ТОЛКУВАЊЕ

Стивен Мају

Кога размислувам наназад за сето ѓубре што сум го научил во средно училиште,
Чудно е како воопшто можам да размислувам.
Недостатокот на образование досега не ме повредило.
Јас знам да го читам напишаното на ѕидовите.
Пол Сајмон „Kodachrome"

       Читање зборови на ѕидови. Објаснување на поезија во училници. Давање смисла на расправи во конгресот. Читање, објаснување, давање смисла: ова се три имиња за активноста на „толкувањето“, темата на овој есеј. Можеме да започнеме со истражување на оваа тема преку краток преглед на етимологијата на зборот.
       На англиски, според Oxford English Dictionary, „толкување“ (interpretation) најчесто значи: „да се изложи значењето на (нешто нејасно или мистериозно); да се доведат (зборови, текстови, автор) до јасно или експлицитно значење; да се разјасни; да се објасни“. Но, поизворното значење на зборот е „да се преведе“, па така, „толкувањето“ е исто што и „чин на преведување; превод или разјаснување на книга, збор итн.“ (OED). Зборот „толкување“ потекнува од латинскиот јазик (interpretatio), што значи не само „чин на разоткривање, објаснување“, туку и „превод, изведба“. Во латинската реторика, interpretatio се однесувало на „објаснувањето на еден збор со друг, користење на синоними“. Interpretatio се формирало од interpres: „интермедијарно, посредно, меѓу“ и „преведувач од други јазици, толкувач“ (Glare 1982, 947). Во својата етимологија, значи, „толкувањето“ се сведува на смислата на преведување насочена истовремено во две насоки: кон текстот што треба да се толкува и за публиката на која i е потребно толкувањето. Значи, толкувачот посредува меѓу преведениот текст и неговото ново значење, како и меѓу преведениот текст и публиката на која i бил потребен преводот.
        Наследството на овие две етимолошки значења - преводот на текст и преводот за публиката - можеме да се обидеме да го соединиме во работна дефиниција: „толкувањето“ е „прифатлив и приближно точен превод“. Секој термин овде буди дополнителни значења: (1) давање приближна точност на што? (2преведување на кој начин? и (3) прифатливо за кого? На следните неколку страници, можеме да ги употребиме овие прашања за да ја организираме нашата дискусија за „толкувањето“.

1. Давање приближна точност на што?
        
Преводот е секогаш приближен, што е исто како да се каже дека толкувањето е секогаш насочено, управувано. Тоа е секогаш приближување до нешто; секогаш насочено кон нешто: ситуации, дејства, акти, графити, поезија, расправи, новели итн. Ваквите објекти на толкување може да ги наречеме „текстови“. Во крајна линија, сè може да се разгледува како текст, сè може да се толкува. Нашето внимание тука ќе се насочи кон пишаните текстови, како кон оваа песна на Емили Дикинсон:

Белшазар имаше писмо -
Тој никогаш немаше повеќе од едно -
Дописникот на Белшазар
го донесе Заклучокот и започна
Во таа Бесмртна Копија
На сите нас Свеста
способна да чита без Очила
од Ѕидот на Откровенијата-

          Ако размислуваме за толкувањето како за превод на текст, тогаш ова е дефинитивно текст на кој му е потребен превод. Всушност, тука имаме два текста што треба да се толкуваат: поемата на Дикинсон и „писмото .... на Ѕидот на Откровенијата“ на кое се однесува поемата. Исто како што недостигаат зборовите од „писмото“, недостигаат и некои вообичаени текстуални маркери од самата песна, како на пр. традиционалната интерпункција. Идиосинкретските тиреа на Дикинсон даваат некаква насока, но таа е недоволна.

       Самата песна е превод на една библиска приказна. Во 5-та глава од Книгата на Даниел, Белшазар, кралот на Халдејците, прави гозба користејќи свети садови земени од еврејскиот храм во Ерусалим. За време на гозбата, една рака се појавува и на ѕидот ги запишува зборовите "Mene, Mene, Tekel, Upharsin“. Кралот не може да го протолкува напишаното, ниту, пак, може некој од неговите советници. Проблемот на читање, давање смисла на текстовите, на тој начин, станува предлошка за приказната. Даниел е повикан на помош и тој на крајот го толкува „писмото“ од „Дописникот“, Господ:

       „Ова е толкувањето на нештото (записот): Мене: Бог го има измерено твоето кралство и завршил со него. Текел: ти си измерен (проценет) при броењето, и сега чекаш. Фарес: Твоето кралство е поделено, и дадено на Мединците и Персијците.“
      
       Трите збора запишани на ѕидот буквално се однесуваат на три мерни единици: мина, шекел и две полумини. Даниел ја толкува пораката преку сличната звучност на овие зборови со други: првиот е сличен на еден еврејски збор што значи „изброен“, вториот „измерен“; а третиот „да се подели“. Тој ги користи овие хомоними за да ја протолкува пораката како обвинување и како пророштво. И во крајните стихови од оваа глава, пророштвото за казната навистина се остварува: „Во таа ноќ беше убиен Белшазар, кралот на Халдејците. И Дариј Медиецот го презеде кралството...“. Тука имаме толкување направено во контекст на политички притисок претставено како последица на моралната несправедливост на освојувачот: Израел бил освоен, Евреите заробени, а нивните религиозни садови биле осквернавени. Читањето на ѕидот воедно ја актуелизира неправедноста на кралот и ја најавува неговата казна (види Buttrick 1952, 418-33).
        Можно е Дикинсон да ја наменила својата песна како средство за слична изјава. Додавајќи ја реченицата „Предложено од нашиот Сосед“, таа му ја пратила на својот брат најверојатно по скандалот Лотроп во Амхерст, 1879 г. Овој локален инцидент вклучувал новинарски статии за физичката суровост на еден татко спрема својата ќерка и резултирал во легална тужба против Springfield Republican од страна на пречесниот Лотроп, обвинетиот татко. Судот пресудил против Лотроп на 15 април, а Дикинсон можеби го обележала настанот со оваа песна. Од оваа биографска гледна точка, песната се однесува на одлуката на судот, кој го прогласил Лотроп виновен за патријархална злоупотреба (види Johnson 1955, 1008-9, Leyda 1960, 245-50, 257-59).
        Ако се разгледува поопшто, песната на Дикинсон се базира врз библиската приказна и ја претвора во алегорија на „сите нас Свеста“, низ која Бог ги истакнува и нè предупредува за нашите гревови, давајќи ни го на секој од нас сопственото „писмо“. Оваа алегоризација на песната го преведува литерарниот текст, кој, пак, сам по себе е превод на библиски текст во песна. Исто како што поемата дава приближна вредност - е насочена кон - библиската приказна, така и моето толкување дава приближна вредност на поемата.   Постојат многу начини на кои може да се разгледа прашањето, „Што е тоа на кое толкувањето му дава приближна вредност?“ и да се развијат во теорија на толкување, некаков општ увид за тоа како читателите наоѓаат смисла во текстот. На пример, можеме да кажеме дека зборовите од моето читање приближно ги преведуваат оние од песната и дека зборовите на Даниел приближно ги преведуваат оние на ѕидот. Ваквата формалистичка теорија може да се надоврзе на тврдењето дека она што го определува преведувањто е она на кое му се дава приближна вредност, зборовите на страницата. Еден друг теориски пристап вели дека она што е приближно преведено - на пример, од страна на читателот на Дикинсон и од страна на Даниел, е, во крајна линија, намерата на авторот. Ваква интенционалистичка теорија може да тврди дека толкувањето е ограничено од значењето зад и во самите зборови. Дикинсон во песната и Бог во писмото го намериле значењето што толкувачот мора да го дешифрира за да го протолкува текстот правилно. И формалистичката и интенционалистичката теорија се обидуваат да создадат темел за стегнување на толкувачкиот однос меѓу читателот и текстот. Често, ваквите теории не само што тврдат дека се опис за тоа како се случува толкувањето, туку и пропишуваат како тоа да се врши. Овие фундаментални (основни) теории се претставуваат себеси и како општ увид и како посебни водичи за точно и коректно толкување. Подоцна ќе го покренеме прашањето за тоа колку ваквите теориски гаранции успеваат во толкувачката практика.

2. Преведување На кој начин?

         Нашето второ прашање се оддалечува од објектот на толкувањето - текстот и неговата смисла - и се приближува конактивноста на толкувањето - процесот на создавање смисла. При читањето на горенаведената песна од Дикинсон, изнесов два типа приоди кон толкувањето, и двата втемелени во теоријата за намерата на авторот. Во првиот пристап, предложив дека Дикинсон имала намера да се насочи особено кон добро заслуженото јавно посрамување на пречесниот Лотроп. Во вториот пристап предложив дека Дикинсон имала на ум поуниверзална порака за свеста на сите нас. Не е неопходно да се избере меѓу овие две комплементарни значења, но важно е да се распознаат контрастивните методи употребени за да се дојде до овие различни толкувања. При историцизирањето употребив стратегија на поставување на текстот во историскиот контекст на неговото создавање. При алегоризирањето следев стратегија што претпоставува дека поезијата може да се однесува на второ, поуниверзално ниво на значење над специфичните историски референци. Овие стратегии на читање на текстот или толкувачки конвенции нè снабдуваат со начин за опишување на процесот за тоа како се случува толкувачкиот превод. Тие го истакнуваат она што читателот го придонесува за толкувањето на сметка на она што текстот му го дава на читателот како материјал за толкување.
          Досега изложивме неколку различни стратегии за толкување на текстовите. На пример, Даниел употребува хомоними или зборовни сличности за да го прочита текстот на ѕидот на кралот, а јас претходно користев етимологии за да ги истражам значењата на „толкување“. Методите или стратегиите на добивање смисла се поврзани со разни теории за тоа како треба да се одвива толкувањето. Погоре, јас ги поврзав историцизирањето и алегоризирањето на значењето на текстот со интенционалистичките теории за толкувањето. Звуковноста и етимологизацијата колку што се поврзувани со формалистичките стратегии, толку се поврзани и со интенционалистичките пристапи - историцизирањето, алегоризацијата, звуковноста и користењето етимологии - може да се постават како правила за правилно толкување. Тоа значи, извесни конвенции на толкување во извесни контексти стануваат привилегирани начини за да се дојде до смислата на текстот. Идентификацијата со звуковноста може да биде прифатлива за толкување на стари и модерни графити, но не и за читање устави. Алегоризацијата може да одговара за поезијата и старите списи, но не и за меѓународни спогодби. За овие, под претпоставка поексплицитни правни текстови, теориите за неутрални принципи се оние што најчесто се препорачуваат како начини за гаранција дека толкувачите ги надминале литерарните методи за добивање смисла на текстовите. Теориите за неутралните принципи поставуваат правила за гарантирање правилна интерпретација, на пр., формалистичките правила за разгледување на „зборовите на страницата“ или интенционалистичките правила за почитување на намерите на авторот. Овие правила за толкувачките принципи се презентираат како неутрални во смисла на тоа дека се разгледуваат како способни за незаинтересирана примена, безбедна (осигурана) од лична идиосинкреза или политичка определеност. Понатаму во текстот ќе се навратиме на прашањето за тоа дали договорите се, всушност, директно појасни од литерарните текстови и дали толкувачките теории можат, всушност, да го ограничат читањето или да избегнат политички вплеткувања. Но, засега да се навратиме кон третото прашање.

3. Прифатливо За кого?

         Можеме да почнеме со епизода од Доживувањата на Хаклбери Фин: во 15-та глава на романот на Марк Твен, Хак, момчето раскажувач, и Џим, избеганиот роб, се разделени во маглата додека патуваат по текот на реката Мисисипи. Во очај по целоноќното трагање, Џим смета дека Хак е мртов и исцрпен, паѓа во сон полн грижи. Во меѓувреме, Хак успева да се врати назад на сплавот и кога Џим ќе се разбуди, изведува еден невидлив трик врз својот придружник, убедувајќи го дека болката и стравотиите на претходната ноќ не се случиле. Сето тоа било само сон. Џим тогаш вели дека „мора да започне да го 'толкува', затоа што бил испратен како предупредување“. Откако Џим дава лудо објаснување за сонот што не бил сон, Хак се обидува да ја изнесе шегата на видело и одговара: „Добро, досега ти сè протолкува одлично... Но што значи ова?“, додека укажува на лисјата, ѓубрето и скршеното кормило, докази за катастрофата од претходната ноќ. Еден од начините да се разгледува толкувањето на сонот од страна на Џим е да се земе како смешно погрешното читање. Ова е гледната точка на Хак и гледната точка што тој сака да ја подели со читателите за да може да се пошегуваат на сметка на Џим.

         Но, барањето на Хак за уште едно толкување, не на сонот туку на доказите дека не постоел сон, произведува многу посериозен одговор, кој ја прави шегата на Хак „солена“.
      „Џим го погледна ѓубрето, потоа мене, потоа, пак, ѓубрето..., тој вчудовидено ме погледна и ми рече, дури и без да се насмевне:
      'Ти сакаш да знаеш што значи тоа?... Добро, ќе ти кажам. Кога капнав од замор, зарипнав од викање и најпосле заспав, срцето ми се кинеше за тебе. Мене ми беше сеедно што ќе стане со мене и со сплавот. Кога се разбудив и кога видов дека си се вратил жив и здрав, толку се израдував што на очите ми се појавија солзи. Ми се чини дека би можел да паднам пред тебе на колена и да ти ги бакнувам нозете!.. А ти во тоа време само мислеше како да се подбиваш со стариот Џим и тој да ја прими лагата како вистина! Еве што значи тоа ѓубре, ако сакаш да знаеш: ѓубрето е калта што луѓето се готови да ја фрлат врз своите пријатели, за да ги збунат и да ги уништат...'“
         Ако ја разгледувавме интерпретацијата на Џим како погрешно читање, секако дека не гледаме ништо погрешно во неговото алегорично читање на ѓубрето. Ние ја сфаќаме пораката, а исто и Хак, кој понатаму вели дека Џим потоа „тивко стана и отиде во колибата, без да прозбори ниту збор повеќе. Но и тоа беше достатно!.. Јас толку се засрамив од себеси, што самиот бев готов да му ги бакнувам нозете, само да можам да ги повлечам моите зборови“. Твен го претвора инцидентот во друга епизода на борбата на Хак со неговиот расистички развој кога му припишува на момчето: „Дури по четврт час се решив да појдам во колибата и спокојно да побарам прошка од црнецот. Јас тоа сепак го направив и никогаш нема да се покајам за мојата постапка“. Толкувајќи го овој пасус, читателите препознаваат како извинувањето на Хак ја прекинува неговата постојана расна предрасуда, како неговата почит и наклонетост спрема Џим служат за да се разниша општествената идеологија за супериорноста на белците.
        Ако се согласите дека Џим погрешно го прочитал „сонот“, но убедливо го протолкувал „ѓубрето“, ако се согласувате со моето читање на овие текстови и со моето толкување на последниот пасус, тогаш се согласуваме за тоа што ќе сметаме за точно толкување на овие текстови. Точни интерпретации се оние што се сметаат за прецизни, валидни, прифатливи. Но, прифатливи за кого? Еден од одговорите е предложен во песната на Дикинсон:

Многу Лудило е најбожествената Смисла-
За Окото што разграничува-
Многу Смисла - комплетно Лудило-
Мнозинството е тоа
Во ова, како Сè, што преовладува -
Стопи се - и ти си разумен -
Отстапи - ти си непорекливо опасен -
И управуван со Синџир -

Оваа поема е за воспоставувањето на правилните толкувања, за тоа дека градењето на смислата е дефинирано како правилно или не, смисла или бесмисла, разум или лудило. Прочитана буквално, таа едноставно изјавува дека смислата или значењето е во очите на оној што гледа, а не во објектот што се набљудува. Понатаму навестува дека мнозинството толкувачи определуваат што ќе се смета за смисла. Секако, поентата на поемата не завршува тука. Дикинсон не е само прост прикажувач на состојбите на „правилното“ толкување - мнозинството победува - туку и саркастично протестира против овој факт. Така поемата повторно го поставува прашањето - За кого се прифатливи правилните толкувања? - како проблем на политиката на толкувањето во рамки на некое историско општество и во врска со статусот на еден текст во рамки на односите на власт и моќ. Овие прашања нèнасочуваат настрана од размената меѓу толкувачот и текстот, а кон размената меѓу толкувачот и толкувачот - тоа значи, од херменевтичкото прашање за тоа како комуницираат текстот и читателот кон реторичкото прашање за тоа како толкувачите комуницираат со други толкувачи при обидите да се расправа за или против одредени прашања.

       4. Политиката на толкувањето

       Како што се движиме од фундаменталните теории за читањето текстови кон реторичката политика на толкувачките расправи, нема целосно да ја напуштиме проблематиката опфатена со првите три дела. Во извесна смисла, ние едноставно само ќе ги прошируваме нашите области на проучување. Кога се сосредоточуваме само на текстот, на намерата на авторот, или на толкувачките конвенции на читателот, како што постапувавме во првите три дела, постои строга тенденција толкувањето да се разгледува како лично читачко искуство, кое вклучува само еден независен текст (и автор) и еден читател-индивидуалец. Многу од основните теории се предаваат на ова искушение и ја прават грешката на целосно игнорирање на социополитичкиот контекст во кој се одвива толкувањето. Преку фокусирањето врз толкувачката реторика, ќе видиме како толкувањето е секогаш политички заинтересиран чин на убедување.
       Во случаите на читање што ги дискутиравме претходно, јас ја навестував оваа политика на толкување секогаш кога забележував дека толкувачкиот чин се случува во контекст на релациите на моќ во едно историско општество. На пример, во делот 1, видовме како читањето на Даниел на текстот од ѕидот функционираше во национална ситуација на политичка опресија, и како поемата на Дикинсон ја преведе оваа библиска приказна во нов контекст, кој ја вклучува политиката на семејството и родот. Во делот 3, толкувањето на сонот од страна на Џим и реакцијата на Хак играат улога во коментарот на Твејн за расната политика во Америка во 19 век. Во секој од овие случаи, толкувањето се случува во политички контексти и секој толкувачки чин се однесува директно на релациите на моќ (без разлика дали се работи за национален, семеен, класен или расен контекст).
        Сепак, она што не е сосема јасно во овие примери е како толкувањето само по себе може да биде политички заинтересирано, како тврдењата изнесени за одреден текст се секогаш директни обиди за влијание врз односите на моќ преку наметнување или убедување. Овие ефекти може да бидат суптилни и микроскопски, како во случаите кога студентите го прашуваат професорот да им објасни некој стих поезија, а тој/таа ги убедува да прифатат одреден начин на читање. Ефектите стануваат уште поочигледни кога има радикални несогласувања околу толкувањата, кога правилното читање е предмет на расправа. Во ваквите случаи, губи најмалку убедливото толкување. И навистина, во некои екстремни случаи на толкувачка контроверза, Дикинсон изгледа дека е во право:

Мнозинството е тоа
Во ова, како Сè, што преовладува -
Стопи се - и ти си разумен -
Отстапи - ти си неспорно опасен -
И управуван со Синџир -

       Во најголемиот број ситуации во кои се среќаваме со толкувачки несогласувања не се работи за вакво очигледно потиснување на различното мислење. Како и да е, една песна што протестира против тиранијата на мнозинството над индивидуалецот којшто застранува е предлошка за она што е секогаш случај: која било толкувачка расправа вклучува политички интерес и последици.
       Во мојот последен пример на читање текст, ќе се фокусирам врз еден договор дебатиран во конгресот, но толкувачката реторика употребена од различните страни, во овој случај, директно се поврзува со онаа употребувана во академските училници или во верските собиралишта. На различни начини, и читањето договори, и објаснувањето поеми, и толкувањето записи вклучуваат аргументи за теми какви што се значењето на текстот, авторовата намера, претходните четива, историскиот контекст и толкувачките методи.
       Реторичката анализа што следува се обраќа до некои проблеми зачнати претходно во текстот и ги разнесува низ различни премиси. Ќе видиме, на пример, како некои од толкувачките теории опишани погоре функционираат во конкретни расправи над значењата. Она што се надевам дека ќе го прикажам е дека теориите на толкувањето функционираат не толку како забрани за читање, колку како извори за расправа. Тоа значи дека формалистичките, интенционалистичките и објективистичките теории не нудат гаранции за правилно толкување или алгоритми за решавање на толкувачките дилеми. Тие само овозможуваат некои дополнителни реторички тактики што диспутантите ги користат за продолжување на расправите околу значењето.

       Во 1972 г. Сенатот на Соединетите Американски Држави го одобри Договорот за антибалистички проектили со Советскиот Сојуз. Овој договор содржеше еден важен предуслов како Член 5 (1):
      „Секоја страна се обврзува да не ги развива, тестира или употребува АБП системите или нивните делови, кои се наоѓаат на море, воздух, во вселената или, пак, се подвижни на Земјата.“ За време од 13 г., од страна на три различни администрации, овој краток текст беше толкуван не само како забрана за милитаризација на вселената, но и како забрана дури и на развојот и тестирањето на вселенски лоцираните АБП системи.
       На 23 март 1983 г., претседателот Роналд Реган ја објави својата Иницијатива за стратешка одбрана, истражувачка и развојна програма, која водеше до вселенски лоциран, антибалистички систем на проектили, кој користи ласерска технологија. Претседателот вети дека оваа програма ќе биде „во согласност со нашите обврски“ според АБП Спогодбата, но наскоро стана јасно дека во некое идно време ќе се развие „Војна на ѕвездите“ и покрај експлицитните забрани од договорот. Сепак, администрацијата на Реган продолжи да го поддржува традиционалното толкување на Членот 5 (1). На пример, во Јавната изјава за контрола на вооружувањето за 1985 г. (1984, 252), беше изнесено: „АБП Спогодбата за забрана на развојот, тестирањето и употребата на вселенски лоцираните АБП системи или делови на овие системи се однесува на енергетски насочената технологија (или која било друга технологија) употребена за оваа цел. Така, кога ваквите програми за развој на енергетски насочени системи влегуваат во фазата на теренско тестирање стануваат забранети со обврските од АБП договорот.“
       Ова толкување важеше низ целата 1984 и најголемиот дел од 1985 г. Тогаш, на 6 октомври, советникот за национална безбедност Роберт Мек-Фарлан понуди ново читање на Членот 5 (1). На конференцијата „Соочете се со печатот“, Мек-Фарлан тврдеше дека спогодбата „одобрувала и авторизирала“ развој и тестирање на вселенски лоцираните АБП системи, „кои вклучуваат нови физички концепти“, што значи и ласерска и насочена енергија. Ваквото радикално претолкување предизвика моментална контроверза. Како што беше објавено во еден весник: „Оваа вчудоневидувачка изјава од страна на високо официјално лице, речиси целосно спротивна на долго спроведуваната позиција на САД кон спогодбата, беше шок за преговарачите на АБП Спогодбата и другите приврзаници кон политиката за контрола на вооружувањето, за сојузниците на САД во Европа, и за припадниците на Конгресот, кои се за контрола на оружјето.“(Oberodorfer 1985, A10).
       Осум дена подоцна, секретарот на државата Џорџ Шулц се заложи за ова толкување во говор до Западноатлантската алијанса, говор што имаше јасна цел да отвори место за ново читање: „Спогодбата може различно да се толкува во врска со тоа какви видови развој и тестирање се дозволени, особено во однос на идните системи и делови базирани врз нови физички принципи.“ Традиционалното толкување, некогаш толку очигледно, на овој начин беше прогласено за проблематично и веднаш се отвори место за ново, помалку рестриктивно толкување, кое го дозволуваше она што дотогаш беше забрането: „Наш став е, базиран врз внимателна анализа на текстот на договорот и на досието на спогодбата, дека поширока интерпретација на авторитетот е целосно оправдана“. Тестирањето на SDI технологија надвор од лабораториите сега би било надвор од забраните на АБП Спогодбата. Пласирајќи ја валидноста на новата интерпретација, Шулц потоа се обиде да ги оддалечи последиците од актуелната политика: дека „поширокото толкување“ е „целосно оправдано“ е „сепак, дискутабилна точка“ затоа што „нашата SDI истражувачка програма беше структурирана и, како што претседателот веќе потврди минатиот петок, ќе продолжи да биде управувана во сооднос со рестриктивните толкувања на обврските спрема спогодбата“(Шулц, 1985,23).
       Овој обид да се деполитизира новата интерпретација, да се подели самото читање на текстот од политичкото правење ставови не ги задоволи критичарите. На 22 октомври Куќата на поткомитетот за контрола на вооружувањето, интернационалната безбедност и науката се собра на конвенција за да расправа за „Толкувачката дебата за АБП Спогодбата“. Досието за ова сослушување нè снабдува со корисен контекст за анализа на аргументите што го поддржуваат новото и старото,“рестриктивното“ и „проширеното“ толкување на Членот 5 (1) на АБП Спогодбата и со тоа „објаснувањето“ на неговата реинтерпретација. Само кога ваква реторичка анализа е направена во рамки на историскиот наратив, (јас нагласив дека) може да стане јасна херменевтиката на аргументирањето. Ќе видиме како она што е привлечно за фундаменталните теории не успева да го реши проблемот, а како она што е привлечно за теоријата функционира реторички во рамките на специфичната политичка контроверза.

       Најизвиканиот административен претставник на сослушувањето беше Абрахам Софаер, правен советник на државниот секретар. Следејќи ја реторичката стратегија на својот претпоставен, Софаер започна со испитување на очигледноста на традиционалното толкување. „Моето проучување на спогодбата ме доведе до заклучок дека нејзиниот јазик е амбивалентен и може поразумно да се прочита за да ги поддржи пошироките толкувања“ (ABM Treaty, 1986, 5). Забележувајќи дека „рестриктивното толкување се темели врз премисата дека Членот 5 (1) е јасен сам по себе“, Софаер предложи дека ваквата гледна точка ја игнорира двосмисленоста на документот и продолжи да аргументира дека пошироката интерпретација е исто толку логична и, всушност, многу поразумна (ABM Treaty, 1986, 5). За да воспостави добри причини за поширокото толкување, Софаер се повика на неколку херменевтички поставки: јазикот на документот, каноните што биле важни за неговата конструкција и, изненадувачки, традицијата на толкување по извршувањето на спогодбата.
       Реторичката ефективност на овие поплаки зависи од прифатливоста на важните херменевтички теории, кои ги поставуваат овие извори како водичи за коректно толкување. Така, формалистичката теорија ја зацврстува привлечноста на јазикот во самиот текст; една интенционалистичката теорија го поддржува проучувањето на менталните (умствени, замислени) цели на преговарачите; а теоријата за неутралните принципи обезбедува рационални причини за правните канони на создавање. Иако овие теории често се развивани како основни аспекти на толкувањето, овде ќе видиме на кој начин тие најдобро се употребуваат како реторички извори наместо како херменевтички основи при дебатите околу толкувањето.
       Софаер ги започна своите аргументи со формалистичка постапка, но не беа само застапниците на пошироката интерпретација оние што посочија директно на текстот. Истото го сторија и застапниците на рестриктивното толкување: Џон Ринландер, поранешен правен советник на преговарачите на АБП Спогодбата, потенцирано изјави „дека забраните се јасни од самиот текст на спогодбата, особено од Членот 5 (1)“ (ABM Treaty, 1986, 58); слично и Леонард Микер и Питер Дидишејм, и двајцата од Здружението на загрижени научници, тврдеа во изјава доставена до подкомитетот: „Вообичаеното значење на условите на спогодбата се јасни сами по себе. Аргументите на администрацијата за тоа дека договорот дозволува развој и теренско тестирање на (вселенски лоцирани) АБП оружја и нивни делови базирани врз нови физички принципи не може да се квалификуваат како „добронамерна“ интерпретација“ (ABM Treaty, 1986, 117). Спротивно на ова, Софаер ги одби сите сами по себе јасни значења во јазикот и во својот формалистички аргумент внесе амбигвитет преку читање на различни делови на текстот како спротивставени еден на друг. На тој начин, тврдеше дека Договорената изјава Д (преговарана во времето на првобитната спогодба) дава можност оти дефиницијата за АБП системите од Членот 2 (1) се однесува само на технологијата што постоела во 1972, а со тоа и забраните од Членот 5 (1) не ги ограничуваат развојот и тестирањето системи базирани врз идна технологија, каква што е вклучена во SDI. Конгресменот Хенри Хајд ја нашол оваа формалистичка аргументација како доволно убедлива, изјавувајќи дека „основната намера на овие англиски зборови самата отскокнува“ и забележал: „Како што ми се чини, во просторот ограничен со четирите агли на овој документ не постои конфликт меѓу англискиот јазик и неговата интерпретација“ (ABM Treaty, 1986, 25,43).
       Некои од присутните не биле вака лесно убедени, па реторичката основа наскоро се префрлила од формалистички тврдења за текстот кон интенционалистички аргументи за историскиот аспект на преговорите. Софаер ја најавил оваа промена порано, во својот толкувачки коментар: „Според интернационалните закони, како и според домашните закони на САД, еднаш кога некој договор ќе биде прогласен за двосмислен, мора да се разгледаат околностите во кои се давал нацрт за тој договор. Така, во оваа ситуација, кога веќе заклучивме дека договорот е двосмислен, се свртевме кон досието на преговорите за да видиме која од можните конструкции најточно ги рефлектира намерите на замешаните страни“ (ABM Treaty, 1986, 25, 43). Ова придвижување кон поширокото толкување беше разгледувано на два начини од страна на припадниците на рестриктивното читање. Прво, правилото повикано како насока за толкување веднаш стана нова причина за толкувачка контроверза: Ринландер изјави дека толкувањето на Софаер се базира врз „нов канон на конструкција, никогаш претходно чуен, дека неамбигвитетниот текст на спогодбата би требало да се разложи за да се дојде до прифатливо толкување, кое би имало независна и немандаторска улога“ (ABM Treaty, 1986, 173). Второ, кога Софер започнал со објаснување на намерата зад текстот, новиот извор за насока маркирал уште една област на толкувачка контроверза: дури и кога поранешните намери на преговарачите имаат приоритет над сегашното значење на зборовите, останува дилемата кои биле, всушност, тие намери.

 

       Расправата околу првобитните намери на преговарачите станува особено интересна кога самите преговарачи се повикуваат и на двете страни од расправата. Жерард Смит, поранешен шеф на делегацијата на САД на АБП преговорите, го критикувал ревизионизмот на администрацијата и ги објаснил намерите на преговорите како рестриктивни. За разлика од него, Пол Ниче, исто така член на преговарачкиот тим и специјален советник за контрола на вооружувањето на претседателот Реган, силно се приврзал кон новата поширока интерпретација. Секако дека жалбата во врска со намерата не го решила проблемот на интерпретација, која завршила со тоа што на крај биле поддржани и двете спротивставени страни. Целосната реторичка природа на „тлото“ на интенционалистите станува појасна од самиот дијалог меѓу Ниче и конгресменот Ли Хамилтон на сослушувањето:
        Г-н Хамилтон: Амбасадоре Ниче, ме интересира Вашето толкување на оваа спогодба низ овој 13-годишен период. Ако Ве разбрав точно, пред еден момент, а можеби и не Ве разбрав, Вие велите дека сте биле убеден од една скорешна правна интерпретација за тоа дека спогодбата тврди нешто за кое сте мислеле дека не го тврди во времето кога сте учествувале во нејзиното создавање, зар не?
         Г-н Ниче: Тоа е само приближно точно. Јас мислам дека изнесените факти значат оти е тешко да се утврди точно што се мислело пред 13 години. Знам дека некое време по настанот бев прашан за спогодбата на начин за кој сметам дека се разликува од она што сега го мислам за спогодбата.
       Г-н Хамилтон: Па, ова што јас го извлекувам е дека барем Вие, за 13 години, со молчењето во врска со ова важно прашање, на сите нам ни дадовте впечаток дека овој договор треба да се толкува рестриктивно, но сега велите дека адвокатите Ве убедија оти сте усвоиле спогодба за која не сте знаеле што значи? (ABM Treaty, 1986, 41).

       Овој дијалог демонстрира како воспоставувањето на минатата намера, како и конструирањето сегашно значење, може во многу да зависи од предубедувањата и убедувањата. Овој пример изгледа толку јак, затоа што личноста што е убедена во другата гледна точка е истата личност чијашто намера е предмет на расправа.
       Но, ако реториката на толкувањето не може трајно да се воспостави во текстот, намерата или правилата на толкување, можеби историјата на толкувањето го прави тоа. Ралф Ерл, поранешен шеф на Агенцијата за контрола на вооружување и разоружување на САД, го предложи само ова мислење во одбрана на традиционалното, рестриктивно толкување: „Би било посебна епизода во меѓународните преговори кога би се имало целосно неамбигвитетно досие, особено во преговарачки процес што бара две и пол години. Но, како и да е, тринаесетгодишното досие за страните што го создале првобитниот документ треба да значи многу повеќе одошто некои изјави несоодветни со крајниот јазик на спогодбата“ (ABM Treaty, 1986, 23). Ринландер го развил овој рецепциски аргумент преку цитирање на уште еден принцип на „водење на мислата“: „Во Виенската конвенција за законите на спогодбите и во Новиот законик за односи со странство на Американскиот инстититут по право... се потенцира важноста на понатамошната практика при толкување на некој договор“ и „понатамошните практики, вклучително и изјавите надвете страни (СССР и САД) се навраќаат кон историското рестриктивно читање на спогодбата“ (ABM Treaty, 1986, 173). Враќањето кон толкувачката историја, значи, изгледа дека го реши случајот: рестриктивното толкување беше општоприфатено (а со тоа и привилегирано) читање на спогодбата. На крајот на краиштата, зар не е јасно само по себе дека толкувањето на администрацијата е, всушност, ново толкување?
       Не е така, вели Софаер: „Ние не ја прифаќаме премисата дека оваа администрација застранува од постојаниот увид на 13-годишното читање и давање изјави во врска со рестриктивната гледна точка“ (ABM Treaty, 1986, 23). Всушност, пошироката интерпретација не беше нова туку стара, а ставот на администрацијата не беше толку реинтерпретација, колку сеќавање на една заборавена традиција. И навистина, Софаер го заклучува својот долг говор за претходните читања на договорот со оваа мисла: „'Проширеното' толкување на спогодбата има исто толку цврста основа колку и 'рестриктивното' за да може да се нарекува 'традиционално' или прифатено“ (ABM Treaty, 1986, 23). Ринландер детално ја критикуваше толкувачката историја на Софаер, што не му наштети на фактот дека Софаер, сепак, успеа да ја внесе историјата како ефективен чинител во овој случај (за критиката на Ринландер, види ABM Treaty, 1986, 23).

       По сите реторички размени, сослушувањето во конгресот заврши многу блиску до местото од каде што започна: во радикални несогласувања околу толкувањата на АБП договорот. Додека едната страна тврдеше оти текстот е јасен, другата велеше дека не е. Со оглед дека текстот е амбигвитетен, и двата реторички правци на расудување предлагаа да се разгледа досието на преговорите. Сепак, не најдоа решение. Кога и самиот запис беше амбигвитетен, се навратија кон 13-годишната интерпретативна историја. Но, дури и тука двете страни беа подготвени да се постават спрема „истата“ историја на начин што ќе ги поддржи нивните антагонистички случаи. Никакви теории или принципи не го разрешија спорот, зашто теориите сами по себе станаа нов извор на контроверза, било поради нивните апстрактни тврдења, било поради нивната практична примена. Кои теории се важни за толкувачката расправа? Како принципите на една важечка теорија да се протолкуваат пред да се применат? И кога еднаш ќе се протолкуваат, како да се применат за да го водат овој случај? Ако важечката историја е очигледна (вели интенционализмот), ако нејзините принципи се јасни (откријте ги првобитните намери на преговарачите), ако принципите потоа може да се применат (прашајте ги преговарачите и проверете ги процесот и записот на преговорите), ние, сепак, сме оставени со проблемот на толкување на расправање над текстови, сеќавања, истории.
       Во оваа смисла, сакам да изјавам дека толкувачките теории не се фундаментални туку реторички, дека не воспоставуваат трајно тло или принципи за насочување, кои гарантираат точна интерпретација, но дека секако придонесуваат за развој на нови толкувачки дебати. Фактот дека ова е полтитичка дебата е повеќе од очигледен, но „Расправата за толкување на АБП Спогодбата“ ја тематизира политичноста многу поочигледно отколку најголемиот број други аргументи. При бранењето на Регановата администрација и нивната реинтерпретација на спогодбата, конгресменот Хајд ги нападна критичарите обвинувајќи ги за мешање на политиката со едно просто читање на текстот: „Гледате многу луѓе што имаат малку корист од СДИ, а кои ќе понудат такво толкување на спогодбата што ќе го оневозможи развојот на АБП системот“ (ABM Treaty, 1986, 43). Еден од овие „опструкционисти“, Жерард Смит, покрена слично прашање, прашувајќи од друга страна: „Зошто администрацијата реши да ја исфрли оваа нова верзија на спогодбата само шест недели пред самитот на кој АБП Спогодбата требаше да биде важен дел на расправа? Дали тоа беше вежба на силата? Мачо-акт?... Или тоа беше претпазарење за да се постигне рамнотежа меѓу однапред поставената позиција на СССР за никакво истражување и Регановата позиција за истражување без граници на стратешките одбранбени системи?“ (ABM Treaty, 1986, 22). Од последново се гледа дека толкувањето текстови и реторичката политиканикогаш не може да се одвојат. Навистина, неуспехот на фундаменталните теории е само уште една инстанца на фактот дека толкувањето нема основа надвор од реторичките размени, кои се случуваат во институционалната и културната политика. Обидот на Регановата администрација за потенцирање на јасно „разликување меѓу легалната интерпретација и меѓународната политика“ (ABM Treaty, 1986, 19) е само уште еден пример за теоретски напор да се одвои толкувањето на текстот од контекстот на неговата реторичка моќ. Во овој случај, тоа не е само лоша херменевтика; тоа е исто така опасна политика.
       Јас сакам, ако можам, да го одбегнам можното погрешно толкување на мојот пример. Секако дека не велам оти е возможно согласувањето со апсурдната интерпретација на АБП Спогодбата од страна на Регановата администрација. Човек не мора да е фундаментален теоретичар за да му е јасна. Наместо тоа, би требало едноставно и строго да се постави противтолкување, кое ќе прави такви реторички постапки како укажување во текстот, цитирање на намерите на авторите, традиционалниот начин на читање и повикување на договорот - онака како што поддржувачите на рестриктивното толкување го сторија тоа на сослушувањето во конгресот. Како и да е, ваквите потези се во иста мера политички инволвирани колку и оние на Стејт Департментот, при што се заинтересирани да ја убедат публиката да го толкува АБП Договорот на антимилитаристички начин. Како резултат, толкувањето е исто толку збунувачко и отворено за понатамошна дебата како што е и милитаристичкото толкување. Да се признае оваа условеност, да се препознае реторичката политика во врска со секоја интерпретација, не значи да се одбегнува заземањето став. Заземањето став (позиција), толкувањето, не може да се одбегне. Уште повеќе, пак, ваквата историска зависност не обесправува во толкувачките аргументи, туку е единственото вистинско тло што го имаме. Постојано се расправаме за посебни моменти во посебни места пред посебни публики. Нашите верувања и убедувања се не помалку реални затоа што се историски, а истото важи и за толкувањето. Ако ниту една фундаментална теорија не може да ја разреши дилемата околу толкувањето песни или договори, тогаш не мора да продолжиме со расправи околу конкретните случаи. Всушност, тоа е единственото што ни преостанува секогаш да го направиме.

превод од англиски:        
                             Јасминка Марковска