Марија Ѓорѓиева

Постојат читања - на еден ист текст - кои се долични, читања кои картографираат и кои сецираат, читања кои го наслушнуваат шушкањето на нечујниот звук, кои ги бројат сивите заменчиња, заради уживање или заради поука ... Има лични читања, кои посегнуваат по лични значења, преполн сум со љубов или со згрозеност, или со страв, па во текстот барам љубов, или згрозеност или страв. Има - верувајте - и нелични читања - кога внатрешното око го следи движењето на редовите, а внатрешното уво ги слуша додека пејат ли пејат ... Тука и таму има читања од коишто на човека му се креваат и му затреперуваат влакната на непостоечкото крзно, кога секој збор пече и сјае силно и јасно и неизмерно и точно како зажарени камења, како ѕвездени точки во мракот - читања кога спознанието дека ќе го знаеме текстот поинаку или подобро ќе ја предитри секоја способност да кажеме што знаеме или како го знаеме тоа. Во тие читања, по чувството дека текстот ни се чини сосема нов, дотогаш невиден, тукуречи веднаш следува и чувството дека текстот отсекогаш е тука, дека ние читателите, знаеме дека тој отсекогаш е тука, и дека отсекогаш сме го знаеле таков каков што е, иако сега своето знаење првпат сме го препознале и сме го освестиле.

Антонија С. Бајат, Поседување      

          Во историјата на книжевноста и во индивидуалното читателско искуство ретка е средбата со романи коишто на едно место ќе понудат буквално сè: 
          1. интересно и возбудливо четиво, втемелено врз доброосмислена приказна, којашто ќе ја ефектуира „детективската метафизика“ (Еко 2007, 14-15);
          2.  добар тренинг за читачкиот ритам и за читателското трпение во онаа смисла во којашто Умберто Еко ја оправдува должината на своите романи: „Влегувањето во еден роман е исто како одење на екскурзија на планина: неопходно е човек да научи правилно да дише, да го држи чекорот, инаку бргу ќе запре ...Читателот мора да ги истрпи првите стотина страници. Во спротивно, нема да има сили да ја дочита целата книга. Според тоа, се работи за покајничка, иницијациска функција на првите стотина страници, па кому ова не му се допаѓа, негов проблем, ќе си остане во подножјето на ридот. Има романи кои дишат како газели и кои дишат како китови, или како слонови. Хармонијата не се постигнува со должината на здивот, туку со рамномерноста на дишењето“ (2007, 13); 
          3. повеќекратна илустративност, препорачувајќи се себеси како корисна апликативна литература за наставата по теорија на книжевноста и/или по книжевна херменевтика;
          4. потсетување на убавината и на смислата на нашата професија на проучувачи и на предавачи на книжевноста.
          Романот Поседување[1] на британската авторка Антонија С. Бајат претставува еден од ретките примери којшто ги исполнува овие параметри: тој, подеднакво, е податлив и за „семантичко и за семиотичко читање“ (Еко 2001, 21), што се аргументира со фактот дека се работи за бестселер којшто е и атрактивен предмет за академски анализи. Парадигматичноста и привлечноста на Поседување се должи и на неговата вкрстена жанровска референтност така што романот, паралелно, може да се чита и да се толкува низ призма на неколку жанровски обрасци: како метафикција и како теориска фикција, како историографска метафикција и како романса.[2]
          Хрватскиот теоретичар Владимир Бити ги посочува книжевните текстови (чијшто репрезент во постмодернистички контекст станува романот) како привилегиран предмет на интерпретација, токму поради нивната авторефлексивност, односно поради капацитетите да го свртуваат вниманието врз механизмите на произведување на (сопственото) значење. При тоа, романите како репрезенти на класата книжевни текстови, со оглед на нивната хибридност, „не се само привилегиран предмет на интерпретација, туку и модел според кој треба да се организира интерпретативниот текст“(1997,151) и, следствено, модел којшто во себе ги интегрира, ги тематизира и ги демонстрира интерпретативните обрасци. Ова двојство, посочено како привилегија на романескниот жанр, го обележува и романот на Бајат: со оглед  на  својата повеќеслојност и илустративност, Поседувањепретставува провокативен предмет на интерпретација, исто колку што романескната структура нуди (можен) образец на толкување. Значи, од една страна, во рамки на метафикционалните коментари, се тематизира толкувањето, генерално, додека, пак, од друга страна, романескната структура го илустрира толкувачкиот процес со сите негови дилеми, искушенија, постапки. И токму во пресекот меѓу овие две рамништа се исчитува авторовото поимање на интерпретативната практика. Романескната илустрација на толкувачките процедури е мотивирана и структурно: Поседување се темели врз едно општо место во постмодернистичката книжевност - врз конвенцијата на пронајден ракопис. Станува збор за случајно пронајдени делови од лична преписка, макар што нивното пронаоѓање претставува само повод којшто ќе иницира нов и поинаков толкувачки пристап кон веќепознатите книжевни текстови, чиишто автори се и испраќачите/примачите на писмата, коишто во континуитет се мултиплицираат - на различни места, кај различни сопственици се пронаоѓаат различни писма. Како резултат на тоа, се отвора просторот за романескната структура на детекција. Пронајдениот ракопис како предмет на толкување го оправдува и присуството на својот комплемент - процесот на негово читање/толкување.[3] Оттаму, не случајно во фокусот на вниманието се поставени токму толкувачите: главните ликови се професионални читатели (книжевни теоретичари и историчари), коишто се фиксирани во процесот на нивното истражување - библиотечно, кабинетско, теренско, книшко, интерсубјективно, интердисциплинарно. Ваквата романескна структура му нуди на читателот симетрично поставен сооднос меѓу двете конститутивни позиции во книжевната комуникација: од една страна, авторската, продуцерската, творечката позиција и нејзините производи (книжевните текстови и нивните сателити - писма, дневници, автопоетички расправи); од друга страна, реципиентската, читателската, толкувачката позиција и нејзината продукција (научните студии и статии и, повторно, нивните сателити - писма и дневници). Овој сооднос добива видлива резултанта во замаглувањето на границите меѓу двете позиции (автор -читател/толкувач), односно во замаглувањето на дистинкцијата читање- пишување, за што романот нуди повеќекратни докази. Во таа насока, индикативни се две рамништа:
          1. Поседување воспоставува интертекстуални релации со книжевната традиција: пастишот и стилизацијата се доминантни постапки низ коишто се реализира романескната интертекстуалност. На тоа рамниште се афирмира позицијата на романсиерот (Бајат) како читател и како толкувач кој, преку романот и во романот, воспоставува имплицитен, толкувачко - коментаторски однос кон книжевното минато што, повратно, говори за транспонирањето на читателот во автор.
          2. Поседување и структурно ја илустрира конверзијата меѓу авторската и читателската позиција: главните ликови во двете приказни се автори/поети и научници/толкувачи, коишто постојано се доведуваат во ситуации да ја искусуваат позицијата на оној од другата страна.

          Романот ја раскажува приказната којашто се случува во 20 век (започнува во септември 1986-тата година), а којашто, освен љубовната врска меѓу двајцата книжевни проучувачи (Мод и Роланд), ја следи и професионалната (не)кооперативност и компетитивност меѓу различните типови научници, меѓу различните научно - истражувачки тенденции и толкувачки модели (евидентни се деконструктивистичките, феминистичките, психоаналитичките, па и позитивистичките концепции). Од друга страна, романот ја раскажува и приказната којашто ја следи животната и творечката судбина на двајца (фиктивни) викторијански поети (Рендолф Х. Аш и Кристабел Ла Mот), а којашто е опозитна на симултано приопштената 20-вековна приказна. При тоа, дискурзивните интервенции врз двете фабуларни линии  го потенцираат спојот меѓу нив, правејќи го видлив со оглед на тоа што: прво, тој спој е структурно мотивиран и, второ, тој е метафорично сугериран. Во првиот случај, врската меѓу двете приказни е евидентна бидејќи авторите од 19 век, нивниот живот и нивниот книжевен опус, се предмет на истражувачки интерес на книжевните проучувачи од 20 век. Следствено, како читатели го следиме процесот на толкување на текстовите од 19 век низ теориската призма на 20 век. При тоа, и ликовите, а преку нивните коментари, и читателите, ја освестуваат неминовната дистанца по однос на предметот на толкување, дистанца којашто произлегува од контекстуализациите на толкувањето - историски, културни, теориски, интер-субјективни:

„Беа деца на времето и на културата кои се недоверливи кон љубовта, кон ’заљубеноста’, кон романтичната љубов, кон романсата in toto, но затоа, пак, за возврат, во изобилство го произведуваа јазикот на сексот, на јазичната сексуалност, на анализата, на секцијата, на деконструкцијата“ (2008, 453).[4]

          Во вториот случај, вертикалата меѓу двете приказни е сугерирана поимплицитно: 20-вековната наративна рамка го афирмира читањето/толкувањето како процес на заведување и на поседување меѓу авторот, текстот и читателот; 19-вековната фабуларна линија, пак, ги афирмира заведувањето и поседувањето многу повеќе во творечко - уметничка и креативно - родовска смисла  (иако и двете наративни нишки го афирмираат заведувањето и во еротска смисла).

„Сакате ли да ја протегнете својата метафора на заточување или на заведување и врз Уметноста?“  (2008, 175).

„Не сум сигурна како да Ви одговорам на прашањето за заточувањето или за заведувањето како својства на Уметноста - како својства на вештината на Арахна, можеби - и, во согласност со тоа, како својства на кревките женски производи - значи, воопшто, не на Вашите големи дела“ (2008, 177)

          Симултаното наративно приопштување на приказните и структурно мотивираната врска меѓу нив, што го сугерира односот меѓу продукциската и рецепциската позиција, треба да се посматра и пошироко, во контекст на актуелизирањето на мноштвото херменевтички прашања и дилеми. Имено, тој симултанизам е во функција на демонстрирање на односот меѓу книжевните практики (19-вековната приказна), од една страна, и теоријата на книжевноста и на интерпретацијата (20-вековната приказна), од друга страна. При тоа, индикативна е опозицијата врз којашто се темели односот, со оглед на тоа што рамништето на книжевната практика ги фаворизира креативната свест и  авторството (во прилог на тоа се преписките и дијалозите меѓу Аш и Кристабел, каде што експлицитно се потенцира важноста на овие аспекти); додека, пак, рамништето на теоријата на книжевноста и на интерпретацијата ги фаворизира (интер)текстуалноста и читателот. Сепак, конечниот исход на романот е во насока на ублажување на опозициите и во насока на враќање на авторот во игра. При тоа, видлив е своевиден парадокс, којшто се алибира со воспоставувањето автопародичен и автоироничен однос: Поседување, недвосмислено, е постмодернистички роман кој ги разбива постмодернистичките премиси, со оглед на тоа што во рамки на парадигмата што, начелно, се афирмира постои и освестен дистанциран однос од неа. Впрочем, и во своите есеистички расправи, како и во Поседување, Бајат ја истакнува важноста и виталноста на авторската креативна потенција, како противтежа на имперсоналноста, којашто е пледирана во дел од современите теории.
          Меѓутоа, Бајат е приврзаник и афирматор на интертекстуалните концепции, за што, впрочем, сведочи и Поседување, иако и интертекстуалните модуси се ставени во служба на демонстрирање на конверзијата меѓу авторската и читателската позиција. Во романот, интертекстуалните постапки на  читање/пишување се присутни во сите варијанти (текст покрај друг текст, текст во текст, текст врз текст, текст низ текст, текст зад текст и во буквална, и во преносна смисла, и во творечка и во толкувачка смисла). Во прилог на тоа оди и фактот што романот дава цитатен увид, било интегрално, било фрагментарно, во мноштвото „туѓи“ текстови - песни, писма, дневници и научни студии. Во таа смисла, индикативна е почетната сцена: младиот научник во лондонската библиотека ја чита студијата на Џ. Вико, Нова наука, поточно примерокот кој бил сопственост на викторијанскиот поет. При тоа, читањето на книгата се одвива паралелно со читањето на белешките на маргините што ги направил самиот Аш како читател (текст покрај текст) и, паралелно, со читањето на писмата, кои, Роланд, неочекувано, ги пронаоѓа меѓу кориците на книгата (текст во текст и во буквална смисла):

„Се движеше со Вико напред - назад, делумно трагајќи по Прозерпина, делумно читајќи ги белешките на Аш“ (2008, 11).

          Понатаму, варијантите на интертекстуални читања се умножуваат: книжевните проучувачи ги толкуваат книжевните текстови (песните на Аш) низ други книжевни текстови  (песните на  Ламот), и обратно; подеднакво, поетските текстови се читаат и се толкуваат со посредство на личната преписка на нивните автори, како и со посредство на писмата и на дневниците на останатите ликови (текст низ/зад текст). „Поради смислата, писмата треба да се читаат во след - тие се - тие си припаѓаат“, инсистира еден од ликовите -толкувачи во романот. Интертекстуалните матрици на читање се во оптек и меѓу книжевните научници кои, подеднакво, ги создаваат своите научни расправи и студии врз интертекстуална предлошка: како реакција, реплика, поддршка, потврда или негација на пласираните (хипо)тези во туѓите научни текстови и теории, за што постои „доказ“ и во цитатното упатување на теориските прототекстови. Од друга страна, романот, подеднакво, ја истакнува и ја демонстрира и неминовноста на интертекстуалните принципи и во процесот на создавање на книжевните текстови за што сведочи увидот во авторската продукција на викторијанските поети и во нивните автопоетички експликации каде што се освестува интертекстуалната димензија.

„Сите древни приказни, моја роднино, го поднесуваат раскажувањето секојпат одново и поинаку. Нужно е да се одржат во живот и да се избрусат темелнитеедноставните чистите облици на приказната ... Но, сепак, да се додаде нешто свое, авторско, така што сите тие нешта ќе се чинат нови, сè уште невидени, без да се присвојат за приватни или за лични цели“ (2008, 377).

          Низ призма на роман којшто интегрира толкувачки модели и постапки и којшто ја илустрира нивната афирмација, проблематизација, па и негација, Поседување, несомнено, пледира одредено сфаќање за толкувањето (сфаќањето на Бајат) како процес којшто (треба да) ги има предвид сите учесници во книжевната комуникација - авторот, текстот, читателот. Конкретно, романот е фокусиран врз релацијата текст - контекст, сфатена како почетна и како финална точка во секој толкувачки  чин. Но, афирмацијата на оваа отсечка се прави индиректно, т.е. се демонстрира низ романескната структура, и, повремено, во коментарите на ликовите, така што потребата од неа се потврдува дури на крајот од романот. Во таа насока,Поседување актуелизира едно поопшто прашање: прашањето за  можните/посакуваните толкувачки пристапи кон текстот и прашањето за границите кои треба да ги почитува толкувањето, доколку тие граници ја претставуваат мерата и гаранцијата за интерпретативна валидност. Следствено, романот ја отвора дилемата за модусот на толкувањето:[5]  дали текстот или, пак, контекстот треба да се постави како валиден толкувачки параметар, исто колку што ја актуелизира и дилемата дали приоритетот го понесува  контекстот на читање/толкување на текстот или, пак, контекстот на неговото создавање?[6]  Поседувањеафирмира конкретен модус/начин на толкување на книжевните текстови којшто, по принципот на елиминација на останатите можни толкувачки модуси/начини, паралелно, го заговара својот толкувачки чин и како модус/мера на толкувачката практика, воопшто. Идентична структура (пронајден ракопис којшто се толкува и којшто патем отвора низа херменевтички прашања) ќе пронајдеме и во романот на Владимир Набоков Блед оган (1962). Толкувачкиот модел што го илустрира тој оперира на релацијата текст - толкувач, така што, следејќи едно параноидно читање на поетски текст кое, многу повеќе, се сведува на негова „употреба“, одошто на негова „интерпретација“ (Еко 2001, 32-33), индиректно, се фаворизира легитимитетот на текстот и како предмет и како параметар на толкувањето.[7] Но, во случајот на Поседување толкувачкиот модел се проширува, легитимирајќи ги и текстот и контекстот на толкување и, особено контекстот на создавање на текстот, како релевантни интерпретативни параметри.[8]

„Имав некои налудничави идеи. Мислев да ги поминам песните - неговите и нејзините - од тоа време - и да видам дали откриваат нешто. Мислев, ако тргнам по истиот пат по којшто тој патувал низ Јоркшир - под претпоставка дека и таа можеби била таму - и ако се држам до песните - можеби тоа ќе ме одведе некаде. Веќе откривме една корелација, незамислива за некој којшто не трагал по таква врска“ (2008, 259)

          Потребата од толкувачко еквилибрирање меѓу текстот и контекстот во романот е сугерирана онаму каде што, имплицитно или експлицитно, се предупредува на опасноста контекстот да го „изеде“ текстот, во смисла дека контекстот на читање/толкување на текстот низ призма на одделните теориски концепции и толкувачки парадигми го загрозува текстот, инсистирајќи по секоја цена да го сведе на проверка и на потврда на категоријалниот систем и на херменевтичките алатки кои се оперативни во одредена теорија. Во романот на Бајат, оваа димензија е оприсутнета низ пародично - ироничниот однос кон одделните теориски читања и методолошки промислувања на текстовите на викторијанските поети. „Можеби сето тоа е само моја конструкција“ се прашува главниот лик во мигот кога почнува да се сомнева во лабавата врска меѓу текстот и неговото компетентно читање на текстот кое се реализира врз фонот на теориите што ги преферира толкувачот.
          Тематизирајќи го толкувањето и демонстрирајќи го толкувачкиот чин, Поседување ја заговара релацијата текст - контекст како конститутивна толкувачка отсечка, при тоа партикуларизирајќи ја на неколку различни рамништа, каде што односот текст - контекст може да се посматра и како артикулација на препознатливи херменевтички концепции и категории.

1. Толкувањето меѓу значењето и смислата

          Првото рамниште на партикуларизација на односот текст - контекст ги опфаќа манифестациите на толкувачката осцилација меѓу значењето и смислата. Ова рамниште може да се сфати и како артикулација на тезите на Ерик Д. Хирш чиешто дистинктивно и комплементарно одредување на значењето (meaning) и на смислата (significance) соодветствува на релацијата текст - контекст, сфатени како два пола на толкувачката отсечка. „Значењето е она што текстот претставува, она што го означил авторот, користејќи се со одредена низа знаци“(1983, 26). Од друга страна, смислата се именува како значење кое е поврзано со нешто друго, како „однос меѓу значењето и некоја личност, сфаќање или ситуација или, пак, стварност, сето она што може да се замисли“,[9] што ќе рече дека смислата секогаш е „значење за“, никогаш „значење во“ (Хирш 2003, 78). Според тоа, ако смислата го воспоставува односот меѓу она што се наоѓа во нечие вербално значење и она што е надвор од него, тогаш таа му е сопоставена на значењето кое, пак, го означува  постојаниот, непроменлив пол на тој однос. Ваквата аналитичка дистинкција го имплицира значењето како „начело на стабилност“ на интерпретацијата, додека, пак, смислата го овозможува „начелото на промена.“ Во согласност со овие разграничувања, значењето за толкувачот може да остане непроменето, додека, пак, смислата на тоа значење е варијабилна во зависност од променливиот контекст во којшто се актуелизира значењето.[10]Генерално, елаборациите на Хирш на тема значење - смисла упатуваат на дополнителни аспекти:
          1. Афирмација на односот автор - читател:[11] оваа релација е поддржана во рамки на објаснувањето дека значењето е работа на свеста (не на зборовите, не на физичките знаци или нештата), дотолку повеќе што еден след зборови нема никакво посебно значење, сè додека некој со нив нешто не означи или од него нешто не разбере. Кога значењето е поврзано со зборовите, таа врска ја воспоставува извесна свест која, пак, е работа на поединецот, а во толкувањето на текстовите тие поединци се авторот и читателот.
          2. Афирмација на историчноста на толкувањето: релацијата значење-смисла ја освестува неможноста од прецизна реконструкција на минатото значење (со оглед на тоа што и нашите текстови и нашето знаење се историски детерминирани), упатувајќи ги толкувачите кон искористување на историчноста на најдобар можен начин: „не преку реконструкција на туѓите светови од текстовите, туку преку нивно толкување во рамките на нивниот сопствен свет и овозможувањето тие со тоа да ни проговорат“ (2003, 79).

          На кој начин овие елементи од херменевтичката концепција на Хирш се артикулираат во Поседување, а во прилог на тезата за толкувачката тензија меѓу текстот и контекстот? Сместувајќи го текстот-предмет-на-толкување меѓу контекстот на неговото создавање и контекстот на неговото читање/толкување, романот ги илустрира начините на кои промената во контекстот, битно, ги менува толкувачките резултати. Повеќекратно, романот ги илустрира начините на кои контекстот го пресретнува текстот, секогаш додавајќи му нова димензија низ толкувачкиот чин: неочекуваните податоци што ги откриваат ликовите во текот на интензивното теренско и текстовно истражување и врските што ги воспоставуваат меѓу нив го реактуализираат контекстот на создавање на текстот, паралелно, осознавајќи ја неопходноста и на она што е оставено надвор од официјалните биографии, а што битно интервенира во научното знаење.[12]  На тој начин, романот упатува на различните, контекстуално обусловени смисловни збогатувања на текстовното значење за кои говори Хирш. Во таа насока, станува релевантна и тезата на Сузан Сонтаг за толкувачката практика и како евентуален чин на ослободување на текстот, како реконтекстуализирање коешто води до откривањето нови семантички аспекти во предметот на толкување, претходно превидени, или, пак, тенденциозно занемарени: „како начин на ревидирање и на превреднување, како бегство од мртвото минато“ (Сонтаг 2005, 3). Во Поседување, ослободувачката димензија на ре-интерпретацијата е демонстрирана со фактот што книжевните текстови на викторијанските поети се читаат и низ призма на некнижевниот (кон)текст и се толкуваат низ призма на различните теориско - методолошки парадигми коишто се релевантни во 20 век.
          Конечно, отсечката текст - контекст, партикуларизирана на рамништето каде што толкувањето се реализира како движење меѓу значењето и  смислата на текстот може да се посматра низ призма на дистинкцијата што Умберто Еко ја повлекува меѓу толкувањето и нагаѓањето: во романот на Бајат ликовите - истражувачи поаѓаат од одредени претпоставки/нагаѓања коишто ги прават во рамки на сопствените толкувачки контексти, но секогаш трагајќи по потврда и по доказ за тие премиси во рамки на текстот - предмет на толкување, бидејќи единствено „текстуалната кохеренција ќе може да го отфрли непромисленото нагаѓање“ (Еко 2001, 34):

„А тогаш Роланд наиде на реченица која можеше да значи нешто или ништо. Ништо, ако не се загледаш внимателно ... Три седмици подоцна наиде на уште една реченица која е значајна/безначајна“ (2008, 55).

„Пронајдовме - многу текстовни докази, и кај двајцата поети, за тоа дека можеби биле таму заедно - јоршки фрази и пејзажи во Мелузина - исти стихови кај двајцата поети - сметаме дека таа сигурно била таму“ (2008, 511).

2. Толкувањето меѓу историчноста на текстот и текстуалноста на историјата

          Афирмацијата на односот текст - контекст како релевантен толкувачки параметар во Поседување, во голема мера, ги следи методолошките принципи на новиот историцизам. Неговата клучната премиса се однесува на текстуалното постоење на минатото:  присуството на минатото е посредувано низ неговите текстуални остатоци, но, исто така, е условено и од релевантноста на минатото за актуелниот миг. Следствено, текстуалната достапност на минатото го имплицира истражувањето како толкување на текстуализираните траги на минатото. „Под ’историчност на текстовите’ сакам да ја сугерирам културната специфичност, социјалната втемеленост на сите модалитети на пишување - не само на оние текстови кои ги проучуваат критичарите, туку и на текстовите во чии рамки ги изучуваат. Под ’текстуалност на историјата’ сакам да сугерирам, прво, дека немаме пристап кон она полно и автентично минато, кон живата материјална егзистенција, непосредувана со сочуваните текстуални траги на општеството за кое станува збор - траги за чие зачувување не смееме да мислиме дека случајно се случило, туку да претпоставиме дека барем делумно тоа е последица од сложените социјални процеси на памтење и заборавање; и, второ, дека тие текстуални траги и самите се подложни на дополнителни текстуални посредувања кога ќе станат ’документи’ врз кои историчарите ги засноваат своите сопствени текстови нарачени ’истории’“ (Монтроуз 2003, 113). Овој хијазмично структуриран постулат на Луис Монтроуз има пошироки импликации. Прво, релевантноста на текстуалните остатоци ја воспоставува рамноправноста, т.е. „архивираниот континуум“ меѓу книжевните и некнижевните текстови што, пак, сведочи за отфрлањето на острата поделба меѓу текстовите и контекстите и меѓу различните облици на дискурзивна практика, така што, во крајна линија, се брише и границата меѓу книжевноста и историјата. Како резултат на тоа, и интертекстуалноста се постулира врз поинаква оска „заменувајќи го дијахронискиот текст на една автономна книжевна историја со синхронискиот текст на системот на една култура“ (Монтроуз 2003, 108). Второ, книжевните дела не се посматраат како изолирани и самодоволни артефакти, туку како манифестации на една мината култура, чијашто достапност и разбирливост се темели токму врз увидот во сочуваните текстови. „Постојат текстуални траги - збунувачка маса од траги - но, невозможно е да се земе ’самиот текст’ како совршен, незаменлив, самодостатен содржател на сите негови значења“ (Гринблат 2003, 79). Трето, променетиот статус и третман на книжевното дело имплицира промени и во рамки на неговото толкување и, пошироко, во рамки на проучувањето на системот на книжевноста. „Новата историска критика е нова во отфрлањето на непроблематизираната дистинкција меѓу ’книжевноста’ и ’историјата’, меѓу ’текстот’ и ’контекстот’; нова во спротивставувањето на доминантната тенденција да се постави и да се привилегира  единствената и автономната индивидуалност - Авторот или Делото - наспроти општественото или книжевното опкружување“ (Монтроуз 2003, 109).
          Во романот на Бајат, толкувачкиот пристап на Роланд и на Мод, во одреден степен, се потпира врз новоисторицистичката методолошка парадигма. Имено, нивниот толкувачки интерес ја почитува и ја потврдува текстуалноста на минатото: за нив, викторијанското минато, коешто е предмет на научен интерес, е достапно единствено преку текстуалните остатоци (книжевните текстови, писмата, дневничките записи и мноштвото други документарни траги).[13] Понатаму, овие текстуални траги се подложуваат на „дополнителни текстуални посредувања“ (Монтроуз 2003, 113) кога ќе станат предмет на научен интерес врз којшто книжевните теоретичари и историчари ги втемелуваат своите научни текстови и тези и врз коишто ги изведуваат своите интерпретации. Во тој процес текстовите на викторијанските поети го губат статусот на „самодоволен содржател на сите значења“ (Гринблат 2003, 79), со оглед на тоа што нивните значења се создаваат низ вкрстените референции во архивираниот континуум од книжевни и некнижевни текстови, од текстови и контексти. Несомнено, Поседување фокусира еден комплексен интерпретативен третман и на поетските текстови, и на дневничките записи, и на писмата, и на научните студии, односно на текстовниот комплекс од и за минатото. Истражувачко - толкувачката практика на Роланд и на Мод, којашто е во прилог на афирмација на отсечката текст - контекст, ја поддржува ревидираната позиција на книжевната критика, онака како што таа е заговарана и од страна на новоисторичарите, фаворизирајќи го  принципот на историчност на создавањето и на читањето на текстовите. „Накусо, да се говори денес за историската критика значи да се признае дека во историјата не живее само поетот, туку и критичарот; дека текстовите и на едниот и на другиот се инскрипции на историјата; дека нашето разбирање, претставување и толкување на  текстовите од минатото секогаш произлегува од мешавината на отуѓеното и на  прифатеното, како реципрочно меѓусебно условување на ренесансниот текст и нашиот текст за ренесансата. Таквата критичка практика претставува континуиран дијалог меѓу поетиката и политиката на културата“ (Монтроуз 2003, 121). Во романот на Бајат овој аспект повеќекратно е нагласен со оглед на тоа што книжевните теоретичари го насочуваат својот толкувачки интерес кон текстови од 19-тиот век кои се сместуваат во теориско-херменевтичките контексти на 20-тиот век, па, постојано, сме упатени на мноштвото реципрочни „историски притисоци“ со кои минатото ја обликува сегашноста, а сегашноста го преобликува минатото: увидот во „новите“ текстуални траги од минатото (случајно пронајдените писма), битно, го трансформира актуелното научно знаење, исто како што актуелната теориско-методолошка парадигма го филтрира текстуалното минато низ сосема поинаква визура, смисловно дополнувајќи го.

3. Толкувањето меѓу теоријата и практиката

          Едно рамниште на конкретизација на односот текст - контекст ги опфаќа манифестациите на толкувањето како однос меѓу теоријата и практиката. Впрочем, по дефиниција, херменевтиката го вклучува двојството на интерпретативна практика и на теорија на интерпретативната практика: во својата метаинтерпретативна димензија херменевтиката го подразбира и промислувањето на методите, на моделите, на принципите и на конвенциите на толкувањето, кои потоа добиваат интерпретативна примена и проверка врз конкретни книжевни текстови. Во Поседување идентификувањето на односот теорија - практика е двојно оправдано: со оглед на тоа што романот ја афирмира важноста на толкувачките контекстуализации и со оглед на тоа што главните ликови се книжевни проучувачи, фиксирани во процесот на истражување и на толкување, којшто, пак, се иницира од и се филтрира низ призма на нивните научни специјалности и субспецијалности, односно низ призма на преферираните теориско - херменевтички парадигми. Оттаму, индикативно е признанието на еден од ликовите по однос на интерпретативните рестрикции што ги чувствува како последица на отсуството на соодветна теориска позадина, односно како последица на недоволната интерпретативна компетентност:

„Кропер брзаше низ биографијата на Ла Мот, но го кочеше тоа што немаше пристап во Линколновската документација и што не умееше да ги дочита Лакановите загатки во коишто феминистките ги облекуваа своите промислувања. Во таа фаза, сè уште не беше свесен за празните години во биографијата на Ла Мот, ниту, пак, имаше вистински увид во  околностите на смртта на Бланш Гловер“ (2008, 421).

          Поседување го демонстрира интерпретативното меандрирање меѓу теоријата и практиката на толкувањето, но, првенствено, во насока на потврдување на тензичното и на заемното стимулативно - продуктивно надополнување меѓу нив. Кои се херменевтичките импликации на овие илустрации?
          1. Укажување на опасноста од ригидно фаворизирање на едната или на другата страна според принципот на апсолутизација, што подразбира негирање на принципот на комплементарност меѓу теоријата и практиката на толкувањето.
          2. Укажување на опасноста од доминација на теоријата, која, како на Прокрустова постела го распнува и го „измачува“ текстот, заробувајќи го со произволни и со невалидни интерпретации коишто произлегуваат од потребата текстот, по секоја цена, да потврди одредена теориска концепција, односно да ја докаже нејзината интерпретативна применливост. Овој ризик го освестуваат и ликовите:

„Мислам сите тие ракавици, пред малку, си поигравме професионално - средновековни ракавици, ракавици на џинови, Бланш Гловер, Балзаковите ракавици, коралски јајници - и сето тоа како сварен мармелад се сведе на - човековата сексуалност. Токму како што Леонора Стерн сета земја ја чита како женско тело - и јазик - целиот јазик“ (2008, 277-278).

„Тие[14] знаат што ќе пронајдат уште пред да го најдат тоа“ (2008, 40).

„Неговото време беше време на превласт на наративните теории“ 2008,147).

„Не им верувам на сите тие толкувања. Тие намалуваат“ (2008, 382).

          „Никој од нас не може да ја врати онаа невиност пред сите теории, кога уметноста не ја познаваше потребата да се правда, кога човекот не се прашуваше што говори некое уметничко дело, бидејќи знаеше (или мислеше дека знае)  што прави тоа. Од сега па до крајот на свеста, осудени сме да ја браниме уметноста. Единствено може да се препираме околу еден или друг начин на одбрана. А, всушност, наша обврска е да ги отфрлиме сите начини на одбрана и на оправдување на уметноста коишто стануваат посебно неизострени или тегобни или нечувствителни за современите потреби и практики“ (Сонтаг 2005, 2). Меѓу аргументациите врз коишто Сонтаг го темели својот став, секако, спаѓа и актуелната херменевтичка состојба каде што ја дијагностицира „хипертрофијата на интелектот на сметка на енергијата и на сетилниот капацитет на уметноста“ што, пак, резултира во толкувањето како „одмазда на интелектот над уметноста“(2005, 3). Оттаму, Сонтаг пледира за  поголема интерпретативна функционалност во смисла на толкувања кои, многу повеќе, ќе бидат во функција на уметничкото дело, наместо да го узурпираат неговото место: „Целта на сите коментари за уметноста треба да се состои во тоа уметничките дела да станат повеќе, а не помалку стварни. Улогата на критиката е да го покаже она што е, дури и дека е тоа што е, наместо да каже што значи тоа“ (Сонтаг 2005, 7).[15]
          3. Посочување на толкувачката практика како потврда, како негација или како дополнување на теоријата на толкувањето. Во крајна линија, интерпретативната практика е онаа којашто ја верификува исцрпеноста и депласираноста на одредена книжевнотеориска или херменевтичка парадигма чијшто поимско - методолошки комплекс повеќе не кореспондира со актуелната состојба на „теренот“, т.е. со книжевноуметничката практика, а којашто, од своја страна, очекува и сугерира промени во сопственото проучување и толкување.
          4. Фаворизирање на вештината на толкувачот кој, од позиција на практичар и на практикувач на теориските концепции и врз основа на својата компетентност, ќе не (раз)убеди во функционалноста и во валидноста на одредена толкувачка матрица.  Впрочем, ликовите - научници во Поседување, постојано, ја освестуваат можноста откритијата до коишто доаѓаат низ истражувањето да фрлат нова светлина врз смисловните аспекти на текстот-предмет-на-толкување, но, и пошироко, да доведат до суштински поместувања  и во сферата на теоријата на толкувањето:

„Струката, можеби, ќе мора да преиспита голем дел од она што се смета за извесно“ (2008, 15).

„Тоа би променило многу нешта. Самиот фокус на читање на делата на Ла Мот. Дури и анализата на Мелузина. Сите тие самовилски теми. Тоа е интригантно“ (2008, 59).

          Повторно, овие херменевтички импликации во романот кореспондираат со дел од заклучоците на Хирш, според кого токму онтолошката нееднаквост на сите протолкувани значења е доказ дека херменевтичката теорија ги санкционирала прифатливите норми на легитимност при толкувањето. „Толкувачките норми, навистина, не произлегуваат од теоријата и теоријата ги кодифицира ex posto facto интерпретативните норми што ние веќе однапред ги преферираме“ (Хирш 2003, 75). Актуелизирајќи ја релацијата теорија - практика на толкувањето, Поседување ја фаворизира не само книжевноуметничката, туку и толкувачката практика, давајќи и приоритет во однос на заморувачките и на заморените теории кои, честопати, симулираат арогантна ученост во однос на својот предмет на толкување. „Повеќето критички текстови денес се полни со цитати, но не од песни или од романи. Тоа се цитати од критички авторитети, од теоретичари, од Фројд, од Маркс, од Дерида, од Фуко. Сето тоа е возбудливо, исто така. Но, тоа ги води критичарите и теоретичарите кон претворање на  писателите во соодветни кутии и мрежи на книжевни цитати кои, писателoт мора да го чувствува тоа, ги возбудува повеќето од нив во сегашноста, многу повеќе одошто самата книжевност“  (Бајат 2000, 6).  Овие констатации на Бајат ги препознаваме и во романот:

„Го цитираше Кропер кој го цитираше Аш“ (2008,276)

„Дали Кропер, со методите на истражување и со начинот на размислување, изврши субјекција над Аш? Чија субјективност се проучуваше тука? Кој е субјектот на реченицата во текстот и како Кропер и Аш се вклопуваат во Лакановото запазување дека граматичкиот субјект на исказот се разликува од субјектот, од ’јас’, како објект за којшто говори исказот? Дали тие размислувања се оригинални, па, тукуречи нужно, заклучи дека не се и дека сите можни размислувања за литерарната субјективност во последно време се проучени ревно“ (подвл. М.Ѓ.) (2008, 274).

          Впрочем, романот во континуитет ги пласира одделните теориски концепциии, но главно, низ призма на дијалогот и на конфликтот меѓу нив со единствена цел: дискретно да ја покаже нивната недоволност и рестриктивност, нивните пропусти, нивната исцрпеност, евентуално, нивната недоследност, па дури и нивната херметичност во однос на виталноста на книжевноста и на продуктивитетот на имагинацијата.  Всушност, ликовите - толкувачи во текот на толкувачката детекција доаѓаат до такви заклучоци:

„Во секое време мора да има непорекливи вистини -  било да сакаме да ги побиеме или не, било да останат тие потоа вистинити или не. Ние живееме во вистината на Фројдовите откритија. Без оглед дали тоа ни се допаѓа или не. Без оглед на тоа колку сме ги модификувале. Всушност, ја немаме слободата на претпоставката дека можеби тој погрешил по однос на човековиот карактер. Во деталите, сигурно - но не и гледано во целина -“ (Подвл. М.Ѓ.) (2008, 278).

„Можеби сме симптоматични за целиот збир преморени научници и теоретичари“ (2008, 291).

          Меѓутоа, не само оние коишто ја проучуваат книжевноста, туку и оние коишто ја создаваат ќе ја констатираат замореноста и истрошеноста што, честопати, се алибира со интертекстуалните концепции и со постмодернистичките тези за исцрпеноста.

„Всушност, моја драга г-ѓице Ла Мот - живееме во стар свет - во уморен свет - свет кој го продолжи складирањето на шпекулациите и на запазувањата, додека вистините ... сега ги замаглија палимпсести преку палимпсести“ (2008, 183).

          И токму врз таа позадина стануваат разбирливи и оправдани заложбите на викторијанскиот поет (а и на Бајат) да ги фаворизира креативните потенцијали на имагинацијата.

„Знаете ли - единствениот живот во којшто сум сигурен е животот на Имагинацијата?... Кажете ми дека знаете - и дека не е лесна - ниту дека лесно може да се отпише - дека постои вистината на Имагинацијата“ (2008, 187).

4. Толкувањето како пресек од интерпретативни компетенции, стратегии и заедници

          Демонстрациите на меандрирањето меѓу теоријата и практиката на толкувањето допушта интерпретативните процедури во Поседување да ги посматраме и како афирмација на комплексот интерпретативни стратегии што ги спроведуваат припадниците на интерпретативните заедници. Во елаборациите на Стенли Фиш, интерпретативни заедници „се оние кои имаат исти интерпретативни стратегии не за читање (во конвенционална смисла), туку за пишување текстови, за припишување карактеристики и намери на текстовите“ (2003, 286). Функционалноста на интерпретативните заедници, главно, се потврдува со фактот што преку нив стануваат објаснливи феномените стабилност на толкувањето (меѓу различни читатели) и различност на толкувањето (од страна на еден ист читател), што ќе рече дека стабилноста и различноста треба да се сфатат како функции на самите интерпретативни стратегии, а не на текстовите.[16]
          Во романот на Бајат претставени се неколку интерпретативни заедници, односно нивните репрезенти, вклучително, и комплексот интерпретативни стратегии кои ги практикуваат тие: заедницата на изолирани научници кои го преферираат кабинетското проучување, заедницата феминистички критичари и заедницата на оние коишто „побожно им се поклонуваат на Барт и на Фуко“ (2008, 41). При тоа, во пресекот толкувачки активности што ги спроведуваат припадниците на овие интерпретативни заедници ги препознаваме принципите на стабилност и на различност на толкувањето, т.е. случаите кога истиот читател применува различни интерпретативни стратегии додека чита два „различни“ текста и случаите кога различните читатели применуваат слични интерпретативни стратегии при толкувањето еден „ист“ текст. Во романот, главно, е во оптек вторава варијанта, со оглед на тоа што интерпретативните стратегии на различни читатели/толкувачи се фокусирани врз еден ист предмет на толкување (книжевните остварувања на Аш и на Кристабел) и, уште повеќе, со оглед на тоа што различните читатели (Роланд и Мод), идентично, ги толкуваат текстовите на викторијанските поети. Значи, како читатели ја осведочуваме толкувачката детекција на застапниците на различните интерпретативни заедници кои низ своите интерпретативни стратегии ги филтрираат истите текстови. Нивната детекција е втемелена врз мноштвото активности кои, според Фиш, го сочинуваат толкувањето: правењето претпоставки и нивното менување, донесувањето и откажувањето од заклучоците, проценувањето и промислувањето, одобрувањето и негирањето, изнаоѓањето на причините, поставувањето прашања, давањето одговори, решавањето загатки (Фиш 2003, 277). Очигледно, пресекот интерпретативни стратегии со коишто оперираат толкувачите на книжевните текстови ја демонстрира толкувачката осцилација меѓу двата пола за кои говори и Умберто Еко: толкувањето на кое му недостасуваат љубопитство и сомневање наспроти толкувањето кое ги поседува овие квалитети.[17]
          Од гледна точка на роман кој го демонстрира функционирањето на интерпретативните заедници, Поседување може да спореди со романот Нишалото на Фуко (1988) на Умберто Еко. Имено, романот на италијанскиот автор ја следи толкувачката детекција на главните ликови (Белбо, Казаубон и Диоталеви), ангажирани како професионални читатели (критичари, научници, рецензенти) во една миланска издавачка куќа, но и застапници на интерпретативната заедница којашто го поддржува и го практикува  опсесивно-параноидното читање.  Во поширока смисла, нивната заедница го илустрира она што Еко го нарекува „егзегетска параноја и високо ниво на интерпретативна акробатика“ а којашто, во една пародична варијанта, го илустрира и неговиот концепт на херметичка семиоза:

„Секој податок кој е поврзан со некој друг станува важен. Поврзаноста има пресудна улога, упатува на мислата дека сите можни привиди на светот, секоја одредница, секоја напишана или изговорена реч, не се онакви какви што изгледаат, туку во себе кријат подлабока Тајна. Критериумот е едноставен - да се сомневаш, да се сомневаш и само да се сомневаш. Треба да се бара скриената смисла дури и во знакот за забранета насока“ (Еко 2002,433).[18]

          Роланд (слично на Казаубон во Нишалото на Фуко), поминува низ  фазите на шок и на возбуда додека ги воспоставува врските меѓу различните „текстовни докази“: „Овие писма, првин, длабоко го шокираа Роланд, а потоа го возбудија како стручњак“ (2008, 14).[19] Во истовреме, во романот на Бајат го следиме и процесот на обликување на една интерпретативна заедница којашто резултира[20] од спојот на компетенциите на Роланд и на Мод (Роланд е специјалист за Аш, тој „хонорарно работи во погонот за производство на Аш“, додека Мод е специјалист за Ла Мот). Тие се впуштаат во интерпретативна пловидба низ теренското и низ текстовното истражување, со цел и со надеж дека ќе откријат „кумулативна низа од слични коинциденции“ (2008, 258-259). Нивната заедница се темели врз комплексот интерпретативни стратегии коишто ја афирмираат важноста на контекстот, коишто се враќаат кон авторот, коишто се скептични во семоќта на струката и на знаењето, коишто ги поддржуваат интертекстуалното читање и толкувачката детекција, коишто застапуваат љубопитно, опсесивно, но не и параноидно читање:

„Сакам да ги следам. Чувствувам, ова ме обзеде. Сакам да дознаам што се случило и сакам токму тоа да го откријам. Мислев дека сте полуделе кога дојдовте во Линколн со парчето украдено писмо. Сега и јас се чувствувам така. Тоа не е професионална лакомост. Тоа е нешто многу попримитивно.

Раскажувачко љубопитство –

Делумно“  (2008, 260).

„Треба да почнеме да трагаме по фактите, не само по поетските слики“ (2008, 279).

„Сите научници донекаде се луди. Секоја опсесија е опасна“ (2008, 358).

„Стручњаците за книжевност сами по себе се детективи. Ја знаете онаа теорија дека класичната детективска приказна настанала заедно со класичниот роман за прељубата - сите сакале да знаат кој е таткото, кое е потеклото, што се крие зад тајната?“ (2008, 260).

          Несомнено, интерпретативната логика и практика на Роланд и на Мод има пошироки херменевтички импликации во насока на илустрирање на комплементарниот однос меѓу интерпретативната теорија и практика, и особено, во насока на илустрирање на начините на обезбедување  на продуктивните влијанија на интерпретативната практика врз теоријата:

„Секако, сите се надеваме и, во истовреме, се плашиме дека некое големо откритие ќе го потврди или ќе го побие, или барем ќе го ревидира нашето животно дело. Изгубена Шекспирова драма. Исчезнати дела на Есхил ... Треба одново да се напише историјата и стручњаците, скоромно и со уживање, одново ја пишуваат“ (2008, 414).

„Каков Придонес кон Знаењето може да даде и како може да го знае тоа?“ (2008,130)

          Нивната интерпретативна заедница станува индикативна и во друга насока. Имено, трансформацијата и еволуцијата на Роланд од научник којшто е „обучен за постструктуралистичка деконструкција на субјектот“ до оној кој има доверба во контекстот и во авторскиот субјект, може да се посматра низ призма на тезата на Стенли Фиш за трансферот на припадниците на една интерпретативна заедница во друга, односно низ призма на тезата за проширувањето и за пропаѓањето на интерпретативните заедници.

„Јас сум старомоден, се занимавам со текстот, не сум биограф - не се занимавам со тоа - не се работи за профит“ ( 2008, 60).

          Еволуцијата низ којашто поминуваат научните ставови на Роланд е проследена и со неговата очигледна разочараност, што се должи на сознанието за редукцијата на комплексноста на предметот на толкување врз единственото  референцијално упориште: врз себеси, односно врз субјектот кој проучува и неговите научни преференци. „Сè е во врска со нас, па така заточени во себе - не ги гледаме нештата“ (2008, 277). Од друга страна, афирмацијата на одделните интерпретативни заедници и увидот во нивните интерпретативни стратегии во романот на Бајат ја манифестираат тенденцијата за пародично-ироничен третман на одделните толкувачки аспирации и теориски концепции. Во таа насока, пародијата ги таргетира книжевните теоретичари и биографи кои се опседнати со предметот на истражувачко - толкувачкиот интерес, како и книжевните проучувачи кои јазикот и книжевноста ги посматраат како автореферентни системи,[21] макар што ирониската острица експлицитно ги потсекува и постструктуралистичката и феминистичката критика (чиишто застапници во романот се Леонора Стерн и Фергус Волф).

5. Авторот е мртов. Да живее авторот.

          Едно рамниште на партикуларизација на односот текст - контекст е рамништето каде што се афирмира толкувачката осцилација меѓу контекстот на создавање на текстот и контекстот на неговото толкување. Во потесна смисла, ова рамниште ја тематизира и ја демонстрира врската меѓу пишувањето и  читањето, меѓу авторот и читателот. Во Поседување мноштвото метафикционални коментари, коишто се однесуваат на процесите на читање и  на пишување, одат во прилог на тезата дека секој писател, првенствено, е читател и толкувач на туѓите, па и на сопствените текстови, така што неговото читателско искуство, во голема мера свесно или несвесно, партиципира во конкретните книжевни текстови оприсутнувајќи се како интертекстуален слој. Практично, станува збор за  процесот на продуктивна рецепција (Мог-Гриневалд 1987, 40-45), којшто не само што е илустриран во рамки на романот, туку е реализиран и низ романот: од една страна, односите што Бајат ги воспоставува со книжевното минато преку Поседување и, од друга страна,  релациите што книжевните проучувачи од 20 век ги воспоставуваат со поетите од 19 век, упатуваат на идентичен заклучок: врската меѓу минатото и сегашноста, нужно, е воспоставена низ процесите на читањето и на пишувањето. Со оглед на тоа што главните ликови во романот се автори (поети) и професионални читатели (книжевни теоретичари), повеќекратно, е илустрирано замаглувањето на острата граница  читател - автор, читање-пишување:
          1. И ликовите - автори и ликовите - читатели/толкувачи се прикажани како читатели/толкувачи на сопствените и на туѓите текстови, било да се тие книжевни, било да се некнижевни, вклучително, и научните текстови. (Викторијанските поети еден на друг си ги читаат и си ги објаснуваат своите песни, исто како што и толкувачите од 20 век ги читаат и ги толкуваат песните, писмата, дневниците на авторите од 19 век. Но, во истовреме, тие се прикажани и како реципиенти на научните текстови - и сопствените, и туѓите).
          2. И ликовите - автори и ликовите - читатели/толкувачи се прикажани како продуцери на текстови. Сите тие во еден миг се доведени во ситуација да создаваат книжевни (поетски) текстови или, пак, некнижевни (дневници, писма, научни студии и статии). Истражувачот на викторијанската книжевност, несомнено, под впечатокот на поезијата којашто ја чита и ја проучува, ќе се  соочи со сопствените творечки, поетски афинитети:

„Вечерва почна да размислува за зборовите, зборовите навираа од некаков извор во него ... Можеше да ги наслушне или дури да ги наѕре деловите од гласот кој сè уште не го познаваше, но кој беше негов ... Утре ќе купи нова бележница и ќе ги запише. Вечерва ќе запише колку што треба, мнемониката. Имаше време да ја почувствува необичноста на она пред и на она после; пред еден час ги немаше песните, а сега надоаѓаат како дожд и беа стварни“ (2008, 505).

          Дополнителна потврда на овие процеси е и фактот што поетите од 19 век своите творечки постапки и инспирации ги елаборираат во епистоларна форма, каде што се вметнати цели книжевнотеориски и херменевтички екскурси, исто како што и читателите/толкувачите на нивната поезија ги афирмираат своите научни хипотези во облик на писма и дневници (сопругата на Аш своите читателски впечатоци и коментари по однос на песните на сопругот ги приопштува во дневнички облик кој, потоа, станува предмет на научен интерес, односно тема на докторска дисертација; роднината на Кристабел своите почетни творечки обиди и коментарите на тие обиди кои се генерализираат и во коментари за книжевноста и за авторството, воопшто, исто така, ни ги приопштува дневнички). И како што книжевниот теоретичар (Роланд) се обидува да пишува поезија, така и поетот (Аш) ги создава теориските расправи и трактати како резултат на потребата да ја објасни и да ја оправда својата творечка практика и постапка. И во двата случаја, практично, ја следиме конверзијата на позициите автор - читател. Станува збор за конверзија која ги има предвид авторите (на фикционални и на научни текстови) и читателите (и писателите и научниците како читатели и како толкувачи на книжевни и на некнижевни текстови, на своите и на туѓите текстови), при што нивниот најмал заеднички содржател, барем онака како што е сугерирано во романот, е уживањето во чинот на пишување и на читање што, во крајна линија, го заговара нивелирањето на текстовните продукции. Несомнено, тоа е оној „плуралитет уживања во пишувањето и во читањето“ што го промовира Ролан Барт (1975, VII), а којшто е илустриран и во Поседување:

„Постојат различни видови уживања во пишувањето. Уживањето во јазикот на промислувањето е различно од уживањето во јазикот на раскажувањето“ (2008, 371).

„Размислете за тоа - дека писателот пишувал во осама, и дека читателот читал сам, дека и двајцата биле сами заедно“ (2008, 501).

          Впрочем, и Бајат длабоко е убедена дека пишувањето и читањето се точки во еден ист круг, лоцирајќи ја нивната поврзаност во заедничкиот иманентен принцип на задоволство. „Романсиерите, понекогаш, тврдат дека фикцијата е одвоена од другите нивни пишувани дела ... Јас никогаш не сум почувствувала такво одвојување, ниту сакам да тврдам такво нешто. Од моето рано детство читањето и пишувањето ми се чинеа  како точки во кругот.  Алчното читање ме натера да посакам да пишувам, како тоа да беше единствената адекватна реакција на задоволството и на моќта на книгите. Пишувањето ме натера да сакам да читам“ (Бајат 1993, 1) :

„Роланд, најпрвин, работеше концентрирано и со интерес, така и инаку го читаше Аш. Тој интерес подразбираше присност и предвидливост; знаеше како работи умот на тој друг човек,  прочита се што овој некогаш читал, интимно го познаваше карактеристичниот ритам на неговата синтакса и интонација. Можеше во мислите да зачекори нанапред и да го наслуша ритамот на непрочитаното, како самиот тој да е писател“(2008, 147).

          Несомнено, она што Бајат го илустрира во својот роман и што го сугерира преку својот роман, наполно е идентично со  нејзините експлицитни заложби во есеите и во интервјуата: освестувањето на „линкот меѓу читањето, пишувањето и професионалното и институционалното проучување на книжевноста“ (Бајат  2000). Значи, ако Поседување го сугерира задоволството и уживањето во творечкиот чин, тогаш она што ќе го пронајдеме зад тоа задоволство и зад интертекстуалната игра во текстот е токму авторот којшто се стреми да биде „алчен читател“. Овој спој меѓу критичкиот читател и фикционалниот писател, како општо место во романите на Бајат, резултира во видливо поместување од критиката/теоријата кон фикцијата. Меѓутоа, токму низ конверзијата на авторските и на читателските позиции, односно низ афирмацијата на авторот и како читател, Бајат, очигледно, ги враќа во игра книжевниот продуцер и креативната свест. Во Поседување таа рехабилитација е потенцирана и низ истражувањето на Мод и на Роланд кои, следејќи ја трагата на преписката и на одделните моменти од биографијата на викторијанските поети, се обидуваат да ги осветлат семантичките јазли во нивните поетски текстови. Рехабилитацијата на авторот е заговарана и од страна на Кропер кој, во своето предавање за биографскиот жанр, ја нагласува неговата актуелност низ два аргумента: со масовната продукција на биографиите, и со интересот за нивно читање:

„Го убеди викарот дека современиот човек е духовно жеден за биографијата, токму како за секс или за политичко делување.  Погледнете само како се продава тоа, погледнете колку столпчиња во неделните изданија се тоа, луѓето сакаат да знаат како живееле другите, тоа им помага да живеат, сето тоа е човечки. Облик на религија, рече викарот. Облик на почитување на предците, рече Кропер.  Или уште повеќе од тоа. Па што се Евангелијата ако не различни обиди во сферата на биографијата?“ (2008, 413).

          Во контекст на реафирмирањето на авторската позиција романот на Бајат станува индикативен во насока на демонстрирање на осцилациите меѓу интертекстуалните поништувања на авторот (позицијата што ја застапува Ролан Барт, а којашто во романот ја поддржува Фергус Волф) и неговите теориски супститути, коишто се елаборирани и во Фукоовата теза за функцијата автор. Бартовата елиминација на авторот како „татко и како сопственик“ на делото,   како единствено потекло на значењата и востоличувањето на читателот како „одредиште каде што лежи потеклото на текстот“ (1986, 179), всушност, имплицитно, го подразбира и авторот како читател - како скриптор и како компилатор на туѓите/претходните текстови што ги усвоил како читател, [22] подразбирајќи ја и еквивалентноста на читањето и на пишувањето како „единствена практика на означување“.  Мишел Фуко во есејот Што е авторот? (1969) ја заговара концептуалната супституција на привилигираната и авторитативна авторска позиција, промовирајќи ја функцијата автор којашто го организира текстот.[23] Оваа категорија, несомнено, го ревидира традиционалниот поим на авторот, но не го заговара неговото аспсолутно исчезнување како субјект:  „Субјектот не треба целосно да се напушти. Треба  повторно да му се вратиме на ова прашање, не за да се воспоставни повторно темата на еден субјект којшто произведува, туку за да се сфатат точките на вклучување на субјектот, модусите на функционирање, и системот на зависности ... Во прашање е одземањето на улогата на субјектот (или на неговиот супститут) како творец и зачетник и на анализирање на субјектот како варијабилна и комплексна функција на дискурсот“ (1979, 160 -161).
          Дистингвирајќи ја функцијата автор,[24] сфатена како „карактеристика на модусот на постоење, на циркулацијата и на функционирањето на одредени дискурси внатре во рамки на општеството“(1979, 149) Фуко ја имплицира тезата за хетерогената природа на субјектот што допушта да се евидентираат позициите на емпирискиот автор и на функцијата автор којашто е лоцирана на прагот на текстот или на дискурсот, така што дискурсите кои ја поседуваат функцијата автор се обележани со плуралноста на јас. „Функцијата автор не реферира чисто и едноставно на реална индивидуа, бидејќи таа симултано упатува на неколку јас, на неколку позиции на субјектот - позиции кои може да бидат заземени од страна на различни класи на индивидуи“ (1979, 155). Меѓутоа, ниту емпирискиот автор, ниту функцијата автор не се комплетни сами по себе, туку се наоѓаат во однос на заемна зависност која, пак, варира од еден до друг текст/жанр (на пример, во автобиографијата емпирискиот автор ќе има доминантна улога), иако тие се преклопуваат на прагот на дискурсот. Тоа, пак, допушта да се анализира авторот низ призма на неговото емпириско постоење, но и низ призма на неговата улога во рамки дискурсот. Факт е дека продукцијата на текстот е резултат на намерата на емпирискиот автор, исто колку што е факт дека авторот е оној којшто носи одлука за и којшто прави избор на основните параметри на текстот (типот на наратор, видот на нарација и сл.) Во таа смисла, се демистифицира позицијата на оној кој пишува како единствен творец и зачетник на текстот, откривајќи го учеството на останатите фактори кои делуваат во рамки на дискурсот (туѓите текстови, жанровските конвенции, идеолошките структури).[25] Во Поседување се манифестира токму хетерогеноста на субјектот: емпириското постоење на викторијанските поети е потенцирано низ нивната приватна преписка, којашто ни ја открива и емотивната врска меѓу нив, исто како што низ толкувачкиот потход на книжевните теоретичари имаме увид и во дискурзивните одлуки на авторите од 19 век -  во нивните композициски и стилски решенија, односно во авторот како функција во текстот.

6. Толкувањето меѓу заведувањето и поседувањето

          Конечното рамниште на партикуларизација на односот текст - контекст го афирмира толкувањето и како осцилација меѓу заведувањето и поседувањето, сфатени како можни толкувачки контекстуализации во смисла: на кој начин и во која мера текстот ќе успее да го заведе читателот, односно дали и колку текстот е сопственост на  авторот[26] или, пак, на читателите кои во толкувачкиот чин го присвојуваат и го трансформираат текстот, во намерата смисловно да го дополнат. Во согласност со повеќекратната илустративност на и во романот, Поседување ја демонстрира и повеќезначноста на поимите заведување и поседување. Од една страна, романот го актуелизира заведувањето,[27] во смисла да се заведе некого од спротивниот пол (што е илустрирано низ двете љубовни врски во романот). Но, од друга страна, се актуелизира и заведувањето во смисла на задоволството и на ужитокот коишто текстот му ги нуди на читателот/толкувачот (во Бартовска смисла), инспирирајќи го не само за интерпретативни, туку и за сопствените творечки потходи. Во таа насока, „раскажувачкото задоволство“ кое ќе го почувствуваат и ќе го именуваат проучувачите во епската поезија на Викторијанците, резултира во нивното инспирирано - опсесивно толкувачко задоволство, а во случајот на Роланд и во конкретен поетски резултат. Второво значенско рамниште на заведувањето го препознаваме низ истражувањето што го спроведуваат Роланд и Мод, низ нивните конкретни интерпретативни активности. Но, паралелно со задоволството кое го чувствуваат како резултат на заведеноста од текстот, ликовите толкувачи ја освестуваат и димензијата на заведувањето како  движење во погрешна насока, како одведување по погрешен пат. Впрочем, толкувачката детекција на Мод и на Роланд, во голема мера, го илустрира движењето меѓу „нагаѓањето“ и „толкувањето“, меѓу „употребата на текстот“ и неговата интерпретација (Еко, 2001), меѓу валидните интерпретативни заклучоци и заведеноста во произволни толкувања. Во крајна линија, овие значенски димензии на заведувањето, уште еднаш, ги сугерираат опасностите кои произлегуваат од нефункционалното поставување на односот текст-  контекст што, секогаш, резултира со заведеност на толкувачот во погрешна интерпретативна насока. 
          Конотациите на поимот поседување доследно се илустрирани и во романот, којшто е насловен токму како Possession.[28]Значи, ако толкувањето го сфатиме како обид за и како облик на поседување на текстот (бидејќи низ интерпретативниот чин текстот смисловно се дополнува и се „присвојува“) тогаш романот на Бајат нуди повеќекратни манифестации на  оваа димензија:
          1. Поседување на текстот во физичка смисла: пронајдените писма постојано го менуваат својот сопственик, почнувајќи од испраќачите и примачите (викторијанските поети), па сè до семејните наследници и оние кои, со чиста игра на случајот или со калкулирани манипулации, стануваат физички поседувачи на писмата. Несомнено, овој облик на поседување на личната преписка упатува на игрите на употреба и на злоупотреба на моќта, односно на позициите кои поседувањето на писмата го доживуваат како ексклузивитет, како надмоќ и како можност да се манипулира со вистината, да се тргува со информациите, не само за научен, туку и за личен бенефит:

„Писмата потенцијално се сериозен академски плен“ (2008, 60).

„Тој ги сака писмата. Сака да ја има приказната“ (2008, 450).

„Размислуваше за Рендолф Хенри Аш. Доближувајќи ги до животот на Аш потрагата по писмата го оддалечи од Аш. Во времето на својата невиност Роланд не беше Ловец туку читач, чувствуваше надмоќ над Мортимер Кропер и своевидна еднаквост со Аш, односно некаква врска со Аш, кој пишуваше за него, за интелигентниот читател, за да се потруди. Аш не ги пишуваше писмата ниту за Роланд, ниту за некој друг, туку за Кристабел. Пленот на Роланд се претвори во извесен губиток“ (2008, 500).[29]

          2. Поседување на текстот  во правна смисла: во романот постојано се дебатира околу прашањето за тоа кој (треба да) е вистинскиот, легалниот наследник и поседувач на писмата. При тоа, освен лаичкото објаснување на дилемата (објаснувањето кое го даваат научниците, гледајќи низ призма на придонесот што поседувањето на писмата ќе го има за науката), постои и правничкото толкување кое, несомнено, ги сугерира амбигвитетите и лавиринтските стапици на судската херменевтика:

„Авторските права на необјавени писма се во посед на нивните автори. Самите писма, физички, се сопственост на примтелот. Ако тој не ги врати, а овие се вратени“ (2008, 466).

„Ако писмото е неотворено, тогаш прашањето на сопственоста станува мошне интересно. Дали сопственоста е на испраќачот - ако не било примено - или, пак, сопственоста е на примателот, бидејќи писмото лежи неотворено во неговиот гроб?“  (2008, 528)

„Писмата - како физички елемент - се сопственост на примателот, но авторското право останува на испраќачот“ (2008, 509).

          Меѓутоа, депласираноста на полемиките од овој вид, исто така, е сугерирана во романот кој ја проблематизира релевантноста на дискреционото право во однос на физичкото и на правното поседување на писмата, дотолку повеќе што научната логика резонира и аргументира поинаку:

„Денес, во време на микрофилмовите и на фотокопиите - дали тоа е релевантно?“  (2008, 347).

„Можам да изразам надеж дека ќе им бидат достапни на стручњаците од цел свет, бидејќи отворениот пристап кон тие писма е во интерес на  меѓународното заемно разбирање, во интерес на слободниот проток на идеите и на интелектуалната сопственост“ (2008, 415).

          3. Поседување на текстот во интерпретативна смисла: основниот предуслов за започнување на толкувањето, секако, е предметот на толкување -физички присутен, во читлива и во разбирлива форма, што соодветствува на тезата на Еко дека толкувањето секогаш започнува со т.н. прелиминарна рестрикција и со одбрана на буквалното значење: „Каков било читателски чин може да се одигра само потоа, а не пред примената на оваа рестрикција“ (Еко 2001, 10). Во тој контекст, во романот ја следиме постапноста на толкувачкиот процес кој ги интегрира комплементарните процеси на разбирање, на објаснување и на толкување. Во поширока смисла, се актуелизираат и прашањата коишто се однесуваат на валидноста на толкувањето: начините на коишто ќе се афирмираат параметрите на интерпретативна валидност и врз основа на коишто ќе се верификува поседувањето на „вистинскиот“ интерпретативен клуч. Таа дилема го распнува и главниот лик:

„Имате ли понекогаш чувство дека метафорите ни го јадат светот? Мислам, секако дека сè се врзува и се преврзува - постојано -  книжевноста веројатно и се проучува - книжевноста и јас ја проучувам - бидејќи сите тие врски  во истовреме ми се бескрајно возбудливи, па сепак, на некој начин, се и опасно моќни - како да го имаме клучот за вистинскиот карактер на нештата?“ (Подвл. М.Ѓ.)  (2008, 277).

          Тематизирајќи ги, коментирајќи ги и демонстрирајќи ги дилемите на толкувањето, романот на Антонија С. Бајат упатува на две димензии на толкувачкиот чин. Од една страна, ги потенцира илузиите што ги создава толкувањето, амбицирано со потрагата по „вистинскиот клуч“, по конечното значење, потрага којашто честопати завршува со растворање на текстот во контекстот на толкување, до степен на негова непрепознатливост. Во таа смисла, треба да се сфатат и пародиско-ирониските проблематизации на одделните толкувачки постапки, на теориските концепции, на книжевните критичари. Впрочем, она што е сугерирано низ романескните постапки, Бајат, експлицитно, го соопштува и во есеите и во интервјуата:  „Треба да напишам теориска книга, во истовреме, додека пишувам роман. Пукнатината меѓу креативните писатели и критичарите е затворена, забележително, во последниве десет-дваесет години, делумно, под влијание на структурализмот. Сега постојат академски теоретичари, романсиери кои се академици и критичари, како Харолд Блум, кој мисли дека критиката е форма на креативно пишување. Јас не ... јас мислам дека критичкото пишување е само начин на откривање како да се пишува добро ... Јас секогаш го ставам повисоко пишувањето на романот.“ Од друга страна, Поседување упатува и на привилегиите и на задоволствата  коишто произлегуваат токму од тие илузии на толкувањето. Во таа смисла, романот го демонстрира бескрајниот трансфер меѓу задоволството на пишувањето, на читањето и на толкувањето што резултира во чувството дека еден ист текст „ни се чини сосема нов, дотогаш невиден“, но и во чувството дека „текстот отсекогаш е тука, дека ние читателите, знаеме дека тој отсекогаш е тука, и дека отсекогаш сме го знаеле таков каков што е, иако сега своето знаење првпат сме го препознале и сме го освестиле“.

Белешки

[1] Поседување е добитник на престижната Букерова награда за 1990-та година.

[2] Оваа архитекстуална врска во романот е назначена парацитатно: во поднасловот (A Romance), како и во почетниот мотоцитат преземен од предговорот кон Куќа со седум забати од Натаниел Хоторн, каде што се пледира креативната  моќ на жанрот романса. Впрочем, и романескната приказна на едно рамниште се чита како романса (според толкувањето на Нортроп Фрај „главната авантура, елементот којшто на романсата и дава книжевен облик, може да се нарече потрага“Анатомија критике, Нови Сад:Орфеус, 2007,  221), исто како што самите ликови,  експлицитно,  ја коментираат романсата.

[3] Романот претставува одлична илустрација на сфаќањето на Стенли Фиш за читањето како толкување: отфрлајќи го конвенционалното сфаќање на читањето како „чиста, рамнодушна перцепција“ Фиш го заговара читањето како носење интерпретативни заклучоци, како „збир интерпретативни стратегии кои се ставаат во акција и се претвораат во читање во поширока смисла на зборот“ (2003,284).

[4] Цитатите се наведуваат според изданието: A. S. Byatt. Zaposjedanje. Prevela s engleskog Tatjana Jukic. Zagreb: Vukovic&Runjic, 2008.

[5] Латинскиот збор modus се употребува и во значење на начин, поредок, облик, но и во значење на мера.

[6] „Текстот којшто наполно е еднозначен по однос на интенцијата на делото, може да се чита како текст којшто е подложен на бројни толкувања, ако се држиме до жанровските конвенции: телеграмата, пратена како таква, во која стои ’пристигнувам утре вторник 21 во 22.15’ може да се сфати како закана или како ветување“ (Еко 2001, 24). Оваа полиинтерпретативна димензија на интенциите (авторски, текстовни, читателски) ја сугерира и Бајат, поставувајќи ги во средиштето на вниманието писмата кои, подеднакво, добиваат различни интерпретативни контекстуализации и вредности.

[7] За анализата на романот на Набоков низ призма на интерпретативниот модел којшто е интериоризиран во него да се види текстот „Интеракција на интенциите“,Метатекстови, Марија Ѓорѓиева, Велес: Графопринт, 2009, стр. 93-114.

[8] Всушност, и во романот на Набоков се афирмира потрагата по авторските интенции, но не со цел да им се даде релевантност во толкувачките постапки, туку пародично да се посочи депласираноста на толкувачката потрага по тие интенции.

[9] Хирш го има предвид комплексот историски, јазични, психолошки, физички, метафизички, лични, семејни и  национални контексти.

[10] Хирш ја прецизира дистинкцијата меѓу валидноста и инвентивноста на толкувањето, со тоа што под валидност ја подразбира кореспонденцијата на толкувањето со значењето кое е претставено со текстот (1983, 28).

[11] Хирш го посматра авторот како битна инстанција во толкувањето, така што првото поглавје во неговата студија носи симптоматичен наслов Во одбрана на авторот.

[12] На пример, официјалната биографија на Аш го претставува како верен сопруг

[13] Поседување, дополнително, ги илустрира процесите на заборавање и на паметење за коишто говори Монтроуз: имено, официјалната меморија, понудена во рамки на книжевната историја, поддржува сосема поинаква слика за Аш од онаа што ќе биде неофицијализирана и, условно, заборавена, бидејќи приватната преписка е отсутна од институционалните, архивските облици  на складирање и на паметење врз коишто се темели неговата биографија.

[14] Се мисли на застапниците на феминистичката критика.

[15] И Хирш предупредува на толкувачката доминација којашто се однесува индиферентно кон авторските интенции: „Прашањето што јас постојано сакам да им го поставам на критичарите кои ја занемаруваат авторовата намера е следново: ’кога пишувате некаква критика, дали сакате да ги пренебрегнам вашите намери и оригиналното значење?’ Зошто ми велите: ’тоа воопшто не е она што јас го мислев, тоа воопшто не е тоа?’ Зошто барате од мене да ја почитувам етиката на јазикот кога вие не ја почитувате во однос на напишаното од други? (2003, 89).


[16] Умберто Еко, во контекст на своите промислувања на границите на толкувањето, исто така, ја сугерира потребата од заедници на толкувачи, обединети многу повеќе со консензусот околу отфрлањето на неодржливите толкувања, одошто околу констатирањето на најдобрите толкувања (2001, 11).

[17] Елаборирајќи го прашањето за границите на толкувањето, за критериумите и за параметрите на неговата валидност, Умберто Еко ќе ги констатира најшироките рамки во коишто се ситуира толкувањето на текстот (вклучително и на светот/природата сфатени како текст): толкувањето коешто е лишено од неопходното љубопитство и сомневање и она коешто изобилува со нив. Елаборацијата ја темели врз два вешто одбрани цитати. „На што те потсетува оваа риба?/На други риби./На што те потсетуваат другите риби?/На други риби“(Joseph Heller, Comma, 22 XXVII). Вториот случај цитатно е илустриран со фрагмент од Шекспировиот Хамлет: „Хамлет: Го гледате облакот онде што речиси има облик на камила? / Полоние: Жими божјата литургија, навистина личи на камила. / Хамлет: Мене повеќе ми личи на невестулка. / Полоние: Грбот е како кај невестулка. / Хамлет: Или како кај кит. Полоние: Токму како кај кит“ (Хамлет, Скопје:Каприкорнус, 2008, 542-543). Но, дури и во вториов случај, сугерира Еко, треба да се допушти просторот за сомнеж, препорачувајќи секој од нас, повторно, да погледне во облакот ( Еко 2001, 54-55).

[18] Eko, Umberto. Fukoovo klatno. Beograd:Narodna knjiga, 2002.

[19] Средбата со минатото ликовите на Бајат ја доживуваат и ја опишуваат како возбудлива, опасна и шокантна, што соодветствува на констатацијата на Гринблат: „Точно е дека доживуваме вистинско задоволство во средбата со книжевните траги на мртвите кои го побудуваат нашиот интерес“ (Гринблат 2003, 79).

[20] Интерпретативната заедница може да се посматра и како илустрација на интертекстуалноста меѓу теориските концепти и текстови: Мод и Роланд, како специјалисти за двајцата викторијански поети, имаат потреба од интертекстуална размена на сопствените знаења и на истражените факти, како и од текстуалното повикување и на други стручњаци. Во таа смисла, постојано се повикуваат на феминистичките толкувања на поезијата на Крисатбел Ламот.

[21] „Го учеа дека јазикот е есенцијално неадекватен, дека никогаш не може  да го изрече она што е тука, дека се говори  самиот себе“ (2008, 503).

[22] Сепак, во својата подоцнежна студија Задоволство во текстот Барт прави одредени ревизии на претходните ставови, потенцирајќи ја потребата од афирмирање на субјектот на пишувањето: „Како институција, авторот е мртов: неговата граѓанска, чувствена, биографска личност исчезна. Развластена, таа повеќе не го увежбува на своето дело страшното татковство за кое книжевната историја, школската настава, мнението имале обврска да ја востановат и да ја обноват приказната. Но, во текстот, на извесен начин, јас го посакувам авторот: имам потреба од неговата фигура (која не е ниту негова претстава, ниту негова проекција), како што тој има потреба од мојата фигура (под услов да брбори)“ (1975,36).

[23] Фуко се одлучува за оваа инстанција, откако ќе ги констатира техничките и теориските проблеми коишто произлегуваат од останатите концепти - супститути на поимот автор - поимите дело и пишување.

[24] „Постојат  одреден број дискурси кои ја поседуваат ’функцијата автор’, додека други се лишени од неа. Приватното писмо може да има потписник - но нема автор; договорот има гарантор - но нема автор. Анонимниот текст поставен на ѕид, веројатно, има писаател, но не автор“ (Фуко 1979, 149).

[25] Во таа смисла, автопоетичките текстови се најдоверлив начин да се истражи оваа тема.

[26] Не во онаа смисла во којашто Р.Барт го негира авторот како „татко и како сопственик на делото“, туку во онаа смисла во којашто Хирш упатува на варијациите што ги претрпуваат  текстовните значења во рамки на сите подоцнежни смисловни дополнувања.

[27] Според Толковниот речник на македонскиот јазик (Том II, Скопје, 2005, 25) заведувањето ги има следниве конотации:
1.насочи некого на погрешен пат
2.а. направи некој да тргне по лош пат, кон нешто лошо
2.б. да измами нешто
3. освои лице од спротивен пол
4. воведе, воспостави некаква состојба (ред, диктатура)
5. запише, внесе во книга
6. дијалект. одведе некого на определено место, некаде

[28] Хрватскиот превод на насловот  Possession е Zaposjedanje.

[29] Тие релации на поседување романот ги актуелизира на неколку рамништа „Историчарот е неодвоив од својата историја, како што поетот е неодвоив од песната, а засегнатиот биограф од животот на својот предмет“ (2008, 414) „Процени дека таа биографија, како и многу други биографии, говори за својот предмет колку и за својот автор“ (2008, 270).

Литература

1. Barthes, Roland. 1986. „Teorija o tekstu“,Republika, br. 9-10, str. 1098-1120.
2. Barthes, Roland. 1986. „Smrt autora“, Beker, Miroslav. Suvremene književne teorije, Zagreb:SNL, стр. 176-179.
3. Bart, Rolan. 1975. Zadovoljstvo u tekstu. Niš: Gradina.
4. Byatt, A. S. 2000. On Histories and Stories: Selected Essays, London, Chatto & Windus.
5. Byatt, A. S 1993. Passions of the Mind: Selected Writings, London, Vintage.
6. Biti, Vladimir. 1997. Pojmovnik suvremene književne teorije. Zagreb:Matica hrvatska.
7. Grinblat, Stiven. 2003. „Kolanje društvene energije“,Novi Istoricizam i kulturni materijalizam, prir. Zdenko Lešic, Beograd:Narodna кnjiga, str. 75- 103.
8. Grünevald - Mög, Marija. 1987. „Istraživanje uticaja i recepcije“,Polja, Novi Sad, br. 335, str.  40-45.
9. Еко, Умберто. „Постила кон Името на розата“, (превод Марија-Грација Цветковска), Мираж, бр.18 (2007): 1-21.
10. Eco, Umberto. 2001. Granice tumačenja. Beograd:Paideia
11. Montrouz A. Luis. 2003. „Poetika i politika kulture“,Novi Istoricizam i kulturni materijalizam, prir. Zdenko Lešic, Beograd:Narodna кnjiga, str. 104-137.
12. Sontag, Susan. „Protiv tumačenja“,Odjek, prolječe-ljeto, 2005, str. 1-8.
13. Фиш, Стенли.2003. „Толкување на Вариорум “ (превод Калина Малеска), Херменевтика и поетика, прир. Катица Ќулавкова, Скопје:Култура, стр. 267-289.
14. Foucault, Michel. 1979. „What is an Author?“, Textual Strategies: Perspectives in Post-Structuralist Criticism. Josue V. Harari, ed. Ithaca:Cornell University Press, pp. 141-163.
15. Hirš, Eric Donald. 1983. Načela tumačenja. Beograd:Nolit.
16. Хирш, Ерик Доналд. 2003. „Три димензии на толкувањето“, Херменевтика и поетика прир. Катица Ќулавкова, Скопје:Култура, стр. 73-90.