ИМАГОЛОШКИ ПРЕТСТАВИ ЗА НЕПРИЈАТЕЛОТ ВО МАКЕДОНСКОТО УСНО ТВОРЕШТВО И ТРАНСМИСИЈА ВО СОВРЕМЕН КОНТЕКСТ

Сенка Анастасова


1. Мултиетника

      Една теориска и методолошка формулација на Другиот како Непријател во усното македонско творештво, отвора подзаборавена одаја на старини, стари предмети, прашникави куфери - врзани за различни луѓе и обичаи на овој простор, потребни за да се пре-состави сликата на Непријателот. Тоа значи: да се извлечат старите фотографии на нашите ближни или далечни претци, со цел одново да се доживеат старите пари – мангари, ќурдиите со бисери, бледоликите огледала, посрмените шамии, футите, опинците, разнобојните мониста, или изрезбаното оружје... Сета разноликост на стилските карактеристики на овој инвентар, наведедува да се мисли овој простор како место за производство на заемни идентитети и идеолошки проекции - какохомотипија. Во еден ваков простор, ткивниот конструкт на идентитетот се врзува за геополитички топос со квалитативна и квантитативна хомогеност, а тоа претполага опереционални, методолошки раслојувања на Другиот и преиспитување на одредниците на негација и на манихејските односи и релации со коишто зададениот (мал Друг = етникум) се потцртува или како добар, или како лош (непријател), зависно кој е фокализатор и од која позиција се пренесуваат (пре-кажуваат) настаните. Преку неговото расчленување се изделуваат модалните автостереотипи и хетеростереотипи во усното народно творештво, што како закостенети форми земаат замав и во еден мултиетнички современ контекст.
      Хрватската писателка Дубравка Угрешиќ, односите на Балканот и релациите меѓу расцепените минати југословенски територии и народи ги проценува како докрај непреведливи во дефиниции (вклучувајќи го тука искуството што го обележува заедничкиот живот во одредена земја и култура, во одреден систем, во одреден историски момент) (Kultura lazi, 250). Тој неделлив, несводлив слој, може одеднаш да се активира во нас, на заеднички заемен код, кој го асоцира нашето заедничко детство и на него сите ние (припадници на иста заедница), би можеле подеднакво да реагираме. Тоа обврзува да се преиспитаат (не)пријателите што ги зафатила големата бура на (балканско) фуснотизирањемаргинализирање- онаа подземна вода на сепарација, оддвојување од некоја претходно создадена целина (Жан Мари Доменак, цит.спор. Шелева, Културолошки есеи 60), со цел да се конструира сопствениот идентитет (личен или колективен).

2. Етникумите како имаголошки конструкти

     
(усното народно творештво подложно за распластување -сликата на Непријателот)

       Преку реконструирање на Другиот, во усното народно творештво, се извлекуваат одредени етнички и идеолошки предрасудикоишто се коментираат во едно пошироко културолошко подрачје - хетерологија и во мултикултуралистичките дебати, со цел да се истражи менталитетот и начинот на мислење. Валери Стефанов во Предизвиците на Другиот, го разгледува Другиот какометодолошки неопходна личност во однос на која се дефинира определен субјект. Тој е стихиен и деструктивен, сила која урива, но тој е и важен при конструирањето на идентитетот на секоја група, зашто во однос на него, првиот субјект се дефинира и себе се одредува (во епската поезија тоа е јунакот што бара правда наспрема спротивставениот). Во изворните собирања на усните народни мотиви, песни, творби кај Верковиќ, Цепенков, Шапкарев, Миладиновци - Другиот се прикажува најчесто преку традиционалната схема, како туѓинец, етнички различен, географски одреден од туѓ крај (пр. физиономиите на Турчинот и Македонецот се типизирани. Турчинот, често е одреден како ''опасен", ''далечен", ''клет арачлија", насилник којшто притиска да се промени верата, ''пленик" на девојки и кревки 'немоќнички', ''душманин'', ''црно куче" (црна Арапина), или обратни рефлексии врз Македонецот како ''каурин", ''славо- Македонец” (изворно: во Зборниците на народни умотворби и во современиот контекст). Ваквите обликувања во свеста на оној кој пее, се контекстуално условени, а ''туѓинците” се затвораат во пакети и се испраќаат во долгорочни табу-емисии, без дијалошки облик.

      Преку создавањето на негативни проекции на Другиот се објаснува (и се оправдува) потребата за јакнење и хомогеност на заедницата на којашто се припаѓа. Контекстот за стереотипизирање во македонското усно творештво е поволен (се зема предвид историското време на политички, верски и идеолошки судири). Сликата на Другиот тогаш се проектира како испрекинатовообличена слика на непријателот. Сликата на Непријателот - според Срѓан Врцан (Модернитет и варварство, 49) се создава систематски, преку потиснување на Другиот, најпрвин како туѓинец, па како непријател. Оваа (гледано од временска дистанца) традиционална слика на нетрпеливост, брзо прераснува во ,,национална слика на непријателство”, којашто може да земе замав преку карикирани особености - со цел да се разобличи Другиот, за да може лесно да се совлада.
      Бугарската историчарка по балканска историја – Марија Тодорова, во својата студија Замислувајќи го Балканот, имаголошкиот дискурс околу Другиот го врзува за поимот ''балканизација”. Критички, супституирајќи ја негативната перцепција за Балканот на 'Запад', Марија Тодорова го поставува прашањето за причините кои довеле до создавање (имагинарни) ''замрзнати слики за Балканот” (а, притоа никој не ги зема предвид политичките, културни, идеолошки промени како концентрат на негативните стереотипи, што просторот ги доживува(л), а кои се причини за создавање заемни стереотипи. Словенечкиот социолог и антрополог Растко Мочник во Теорија на денешното време го потцртува диференцијалистичкиот расизам, асиметријата која владее по хоризонталната и вертикална оска на Балканот. Првата е оската со соседите (или малиот Друг – како што го именува Елизабета Шелева (184)- тоа би биле односите кон етникумите, оска втемелена на непријатност, напнатост и одбивност, за разлика од сервилното додворување кон Европа (големиот Друг).
      Значи, на тој ''мрачен, туѓ, архаичен, варварски, ориентален Балкан”- како што некои го нарекуваат, кружат заемнистереотипизирани осцилации за ''злолукавиот Словен”, или ''клетото Турче” и се најдлабоко поврзани со интерната ''балканска митологија” во која се разоткрива концептот за Другиот преку борбата за хегемонија на нациите во замислените и посакувани големи национални држави – пишува Кица Барџиева Колбе (БалканБалкон,14). Формите на омразата се манифестација на конкретна политичка волја која мора да се дефинира многу јасно, никако дифузно, уште помалку во митологизирачкиот манир на создавањеархетипски и стереотипски изместени слики, притоа истакнувајќи дека етничките граници се нивелираат до стереотипи, не само од внатрешната рамка, туку на тој начин се наведуваат и Големите Други да се наметнуваат над жителите на оваа Балканска тераса.
       Сликата на Непријателот 
во фолклорот го актуелизира менталниот склоп од односи претставен како народно знаење. Со користењето на тезите на Бен Амос за фолклорот во општествениот контекст, се покажува дека фолклорот не може да се сведе само на уметност на речта, на усмено пренесена книжевност, туку мора да се овозможи медиум на трансмисија, преку кој нема да се знае што е точно фолклорот, туку тој ''ќе се изнаоѓа, ќе се бара преку начинот на усменото циркулирање”(Stulli, Usmena knjizevnost kao umetnost rijeci, 31). Од тој ретроактивен процес на циркулација, се извлекува начинот на мислење, што сугерира синтагматски и парадигматски карактеристики на оној кој пее. Пеачот (бардот) е еден од оние кои ги сублимираат колективните моќи на народот и кои го 'прогласуваат' Другиот за Непријател. Ваквиот след е пологичен доколку се земе предвид дека епската поезија редовно се обраќа во име на цела заедница на која и’ припаѓа. Хрватскиот теоретичар Павао Павличиќ, (Епско пјесниство, 414) проучувајќи ја епската поезија точно забележува дека епската свест сметана уништување на општествените разлики, зашто заедницата со којашто се занимава, ја гледа како единствен ентитет кој има своја историска судбина. Оттука влече корен сложеноста на идентитетот, проблемот на точното лоцирање и толкување. Преку епската поезија, заедницата ја чува свеста за себе, за својот идентитет и врз таа основа себеси ја објаснува сопствената судбина како нешто што има смисла. Тоа е погледот на свет на којшто заедницата како организам се втемелува.

 

      Како е лоциран Другиот во некои македонски народни песни? Се чини дека Тој е фигура во однос на којашто се согледува првиот (јунак, херој, свадбар) наспрема зулумџијата, тиранинот, наметнувачот на власта, непријателот. Овој проблем го појаснува Павличиќ, запишувајќи дека епската поезија говори за нешта што се од животна важност за цела заедница. Значи, целта да се уништи и расцепи Непријателот е од заедничка важност за заедницата, особено кога тој е дел (етнички, составен, стврднат, навикнат) од истата заедница. Умберто Еко (Миграции, толеранција, 114) смета дека нај-експликативна мерка во разгледувањето на сликата на Непријателот е принципот на нетолеранцијата. Во историски контекст, тоа е херменевтички проблем–вели Еко и може да биде поврзан со толкувањето на ''единствената вистина” на Светата книга. Тогаш се јавува ''фундаментализмот” како херменевтичка нетрпеливост (којашто може да се поврзе и за овие простори), како исконска нетолеранција, која се заснова на категориски краток спој кој потоа станува позајмен на секоја идна расистичка доктрина: ''ако субјектот што направил некоја неправда сме го означиле како непријател, тогаш сите субјекти за коишто се смета дека припаѓаат на тој род се означуваат како непријатели”(414). Преку ''балкански расистички принцип” се подгрева сликата за Непријателот и секој 'иден' припадник на 'обележаниот' род, однапред е подреден на групата на непријателите. Таквите имаголошки претстави и конструкти остануваат затворени во тесни/долги временски рамки, постојано се прелеваат и се пренесуваат.

 

1. Мнемотехнички потенцијали. Идентитети.

 

      Моќна е колективната (подвижна) меморија и сила со која се создаваат (однапред веќе!) утврдените схеми и пристапи за Другиот - дури и во национално повеќеетничкото современо живеење. Причините се поливаријабилни, потеклата многуслоевити (религиозни матрици, цврсто идеолошки обоени фундаменталистички битки на религии, политичко-географски, територијални, љубовни?, понекогаш и митски условености!). Петер Слотердајк во Хистерија на нацијата, полага внимание врз обврската што ја имаат етничките заедници за биолишло и симболичко инвестирање, тогаш еден етнос (Ethnie), еден народ, би сочинувал една биолошка инвестициона линија која мора да се надополнува со симболична, ритуална, јазична пракса, за да ги зачува карактеристиките на својот идентитет. Герилата паѓа врз мемориските банки.
       Вилем Флусер во својот есеј ,,Одговорност и слобода, дискурс и дијалог” (121)меморијата ја дефинира како склад од информации, па усмената култура штом се пренесува како информација, мора многу брзо да се прими и да се складира во нервниот систем на реципиентот. Тогаш таа информација се обработува, па се пренесува на други реципиенти и на тој начин претрпува дополнително искривување. Ова е повод за преиспитување, на 'закривените' слики коишто преку мемориските стапки ги втемелуваме како готов продукт на нашите односи. Со воведувањето на библиотеката како културема, Флусер упатува на опстојување на библиотеката, не како мемориско средство за бележење, запишување на стекнатата информација која ќе може да се повикува по желба, туку библиотеката како трансценденција која лебди врз човекот. На тој начин преку мемориската банка, се идентификуваме со ''нематерјалната библиотека што лебди над нас”(усменото творештво) и создаваме (свои?) идентитети, (навраќајќи се на една Борхесовска, универзална архе-Библиотека, како метафора за бескрајот, архе - запис, преттекст на секој следен текст).
      Колективната меморија се пренесува со јуриш што не може да се запре. Скаменетите стереотипи и 'изместени слики' се менуваат со будни самоанализи на навиките. Но, состојбите се усложнуваат - вели Дубравка Угрешиќ (246) - кога стануваме сведоци на наметнатото проголтување на диференцијалните разлики што Другиот го специфицираат како Друг. Во обидот за надминување на стереотипизираните форми, постои опасност од обезличување, опасност од тоа , поимите: историја, меморија и носталгија да се претворат во висока културна, тераписка и комерцијална вредност, безболен сурогат, исто како и нејзиниот објект. Во корпусот на ваквите мнемопотенцијални укажувања, влегуваат укажувањата на Угрешиќ околу заемниот однос на балканските народи кон минатото: ,, се чини дека (тие) се најбодри тогаш кога имаат можност заемно да си го уништуваат минатото (надгробни плочи, библиотеки, цркви) ... борбата со Другиот на крај се сведува на битка за меморијална вредност... битка за територија на колективното паметење и за ''ментални сувенири”.

  4. Црнината им приличи на Арапината и на Електра.
   (Мултикултурализам)
                   
      Следејќи ја сликата на Другиот, преку сликата на Непријателот во македонското усно творештво, за крај, еден апликативен пресек доаѓа, не со цел да се осветлат етничките одредници, туку симболизациите што се врзувааат за категоријата 'непријател'. Во провокативниот корпус песни (балади) за Црна Арапина е впиен сигналот на негативна перцепција. Арапината како Другиот! Како малиот Друг! Нема точна локација кој е и што е оваа Арапина и покрај тоа што често се поврзува со Турчинот, како архетипски сигнал на злото, како пра-тип на злотвор во прекогнитивниот дискурс на несвесната меморија, која денес се чита семантички амбигвитетно, поливалентно - вели К. Ќулавкова (Од симплификација допарономазија, 312). Постои ''изместена ситуација” според Јелена Лужина преку која се следи ''попаѓање”, ''слетување”, ''налетување” на овој Црн Арап среде туѓо место, Негово не-место! (Црна Арапина како медитерански универзален топос). Ваквата лепенка од зборови (Црна Арапина), означена е со двојно силна, моќно– (со)звучна метафора, фигура што е двапати кодирана со црнината. Потрагата по точна, етничка кодификацијае тешко условена, зашто многу повеќе оваа фигура носи сопствени симболизации во текстот, отколку прецизни локации.
      Традиционалните интерпретации, се задржуваат врз Арапината како врз ајдут, тиранин,запоседнувач, завојувач. Се доведува и во врска со некои митолошки, прасловенски суштества како ,, црн бог на долниот свет и насмртта.” (цит. спор. Ј. Лужина). Малку подалеку одат истражувањата на В.С.Антиќ (Трансформација на мотивот Болен Дојчин,) кадешто Дојчин се идентификува со заштитникот на градот Солун - Св. Димитриј (тогаш змејот би бил Арапината). Чаусидис (Од змеј до божество, 38) пишува за трансформација на демоните во божества во словенските традиции, преку која се доближуваат змејовите до некои почетни форми на богови (што како слој може да се бара и кај Арапината). Во традиционална православна рамка, Јоаким Крчовски (,,Митарства - на Св.Теодора”), преку контрастивни сцени (за)пишува: ,, дјаволи страшни и црни како арапи – дојдоха около мене и нихните лица беха црни како саѓи, очите нихни како жар и нихното гледање толку љуто како сама вечна мука” (302). Контрастот е со цел да се истакне верската припадност и припремите за задгробниот живот... Но, најпревртена слика за Арапината е коментарот на Јелена Лужина, која преку морешката и патувањето на потомците на Хам, укажува на добрината на Арапот (преку низа инклинирања од зло кон добро).
      Дали ликот на Арапината може да се чита исклучиво преку низа симболизации што ги нуди епската песна? Семантиката на епската песна реагира на митско – семантичка структура - со дополнително поставен социјален код. Ако во еден митски конструкт, Болен Дојчин е културниот трикстер, тогаш Арапината (според антрополошките проучувања на Мелетински) се претвора во ,,тревката” којашто треба да биде најдена и откината, уништена (убиена!) во име на општочовечко добро, (во една болендојчиновска епизода - за да се спаси жената, мајката или сестрата, за слава на доброто и честа!). Ретроактивно, убиството на Арапината асоцира еден постар слој убиства што се толкуваат кај Мелетински: оваа балада дава репертоар на мотиви, својствени на обредите на посветеност, преку преобразување на митот во епска песна. Сликата на Непријателот, во овој циклус, има своевидна матрица во архаичната епика, во оние митски обрасци со две завеси, со 'двоен систем' на односи, со растргани караници меѓу 'своето' и 'туѓото' (најчесто обележано како демонско, хтонски подвлечено). Во основа, во македонското усно творештво,    јунакот што се поставува во функција да се следи, зазема позиција на истерувач на злото и 'на грбот' може да носи племенска, етничка, или космичка ознака. Ваквите две фигури се во непријателство и онаа што го победува претпоставениот Непријател, конкретизира заштита на космосот од силите на хаосот. Фигурата на Непријателот е хтонски поврзана, со подземниот свет, а Црната Арапина антиципира нејасен, маглив, сомнителен идентитет кој освен како воен противник, тенденцијата на овој запис е да го одреди на општо универзално рамниште, без етничко – географски, антрополошки или политички одредници.

       Толкувањата на отсечената глава (на Арапината), како мотив се јавува скоро со подеднаква симболика во митолошките и фолклорните извори и се користи во неколку клучни обреди кои сугерираат плодност, изобилство, хармонија. Преку убиството, чиј супститут е отсечената глава (на непријателот), се воспоставува трајност, ред, совладување, космос - транспониран во 'мирната' смрт на Болен Дојчин
       Ако симболичката варијанта на Црната Арапина се сврзе со митската Електра, онаа на Есхил, Сартр, О’нил , носителка на вината на претците, се преклопува калеидоскопот. Сликата на Непријателот се врзува за оваа дама, како 'опасна ќерка' којашто може да роди одмазник исто како Арапината - поиман преку имаголошките претстави, носител на пренесени проекции, како зол и кобен, така и Електра (Лавинија) на Јуџин О’нил носи еден (не)сводлив (црн, кобен) додакок од мајка и’ со самото тоа што таа е нејзина лика и прилика, исто како што темнокожецот Арапина на себе ја носи 'суровата' физиономија од својот предок. Електра и Арапината - двајцата слични по својата жестокост и моќност, таа - столбовна оска, околу која се сите црни и во која влегува сиот преостанат дел од црнилото во семејството. Електра- носител на црниот остаток, ја всмукува црнината во себе и станува црнец! црнило! Црната Арапина - сее страв, поцрнува сè: ''попаднала црна Арапина, под града Солуна, ми удрила белана чадара, на ден сакат по две фурни лебец, крава јалоица, бочка ракиа, по две бочки вино, на ден сакат п’убаа нееста, на ноќ п’ една малка мома")(Миладиновци, 125). И колку посилно зема замав, толку повеќе е црн, не се исцрпува, туку ја зголемува сопствената црнина што сè; повеќе му приличи. Да се помират обратните слики на ''црна Електра” и ''не црн Арапина”, одговара на еднамултикултурална перспектива којашто на сцена е блиска до изведувањата на Питер Брук: архаични теми преоблечени вотранскултурни костими, спојување на знак од историјата, плус артефакт, преку ликови-метафори, со цел да се надминат расистичките и политичкиуслови за достигање на универзален (утописки?) копнеж).
       Треба да се остави несогласувањето на поимите, вели Бодријар во Хирургија на Другоста (156), треба да се одржуваат во живот формите на несводливото. Само така ќе се надминат теориските и практичните принципи на нетрпеливоста и ќе се отвори можност за дијалошка толеранција со етничкиот Друг. Во рамките на една сопствена деколонизација спаѓа ослободувањето од автоимаголошките стереотипи, преку анализа и самокритичност, но со точно забележување што е тоа што секој поединец (неповторливо!) го конституира како битие вон парадата и тенденциите за обезличување.