Кристина Димовска

          Невдоменоста во рамките на Кафкиниот Процес безмалку може да ја согледаме уште на самиот почеток, иако не толку очигледно, во реченицата: „Веднаш се слушна тропање на вратата и во собата влезе некој човек кого тој во својот живот никогаш го немаше видено.”[1] Со самиот факт дека некој странец одеднаш влегува во станот на Јозеф К., а овој воопшто не го познава, се покажува состојбата во која живее главниот лик. Тој можеби има сопствен стан, меѓутоа тој е далеку од сигурен и се чини дека во него може да влезе и да излезе кој сака, без да праша. Јозеф К. дури се чувствува и самиот како странец во сопствената куќа, бидејќи не успева да оствари нормална комуникација со новодојденецот: „Всушност, веднаш му текна дека не смее да го каже тоа на глас, бидејќи со тоа на некој начин би му го признал на туѓинецот правото на надзор (...)”[2]. И покрај тоа што е во сопствениот стан, тој е затворен и кон него се постапува како со најлош престапник. Тој нема никаква слобода токму во неговиот личен простор, и наместо тој да наредува каде ќе бидат сместени новодојденците, се случува токму обратното: “К. посака да седне, но тогаш виде дека во целата соба може да седне само покрај прозорецот”. Новодојденците дури и си даваат преголема слобода, бидејќи не се однесуваат како странци во станот на К., па едниот дури потсмешливо го поттапнува по рамото.
          Но, уште на самиот почеток Јозеф К. го шокира својот читател: “К. речиси и не обрнуваше внимание на овие зборови, а правото да располага со своите работи кои можеби сè уште ги имаше, многу не го ценеше;” Неговиот личен простор е загрозен, но тој како да не се грижи воопшто за тоа. А сепак, не може да се негира дека тој има чувство дека не припаѓа никаде, бидејќи само таков човек би можел да се прашува: “Какви се овие луѓе? За што зборуваат?” и фамозното прашање кај Кафка: “На која власт ѝ припаѓаат?”.
          И покрај сериозната ситуација во која се наоѓа Јозеф К., на чие место секој чесен човек искрено би се исплашил, тој воопшто како да не е засегнат од она што му се случува. Иако е принуден да се разбуди во сопствениот дом како некој странец, тој како нималку да не се грижи за тоа, бидејќи за него, сè изгледаше премногу безначајно и единственото нешто кое тој бара да го дознае, е причината заради која е обвинет. Ненадејната ситуација кај него дури зачнува и размислувања за самоубиство, меѓутоа тој брзо се освестува : „Би било толку глупаво да се убие, што, дури и кога би сакал да го стори тоа, не би можел затоа што е бесмислено.” И тука уште еднаш ја забележуваме неговата согледба на нештата како бесмислени. Во суштина, сите нешта се бесмислени кога е одземено основното право за слобода. Јозеф К. е заробен човек: од полицијата, законот, власта општо, па дури и од самите чиновници, бидејќи токму овие последните се однесуваат како господари во неговата куќа: “’Можам ли сепак да седнам?’ ‘Не е таков обичајот’ одговори надзорникот.” Рамнодушноста и чувството на бесмисленост на нештата се јавува и во односот на Јозеф К. кон госпоѓата Бирстнер, кон која покажува извесна наклонетост.
          Недостатокот на дом се согледува и во самиот опис на станот каде што живее Јозеф К. Наспроти клишетираната дефиниција за домот како топло огниште, во Процес домот има спротивно значење – речиси се добива некаков впечаток и дека воопшто не постојат домови, туку само врати. Јозеф К. и не може да очекува дека ќе најде некаква приватност во својот дом, ако се земе во предвид поврзаноста на неговото парче простор со она на госпоѓа Грубах.
          Во втората глава веќе, на Јозеф К. му се наложува да ја посети куќата каде се одржува судењето. Невдоменоста и пустотијата на просторот ја чувствуваме и преку описот на куќата која треба да го претставува судот. Таа не е сместена на некое видно место каде што има многу луѓе, туку напротив, се наоѓа во една зафрлена улица од предградието за која Јозеф К. воопшто не ни слушнал: “Јулисовата улица во која требаше да е куќата (...) имаше на двете страни речиси сосема еднолични куќи, високи, сиви, наемни куќи во кои живееа сиромашни луѓе.” Се чини дека недостатокот на дом одеднаш се проширил во целиот град, а не само во животот на Јозеф К. Ништо не е претставено онака како што би замислувале дека треба да изгледа – домот на Јозеф К. не е место на починка и утроба во која човекот се штити од надворешните сили кои многукратно се обидуваат да му го одземат мирот, судот не е установа во која се донесуваат закони и се водат кривични постапки, туку е пуста, сиромашна зграда каде прозорците се “исполнети од високо напластена постелнина над која одеднаш би се појавила бушавата глава на некоја жена”, каде жените бесрамно се шетаат во своите ноќници.  Судот не е повеќе сериозна установа, ами слика за еден панаѓур каде што луѓето си дофрлаат меѓусебно, жените стојат на скалите и си брборат и каде честопати се огласува бурна смеа, несвојствена за една сериозна установа. Отсуството на домот, како место за кое е својствен мирот и хармонијата, местото на починка и на детските сеќавања, се согледува кај сите ликови во Процес, а не само кај главниот лик. Судот е збир на мали соби со еден прозорец каде што обично се готви, и каде што вратите постојано се отворени. Симболиката на отворената врата веднаш асоцира на нарушена приватност, која инаку би требало да е својствена за вистинскиот дом, и постојаната прометност преку нив, укажува на живот кој е јавен, живот во кој ништо не се крие и сите меѓусебно ги знаат своите тајни. Сето тоа е спротивно од сфаќањето за домот.
          Може да забележиме дека повеќето од одаите во таканаречениот суд се ситни одајчиња со еден или два прозорци. Тоа е уште една слика за отсуството на домот, или пак дом кој е отсечен од надворечниот свет, и воздух кој останува застоен и непроветрен. Вистинскиот дом кој е прибежиште на оној кој живее во него, треба да му посака добредојде на секој кој ќе стапне на прагот – во Процес, домот е затворено одајче во кое едвај се провлекуваат зраци светлина, место на недолични дела – како што е случајот со младата жена и студентот во судот каде ќе пристигне К. Кафка дури и прави комедија и гротеска од судот, пишувајќи за присутните на собирот во судот: “Некои си имаа донесено и перници кои ги ставиле помеѓу главите и таванот на собата за да не си направат плускавци.”

          Понекогаш, отсуството на домот кој ја симболизира слободата (додека невдоменоста ја симболизира затвореноста и ограниченоста), може да се насети преку описот на просторот во кој се наоѓаат ликовите кај Кафка. Но сепак мораме да имаме во предвид дека ова не се однесува само на неговиот роман Процес, туку и на другите пократки раскази (на пример,Истражувањата на еден пес, Во колонијата на казнетите и сл.). Таквата загушливост и ограниченост на просторот ја среќаваме бездруго во Процес, додека К. е во судницата: “Стоеше тесно притиснат до масата, а мешаницата позади него беше толку голема, што тој мораше да ѝ се спротивстави ако не сакаше да ја турне од подиумот масата на истражниот судија, а можеби и самиот себе.” Забележуваме колку неговите движења се ограничени и ова бездруго укажува на една клаустрофобичност која владее со К. Исто така, самиот факт дека судницата е опишана како магловита, непроветрена просторија, ни укажува на затвореноста на просторот, ограниченоста на дејствата и чекорите. Би помислиле дека човек во таков простор и воопшто не може да се движи и тој наликува на нереален хронотоп од некој сон, каде што најчесто се чувствуваме исплашени и заробени: “Магловитата пареа во салата беше сосема неподнослива и пречеше јасно да се видат оние кои беа подалеку.”[3] Сето ова му дава некаква нејасност, не-определеност на просторот и, за да биде ситуацијата уште поапсурдна, кога жената-слугинка која ќе ја сретне К. во судницата ќе му рече: “Да, ние овде имаме бесплатен стан, но во деновитее кога се одржуваат седниците мораме да ја испразниме собата.” Ова секако не е случајно направено од Кафка. Обидувајќи се да ја илустрира апсурдноста на институцијата, тој како несвесно да укажува на невдоменоста насекаде каде што Јозеф К. оди. Имајќи го во предвид фактот дека овие луѓе еден ден живеат еден нормален, сосема обичен живот, а наредниот ден се преселуваат, имаме полно право да помислиме дека во овој случај станува збор за класично отсуство на домот: од една страна овие луѓе го имаат и живеат во него, но од друга страна, нивната честа преселба, ни укажува на фактот дека и тие, малку како и Јозеф К., живеат како скитници кои се “избркани” од нивниот дом. И не можеме, а да не забележиме дека таа не-вдоменост како да му е одвратна на К., бидејќи тој неколку пати кога ќе присуствува во судницата, придружен од слугинката, ќе забележи колку многу прашина има напластено во одајата и нема да може, а да не забележи дека во просторијата е премногу нечисто. Оваа нечистотија би можеле повторно да ја поврземе со немањето на дом, или пак домот кој е напуштен и заборавен од оние кои живееле во него. Таа слика за нечистотијата, далеку од тоа дека асоцира на домашно огниште, кое, можеби малку стереотипно, но треба да е чисто, уредно, со услови за живеење во него.[4]
          И тоа карикирање на просторот како да не престанува, небаре Кафка мора постојано да го споменува фактот дека судницата не е судница, а со тоа ниту домот не може да биде вистински дом: “Тоа не беше некоја установа која би влевала многу почит, и за еден обвинет беше утешна помислата со колку мали парични средства располага овој суд, кога своите канцеларии ги сместил таму каде што се кираџиите, кои се сите бедни луѓе, ги фрлаат своите стари работи и алишта.” Тука веднаш паѓа в очи придавката бедни која е мошне необична. И покрај тоа што смета дека тие луѓе се бедни, Јозеф К. сепак не ја крие својата необична наклонетост, ако не и кокетност кон слугинката, која исто така припаѓа на тие бедни луѓе. Но сепак, дури и таа придавка асоцира на сиромаштијата која владее во тој кварт, и покрај тоа што судиите К. ги опишува како поимотни луѓе од оние другите, од обичните. Меѓутоа, ако забележиме, дури ниту тој самиот не се разликува многу од тие луѓе.
          Во судницата ќе забележиме дека има многу повеќе скали, отколку што има врати низ кои може да се влезе: “Кај влезот за малку ќе паднеше, бидејќи зад вратата имаше уште едни скали.” Замислувајќи си го просторот, добиваме впечаток дека од тоа место не може така лесно да се излезе, дека судницата е еден лавиринт во мало. Постојаното трескање на вратите и многуте скали како да нe тераат да помислиме дека целата зграда е преполна со скали, а отсуствува вистинското место за живеење, како да отсуствуваат собите и становите. Тоа ја создава импресијата на преминот, од врата низ врата и не-престојување ниту во една одаја подолго од десетина минути. Не треба да се заборави и самиот факт што многу од судските простории се сместени на таванот, одделени само од неколку дрвени решетки. Во тие простории одвај допира светлината и речисисекогаш е задушливо. Местото е дотолку запуштено, што луѓето немаат место ниту за своите шапки, па се приморани да ги ставаат под клупите. Сето ова ни асоцира на стеснетоста на просторот, на несреќно избраните простории за една судница. Ако се сетиме на теоријата на Жил Делез и Феликс Гатари, ќе забележиме дека во Процес има многу места каде човекот е принуден да ја спушти главата кога влегува во некоја просторија, а тоа безмалку говори за неговиот статус во општеството.
          Не-вдоменоста се насетува и преку т.н. затворени премини. Честопати додека К присуствува во судот, ќе наиде на ситуации кога нема да биде така лесно да излезе оттаму. Па така, кога ќе му се слоши, луѓето од судот ќе се обидат да го изнесат надвор, велејќи: “Тргнете се, тргнете се, ослободете го преминот”, небаре прашањето за неговата слобода и преживување се содржи во тој премин. Секако, зборот премин во рамките на Процес може да се подразбере и како обид на главниот лик да се ослободи (од судницата и луѓето таму, од девојчињата кои ќе му додеваат додека зборува со Титорели, па дури од самиот процес!). Преминот е метафора за менување на една првобитна состојба. Имајќи го во предвид постојаното лутање на Јозеф К., кое бездруго е заради неговото интимно чувство на неприпадност (и неспособност да си го најде своето место каде ќе биде заштитен и задоволен), согледуваме една ситуација на постојана окованост. Тоа се манифестира и преку изјавата на К. додека е во судот: “(...) Каде е излезот?”, на што ќе го добие толку очигледниот и очекуван одговор од судскиот служител “Да не сте залутале можеби?”. И К. е навистина изгубен, но не само во судницата, како што отпрво може да се чини, туку воопшто (тој не знае ништо дури и за сопствениот процес, постојано лута некаде, не можејќи да се снајде во пространите ходници), па затоа ќе рече: “Покажете ми го патот бидејќи нема да погодам, овде има многу патишта.” Неспособноста да се најде излезот не се однесува само на судницата, туку воопшто за животот на К. Исто така, загубеноста во просторот значи неспособност да се најде место каде се припаѓа, односно дом. Ако добро се сетиме, К. никаде не се чувствува добро (што малку потсетува на Гетеовиот Вертер, на кој никаде му беше добро, и насекаде му беше добро) и нема место каде тој се чуствува слободен.
          Согледувајќи ја замрсеноста на патиштата во судот и соочувајќи се со сопствената немоќ пред институцијата, Кафка за К. ќе забележи: “(...) Бидејќи беше дошол само од љубопитност, што како објаснување уште помалку би дошло во предвид, со желба да утврди дека внатрешноста на судството е исто толку одвратна како и неговата надворешност.”

Белешки

[1] Франц Кафка, Процес, стр.5 (Феникс, Скопје 2003).

[2] Сите понатамошни цитати се преземени од оваа книга.

[3] Ваков сличен опис се среќава и на страна 47, каде се вели: „(...)Бидејќи поради матната дневна светлина пареата беше белузлава и ги засенуваше очите.” Неможноста да се види асоцира на губењето на едно од најважните човекови сетила, небаре засенетиот вид му го одзема чувството за ориентација на оној кој го загубил.

[4] „Колку е овде сè гнасно” е постојана забелешка на Јозеф К. додека ој присуствува во судницата. Ова може да се интерпретира на повеќе различни начини. Може дури и да се сфати како исмевање на судницата како институција и покажување одвратност кон правниот систем (надополнето со оние „срамни книги” кои ги читаат судиите.