ОБЛИЦИ ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ИНТЕРТЕКСТУАЛНОСТ

Улрих Бројх


1. Одбележана и неодбележана интертекстуалност

       Во современата книжевна критика доминираат дефиниции за интертекстуалноста, според кои, секој дел со сите негови елементи е интертекстуален. Така на пример Јулија Кристева пишува:

  tout texte se construit comme mosaîque de citations, tout texte est  absorption et transformation d' un autre texte.

      Во оваа глава, напротив, се тргнува од потесен поим за интертекстуалноста. Според овој концепт интертекстуалноста е присутна тогаш кога при составување на својот текст авторот не само што е свесен за употребата на други текстови, туку очекува и од реципиентот да ја распознае врската меѓу неговиот текст и другите текстови како намера на авторот и како важна за разбирање на текстот. Значи, во оваа потесна смисла, текстуалноста претпоставува успех на еден сосема одреден комуникативен процес , во кој за интертекстуалноста се свесни не само авторот и читателот, туку кај секого од обата партнера во комуникациониот процес, згора на тоа, е пресметана и свеста за интертекстуалноста на неговиот партнер.
       Затоа е разбирливо што авторите на ваквите текстови своите, на некој начин интертекстуални релации, ги одбележуваат со цел читателот да може да ги види и да ги распознае како намерни. Слично како што, на пример, иронијата честопати се одбележува со сигнали за иронија, и интертекстуалноста може да биде одбележана со „сигнали за интертекстуалност”.
       Кај текстовите, кои не спаѓаат во горната дефиниција за интертекстуалност и кои интертекстуално во секој случај се во смисла на опширната дефиниција на Кристева, човек, напротив, многу помалку ќе трага по вакви сигнали. Така на пример, еден текст може да биде под влијание на други текстови, без авторот да е свесен за ова влијание, или, без да го согледува спознанието на ова влијание од страна на читателот како претпоставка за соодветно разбирање на текстот. Во овој случај, веројатно, ќе недостасуваат сите сигнали за интертекстуалноста. Ова особено важи за текстови, кои можат да се карактеризираат како плагијати.
       Ако во оваа дефиниција за интертекстуалноста, што ја поставуваме како основна, се претпостави интересот на авторот да му укаже на читателот за односот на неговиот текст кон другите текстови, тоа, се разбира, не значи дека интертекстуалноста во секој случај мора да биде одбележана со соодветни сигнали, односно, дека одбележувањето е неопходен конституент на интертекстуалноста.
       Така на пример, авторот може да се откаже од секое одбележување ако неговиот сопствен текст укажува на текстови кои и’ се познати на широката читателска публика. Ова е особено чест случај при укажувањето на класичарите или на библијата. Така на пример режисерот Петер Палич во својата штутгартска обработка на Шекспировиот Хенри IV , во епизодата со Годшил , кога Хол и Поинс го кријат коњот на Фалстаф, му дозволува на Фалстаф да извика: „Коњ! Коњ! Давам кралство за коњ!” Иако нема одебележување, оваа интертекстуална поента веднаш успеа. Палич можеше да смета на тоа дека Шекспир е германски класичар!
      Во романите на Арно Шмит, кои заправо претставуваат џиновски мозаик од укажувања на други текстови и кои во оваа смисла можат да се набљудуваат како типични за постмодерниот роман, овие укажувања исто така честопати се неодбележани, иако често се однесуваат на далечни текстови, кои им се познати само на in-group познавачи на литературата. Но, Шмит своите романи ги напиша токму за малечок круг на познавачи, при што овие познавачи секако во многу случаи се упатени на помошта од таканаречениот синдикат на дешифранти, чиишто членови веќе со години, меѓу другото, се трудат да ги одгатнат и најнепознатите цитати и интертекстуални алузии во неговите романи.
      Некои автори дури изричито рекле дека се откажуваат и наведуваат од кои причини се откажуваат од секое одбележување на своите интертекстуални укажувања. Така на пример, во една фуснота од едно подоцнежно издание од своите Aventures de Télémaque, чиј текст во голем дел се состои од цитати од други текстови, Louis Aragon пишува:

       / . . ./ les nombreux emprunts, parfois de plusieurs pages, faits par l'auteur aux ouvrages les plus divers (de Fénelon à Jules Lermina) ne seront pas signalés au lecteur dans les notes suivantes, afin de lui ménager le plasir de les découvrir soimème /et/ de se réjouir de sa proper erudition.
     
Се разбира и оваа фуснота може да се набљудува како еден вид одбележување!
       Во секој случај треба да се појде од тоа, дека интертекстуалноста честоппати е одбележана, при што одбележувањето може да биде посилно или послабо, а во екстремен случај може да се состои, во извесна мера, само од невидливи наводници, кои човек мора да ги навести, на пример, преку интонација при гласно читање. За јачинатата на одбележувањето несомнено има објективни критериуми, како на пример бројот на одбележјата. Така, односот кон Сервантесовиот Дон Кихот во Monsignor Quixote од Graham Green е несоодветно почесто одбележан отколку во Филдинговиот Joseph Andrews. Но покрај бројот на одбележувањата извесна ролја има и нивната експлицитност, односно локализирањето. Јасното укажување во насловот на текстот на претекстот, на пример, меѓу другото, ќе се покаже како поупатно од повеќето „скриени” одбележја во текстот. Згора на тоа, препознатливоста на одбележувањето повеќекратно зависи и од рецептивноста. Така, за многу начитан читател „прагот на сигнали” при одбележувањето на интертекстуалноста ќе биде многу понизок отколку кај читател, кој чита одвреме-навреме. Од друга страна пак, кај многу подоцнежни реципиенти „прагот на сигнали” со зголемена временска дистанца кон текстот, односно претекстот, е многу повисок кога временскиот контекст не е веќе непосредно присутен.

1. Состојба во науката

       Во бројните трудови за интертекстуалноста, досега одвај да е обработувано прашањето за одбележувањето; ова важи и за односните лингвистички истражувања. Поопстојно со овој аспект се занимаваа само две статии од Зива Бен-Порат и Кармела Пери, во кои станува збор за структуралистички, а не за постструктуралистички прилози, а предмет на нивен интерес е еден ограничен облик на интертекстуалноста, имено, алузијата.
       Во секој случај, овие статии не придонесоа многу за посебниот случај на алузијата. Како укажување на други текстови Бен-Порат вака го дефинира одбележувањето:
       The marker is always identifiable as an element or pattern beloning to another independent text.

      Овде, значи, под одбележување не се подразбира ништо друго туку повторување на елементи или структури од претекстот, во новиот текст. Но, сега, интертекстуалноста може да се дефинира како преземање на елементи од некој претекст во текстот. Интертекстуалноста (значи, одбележаното) и одбележувањето би биле далекусежно погледнато едно и исто. Вон од укажувањето за чисто повторување на елементот и структурата, за диференцирана дефиниција мораат да се наведат и додатните можности за одбележување, кои на реципиентот поексплицитно му укажуваат на постоењето на интертекстуалноста.
       Наспроти тоа, одбележувачот на литерарните алузии, Пери го дефинира преку укажувачкиот и покажувачкиот карактер: „marker is the sign – simple or complex – that points to a referent by echoing it in some way”, a sign that denotes a source text”. Со тоа Пери наведува три облици на одбележување: „proper naming”, „definite descriptions” и „quotation”. Овие категории, со исклучок на „proper naming”, се проблематични. Останува нејасно што подразбира Пери под „definite descriptions”. „Quotation” како маркирање на некоја „алузија” е сомнително доколку цитатот и алузијата се всушност различни, дури меѓусебе спротивставени облици на интертекстуалност. Пред сé, сигурно е дека има многу повеќе спротивствени облици на одбележување од оние кои ги наведува Пери.

       Употребливата дефиниција за одбележување мора значи, при општо формулирање на „повторувањето на елементот” или на „ехото” , да тргнува од додатните, конкретни одбележувачи за реципиентот и таа не смее премногу брзо да биде стеснета на малубројните облици на одбележување.
       Затоа, понатаму ќе се обидеме да направиме опширен опис на облиците на одбележување. Со оглед на опишаната состојба во истражувањето, наводите што следуваат сепак имаат само привремен карактер и не можат битно да надминат една структурирана збирка материјали на која, во даден случај, би морале да се надоврзуваат идните трудови.

1. Одбележување во споердни текстови

       Во споредните текстови авторот најнапред има можност да ги локализира одбележувањата на претекстовите, кои се присутни во некој текст. Така, понекогаш цитираниот претекст се идентифицира во некоја фуснота. Оваа постапка во никој случај не е вообичаена само во книжевно-научните трудови (кои, разбирливо, покажуваат повисок степен на интертекстуалност, но како некнижевни текстови се вон овие набљудувања), туку овде-онде може да се докаже и во литерарни текстови. Во своитеmock-notes кон својата Dunciad Variorum Pope еднозначно идентифицирал редица туѓи текстови, кои тој ги интегрирал во Dunciadво форма на буквални цитати или во форма на алузија. А. Т. С. Елиот, кој навидум најнапред тргнал од тоа дека неговите читатели ќе ги препознаат сите интертекстуални укажувања во The Waste Land, неколку години подоцна сепак направил соодветни фусноти со точни укажувања на изворот.
       Конечно, авторот може да оди дотаму, покрај својот сопствен текст да го печати целокупниот туѓ текст на кој се заснова неговиот текст. Во своите imitations на античките песни, ова го направиле некои англиски класичари, како на пример Pope во своите Imitations of Horace. Но ова е случај и кога во некое двојазично издание оригиналот се печати паралелно со преводот - постапка која заправо предизвикува интертекстуална рецепција. Во најголемиот број случаи авторите на imitations и преводите се задоволуваат со тоа односниот текст да го одбележат во својот наслов - како на пример во следниве текстови на Popes: „The Iliad Of Homer, translated by Mr. Pope”, и „The First Satire Of The Second Book Of Horace, Imitated”.
      Кај пародиите и травестиите туѓиот текст исто така честопати се одбележува во насловот. Како примери, кои ќе застапуваат многу други дела, за наслов на пародии ќе ги наведеме Филдинговата Shamela, Текериевата Rebecca and Rowena или НиколаевитеРадостите на младиот Вертер, како примери за наслови на травестии Скароновиот Le Virgile travesty или Котоновите Scarronides;Or, Virgile Travesite (со одбележување како на травестираните, така и на имитираните туѓи текстови).
       Насловот е веројатно најчесто употребувано средство за означување на овој однос дури и тогаш кога текстот се доведува во врска со претекстот на помалку директен начин, бидејќи насловот на едно дело има сигнален карактер и тогаш кога односот кон претекстот што се содржи во него не е одбележан. Ваквите интертекстуални наслови со задоволство биле употребувани уште во 18. век - да се потсетиме само на Филдинговиот Joseph Andrews, кој релацијата кон романот ја покажува како кај Јосиф од Стариот завет, така и кај Ричардсоновата Pamela Andrews, или во The Fermale Quixote од Charlotte Lennox. Сепак, ваквото одбележување на интертекстуалниот однос меѓу еден текст и еден претекст е особено чест во современата литература. Да наведеме неколку примери. Ulyses од Joyces, Mourning becomes Electra од O’Neill и Monsignor Quixote од Graham Green во насловот го содржат името на протагонистот од односниот текст; Пленцдорфовите Новите страдања на младиот В., вистина, ги употребуваат иницијалите на протагонистот на претекстот, но впрочем, на начин што е лесно претпознатлив за читателот и се потпираат на насловот на претекстот; а насловот на John Barth-овиот The Sot-Weed Factor дури и буквално се совпаѓа со насловот на односниот текст, една сатирична песна од Ebenezer Cooke. Во своите наслови современите автори исто толку често употребуваат познати цитати од текстови на кои централно се повикуваат нивните сопствени текстови. Така на пример, насловот на Stoppard Rosencrantz and Guildenstern Are Dead претставува цитат од Шекспировиот Хамлет, кој целосно í служи како односен текст на драмата од Stoppard. И насловите на некои романи од Aldous Huxley – Antic Hay, Brave New World, Time must have a Stop, After Many a Summer – се цитати од драми на Марло и Шекспир, како и од една песна од Тенеси, преку кои на текстот му е придодадено одредено ниво на значење. Насловот на Darkness Visible од William Golding цитира едно познато место од Милтоновиот Paradise Lost, кое е од пресудно значење за разбирањето на светогледот на романот. Филмот на Хелмут Којтнер, кој се занимава со транспозицијата на Хамлет во германскиот повоен период, го расветлува овој однос преку изборот на цитат од Хамлет земен како наслов: Остатокот е молчење. Конечно, еден наслов каков што е Travesties од Stoppard не се однесува на насловите на текстовите, кои во ова дело се објекти на интертекстуалност, туку на обликот на интертекстуалноста.

      Насловот, исто така, може да послужи за одбележување на интертекстуалните релации. Да го наведеме само како пример поднасловот на Филдинговиот Joseph Andrews: „Written in Imitation of the Manner of Cervantes, Author of Don Quixote”.
      Насловот или поднасловот на еден текст, згора на тоа, може да ја одбележи и релацијата на група од претекстови. Ова е особено случај кога на читателот треба да му се сигнализира релацијата на еден текст кон некој литерарен род, при што, се разбира, текстот може да ги исполни, но и да ги разочара очекувањата на читателот за литерарниот род. Така, насловите на A Modern Utopia од H. G. Wells, News from Nowhere од William Morris, Erewhon од Samuel Butler и Ecotopia од Ernest Callenbach не укажуваат само на Utpia од Morus, туку едновремено и на утопијата како книжевен вид. Ова се однесува и на поднасловите, как што е на пример поднасловот „Утописки роман”. Наспроти тоа детективските романи исклучиво го сигнализираат односот на текстот кон книжевниот вид. Кога некој сака да купи детективски роман, и кога во некоја книжарница ќе здогледа роман со насловThe Murder of…, по правило го разбира интертекстуалниот сигнал на насловот - дури и тогаш кога од превид ќе го купи Murder in the Cathedral од T.S.Eliot. Најпосле, патемно, да укажеме и на познатиот факт, дека интертекстуален сигнал може да биде и насловот на некоја серија (како на пример трилерите на серијата rororo или таканаречените полноќни книги), или нивниот надворешен изглед, што го одбележува односот на некој текст кон видот на текстовите. Покрај насловот и поднасловот, за одбележување на интертекстуални релации честопати може да биде употребено и некое мото, некој предговор или поговор на авторот, или некој текст земен од корицата. Во Les gommes од Alain Robbe-Grillet , мотото од Софоклевиот Едип -

Le temps, qui veille á tout,
a donneé la solution malgré toi.
        
       е скоро единственото укажување, кое го побудува читателот, прикажаната приказна за еден детектив, кој на крајот наводно незнаејќи го застрелува убиениот, да ја чита имајќи ја за позадина Софоклевата драма во која синот, исто така незнаејќи го убива татка си.
      Како пример за одбележување преку предговор би можеле да послужат The Ides of March од Thornton Wilder и Dogg’s Hamlet, Cahoot’s Macbeth од Stoppard. Во предговорот од својот роман за Цезар, Wilder пишува дека вистина во него најголемиот број од документи се фиктивни, но дека во песните и во завршните делови станува збор за цитати од Катуловата лирика, односно од De vita Caesarum од Sueton. И додека Stoppard во својата поранешна драма Jumpers ја остава неодбележана релацијата кон филозофијата на јазикот од Витгенштајн, во предговорот кон својата подоцнежна драма, тој јасно укажува на тоа дека неговото дело треба да се чита како забавна расправа со Витгенштајновите Филозофски истражувања: „Dogg’s Hamlet derives from a section of Wittgenstein’s philosophical investigations”, а Stoppard во продолжение ја објаснува оваа релација дури и експлицитно на примерот од една сцена.
      Наспроти тоа Умберто Еко дури отпосле ги одбележува некои помалку очигледни релации кон претекстот во својот роман Il nome della rossa. Во одделно објавените Postille a , il nome della rosa” тој констатира дека централната љубовна сцена во романот е „составена од вистински религиозни цитати, тргнувајќи од Песна над песните па се до Bernhard von Clairvaux, Jean de Fecamp и Хилдеград фон Бинген”, при што тој, колку што е можно, ги „зашвајсувал” („vollegare”) рабовите, за да ја „замаскира” („/…/ perché si vedessero ancora meno le suture”) интертекстуалноста на оваа сцена. Дури во своите Postille тој укажува и на тоа дека во романот цитатите од Витгенштајн „ги маскирал како цитати на епохата”. Значи, Еко си игра игра со читателот, на тој начин што најнапред маскира и кашира неколку претекстуални релации во својот роман, и намигнувајќи ги разоткрива дури во својот пост скриптум. Дури во својот „Afterword” кон „The British Museum is Falling Down David Lodge исто така го открива основниот интертекстуален урнек на својот роман - и тоа за читателите, кои дотогаш не го забележале тоа: тој констатира дека во неговиот роман има „ten passages of parody or pastiche”, но ги наведува авторите на претекстовите според алфабетскиот редослед за да му остане и на читателот нешто за правење во оваа интертекстуална сложувалка.

      Во La main rouge од Clément Lépidis текстот од заштитната корица на книгата се користи за да му се објасни на читателот, дека оваа драма, што се прикажувала во 1927 година во францускиот град Белевил, на подеднаков начин е во релација со СофоклеватаЕлектра како и Mourning Becomes Electra од O’Neill:
       Et quoi de plus naturel d’imaginer que ce soit á Belleville que le sang des Atrides ait choisi de couler? Et pourquoi pas Èlectra à Belleville, en 1927?

       Освен тоа, авторите можат да ги одбележуваат интертекстуалните релации на своите дела и во искази, кои не се објавени во контекст со овие дела - како на пример Joyce во своите писма до Frank Budgen, William Golding во своето интервју со Jack I. Biles или Raymond Federman, кој во романот Take It or Leave It укажува на интертекстуалната структура на некои од своите поранешни текстови.

      4. Одбележување во внатрешниот комуникативен систем

      Во сите овие случаи следи одбележување во споредните текстови, кои преку надворешниот систем на комуникација исклучиво му се обраќаат на реципиентот. Така на пример, насловот на Ulysses сам по себе е наменет за читателот, а ликовите на Џојсовиот роман на ниеден начин не се свесни за фактот, дека нивниот живот го следи pattern од Хомеровата Одисеја. Меѓутоа, одбележувањето може да се направи и во внатрешниот систем на комуникација со тоа што ликовите на некој книжевен текст читаат други текстови, дискутираат за нив, се идентифицираат со нив или се дистанцираат од нив.
       Така на пример, релацијата меѓу Don Quijote и ритерските романи е одбележана во прв ред со тоа што насловниот јунак чита токму такви романи, се идентифицира со нивните протагонисти и од оваа причина го исмеваат другите ликови на романот. Во значителен број текстови од читателот се бара на идентичен начин да ги чита текстовите имајќи го за позадина ШекспировиотХамлет, од самите ликови од текстот се бара да го читаат Хамлет, да дискутираат за него и да го земаат за пример - почнувајќи од Гетеовиот Вилхелм Мајстер па се до драмата The Hamlet of Stepney Green од Kop. Кај ваквиот вид одбележувања авторот може да направи дури и премногу добрина - како на пример Graham Greene во својот роман Monsignor Quixote, чијшто јунак, еден современ шпански свештеник, случајно го носи името на Сервантесовиот јунак и случајно живее во Ел Тобоза, и кој затоа постојано повлекува паралели меѓу својот живот и оној на фикционалниот предок, при што оди дури и доттаму да го нарекува својот пријател Санчо, а својот расштракан автомобил Росинанта.
      Особено очигледен облик на одбележување во самиот внатрешен систем на комуникација имаме исто така, кога авторот го воведува текстот, кон когошто го поставува својот сопствен текст во афирмативна или критичка релација, како физички предмет. Женскиот Робинзон во романот Suzanne et le Pacifique од Giraudox, на пример, на еден ненаселен остров на Тихиот Океан наоѓа еден излитен примерок од Дефоовиот Robinson Crusoe. Сузана го прочитува овој роман и одлучува да живее на својот остров сосема поинаку од Робинзон, когошто го смета за човек кому му било здодевно и кој бил педантен. И Едгар Вибо, јунакот на Новите страдања на младиот В. од Улрих Пленцдорф, во клозетот на една градинарска куќичка на сличен начин наоѓа едно рекламно издание од Гетеовиот Вертер. Бидејќи насловната страница и првите страници се употребени за одредена намера од некој претходен корисник, тој, а со него и читателот, доколку не ја разбрал интертекстуалната релација на насловот, имаат, се разбира, поголеми тешкотии да го идентифицираат односниот текст отколку Сузана на Giraudoux!
      Нешто помалку силно одбележано е интертекстуалното упатство во дрмата Comedians од Trevor Griffith. Овде комичарот Прајс вади едно ливче од џебот и му вели на својот учител Вотер:
I found in another book. I brought it to show you. Some say the world will end in fire. Some say in ice. From what I’we tasted of desire I hold with those who favour fire, but I had to perihs twice, I think I know enough of hate to say that for destruction ice is also great and would suffice.
(He folds the paper, puts it back in his pocket /…/)

       И овде, фикционалниот карактер е свесен за фактот, дека има работа со друг текст, а овој претекст и овде е присутен како физички објект. Но, бидејќи Прајс не ги има в рака собраните дела од Роберт Фрост, туку само неколку листови, а згора на тоа не го наведува ни името на авторот (а можеби не го ни знае), само познавачот на Роберт Фрост ќе го идентифицира односниот текст. Релацијата на ова место со туѓиот лирски текст е доволно одбележана и за другите реципиенти со тоа што Прајс горенаведените редови ги чита од еден лист, и со тоа што овие редови се римуваат, со што на секој слушател му се појавува процеп во површината на текстот.
      Особено екстремен облик на одбележување на интертекстуална релација во комуникативниот систем кој ну е иманентен на делото наоѓаме најнакрај и тогаш кога авторот дозволува личности од други литерарни текстови отелотворено да се појават во неговиот текст. Така, во Филдинговиот Joseph Andrews Ричардсоновата Памела, која во почетокот на книгата фунгира само како примател на писмата од нејзиниот брат Јосеф, кого го измислува Филдинг, кон крајот се појавува и лично - а згора на тоа се појавува и нејзиниот маж, како и нејзините родители, исто така познати од Ричардсоновиот роман. Во романот од германскиот романтизам Карловите обиди и препреки, насловниот јунак сретнува кочија од која го поздравува еден патник и одеднаш, на свое изненадување, во оној кој го поздравува го препознава „Вилхелм Мајстер”. А во романот Il barone rampante одItalo Calvino протагонистот од своето дрво не го гледа само Наполеон, туку и кнезот Андреј од Толстоевиот роман Војна и мир. Во еден есеј Теодор Циолковски има собрано низа од вакви „ликови на заем”, кои служат и за одбележување на интертекстуални релации.


5. Одбележување на надворешниот комуникативен систем

      Одбележувањето на интертекстуалните релации во сопствените текстови се појавува почесто отколку во споредните текстови, а почесто отколку во комуникативниот систем што му е иманентен на делото ова очигледно се случува на начин кој им е познат само на читателите, но не и на ликовите од текстот. Во ваквите случаи одбележувањето ќе биде послабо или помалку очигледно, но тоа не е задолжително.
       Како прва од бројните можности за одбележување, кое се случува исклучиво во надворешниот комуникативен систем, треба да се наведе изборот на имињата. Да наведеме два примера, чиешто одбележување е толку воочливо, што ниеден читател не би смеел да ги превиди. Во романот Il nome della rosa од Еко, кој се случува во средниот век, одбележани се бројни интертекстуални релации во комуникативниот систем што му е иманентен на делото - како на пример релацијата со Аристотеловата Поетика и Апокалипсата - но, се разбира, не и релацијата со детективските приказни на Conan Doyl: не земајќи ги во обзир аналогиите меѓу криминалното дејство во Ековиот роман и типичниот plot од Conan Doyl, овде одбележувањето се врши само преку изборот на името на детективот-калуѓер и неговиот придружник: Baskerville и Adso! И во Пленцдорфовиот Новите страдања на младиот В. имињата содржат вакви алузии. Преку почетната буква името Вибо потсетува на Вертер, додека името на неговата љубовница, Шарли претставува куса форма од Шарлот и на тој начин алудира на Вертеровата Лоте.
      Интертекстуалните релации, згора на тоа, можат да бидат одбележани на пример само со употреба на наводници, со поинакви печатарски букви или со поинако писмо. Пред Т. С. Елиот да ги идентифицира во едно подоцнежно издание интертекстуалните релации на The Waste Land во notes expressis verbis, една низа пасажи, преземени од други текстови, беше означена само со курзив - а освен тоа и со странскиот јазик. Така, на крајот од песната, во три последователни стихови Елиот го цитира Данте на италијански, Pervigilium Veneris на латински, а Жерар де Нервал на француски, ставајќи ги овие цитати, згора на тоа, и во курзива:

Poi s’ascose nel foco che gli affina
Quando fiam uti chelidon - O swallow
Le Prince d’Aquitaine à la tour abolie /…/

        Сличен пример се цитатите од Гетеовиот Вертер во Новите страдања на младиот В.: овде цитатите од Вертер најнапред се одбележани со тоа што наспроти останатиот текст се употребени само мали букви, а коси црти се ставени на местата каде што треба да стои точка или запирка ( што во текстот е објаснето со тоа што протагонистот ги зборува овие цитати на магнетофон, а потоа лентите им ги испраќа на своите пријатели за да ги шокира).
       Да додадеме, дека Пленцдорфовиот јунак и раскажувач зборува еден сленг, кој во истражувањето повеќепати е означен како „џинс-проза”, а стилот на Вертеровите цитати во почетокот постојано ги исмева како „надуени” и „невозможни”. Значи, како сигнал за интертекстуалност може да се употреби и стилски контраст ( а згора на тоа „полифонијата” на текстот да се одбележи во смисла на Бахтин). Во mockheroic на своите романи Филдинг дури целосно се задоволува со вакво одбележување, на тој начин што при преминот од нормалната стилска позиција на раскажувачот секогаш, забележливо „се прешалтува” на повисокото стилско ниво, во sublime style на епот.
      Авторот, згора на тоа, може најнапред да одбележи одредени интертекстуални релации во комуникативниот систем што му е иманентен на делото, а потоа, откако ќе се изостри интертекстуалната свест на читателот, да се откаже од одбележување на ова ниво. Како пример за ова нека послужи љубовната сцена меѓу Тристан Цара и Гвендолин во Travesties од Stoppard, која е карактеристична по нејзините релации кон Шекспировите текстови. Во оваа сцена Гвендолин најнапред го цитира 18. сонет од Шекспир, кого Цара изричито го идентифицира како таков. Непосредно пред тоа текстот на овој сонет Цара го исекува и потоа парчињата ги составува во нова, дадаистичка песна. Истата постапка Stoppard сега ја одбира при обликувањето на дијалогот што го водат Цара и Гвендолин при читањето на оригиналниот сонет од Шекспир и при читањето на неговата дадаистичка верзија:

Gwen: Truly I wish had made thee poetical.
Tzara: I do not know what poetical is. Is it honest in word and deed? Is it
a true thing?
Gwen:Sure he that made us with such large discourse, looking before and
after, gave us not that capability, and god-like reason to fust us
unused.
Tzara: I was not born under a rhyming planet. Those fellows of infinite
tongue that can rhyme themselves into ladies’ favours, they do reason
themselves out again. And that would set my teeth nothing on edge-
nothing so much as mincing poetry.
Gwen: /… / Thy honesty and love doth mince this matter – Put your bonnet
for his right use, ‘tis for the head! /… / I had rather than forty shilling
my book of songs and donnets here.
/… /
Tzara: /… / But since he died, and poet better prove, his for his style you’ll
read, mine for my – love.

       Овој дијалог е колаж од цитати на Шекспир, како на пример од Hamlet Iv, 4, 36, Much ADO ABOUT nothing V, 2, 40; Hamlet V, 2, 94; The Merry Wives of Windsor I, 1, 205 и Sonett 32. За разлика од Sonett 18. овие цитати не се идентифицирани во комункативниот систем што му е иманентен на делото. Со самото тоа што гледачот веднаш спознал дека Stoppard во оваа драма постојано игра со цитати од класичарите, за потоа со експлицитното укажување на 18. сонет вниманието на гледачот посебно е свртено кон Шекспир, Stppard можел да се откаже од идентификацијата или одбележувањето на другите цитати од Шекспир, особено што и овде стилскиот контраст меѓу цитатите и останатата дикција на Гвендолин и на Цара претставува одбележување.
        И кај оние цитати и алузии во романите на Арно Шмид, кои веќе беа означени како неодбележани, барем за кругот на познавачи, на кои во прв ред им се обраќаат Шмитовите романи, ваквото нешто е дадено како некое одбележување и тоа преку контекстот. Со тоа што Арно Шмит во своите романи постојано, отворено и често цитира други текстови наведувајќи ги изворите, тој создава контекст на перманентна интертекстуалност, кој го побудува читателот да бара помалку отворени или воопшто неозначени цитати и алузии. Во секој случај кај оваа, како и кај следните постапки на одбележување, повеќе се работи за гранични случаи, ако како основа се земаат критериумите на воведниот обид за дефиниција.

       Како последен пример за одбележување на интертекстуалноста преку контекстот нека послужат аналогиите меѓу сцените во Joseph Andrews и Библијата. Во првата книга од овој роман насловниот јунак е ограбен од улични разбојници и тој им се обраќа на патниците на една поштенска кочија со молба за помош. Повеќемина патници одбиваат да му дадат помош од најразлични причини, а му помага само најсиромашниот од нив, еден поштански слуга. Оваа сцена очигледно е обликувана по аналогија на параболата за милосрдниот Самариќанец, при што оваа интертекстуална релација вистина не е експлицитно одбележана, но, преку повторувањето на одредени содржински и структурни елементи на општопознатата библиска парабола, е истакната како јасно препознатлива. Во понатамошниот тек на романо се повторуваат и други сцени во кои еден човек се наоѓа во невоља, многумина луѓе одбиваат да му пружат помош, а му помага дури последниот, како на пример кога Фани треба да биде одведена од соучесниците на „roasting squire”, или кога паѓа во вода синот на Парсон Адамс. Во сите овие случаи, содржински и формално многу повеќе се варира pattern, преземен од параболата за милосрдниот Самариќанец. Читателот сепак може да распознае дека и овие сцени се однесуваат на библиската парабола - љубовта кон ближниот претставува главна тема и врвна доблест во Joseph Andrews - кога ги осознава овие цени една по друга, а особено кога ги чита имајќи ја сцената во првата книга, каде што еднозначно доминира паралелата за параболата за милосрдниот Самариќанец.

5. Взаемно дејство на повеќе облици на одбележување и на динамизирање на одбележувањето

       Досега засебно опишавме различни места на кои може да се направи одбележување на интертекстуални релации, како и некои облици на одбележување. Сепак, во поединечниот текст, интертекстуалната релација честопати може да биде едновремено одбележана на различни нивоа и со различни постапки. Ова особено е случај кога авторот сака да се осигура дека читателот во секој случај ќе распознае една интертекстуална релација. Така, Пленцдорф не се задоволува со тоа да ја одбележи релацијата на својот роман кон Гетеовиот Вертер со одбележувањето на својот наслов, туку, згора на тоа, употребува голем број други облици на одбележување - од споменување на насловот на Гетеовиот роман преку одбележани цитати од Вертер и содржинско наведување на „џинс-проза”, се до сличностите во имињата на ликовите. Релациите на својот Joseph Andrews со Ричардсоновата Pamela и Филдинг ги одбележувал на најразличен начин, но веројатно не толку многу затоа што се плашел дека неговите читатели инаку не би ги препознале релациите со Pamela, туку, бидејќи неговите критичко-пародистички интенции инаку не би станале доволно јасни, а со тоа не би се постигнало посакуваното дејство. Наспроти тоа, тој, како што веќе наведовме, се откажал од експлицитно одбележување на релациите на поединечните сцени со параболата за милосрдниот Самариќанец. Причина за ова е сигурно тоа што овде за него не биле важни пародијата и критиката, туку токму тоа што можел да претпостави дека неговите читатели ја познаваат библијата, та така во негово време - очигледно спротивно од сегашната ситуација - можел да тргне од многу ниско „сигнално ниво”.
        Во секој случај авторите, кои сакаат препознатливо да ги одбележат интертекстуалните релации на своите текстови, најчесто употребуваат повеќе можности на одбележување. Згора на тоа, одбележувањето на интертекстуалноста може да има и динамичка компонента, односно, релациите кон еден и ист претекст во текот на текстот можат да имаат се поголема или помала јасност. Во некои случаи укажувањето на некој текст првиот пат може да биде со релативно голема јасност, за потоа, кога авторот може да биде сигурен дека читателот ја воспоставил интертекстуалната релација, тој да биде сî помалку одбележан. Така на пример, јасноста на релациите со Овид во четирите куси раскази од John Cheever, објавени под наслов Metamorphoses, се смалува од приказна во приказна. Во укажувањата на Балантиновата робинзоната The Coral Island во Lord of the Flies од William Golding е обратно. Воведните глави на Голдинговиот роман најнапред само општо потсетуваат на видот робинзонада, а вон од тоа посебно укажуваат на Балантиновиот роман само преку неколку детали - како на пример со тоа дека кај Голдин, исто како кај Балантин двете од трите најстари момчиња се викаат Џек и Ралф, и дека флората и фауната на двата острова покажуваат сличност. Но, кај Голдинговите момчиња најнапред се појавува смела реминисценција на претекстот: „Here at last was the imagined but never fully realized place leaping into real life”; а веднаш потоа момчињата ги споредуваат своите острови expressis verbis со оној од Балантиновиот роман:

"It’s like in a book.”
At once there was a clamour./…/
„Coral Island – „
       Најдоцна на ова место на помалку внимателниот читател ќе му се случи интертекстуалното аха-доживување! Јасноста во одбележувањето на интертекстуалноста на некој текст може да се одложи и во текот на неговата историја на настанувањето и на објавувањето, во една или во друга насока. Движење во насока на појасно одбележување веќе констатиравме погоре во The Waste Land од T.S.Eliot, каде во првата печатена верзија само индиректно беа одбележани бројни интертекстуални укажувања, додека во една подоцнежна верзија, по желба на својот издавач, Елиот експлицитно, во notes. , ги идентифицирал и ги потврдил овие укажувања . (Издавачите на критичките изданија во подоцнежните епохи мораат навистина често да ги експлицираат интертекстуалните релации, додека на денешниот читател не му се потребни никакви идентификации.) Во своето дело New Year Letter Auden тргнува од спротивна насока: додека првата верзија содржи опширни notes, во кои меѓу другото се идентифицирани претекстови, тој подоцна ги испушта во своите Collected Poems. Слично постапува и Џојс во својата Uliysses: во една поранешна верзија сите наслови на поглавја од неговиот роман уште укажуваат на одредени пеења од Odyssee; подоцна, напротив, тој ги испушта овие наслови и го задржува само насловот на романот како експлицитно одбележување на релацијата меѓу неговиот роман и Odyssee.

5. Одбележување на книжевноисторискиот развој

        Се поставува прашањето дали и во текот на книжевноисторискиот развој постојат слични тенденции, дали епохите, кои тежнееле кон експлицитно одбележување, биле заменети со други епохи, кои своите интертекстуални релации повеќе ги одбележувале на скриен начин, и обратно. Интересен објект за истражување е исто така прашањето, дали одредени епохи преферирале одредени облици на одбележување.
       При сегашнава сознајна состојба овие прашања не можат да се одговорат само патемно. Во секој случај мора да се тргне од тоа, дека во сите книжевноисториски епохи еднододруго и едновремено постоеле различни облици на одбележување и дека ова различје не зависело само од слојот на реципиенти на кои авторот првенствено им се обраќал. Така на пример, во сите епохи постоеле автори , кои пишувале за малубројна публика познавачи и кои затоа интертекстуалните релации на своите текстови ги одбележувале на скриен начин - од поетите кои пишувале сонети во италијанската ренесанса, па се до Арно Шмит -; а во сите епохи се наоѓаат и писатели, кои тендираат кон појасно и поексплицитно одбележување - од Don Quijote на Сервантес, па се доMonsignor Quixote од Green.
         Сепак, во последнив век се обележува една основна тенденција. Поранешните епохи целосно преферираа појасно и поеднозначно одбележување. Ова важи и за класичната литературе на 18. век, којашто целосно им се обраќаше на начитаните читатели: Ирвин Еренпрајс не греши кога во еден друг контекст тенденцијата на литературата на англискиот класицизам како ја нарекува „explicitness”. Наспроти тоа, модернистичката и постмодерната литература во детали преферира поскриено и помалку еднозначно или експлицитно маркирање - онака како што во текстовите остава повеќе „празни места” и на тој начин и’ отвора многу поголем маневарски простор на активноста - а со тоа и на субјективноста - на читателот.
       Но иако овие текстови помалку отворено, а делумно и не ги одбележуваат своите интернационални релации, сепак може да се рече дека нивните автори во поголем број начелно не само што јавно се изјаснуваат за „ехото на интертекстуалноста” ("echi dell’intertestualità”), за убедувањето дека сите „книги /. . ./ секогаш /зборуваат/ за други книги, и дека секоја приказна раскажува веќе одамна раскажана приказна”, туку го истакнуваат програмскиот и интертекстуален карактер на своите тесктови како одлучувачки конститутивен елемент. Затоа навидум изгледа противречно тоа што го вели - секако не без извесна кокетерија - Raymond Federman од аспект на постмодернист:
        Therefore I shall not reveal my sources because these sources are now lost in my own discourse, and, moreover, because there are no sacred soures for thinking and wirting.
       Јавното признавање на интертекстуалноста на сопствениот текст честопати е присутно и во англискиот класицизам. Наспроти тоа лириката на англискиот романтизам и на романот на англискиот реализам на 19. век, како што докажува Laurence Lerner , честопати тендира кон една „негирана интертекстуалност”, кон негација на релациите на текстот кон други текстови и кон нагласување на „оригиналноста”.
      Сепак, ова се повеќе хипотези отколку докажани сознанија. Допрва треба да се направи приказ на историската преобразба на облиците за одбележување на интертекстуалноста, исто како што допрва треба да се напише историја на интертекстуалноста.

Превод од германски:
Ранка Грчева