ЗА НЕКОИ АСПЕКТИ НА РОМАНОТ ЉУБЕНА

Љубица Спасковска

ISSN 1409-715X        

           Во едно од своите многубројни интервјуа Тони Морисон говори за сугестијата дека да се пишува за Црнците значи да се смали писмото (diminsh writing).  Од моја гледна точка, постојат само црни луѓе. И кога велам луѓе, тоа е точно она што го мислам , вели Морисон.

           НА ПОЧЕТОКОТ НА ЦРНАТА ПАТЕКА

          Колонијалната авантура на човештвото, започната пред многу векови по светските океани, сé уште на литературата, уметноста и на животот несебично им ги нуди и им ги остава во наследство своите категории, своите опскурни, но бесмртни идеи. Социјалниот ангажман на првата жена-нобеловец од афро-американско потекло, Тони Морисон, сведочи дека колонијализмот само привидно замина во мрачните коридори на историјата. Опозициите од типот:
          Исток / Запад,
          антизападен, противвладеечки / владеечки дискурс 
          варвари т.е. Други / цивилизирани,
и категориите како империја / авторитет / центар, бездомност / невдоменост, се есенцијална одредница на постколонијалистичката критика, но и на многу современи културолошко-антрополошки согледувања и анализи. Ако постколонијалната книжевност е оживување на потиснуваниот глас на Другиот, на нецивилизираниот од островите на Меланезија преку Индија до црнечките гета во САД, тогаш Љубена е едно вистинско воскреснување и триумф на интимната, опримирана, субалтерна историја, на гласот на убиените изгубен  повеќе намерно одошто случајно низ патиштата на историјата пишувана од перата на „цивилизираните“.
          Во американски контекст, станува збор за еден нетипичен вид колонизација, за една бездомност и невдоменост, во облик на егзодус par excellence.
          Љубена историски е сместен во една друга епоха, која го опфаќа периодот на американската граѓанска војна (1861-1865), кога Црнците ја живееле својата трагедија на робови и на една апсолутно маргинализирана група во општеството кое воопшто не сакало да се посомнева во убедувањето за својата супериорност и за црнечката „животинска” инфериорност.  Романот на Морисон, иако експлицитно говори за одредена историја и за едно минато, сепак содржи пораки зад експлицитноста на својот текст, кои лесно ја пронаоѓаат својата нишка на поврзаност со контекстот на современоста. Во таа смисла, во еден од своите многу социјално-ангажирани текстови, насловен како On the Backs of Blacks, таа вели : Stability is white. Disorder is black  

          ИСТОРИЈА

          Ако се појде во правец на некое условно успешно дефинирање и класификација, тогаш Љубена најдобро би можеле да ја согледаме како репрезентативен дел на она кое се нарекува „историографска метафикција”. Како едно од прашањата на постмодернизмот, фикционалноста на историјата кај Морисон навистина добива посебен третман: Љубена е и факт, и фикција (во англосаксонската термонологија сé  повеќе станува збор за нешто што се нарекува,факција наместо фикција : fact + fiction = faction).

          Првата страница од романот најавува историја : посветата вели  Sixty million and more. Како што појаснува и самата авторка, оваа бројка се однесува на изгубените и одземени животи на црнците при нивниот егзодус од Западна Африка кон новиот свет. Во интервјуто насловено „ The Pain Of Being Black “ со Bonnie Angelo, Морисон изјавува: „Some historians told me 200 million died. The smallest number I got from anybody was 60 million. There were travel accounts of people who were in the Congo - that’s a wide river - saying, „We could not get the boat through the river, it was choked with bodies.” Значи, историјата, онаа вистинската, пренесувана, незаборавена, го обезбедува и го најавува своето (се)присуство во романот уште на самиот почеток, во првата страница, пред почетокот на приказната. Во оваа смисла е и тврдењето за евентуалната постмодернистичка ориентација на Морисон, дека всушност нејзините дела можат повеќе да носат префикси од типот на pre- (нешто кое претходи) и re- (повторно пишување, повторно сеќавање) отколку post-. 
          Во Љубена е евидентен статусот на поседуван имот на црните робови. Сепак клучна синтагма за приказот и пристапот кон ропството во овој роман е она што и самата Морисон го нарекува „personal experience” (лично искуство), односно интимно.  The book was not about the institution Slavery with capital S. It was about these anonymous people called slaves . 
          И Аме Сезер и Франц Фанон, книжевници и застапници на постколонијалниот дикурс, констатираат дека колонијализмот, (парафразирајќи го Фанон) предизвикува единствена патологија (unique pathology)  и кај колонизираниот, и кај колонизирачкиот субјект. Во конкретниот роман на Морисон имаме увид токму во оваа состојба : робот (или колонизираниот) станува обременет носител на трауми и сеќавања од грозоморниот третман, а господарот (или колонизаторот), како спроведувач на тие сурови стратегии на доминација, постепено врз себе ги прима методите на „дехуманизација”, кажано со речникот на Сезер, притоа претворајќи се самиот во варваринот што сака да го цивилизира (ликот на Учителот во романот). Фанон вели дека единствен лек за ваквата ситуација е револуционерната борба на колонизираните за ослободување од колонијалното ропство. Оваа револуционерност, изразена преку револт и отпор, во Љубена ја среќаваме во неколку клучни собитија преземени директно од историјата на црнечкото ропство во Америка - организираните бегства од имотите на белите господари. Овој начин на живот во постојано прогонство, страв и неприпаѓање на ниту еден простор (само Северот за Пол Д и останатите робови е безбеден рај, додека во сите останати пејзажи демне опасноста да се биде фатен, вратен на плантажите или убиен) автоматски го покренува прашањето за домот / вдоменоста / бездомноста. Хоми Баба, истакнат теоретичар на постколонијалната критика со право тврди дека да се биде невдомен не значи исто што и да се биде бездомник. Невдоменоста е совршено применлива категорија врз ситуацијата во Љубена.  Иако робовите имаат физички дом најпрвин на плантажите, тие остануваат хронично невдомени, со перманентното чувство на неприпадност и отуѓеност, во постојана потрага по некој друг дом, некаде другаде. Иако Сета подоцна и го добива својот дом 124, сепак тој и  понатаму останува нецелосно вдомен дом, што некои критичари го гледаат и во неслучајната симболика на бројот, каде, со тоа што е испуштен „3” во низата, се алудира на некомплетност и недовршеност.

 

          Темата на меморијата/сеќавањето е капиталната тема во романот низ чијашто призма најчесто се толкува романот. Љубенае говор за непроговореното, за она за коешто се избегнува да се говори, и она кое интенционално се брише од сеќавањето. Но, во исто време, Љубена покажува колку меморијата може да биде силна, жилава, пирејска. Сеприсутноста на темата на меморијата може да се разгледува и во лингвистички контекст : Сета користи  „rememory”  наместо remember и „disrememeber” наместо forget, така што сеќавањето е имплицитно содржано и во самиот процес/обид на заборавање. Морисон во предговорот кон романот вели дека „ херкулскиот напор да се заборави, би бил под закана на сеќавањето/меморијата која очајнички сака да остане жива “.  Така, би можеле да заклучиме дека станува збор за еден вид субверзивна, алтернативна верзија на историјата. Во оваа смисла се чини беспотребна полемиката околу тоа дали Љубена е роман на афро-американски социјален протест или пак постмодернистички крик на тоталната релативност и фикционализација на историјата.
          Сепак, приказната е субјективна, полна со празнини што никогаш не можеме докрај да ги осознаеме. Така, на пример, во текстот никогаш докрај не се објаснети животните судбини на двајцата заминати браќа, синовите на Сета, ниту на Хол, нејзиниот маж. И официјалната историја е пишувана субјективно, со случајно или намерно оставени празнини. Па така, се покажува дека личната, субјективно пишувана историја на еден лик може да биде поверодостојна од историските документи. Во случајов тоа е особено податливо затоа што се работи за историска епоха која е писмено засведочена исклучиво од доминантната (северноамериканска) култура на белците. Сепак, за рамнотежата да биде блиску до совршена, Морисон го внесува и портретот на добрите господари / белци, за кои Пол Д вели дека ги чувствувал како свои работодавачи.

 

          ИДЕНТИТЕТИ

 

          Обврзаноста на идентитет е привилегија на потчинетите
                                                                                                Тери Иглтон

 

          Францускиот писател од либанско потекло Амин Малуф во својата книга Погубни идентитети вели: Всушност, секој од нас е ризничар на две наследства; едното е вертикално и ни доаѓа од предците, од традициите на нашиот народ, од нашата религиозна заедница; другото е хоризонтално и доаѓа од нашата епоха, од нашите современици... Ние не се повикуваме на хоризонталното, туку на другото. , и понатаму:  Сегашниот назив на американските Црнци – американски Африканци јасно зборува за нивната двојна припадност; ова правило се однесува и на сите оние кои, од религиозни, етнички, социјални и други причини, се чувствуваат како потценети, се чувствуваат како да се ‘на страна’.  Оваа очигледна насилна и принудна подвоеност на идентитетот на црнечката популација ја подвлекува и Франц Фанон во книгата „ Peau noire, masques blancs  “ : Le Noir a deux dimensions. L’une avec son congénère, l’autre avec le Blanc. Un Noir se comporte différement avec un Blanc et avec un autre Noir. Que cette scissiparité soit la conséquence directe de l’aventure colonialiste, nul doute...   Така, и говорот во Љубена може да се дефинира како говор обележан од другоста. Ознаките се поделени стриктно на „ние” и „тие”,  „ Negroes “, „ whitepeople “.

          Оваа себе-поделеност, овие лутачки идентитети во Љубена добиваат свое проширување, со тоа што примарно романот говори за субјект чијшто идентитет се изразува со равенката ЦРН + ЖЕНА. Дискриминацијата и поделеноста на идентитетот во овој случај одат по две линии - родовска и етничка. Одбирајќи да зборува низ црната женска уста, Морисон всушност го воскреснува гласот на вистинската жртва, изгубен низ коридорите на историјата.
          Друг сегмент на идентитетот кој вреди да се спомене е доминантната определба човек - животно и човек – продукт за продажба. Сета е трауматично обележана од квалификацијата дека е животно, лансирана од Учителот, кој пак претставува лик на колонизатор и авторитет par excellence. Заеднички именител на овие испреплетени и комплексни идентитети е фактот дека тие се наметнати - идентитет вајан под пресија, оформуван по неприроден пат. Во прв ред, колонизацијата е физичка и материјална, но таа своите најсурови последици ги остава кога преминува во духовна колонизација - субјектот, немајќи воопшто простор за сопствени одлуки и за слободно реализирање на  волјата, станува маса за моделирање која подоцна продуцира повеќеслојни (конфликтни и погубни, со речникот на Малуф) идентитети.

          ПРИКАЗНА  

          Според зборовите на самата Морисон во предговорот кон Љубена,  на романот му претходи вистинската приказна за извесна Маргарет Гарнер, која убила едно од своите деца и се обидела да ги убие останатите, одбивајќи да бидат вратени на плантажата на нејзините господари.
          Централната фигура во приказната мора да биде таа, убиената, а не убиецот, фигурата која изгубила сe’ и нема никаков удел/збор во оформувањето на официјалната приказна. Сакав читателот да биде киднапиран, фрлен немилосрдно во туѓа средина... - вели Морисон во истиот предговор. Значи, појавата, воскреснувањето на Љубена е своевидна метафора за потиснатото колонијално минато, во чиешто запишување отсутен е гласот на „убиениот”, гласот на Црнецот.
          Приказната во Љубена може да се согледува: 1. на ниво на историска приказна;  2. на ниво на недовршена приказна која бара имагинативни, слободни дополнувања, и конечно 3. на ниво на фиктивна приказна која се разлева по метафизичките патеки на значењето, отворајќи пристап кон уште една повисока структура кадешто секоја издржана интерпретација е веројатна и точна.
          Што се однесува, пак, до приказната 4. на ниво на текст, значаен е аспектот кој е карактеристичен за писмото на Морисон - дисперзивните наративни линии (т.н. ever-switching point of view), кои на извесни места се вкрстуваат, но во најголем дел од нарацијата го држат читателот во неизвесност, создавајќи напнатост посеана со знаци.
          И по последната страна, остануваат празнини во приказната. Приказната никогаш не треба да го каже последниот збор кој би ни разјаснил сe или би нn ја наметнал визијата на авторот. Недовршеноста на приказната е присутна преку насловот на романот - како што се сеќава Сета, ‘beloved’ е само вториот збор од полната синтагма ‘dearly beloved’. Надоврзувајќи се на ова, Морисон во интервјуто вели :  Classical music satisfies and closes. Black music does not do that. Jazz always keeps you on the edge. There is no final chord. And it agitates you… I want my books to be like that. 
          Она што е важно, вели Франц Фанон, не е да се познава светот, туку да се промени. Несомнено, овој роман на Морисон не е демонстрација на факти и знаење, туку со својата алтернативност во писмото и во приказната, тој навистина прави обид за промена и на пишувањето и на историјата и на светот во крајна линија. Ликовите во романот го прават истото - сите тие, со бегствата, со чедоморството, прават обид за промена на светот во којшто се принудени да живеат.

             Литература

· Encarta Encyclopedia Deluxe 2002
· Fanon, Frantz. Peau noire, masques blancs, Paris, Editions du Seuil, 1952.
· Малуф, Амин. Погубни идентитети, Скопје, Матица македонска, 2001.
· Morrison, Toni. Beloved, New York, Vintage International, 2004.
· www.womenshistory.about.com