ПОЛЕМИЧКАТА ЦИТАТНОСТ КАКО ИНТЕРТЕКСТУАЛЕН ФЕНОМЕН: КИШ VS. БОРХЕС

Тодорче Тасевски

   Меѓу авторите во чиишто дела може да се препознае поетиката на интертекстуалноста, и тоа како на ниво на постапка во книжевните дела, така и на ниво на теоретска свест искажана во полемичките и автопоетичките списи, несомнено спаѓа и Данило Киш.
       Во интервјуто што го дава 1973, насловено како „Доба на сомневање“ (по аналогија на насловот на збирката есеи од Натали Сарот), а во коешто зборува за својот роман „Песочен часовник“, роман во кој полемички се користат проседеата и искуствата на францускиот нов роман, Киш на еден метафоричен начин го предочува своето уметничко кредо: „...Што се однесува до мене лично, јас верувам во документот, во исповедта, во играта на духот. Едно без друго не оди, тоа е некој вид на свето тројство. Исповедта или играта на духот, или документот, сами по себе, значи вон ова тројство, се само суров материјал: мемоари или „нов роман“ или историска граѓа. Еве го најпосле и рецептот: сето тоа добро да се измеша како што се мешаат карти, но по тоа магионичарско мешање и сечење на шпилот не се измешале само картите туку се измешале и боите и броевите, пола крал- пола кралица, пола херц- пола пик , како во рацете на магионичарот. Ако ништо друго, ќе ве забавува и вас , а можеби и публиката таа магионичарска игра и мешање на шпилот. Самата етимологија на зборот „шпил“ содржи еден од основните елементи на уметноста- играта.
       Секако дека можеше да се издвојат и други искази, коишто дури и на поексплицитен начин го одразуваат интертекстуалниот аспект на делото на Киш, но споменатиов исказ е избран и заради можните импликации. Имено, вака „измешаниот“ шпил може да се сфати и како метафора за радикална интервенција во книжевните кодови, исто како што „хибридните“ карти би можеле да го имплицираат својството на „претопување на текстовите“. Со ваквиот шпил, секако дека нема да можат да се играат вообичаените игри, значи се губи неговиот прагматичен аспект, но сепак ќе можат да се прават „кули од карти“, т.е естетскиот аспект да дојде до израз низ кревката „зграда на фикцијата“ (последниов израз ќе биде употребен од Киш во друг контекст).
       Поттикот да се истражува полемичката цитатност кај Киш по однос на Борхес, беше читањето на збирката интервјуа со Киш (наведена во фуснота), а објавена постхумно. Во интервјуто дадено 1984, на прашањето за споредбата на неговото дело , со делото на Борхес, Киш ги изложува (всушност ги повторува во една збиена форма) своите автопоетички и автореференцијални искази во врска со полемичкиот аспект на „Гробница за Борис Давидович“, во однос на едно од најпознатите дела на Борхес“ Сеопшта историја на бесчесноста“. Прво, му оддава признание на Борхес за револуционерниот чекор во уметноста на раскажувањето“. Во делото на Борхес го согледува прекршувањето (истакнувањето е од Киш) на некои од најинтереснитетехнички иновации на модерната раскажувачка уметност: поовската постапка на интересна интрига, користењето на документи, вистински и лажни (како што напоменува Киш, ова го има направено и пред тоа Марсел Швоб), со што се прави двоен пресврт во однос на читателската перцепција: читателот според Киш, може да ја чита приказната невино,на ниво на сижето, а писателот може да смислува и да му подметнува „документи“, коишто сам ги фабрикува и со тоа да го оствари ефектот, не само на уверливост туку и на вистинитост на она што го раскажува. Киш вели дека она што го привлекло кај Борхес е во прв ред, таа техничка иновација на употребата на цитатот, којашто овозможува концизност на сижето до максимум, а концизноста на сижето според Киш е идеал на секоја раскажувачка уметност. Потоа се осврнува на книжевната страна на   „недоразбирањата“ околу неговата книга. Жестоките напади врз книгата, коишто имаа за цел да го прогласат Киш за плагијатор, се однесуваа на непосочувањето на „изворите“ со коишто се користел, а чиишто модифицирани цитати се инкорпорирани во расказите. Тие напади имаа политичка заднина, но Киш ги оспори теоретските недоследности на изнесените квазиаргументи во полемичката книга „Час по анатомија“ (напишана 1977). Во споменатово интревју, Киш само повторува дека недоразбирањата на книжевен план произлегле од неразбирањето на фактот дека во тој вид на белетристика, книжевните „извори“ не можат да се откриваат, бидејќи со тоа би се срушила целата „зграда на фикцијата“, заради тоа што тука вистинските и лажните цитати се измешани, па наведувањето на автентичните цитати би значело и демистификација, бидејќи оние измислените би се нашле разобличени. Потоа го изложува своето изневерено очекување по однос на препознавањето на користеното борхесовско проседе, како и препознавањето на полемичките аспекти остварени низ употребата на тоа проседе. Киш сметал дека употребата на тоа проседе била толку очигледна така што немало да биде проблем да се препознае не само од критиката, туку и од обичниот читател. Се покажало дека тоа е илузорно. Потоа се наведува директниот пункт на полемиката:насловот на книгата на Борхес. Имено, зад бомбастичниот наслов „Сеопшта историја на бесчесноста“, на тематски план, според Киш тоа се општествено ирелевантни приказни, анегдотски записи за њујоршките разбојници, за кинеските гусари, за провинциските разбојници. Значи Киш полемизира со насловот (ексцесивен преку секоја мерка, како што вели Киш и како што напоменува дека и самиот Борхес некаде тоа го признава), а проседеата на Борхес ги применува врз вистинската историја на бесчесноста, која според Киш е во постоењето на логорите на 20-от век и тоа пред се советските. Бидејќи е бесчесно во името на идејата за еден подобар свет, идеја за којашто гинеле генерации на луѓе, да се создаваат логори и да се прикрива нивното постоење, да се уништуваат не само луѓето, туку и најинтимните човекови соништа во тој подобар свет. Сеопштата историја на бесчесноста, според Киш може да се сведе на судбината на сите оние несреќници, кои од Европа се упатиле кон Москва, „Третиот Рим“ за да бидат бесчесно и безочно вовлечени во стапица, во којашто ќе крварат и ќе умираат како двојно ранети ѕверки.

       Во предговорот на „Сеопшта историја на бесчесноста“ (издание од 1954), самиот Борхес ќе се допре до прашањето за насловот: „...И неумерениот наслов на овие страници, веднаш ја соопштува нивната барокна нарав. Да се ублажат, ќе значи да се уништат; затоа овој пат се повикувам на изреката Љуод сцрипси, сцрипси (Јован,19,22) и по дваесет години, повторно ги давам во печат без никакви измени. Мајсторите на Големите Аркани учат дека светот во суштина е празнина. Сосема се во право што се однесува на овој минијатурен дел од светот што го чини оваа книга. Полна е со бесилки и гусари, зборот бесчесност во насловот е зашеметувачки, но зад таа врева нема ништо. Само чист привид, „насликана површина.“ Ова признание на Борхес, кое најверојатно не му било достапно на Киш за време на пишувањето на „Гробница...“, не ја чини беспредметна претходно образложената полемика. Напротив, самиот Киш во својата полемичка книга „Час по анатомија“ ја образложува спротивставеноста на двете концепции на едно повисоко рамниште: „...Но додека таа документаристичка“ постапка кај Борхес е употребена најчесто на метафизички план, каде што човекот е сфатен во прв ред како философема во кафкинско значење на тој збор, човекот во светот сфатен како лавиринт од метафизички значења (што е своевидна замена за кафкиниот Замок), каде што се бара како во средновековната поезија и сликарство Душата и Суштината вон историчноста, дотогаш „Гробница за Борис Давидович“ е заснована токму врз историчноста. Документите се тука за да ја откријат таа историчност, а душата одамна му е предадена на ѓаволот.
       Вака соочените искази само ја потврдуваат експлицитнатата интертекстуалност, поточно полемичката цитатност што се воспоставува меѓу расказите на Киш и на Борхес, а којашто е евидентна и при споредувањето на структурата на расказите од обата автори: Како и кај Борхес, и Киш ги дели расказите на поглавја обележани со поднаслови, како и кај Борхес и во расказите на Киш се употребуваат постапките на повеќекратно набројување (коешто кај Киш добива и поинакви конотации), и кај Киш постои сведување на еден цел човечки живот на неколку „сцени“. Овие аспекти на цитатен дијалог меѓу двете дела се видливи уште при првото читање. За да се елаборираат полемичките црти на книгата на Киш по однос на онаа на Борхес, потребно е да се одбере теоретски концепт што ги тематизира видовите и постапките на интертекстуалност и да се применат теоретските начела врз двата текста. Сметав дека таков концепт е цитатноста, бидејќи и во двата текста цитатната релација што се воспоставува меѓу сопствениот и туѓите текстови се издигнува до обликотворно начело. Се обидов да применам некои од типолошките категории на Дубравка Ораиќ- Толиќ, изложени во нејзината студија „Теорија на цитатноста“.
       Особено продуктивна типологизација за намерата да се соочат двете дела е онаа спроведена во поглавјето: цитатите според степенот на совпаѓање. Според степенот на совпаѓање меѓу цитатот и поттекстот/ прототекстот, можат да се разликуваат: потполни, непотполни и вакантни (празни) цитати. Последниве пак, можат да бидат псевдоцитати (кадешто постои реален прототекст, но цитатот е лажен) и парацитати (кадешто е лажен и цитатот и прототекстот). Ваквата типологизација, имплицира надредена инстанца на супериорен реципиент, којшто е во можност недвосмилсено да го провери степенот на совпаѓање меѓу цитатот и прототекстот за да ја определи семантичката релација меѓу текстот, цитатот и прототекстот. Оваа релација е тематизирана во поглавјето: Категоријалниот цитатен четвороаголник или вториот чекор кон типологијата на цитатноста. Основното прашање според Толиќ, во рамките на семантичкото рамниште на цитатноста,е прашањето за генерирање на значења при средбата меѓу текстот и цитатот (внатрешна семантика) или текстот и прототекстот (надворешна семантика).Просечниот реципиент, според мое мислење, ја забележува на прв план внатрешната семантика, дури и во случаите кога не е во состојба да го идентифицира постоењето на цитатот во текстот. Дури и тогаш, тој може да го почувствува ефектотна генерираното значење,којшто произлегува од релацијата меѓу текстот и цитатот. Идентификацијата на дел од текстот како цитат, е овозможена преку цитатните сигнали со кои текстот се оградува или со коишто се упатува на постоење на туѓ текст во рамките на постоечкиот. Толиќ врши типологизација на цитатите според видот на цитатните сигнали во истоименото поглавје и ги дели на вистински (можеби подобар термин би бил очигледни или транспарентни) и шифрирани. За вистинските цитати се карактеристични надворешни цитатни сигнали (наводници, инаков тип на букви, точни податоци за прототекстот) додека шифрираните цитати се одликуваат со внатрешни цитатни сигнали (наведувањето на насловот на цитираниот текст или името на неговиот автор во поблизок или подалечен контекст, синтагмите од типот на „како што би рекол поетот“, присуството на ликови, мотиви,постапки на прототекстот, префрлени во сопствениот текст и.т.н). Токму ваквата типологија ја потврдува мојата увереност дека препознавањето на цитатите како потполни, непотполни или вакантни е резулатат на еден долготраен процес во којшто реципиентот ја проширува својата визура врз културниот хоризонт и станува способен да ја согледа релацијата меѓу текстот,цитатот и прототекстот. Тој процес е особено долготраен во случаите на Борхес и на Киш, кадешто постапките на инкорпорирање на непотполни,псевдоцитати и парацитати се особено доминатни. Кај Борхес многу почести се парацитатите, а кај Киш непотполните цитати. И овој аспект може да се набљудува низ призмата на полемичко соочување. Додека Борхес преку парацитатите и псевдоцитатите, коишто се измислени, во крајна консеквенца произволни, се обидува „да состави една библиографија- метафора, да создаде резиме на севкупноста на човековото кулутурно паметење, свесен дека тоа не е можно“, дотогаш Киш императивно ја одбегнува потполната произволност т.е ги модифицира цитатите од „осведочените“ документни за човековото страдање. Или кажано со типологијата на Толиќ, кај Борхес многу почести се интерлитерарните цитати (прототекстот е друг книж. текст) додека кај Киш вонестетските цитати (прототекстовите се мемоарски записи, судски записи) За обата автори е заедничка следната стратегија: парацитатите се видливо обележани со надворешни цитатни сигнали (наводници, инаков тип на букви), но    „прототекстовите“ се искази на сведоци, за коишто кај Борхес не се нагласува ни дали воопшто се графички фиксирани.

       Ќе го проследиме ова на два примери, коишто се симптоматични и за семантичкото ниво на текстот.
       Првиот пример е од расказот на Борхес „Страшниот откупител Лазарус Морел“:
        „...Го познаваше Светото Писмо и го проповедаше со необична уверливост.“ Го видов Лазарус Морел на проповедилница“- бележи сопственикот на коцкарницата во Батон Руж (Лујзијана)- „и ги чув неговите поучни зборови и видов како солзите му ги оросија очите. Знаев дека е прељубник, и крадец на црнци и убиец пред лицето Господово, ама и моите очи заплакаа
       Втората вредна потврда на тие верски изливи потекнува од самиот Лазарус Морел: „Ја отворив Библијата на слепо и налетав на еден згоден пасус од Посланијата на Св. апостол Павле и проповедав саат и дваесетина минути. Ни Креншоу со дружината не губеше време, па им ги собраа коњите на слушателите до последен. Ги продадовме во државата Арканзас, освен оној буен абраш,којшто го задржав за себе. И Креншоу му фрли око, па морав да му објаснам да ја батали таа работа.“...
       Вториот пример е од расказот на Киш „Механички лавови“:
       „…Утредента, уште под свежиот печаток на патувањето, седејќи во топлото купе на кушет-вагонот на линијата Киев- Рига- Кенигсберг, грозничав и завиткан во ќебиња, Едуард Ерио ги запишува во нотесот своите први впечатоци. Еден факт (еден од оние што се однесуваат на нашава приказна) ја ремети чистотата на неговите впечатоци: присуството на просјаци пред Софискиот Собор. Тој тоа свое чудење го формулира вака: „Тие просјаци пред црквата, повеќето сакати и стари, а некои и многу млади и на изглед здрави, коишто се насобраа околу нас по нашето излегување од велелепната Света Софија, без сомнение се она жилаво племе на руските босјаци и јуродиви (иоуродивѕ),коишто ја чинеа бизарната фауна на Стара Русија.“ (Потоа следат забелешки за задачите што и претстојат на новата млада држава.)
      Истиот тој податок за просјаците (и само заради тоа и го бележиме) го наоѓаме и кај Чељустников: „На излегување од црквата испоапсивме една група паразити, коишто како по некое чудо се беа насобрале тука, веројатно привлечени од мирисот на темјан“...
      Во двата претходно изнесени примери, видлива е конфронтацијата на значења помеѓу првиот и вториот цитиран исказ, коишто им се припишуваат на протагонистите на истиот настан, „виден“ од два аспекта. Вторите цитирани искази ја даваат „    вистинската“ слика на нештата и посредно ги исмеваат заблудите на носителите на првите цитати, а истовремено со овој маневар се етаблираат себе си како „веродостојни“. Конфронтирани се и патетичниот наспроти колоквијалниот стил во примерот на Борхес, односно публицистичкиот наспроти сувопарно службениот кај Киш.
       Во претходниве два примери, покрај заедничките карактеристики, може да се види и полемичкиот став на Киш по однос на борхесовото проседе. Имено, Борхес ги „пренесува“ овие два парацитата, без да посочи како воопшто тие останале „запаметени“ т.е не може да се заклучи дали се графички фиксирани, па иронијата, освен што е присутна во текстот како генерирано значење, е упатена и кон читателот што ќе поверува дека е сосема извесно еден сопственик на коцкарница и еден друмски разбојник да ги запишуваат своите сеќавања.
       Киш постапува поинаку. Прво, на ниво на текстот јасно ги ситуира цитатите како дел од туѓи графички фиксирани текстови: едниот е дел од дневничките т.е публицистичките белешки на Едуард Ерио, а другиот е дел од извештајот на Чељустников. На ниво на прототекст, со помош на внатрешни цитатни сигнали (коишто ги надминуваат рамките на споменатиот расказ) се упатува на мемоарите на Карло Штајнер „7000 дена во Сибир“, кадешто при детално читање, на стр. 60 се среќаваме со историскиот прототип на Чељустников (тоа е уредникот на надворешно политичката рубрика на украинскиот весник „Комунист“, Жамоида, којшто како осуденик во логорот триумфално раскажува за тоа како во 34' г. го измамиле Едуард Ерио, водачот на француските работници: Ерио се интересирал за слободата на вероисповед, па за да го убедат во тоа, отвориле неколку цркви и „инсценирале“ богослужби, а „верниците“ биле членови на Н.К.В.Д со нивните семејства.
       Со упатувањето на прототекстот, историски се ситуира веродостојноста на настанот, наспроти произволноста на Борхес. Потоа се воспоставуваат сложени релации во рамките на самиот текст: цитатот на Чељустников ирониски го „осветлува“ цитатот на Ерио, но и самиот е ирониски „осветлен“. Тој е дел од извештајот што го пишува Чељустиков, а чиишто „извадоци“ заземаат значаен дел од расказот. Но во тие извадоци имаме вкрстување на наративните инстанци на ликот и на раскажувачот на начин што го саботира службениот тон на извештајот, но и се антиципира монтираниот судски процес што ќе се поведе против Чељустников, а во којшто тој се претвора од измамник во жртва. Се упатува на практиката во рамките на тие процеси, под закана и со примена на физичка тортура, да се пишуваат и да се „редигираат“ извештаи во коишто се признава сопствената вина. (Посредно се полемизира и со Артур Кестлер т.е со неговата книга „Помрачување на пладне“. Кестлер сметал дека протагонистите на монтираните судски процеси поднесувале свесна жртва во името на Партијата.
       Но освен во рамките на текстот, иронијата е упатена и кон француските интелектуалци на левицата во '70- те години, коишто дозволуваат да бидат измамени исто како и Едуард Ерио. Не сакале да поверуваат во постоењето на сталинистичките логори.

 

       Цитатноста како постапка во книгата на Киш е подоминантна во однос на цитатноста на Борхес, постои сложена мрежа на внатрешни цитатни сигнали што упатуваат на прототекстови од различен вид, а дистинктивно обележје во однос на Борхес, е употребата на непотполни и модифицирани цитати наспроти парацитатите на Борхес.
       Наместо резиме на овој обид за истражување на различните модели на цитатност, нека послужи уште еден пример, којшто е индикативен за „поетиката на цитатност“ на Киш.
       Едни од последните реченици во расказот „Гробница за Борис Давидович“ од истоимената книга, гласат: „... Тој храбар човек умре на 21 Ноември 1937 год. во четири часот попладне. Зад себе остави неколку цигари и четка за заби.“
       Навидум се стекнува впечаток дека тоа се искази на раскажувачот. Не постојат видливи цитатни сигнали дека ова се цитати, освен внатрешен цитатен сигнал, даден понапред во текстот, дека крајот на приказната за Новски е даден кај Карл Фридрихович. При детално читање на мемоарите на Штајнер, бев фасциниран кога наведените искази ги открив на различни места во текстот, поврзани со судбините на различни личности: Првиот цитат е поврзан со смрта на генералот Бродис, човекот што го фасцинира Штајнер со неговата морална цврстина. Цитатот кај Штајнер гласи: „... Како да излегува на прошетка, генералот излезе од ќелијата. Тој храбар човек умре во норилскиот затвор на 21 Септември, 1942 околу четири часот попладне.“
       Вториот цитат е поврзан со смртта на бившиот секретар на Западно-украинската комунистичка партија, Јосип Крилик: „...Забележавме дека во лебот има живи црви. Крилик заради тоа жестоко негодуваше. Го извлекоа од ќелијата и веќе никогаш не го видовме. Остави неколку цигари и четка за заби.“
      Киш можел и да го измисли наведениот пасус од расказот. Но, тој го забележал патосот (сосема оправдан кај Штајнер) од првиот цитат, ја забележал „сеобичноста“ на вториот цитат во рамките на еден објекивен дискурс што ги констатира неподносливите услови во затворот, а потоа ги споил овие два цитата, со модификации, коишто на семантичко рамниште генерираат спротивставени значења. Модификацијата во првиот цитат се однесува само на датумот. Но во вториот цитат таа е одлучувачка! Со додавањето на синтагмата „зад себе“, вториот цитат се надоврзува на првиот, па наведениот пасус личи на извадок од еден,по малку патетичен говор во слава на покојникот. Но очекувањето дека вообичаената фраза од тој тип на дискурс „зад себе остави...“ ќе се заврши со евентуалниот список на значајни дела од животот на покојникот, или со споменувањето на нажалените пријатели, е драстично изневерено со баналниот карактер на предметите: неколку цигари и четка за заби! Конфронтирани се повторно патосот и иронијата, којашто во случајов е трагична. Потенцираните секојдневни предмети стануваат метафора за конечното отсуство на нивниот сопственик, минливи траги за неговата егзистенција, редуцирана до баналноста на секојдневните навики, ироничен одговор на прашањето: „Што останува од човека по неговата смрт?“
       Во случаите на Борхес и на Киш, останува навистина многу.