ЖАНРОВСКИТЕ КООРДИНАТИ НА РОМАНОТ ДИВА ЛИГА ОД ВЛАДА УРОШЕВИЌ

Владимир Мартиновски

      Доколку како иницијална точка ја избереме тезата на францускиот теоретичар Жан-Мари Шефер дека  „книжевноста не е само едноставна сума од индивидуални дела, туку таа се коституира преку односите што делата ги воспоставуваат меѓусебно“, при што реконструкцијата на книжевното дело од страна на читателот нужно имплицира препознавање на жанровските конвенции и кодови, тогаш едно од првите прашања што се наметнуваат во проследувањето на полувековната историја на македонскиот современ роман во контекст на повеќевековната историја на овој фикционален книжевен вид е прашањето за (не)постоењето на различните облици и видови роман во рамките на нетипичниот забрзан развој на македонската книжевност. Со други зборови, се наметнуваат прашањата: Постои ли пикарски роман во македонската литература? Постои ли епистоларен роман? Роман за воспитувањето? Историски роман? Постои ли семеен роман? Детективски роман? Научно-фантастичен роман? Воедно, природно се надоврзуваат и прашањата за интертекстуалните и интержанровските односи на македонската романсиерска продуција наспроти постоечките модели во светската литература.    
       Во овој контекст, се чини дека токму од жанровски аспект романот Дива лига (2000), најновиот од четирите досега објавени романи на Влада Урошевиќ внесува неколку нови, апартни и ретки бои во мозаикот на педестгодишниот историјат на македонскиот современ роман. Всушност, тоа прецизно го детектира српскиот компаратист Зоран Константиновиќ, разгледувајќи го романот низ призмата на современите текови на постмодерниот роман. „Без разлика што  овој роман е линеарен во своето раскажување, што не боледува во толкава мера од цитатноста - подвлекува Константиновиќ - тој е сепак изразен пример на постмодерен роман,  и тоа првенствено со својата културолошка тема дека на тлото на толку богата земја како што е Македонија, постоела цивилизација уште пред Александар Македонски и тоа египетската цивилизација, па во потрагата по откривањето на оваа цивилизација романот прераснува во некој вид детективска потрага по оваа древна цивилизација. Ваквата детективска потрага е исто така карактеристична за постмодернистичкиот роман“.  
        Оттука, несомнено е дека романот Дива лига би можел да се разгледува во дослух на жанровските константи и традицијата на полицискиот роман (фра.  „roman policer - polar“) т.е. детективскиот роман (анг.  „Detective Novel“), чиишто далечни пра-корени се лоцираат уште во сижето на трагедијата Ојдип Тиранин на Софокле, но кој како романсиерски жанр постепено се етаблира во текот на првата половина на 19 век. Имено, во обидот да ги зацрта основните координати на детективскиот жанр во прозата авторот на Убиствата во улицата Морг Е. А. По говори за мистерија решена  „со прецизноста и строгата логика на еден математички проблем“. Во овој контекст, детективскиот роман речиси без исклучок има две основни правила: 1) на почетокот од текстот има една енигма; решението е логично но неочекувано за читателот, при што 2) читателот и детективот сепак треба да имаат подеднакво шанси да го најдат клучот на мистеријата. Притоа, приказната во криминалистичкиот роман го привлекува вниманието на читателот преку ”загатливиот проблем (puzzling problem), кој по правило - но има исклучоци - се однесува на некое направено злосторство”.
       Всушност, наративната структура на романот Дива лига во голема мера кореспондира со главните координати и барања на детекстивскиот жанр, макар што во една маскирана и модифицирана форма. Имено, теоретичарот Жан Тулар потсетува дека  „спротивно од утврденото мислење, постојат и криминалистички романи без трупови, па дури и без детектив“, што е секако релевантно и за романот на Урошевиќ. Всушност, уште на почетните страници од текстот е воспоставена семантичката врска меѓу професијата на главниот лик - археологијата  и  детективскиот позив. Имено, младиот невработен археолог Бојан влегува во неизвесна истрага чијашто главна цел е разоткривањето и расветлувањето на една актуелна масовна криминална пракса - нелагалната т.е.  „диватa“ археологија. Уште при првото читање станува очигледно дека романот изобилува со низа експлицитни сигнали кои ги актуелизираат релациите со детективскиот роман.

     Имено, девојката на Бојан, Маја уште по првите перипетии забележува:  „Ова се повеќе прилега на криминалистички роман.(...) Каков заплет! (стр. 31)“. Исто така, соочен со една драматична сцена, главниот лик ги бара паралелите со она што му се случува токму во една од парадигмите на полицискиот роман:  „Како во романите на Агата Кристи?“ (стр. 33), а по цела низа интриги тој со доза на иронија заклучува:  „живеам опасен живот (...) на мигови се чувствувам како Индијана Џонс.“ (стр. 95). Особено индикативно е дека нешто подоцна и самиот  наратор го споредува главниот протагонист со  „Хектор Поаро кој се впушта во макотрпна и неизвесна истрага“(стр. 118).
       Францускиот компаратист Жан Бесиер укажува на фактот дека во текот на ХХ век детективскиот роман постепено добива статус во еден вид мета-жанр: потрагата и разрешувањето на енигмата својствена за детективската истрага го имплицира и го тематизира самиот чин на трагање по смислата и скриеното значење, карактеристичен како за процесот на создавањето на книжевниот текст, така и за процесот на неговото  „читање“ и толкување. Во овој контекст, би морале да потенцираме дека романот Дива лига целосно се вклопува во оваа актуелна тенденција, особено ако се има предвид фактот дека главниот лик во романот истовремено игра неколку  „улоги“, како 1) детектив,  2) читател, 3) толкувач и 4) писател.
       Всушност, во потрагата по  „дивите копачи“, главниот лик прераснува во еден нов вид детектив, чиишто задачи се покажуваат далеку покомплексни. Како детективот, така и археологот ги базира своите сознанијата и ги развива хипотезите и заклучоците врз основа на траги“, фрагменти  т.е. елементи од мноштво веќе постоечки текстови". Оттука, задачите што се исправаат пред главниот лик се состојат во одгатнување, дешифрирање, декодирање, реконструирање и толкување на цела низа различни семантички системи од бројни древни култури и цивилизации: од култови, религиозни верувања, иницијациски ритуални пракси и езотерични учења (кабала, алхемија, астрологија), преку писма, ликовни дела, фрагменти од артефакти, до археолошки и воени мапи и карти, шифрирани записи, тајни знаци кои стануваат интегрален дел од романескното ткиво, при што на едно место во романот се потенцира:  „тешко е да се реконструира тој систем на пренесување на пораки низ вековите“ (стр. 167). Токму затоа, интегрален и неопходен дел од потрагата на археологот е токму умешноста во сегашнота да се препознаваат веќе кодифицираните знаци и траги од текстови кои потекнуваат од минатите времиња. Притоа, во улогата на читател и интерпретатор, археологот го интересираат  „второто, подлабокото значење“, „затемнетата симболика на нештата“, како и одгатнувањето на   „длабоко зашифрираните пораки“. Во овој контекст, нараторот констатира:  „Како и секогаш во овие простори, знаците се допираа, се мешааа и се преплетуваа, носејќи ги своите пораки од далеку и мрморејќи ги на уво на оној што беше спремен да застане и да ги слуша (...) Но слоевите тука се мешаат, преземајќи белези од минатото и пренесувајќи ги кон други времиња, преплетувајќи се во еден тешко разбирлив палимпсест.“ (стр. 85 и 87).  
        Суштинската разлика во однос на класичниот детективски роман се огледа токму во епилогот на истрагата. Детективскиот роман проповеда вера во еден среден свет во кој  „за човечкиот интелект нема несовладливи пречки“, така што Жан Тулар го смета ликот на детективот за  „чедо на позитивизмот“, а детективскиот роман за  „апотеоза на сциентистичкиот дух“, додека во романот Дива лига мошне умешно е реактуелизирана познатата максима на Рембо („Нашиот блед разум ни го крие бескрајот“). И покрај тоа што главниот лик успешно разрешува две археолошки загатки (мистификацијата на египетскиот артефакт и авантурата околу лоцирањето на митраистичкиот храм во Мариовско) , тој сепак на крајот е соочен со сознанието дека  „некои нешта сигурно ќе останат нејасни засекогаш“, по што произлегува и автореферентниот заклучок:  „приказна во која сите нешта се сосема јасни не вреди ни да се раскажува“ (стр. 211). Оттука, ако ја имаме предвид иновантната димензија на трите претходни романи на Влада Урошевиќ, без голем ризик би можеле да констатираме дека со романот Дива лига овој автор инаугурира уште еден нов модел во македонскиот современ роман, вешто поигрувајќи си со жанровските координати и со жанровските  „хоризонти на очекување“ на детективскиот роман.