ЗА АКТУЕЛНОСТА НА ЕДЕН ЖАНР

Марија Ѓорѓиева

          Во последната третина од XX-от век (поточно, доцните 60-ти и почетокот на 70-те години) станува забележлива повторната актуализација на историскиот роман, како и на критичкиот интерес за него. Главно, критичките студии реферираат на идентичен романескен корпус, којшто почнува јасно да се идентификува кон крајот на 70-те години, особено во рамки на англо-американското книжевно подрачје (романите на Томас Пинчон, Томас Бергер, Курт Вонегат, Роберт Кувер). Во првата половина од следната деценија тој интерес почнува да се интернационализира, така што во фокусот на вниманието влегуваат и остварувањата од латиноамериканската (Габриел Гарсија Маркес и Карлос Фуентес), британската (Џон Фоулз, Ангела Картер, Салман Ружди, Џулијан Барнс), односно од германската книжевност (Гинтер Грас, Криста Волф).
          Прашањето за популаризацијата на жанрот нужно упатува на една поширока позадина која се однесува на одредени актуелни текови не само во доменот на книжевноста, туку и на историографијата. Во тој контекст, извесна рамка ќе понудат и проучувањата на односите помеѓу постмодернизмот и историјата, од една, и популаризацијата на метафикционалните книжевни облици, од друга страна. Конечно, историскиот роман е во дослух и со одделните концепции на теоретичарите на историјата (Франк Анкерсмит, Хејден Вајт, Доминик Ла Капра), чијшто предмет на интерес се постмодернистичката историографија, наративните димензии на историографијата и променетите концепти на историското минато. Ако сите овие тенденции се сфатат како своевидни аксцелератори кои го интензивираат процесот на реактуализација на историскиот роман, тогаш тој може да се посматра низ призма на дијахронијата на жанрот, низ призма на односот кон метафикцијата и кон историографијата.
          Комплексот релации помеѓу традиционалниот историцизам и класичниот историски роман (моделот на Валтер Скот), од една, и помеѓу скептицизмот во современата историографија и постмодернистичкиот историски роман, од друга страна, добива свое систематизирано и аргументирано проследување во проучувањата на хрватскиот теоретичар Виктор Жмегач. Во контекстуалното читање на развојот на историскиот роман врз позадината на филозофијата на историјата, тој ја констатира условеноста на односот традиционален - нов историски роман од одделните текови во филозофијата на историјата, така што варијациите на жанровскиот модел, главно, се објаснуваат како последица на промените во сфаќањето на aсторијата. „Развојот на историскиот роман не може да се сфати без систематските погледи кои од XVIII-от век до денес го сочинуваат мисловното подрачје на филозофијата на историјата“ (1994 69). Во согласност со тоа, демонтажата на класичната парадигма, која се случува во епохата на постмодернизмот, авторот ја доведува во директна врска со епистемолошкиот скептицизам, односно со „судбината што во историското поимање ја доживуваат средишните духовни и идеолошки творби на новото време, т.н. ’големи учења’ на Лиотар“ (1994 70).
          На тој начин генерираната недоверба има свои манифестации и во романескното третирање на историјата, што директно рефлектира и врз девијациите од парадигмата. Овој процес Жмегач го следи на две нивоа. Монументализмот и антикваријанизмот (терминологија преземена од Ниче) во класичниот историски роман, ќе бидат потиснати и заменети со критичкиот однос кон минатото, што е доминантна позиција во постмодернистичката книжевност. Монументалистичко – антикварната ориентација обележана со афирмативниот, апологетски и идентификациски однос кон минатото ги статусира класичните историски романи како „кондензати на свеста за содржината на историјата како општ напредок“ (1994 71). Недвосмислено, станува збор за историцистички пристап кон минатото: моделот на историски роман, иницијално понуден од страна на Скот, е виден како раскажувачки корелат на историцизмот кој, во спрега со позитивистичките тенденции, ефектуира во обезбедувањето историска автентичност, во што „поверна културно-историска документирана реконструкција на минатото врз основа на грижливо собирање и проучување на јазичните и материјалните сведоштва од минатото“ (1994 73). Наспроти тоа, постмодернистичките варијанти на историскиот роман имаат свои корелати во концептите на постисторизмот и на интеристоричноста преку кои се означуваат промените во поимањето на историјата - критички, релативистички, ирониски.

          Од една страна, идејата за историјата како дисконтинуитет и репетиција, и од друга, идејата за иманентната мобилност на историјата која го афирмира и синхронискиот аспект на претставувањето. Во таквата визија на преден план се поставува плошното проектирање на минатото, доживеано во неговата музејска симултаност.
          Наративните аспекти во историскиот роман го сочинуваат второто рамниште каде што Жмегач ја следи еволуцијата на жанрот. Во традиционалниот историски роман, толкувањето на историјата се реализира и преку облиците на нарација кои не побудуваат сомневање ниту во доверливоста на историската стварност, ниту во раскажувачкиот чин. „Очигледноста на трансценденталниот наратор (од Скот до Толстој) му дава на текстот нагласено книжевен карактер, но сите одредници на дискурсот цврсто почиваат врз претпоставката дека референцијалната улога на јазикот гарантира непроблематичен приказ на замислената или документираната стварност, што води до проза проткаена со автентични елементи“ (1994  81). Наспроти тоа, скептичниот однос кон историските синтези во новиот историски роман е потенциран и преку воведувањето недоверливи наратори, така што наративната структура на текстот предизвикува општ впечаток на неодреденост и повеќезначност во соочувањето со минатото.
          Во анализата на новиот историски роман Рејмон Мазурек, исто така, се потпира врз променетото сфаќање на историјата: предизвикот на емпириските концепти на историјата што се спроведува  во овој романескен жанр, авторот го толкува како посредувано воведување на променетиот третман на историјата, сфатена и како текстуален, дискурзивен конструкт. „Овој модел е спротивставен на традиционалниот историски роман, одбранет од Лукач, чија цел е да претставува ’тотален’ модел на општеството кое се подложува на историска промена и кој избегнува да го потсети читателот за своите ограничувања како текстуална верзија на историјата“ (1995: 194). Значи, „новото“ во новиот историски роман авторот го врзува за романескните импликации по однос на статусот на историјата и нејзините репрезентации кои зависат од наративните, јазичните и идеолошките конвенции, неопходни за обликувањето определен опис на она „што навистина се случило.“
          Во студијата Пишувањето на историјата како профет: постмодернистичките иновации на историскиот роман (1991), Елизабет Веселинг, го толкува историскиот роман и низ призма на неговите релации со историографијата, и низ призма на дијахронијата на жанрот, диференцирајќи три развојни фази: класичен, модернистички и постмодернистички историски роман. Практично, нејзин предмет на интерес е токму последната фаза кога доминацијата на историската тема ја толкува како знак за повторно оживување на историскиот роман, а неговите одделни постмодернистички иновации ги сфаќа како конечна девијација од вообичаениот жанровски репертоар.
          Како и Жмегач, и Веселинг во проследувањето на дијахронијата на жанрот ги воспоставува врските помеѓу историскиот роман и историографијата: неговата комплементарна поставеност кон историографијата ја лоцира во романите на В. Скот, коишто се претставуваат себеси како „средство за постигнување историско знаење“ (1991 33). Сепак, констатира авторката, и покрај одделните алтернации на историските податоци, романите на Скот не се одликуваат со радикални интервенции и поместувања по однос на канонизираната историја - романот ги репрезентира оние аспекти на минатото кои не биле предмет на екстензивен интерес кај историчарите, а тоа е секојдневниот живот на обичните луѓе. Подоцнежниот развој на жанрот Веселинг го посматра на отсечката помеѓу имитативниот и компетитивниот однос кон моделот на Скот. Неговите следбеници го афирмираат жанровскиот репертоар на романот така што некои од мотивите на Скот стануваат стандардни топоси, наспроти оние кои се додадени. „Романсиерите ги задржуваат базичните одлики на Скотовата формула, така што на преден план ги поставуваат фикционалните карактери и нивните авантури, истражувајќи на кој начин историските настани влијаат врз секојдневието на обичните луѓе, избегнувајќи ги анахронизмите (...); исто така, ги вметнуваат карактерите во деталната мрежа од материјални околности преку екстензивни описи на костимите, архитектурата, пејзажите, обичаите на претходните епохи“ (1991 51).

          Конечното опаѓање на влијанието на моделот на Скот авторката го лоцира во раниот XX-ти век и непосредно го поврзува со промените коишто се случуваат во историографијата, односно во поимањето на историјата. Веселинг зема предвид неколку промени: прво, доведувањето под сомневање на идејата за историјата како организиран телеолошки процес со инхерентна динамика, што има последици и врз статусот на историското знаење; второ, доведувањето во прашање на објективноста и непристрасноста на професионалната историцистичка историографија. Значи, негацијата на објективното, автономно постоење на историјата и нејзиното афирмирање „единствено како објект на мислење на историчарот“ (1991 71), како и посочувањето на перспективистичката природа на историското знаење втемелено врз претпоставката дека сите верзии за минатото се нужно детерминирани преку актуелните интереси, практично, се темелите врз кои се разгледува тој однос. Вака посочените промени во перцепциите и критиката на историцизмот  Веселинг ги посматра од аспект на нивното влијание и врз книжевниот жанр на историскиот роман. Втората фаза во развојот авторката ја поврзува со алтернативните модуси за присвојување на историските материјали, коишто се понудени од страна на одделни автори на модернизмот (Вирџинија Вулф, Вилијам Фокнер, Томас Ман), макар што романите коишто резултираат од тој обид не се непосредно препознаени како иновации на жанрот. Таквата рецепција се случува ретроактивно, некаде во 60-те години. „Наместо фокусирање врз надворешниот свет, модернистите многу повеќе се заинтересирани за внатрешниот свет или за т.н. ’индивидуална свест’“ (1991 101). Со оглед на тоа што примарниот интерес на модернистичките романсиери е насочен кон персоналното, а не кон колективното минато,  многу повеќе се стимулира развојот на романескно-мемоарските варијанти, одошто историскиот роман. „Модернистичката иновација на историскиот роман треба да се сфати како експанзија на истражувањето во начините на кои персоналното минато може да се сфати и да се интегрира во индивидуалната свест, онака како што е изведено во романите - мемоари“ (1991 75). Главната одлика на историскиот роман во втората развојна фаза, којашто го сигнализира двоењето од класичната парадигма, ја врзува за саморефлексивноста. Саморефелексивноста која е применлива врз историскиот роман, Веселинг ја дефинира како „стратегија или збир стратегии коишто ја прекинуваат претпоставената врска меѓу двете нивоа на реалност“ (1991 83). Тие две нивоа реферираат на „res gestae“ на историјата (настаните перформирани во минатото) и на „historia rerum gestarum“ (наративите за res gestae). Авторката ја редуцира саморефелексивноста во историскиот роман на два вида:  на експлицитни коментари од страна на ликот - како - историчар и на мултиплицирана фокализација. Првата одлика го додава наративното ниво и ја истакнува историјата како проекција на свеста на историчарот. Втората одлика, која е поимплицитна, ја открива субјективноста на секоја интерпретација на минатото преку јукстапонирање на различни погледи врз истиот објект, без да дискриминира меѓу ’вистинити’ и ’лажни’ верзии “(1991 83).
          Конечно, третата фаза во развојот на историскиот роман  Веселинг ја врзува за постмодернистичките иновации на жанрот кои индицираат нови развојни насоки. Примарната разлика по однос на класичниот модел е евидентирана  во поместувањето од комплементарната позиција во однос на историографијата кон метаисториската позиција: наместо пропагирање на историското знаење, постмодернистичкиот историски роман ја истражува природата и функцијата на историското знаење. „Постмодернистичките писатели не сметаат дека нивната задача се состои во пропагирање на историското знаење, туку во истражувањето внатре во можностите, природата и употребата на историското знаење од епистемолошка или од политичка перспектива“  (1991 73).

 

          Во првиот случај (епистемолошката перспектива), романсиерите рефлектираат врз интелегибилноста на историјата, врз полиинтерпретативноста на историските записи, занимавајќи се со прашања кои се поврзани со враќањето на минатото. Херменевтичкиот интерес наметнува дополнително ниво врз конвенционалниот модел на  историскиот роман, што резултира во фактот дека потрагата по минатото, како што континуира во сегашноста, е претставена заедно со сегмент од самото минато. Во вториот случај, писателите ја изложуваат и ја проблематизираат природата на историското знаење, истакнувајќи ја тесната врска помеѓу верзиите на историјата и легитимацијата на политичката моќ. Ваквите  модуси на испрашување на историското знаење  се поврзани и со употребата на различните комплекси литерарни стратегии. Генерално,  жанровскиот репретоар на историскиот роман се алтернира со додавање два различни збира стратегии: едните, репрезентирајќи го ретроспективното враќање на минатото, поттикнувајќи го развојот на саморефлексивните средства, а другите алтернирајќи ги тековите на историските настани, овозможувајќи го создавањето алтернативни истории (варијанти на коишто, според Веселинг, книжевните критичари не им обрнуваат доволно внимание). Во вториов случај, епистемолошкиот аспект е надополнет со политиички димензии, бидејќи „метаисториските импликации на контрафактуалните претпоставки  одат зад епистемологијата за да ги покажат начините на кои  верзиите на историјата функционираат како инструменти на моќ овде и сега“ (1991 114).
          Брајен Макхејл, во контекст на својата теза за онтолошката доминанта во постмодернистичката проза, ги евидентира  различните начини на концептуализација на претпоставената стварност во класичниот историски роман и во постмодернистичкиот роман што тој го именува како ревизионистички историски роман. Во неговото дефинирање од аспект на ревизионистичките тенденции, Макхејл го има предвид не само ревизионистичкиот однос кон историјата и кон историографијата (аспект којшто е потенциран и кај Жмегач, Мазурек, Веселинг) во насока на реинтерпретација на содржината на историскиот запис што, честопати, се открива како демистифицирање на ортодоксните верзии на минатото ( 2001 90) но, исто така, го истакнува и неговиот ревизионистички однос кон класичниот историски роман, чии норми и конвенции се подложени на  ревидирачко-трансформативен третман. Точката каде што постмодернистичкиот историски роман ја почнува својата ревизија по однос на класичниот модел е точката на надминување на ограничувањата кои постојат во традиционалниот роман по однос на можностите и начините на внесување на т.н „историски реалитети“. Во таа насока, дефинирани се начините на кои постмодернистичкиот роман, пародично, ги поткопува конститутивните конвенции на класичниот историски роман.
          Авторот ги зема предвид трите вида ограничувања кои управуваат со инсертирањето на историските подрачја во класичниот историски роман, а кои водат до негово конституирање како реалистичен роман. Прво: ги респектира воспоставените факти кои се однесуваат на одликите на историските личности и настани, така што нивното присуство во романот е можно доколку одликите и акциите кои им се припишуваат во текстот не се контрадикторни со официјалните историски записи. Избегнувањето на конфликтите со тие записи води до фокусирање врз т.н. „темни места“ на историографијата, т.е. врз оние аспекти на минатото за коишто официјалната историографија останува „замолчена“, а кои, пак, му обезбедуваат релативна слобода на романсиерот. Макхејл упатува на два начина на практикување на таа слобода, односно на два вида норми коишто учествуваат во конституирањето на „темните места“. Примерите ги пронаоѓа во романите на Л. Толстој и на В. Скот: во првиот случај, целиот внатрешен живот на историската фигура (Наполеон) се третира како темна област - се интроспектира историскиот лик или му се измислуваат внатрешни монолози; во вториот случај, внатрешниот свет на историските фигури се посматра како недостапен и се претставува само надворешно, а интроспекцијата е задржана единствено за фикционалните ликови.

          Овие ограничувања не се однесуваат само на одделни партикуларитети од историјата, туку и на целиот систем реалитети којшто е конститутивен за дадената култура. Оттаму, како што историската личност не може да се однесува на начин кој е спротивен на официјалната историја, исто така, и целата материјална култура и погледот на свет на дадениот период не може да отстапуваат од она што официјалните записи го соопштуваат по однос на тој период. Во овој случај авторот говори за ограничувања на анахронизмот: класичниот роман ги избегнува  анахронизмите во претставувањето и на материјалните околности на животот и на погледот на свет на дадениот период.
          И третото ограничување, кое важи за најдифузно и најдлабоко, се однесува на прилагодување на барањата за плаузибилност и веројатност, а коишто имплицираат дека историските романи се нужно реалистични. „Логиката и физиката на фикционалниот свет мора да е компатибилна со оние на реалноста, доколку историските области треба да се трансферираат од една во друга сфера“ (2001 88). Секоја отстапка во овој поглед подразбира радикално оддалечување од нормите на класичниот историски роман.
          Како резултат на овие ограничувања класичниот историски роман претендира на дискретни трансгресии на онтолошките граници, камуфлирајќи ја линијата помеѓу историската реалност и фикцијата: било преку воведување чиста фикција само во „темните места“ на историскиот запис, било преку избегнување на анахронизмите, било преку поврзување на внатрешната структура на неговите фикционални светови со онаа на  реалниот свет. Обратно, постмодернистичкиот историски роман ја прави колку што е можно поочигледна транзицијата од една сфера во друга. Тој ефект е постигнат токму преку кршење на ограничувањата на класичниот историски роман. Макхејл издвојува три стратегии преку коишто постмодернистичкиот ревизионистички историски роман ги надминува овие ограничувања, односно преку кои ја истакнува онтологијата во историската фикција: апокрифна историја, креативен анахронизам, историска фантазија. Во нив, споменатите ограничувања се надминуваат преку измислување онаму каде што официјалната историографија обезбедила конечен фактографски поткрепен став (процедура која резултира во судир со историските записи), преку инсертирање анахронизми во текстот и преку слободно комбинирање на историјата и фантастиката.
          Несомнено, во концепцијата на Б. Макхејл се евидентирани двете основни одлики на постмодернистичкиот историски роман  - односот кон историјата и односот кон жанровската традиција, вклучително и улогата на метафикционалните елементи во воспоставувањето на тие релации, така што враќањето кон минатото, во рамките на овој романескен вид, со цел негово критичко реинтерпретирање, вклучува и свест за сопствените поетички претпоставки.
          Канадската теоретичарка Линда Хачон во контекст на интересот за постмодернистичката поетика, се фокусира врз историографската метафикција, издигнувајќи ја до степен на постмодернистички жанр par excellance. Едно од рамништата на нејзино дефинирање е нејзината со-поставеност по однос на класичниот историски роман. „Историската фикција би ја дефинирала како нешто што се угледало на историографијата до таа мера што е мотивирано и ставено во функција со помош на претставата за историјата како обликувачка сила (на наративната и на човечката судбина)  (1996 192). Теорискиот модел понуден од страна на Герг Лукач ја игра улогата на позадина врз која авторката го дефинира овој постмодернистички жанр, поставувајќи ги  релациите меѓу нив на три рамништа: на ниво на книжевните типови, на ниво на употреба на деталите и на ниво на внесување историски личности.
          Ставот на Лукач дека историскиот роман, прикажувајќи одреден микрокосмос којшто генерализира и концентрира, има капацитети за претставување на историскиот процес, упатува на главните протагонисти во него како книжевни типови кои во себе ги синтетизираат општите и поединечните одлики на некоја општествена група, односно на синтезата на  „сите човечки и општествени основни детерминанти.“ Наспроти тоа, постмодернистичката идеологија на плуралност и на препознавање на разликата, како и отсуството на чувство за културна универзалност, води до протагонисти кои се „ексцентрични, маргинализирани, периферни фигури на фикционалната историја“ (1996 192).  Евентуалното воспоставување однос кон книжевниот тип има  нагласено ирониски предзнак.

 

          Употребата на деталите во историскиот роман има релативна важност во смисла дека тие се „само средство за постигнување историска веродостојност“, односно потврда на историската нужност на одредена ситуација. Со оглед на тоа, станува ирелевантна прецизноста или вистинитоста на деталите кои најчесто се инкорпорираат и се асимилираат, со цел да се создаде чувство на веродостојност. Наспроти тоа, во постмодернистичките романи присуството на историски детали не е во функција на потврдување на веродостојноста на раскажувањето, туку во служба на нагласување на неговата артифициелност и фикционалност. Според Хачон, историографската метафикција ја оспорува оваа одлика на класичниот роман на два начина: од една страна, преку поигрување со вистината / невистината на историскиот запис, при што, честопати, одредени историски детали се намерно фалсификувани за да се истакнат можните мнемонички грешки во за-пишувањето на историјата; од друга страна, деталите и историските податоци може да се инкорпорираат, но ретко се асимилираат и во тој случај на преден план е поставен самиот процес на асимилација, односно давањето смисла на историските податоци, така што читателското внимание е фокусирано врз обидите за воспоставување наративен поредок. „Историографската метафикција го потврдува парадоксот на стварноста на минатото, но и неговата текстуализирана достапност за нас денес “ (1996 193).
          Во традиционалниот историски роман, историските личности, најчесто, имаат споредни улоги, така што целта на нивното присуство е да се обезбеди автентичност на фикционалниот свет. Таквата димензија води до прикривање на спојот помеѓу фикцијата и историјата. Обратно,  метафикционалните аспекти во историографската метафикција го истакнуваат тој онтолошки спој, упатувајќи на неговата проблематична природа.
          Своевидната компилација на овие пристапи допушта изведување  типологија на постмодернистичките варијации на историскиот роман - ревизионистички историски роман, метаисториски роман и историографска метафикција.
          Во ревизионистичкиот историски роман главниот интерес е поставен врз реинтерпретативното, ревидирачко пре-пишување на историјата. Останувајќи на рамниште на содржината, ревизионистичкиот роман ги проширува конвенционалните граници на реалистичниот роман на неколку начини: преку инкорпорирање на оние тематски области кои се однесуваат на историјата на менталитети, историјата на жените, оралната историја, микроисторијата. Оваа ревизионистичка димензија Л. Хачон u ја припишува и на историографската метафикција, а како манифестација на т.н. екс-центризам – позицијата на маргинализираните и на „замолчените“ од страна на официјалната историографија, а во чие име и од чија позиција се спроведува пре-пишувањето на историјата. Таа димензија е земена предвид и кај Б. Макхејл во рамки на стратегијата што ја именува како апокрифна историја и, конечно, кај Е. Веселинг кога говори за контрафактуалните и алтернативните истории. Сите овие автори ја врзуваат ревизионистичката тенденција со свртеност кон маргинализација на големите историски настани и кон истакнување на искуството на обичните луѓе, што го имплицира децентрираниот поглед  врз историјата. Во реализацијата на оваа цел се вклучени неколку наративни стратегии (на коишто упатува и Хачон по однос на наративните аспекти во историографската метафикција): мултиплицирани гледни точки чиишто лимитирани перспективи проектираат субјективни погледи врз историјата. Овие стратегии имаат двоен ефект: преку нив се предизвикуваат и хегемониските историографски дискурси и жанровските конвенции на реалистичниот историски роман.
          Токму метаисторискиот роман примарно се фокусира врз  нивоата на наративните техники и врз структурата (многу повеќе одошто врз содржината): тој ги истражува, ги ревидира и ги трансформира формалните  конвенции на традиционалниот историски роман. Спецификата на метаисториската варијанта е видена во нејзиниот иновациски третман на историјата како книжевна тема: се истакнува процесот на историска реконструкција и свеста на протагонистите за минатото (а не репрезентацијата на историскиот свет како таков). Токму односот на историјата кон сегашноста е важен фактор кој ја истакнува комплексната наративна структура.

          И, конечно, историографската метафикција ја тематизира и ја поткопува границата помеѓу историографијата и фикцијата, истражувајќи во епистемолошкиот статус на историјата и на историографијата. Притоа, ги  употребува метафикционалните средства за да ги тематизира и да ги истражува епистемолошките, методолошките и лингвистичките  проблеми кои се поврзани со обидите за конструирање кохерентен опис на минатото. Од друга страна, тие романи ги инкорпорираат метаисториографските интереси формално, во структурата на романот, така што преку комплексната структура и преку наративните техники тие го рефлектираат проникнувањето во модерните теории на историјата. Главно, акцентот е поставен врз епистемолошките проблеми коишто се однесуваат на реконструкцијата на историските настани и на пишувањето на историјата.
          Она што може да се постави во пресекот на разгледуваните концепции се однесува на двете основни рамништа на проследување на жанрот:
          1. рамништето на коешто се евидентира поврзаноста на историскиот роман и историографијата, односно историјата, посочувајќи ја условеноста на  развојот на жанрот со промените во поимањето на историјата.  Проследувањето на овие релации го нагласува поместувањето на позицијата на историскиот роман по однос на историографијата - од комплементарната кон метаисториската позиција, односно од монументално - антикварната кон критичката позиција;
          2. рамништето на коешто се евидентираат структурните манифестации на тие промени во романот преку проследување на наративните стратегии кои во одделните фази од развојот на историскиот роман учествуваат во манифестирањето промени во релациите со историографијата и со историјата.
          Она што беше посочено како своевидна константа во дијахронијата на жанрот се однесува на неговата хибридна природа, генерирана од спојот помеѓу историското и фикционалното. Многумина автори ја посматраат оваа конститутивна одлика како генератор на своевиден парадокс: тој аспект го има предвид и Курт Милер кога констатира дека „бастардната“ природа на жанрот ќе биде критикувана од страна на историчарите и на книжевните проучувачи, иако токму таа природа, парадоксално, ги фасцинира и читателите, и писателите, уште од XIX-от век (1994: 38).
          Според тоа, може да се говори за извесен континуитет на книжевниот интерес за историските теми, а варијациите во тој континуитет се однесуваат на начините на манифестирање на интересот, на начините на вовлекување и на претставување на историјата во романескниот свет. Во таа смисла, значаен придонес во жанровското обликување има и начинот на поимање на историјата во актуелниот миг. Настанувајќи како резултат на новиот концепт на историјата од втората половина на XVIII-от век, историскиот роман, за првпат, ја обезбедува тематски сигнификантната комбинација помеѓу документарните историски ситуации и настани со судбините на измислените ликови. Овој модел, промовиран во романите на Скот, ги афирмира верувањето во објективноста на историската репрезентација и прогресивните погледи врз човековата историја, што претставуваат дел од пошироката епистемолошка самодоверба и оптимизам на епохата. Воопшто, историскиот запис дејствува како мотивирачка и обликувачка сила во класичниот историски роман, којшто почива врз конвенциите на традиционалниот реализам (аспект којшто е нагласен кај Макхејл, според кого историските фикции мора да се реалистични, додека, пак, фантастичната историска фикција е аномалија). Притоа, миксот помеѓу фикционалното и историското не е предмет на проблематизирачко  поставување на преден план, туку тие две онтолошки дистинктивни сфери се „репрезентирани како природни и непроблематични екстензии една на друга“ (Макхејл, 2001 88). Затоа, конвенционалната граница меѓу нив се смета за невидлива, па дури и за непостоечка. Во согласност со дистинкциите повлечени од страна на Л. Хачон, претпоставките кои лежат зад историографијата и книжевното пишување никогаш не се доведени во прашање, односно не се нарушени во рамки на историскиот роман. Наместо тоа, историските настани или личности се инкорпорирани во фикционалната рамка за да му дадат на романот чувство на автентичност и веродостојност.

 

          Во рамки на модернизмот (каде што историскиот роман има маргинализирана позиција) доаѓа до проблематизирање на позитивистичките стандарди за веродостојна репрезентација на историските факти и до предизвикување на концептот за телеолошка прогресија во историјата (премисите врз кои почива романот на Валтер Скот).
          Кулминацијата на модернистичката инклинација кон епистемолошкиот скептицизам се случува во постмодернистичката книжевност, евидентирајќи се во двојна смисла. Прво: преокупацијата со скептицизмот претставува потврда на сознанието за конструираната природа на реалноста (мината и сегашна) и израз на сомневањето во моќта за стекнување  апсолутни знаења за минатото. Второ: скептицизмот претставува израз и на постмодернистичкиот модус на мислење кој ја оспорува традиционално прифатената одвоеност меѓу фактот и фикцијата. Во таа насока се движи и проблематизирачкото предизвикување и дестабилизирање на односите меѓу историскиот материјал и фикционалната инвенција. Во контекст на терминологиајта на Макхејл, овој романескен вид претставува своевидна аномалија, бидејќи не ја потврдува традиционалната парадигма и зазема критички став кон неа. Имено, историографската метафикција истражува нови модуси на артикулирање на минатото и тоа го прави преку ирониско истражување и ревизија на конвенционалните модуси на артикулација  и на официјалните кодови на репрезентација. На тој начин, уште еднаш, се потврдува постмодернистичката репрезентативност на историографската метафикција: таа претставува една од манифестациите на постмодернистичката состојба на свест, изразена низ одделните форми на автореференцијалност.
          Дефинирањето на метафикцијата од аспект на нејзината фокусираност врз сопствената фикционална природа, ја вклучува и коментаторската позиција за сопствената традиција, односно за сопствените претходнци во неа. Токму оваа димензија, меѓу другото, придонесува за компатибилност на метафикцијата со постмодернистичката книжевност која, генерално, инсистира врз воспоставувањето дијалог со сопственото минато и со сопствените конвенции. Во таа смисла, метафикционалните елементи во постмодернистичкиот историски роман ја подразбираат и свеста за жанровските претходници. Следствено, историографските метафикции може да се ситуираат во компаративен контекст за да се согледаат нивните импликации и по однос на метафикцијата, и по однос на историскиот роман.

Литература:

Wesseling, Elisabeth. Writing History as a Prophet, Amsterdam / Philadelphia:John Publishing Company, 1991.

Žmegač, Viktor. Knjizevnost i filozofija povijesti, Zagreb: Hrvatsko filozofsko drustvo,1994.

Mazurek, A. Raymond. “Metafiction, the historical novel and Coover’s The Public Burning” , Metafiction, ed. by. Mark Currie, London and New York : Longman, 1995, str. 194-206.

McHale, Brian. Postmodernist Fiction, London and New York : Routledge,  2001.

Müller, Kurt. “The Development Toward Historiographic Metafiction in the American Novel”,  Historiographic Metafiction in Modern American and Canadian Literature, ed. by Bernd Engler / Kurt Müller, München / Wien / Zurich : Ferdinand Schoningh Paderborn, 1994, str. 35-53.

Hačion, Linda. Poetika postmodernizma,  Novi Sad: Svetovi, 1996.