархално општество, ја доживува својата регресивност. Женскиот поглед на свет, во однос на ова прашање, се карактеризира со поинаква приоритетност што се базира на фаворизирањето на идејата за непречено задоволување на сите природни човечки потреби, а кои ни носат лагодност, среќа и задоволство.
          Од  досегашното излагање сосема јасно  се изделуваат противречностите во сфаќањата  на машкиот и на женскиот поглед на свет како две страни на ликот на кој ги разликуваме: осветленото лице и затемнетиот тил. Доминантноста, се разбира, е на страната на лицето, што ја симболизира патријархалната поставеност на светот, започнувајќи од митските антрополошки структури, религиските претстави, правото, заедницата, па сè до семејството. Ваквата хиерархиска  поставеност, полека, но сигурно, се менува, навестувајќи го новото време што доаѓа.

Промена на женската позиција во современиот свет

          Начините  на кои жените се претставувани претрпеле радикални промени во последните години. Нивните идентитети,  навистина, се измениле со текот на времето, пред сè, поради промените кои настануваат во социјалната сфера на живеењето. Како поединци кои ревносно ги  следат односите меѓу половите во новото време, сведоци сме на сè позачестеното учество на жената во јавните општествени области, како што сме сведоци и на сè поголемото вклучување на мажите во приватната  семејна средина. Ваквата промена е иницирана од  историско-социјалните промени, на пример, од промените во моделите на пазарот на труд и од моделите на вработувања, кои условуваат промена на вредносните системи и оддалечување од традиционалната структура. Тоа, од своја страна, ја отвора перспективата за избор на начинот на живеење и  појавата на можноста за градење идентитет (Woodward 2002,23). Истовремено, сите фактори, како што се полот, сексуалноста и родот, во новите услови продуцираат нови идентификации. Сведоци сме дека односите во семејството се променија, како последица на промената на  улогата на жената во семејниот и во јавниот живот, пред сè, поради промените во работните практики, во технологиите на производство, во побарувачката на нови производи и услуги. Новите практики подразбираат поинакво однесување, кое, од своја страна, иницира нови модели на домашно живеење, што, пак, се карактеризира со зголемен број разводи и со појава на семејства со еден родител.
          Ваквиот начин на живеење  се одразува врз сексуалните идентитети, кои стануваат сè поспротивставени и сè понејасни. Комплексноста на модерното живеење, нужно,  налага преземање на поинакви идентитети од оние востановените, патријархалните. Таа промена не се одвива без тешкотии и преку ноќ. Напротив, бара многу жртви, исто како и секој друг тип револуционерен пресврт. Свесни сме дека на женското ослободување му претходеле многу уништени судбини, произлезени од комплексните перипетии поврзани со одбраната на машката привилегирана позиција. Тие бројни жртви поврзани со процесот на еманципација на жените не се залудни. Од нив произлегуваат консеквенции кои го тангираат севкупното човечко искуство, почнувајќи од политичката моќ, па сè до конституирањето на личните идентитети. 
          Како најевидентен доказ за оваа преобразба е уништувањето на патријархалното семејство (Castells 2002,141). Тоа е процес кој полека, и некако затскриено започнува уште во епохата на модернизмот, потоа, во постмодернизмот, доживува повисока градација во однос на  интензитетот, за да продолжи со насмалено темпо и во иднина. Денес сме сведоци на постоењето слободни бракови, домаќинства со еден родител и деца, и, сè почесто, домакинства на  самци. Еманципираните жени во високоразвиените општества сè почесто се решаваат на самостојно живеење и на одгледување на децата, со оглед на фактот дека се економско независни од мажите. Тие се предводнички во рушењето одредени стандарди, и креирањето нови форми на односи кои ги ослободуваат од потчинетост.
          Преку рушењето одредени патријархални вредности, обичаи, начини на облекување и норми на однесување и воспоставување на нови, кои се во склад со женската гледна точка или со ставовите кои им конвенираат ним, започнува процесот на менување на патријархалниот свет (Попова, Воденичаров, Димитрова, 2002,21). Во продолжение ќе ги разгледаме типичните карактеристики  и променети форми на однесување во епохите на модернизмот и на постмодернизмот, низ призмата на машко-женските односи, користејќи како предлошка два македонски романи: Пиреј од Петре М. Андреевски и Пеперутка од Сашо Тасевски. Преку однесувањето на  главните ликови, Велика и Барбара, ќе ги почувствуваме настанатите промени при формирањето на женскиот идентитет, кој започнува да остава сè позначителен белег во новиот свет.  

Модернистички родов идентитет

          Во  модернистичкиот родов идентитет, што го елаборираме преку романот Пиреј на П. М. Андреевски, сè уште е видливо патријархалното однесување, кое ја претпоставува цврсто дефинираната улога на жената, којашто првенствено се состои во грижата за мажот и за децата. „Мажот си е маж, ти бара да му ставиш, да му постелиш, да му одиш по бесот. Не те прашува дали можеш, тој е секогаш поуморен од тебе“ (Андреевски 1982, 34), се зборовите на Велика низ кои таа срамежливо започнува да го искажува својот пркос кон традиционалниот начин на однесување во македонските фамилии. Додека мажите со години се на печалба или во војна, нејзина задача е сама да ги подигнува и да ги воспитува децата. „Мајка, кутрата, при маж-бела вдовица. Сама не креваше на нозе, таа си знае како“ (Андреевски 1982, 38). Освен грижата за децата, улогата на патријархалната жена подразбира понизност кон мажот и исполнување на сите негови желби и заповеди. „Татко се врти, само да има уште една мака згора. Ќе се избричи, ќе ги ласне чевлите и ќе излезе да брои муви. И после го кутна болеста и мајка ко дете го повива, го расповива...“ (Андреевски 1982, 38). Децата, како сведоци на посочениот модел на однесување и на вреднување, по навика, го прифаќаат и го усвојуваат тој модел за свој и, на тој начин, ја продолжуваат патријархалната традиција, иако се свесни дека истата е на штета на жената. Токму затоа настојуваат да ја истакнат ваквата ситуација како неправедна, но без храброст да ја прекршат традицијата, бидејќи се воспитани дака непочитувањето на прифатените традиционални норми секогаш носи страдања поврзани со оправдани санкции. Од тие причини строго се почитува традицијата која се карактеризира со точно утврдена смисла на значењето на припадноста кон одреден пол. Во романот Пирејпојдовниот модел за женскост го подразбира мајчинството, без каква било можност за  искривоколчување на традицијата во однос на раѓањето и на одгледувањето на децата. Тоа е непобитен императив за женскоста, сфатена од машка перспектива, а нејзиното губење претставува обезвреднување на жената подложно на оправдан гнев и казнување, кое, во романот е отсликано преку дијалогот меѓу Јон и Велика при неговото враќање дома:

- Кај ти се децата, прашува Јон и гледа кон скалите откај што слегов.
- Е кај ми се де, велам, не знам како да му кажам.
- Кај се децата вика Јон и гласот го истенчува.
- Ами немале ангел да ги чува, велам и си ги собирам рацеве  од раменава негови.
- Јас ги оставив со тебе вели, не со ангели.
- Болест Јоне, голема болест фати, велам, немаше кај да ги скријам.  Од господ ништо не се крие, велам.
- Кој господ, бре, бамити господот, вели, јас сум сега господ, вели  и се надава кон мене (Андреевски 1982, 214).

          Гневот на Јон во даденава ситуација е очекуван и оправдан, затоа што, според традиционалниот поглед на свет, нему му е одземено правото за наследници кои ќе го продолжат неговиот род, носејќи го и славејќи го неговото име и, со тоа, обезбедувајќи му вечност. Единствениот виновник за несаканиот исход е сопругата Велика која се покажала неспособна да ја изврши функцијата за која е создадена и, токму тука, лежи причината за нејзината казна.      
          Иако, да се обвинува жената затоа што не успеала да ги сочува децата во тешките скудни години е исто толку бесмислено како да му се суди на мажот зошто не успеал да биде победник во воените судири. Но, второто никому не му паѓа на ум, наспроти прекорите упатени кон Велика, кои, како да се природни за тогашната општествена констелација, која се одликува со забележителна нерамноправност во однос на распределбата и на извршувањето/неизвршувањето на машките и на женските обврски. Имено, осудите  се  многу поблаги за машките неизвршени обврски, бидејќи се сметани за потешки во однос на женските задачи, кои секогаш се девалвирани.
          Модернистичкиот приод, исто така, подразбира развивање на цврста конструкција на машкиот идентитет, која се состои од свртеност кон надворешниот свет, учество во војни, бранење на честа на државата и на сето она што се смета за негова приватна своина, меѓу што се вбројува  фамилијата и жената. Прецизната одреденост и исполнетост на машкиот идентитет е сосема спротивна на празната женска самоидентификација, која, на оние круцијалните прашања „Која беше? Кај си била? Што направи?“, одговара со негациите „Никоја. Никаде. Ништо“ (Андреевски 1982, 220). Таа како воопшто да не поседува идентитет  во патријархалните средини, каде што освен на празната биографија и се додава и ословувањето исклучиво според името на мажот, менувајќи се по потреба, во зависност од тоа на кој маж му припаѓа. Евидентен во таа насока е разговорот што го водат Велика и нејзината пријателка од младоста, кога едната ја ословува другата со името Стојно Ресулоска, а другата и одговара:

- Не сум сега Стојна Ресулоска, ми вели, одамна не сум Стојна Ресулоска.
- Ами зошто не си мори, прашувам и се чудам, да не сум се препознала?
- Не си се препознала, вели Стојна, туку сега ме викааат Велјаница Пармакоска. По мажот ми Велјана, вели.
- Изумив, велам, изумив дека по мажењето ни се бриши името, ни се заборава....“  (Андреевски 1982, 200) .

          Заборавањето  дека идентитетот на жената се одредува според мажот може да се протолкува како потсвесно одбивање на Велика да се прифати нерамноправната традиција. Позицијата на мажот, пак, е зацврстена со таквиот патријархален обичај. Нему како да му е загарантиран непроменливиот идентитет кој единствено може да биде загрозен од жените без пород или, не дај боже, од инаетливи жени без почит кон традицијата. Иако добро е познато дека секое нарушување на патријархалните односи со кое се посегнува по идентитетот како нешто најсвето е сметано за непријателски чин што жестоко се казнува.
          За  да ја одржи оваа традиција на потчинетост, машкиот патријархален свет, концепциски, продуцира насилие над жените. Варијациите на тоа насилство се движат во распон од вербални навреди па сè до физички пресметки. Жената, едноставно, не е во состојба да се справи со таквата неразумна агресија бидејќи секој нејзин гест е толкуван лошо. Таа е во постојана недоумица како да се однесува. „Седам и не знам дали да го чекам Јона од меана или да си легнам. Снагата веќе не ме крепи. Ако го чекам, ќе рече кого го чекам. Ако си легнам, зошто си легнала, ќе рече. Со кого се среќаваше во сонот, копилашке низаедна, ќе рече и ќе размавнува. Со клоци ќе ме истерува од дома. И јас така на скали ќе ја преседам ноќта, стуткана на скалите пред врати..“ (Андреевски 1982, 234).     Во романот на Андреевски агресивноста е присутна при секоја средба меѓу сопружниците, а особено се интензивира откако Јон ќе дознае за смртта на неговите деца, којашто се поврзува  со крајот на наследната лоза на  фамилијата и губењето на најбитното својство за неговиот идентификациски код.
          Сиот негов самоидентификациски код функционира врз принципот на афирмација на машкоста остварена преку негацијата на Другоста. Имено, машкоста е поставена на рамниште  Маж- Бог, кој е центарот околу кој се вртат сите збиднувања. Ваквото видување не доаѓа само од неговото самодоживување, туку е длабоко вкоренето и во психата на спротивниот пол. За супординираноста на машкиот пол наспрема женската позиционираност сведочат дури и размислувањата на Велика, еден од првичните женски ликови во македонската литература кој наоѓа храброст да се спротистави на патријархалноста. За неа „Домаќинот е и сонце и сенка - а таа е - само квачка...“ (Андреевски 1982,56). Очигледно, во патријархалниот свет женската поставеност е периферна наспрема централната позиција на мажот, која му дава за право да  решава за сите социјални и приватни (семејни) прашања. При тоа, жената, редовно, е омаловажувана, без можност да праша нешто, ниту да пререче.   
          Во основата на сеуште патријархалниот, иако модернистички постулат присутен кај Андреевски стои фигурата нанегативниот Друг, која ја распламтува недовербата меѓу партнерите. Тие, постојано, се обвинуваат еден со друг за сите неволји во животот. Јон ја обвинува Велика за смртта на децата и за неверство, а, пак, таа него го обвинува за алкохолизам и за настраност. Од устата на Јон се почесто можaт да се слушнат неприкладни зборови и дејствија: „А мене ме чекаш мајчето твое, вели, којзнае кого го чекаш, вика и почнува да ме клоца. Не гледа кај ќе ме удри. И јас со пиштење му се откинувам и се измолкнувам надвор....“ (Андреевски 1982, 245). Применетото насилство врз Велика недвојбено го афирмира отвореното непријателство меѓу мажот и жената. Тоа ги иницира мрачните мисли кај Велика: „Некогаш ќе ми дојде да ја земам секирата и да му ја расцепам главата. Така дури спие, дури се порева ко истурена комина. После ќе ми дојде самата себе да се удрам по главата. Како можам да помислам така за човекот мој...“ (Андреевски 1982, 246). Иако стигматизирана и малтретирана таа сепак се труди да најде некакво оправдување за неговото однесување поврзувајќи го со демонските небесни сили: „што ми се криви луѓето, а и Јон не ми е крив...Можеби и тој не сака така, ама нешто го тера го турка, Тој натемаго“ (Андреевски1982, 229). Велика во која го препознаваме зачетокот на еден модернистички бунтовен карактер, сепак, настојува да го прикаже Јоновото недостојно однесување како последица на несвесното, оправдувајќи го длабоко во душата. Недоследноста во нејзиното однесување не може поинаку да се објасни освен како последица од вкоренетиот стереотип за жената како дволична и како попустлива личност (зошто романот, сепак, е пишуван од маж), што како определба, повторно, го потенцира модернистичкиот идентитет пронајден и смирен во својата  предсимболичка и предогледална фаза. Всушност, и кога ќе почне да се преиспитува себеси, таа тоа не го прави да се осознае, туку да ја потврди стабилноста на својата цврстина, за да може во една квази расправа на скептиците да им ја покаже силата на својата решителност и енергијата на својата отвореност.

          Модернистичкото проседе, како што нагласивме, се карактеризира со свесна намера при остварувањето на зацртаните цели кои потекнуваат од утврдениот прифатен модел на однесување, што кај Андреевски подразбира патријархален третман на жената. Во неговата основа лежи пристапот кон жената како кон предмет наменет за стокова размена со договор и со гаранција како за секоја друга стока. Евидентна во тој однос е постапката на таткото на Јон кој безмилосно ја враќа својата болна жена кај нејзината фамилија со следните зборови: „Мене не ми треба болен човек дома, беше му рекол на вујка и ја оставил мајка, после си умре жената таму“ (Андреевски 1982, 18). Ваквиот приод кон жената, во услови на патријархална средина, сосема свесно се остварувал, без никакво оптеретување на срам или грижа на совест, бидејќи се сметал за вообичаена постапка. Жената е сметана за предмет со употребна вредност, кој, доколку се покаже некорисен,  се враќа како и секоја расипана стока. Таквиот нејзин третман во минатото го брише нејзиното достоинство и идентитет во свеста на многу генерации, што во модернизмот се настојува да се промени. Имено, модернистите се залагаат за зачувување на идентитетот врз основа на сопствена имаго-стратегија. Таква стратегија гради ликот на Велика од романот Пиреј на Петре М. Андреевски, кој се одликува со типична модернистичка провиниенција, изразена преку двете гледни точки (машката и женската) на истите настани, предадени преку раскажувањата на главните ликови Јон и Велика, но, исто така, и преку градењето ликови со специфични индивидуални идентитети. Во него, од едната страна, стои ликот на надмениот Јон, кој се одликува со цврстина, со суровост и со типично машки размислувања, додека  во ликот на Велика, се препознава еден од првите освестени женски ликови во македонската прозна продукција, кој, наспроти патријархалната средина во која живее, има смелост да го изгради и да го сочува сопствениот идентитет. Ваквата ориентација се насетува уште во почетокот кога преку гласовите на присутните Уља и Дуко се соопштува нејзиниот завет, наспроти традиционалниот обичај, да се закопа подалеку од својот маж, изразувајки го на тој начин гневот за неговиот однос кон неа. За причините за ваквата постапка во романот читаме: „Тие беа скарани попе, рече Уља Мегленска, стрина му на Роден Мегленски. Се налутија пред да го прости господ, рече, и таа не сакаше да ја закопаме заедно со него. Еднаш ме заколна за душата од децата: кога ќе умрам, сестрице, ми рече, закопај ме кај децата, ама подалеку од Јона. Овој век ми помина без него и оној нека ми врви без него“ (Андреевски 1982,12-13). Со оваа своја постапка Велика се труди да го потисне во заборав својот маж и сеќавањата на годините поминати во спротивставување на злоставувањето кое го трпела. И покрај повремените  помирувања со тажната женска судбина,  и покажувањето на трпеливост и послушност во одделни ситуации,  таа е прототип на модерна жена која манифестира свесност за својата незавидна позиција и која поседува храброст да му се спротистави на патријархалниот модел на однесување. Нејзината цврста фигура се самопотврдува како единка способна да преживее во суровиот машки свет, успешно справувајќи се со сите наметнати стереотипи за женската популација. Преку нејзиниот типичен женски модел на размислување и Јоновото типичено машко однесување (претставено погоре) се конципира кохерентната целина на универзумот, карактеристична за  модернистичкото видување на светот во кого доминираат самопотврдувачки и самоидентични карактери. Тие делуваат во однапред определени, строго зацртани рамки, сосема спротивно на постмодернистичките замисли.

Постмодернистички родов идентитет  

          Сложеноста, спротиставеноста, контроверзноста и комплексноста  на светот во кој живееме го иницира  создавањето на еден нов вид постмодернистички  родов идентитет, кој го среќаваме  на страниците од романот Пеперутка на Сашо Тасевски. Неговиот специфичен постмодерен или, поблиску определувајќи  го, неонатуралистички израз, кој  успешно го доловува идентитетот  на главната протагонистка од романот  – проститутката Барбара, може да се поврзе со едно тавтолошко објаснување  кое гласи: Тасевски пишува така како што пишува, зошто светот е таков каков што е. А тој, виден  низ призмата на Тасевски, е дезинтегриран, променлив, деморализиран, мачоизиран, целосно материјализиран и полн со предизвици. Опстојувањето во еден таков свет единствено е можно или условено со формирањето еден нов постмодернистички идентитет, кој гради сосема поинакви релации од дотогаш вообичаените.
          Новиот постмодернистички идентитет, пред сè, е хронолошки поим кој секогаш  е динамичен, поливалентен, сложен  конструкт и, како таков, виден во различни состојби, одговара на посмодернистичката свртеност кон себеси. Неговиот автореферирачки дух постојано е самозапрашан од перспективата низ која се согледува и се вреднува, застанувајќи понекогаш збунет пред мноштвото опции. За посмодернистичкиот идентитет, може да се рече дека неретко се поврзува со загубената или со произволната смисла на нештата, што произлегува од карактеристиките на самиот процес на претставување, кои тежнеат кон повеќезначноста и кон поливалентноста. Истовремено, тој е детерминиран од целта што се сака да се постигне, која честопати е насочена кон пронаоѓањето на смислата на нештата преку процесот на себеспознание, како во случајот на современата “проститутка со душа„ од романот Пеперутка на Сашо Тасевски.  Во својот беден живот, таа, сепак, бара некоја скриена смисла, некое објаснување кое ќе ја доведе до општествено оправдано поведение и затоа ќе рече: “Морам да пронајдам некоја подлабока смисла во стварите за да не се загубам. Морам да поверувам дека нештата ги правам за некои повисоки цели“ (Тасевски 2009, 39). Иако е сосема свесна за своите човечки потреби, желби и страсти, кога нагласува: „Немам афинитети кон големи подвизи за доброто на светот, зошто тие секогаш носат големи страдања и за светот и за оној што ги поттикнал. Наместо тоа, загреана сум за оној свет што во себе го носат обичните луѓе“(Тасевски 2009, 38). А обичните луѓе, според неа, се „животни со изразити потреби и нагони“(Тасевски 2009, 180), кои тешко можат да се скротат. Во своите уверувања таа цврсто стои на страната на природните нагони што, често, се забораваат, се потиснуваат или се искривоколчуваат, за сметка на наметнатите морални општествени кодекси. Ваквата состојба, на сите ни создава голем притисок од кој пожелно е што поскоро да се ослободиме, за да не доживееме, како што вели таа, „психоза, параноја, невроза канцер или инфаркт“ (Тасевски 2009,182). Тоа, сепак, е претежок товар  кој настојуваме да го исфрлиме по секоја цена. Наоѓајќи се  растргнати помеѓу овие два сегмента, почнуваме „едно да зборуваме, друго да мислиме, трето да правиме, во четврто да веруваме“ (Тасевски 2009, 182), потполно дезориентирани ја губиме смислата за нештата. И тогаш, откриваме дека сите нешта имаат заборавена или скриена логика во чија суштина лежи нашата анимална женска природа, која кога и да е, излегува на видело, зашто нагоните никогаш никој не успеал да ги победи. Сè што сме успеале е само, како што вели таа „да ги смириме некое време со помош на напредната технологија и празните глупави морални фрази кои заедницата ги мантра преку религијата и медиумите...“(Тасевски 2009, 181). Во ова наше постмодерно време, се чини, дека потиснатите страсти се составен дел на нашиот идентитет. Нивното присуство сè повеќе се забележува и се истакнува. Како никогаш пред тоа, му се придава значење на скриеното и на непознатото инкорпорирано во поимот Другиот, кој, со својата тајновита контроверзност, ги прави несигурни и неточни нашите досегашни претстави за нештата. Многу често, мислењата варираат дури до спротивни варијанти, со збунувачка контрадикторност на еден конфузен свет кој иницира мешање на нештата.           
          Неретко, во постмодернистичкото проседе  се препознава обратна претстава за улогата на жената. Романот што го избравме за анализа е парадигматичен по таа основа. Во него, уште на самиот почеток, во самоидентификациската етикета на главната јунакиња наидуваме на дијаметрално спротивна претстава за неа од онаа, вообичаената претстава за женската популација. Таа ќе му се претстави на читателот со следните зборови: „Се викам Барбара.....коренот на името потекнува од латинскиот збор barba што значи брада, такашто преведено на нашки, јас би била брадестата или во слободен превод Барбарката што е исто со Варварката, а ти Ч сигурно знаеш што означува тој збор. Дива жена во тесна кожа, со којашто тешко дека можеш да садиш тикви“ (Тасевски 2009,20). Таа, не само што се разликува од романтизираните претсави за уплашените, слабите, експлоатираните жени, туку се разликува и од повеќето луѓе од нејзината околина. Претставувајќи се себе си, гордо ќе рече: „За разлика од простата маса со којашто живеам во државата, мене и покрај она што сум, ми останало барем трошка достоинство и разум, коишто не ме оставаат да голтам секакви помии сервирани од работодавачите.....“ (Тасевски 2009,17). Покрај борбеноста, изненадува и присуството на разборитото размислување и желбата за наобразба, што, секако, се коси со патријархалните претстави за жените. „Може на прв поглед не оставам некој впечаток на академик, ама за волја на вистината, имам прочитано неколку книги, богами сум изгледала и пар филмови“ (Тасевски 2009, 8). Вака формираниот лик на Барбара има за задача да го ублажи антагонизмот меѓу двата пола, доближивајќи ги еден до друг и покажувајќи дека нашите претстави за мажественоста или за женственоста се само стереотипи кои можат и треба да се променат. Во реалноста, на која се инсистира во романот, навистина, среќаваме такви ликови, што укажува на можноста за револуционерна преобразба на третманот на жената, особено во постмодернистичкото време, која ќе биде остварена само ако се залагаме жените повеќе да не се гледаат и да се вреднуваат низ форми на однесување кои им се наметнати, кои се нетипични за нив.  Кои се тие форми, наметнати од ова наше општество како стандарди,  ќе видиме во продолжение.

          Како основна форма на спознание се наметнува машката перспектива. Тоа значи дека сите работи се гледаат и се вреднуваат преку призмата на машките претстави, според кои, една од највредните работи во нашиот свет се парите. Врз нив се базира моќта на единките и севкупниот систем на размена на вредностите. За машката популација тие се највредното нешто по кое страствено лудуваат некои од клиентите опишани во романот на Тасевски. „Типот има една единствена страст- парите под перница, кои му значат повеќе од сè! Повеќе од фамилијата и од било кои принципи или жртви коишто треба да ги поднесе за да дојде до нив“ (Тасевски 2009,128). Со парите, според  типично машката логика, се купува сè, секоја потреба, задоволство, дури и среќата, почитта, наклонетоста и однесувањето на другите суштества. Според таа логика, другите треба „затоа што некој има пари да го гледаат како Господ и да прават се за да го орасположат, за да им даде мал дел од тоа што тој најмногу го цени“(Тасевски 2009,128), што е сосема несфатливо за логиката со која размислуваат жените, вклучувајќи ја тука и проститутката Барбара. Во нејзиниот резон и во нејзиниот начин на однесување се очитува сосем нешто спротивно од здраворазумските сметки и наплати. Поинаквиот сенс за нештата и за нивните заемни релации ја иницира нејзината желба да го промени светот во кој живееме. Тоа ја прави способна да ја наруши и да ја коригира  машката гледна точка со воведувањето на женската самобитна перспектива, нужно, различна од сето останато. Иако, во прво време, се чини како да подлегнува на дотогаш вообичаениот стандардизиран поглед на свет. „Долго време сметав дека парите ми се единствена мотивација за курвање и можеби едно време со право ми се чинеше дека тие се причината за мојот брз подем на тоа поле. Не успеав да видам дека зад нив во сејф мод работи една друга програма за којашто сум мислела дека оддамна е исфрлена од мојот систем. Вербата дека можеш некого да усреќиш на исто толку различни начини на колку можеш и да го унесреќиш. Да не верувам во тоа дека ги усреќувам клиентите нема да издржам во оваа професија ни два саата“(Тасевски, 2009:38). „Така сум воспитана, секоја идеја дека парите се нешто најважно у свет, кај мене предизвикува презир“(Тасевски 2009, 101). Наместо во нив (парите), таа  наоѓа  задоволство и среќа во работата и во односите со луѓето. Тоа ја прави различна од другите, истовремено, непожелна и за официјалното патријархално општество и за феминистички настроените единки од женската популација, кои погрешно ја толкуваат еманципацијата, натпреварувајќи се со мажите во сите машки работи, тежнеејќи да станат поголеми мажи од самите мажи, наместо да ги негуваат своите женски аспекти. „Гледам во Скопјево се накотија еден куп лезбачи, што сè кажуваат за феминистки или фем-герила, кои мислат дека се повеќе жени ако ги мразат или презираат мажите, без да сфатат дека ги мразат затоа што самите веќе се имаат претворено во мажи“ (Тасевски 2009,141). Интересни се овие критики на сметка на радикалниот  феминизам и неговата погрешна стратегија во однос на справувањето со мажите со исклучиво машка агресивна тактика што ги прави еднакви на нив. Наместо ваквиот пристап, би било многу попаметно да се користат таканаречените женски ненасилни методи, кои ги вклучуваат компромисот и чувството за Другиот во замена за себичното инсистирање на своето, договорите базирани врз дијалог, радикалната грижа и  досетливост предводена од интуицијата.
          Поттикнати  од реалните размислувањата за машко-женските односи и проблемите иницирани од тие релации, настојуваме да дојдеме  до решение користејќи поинаква методологија од досегашната, која наместо за формата  ќе се грижи за содржината, заменувајќи  ја свртеноста кон себеси со чувството  на заедништво, потпирајќи се, при тоа,  не само врз рационалната логика, туку и врз ирационалните сили, кои,  нужно, мора да бидат  користени  доколку се сака да се оствари радикален  пресврт. За таа цел, во новото време сè повеќе се инсистира на внатрешниот интуитивен женски свет, кој функционира врз база на логиката на специфичната сензитивност. Сознанијата добиени по тој пат сè почесто се  покажуваат релевантни за стварноста. Адекватен пример за вакво однесување среќаваме во резонот на Барбара од романот на Тасевски, кога таа, потпирајќи се врз интуитивното сознание за идните случувања во животот, почнува ретроспективно да ги толкува настаните, тргнувајќи од навидум вообичаената реченица што нејзиниот татко и ја упатува пред смртта. „Меѓу последните работи што ми ги кажа пред да умре беше таа дека у животот ќе ми биде тешко и дека многу ќе пропатам и да ти кажам бејбе не згреши...  Како сега се сеќавам, една недела после погребот една иста црна мачка на едно исто место ми го пресекуваше патот. Не можев, а да не забележам дека тоа е настан од необичен вид и дека не може да биде случаен. Ми проработе суеверјето. Од некого слушнав дека несреќата никогаш не доаѓа сама, па по препорака отидов кај една бајачка..... По нејзините последни зборови смеењето ми застана во грло. Не се сеќавам како излегов откај неа...Штом дојдов дома, влегов во мојата соба и го поткренав јогито на мојот кревет. По должината на самиот раб на душекот од долната страна, пронајдов влакно од коса долго околу стоседумдесет сантиметри, онолку колку што сум и самата висока, коешто беше залепено со проѕирен селотејп. Се усрав од страв. Го извадив на балкон и го запалив како што ме подучи вештерката...“ (Тасевски 2009, 46). Со овој настан се поврзува целата нејзина животна приказна, која од среќна, одеднаш, се претвора во тажна. Kако последица на опишаната случка, во нејзиниот живот сè тргнува наопаку, започнувајќи со: бракот од интерес во кој го губи сето семејно наследство; фаталното пријателство кое ја воведува во светот на дрогата; немаштијата која ја инволвира во најстарата професија на светот; растргнатоста помеѓу дозволеното и казнивото; несугурниот живот исполнет со лажна љубов.....Но и покрај се таа останува со чист разум и полно срце наоѓајќи утеха и надеж во љубовта кон децата за кои несебично се жртвува.      
          Својот мајчински однос кон нив го базира врз  рамноправни другарски  основи, третирајќи ги како посебни  индивидуи со свои потреби и барања. Ваквиот третман, несомнено, доаѓа  од нејзините современи сфаќања  за улогата на слободата и на индивидуализацијата  во воспитувањето на децата како фактор за развивање на нивните потенцијали. За неа сосема е неприфатливо однесувањето на другите (патријархално ориентирани) родители кои менаџираат со сопствените  деца, држејќи ги во подредена состојба. За нив тие, едноставно, претставуваат  само расположливи ресурси со кои  треба да се роководи. Во тој контекст е насочена нејзината критика на патријархалниот модел на воспитување. „Денешниве деца едноставно немаат шанси у животот старата ќерка има врсници на кои уште оддамна родителите им одредуваат со кого ќе се дружат, што да облечат, што ќе струдираат, каде ќе работат, со кого ќе се женат или мажат. Наместо да им го препуштат изборот на своите деца, тие самите ги нудат ваму или таму. Ги тераат да прават ова или она. Како што прават макроата, бејбе! Ги шиткаат животите на сопствените деца!“ (Тасевски 2009,100). Ваквиот однос на родителите, очигледно, е предизвикан од вредностите на патријархалното општество, каде што има точно дефинирани кодекси на однесување и на достигнувања што се на цена. Доколку не се живее во согласност со нив, тогаш неуспехот е загарантиран. А тоа е последното нешто што секој родител би го посакал за своето дете. За жал,   во ова наше општество, во кое доминираат машките принципи за успех, не се води многу сметка за индивидуалните потреби и желби, туку само за колективните вредности, кои, често, стојат во расчекор со барањата на единките. Токму затоа, тоа продуцира осамени, несреќни, тажни суштества, неразбрани од својата околина. Тие, единствено, наидуваат на разбирање од нежните женски души, кои се залагаат за  поинакви вредносни системи. Женската логика секогаш ги валоризира  хуманите потреби на единките и застанува во одбрана на слабите и на болните. Од таа логика се раководи и благородната душа на Барбара- јунакињата на Тасевски (Тасевски 2009, 115), заштитувајќи го лудиот комшија Бубуле од настрвените полицајци, кој заради неа доаѓа во конфликтен контакт со нив. Кон него чувствува посебна обврска како кон пријател, кој не е во можност да се грижи самиот за себе.  Тие, пак, кон него се однесуваат крајно нехумано, третирајќи го како опасен деликвент. Свесна за мафијашката логика, според која функционира ова наше општество, самата ја прифаќа нивната бесрамна уцена. Но, и покрај понижувањето, не успева да го спаси Бубуле од сигурната смрт што за него ја  креирале безмилосните насилници.
          Нејзината професија ѝ наложува да има постојани  контакти со полицијата и да се соочува  со темната страна на македонското подземје и со аномалиите на власта. Таа,  луцидно, ги забележува сите општествени  неправилности во односите меѓу луѓето, секогаш застанувајќи на страната на сиромашните и на оштетените. За неа  е просто несфатливо „зошто луѓето трчаат по избори за да ги гласаат оние кои потоа се богатат на нивната  несреќа“(Тасевски 2009,126), кога секој знае дека „многу пари се прават на некоја туѓа несреќа. Иако со недоволно образование и отпадник од општеството, неа ја красат други квалитети кои обично им се припишуваат на жените, како што се душевноста, добрината, сочуството кон сите што се послаби од неа. 
          Во  нејзината женска индивидуа се препознава грижа за целиот свет.  Оттука, женските мечти (оние на Барбара и нејзината пријателка од тинејџерските денови) да го променат светот на подобро, само со еден гест да создадат слика што ја „изложуваш и одеднаш престануваат сите војни, престанува теророт и диктатурите, престануваат етничките чистења и трговијата со дрога и луѓе, а гладот заминува во историјата....Започнува Новата Златна Епоха, се враќа матријархатот и нема веќе заебанции, нема суета, нема доминација и репресија. Нема војни поплави, суши и заразни болести.... Не постои прељуба, мажите стануваат мирни како бубачки, а жените намаат повеќе бубачки во главата. Пред време настапува ерата на Водолијата и хармонија започнува да владее на секаде и одеднаш има живот“(Тасевски 2009, 54). Идилично  звучи овој нов свет создаден во главата на нашата необична хероина. Тој само ја одразува природата на футуристичкиот идентитет, преоптоварен со размисли за еден нов свет, подобар од сегашниот. Во него ќе царуваат сите принципи карактеристични за женската популација, како што се изостреното чувство за праведност,  хармонијата меѓу единките, спонтаноста, пријателството и љубовта.
          Но, најмногу од сè, ќе доминира несвесната намера при остварувањето на каква било цел, вклучувајќи ја тука и љубовта. „Љубовта е пред сè игра, никогаш предумисла, а уште помалку пазар или берза. Ја имаш се додека ја играш, а кога ќе престаеш да си играш во љубовта, тогаш си стварно готов....Понекогаш не сум на чисто дали луѓето се воопшто спремни континуирано да бидат објекти или субјекти на љубовната игра“(Тасевски 2009, 40) - размислува Барбара. Односот субјект-објект во љубовната игра таа го гледа како споено наизменично единство, кое постои се додека се менува.

          Но, секако, во едно е  сигурна, а тоа е дека женската индивидуа  го  восприема Другиот како ново суштество со специфични самобитни конститутивни особини. Во нејзината структура доминира меѓусебната почит на двата субјекта препознаени како Јас и Другиот. Ова се истакнува во секоја прилика, а особено кога некој послаб и немоќен ќе се најде во неволја. Единствено таа од станарите од зградата разговара со лудиот Бубуле, приоѓајќи му како на специфично човечко суштество, со желба да го разбере неговиот посебен свет. Без да ги омаловажува Другите – различни од себе, таа со цело срце се внесува во нивните проблеми.  „Штом ме види никако не пропушта да ми постави некое од тие неговите мозочнопарателни прашања, а јас пак со цел памет се обидувам да му одговорам сериозно и во негов фазон. Може затоа му станав толку симпатична?“ Нејзината грижливост и топлина ја прави отворена и за другата страна која сигурно е пресреќна што наишла на разбирање барем кај некого. „Сигурно си мисли, фала богу и јас да најдам некоја сродна душа за муабет. Барем некој ме разбира во зградава!“ (Тасевски 2009, 16).
          За жал таа нејзина мајчинска особина  никако не можела да биде сфатена од егоцентричната  околина во која доминираат стереотипни правила  на однесување кон ментално болните. „Кога ќе ме видат комшиите како праам муабет со него, знам дека ми се смеат зад грб и се крстат. Нивни  проблем. Никој од нив не знаеше дека лудиот Бубуле имаше периоди кога беше прибран и рационален....кога ќе го начекав во таа фаза одма доаѓаше  до израз неговото енциклопедиско знаење, интелигенцијата и моќта на расудување и перцепција“ (Тасевски 2009,16).   За неа тој беше суштество за почит и за восхит, кое го снашла трагичната судбина да заболи од специфична болест, што му наметнала поинаков начин на размислување и на перцепирање на светот. Ваквиот нејзин приод и однос кон Другиот како кон рамноправно суштество со специфични конститутивни особини, оправдано раѓа доверба, така што тој целосно се отвора пред неа, изложувајќи ги своите тајни кои не би ги споделил со никого. Во своите моменти на прибраност и рационалност настапуваше исповеднички доверливо:„Има и други светови, подобри од овој, само не сакам многу да зборам за тоа, зошто луѓето ми се смеат! Ќе речеше со воздишка на научник неразбран од околината. Беше бесен дека и нему луѓето му се смеат зад грб, ама си го фураше филмот...“(Тасевски 2009,16). Единствено нежната душа на Барбара можеше да го разбере и да се согласи со него за многу прашања како што се недостатокот на моралот,  корумпираноста на  општеството, расипаноста на индивидуалците, нивната изолираност и себичност што се огледа дури и во начинот како во ова наше време е сфатена љубовта. „Љубовта не може да го претставува целиот живот ниту на мажот, ниту на жената... Таа е само еден од начините за самореализација на дел од една личност и ништо повеќе. Дека секој од нас, во одреден период има потреба од тоа да биде од некого сакан, тоа не е спорно, само, штосот е, дека многу брзо тоа знае да здосади....Егоизмот проработува и одеднаш гулабот на гранка станува далеку попримамлив од врапчето во рака“...“(Тасевски 2009, 41). Слични се нејзините размислувања за себичноста на политичарите, кои го градат ова наше општество полно со искривоколчени вредности и аномалии во кое царува завидливоста и ривалството меѓу единките, наместо заедничка меѓусебна, позитивна имаго-стратегија. Добронамерноста и допирањето до срцето на секого ја карактеризира нејзината индивидуа на која ѝ е својствена отвореноста и демократичноста. Ваквиот пристап кон Другите поврзан е со сфаќањето дека на секого треба да му се даде она што го сака, бидејќи секој е одговорен за сопствената судбина. Со стратегијата на задоволување на туѓите желби, таа успева да им се доближи на другите, без при тоа да води сметка за нивните вистински интереси. „Успеав да најдам начин како да му се доближам на секој човек што ќе го сретнам, со една единствена цел-заедно да дојдеме до тоа што тој го сака, по најкраток пат и на што е можно побезболен начин“ (Тасевски 2009, 37). Свесна за специфичноста на позицијата во која се наоѓа, таа е принудена да гради поливалентен идентитет, прилагодувајќи се кон секого и во секакви ситуации. А самата и не е нешто многу загрижена за моралот, кога знае дека живее во општество во кое не се води многу сметка за другите. Пред нејзините очи се открива цел еден свет на изопачени политичари, разгалени татини синови, оргијастички сатанистички секти кои се претставуваат како загрижени душебрижници.  Секој секого залажува, оставајќи впечаток на лажен морал проследен со лицемерно однесување. „Луѓето не сакаат да слушаат вистини. Си реков, ок, штом толку сакаат да ги лажам, ќе ги лажам....нормално подобро за мене, а полошо за нив....сите почнуваат да те сакаат, ти се смешкаат и едвај чекаат да бидат во твое друштво...кога знаат дека имаш добро мислење за нив, тогаш луѓето некако несвесно забораваат која си или кој си и почнуваат да ти зрачат топлина, да бидат фини со тебе...?“ (Тасевски 2009, 44).  Нивното љубезно обраќање до неа е единствената светла точка во нејзиниот тажен живот, исполнет со проституирање заради преживување. Таа е отпадник од општеството, претставник на неговиот најдолен слој, но истовремено, неприкосновен борац за правдина и за морал. И двете карактеристики влегуваат во конструкцијата на нејзиниот поливалентен идентитет на бунтовник без причина, на несудена сликарка, на наивна сопруга, на грижлива мајка, на проститутка со душа, жена која знае да размислува и која има свој став и суд за аномалиите на денешното наше општество.      
          Во книгата на Тасевски се забележува постоење на повеќе карактеристични особини на јунаците,  кои се сведуваат на прифаќањето на главниот јунак дека со човечките постапки управуваат случајноста и апсурдната поставеност на бинарната машко/женска поделеност; дека не постојат норми на морално однесување; дека оттуѓувањето е еден од условите на човечкиот живот; дека движечките мотиви се одликуваат со иронија упатена кон сите, особено кон припадничките на женскиот род, што, сето заедно, го сочинува арсеналот на современиот, постмодернистички, родово определен светоглед. Со други зборови, како што ќе рече Лиотар, новите форми на самолегитимација можат да се сфатат како одговор на промената во современиот реален свет, каде што родовиот идентитет се наоѓа на врвот на скалилото на приоритетните проблеми за решавање. Тасевски, всушност, преку формалното експериментирање во книжевниот текст или на сцената со која што тој и професионално е поврзан, ги поставува виталните прашања на животот, бесрамно разголувајќи ги на начин, којшто му е својствен само нему.
          На  крајот, можеме да заклучиме дека преку анализираните примери на модернистичкиот и на постмодернистичкиот родов идентитет се посочуваат главните пунктови, карактеристични за двете согледби кои се карактеризираат со забележителни различни сфаќања во восприемањето и во третманот на половите. Она што ние го направивме во оваа пригода е соочување на ставовите од двата приода, поставени едни наспрема други, а кое ќе помогне да се воочат разликите меѓу нив, за потоа да се пријде кон решавање на проблемот. За да се оствари сето ова, секако, нужно е креирање на една нова политика за родовиот идентитет, која ќе го покрене прашањето од мртва точка. Со новиот пристап во политизирањето на идентитетот, всушност се отвара можноста за континуирано придвижување на прашањето за родовиот идентитет од маргините кон центарот на интересот, кон релативизирање на појдовните ставови на патријархалноста и нивно пренасочување кон егалитарноста на родовите. Токму затоа, посоченото политизирање на идентитетите во иднина ќе зазема сè позначајно место во нашето современо живеење, надополнувајќи ги вековните празнини во областа на родовата  практика. Нашиот скромен придонес во таа насока нè прави задоволни и среќни што активно учествуваме во еден така значаен и важен сегмент од современите културни процеси.

Литература

1. Андреевски, Петре M. 1992. Пиреј. Скопје: Мисла.
2. Попова К., Воденичаров  П., Димитрова С. 2002. Жените и мажите во минатото. Благоевград: Југозападен Универзитет.
3. Тасевски, Сашо. 2008. Пеперутка. Скопје: Матица македонска.
4. Tomić Zorica. 2001. Muški svet. Beograd: Zepter Bok World.
5. Castells, Manuel. 2002. Moć identiteta. Zagreb: Golden marketing.
6. Wejninger, Otto. 1986. Pol i karakter. Beograd: Knjizevne novine.
7. Woodward, Kathryn. 2002. Identity and Difference. London: California: New Delhi: SAGE Publication.