Славица Гаџова

„Сеќавањето е перманентно обрежување”

                                                          Милорад Павиќ, Хазарски речник


          За романот Хазарски речник е многу зборувано. Се работи за еклатантен постмодерен феномен, за роман со оригинална структура и авторска визија која на преден план ги става субјективната гледна и стојна точка: според организацијата на материјалот од една, и слободата во комбинирањето на единиците (одредниците) на романот (и со тоа слободата во креирањето на приказната) кај реципиентот, од друга страна. Да започнеме најнапред со детектирањето на постмодерните елементи во романот.
          Првиот елемент на постмодерната книжевност, според многу теоретичари, е отфрлањето на едно идеолошко стојалиште. Делата на постмодерната застануваат наспроти логоцентризмот, ригидниот рационализам и есенцијалистичките концепти како произведувачи на идеолошко насилство. На овој роман на Милорад Павиќ, генерално може да се гледа како на презир и иронија адресирани кон концептот на историската вистина и историското искуство. Но, на ова прашање ќе се навратам подоцна. Од друга страна, употребата на фантастичните ефекти, алегоријата, параболата, иронијата и парадоксот, е во согласност со субјективните гледања и промислувања на светот, за разлика од миметичните концепти кои се врзани со апсолутизацијата на објективноста и вистината (именка на која овие концепти и’ ја негираат плуралната форма!). Ваквата дисторзија на реалноста (временска и просторна), содржи несомнено и критичка димензија која е суптилна и нетипично изразена.
          Интертекстуалноста и цитатноста на ниво на жанрот и мотивацијата е следната и можеби најтипичната карактеристика на постмодерната книжевност. Палимпсестното ткиво на романот содржи множество хипотекстови од различна провиниенција. Се исчитуваат траги на преткнижевните усмени форми – мит, легенда, предание; историографски или квази-историографски записи (пастиширање на историографското известување); научни извештаи (или пастиширање на научниот стил); религиски текстови (од Библијата, Куранот, Талмудот); средновековни текстови (хагиографии, апокрифни текстови). Некои од текстовите се земени во нивните пародизирани форми. Сето тоа е пренесено преку различни наративни инстанци / наратори со нејасен идентитет (кои се движат од сезнаечки до недоверливи) и доживеано од различни фокализатори кои се наоѓаат во различни хронотопи.  Интертекстуалните постапки и техники на монтажа и колажирање кај Павиќ, доведуваат до едно вртоглаво движење низ цивилизацијата и историјата, сфатени како дифузни и конфузни, повеќенасочни процеси, чии продукти и остатоци наликуваат на мозаици создавани од безброј чинители. Никогаш еднонасочни и едноставни, никогаш јасни и одгатливи, никогаш целосно објаснети  процеси – за кои постоеле безброј начини на создавање и за кои постојат безброј начини на откривање и толкување – како што постојат безброј начини на читање на Речникот. Преку постапките на колажирање се сретнуваат минатото и современоста, религиите, културите, народите (постоечки и исчезнати). Ваквиот начин на структуирање на романот укажува на тоа дека светот единствено може да се запознава и да се гледа преку / низ текстовите, нивните фрагменти, извадоци и траги. Неограничената семиоза или дисперзијата на значењето упатува на тоа дека стварноста е нефиксирана во синџирот од означители.
          Третата постмодерна карактеристика кај Павиќ ја согледуваме во отсусвото на каузална логика во градењето на приказната. Во Хазарски речник е деконструирано реалистичкото инсистирање на односот причина / последица во приказната преку напуштање на линеарната нарација. Механизмите со кои се постигнува овој аспект би требало да бидат поподробно анализирани, но се чини дека може да се дефинираат како употреба на различни парадигми на фантастиката, преку т.н постмодернизација на фантастичното.

          Напуштањето на линеарната, класична нарација значи напуштање на оној линеарен (епски) начин на мислење кој со векови е модел за поттиснување на повеќедимензионалното (дифузно, нелинеарно) симболичко расудување. (А. Бановиќ – Марковска, 2004, 97). ??Дезорганизираноста? на текстот на Хазарски речник ја разнишува економијата на класичното логоцентрично искуство. Самата структура на романот упатува на ризоматичниот модел на мислење наспроти класичниот линеарен модел. Со неограниченото влегување и излегување од приказните, необичните скокови и безбројните линкови во текстот се овозможува враќање кон претходниот, повеќедимензионален стадиум на мислата. Логиката на приказната е, всушност, логика на субјективниот / индивидуален избор. Паралелно со деконструкцијата на каузалноста на самобендисаното ratio, се одвива растворањето на временско-просторните релации кое продуцира со „хаос од хронотопи“. Мултипликацијата на хронотопите создава ефект на безвременост или омнитемпоралност; преку романот создаден по однос на хазарското прашање, Павиќ алудира на залудноста на потрагата по вистината (на било кој народ, на било која точка на светот, во било кој исечок од времето). Хронотопите, според некои интерпретатори на романот, може да се поделат на хазарски, барокни и модерни.
          Петтата постмодерна карактеристика на овој роман е инсистирањето на отвореноста на текстот, наспроти затвореноста и кохеренцијата на делото (Ролан Барт). Павиќ ја отфрла идејата на крајот како текстовна граница (Јуриј Лотман) со конципирањето на романот како речник (составен од ограничен број на одредници),  со многу „мини-краеви“, но без крај во класична смисла на зборот. Се работи за приказни кои имаат оригинални  внатрешни механизми за генерирање и себеоплодување – при што, преку барање на означениот збор во другиот речник, се добива приказна во приказна или пречекорување во сосем друга приказна. Паралелно со отфрлањето на линеарното раскажување, се отфрла и идејата за постоење единствен, централен и фиксен извор на значења. Павиќ посочува на тоа дека поважен е односот меѓу знаците и трагите, отколку нивниот извор. Мислата се анализира во својата бесконечност и во својот дисконтинуитет кој не признава никаква телеологија. 
          Шестата постмодерна карактеристика е отсуство на психологизација на ликовите, а со тоа и елиминација на класичната идентификација. Надредувањето на херојот-на-приказната е заменето со симултана егзистенција на множество ликови во множеството приказни. Во однос на фокализацијата, нема надредени и подредени фокализации, форсирани и супериорни гледишта, идеологии, светогледи. Се инсистира на способноста за забележување на многустраната симултаност на значењата, структурите, наративите, гледните и стојните точки.
          Отсуството на искристализиран идентитет кај внатретекстовните чинители на наративната комуникација, како и присуството на двојници, метаморфози и амбивалентности, е знак за нивната припадност на архетипската симболика.

Хазари и Хазарска полемика - шизофреност на историјата, создавање на објектот на фокализација

          Едно дијагонално читање на одредниците Хазари и Хазарска полемика во трите книги на речникот наликува на читање расказ со умножена фокализација. (Во уводот на романот, односно во упатствата за користење на речникот, под дијагонално читање се подразбира читање на одредниците со исто име кои ги има во трите книги (црвената, зелената и жолтата). Таквите одредници се означени со превртен триаголник Ў. Умножената фокализација пак, подразбира постоење на еден фокализиран објект, но повеќе субјекти на фокализација. Употребата на поимот на фокализација во овој есеј се користи во согласност со поновите сфаќања на фокализацијата кои ги обединуваат гледањето, промислувањето и просудувањето на објектот, како на Мике Бал, а не на потесното, рано изедначување на фокализацијата со процесот на гледање, како кај Жерар Женет.

 

          Овој „расказ“ e парадигматичен за поетиката на Павиќ, а исто така, може да се смета и како уметнички аналогон на деконструктивистичките и другите пост-структурални сфаќања за историографијата-како-фикција. Парадоксалноста и апсурдноста на фокализацијата, во овој случај, се состои во фокализирањето на објект кој е исчезнат (исчезнат народ). Исчезнатиот народ, тројцата фокализатори го бараат низ знаци. Во видното поле на фокализаторите, како објект на фокализација, се појавуваат знаци, текстови, записи, сведоштва, со еден збор, објектот (објектите) на фокализација се семиотички продукти. Гледањето на знаците, подразбира нивно читање, а читањето, само по себе, е интерпретирање (Шошана Фелман). Тоа со себе повлекува еден заклучок: фокализаторите (читатели и интерпретатори во прв ред), ниту го гледаат, ниту го наоѓаат својот објект на фокализација, туку го создаваат (конструираат) низ процесите на читање и интерпретација, кои пак, од своја страна, се идеолошки кодирани и детерминирани. Низ „фокализацијата на знаците“ се создаваат три различни Хазарски народи. Иронијата е во тоа што читателот на крајот сфаќа дека расказот воопшто не наликува на расказ со умножена фокализација, туку дека се работи за три различни, паралелни фокализации кои немаат ништо заедничко.

 

• Приказната на крстот    
(идеолошко стојалиште: ортодоксно христијанство; политички стојалишта: византиско и словенско)

 

          Христијанските извори за хазарското прашање сфатени, се разбира, како дел од романескната фикција, го нагласуваат покрстувањето (христијанизирањето) на хазарскиот народ. Каганот му се обраќа на еврејскиот претставник со следните зборови:...на тие зборови на принцезата Атех хазарскиот каган му рече на рабинот дека слушнал како самите Евреи признаваат дека нивниот Бог ги отфрлил и ги расеал по светот. – Сакате ли вие и нас да не привлечете кон вашата вера за да имате другари во бедата, и дали ние, Хазарите, како и вие, би биле казнети и по целиот свет раштракани?
          Така каганот утврди дека највистинити се причините објаснети од Константин Филозоф. Тој со своите поданици го прифати христијанството, а на грчкиот цар му испрати писмо кое е наведено во Кириловото житие и гласи:
          »Ти ни испрати човек кој ни ја објасни светлоста на христијанската вера и со збор и со дело и се уверивме дека тоа е вистинската вера и им заповедавме на луѓето доброволно да се крстат.« 

          Овој извадок доволно зборува за христијанската фокализација на хазарското прашање. Раскажувачкиот тон на почетокот е известувачки (се симулира историографски стил). Потоа раскажувањето се динамизира  (односно се врши прераскажување – раскажување на незасведочени дејства), со учество на повеќе ликови и нивните дијалози. Идентитетот на нараторот (запишувачот, приредувачот) е осветлен само парцијално и го спознаваме само како христијанин. Затоа, оваа приказна метафорично ќе ја наречеме приказна на крстот.

 

• Приказната на полумесечината
(идеолошко-политичко стојалиште: ислам)

 

          Исламските извори за хазарското прашање го нагласуваат исламизирањето на хазарскиот народ: ...На тие зборови каганот го прегрнал Фараби-Ибн-Кора и со тоа сè било заклучено. Го примил исламот, се помолил на Алах и дал да се спали неговото име, кое според хазарските обичаи му било ставено пред раѓањето. Нараторот и во овој случај е во функција на запишувач и уредувач на една одредница во речникот. Него го спознаваме само како припадник на исламската религија. Затоа, оваа приказна метафорично ќе ја наречеме приказна на полумесечината.

• Приказната на давидовата ѕвезда
(еврејско идеолошко-политичко стојалиште)

          Уредувачот на одредниците Хазари и Хазарска полемика во жолтата книга на речникот користи исклучиво еврејски извори, како што уредувачот во црвената книга користи исклучиво христијански, а уредувачот во зелената книга - исклучиво исламски извори. Следствено, конструирана (составена, монтирана) е еврејската приказна, со наратор кој го препознаваме како исповедач на јудаизмот (чија гледна точка е обусловена од јудаизмот). Оваа приказна ќе ја наречеме приказна на давидовата ѕвезда. Следните извадоци го потврдуваат тоа.
          ...Опширните разговори на каганот со рабинот Исак може да се прочитаат во книгата за Хазарите на Јехуда Халеви, а преобраќањето на каганот таму е опишано на следниов начин:
          »После тоа, хазарскиот каган, како што е речено во историјата на Хазарите, отпатува со везирот во пустите планини на морскиот брег и една ноќ стигна до една пештера каде што некои евреи ја празнуваа Пасха. Им објавиле кои се, ја прифатиле нивната вера, биле обрежани и потоа се вратиле во нивната земја, со желба да го научат еврејскиот закон...Од различни земји барале учители и книги и почнале да ја проучуваат Тората....«

* *  *

          Овој расказ, добиен со поврзување на истоимените одредници во трите книги, е парадигматичен за Павиќевото сфаќање на историјата. Алузијата која се прави по однос на пишувањето на историјата и парадоксалниот карактер на вистината е очигледна. Не постои консензус по ниедно прашање во историјата; интегралната, јасна, објективна историја на човештвото е мит или залуден сон. Ниедно човечко гледиште не би можело да се изедначи со некоја апсолутна гледна точка, од каде што би можело да се види сe, од каде би можело да се гледа јасно во минатото, од каде би се гледала вистината. Такво надредено гледиште може да има само сезнаечкиот наратор во романите и расказите, а тој, се разбира, е измислен. Традиционално сфатената историографија си ја припишува улогата на непогрешливост, сезнајност и „аукторијалност“. Хазарскиот речник е уметничко деконструирање на митот за Историјата, со иронични, а понекогаш и пародиски стилизации на туѓиот говор (документите, изворите, записите, преписите, продуктите на колективната меморија...). Покажувањето на „шизофреничноста на историјата“ се исчитува најпрвин на површинското рамниште, преку самата структура на романот како троен. Деконструкцијата на односот историја-вистина е овозможен првенствено преку сфаќањето на стварноста како знаковен, динамичен, семиотички ентитет. Спознавањето на стварноста е стрмоглаво спуштање низ хаосот од знаци, нарации, приказни, идеологии, религии, митологии, правни кодекси и традиции, како што потрагата по вистината за Хазарите е потрага низ лавиринти кои постојано го одлагаат ветеното значење.

За односот историја- фикција

          Интертекстуалноста и ??вртоглавото движење? низ текстовите, преплетувањето и стопувањето на моделите и жанровите, го крие во себе деконструктивистичкото сфаќање за историографијата како фикција. Сенка Атанасова, во студијата Наративни идентитети посочува на ставовите на Хајден Вајт како клучна фигура помеѓу научниците за објаснување на преплетувањето на историјата и фикцијата, со помош на градење на заплетот (emplotment). Ваквата перспектива нуди вознемирувачка перспектива на читање на историјата како пишување, како писмо. Вајт подвлекува дека дискурсот и раскажувањето не се однесуваат на заземање неутрални позиции за репрезентирање на стварните настани, туку, преку дискурсот и се зазема конкретен онтолошки и епистемолошки избор со идеолошки и политички импликации. (Атанасова, 2007, 48).

          Кај Павиќ, самото структуирање на романот во три книги укажува на тоа дека раскажувањето претпоставува идеолошка селекција која резултира со конструирање на поинаква приказна. Поетиката на Павиќ е многу блиска до радикалните становишта на Вајт кој настојува да ја избрише разликата меѓу историјата и фикцијата, кој смело ја обелоденува контингентноста на стварноста и со тоа ја одделува од епистемологијата насочена кон објективноста и вистинитоста (Атанасова, 2007, 48). Освен на тесната зависност на нарацијата, приказната и идеолошката позиционираност на оној кој раскажува, Павиќ на различни начини упатува на фиктивноста на историјата. Историјата е фиктивна во парадоксалноста на чинот на прикажувањето во онаа мера во којашто се надградува квази-присутноста на настаните ставени пред очи на читателите со интуитивност и со алузивен карактер на она кое е минливо, кое поминува (Атанасова, 2007, 50). Историјата се фикционализира поради тоа што неизбежно го содржи во себе привидот кој е потребен за историографскиот текст со цел да се реконструира минатото.  Во Хазарски речник, квази-минатото на фикцијата ги пронаоѓа и ги пополнува пукнатините во стварното минато. Пукнатините се исполнуваат со фантастични ефекти, со митски слики и легендарни призвуци. Овие ефекти, слики и призвуци претставуваат дополнителни мостови за посредување на стварноста. Во романот, квази-историските мигови во фикцијата постојано се заменуваат со квази-фиктивните мигови на историјата. Ваквите процеси се неизбежни во создавањето слика / модел на светот, затоа што светот на кој се реферира постојано „ни се измолкнува од рацете“.  Детронизирањето на објективноста и отфрлањето на секоја помисла за апсолутизирањето на сознанието, го става акцентот на субјектот и ограниченоста на неговата гледна точка. На тој начин, Милорад Павиќ ја доведува историјата во однос со (субјективноста на) меморијата и нејзиното значење по однос на конституирањето на идентитетот.

Историја и меморија (Историјата како тетовирање)

          ... На Големиот пергамент, годините биле пресметувани според големите хазарски години кои го земале во обзир само времето на војните, па морале да се претвораат во мали грчки години. (...) Седмата и последна голема година запишана на Големиот пергамент, забележува на стомакот на хазарскоит пратеник дека покрај Хазарите, на светот постоело друго племе со исто име и дека тој двојник на Хазарите живеел далеку од вистинското хазарско племе, дека често ги мешаат со вистинските Хазари, дека повремено доаѓало до допир на патници од двата народа.(...) Според трети извори, пратеникот морал два пати да се враќа во хазарската престолнина и таму да биде подложен на исправки на историските податоци кои ги носел, па дури и да биде заменет со друг пратеник на чија кожа била истетовирана поправената и доплнетата верзија на историјата. (...) За тоа време грчки и други писари ја препишувале од неговиот грб во своите книги хазарската повест. (...) Општо земено, тој зборувал многу работи спротивни од оние напишани на неговата кожа. (...) Умрел, затоа што кожата напишана со хазарската историја почнала ужасно да го чеша. Тој јадеж бил неподнослив и тој на крајот починал, со олеснување и среќен што најпосле ќе биде чист од историјата. 
          Тетовирањето на историјата врз кожата на поединецот е метафорична и алегориска слика за идентитетот. Поединецот е „истетовиран“ со историјата на народот на кој му припаѓа. Поединецот го носи сиот терет на историјата преку припаѓањето на одредена раса, заедница, етнос, народ, култура, традиција, историја. Поединецот е производ на историјата, културата, традицијата; тој станува жив палимпсест врз кој се преиспишуваат верзиите диктирани од центрите на моќ, тој станува трајно обележан од нив. Семантичкото поле на именката тетовирање ги опфаќа во себе поимите на испишување и запишување, но и оние на болно врежување, втиснување, неизбришливост, на жигосување и стигматизирање. Она што го зборувал хазарскиот пратеник, вели нараторот, се разликувало од она што било (насилно) истетовирано на неговата кожа.Меморијата се разидува со историјата.

          Ако му веруваме на Михаил Бахтин дека уметникот кој посега по историскиот матерјал, идеолошки го оформува на тој начин што го поврзува како вредност со современоста, тогаш може да се посомневаме дека зад сликата на истетовираниот со историјата кој умрел, се наѕираат јанѕите на балканските субјекти, чија кожа скапува од многуте верзии и повторни испишувања на историјата, истетовирани на нивната кожа.
          Павиќ поставува уште многу прашања за врските меѓу историјата, меморијата, нарацијата и идентитетот. Во Хазарски речник се бара идентитетот на Хазарите. Идентитетот е наративно-интерпретативен, односно се гради преку раскажување приказни. Хазарите во овој случај се мртви (а со тоа и неми) и оневозможени да ја раскажат својата приказна. Хазарската верзија на хазарското прашање е црна книга, таа е ненапишана, таа е тишината која стои зад бескрајната семиоза на приказните од трите книги. Идентитетот на Хазарите се доловува исклучво преку туѓите слики, исклучиво имаголошки. Безгласноста, немоста и тишината излегуваат од процепите на нарацијата. Она што не е нарација, се вика смрт.

Post scriptum

          ... Во хазарската држава можат да се сретнат учени Евреи, Грци или Арапи кои многу добро го познаваат хазарското минато, книгите и спомениците, за нив зборуваат со пофалби и во подробности, некои од нив дури ја пишуваат хазарската историја, но на самите Хазари не им е дозволено да зборуваат и да составуваат книги.

Библиографија:


1. Атанасова, Сенка, Наративни идентитети, Темплум, Скопје.
2. Бест, Стивен, Даглас Келнер, Постмодерна теорија, Култура, Скопје.
3. Марковска, Ангелина Бановиќ, Хипертекстуални дијалози, Магор, Скопје.

Резиме

Овој интерпретативен есеј ги открива постмодерните елементи во романот Хазарски речник од Милорад Павиќ како интертекстуалноста, отсуството на каузална логика во градењето на приказната (напуштањето на линеарната нарација), отсуството на психологизацијата на ликовите и елиминацијата на класичната идентификација. Посебен акцент се става на испитувањето на поврзаноста на нарацијата и приказната со политичко-идеолошка позиционираност на раскажувачкиот субјект. Паралено со тоа се промислуваат и проблемите на фикционализација на историјата и историзација на фикцијата, кои се исчитуваат во структурата и поетиката на романот. По своите сфаќања за историографијата-како-фикција, Милорад Павиќ е близок до теоретичарот Хајден Вајт.