НИЗ ИГЛЕНИТЕ УШИ НА ДРУГИОТ

ЕТНИЧКА ДИХОТОМИЈА ИЛИ МУЛТИФОКАЛИЗАЦИЈА

Ана Алачовска


      Знаеш ли која е единствената обврска во нашиот живот? Да не бидеме имбецили. Зборот имбецил потекнува од латинскиот baculus што значи стап: или имбецил е (здрава личност) на која и е потребен стап за да може да чекори
 (Фернандо Саватер, Амодорова етика).

      Немој да бидеш опседнат со историската брзаница и не верувај и’ на метафората за возовите на историјата. Не качувај се, значи, во возовите на историјата затоa што тоа е само една глупава метафора!
 (Данило Киш)

      Референтната рамка во која е сместена историската динамика на балканистичкиот дискурс е противречна во егзегезата на парцијалните „полуостровски себства“. Интерпретативната аксиома која ќе овозможи оптимум валидно (општоприфатено!?) толкување, ќе биде медикамент за „срцето на Европа“  кое секој момент може да добие инфаркт.
      Привилегираната позиција на Запад (како Фукоовски супервизор, контролор), во еден арбитрарен момент, заради својата идеолошка миопија, ја „замрзна сликата на Балканот“.
      Нуминозната, благословената, империјалистичка толкувачка стратегија, според која Запад ја има перспективата на Центар (фокализатор од прв ред), а која како крајно исходиште го има маргинализираниот Друг, како скопички објект, дисоцира во херменевтичка суб – формација. Контрапозицирањето спрема Другиот во новата интерпретативна тенденција ги имплицира иманентните трансформации на Балканот. Која е хиерархизираната позиција на набљудувачкиот акт, во која еден статичен момент перцепира друг? Македонецот (периферија на Големиот Друг / Европа) станува рефлектор за Малиот Друг, т.е. Балканските етноси (исто така периферија по однос на Европа). Ерго, една веќе конституирана Другост (алтеритет) шизофрено се распаѓа на под – другост (суб - алтеритет) . Множеството – ентитет Балканот (стигматизирано со негативен предзнак како гнасно, примитивно, варварско...) ја рефигурира својата онтологија во подмножества со интерактивни елементи кои воспоставуваат дијалог, размена на пораки и мисли. Тој дијалог е дијалог меѓу двајца гнасни, двајца варвари. Вака низ локалниот дискурс се калеше примитивниот балканоид. Тоа е интердијаболичен дискурс, варваризам на втора степен, дупликација на ајдутско – качачки идиом. Консеквентно таканаречениот хендикеп на хетерогеност на секое подмножество / држава, а особено на Македонија како централна база или ротациона оптика е свртена кон другите (најмалку четири Други). Хетерогеноста се фундира врз реалната позадина на интензивно вкрстените локални традиции што ги иницира проблемите на физичките граници   (детерминирање на конкретна лиминалност), од што пак произлегува непостоењето на минимум консензус за културната имагинација.
      Механизмот за создавање на представи за Другиот е дел од хроничната но и акутна криза на интерпретативните модели овде на Балканот. Проектирачкиот мит за сопствената (мнозинската) етничност, регулиран по однос на малцинскиот е всушност однос меѓу субјекти со парцијално знаење што (не) свесно ја репродуцираат универзалистичката матрица на меѓуетничките дискурси. Инхерентни автоматизми на универзализацијата се исклучување, ексклузија и вклучување, инклузија на партикуларни визии за Другиот. При тоа се потенцираат националистичките прерогативи како најмал заеднички содржател во пресметувањето на суверената позиција на дискурзивениот хегемон т.е. во битката за превласт во „фабриката за стереотипи“.
      Сето ова досега наведено е постулирање на различни видови „имбецилност“. На идентитетот му е потребен „стап“ за да се крепи и да продолжи да се афирмира. На сите меѓуетнички дискурси им е потребен „стап“. Тој дискурс е имбецилност. Потребно му е да се потпре на надворешни, туѓи фактори, независно од слободното размислување и волја на субјектите што се негов носител. Се потпира врз наметнати стереотипи, бара поддршка (стап) од странство, соадава неомитологизација на себе, егзалтација на сопственото его како архитектонски столб на себеизградбата.
      Кога се преиспитуваат прашањата за Другоста т.е. проблемите на преведувањето на Разликите и се разгледува политиката на идентитетот, инструментариум од епистемолошки карактер е бинарната опозиција или дихотомиите. Дали може размислувањето во дихотомии да го артикулира меѓуетничкото искуство?

      Во еден Дански трактат за семиотика се вели: „Ниедна Култура не може да постои без способноста за омеѓување на сопствената околина; таа во себе не ги интегрира сите појави кои побудуваат значење. Селективноста функционира како знак за начинот на кој културата ги гледа своите сопствени граници“. Означителската пракса на секоја култура ги конкретизира мисловните модели на колективот. Од Сосировата теза за јазикот како систем на исклучување (дефинирање на еден елемент via negativa) т.е. диференцијација и отсуство (означеното има конотативна, парадигматска вредност, присуство во неговото отсуство) се префрламе на културата како семиотички систем која функционира врз истите начела. Идентитетот се профилира како сочелување на Разликите. Моето Јас, се соочува со Другиот како Друго по однос на неговото означено т.е. неговата арбитрарна, договорна, имаголошка, стереотипна вредност, некаква слика (икона) и врз негово отсуство,анулирање. Идентитетот е посредуван од слики. (На Балканот постојат два вида на идентитети: идентитет – метонимија кога Другоста се формира преку принципите на близина, контигвитет како мотивација, т.е. едно својство, на еден ентитет  се проецира на целината и  се зема како референтно во процесот на себерепрезентација и идентитет – метафора, кој се дефинира преку сликата, иконата како медиум за конституирање на идентитетот, имаголошка условеност на себерепрезентацијата). Во таа смисла, следејќи го Роман Јакобсон, може да се говори и за оска на селекција или на интеграција ( се избира еден референтен ентитет како медиум зза споредба, најчесто Европа, па затоа и пост-комунистичките Источнои- европски земји говорат за „интегразија со Европа) или за оска на комбинација (не мозат да се избираат сосетите, тие се дел од една своевидна географска синтакса).
      Создавањето инхерентни претстави за себе како за Другоста на Другиот е интринзичен процес на концептуализирање на идентитетот по принципот (‘Ние како Други“). Својствено на  секоја култура, е таа да не биде идентична на себеси. Не да нема идентитет туку да не може да се идентификува, да каже „Јас“ или „Ние“, да може да добие облик на субјект единствено во неидентичноста на себеси или ако сакате во разликата со себеси. Необична помалку изнасилена синтакса (со себе) значи исто така „при себе“ (со, тоа е Apud Hoc). Во овој случај разликата меѓу себе, она што се разликува и отстапува од самиот себе си би била исто така и разликата (од) со себеси, разлика едновремено внатрешна и несводлива „при себе“.  
      Каде да го поставиме фокусот на набљудувањето (фрустрацијата од објективност) или перформативите за немешање и транспарентност да ги преведеме во здраворазумска логика. Среќа што видокругот не може да се измери. Доксата (јавното мислење) е заветена, вкалапена, неподнослива: за да се ослободам од неа постулирам парадокс; па потоа тој парадокс ја губи својата сила се скаменува, се закостенува и самиот станува една докса  и јас повторно морам да барам нов парадокс . Жерар Женет вели дека веродостојноста на едно писмо(културата како текст, писмо), зависи токму од неговото сообразување со „јавното мнение, со третиот дискурс“.
      Кога македонската епопеја на крајот од 20 век би се прочитала како книжевен текст, тогаш би се добил регистар на тропи фигури, метафори и поетички начела.Па нели се започна со збор и се се враќа во зборот. Суеверните луѓе внимаваат при употребата на некој збор. Зборот има магиска енергија. Во делото Мајсторот и Маргарита на Булгаков, а се изговори зборот ѓавол, а ѓаволот се исправува пред  нив.  И нашите луѓе знаеја, дека играта со зборови е ѓаволска работа, па само тивко го употребуваа зборот војна две години пред таа да стане реалија.


Прва фокализација, DOXA, партикуларизација
ЕПСКА ВИЗИЈА ИЛИ МЕГДАН ЛОГИКА

      Истиот (еднаквиот) го промислува радикално другиот кој е рестриктивно фуснотизиран, парцијално цитиран. Компетентноста што ја нуди позицијата на сезнаичкиот раскажувач, гледната точка на пантократорот или птичјата, тотализирачката / тоталитарната перспектива овозможува екстремна апсолутизација на себе си, есенцијализација на сопственото право на живот. Да се избори status quo ситуација или непроменливост на контекстот каде Јас ќе доминирам како кумулативен и самодоволен идентитет значи да бидам глув за говорот на другиот. Ова е нивото каде се продуцираат мета – наративи, приказни што се наметнуваат како мит, квазивистинити концепти, а кои го легитимираат правото на постоење, а со тоа го легализираат насилството како единствена методологија за нивно воспоставување. „Митот е света приказна во која верува целата заедница „ вели Клод Леви – Строс. Дневниот плебисцит кој е афирмирање на себството во колективот е неминовен. Кое е моето партиципирање во митот? Оној кој почнува да прашува т.е. да не верува во догмата -  вистина е екскомунициран од заедницата „ако не веруваш во лагата на играта, играта е уништена“ вели Лотман, а митот е игра на политиката во оваа смисла. Мора да се практикува фатичката функција на јазикот. Дали со тоа мојот алтруизам первертираше во аутизам?А вака говореа двете страни:

Позиција А: мит за Александар Македонски
Позиција Б:
 мит за Илирида

      Постојат варијации на овие хегемонистичките наративи кои се докажуваат како тео – етиологија што пак обезбедуваат ингеренции за дејствување поради потеклото, куриозитет на моќ заради предестинираност. Вака продолжуваа:

Позиција А: избран библиски народ
Позиција Б:
 избрани деца на Алах

      Ако се деконструира теолошката парадигма, резултатот е синегдохиски, метонимиски идентитет (еден за сите), еден е избран следствено сите ги чувствуваме нуминозните консеквенци. Поточно речно, се создава род на непријатели и верижно се пренесува хипотеката на агресивност од еден член на родот на цел род (крвна одмазда).
      Епската поезија ги неутрализира противречностите во слика. Епската иконографија го транслатира стереотипниот непријателски идентитет кој сака да воспостави хаос на цела територија (космос, познатост). Хаосот и космосот изразени во културална дихотомија се варваризам и патриотизам (автохтоност, чувство на всаденост), или изразени како чудовишен инвентар - чудовишта (Црна Арапина, змејот од Тракија, ламјата од Босфорот...) наспрема Крале Марко, Болен Дојчин...  Павао Павличиќ вели: „Преку епската поезија заедницата ја чува свеста за себе, за својот сопствен идентитет и врз таа основа си ја објаснува својата судбина (судбина на маченик) како нешто што има смисла“.
      Ако наративите се преведат во манихејска матрица се открива ексклузивното право на еден етникум врз колективната меморија, мемотехниката на насилство:

Позиција А:
 Демонизација, сатанизација на Другиот, негово симболичко анулирање
Позиција Б:
 Етеризација на себство

      (Структуралната матрица е контингентна и конвертибилна и за двете позиции, конструирајки го демонскиот, варварскиот дискурс на Балканот кој е осуден да ги брка апориите, маѓусебен двобој). Новата орална, анонимна експресија како модерен пандан на фолклорот ги сублимира истите начела – виц, анегдота, графити, поп музика.

Прва фокализација, PARADOXA, универзализација
ЛИРСКА ВИЗИЈА ИЛИ СОЕДИНУВАЊЕ

      Нивелирањето на агоналните дискурси се случува во името на хуманиот универзализам. Влогот на агресивност во Третиот, како упадок во егзистенцијата се расчитува во Крушевскиот манифест, Манифестот на АСНОМ, во апелот на атентаторите. Тоа е политизација, инклузија на Другиот во политичкиот процес. Политизацијата на односот на еднаквост, ги дисперзира наративите кои го ревитализираат насилството. Парадоксално тоа е хомогенизирање на хетерогеноста што се подвива под идеолошкиот хоризонт, код. Фактот за постоењето на плуралитет на маргината, само по себе не обезбедува консензус и потенцијална адекватност на сврзното ткиво помеѓу различните етникуми во минатото. Колку за напомена, манифестите биле издадени на неколку јазици (Албански, Турски). Тука се отвора прашањето за преводливоста на мултикултурализмот. Може ли да се рече дека Крушевскиот манифест ги антиципирал современите идеи на Дерида: „Во една Европа која во иднина ќе треба да ги избегнува како националистичкиот грч на јазичната разлика, така и насилната хомогенизација на разликите преку неутралноста на еден преведувачки медиум, навидум транспарентен, металингвистички, универзализиран“.  

Втора фокализација, DOXA, или во името на Балканскиот бастардс
РАЗЛИЧНОСТА

      “Ние како Друг“ (Дерида) создаваме идентитети низ „иглените уши на Другиот“, а во согласност со епистемологијата на Локалното, како симптоми на праксата на етничкото означување. Хибридитетот на идентитетот е манифестација на т.н. „против - слики“ или тоа е анти – мимикрија:
a) забулена жена или fashion фантом, по принцип: „иста ама не баш  сосема“    или кече т.е. културна демаркација (дупли  се по однос на нас а помалку од едно)
b) досие – криминал, поседување имагинарни зони или можност за закана на безбедноста по принцип „речиси Друг ама не баш сосема“

Втора фокализација, PARADOXA, перформатив

      Обидот, партикуларизмите да се стопат во еден единствен имагинарен хабитус, е империјализмот на фантазијата кој иновира адекватно, симболичко насилство, тотална хомогенизација на идентитетот на заедницата. Или преведено: во името на братството и единството, во името на сожителството, коабитацијата, градењето доверба, комуникацијата... (СФРЈ-овски дискурс?). Хијатусот, празното место на објектот што се фокализира (објектот што постојано бега од менталното дофаќање)  лакановски се заменува со „полнотијта“ на јазикот. Дали е тоа офанзивен мултикултурализам или интеграција, месијански хилијазам – илјада години хетерогена Европа? (Идентитет – метафора кој се профилира по парадигматска оска, по оската на интеграција).


Трета фокализација,Doxa- paradoxa, или во името на народот

      “Препреката на твојот воајеристички поглед ја одредува сложеноста и противречноста на твојата желба да ја видиш, да ја фиксираш културната разлика во локализираниот, видливиот објект „ Хоми Баба. 
      Во потрага по заедничкиот идиом кој ќе ја нивелира различноста меѓу истиот  (еднаквиот)  и Другиот иако Другиот е de facto политичен во аристотеловска смисла, се дефинира културната разлика како методолошка потреба.
      Фокализацијата (кој гледа?) е правопропорционална со нарацијата (кој зборува?). Тогаш етничките партикуларизми первертираат во социјално – лингвистички параидиом (пушиш ко Турчин; гнасен си ко Ѓуптин; лажеш ко Ѓуптин; скржав си ко Влав...). Основното правило на нарацијата – веродостојноста се проценува по однос на (третиот дискурс) или по однос на „јавното мислење“ (Женет) како код на референцијалност. „Јавното мислење“ е стварноста, ама стварноста сфатена како дифузен говор, општо мислење кое функционира како правило на род. Хомогенизирање на една перспектива. Феноменот кога како tertium comparationis во „етничката тропа“, се зема цела класа етноси, најверојатно е продукт на долгото и интензивно меѓуетничко, заедничко опстојување. Стварноста за да влезе во јазик,во докса, во закостена нарација, однапред смета на кодиран и дефиниран поглед на свет. Хомогенизацијата на идентитетот – привид на етничност (Балибар) ја елиминира монолошката свест како „ѕид ѕидосано, вар варосано, нигде ни дупче ни проѕирче“. Изолиран позади бедеми (па дури и како архитектонски фетиш), еден друг modus vivendi допрва треба да проговори.