КНИЖЕВНАТА ТЕОРИЈА ВО ОБИД ЗА РЕДЕФИНИРАЊЕ НА КНИЖЕВНОСТА

КАТИЦА ЌУЛАВКОВА: МАЛА КНИЖЕВНА ТЕОРИЈА, ТРИ, СКОПЈЕ, 2001

Марија Ѓорѓиева

       1.ФактКнижевната наука како комплекс од три гледишта - дијахрониско, синхрониско и индивидуално, (Stamac, 1983: 726) како дистинктивно-комплементарна испреплетеност и кооперативност на нејзините дисциплини - историјата, теоријата и критиката на книжевноста - преку сопствениот пример го потврдува дијалектичко - дијалошкиот процес меѓу теоријата и праксата: критичкото толкување и вреднување на делата се спроведува според одредени теориски принципи, системи од поими, обопштувања, ориентациони упоришта, а тие пак, се дедуцираат од конкретните феномени низ историскиот развој - дела, автори, опуси, правци, епохи. . .( Velek, 1985: 63)
      2.Факт 
. Теоријата на книжевноста во интерактивната поставеност кон останатите книжевно-научни дискурси се раслојува во мноштво (книжевни) теории (теорија на книжевната критика, теорија на книжевната историја, теорија на книжевната методологија, теорија на книжевните видови, теорија на рецепцијата, теорија на интертекстуалноста, теорија на класицизмот, на романтизмот, на модернизмот. . .), чија цел е „да ја објаснат суштината на книжевноста и нејзиното значење и нејзината улога во човечката општествена заедница.” (Recnik knjizevnih termina, 1983:  363)
      3.Факт
. Глобалните координати на актуелната мегакултура на постмодерната се исцртуваат низ ознаките на плуралноста на идеи и постапки како доминанта на теориската и критичката пракса, но и на творечката свест, низ диференцирањето на текстуалните стратегии, низ релативизмот, хетерогеноста, симултаноста, критичката дистанца, нихилизмот и еклектицизмот, преку колапсирањето на границите и полицентричноста, синкретичноста и синтетичноста; тоа е простор на „широка и гипка мрежа на мали поединечни системи кои живеат паралелно и чиј паралелизам ја чини основата на алтернативноста на диференцираното единство во културата на современото време . . .Со ужас и со надеж таа епоха денес бара излез и алтернатива за секого.”   (Палавестра, 1983: 19)
       Нужност од/потреба за адаптација. Соочен со тие фактички состојби, професионално и егзистенцијално инволвиран во нив, истражувачот на книжевноста денес, повеќе од кога и да е, чувствува потреба и желба да се вклопи во актуелните текови и да реагира на нив преку својата интердисциплинарна профилираност и поткованост (факт 1) , преку елаборирањето на своите критички промислувања и теориски пристапи како компетентен субјект (факт 2), преку барањето на сопствениот излез и алтернатива во кругот неограничени можности за избор (факт 3).
      Предизвиците на занаетот и на времето ќе ги прифати и современата книжевна теоретичарка и поетеса Катица Ќулавкова кога одлучи да состави една Мала книжевна теорија (наспроти на и во след со Теорија на книжевноста, Скопје, Култура, 1999, каде што понуди воведно и акрибично дефинирање на литературата и на нејзиниот на-учен метајазик) како можен, прифатлив, инструктивен и апликативен научен пристап кон книжевноста, како една од опциите во актуелниот методолошки и теориски плурализам и како од-говор на/за националните, цивилизациските и културните состојби.
      Во дваесетината текстови, артикулирани во петте поглавја на книгата, се телескопираат тековните појави и состојби во универзумот на книжевноста и повторно, по кој знае кој пат, се опишуваат и од нов агол се промислуваат нејзините вечно горливи прашања и, sub speciae, оние на компаративната книжевност, односно на теоријата на книжевноста.
      Во својот потход кон предметот на интерес Ќулавкова поаѓа од две позиции: 1) од аспект на комплексната само-свесна природа на оној кој е во книжевноста и кој говори за книжевноста ( како поет, теоретичар, критичар, есеист, препејувач, антологичар) што ќе рече од позицијата на сестран познавач и трпител на случувањата, искуствата, придобивките, состојбите, тешкотиите во книжевната теорија и практика; 2) неодделиво и истовремено, од позиција на учесник и сведок во глобалната културна констелација со статус на контекст (посакуван или неочекуван, но сепак неизбежен) во кој ќе се реализира спознавањето и оценувањето на книжевните појави и состојби. Во таа насока нејзината (Мала) книжевна теорија е автореференцијална, во онаа мера во која ги тангира прашањата што ја афицираат како авторска, творечка свест (поет), но во истовреме, таа е и металитерарна / метатеориска /метакритичка / метакултурна кога говори за есенцијалните и актуелните проблеми во книжевноста, во книжевната наука и во нејзините одделни подрачја, кога реферира на глобалните културни состојби и на спецификите во национални рамки.

      Ваквиот пристап поаѓа од ставот дека во современата култура „се одигрува еден интерпретативен пресврт (turn) и сi се толкува интерактивно” ( Ќулавкова, 2001: 224), така што и авторката ја прилагодува својата интерпретација кон изменетиот комуникациски контекст, нудејќи модел на книжевно истражување кој е и историчен, и контекстуален, и корелативен, и пре-вреднувачки, и дијалошки, и интертекстуален, и интердискурзивен, и интермедијален, и интердисциплинарен, и интерсубјективен, и споредбен, свесна за сите мени и осцилации низ кои се калеше книжевната наука.
      Од друга страна, тој пристап е во духот на постојната методолошка парадигма на недоверба кон нормативните академски граници и кон системската заснованост на знаењето, а е во дослух со сеопштата атмосфера на скепса, ревизија, онтолошка запрашаност на нашето време. Ќулавкова води дијалог и полемика, обвинува, поставува прашања, провоцира, ревидира, смело упатува на општите проблеми, ја преиспитува глобалната културна функција на книжевноста во новонастанатата теориска, методолошка и културолошка констелација. Оттаму, во своите текстови таа инсистира на: ново поимање и промислување на заблудите од минатото (кога се работи за книжевната историја), етаблирање на новиконвенции (кога се работи за театарот), фокусирање врз (н)ововековното (женско писмоинтертекстуалноста), ресемантизација на утврдените парадигми, промислување во контекст на новите епистемолошки параметриц; пледира за поставување врз нови епистемолошки и херменевтички начела, зараз-личност, за преструктурирање, за внатрешно редефинирање и модифицирање на поимот книжевност.
      Впрочем, тој став е сигнализиран на повеќе нивоа, визуелно и аудитивно: во „интонацијата” (честа употреба на прашалници, извичници, нагласената емфатичност) преку која се сугерира запрашаноста, сомневањето, провокативноста; во есеистичката дискурзивност и во формулирањето поднаслови како Отворени прашањаПрашања наместо пролегоменаНедоумици во врскасо...; во смелото и алармантно упатување Епистула до литературата за да ја обвини поради отсуството на минимум „прекогнитивност и литерарност” и поради присуството на премаленост, истоштеност и претрупани метатекстови. Истиот аршин е применет било да се работи за интерпретација на конкретни книжевно-уметнички текстови, било да се во прашање пошироки феномени од семиосферата. Меѓутоа, сите книжевни поими, појави, теории, жанрови, дела на кои се осврнува Ќулавкова во својата книга се само уште еден повод да се проговори за генералниот проблем - за потребата од редефинирање на книжевноста, од нејзина нова системска и културна контекстуализација, само уште еден начин да се допре до книжевните еидоси, потреба да се апелира за автентичен пристап кон книжевноста: „ Да се посветиме на нашата примарна вокација, чистата книжевност за којашто сум длабоко убедена дека постои и во и наспроти сите кризи, трауми и трагедии” ( Ќулавкова, 2001:  156)
      Оттаму, нејзиниот книжевно-научен, интерпретативен пристап е јасен: ниту верува во конечните и апсолутни судови за и во книжевноста , ниту изрекува ригидни дефиниции! 
                                              
                                          Теориите на малата книжевна теорија
      
1. Книжевната истори(ја)ографија.
 Во својата „мала теорија” на книжевната историја авторката инсистира врз новото поимање на книжевната историографија, која треба да се „промислува само во рамки на одредени текстуални и контекстуални констелации” и низ „процесот на компаративно, критичко и херменевтичко истражување.” Според канадската теоретичарка и компаративистка Линда Хачон, која поаѓа од идејата за „the pastime of past time” , денес постои желба да се мисли историски, а да се мисли историски значи да се мисли критички и контекстуално... За постмодерната историја и уметност значи нова грижа за контекстот, за текстуалноста, за моделирање на континуитетот на историјата. (Hutcneon, 1988: 97) Според македонската теоретичарка секоја интетрпретација на/во (македонската) книжевно-историска(та) парадигма треба да стартува критички, со „нов увид во книжевното минато не само преку хронолошката линеарност туку и преку симултаните, синхрони и плурални процеси” (Ќулавкова, 2001:  15), преку „нови читања и ревизии на македонската книжевна традиција од аспект на нејзината реална припадност на владеачките естетички, филозофски, религиски, политички конвенции” (Ќулавкова, 2001: 20)

       Самата Ќулавкова нуди урнек за такво ревидирано, контекстуално, интертекстуално/интерлитерарно/интеркултурно пре-про-читување на македонската книжевна традиција кога истата ја опишува и ја толкува врз основа на нејзината исторична и системска припадност кон повеќе различни цивилизации и нивните културни системи (балканскиот, античко-еленскиот, западно-латинскиот, источно-византискиот, отоманско-турскиот, се-словенскиот, јужнословенскиот и медитеранскиот контекст), односно кога ја препознава трансформацијата на оралната/митската книжевност во современата проза, поезија и драма, кога ја спознава македонската историја како „складиште на мртви времиња” кои се наоѓаат во состојба на латентен воскрес, кога го посочува „флуидот на меморијата”, кога го посматара системот на македонската култура како „нео-архаика” и како „палимпсестна ентропична книга”, кога ги дешифрира „анаграмите на идентитетот“, кога го прогласува балканскиот/ македонскиот хронотоп како парадигма за дијалогичен, палимпсестен хронотоп , кога поаѓа од раз-личноста како база за дијалог, а не за конфликт. (Ќулавкова, 2001:  170)
      Очигледно, овде веќе се навлегува и во сферата на актуелните (интер-, интра- ) културолошки студии, особено оние што се однесуваат на проблемот на: културниот идентитет, културниот динамизам и на дијалогот меѓу културите, на мнемотехничките моќи и постапки во современата литература/култура (memory place, reawaken, retrieval…) Позицијата на Ќулавкова е блиска до онаа на Михаил Бахтин и Јуриј Лотман ( во поново време и на Ренате Лахман) кои: ја истражуваат литературата како неодвоив дел од целината на дадениот културен контекст, го посочија корелативното толкување на една култура видена низ „очите на туѓата култура,  „кои во рамки на прашањето за културниот идентитет направија замена на логоцентричните монолошки системи со поливалентите и контекстуалните; ја прогласија културната меморија и посебно меморијата на книжевната традиција (ненаследен механизам на колективот) како еден од основните концепти во динамиката и дијалогот на културните и книжевните феномени; кои ја исчитуваат меморијата на културата/литературата и како склад на информации и како активен механизам на сегашноста.
       2. Книжевната теорија.
 Во ова подрачје на истражување Ќулавкова ја развива својата „мала” теорија за книжевните жанрови, задржувајќи се теориски-интерпретативно, врз расказот, есејот, драмата/театарот. Ним им препишува репрезентативност по однос на актуелните ставови за условната детерминираност на жанрот, за премисите на релативитетот, флуидноста на границите, синхроницитет, полигенетичност, за жанровската виталност и моќта за воспоставување нови конвенции. Таа го посочува расказот/новелата како „нестерилен книжевен модус” дијалошки расположен спрема другите книжевни и некнижевни дискурзивни пракси и нивните конвенции; ја потенцира атрактивната и фасцинантната мултидисциплинарна, хетерогена, хибридна, гранична природа на есејот, односно интердисциплинарноста, интердискурзивноста, системската кодна медиумска плуралност и полисемичност на театарот.
      Во својот осврт кон наведените состојби и појави Ќулавкова остварува комбинација на теорија и интерпретација, како што е сигнализирано и во сите наслови на поглавјата (Теорија и интерпретација на книжевната историја, Теорија и интерпретација на расказот, Теорија и интерпретација на есејот, Теорија и интерпретација на театарското писмо, Теорија и интерпретација на женското писмо, Теорија и интерпретација на компаративнатакнижевност): таа поаѓа од дијахрониско фиксирање на феноменот, прави обиди за негово теориско дефинирање и на крајот, апликативна проверка на заземениот став преку интерпретација на примери од македонската книжевност и култура. Но, во позадината на сето тоа се „крие” потребата за промислување на некои суштински проблеми и прашања во книжевноста, посебно на онаа во национални рамки. Овој спој е присутен и не едно друго ниво: во интерсекцијата на интратекстуалните и интекстуалните проучувања и корелации (на пр.анализата на структурните елементи на расказот, есејот, драмата/театарот, на наративно-семантичките анаграмски игри во македонскиот расказ, на одликите на македонското женско писмо) со толкувањата на интертекстуалната, интердискурзивна, интермедијална контекстуална поставеност на книжевноста т.е. на книжевните жанрови (анализа на трансформацијата актер-лик, на орално-митскиот хипограм во поезијата на Конески, односно во драмата на Стефановски).
      Определувајќи се за еден широк спознаен интерес, за интердисциплинарниот пристап на експлицитно - имплицитно, критичко - теориско пре-вреднување, Ќулавкова ја покажува сета своја флексибилност, која (треба да) му е иманентна на секој вистински компаратист: да дозволи да биде вплеткан во мрежата методолошки концепции (семиотички, културолошки, постмодернистички, компаративни, херменевтички), да биде интерсубјективно поставен и отворен кон новите критички/теориски пристапи, да пронаоѓа сили и начини за нивно ре-витализирање и ре-генерирање (како што беше постигнато преку теоријата на интертекстуалноста, која успешно ја одигра својата улога во повторна афирмација на компаратистиката), да располага со авторска методолошка досетливост и терминолошка маштовитост.

 

      Благодарение на својата способност и амбиција за адаптација кон духот на времето, благодарение на широчината и длабочината на својата (книжевно-научна) мултидисциплинарност и специјализираност, и вештината за јасно разликување на универзалните и историските категории, за синтетизирање на синхронизмот и дијахронизмот, на теориските и книжевно-историските пристапи, оваа авторка успеа на својата (Мала) книжевна теорија да и препише вистинска онтолошка димензија
       Поаѓајќи од упориштата во современата теорија, дијалог-ичноста, контекст-уалноста, интер-текстуалноста, мета-литерарноста, Ќулавкова ја потенцира нашата епоха на постмодернистички пресврт само како уште една фаза во непрекинатата еволуција на книжевноста и како таква ја истражува-со почит кон нејзините актуелни состојби и специфики и со чувство за континуитетот: според неа ова е време на промена на доминантите на релација периферија-центар: она што е на маргината, она што е ex-centric се доведува во средиштето: женското писмо наместо/наспроти машкото, театрологијата наместо метатеатарска мисла и критика, играта vs. сериозноста, мобилни системи наместо статичните конструкции ..
       Затоа, Малата книжевна теорија на Катица Ќулавкова е:
- значаен придонес кон оние начини на книжевно-научно и уметничко изразување кои го потпомагаат европското/македонското културно самопочитување;
- книга/теорија, која во морето на често заморниот книжевно-историски доцирачки академизам сериозно теориски упатува и читко изрекува, но и освојува со својата ерудитивност ;
- еден од „можните излези на чист воздух во инаку загадениот или контаминиран со бројни критички и метакритички техники на дефинирање и на интерпретирање на хронотопот на книжевноста” (Ќулавкова, 2001:  294).  

            


Литература


Linda Hutcheon. 1988, A Poetics of Postmodernism, Routledge, New York and London
Палавестра, Предраг. 1983, Критичка књижевност, Београд, Вук Караџиќ
Recnik knjizevnih termina
. 1986, Beograd, Institut za knjizevnost
Stamac, Ante./Skreb, Zdenko 1983, Uvod u knjizevnost, Zagreb, Graficki zavod Hrvatske
Ќулавкова, Катица. 2001, Мала книжевна теорија, Скопје, Три
Wellek, Rene/Worren, Ostin.1985, Teorija knjizevnosti, Beograd, Nolit