Сенка Анастасова

1. ПИШУВАЊЕТО „ПОМЕЃУ“ ДВОЕН ЕГЗИЛ

          Писателот ја испишува темата од позиција на двоен егзил: еднаш како егзилант, втор пат како коментатор на сопственатасостојба - наречена егзил.

Јосиф Бодски

Егзилот е љубоморна состојба
Едвард Саид

                                  
          Започнувајќи со етимолошка анализа на поимот егзил би сакала да навлезам во семантичките контрадикции што ги содржи овој поим.  Егзилот на прв план денотира прогонство, прогонување, протерување од дадено место. Во ваква констелација овој поим асимилира во себе одреден институциски чин на моќта, конкретна сила, наредба, принуда, закон за напуштање на одредено место (родно место) и облигација за извршување на тој закон. Моќта стои во потенцијален сооднос со поетиката на егзилот до толку повеќе што на тој начин се регулира режимот на вистината, историјата, идентитетот во одредена земја, држава. Според латинската етимологија поимот егзил доаѓа од ex salire и означува културен хронотоп со комплексни темпорални и просторни параметри, вклучувајќи го чувството на ,,одлевање“, линиите на преселување, поместување, преминување, отскокнување, прескокнување кон некаде, некаде другаде. Имплицитно, овој поим смета на волевиот чин на субјектот и, уште повеќе, станува акт на волја и сопствен избор на раскажувачот егзилант. Според Најра Јувал Дејвис на поимот ,,политички егзил“ му припаѓаат индивидуи или семејства кои биле дел од политичка борба во нивната татковина. Нивниот идентитет и натаму е насочен кон татковината, а нивната цел е ,,да се вратат“ во оној момент кога ќе се промени политичката ситуација во нивната ,,матична“ земја. Нора Рецел покажува дека приврзаноста на субјектите кои се во политички егзил, за нивните татковини, се концентрира токму на физичките особености на земјата (мириси, клима), а нивното чувство е амбивалентно во однос на народот и нацијата.
          Наспроти егзилот, поимот дијаспора доаѓа од грчкиот збор speirein и смета на сродството и коренот на родовото потекло; означува расплинување, дисперзија на субјектот - од неговиот традиционален дом - кон непознати, туѓи (foreign) земји. Дијаспората е поим кој повеќе се врзува за етничкиот дискурс, одошто за националистичкиот. Дејвис укажува дека дијаспората е чин на афирмација на припадноста на колективитетот. Терминолошки нијансирана, дијаспората станува хомологна со загубата на нешто – засекогаш. Во себе значенски наметнува реторика на упорност, издржливост, отпор, конзервација на надежта и покрај околностите во коишто се наоѓа субјектот - во - дијаспора. Дијаспоричните заедници се поврзуваат пред сè со земјата во којашто живеат и растат нивните деца, а не со земјата на нивното потекло, иако тие како некој вид хибриди, истовремено им припаѓаат и се надвор од обата национални колективитети. 
          На методолошко - епистемолошки план во современите културни и компаративни книжевни студии денес, поетиката на егзилот стои во потесен сооднос со постколонијалните студии и се актуализира преку феноменологијата на перформативноста ихибридноста во обидот да се одреди припадноста на една култура, политика или нација. Во таков контекст, поетиката на егзилот свртува внимание во однос на ризиците од културните доминанти - врз стратегиите на моќта, инструментите за идентификација и субјективизација во конкретен простор и  време. Егзилот има свое долготрајно наследство и широка семантичко – книжевно – културна резонанца.

          Херменевтиката на егзилот станува жестоко полемична и присутна тема што се пронаоѓа уште во старозаветните религиозни христијаниски парадигми, протерувањето од рајот, егзодусот, во синтагматските и парадигматските семантики наДомот, па сè до современите патувачки нарации и егзилантски текстови во филозофско-историскиот текстуален корпус интерпретиран во рамки на културолошките студии денес. Раскажувачкиот субјект во егзил ја одредува сопствената припадностпомеѓу дестинациите што ги познава и што не ги познава, се втурнува секогаш-веќе (Хоми Баба) помеѓу зоните на силата и желбата, кохезијата и дисперзијата, животот и пишувањето за него. Егзилот и дијаспората ги отвораат прашањата за нацијата и за миграцијата која ги ревидира корените на припадноста. Пишувањето помеѓу егзилот и дијаспората има за цел да ја истакне историската од – кон траекторија – или движење – од модернизмот кон колонијалноста и постколонијалноста. Раскажувачкиот субјект во егзил отвора уште поклучно прашање, а тоа е прашањето за пишувањето, само по себе.  Овој меѓупросторен(interstitial) вакуум помеѓу егзилот и дијаспората е предлог-констелација од поставени прашања, повеќе одошто сет на ригидни дефиниции и решенија. Преку егзилот и дијаспората може да се исцртаат мапите на поетиката на поместувањето/преместувањето(displacement). Пишувањето и поместувањето (writing displacement) претставуваат специфично дискурзивно спојување на текстуално рамниште. Се отвора прашањето: како субјектот на пишување во егзил ги разликува и ги распознава, како ги конструира и ги решава проблематичните оставини на поимите – поместување/преместување - и уште позначајно, како овие оставини влијаат врз егзистенцијата и творештвото на егзилантот кој пишува? Дали јазикот сам по себе е производ на егзилот и дијаспората и на кој начин таквото туѓо, необично, чудно (outlandish) пишување, поместено/преместено пишување (displaced writing) стои во сооднос со традицијата, дискурсот и глобалната политика?
          Зборуваме за реторика на преместувањето/преселувањето, во случај кога преместувањето е сопоставено во систем од бинарни опозиции кои го обликуваат текстот: внатрешно/надворешно, национално/екстранационално, центар/периферија, Запад/Исток. Едната бинарна опозиција секогаш-веќе (ќе) заостанува зад другата која е сугерирана со мрежата на моќта (Фуко) и местоположбата. Ако се одлучиме националната припадност да се разгледа како облик на замислена заедица (Б. Андерсон), дали во тој случај пишувањето во егзил/егзилот во пишувањето ќе се спротивстави на имагинарниот алтеритет - и на раскажувачкиот субјект, и на заедницата на којашто тој припаѓа? Ако е тоа спротивставување, тогаш се поставува прашањето - на кој начин ќе продолжи да функционира системот на разлики што бил еднаш етаблиран? Како преселениот раскажувач егзилант ќе стои во сооднос со прашањата за националното чувство, чувството на припадност, татковина, меморија? Што значи тоа да си преселен – наспроти глобализацијата, во случај кога опозициите не се ригидни, кога тие се менуваат, се прескокнуваат и се де-стабилизираат на семиотички план?

 

2. ТРОПИТЕ НА ПРЕ-МЕСТУВАЊЕТО

 


                                                                                          

 

Стоиме на плажата
И како да ги загледуваме над океанот
сенките од тоа што сме го загубиле незнаејќи
Ако е тоа она што го бараме
Или е бегство.

 

Жедни да ги излупиме нашите стари кожи -
како лупење на малтерот од ѕидовите
од куќите што сме ги оставиле зад себе,
Веруваме дека е возможно
подалеку од трагите на бојата
да ја изгребеме кожата на прекриениот црвен прав
од светот на презирот
каде што животот беше половично одживеан.
Веќе стануваме еднооки.

 

Голи кутри луѓе
истрајуваме на ветрот
боцкавата песок
ги олабавува нашите суви кожи.

 

(,,Имигранти“, Марсел Фрајман)

 


          Компаративните студии денес се фокусираат врз моментот - како теоријата на раскажувањето ги надминува границите на интерпретација и како ја вклучува поетиката на поместувањето во свој предмет на интерес. За раскажувачот во егзил на преден план се актуализира автореференцијалната постапка на пишување и неговата автобиографска контекстуализација. Генеалогијата на теориските премиси на егзилот влече корени уште од философијата на Мартин Хајдегер во чиишто методолошки спреги егзилот е прикажан како вид проклетство на заминување - на просторен, темпорален, лингвистички или идеолошки план и тоа како трансцедентно бездомништво (transcendental homelessness).  Едвард Саид, Тери Иглтон, Хелен Сиксу се само неколку носечки имиња, дел од теоретичарите кои ја анализираат политиката на егзилот насочена кон развивање на глобалниот економски капитал. Е. Саид, систематски ги образложува одразите на егзилот кој е непоправливо секуларен и неподносливо историски и е производ од човекот наменет за човекот:
       Помеѓу  „нас“ и „аутсајдерите“ постои опасна територија на не – припадност (not–belonging), тоа е местото каде што во првобитно време луѓето беа протерани и каде што, во модерната ера огромниот агрегат на човештвото талка во вид на бегалци и раселени лица... Бидејќи егзилот е спротивен на национализмот тој во својата основа укажува на дисконтинуитетот на битието. Егзилантите се отсечени од нивните корени, од нивната земја, од нивното минато. Тие, генерално, немаат армии или држави, туку често се во потрага по нив. Затоа, егзилантите имаат итна потреба одново да ги конституираат нивните распарчени животи, често пати избирајќи да се видат себеси како дел од триумфалната идеологија или како обновени луѓе (2000, 178). 
          Овој впечатлив пасаж го потенцира егзилот не како привилегирана зона, туку како алтернатива на мас-институциите, го извлекува од строго книжевната тематика и го поставува во зона на човечко „создавање“ или ,,производство“. Егзилот во книжевноста мора да се издели од масовната миграција, од економскиот и општествениот притисок од којшто се создава.
          Се отвора едно од клучните прашања: во која смисла егзилот се сврзува со тропологијата на поместувањето / преселувањето /преместувањето од едно место на друго?
          Поимот тропа (од грчкиот збор tropos - обрт, пресврт, отстапка, граница, ограничување) денотира одреден степен на развитокот на свеста на човекот и укажува на екстремен случај на свртување против границите (географски, психолошки, институционални епистемолошки) на репрезентација на поместувањето/пре-местувањето во херменевтичките стратегеми на постмодернизмот и постколонијалната критика.

          Тропите на преместувањето во себе го содржат и стереотипното означување, односно метафоричната употреба на зборовите. Раскажувачкиот субјект во егзил отстапува од логичките и значенските норми во својот јазик и тоа применувајќи ја лингвистичката тропологија и метафорите.  Раскажувачкиот субјект во егзил пишува во нему туѓ, несвојствен контекст и по пат напренос и замена врши промена на значењето на даден збор, синтагма или поетика. Оттука, раскажувачот во егзил радикално ја менува својата егзистенцијална рамка на самоидентификација и ја форсира поетиката на поместувањето /преместувањато преку репрезентација на својот живот преку единствената, за него, веродостојна, убедлива, неопходна можност – да се пишува преку преместување или да се преместува низ пишувањето (writing displacement): „Јас, самата, не сум ниту емигрант, ниту бегалец, ниту политички азилант. Јас сум писателка која во еден миг одлучила да не живее веќе во сопствената земја, зашто нејзината земја веќе не била нејзина“ (Ugresic, 1996, 116).
          Хрватската теоретичарка и професорка Рада Ивековиќ го смета егзилот како своја нова духовна татковина, а се чувствува homeless at home. Една англиска теоретичарка пишувајќи за книгата Култура на лагите од Дубравка Угрешиќ вели дека оваа книга би требало да влезе во задолжителната програма на шкотските училишта, заради укажување на опасноста од политичките програми за национално осамостојување, со цел да се укаже и на можноста за постоење на дисидентската, мигрантска женска автодиегеза кај жените писателки. Писателот во егзил си ги освестува пред себе координатите на географските, културните и јазичните изместувања и соочувањето со културниот конструкт на другоста. Егзилот е повторна битка за заземање своја гледна точка, бифокална перспектива на анализа, патување и текстуална, прозна или поетска фиксација и екстернизација на интимното чувство на егзилантот. Пишувањето, за писателот во егзил, не е повеќе само опција, туку е и негов живот. Тој живее за пишување и од пишување. 
          Е. Саид ја потенцира борбата на индивидуалните егзилантски фигури укажувајќи дека пишувањето за егзилот помага одново да се контекстуализира самото пишување и да се постави во широка, светска рамка. Поаѓајќи од оваа интерпретативна рамка на Е. Саид, потесно во полето на егзилот, станува значајна теоријата на транснационалната миграција. Прашањето на имиграција имиграција е херменевтичка одлука.
          Денес, во услови на подвижност, флуктуалност на просторот, тешко да се утврди кога станува збор за појава на миграција, а кога за имиграција. Според анализите на Улрих Бек и Умберто Еко имиграциите се политички контролирани, тие настануваат кога поединци се преселуваат од една земја во друга, а миграциите не можат да се контролираат, бидејќи тие се природна појава и настануваат кога целиот народ, малку по малку, се преместува од една на друга територија. Притоа е значајно во колкава мера мигрантите радикално ја менуваат културата на територијата на којашто мигрираат (пр. Европјаните мигрираат кон исток и запад, оттаму и настанувањето на т.н. постколонијални нации, при што мигрантите ја менуваат културата на автохтоните народи). Сèдодека станува збор за имиграции, народите можат да се надеваат дека ќе ги задржат имигрантите во гето, за да не се мешаат со староседелците, но кога ќе дојде до процес на миграција, повеќе нема гета, а мешањето не може да се контролира. Во оваа смисла имиграцијата е нелегално престојување во туѓа земја, спротивно на емиграцијата која е легален престој. Најра Јувал Дејвис забележува дека во многу делови од светот постојат заедници на имигранти кои, културно и политички се обврзуваат да продолжат да и’ „припаѓаат“ на својата „матична“ земја – или поточно, на националниот колективитет од каде што дошле тие, нивните родители и нивните предци (2001, 33).

          Нора Рецел покажува дека имигрантите се наклонети кон ниивната претстава за Домот (Heimat) и во нивните замисли домот им се покажува како некое пријатно место кадешто живеат нивните најблиски (1994). Имигрантите во голема мера ги прифаќаат обичаите на земјата во којашто имигрираат, а мигрантите радикално ја менуваат културата на територијата на којашто мигрираат. Витолд Гомбровиќ во својот Дневник (1953 – 1966) кој долги години бил забранет за интегрално објавување во Полска, вели:
       Уметникот во емиграција е присилен да постои не само вон народот, туку и вон елитата, многу понепосредно се конфронтира со духовно и интелектуално пониска сфера, ништо не го изолира од тој допир и мора лично да го издржи притисокот на грубиот и незрел живот. Тој е како банкротиран гроф кој согледува дека салонските манири ја губат вредноста кога не постои салон (1999, 31). 
          Хоми К. Баба ги истакнува позитивните аспекти на миграцијата укажувајќи дека е потребно друго време на пишување коешто ќе може да го опише амбивалентното и хијазматичното пресекување на времето и местото кои го конституираат проблематичното „модерно“ искуство на западната нација. Во тесна врска со терминолошката определба на поимот егзил Хоми Баба го доведува поимот Das Unheimliche и го поврзува со невдоменоста како принцип (the unhomely). Овој принцип претставува момент на репетиција, повторување, конфузија и комплетна дисјункција на мислата. Во Дисеминација од Х. Баба постојат траги од Ж. Дерида, во оној момент кога Х. Баба прави аналогија помеѓу јазикот и поимот, помеѓу јазичарењето и поимањето. Како и Дерида, и Баба смета на книжевноста како на можност за искажување на културно-теориските формули, но Баба ги поставува основите на книжевниот простор (literary space) со цел да ги исчисти историските специфики на поетиката на поместувањето/преместувањето и да ја објави во современата политика искусената траума: „нашето време, сфатено во смисла на неговото модерно војување, во духот на империјализмот и квази-теолошките амбиции на тоталитаризмот - е ера на бегалецот, на раселениот човек, на мас-имиграцијата“ (1990, 213).
          Теоријата на поместувањето е извесна теорија и за барање на сопствено место преку пишувањето. За раскажувачкиот субјект, личен и интимен простор и место станува писмото во коешто тој пишува.  За М. Хајдегер судбинското место за живеење еместото од каде ќе се црпи сила за живот. Токму тоа МЕСТО ја означува двојната припадност, тоа е истовремено стојалиште и несигурната припадност за поставување и отпоставување на субјектот кој се поместува/пре-местува пишувајќи или кој пишува додека се преместува.  Егзилот е тесно поврзан со прашањето на сместувањето, локацијата, позиционирањето (emplacement), но истовремено укажува и на различното живеење.  Живеалиштето за М. Хајдегер е еден вид потреба за бездомништво која овозможува да се достигне степенот на слобода, за одново да се мисли, да се премислува битието. Сè уште, низ ваквото барање свое место, субјектот тежнее да се смести,  да се вкотви:
      Просторот е она за коешто е направено местото, она кое е пуштено внатре, во неговите граници. Она за коешто е направено местото - секогаш е загарантирано и споено, собрано преку посредување на некое место, односно преку посредување на таквото нешто какво што е мостот. Оттаму, просторите ги земаат своите суштини од местата, а не од „просторите“ (1990, 94). 
          И самиот збор за простор Raum кај Хајдегер означува место слободно за сместување и засолниште. Место од каде што нештото го започнува своето постоење. Оттука, пишувањето во егзил ги доведува во прашање хронотопите. Раскажувачкиот егзилантски субјект ја заменува модернистичката метафора (неможноста од одрекување од географско-културните корени) – со постмодернистичката/постколонијална метафора за – егзилот (градациски фокализиран преку дијаспората) како потенцијален хибриден простор во којшто субјектот се осмислува само преку пишување и запишување.

 

Забелешка:

1. Поетиката на егзилот ја отвора како жанровски прототип – есеистичката, фикционалната, историографската и патувачката книжевност. На тој начин на културанта етика на номадизмот и’ нуди трансисториски и трансгеографски капитал, препознаен во поединечните модалитети на современиот живот (Делез/ Гатари). Читано преку методологијата и визурата на постколонијалната критика, за писателите во егзил самото пишување претставува Дом. Поетиката на егзилот создава можност за доведување до прашалник на легитимноста на жанрот, се ставаат во преден план постмодернистичките постапки на негова хибридизација, фрагментација, цитатност, иронија. Се ресемантизираат темите: прогонување, бездомништво, криза на идентитетот, дисидент, апартид, бездомник, бастард, перформативите на исказот, страдалник, жртва, странец, граница, режим, татковина, непријател, космополитизам, демократија - како значајни топоси во егзилантската практика. Соодносот помеѓу репрезентацијата и теоријата на егзилот и дијаспората ја донесува на преден план политичката, економската и идеолошката променливост на империјализмот, колонијализмот и современите аспекти на глобализацијата.

Библиографија:

Андерсон, Бенедикт, 1999, „ Замислени заедници“, Маргина 43 (1): 57-67

Bhabha, K. Homi, Location of Culture, 1990, Cambridge/Massachusetts: Harvard University Press.

Certeau de Michel, 1975, L’ Ecriture de l’histoire. Paris: Gallimard

Еко, Умберто, „Миграции, толеранција“, Маргина 43 (1): 108-113
Foucault, Michel, 1994 (1971), Znanje i moč. Zagreb: Globus.
Гомбровиќ, Витолд, 1999, „Дневник“, Маргина 43 (1): 12-47

Hajdeger, Martin, 1990, Misljenje i pevanje. Zagreb.

Isrel, Nico, 2000, Introduction: Writing between Exile and Diaspora. Outlandish, Stanford Universsity Press, 7-22.

Ivekovič, Rada,1990 „Estetika i žrtva. Politika estetike“, Gledista (1-2): 94-105.

Rätzel, Nora, 1994. Harmonious ,,Heimat‘‘ and disturbing ,,Auslander‘‘. Feminism and Psychology, special issue Shifting Identities, Shifting Racism, 4(1): 81-98.  

Said, Edward, 2000, Reflextions of Exile and other essays. Cambridge/Massachusetts: Harvard University Press.

Schutz, Alfred,  The stranger: an essay in social psychology. Alfred Schutz: Studies in Social Theory. Collected Papers ??. Ed. A. Brodersen. The Hague: Martinus Nijhoff, 91-106.

Ugresič, Dubravka, 1996, Kultura laži, antipolitički eseji. Zagreb: Bastard.

Улрих, Бек, 1999, „Да живее транснационалата“, Маргина 43 (1): 103-108