ЗАБЕЛЕШКИ ЗА КОМУНИКАЦИЈАТА ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ РАЗГОВОР

Волф Дитер Штемпел

       1.1. Филип Лежен (познат и почитуван како автор на меродавни трудови за автобиографијата) бил, така известува тој, разочаран: го гледал филмот Sartre par lui - même (1967), во којшто насловниот јунак во круг на стари пријатели од Les Temps Modernes (списанието Модерни времиња, заб. прев.) и во разговор со различни партнери раскажува за себеси и за својот живот, и притоа чувствува задоволство; но, откако ја набавил неколку месеци подоцна објавената писмена верзија на Сартровите излагања, добил впечаток на „pauvreté“ - осиромашеност и „rabâche“ - здодевност (повторување на почесто кажаното). Всушност, три часа филмско доживување биле собрани во (нескратена) транскрипција на 120 страни, кои можеле да се прелистаат за 45 минути.
      Лежен има право кога го споредува своето разочарување со баналното искуство што, во принцип, може да се разбере кај секоја транскрипција на разговори, интервјуа и др., и токму поради тоа, искушението е лесно разбирливо, пред сè во комерцијалното подрачје, онаму каде што на широката публика не и’  е дадена контролирачка можност за соодветно да оцени една „уморна” транскрипција. Во дадениов случај таквата манипулација беше забранета во однос на филмот кој истовремено се прикажува, што доведе до привидно парадоксален резултат, дека авторите на писмената верзија токму со тоа што скоро и да не отстапиле од буквалниот текст на оригиналот, истата ја „предале“, значи во крајна линија ја фалсификувале. Што се случило? Ништо повеќе, но и ништо помалку од тоа што во книгата незабележително исчезнала аудиовизуелната појава на говорниот субјект, и според Лежен, останал талог од „сувопарни реченици”. Лежен го зема овој прв заклучок како повод за, со помош на мал извадок од текстот, поконкретно да го анализира медиумскиот процес на пренесување, и притоа успева во детали да покаже дека за други цели неупотребливиот, буквален текст повторно заживува, откако на исечокот ќе му се врати тонскиот и визуелен запис, а јазичниот исказ повторно ќе се поврзе со живиот исказен процес. И повеќе од тоа: природноста на човечкиот говор одново се воспоставува преку повторна проекција на вродените знаци на усменоста (особеностите на изговорот, промените во јазичното темпо и интензитетот на гласот, квалитетот на гласот - кај Сартр, според впечатокот на Лежен, тој е „метален и лесно назален”, (с. 276), преку реактивирање на мимиката и гестикулацијата; освен ова, со мајсторска интерпретација Лежен може да објасни како токму она што во текстот отпаднало како жртва на задолжителната писменојазична козметика (фрази, прекини во реченичната конструкција и др.), или се наметнувало како редундантност, повторување, баналност и неумешност во начинот на изразување, најчесто преку поврзување со соодветните артикулации во интонациското или невербално подрачје, наеднаш се појавува мотивирано, та дури и како дел од една поширока исказна стратегија.

       1.2. Интересот на Лежен за излагањата на Сартр, се разбира, продолжува; на крајот на краиштата, тој е добар познавач на авторот на Les Mots (Зборовите) и во дадениов случај избрал дел од текстот во којшто Сартр се изјаснува за тешкиот однос со мајка си – доволна причина за да и’ се посвети особено внимание на исказната симптоматичност во еден психоаналитички сензибилизиран однос на исчекување. Сепак, би било погрешно, кога интересот на Лежен за спроведениот експеримент на повторно оживување на текстот, би се поврзал со предусловот, говорниот субјект да располага со начинот и степенот на познавањето, што подразбира потреба од опширна информација за сè она кое е поврзано со неговата личност. Веројатно токму во писателското, и особено во литературното подрачје, читателот може да се вознемири околу претставите за авторот, а одредени очекувања можат да бидат особено разочарувачки, ако се понуди текст кој е конципиран така што е отуѓувачки по однос на оригиналот, и воопшто не е конципиран за комуникација со читателот. Но, доволно е, ситуацијата на еден секојдневен разговор да се стави на местото на интервју (кое, згора на тоа, се чини во писмена форма е уште повеќе монологизирано), за од „отпадот” на писмениот исказ, од слабостите на релевантноста на писменото тврдење, од воочливите несигурности при кодирањето, да се препознае дека тоа не може да биде целата содржина на еден разговор, и дека под извесни околности, поаѓајќи од ваков „abstract“ (резиме), воопшто не може да се разбере дека е „воден” и завршен еден разговор (дијалог).

       2.0. Да кажеме веднаш дека кај типот на разговор што овде ќе го земеме како основа, не играат никаква улога надворешните нужности, прецизните практични поводи, па дури и институционалните норми. Со ова сè уште ништо не е кажано за содржината на ваквите разговори ослободени од објективни принуди, туку е даден само условот дека лицата кои учествуваат во разговорот тоа не го прават со цел да извршат некои практични функции. Повод за секојдневниот разговор за којшто овде ќе стане збор, во суштина е желбата или потребата за размена со еден или повеќе партнери за разговор и тоа може да се случи во воз, при посети, покрај оградата на градината, значи секаде кајшто луѓето имаат или пак наоѓаат време еден за друг. Разговорите од овој, или нему сроден тип, во последниве години, често се разгледувани и се анализирани, и тоа со различен интерес за осознавање. Овде станува збор за тоа јасно да ви покажеме нешто сосема општо, со цел да се поттикне увидот во условите за конституција на вакви разговори и да се подобри нивното разбирање. Конкретна појдовна точка при тоа треба да биде прашањето поставено на почетокот, фактот што и покрај упорната незначителност и баналност, покрај осиромашеноста „pauvreté“ и здодевноста „rabâche“, ваквите разговори не само што се мошне често присутни во социјалната практика на секојдневието, туку и фактот дека она што вообичаено се нарекува „дрдорење”, „жалење” односно „разговор” и „конверзација”, не ретко дури се посакува и се бара. Се разбира дека овде најмалку се мисли на рутинските контакти од типот на оние кои се сведуваат на разговор за времето, туку многу повеќе на размената на информации за случки и искуства, за информации за сопствениот живот, озборување, претпоставки, сфаќања – така што би можеле да запреме кај овие општи примери. Секако дека се работи за дел од социјалната практика која, колку и да варира зависно од ситуациите и можностите, не може да биде специфицирана ни само од социјалната средина, ни од сталежот.

       2.1. Кога на крајот на шеесетите години живата реч стана посебен предмет на истражување во лингвистиката, многукратно се потценија воопштувањата кои теоретски и практично произлегоа од неа. По вообичаеното стручно самопоимање, вербалниот говоростана да биде предмет на проучување, и понекогаш беше вовлечен во прагматични и интерактуелни односи. Но, дека свртувањето кон првобитниот начин на употреба на јазикот (наспроти којшто писмениот јазик претставува изведен, значи секундарен инструмент за разбирање) требаше веднаш да се поврзе со сознанието дека вербалниот јазик овде е ограничен токму во својата медиумска релевантност, наиде на релативно слабо внимание, што на одреден начин е и разбирливо: двата дополнителни медиума на усната комуникација, парајазичниот медиум на интонацијата и невербалниот медиум на гестикулацијата и мимиката, во лингвистичките истражувања се разгледувани најчесто споредно и паушално и на крај се препуштани на специјално стручно истражување, кое ги следи нивните посебни проблеми. Секако дека откривањето на овие медиуми не напредуваше толку брзо, така што анализата на живата реч се сосредоточи само на подготвителната работа за истражувањето на интонацијата, односно на гестикулацијата и на мимиката. Но, многупати не се воочува дури ни неопходноста и, пред сè, појдовната точка за еден ваков зафат. Во основа, кај Лежен се работеше за друг интерес кој ја надминува проблематичната ситуација за којашто зборуваме, интерес кој беше повод за неговото „медиумско” поставување на прашањето и кој го доведе до сознанието дека готовата „верна” транскрипција не може да биде целата вистина. Како што ќе видиме, овој изведен, проширен автобиографски интерес, има нешто заедничко со говорниот субјект.
       Околноста дека на писмениот текст на Сартр му недостига нешто одлучувачко, дека тој во крајна линија ја фалсификува оригиналната изјава, нè води кон генералното прашање за релевантноста на трите комуникациски медиуми во рамките на јазичната интеракција. Таа овде треба да биде разјаснета до онаа точка, при којашто нејзината корист ќе стане неспорна за конципирањето на секојдневниот разговор. Во секој случај е неизбежно најпрвин да се навратиме на неколку познати нешта.

       2.2. Гледано од нивниот семиотички статус, трите комуникациски медиуми можат да се подведат во малку паушално, но овде доволно доближување на дихотомијата од два вида на пренесување на информации: вербалниот јазик, по однос на неговиот репертоар на знакови, во суштина е дигитално насочен, а пак феномените на интонацијата и телесните знаци се аналогни. Ова всушност значи дека аналогната сигнализација одржува неопходна врска со реалниот момент што таа го ре-презентира, значи дека има иконична природа, додека пак кај значењето на вербалниот говор кое е преведено во дискретни единици, арбитрарно или и симболично определено, за тоа не може да стане ни збор. Оваа посебност на аналогниот код наспроти дигиталниот, се поврзува со други особености кои не треба премногу да се потценуваат: во рамките на една face-to-face (лице-в-лице) комуникација и во секојдневен разговор она што го изразуваат мимиката, гестикулацијата, држењето на телото, но и гласот, достапно е во сетилната непосредност на забележувањето, и со тоа се можни исклучиво позитивни искази, т. е. искази кои се однесуваат на сегашноста („аналогно” на тоа, нешто може да биде одбиено или вратено, но не и негирано). Пред сè треба да се размисли, дека аналогната информација преку нејзиното тесно поврзување со референцијалниот континуум не знае за нулта точка. Што значи тоа, објасни П. Вацлавик со својата многу дискутирана, повремено сомнителна, но конечно неоспорувана реченица, дека „не би можело да не се комуницира”, доколку се дојде во соодветна ситуација. Всушност, не може да има нулта точка во еден семиотички процес, кој е биде придвижен со лична конфронтација и завршен со прекинувањето токму на оваа ситуација. Вербалната артикулација не само што во принцип може да биде прекината, таа дури мора да биде и завршена, откако партнерот за разговор ќе го даде својот придонес. Додека извесните преклопувања, кои настануваат при промената во говорот, значи симултаните искази, претставуваат случајни моменти на премин или на потврдување на правото на говор, взаемноста на комуникативниот однос на ниво на невербална комуникација во начело останува секогаш присутна. И ако оваа симултаност, потпирајќи се на вербалната размена, може да биде сукцесивно преобразена, таа сепак се одржува во начелноста, под услов наспроти вербалниот говор на едниот да стојат очекуваните ставови или вообичаените реакции на другиот, кои ќе бидат пренесени преку некој израз или телесен став.
       Најнакрај треба да се истакне еден друг значаен момент, кој произлегува од веќе наведената разлика. Богатата семантика на аналогните пренесувања не може да се преведе во дигитална форма, реагирањата како симпатија или антипатија, гестовите како на пр. да се гризнеш на јазикот и др., не дозволуваат адекватно да бидат опишани со јазик, а тоа едновремено значи дека, на вербалната артикулација, преку нејзината поврзаност со медиумот на гласовност, принципиелно и’  е припишана една димензија, која зад дигиталниот хоризонт упатува на изразните модалитети, кои генетски гледано се нејзини претходници. Роман Јакобсон зборува за експеримент, при којшто еден актер од театарот Станиславски во Москва педесет пати така го интонирал исказот „вечерва“, што секојпат тоа означувало некоја поинаква емотивна ситуација, а московските слушатели со помош на тонски и видео записи коректно ги дешифрирале повеќето од нив. Секако овде се работи за синтаксички непотполна реченица или меѓу другото, за таканаречен реченичен еквивалент, на којшто му се придодава моќта на сугестијата. Но, и онаму каде што интонацијата, како компонента на исказниот чин, се јавува во подредена положба во рамки на когнитивниот процес на разбирање на исказот, треба да се има предвид дека нејзината „analoger appeal” останува во основа сочувана.
      
       2.3. Ако се тргне од овие претпоставки, тогаш е јасно дека аналогните кодови со нивната неминовност, во никој случај не претставуваат само „accessoires” или помошни алатки на вербалната комуникација, ниту пак се исцрпуваат во тоа, надополнувајќи ги на свој начин да ги изразат вербално артикулираните содржини. Односот на трите вида на пренесување информации многу повеќе се темели на медиумските различности отколку на меѓусебното коментирање.

      Со тоа уште ништо не е кажано за сегашната тежина на медиумите вклучени во директниот разговор (конверзација, дијалог, заб. прев.), а за тоа не може да се донесе заклучок ако не се земат предвид и другите соодноси. Ако се држиме до ситуацијата на лежерно спонтано разговарање, во секој случај ќе забележиме нешто кое одделно гледано се чини банално, но сепак буди интерес со својата консеквентност. Сосема воопштено и без при тоа да биде решавачки социјалниот статус на кој и да е говорник, спонтано изнесените говорни прилози по правило го немаат степенот на коректност, кој е соодветен или треба да биде соодветен на писмениот израз. Додека високо селективните граматичко - синтаксичко - стилистички правила за коректност сè уште доволно често и во рутинската пракса прилично го оптоваруваат писмениот израз, усната употреба по правило е обремената со разновидни облици на „нечистотија на кодирањето”, какви што се на пр. тн. hesitation phenomena, потоа прекинувањето на речениците или анаколути, невнимателните синтагматски секвенци и др., од што е ослободен оригиналниот текст на Сартр спомнат на почетокот, или стилистичките небрежности (повторувања, баналности на вокабуларот итн). Особеност на оваа појава е фактот дека она, кое низ оптиката на писмениот исказ, би се означило како грешка или како дефицит, во усниот разговор станува речиси неважно, и по правило партнерот-соговорник воопшто не го забележува; наспроти тоа пак, едно неугладено писмено изразување го отуѓува говорниот исказ во неговата појавна форма и воедно ја актуелизира писмената норма, па следствено ги истакнува сите лингвистички неправилности и отстапки.
       Нема да се погреши, ако оваа состојба се поврзе со таканаречените медиумски особености на усниот говор. Дисперзијата на информативната перцепција, која ќе биде предизвикана со истовремено пренесување низ три различни канали, а особено непосредноста на аналогниот контакт, имаат за последица, на контролата да и’ се одземе добар дел вербално кодирање – ако воопшто има смисла да се зборува за контрола во овој контекст. Додека хипостазата на вербалниот јазик е потребна во подрачјето на писмените заштитни мерки, во усниот израз не постои никаков повод за тоа. Уште повеќе: во комплексната семиотичка ситуација на еден разговор може да бидат позитивирани трагите на кодирање, промената на реченичните рамништа, развлекувањата итн., значи сè она што треба да се исфрли во писмениот јазик и тоа на двоен начин: во сосема општа смисла тие се појавуваат како знаци на природност и отвореност на разговорот, и се чини дека овде говорниот процес достигнува делумно до површината и со тоа му се доближува на аналогниот модус. Згора на тоа (за ова стануваше збор и во контекст со интерпретацијата на Лежен), она што се восприема како баналност или неумешност, набљудувано изолирано, може да биде дел од една посложено комбинирана стратешка постапка. Секако е вредно да се одбележи, дека по правило (ако не залажува впечатокот добиен од многуте транскрипции на спонтаниот јазик) сомнителните појави, не мислејќи при тоа за незначителните лапсуси, не се всушност грешки во морфо-синтаксичкото подрачје – оние кои се поврзани со положбата на личните заменки, формите на коњугација, употребата на времето итн., - туку се пред сè одраз и последица на диспозициите во рамки на линеарното обликување. Тие, доколку се работи за диспозиции во макроконтекстот на обликувањето на дискурсот и особено на текстот, ќе бидат и почести, но и „надворешно” непрепознатливи. Во синтаксичка рамка знаците на откажаните или развлечените процеси на планирање, вистина (теоретски) може да бидат непосредно препознатливи, но со самиот позитивен тек на разговорот тие се надминати, отстранети и едновремено завршени. Значи, не се одрекува владеењето на јазикот во потесна смисла (тоа е предуслов за учество во разговорот, предуслов кој се подразбира и за којшто не се прашува); говорникот, дотолку повеќе, треба да му дозволи на соговорникот со еден дел да учествува во обликувањето на процесот на претставување, со делот со кој му се обраќа.

 

        2.4. Досегашниве размислувања водат до прв меѓубиланс. Ако секојдневниот разговор е она место на коешто јазичната размена е ослободена од итноста на работите, од надворешните нужности и цели, ако од друга страна еден процес на лична конфронтација спроведен во „аналогна” непосредност и’ остава слободен простор на природноста на вербалниот исказ, тогаш не може да се избегне, на вербалниот јазик во секојдневниот разговор да не му се додели посебен статус, кој веќе е неспоив со она што вообичаено се подразбира под поимот „практичен“ или „секојдневен јазик“. На почетокот, и долго потоа, практичниот јазик не беше ништо повеќе од поим кој му се спротивставуваше на поетскиот јазик, и како поим постоеше само во тој сооднос.
        Во таа перспектива тој се појавуваше функционално како инструмент за постигнување практични цели, и ова поимање, применето на одредени случаи на употреба, може да соодветствува на еден од неговите суштествени аспекти. Јазикот, што го сретнуваме во секојдневниот говор, е во спротивност со тоа, дури може и да се каже, дека тој со поетскиот јазик го дели спротивниот атрибут во форма на „делотворен” јазик, се разбира без да може поради тоа да биде идентификуван со него. Сепак, сакаме за момент да се задржиме на оваа сличност, бидејќи се чини дека токму таа овозможува да се продлабочи увидот во посебноста на секојдневниот говор. Во една мала, неодамна објавена студија за лаф-муабетот (bavardage), Ане Мари Валиула на крај му ја признава корективната/регуларната функција на овој вид говор. Она што ја наведува на ваков заклучок е последица од тоа што авторката под bavardage (лаф-муабетот) подразбира женска и само за жените во „подредена позиција” ограничена практика, која во својот стремеж за оправдување му подлегнува на клишето:

       Le bavardage, discours sans finalité apparente immédiate, ouvre les portes de l`imaginaire (..). Cet accès à l`imaginaire permet de renverser les rôles, d`améliorer le sien; tout dans ce domaine devient possible et l`on voit où les bavardages fleurent le mensonge puisque leur but est justement de travestir la réalité, de la reconstruire afin de la rende plus vivable, surtout de ne plus en être le jouet, l`objet, mais le sujet. Ce n`est pas un hasard que seuls „bavardent“ les êtres en position subalterne qui n`ont pas suffisamment la maîtrise de leur vie et que se réfugient dans l`imaginaire (..).Ainsi la parole qui n`est pas liée à un pouvoir, qui ne débouche pas sur une action, qui n`a pas de projection sur le monde extérieur, fait retour sur soi, se nourrit d`elle-même, tourne à vide, s`emballe. Le bavardage apparaît comme le pôle négatif de la parole. (p.98)
        „Лаф-муабетот, дискурс без моментална појавна завршница, ги отвора вратите на имагинарното (...). Овој пристап кон имагинарното допушта да се разменат улогите, да се подобри сопствената: сè, што во овој домен станува возможно и се гледа како обичните лаф-муабети ја поттикнуваат лагата, затоа што нивна цел е токму да се травестира реалноста, да се реконструира со цел да се направи пожива, особено со цел повеќе да не се биде само играчка, предмет, туку субјект. Не е случајно што „муабетат" само оние кои се поставени во подредена позиција и кои не владеаат целосно со сопствениот живот и дека тие бегаат во светот на имагинарното (...). Така, живата реч, која не произлегува од некоја позиција на моќ, која не се свртува кон некоја конкретна акција, која не е проекција на надворешниот свет, се свртува кон себе, се храни самата со себе, се свртува кон празното, се затвора во сопствениот занос. Празниот „лаф-муабет" се појавува како негативен пол на живата реч." (прев. од фр. К.Ќ.)


       Ако се отфрли она што им го должиме на посебните перспективи на авторката, тогаш оваа дефиниција на лаф-муабетот (празните разговори) има  нешто заедничко со она кое произлегува од него и дека, mutatis mutandis, може да важи независно од полот и социјалниот статус на говорникот, дека одговара на нашата дефиниција на разговорот и воедно се вклопува во перспективата која претходно беше посочена. Така, аналогиите се очевидни со тоа што во една општа смисла може да се оцени како естетско доживување: во ослободувањето од практичните намери, во самообезбедувањето на субјективност, во ослободувањето на еден јазичен израз, кој се развива самиот од себе во отвореноста на разговорот.

       2.5. Ако уште малку се задржиме на целната теза на овој текст, тогаш се чини дека недостасува една димензија. Таа произлегува од горе воспоставената релевантност на аналогно образложената непосредност на искуството на другиот, која нема да биде само пасивно спроведена, туку и пренесена во форма на сопствен говорен прилог. Ова искуство, кое, како што беше кажано, воопшто не може адекватно да се искаже дигитално, му претходи на вербално-јазичниот исказ не само фило- и онто-генетски, туку и семиотички, добива всушност во онаа мерка суштествено значење за соодветното поимање на секојдневниот говор, во којашто се чини дека тековнојазичната активност е свртена спрема себеси во отвореноста на разговорот. Таа, конкретно кажано, се однесува на перцепцијата на, на пр. топлината при обраќањето, симпатијата, директноста, невообичаеноста, живоста итн., при активното или пасивното воспоставување на контактот, значи се однесува на оние својства и социјални вредности, кои на еден или на друг начин се поврзани со состојбата и, конечно, со самопоимањето на субјектот на искуството.
       Се чини, од оваа позиција погледнато, не е сосема невообичаено, при начелното зачувување на категоријалната разлика, квалитетите, кои на опишаниот начин се спознаваат во секојдневниот разговор, да се набљудуваат како еквивалент на она што Ингарден го нарекува „метафизички квалитети”. Се разбира, „возвишеното, трагичното, ужасното”, „привлечното, лесното, спокојното” итн. – се квалитети, кои тешко се поврзуваат со семиотичките процеси, кои можат да бидат придвижени и прифатени во рамки на размена на мисли по одредени ставови, мислења или дејствија. Нивното место е литературата, литературните дела, чијшто неотуѓив и составен дел се и самите, додека пак во реалниот живот, како што забележува Ингарден, тие се реализираат сразмерно ретко (с. 313). Сепак, притоа мислиме само на „нашиот секојдневен живот, ориентиран кон практични, секојдневни мали цели и кон нивното реализирање”, кој „ако смее така да се каже, минува бесмислено, сиво и безначајно“ (с. 313), туку на разговорите како на можност за излегување, за повремено вџашување токму од овој живот (колку тоа и да е скромно), и тогаш може да се претпостави, дека таму е местото, или тоа е местото каде што може да се доживеат квалитетите, кои, според Ингарден, „не се одредуваат чисто рационално и  не се сфаќаат (…), туку едноставно (…) дозволуваат да се видат”.

       3.0. Последното прашање што сакаме да го разгледаме би требало да се разбере правилно: тоа, во прв ред, е насочено против кое било поимање на секојдневниот разговор, кое, со паушална етикета на функционална рационалност, не стигнува предалеку, или пак би сакало да го види секојдневниот говор моделиран според еден рационален дискурс со суштествено повисоко поставени барања. Се разбира, дека нема недостаток од аргументи, кои би можеле да предизвикаат сомнеж во погоре изнесената согледба. Така, скоро сите метафизички квалитети се во естетска смисла „позитивни модуси”, додека пак студенилото или антипатијата, кои можат да бидат пренесени во разговорот од страна на едниот партнер, по правило доведуваат до избегнување на комуникацијата со таквиот партнер, или, во секој случај, до отсуство на какви било понатамошни контакти со тој партнер. Исто така, би можело да се дојде до сознанието, дека хипостазата на тековниот јазик во поезијата – која и покрај сè се стреми да го укине арбитрарниот карактер и да му помогне на јазикот да стекне иконичност – е поставена токму наспроти автоматизацијата на секојдневниот говор. Но, она што според мое мислење е значајно, е сè уште отвореното прашање за составот на општојазичните искази. Според досега кажаното, а во зависност од околностите, би можело да се помисли дека тие можеби се празни, дека се само обичен материјален супстрат на една комуникација, која во суштина се спроведува на ниво на непосредни субјективни средби и (субјективни) искуства. Но, сепак не станува збор за тоа, туку за нешто друго.

       3.1. Продлабочувањето на последниве размислувања за квалитетот на значењето не е многу корисно од различни причини. Но, од друга страна пак и за нашиов контекст не е неопходно да прифатиме повеќе отколку што е основниот предуслов за секоја нормална јазична комуникација, имено, зборување со цел (во сосема општа смисла) и рабирање насочено кон него. Ако се тргне независно од секое значајно одмерување на овој предуслов, станува јасно, дека оној вид на говор на јазикот кој се развива самиот од себе,  е ослободен од товарот на практичните цели, е оставен на самиот себе (види погоре), и како што е вообичаено, и во овој случај, може да се сфати само метонимиски. Во суштина е незамисливо јазичниот исказ да и’ се припише на евентуалната омиленост, небаре партнерите за разговор -така да се каже- се исцрпиле во меѓусебното задоволство. Се разбира, вербалниот јазик учествува и во секојдневниот разговор, да кажеме најпрвин  во „креирањето” на само-известувањето, па колку е поотворена ситуацијата за разговор, колку јазичната употреба е поослободена од прагматични цели и функции, толку понагласено се одразува неговото влијание врз говорниот субјект. Друга можност во нашиот контекст, кој ја исклучува самостојноста на јазикот, во суштина е незамислива. Со други зборови: слободниот простор, во којшто се конституира секојдневниот разговор, е привилегираното место на јазичното инсценирање на субјективноста, а отвореноста на разговорот не е ништо друго одошто зголемување на оваа можност во однос на нејзиното временско простирање. Ова веќе е повод, говорниот вид кој има „регулирачка функција”, разговорот без притисок и ослободениот разговор, да се постави наспроти барањата на секојдневието. Не треба да постои сомневање дека овие чинители и околности претставуваат позитивна егзистенцијална вредност за партнерот за разговор, но тоа е само половина од вистината; се разбира не станува збор за тоа дека ослободувањето од практичните намери има за последица ужаснување за Другиот, така да се каже, делумно ослободување од contrat social (општествениот договор) во неговата најелементарна форма. Она што, од една страна, во секојдневниот разговор ќе се стекне како „самостојност”, од друга страна ќе биде самопретставување на неопходните задачи. Во тоа не треба да се гледа оптоварувачка должност, туку многу повеќе, взаемно условување на ослободувањето и наклонетоста, во зависност од заедничкиот интерес на учесниците во разговорот.
     
      3.2. Ако се тргне од тоа дека јазичната дејност во секојдневниот разговор не се препушта на субјективното самоволие, и тоа токму во својата надворешна опуштеност, во својата спонтана и воедно импровизирачка специфичност,  тогаш, последователно на оваа согледба, се доаѓа до сознанието дека со отвореноста и без намери, кои на ниво на макроконтекст се гледаат во изборот на теми и тематски аспекти, во посегнувањето на улогите во разговорот, во микроподрачјето на слободното јазично обликување, истовремено се утврдуваат можностите, ако не и нужностите, на неговото стратешко користење во рамките на самопретставувањето. Или поинаку кажано: отвореноста и природноста во комуникацијата се во крајна линија само привид на субјективност, која со тоа што станува свесна за својата посредност, се обликува како слика. Во суштина, секојдневниот разговор е привилегирано место за инсценирање на социјалниот идентитет, кој може да се формира само во актуелниот социјален однос на својата конституција и во неприсилен разговор да посегне токму по разновидните можности во оваа насока. Но, ова може да се толкува и обратно, дека смислата на вербалната употреба во сосема општото поимање, преку поединечните акти, произлегувајќи многупати од нив или пак впишувајќи се во нив, го наоѓа своето бегство во сликата или во афирмацијата на идентитетот.

 

        3.3.  Ако проекцијата на идентитетот се сфати како инсценирање на некое социјално вредносно барање, тогаш реториката станува неизбришлива компонента на јазичната интеракција. Станува збор за реторика во многу поширока смисла од онаа која се наоѓа во основите на класичното учење за убедувањето, дотолку повеќе што не е насочена кон постигнување на надворешни цели во форма на поединечни начини на однесување и делување на адресатот, значи не е одделена во специјално обележани манифестации во зависност од можностите. Таа е повеќе природна последица на основниот семиотички принцип на секој разговор, според кого сите комуникативни искази на партнерот ќе бидат толкувани, односно сметани, како манифестации на одредени карактерни или основни лични карактеристики на субјектот кој делува. Смислата на оваа постапка, имено, барањето информации за Другиот, за да може да се заземе став при водењето разговор со него и за да се исклучи ризикот од оштетување на сопствената интересна сфера, така да се каже, се надигрува со реторичкото самоинсценирање, под услов сликата за идентитетот да не биде само позитивирана, а од страна на адресатот да постои стремеж за соодветни санкции во форма на интерес, внимание, признание и согласност, меѓу другото. Значи, се очекуваат вредносни реакции, кои, ако се бараат во непосредна, отворена формулација, би морало да изгледаат како да се неосновани, или бесмислени, односно постои оправдана причина да се верува дека се штетни.

 

        3.4. Изигрувањето на неоспорниот личен интерес од страна на партнерот преку постоечкиот соговорник, кој во позитивната слика на идентитетот истовремено ја бара идентификацијата на Другиот како вид санкција, е без сомнение изложено на извесен ризик на успех, но тој ризик е неспоредливо помал отколку при примената на тематскиот чин на убедување. Во вториов случај, тешко дека може да се појде од тоа дека неговото успешно остварување би било загарантирано токму врз основа на една специјална реторичка постапка, водена според правилата, та дури и предзнаењата за „објектот-адресат” би можеле да влијаат да се намали ризикот на успех, но, начелно, не и сосема да се отстрани. Поинаков е случајот со реториката на идентитетот, која, иако често е повод за одредени јазични чинови, постојано се применува во рамките на важечките начела за интерактивна комуникација, кои предвидуваат казнени мерки доколку истите се повредат. Ова треба да се прифати поради тоа што, како што е веќе кажано, реторичката димензија во суштина е впишана во секој говорен чин, па во таа смисла воопшто не е исклучен и неконтролираниот ризик на успех. Сепак, какви се правилата кои управуваат со создавањето на сликата за себеси?

 

         3.4.1. Важноста на еден интерактант/субјект во областа на симболичната интерактивност, на којашто укажува и Е. Гофман, а која во разговорот е предадена како богатство на меѓусебно внимание кое вреди да се заштити, во поново време даде повод за истражување на стратегиите за учтивост, што во референтната студија на Пенелопи Браун и Стивен Левинсон се поврзува со земањето предвид на зборови од целосно различни јазици (англиски, маја -јазикот од Чиапас во Мексико, јужноиндискиот Тамил) и со барањето за универзална репрезентативност на главните резултати.10 Во суштина, се чини, дека се настојува, освен постигнувањето на социокултурна и географски варирачка дистрибуција, да се изедначат разнородните стратегии со она што Браун/Левинсон го нарекуваат „позитивна учтивост” (да се устремиме кон партнерот, да покажеме интерес за него и за неговиот живот, да го избегнеме различното мислење), како и со оние на „негативна учтивост”, кои го ослободуваат партнерот од потребата да се наметнува (imposition), со што ја намалуваат и потребата да се создаваат отворени разговорни ситуации во коишто некој некому нешто наложува, наречени  „face-threatening-acts“, со цел да се намали нивната острина – на пример во форма на недвосмислено барање/налог.

      3.4.2. За нашиот предмет на интерес посебно се интересни негативните форми на учтивост. Нивна голема фигура е индиректноста, која не доаѓа до израз само во многу дискутираните, таканаречени индиректни говорни чинови („Може ли да ја добијам солта?”), туку и во индиректното обраќање на субјектот кој говори, со што, на пр., му ги одзема контурите на говорен чин на она што мисли да го каже, така што на Другиот му остава само привидни, а не фактички опции за разбирање, кои ја потценуваат моќта на сопственото знаење, итн. Колку и да е впечатлива изведената демонстрација од Браун/Левинсон, не смее да се превиди фактот дека учтивоста во суштина е пропишана од стратегиите на избегнување (сп. доле за „позитивната” димензија), што значи дека постојат делови од содржините, во коишто тие самите остануваат без обележје. Конверзациските (дијалошките) раскажувања, чијашто содржина не ја допира вредносната сфера на слушателот, општо земено не нудат многу опции, додека пак самопрофилирањето на раскажувачот наоѓа многубројни можности во оптималното подготвување на раскажувачкото градиво. Дури и таму каде што сопственото доживување и делување се тема на еден ваков конверзациски чин, сопствената сфера на идентитет дозволува да стане позитивна преку голата раскажувачка форма на начин кој воопшто не може да биде исфилтриран од учтивост. Од една страна, реториката на идентитетот е во согласност со стратегијата на учтивоста токму во основната појавна форма на индиректноста, но од друга страна треба да се истакне дека и поинаку гледано, нормите на учтивост важат подеднакво и за адресатот, што значи дека, на пр., доколку нему му се упатат директни наредби, тој ќе ги негира или ќе ги превиди, без од тоа да изведе автоматски неповолни заклучоци или вредносни судови и реакции.
      Карактеристичен пример за тоа кој може да ја разјасни оваа состојба на работите е искажувањето на вредносните судови, за коишто може да се каже дека токму во секојдневниот разговор го имаат своето вистинско место. Дури и ако се ограничиме на случај кој не се однесува ниту на атрибутите на соговорникот, ниту на нивната вредносна димензија, ниту пак на оние на говорникот, изјавата од типот „Филмот е одличен”, „Париз е едноставно фантастичен” и др., станува „face-threatening-act” во апсолутна форма, доколку говорникот му го наметнува своето мислење на соговорникот и му дава повод да се сложи со туѓото мислење (често со формите на потврда „така е, нели” и сл.). Секако дека во таа смисла постојат учтиви форми на искажување, такви, кои на пр., го ублажуваат сомнителниот суд со тоа што го преформулираат она кое е перформативно („јас мислам”, „според мое мислење” и итн.). Но, и наспроти тоа треба да се запрашаме: дали еден ваков разумен суд навистина се оправдува, или поточно кажано: дали еден вредносен суд ќе се доживее секогаш и само како наметнување („imposition”) во својата апсолутна форма, дали исказот токму поради тоа што пренесува нешто од светот на вредностите и темпераментот на говорникот нема да му се чини доволно интересен на соговорникот, кој поради тоа ќе го вреднува внимателно со формите на негативната учтивост. Дури и кога би можеле да дојдат до израз социокултурните ограничувања, не смее однапред да се исклучи можноста дека спонтаноста како развој на субјективноста и интерактивно може да биде позитивна вредност, а соговорникот, меѓу другото, повеќе посакува отвореност или директност отколку загрижувачко релативизирање и обѕир, секако во оние случаи, во кои исказот на една субјективна одвај лажна и одвај оспорена состојба на работите е лишена од директна придвижувачка сила, и со тоа, како што веќе спомнавме, погоден е, чисто формално, симболизмот на одбегнување на учтивоста.

 

       3.4.3. Ако може да се тргне од сознанието дека при интеракцијата интерсубјективниот сензибилитет и од страна на говорникот, и од страна на соговорникот зависи од сосема различни услови, ако понатаму фигурата на индиректноста во најширока смисла биде често прифатена и во случај кога изразува не помалку, туку повеќе субјективност, тогаш за реториката на сликата на идентитетот постојат добри шанси да ја издржи интерсубјективната контрола или пак да ја превиди токму затоа што е реторика. Повеќекратна неоспорена практика е, токму исказните форми за учтивост, да се користат како алиби за инсценирање на посакуваната слика за идентитет, како што покажуваат на пример многуте прашални форми, кои, преку таканареченото реторичко прашање, преминуваат во чисти барања за согласност или потврда. Во крајна линија, самото практикување на „позитивна учтивост” (примери од Браун/Левинсон кон „стратегијата 1: Забележување, грижење за Н (неговите интереси, желби, потреби, добра): вашата блуза е многу убава, дали ја направивте сами?, кон стратегијата 2: претерување (интерес, потврда, сочувство со Н): колку фантастична градина имате!’”, с. 108) е помалку самооткажување присилено од ритуалот, а многу повеќе стремеж, кој ги надминува прагматичните учтиви идиоми (поздравните форми итн.) сè со цел да се постигнат позитивни квалификации за идентитетот (како: да се биде учтив, симпатичен итн.).
         Не може ни да се направи обид ниту да се набројат постапките на реториката на идентитетот (тие сè уште не се многукратно идентификувани), ниту пак е можно да се објасни каде лежат границите на постоечките постапки, значи каде позитивната учтивост преминува во ласкање, а негативната во лицемерие. При интерсубјективната заштита во секој случај ќе мора да се земе предвид дека таа не може да се набљудува само поединечно, туку во текот на разговорот може да се регулира со компензација. Самата проблематика на преземање на правото на говор упатува на тоа, дека дел од динамиката на разговорот почива токму врз фактот што адресатите излегуваат од пасивната улога на санкционирање туѓи предлози, и вршат противнапад - зошто инаку би имало конфликтни моменти при договарањето на улогата на говорникот?

 

       3.5. Секој обид да се дојде до увид во процесите на јазичната интеракција и нејзините принципи, порано или подоцна ќе се соочи со максимите за конверзација на Грајс, дури иако тие во изминатите години наидоа на критика. Смислата на овие максими (и на таканаречениот општ принцип на кооперација) не лежи, како што е познато, во моралното барање тие да се почитуваат (значи чинот во разговорот, грубо кажано, да има смисла, и според можноста да е вистински, релевантен, јасен и во обемот соодветно информативен), туку во нивната оперативност: таму каде што исказот p повредува некоја максима, му дозволува на соговорникот да претпостави, дека тој ја следел максимата, или во најмала рака, принципот на кооперација, а со повторно навраќање на контекстот и општото знаење преку „импликација” на она на што всушност се мислело, да се открие q наместо p. Токму оваа процедура ја развиле и Браун/Левинсон, кои отстапувањето на поединечните максими од нивниот контекст го сфаќаат како чин на учтивост, која токму со отстапувањето, му се пренесува како таква на адресатот. Авторите вистина увидуваат, дека можат да постојат и други причини за отстапување од максимите: но, ако е точно дека „the majority of natural conversations do not proceed in such a brisque way at all” (с. 100), тогаш ќе се запрашаме за состојбата и смислата на максимите. Самиот Грајс ги развива исклучиво како основа на максимално ефикасна и рационално ориентирана размена на информации, но зборува и за можноста шемата на правила да се воопшти, за да и’  служи на целта, да ги диригира или да влијае врз дејствата на другите. Кај него останува отворено прашањето, како треба да изгледа ова воопштување.

      3.5.1. Дури и да не се оди толку далеку како што тоа го сториле Д. Вилсон и Д. Спербер, кои во својата критика на Грајс го признаваат само (ново дефинираниот) „аксиом на пертиненција”, некои максими уште на почетокот можат да се сметаат како непотребни. И Грајс не стоел потполно зад својата максима за квантитет (зад онаа, која „повеќе не ја утврдува информацијата како задолжителна”), бидејќи максимата за релевантност е доволна: затоа постои комплементарно барање за информативниот говорен квантум, доколку тој се повреди во случај на инсинуација, упатување и др., што претставува општ составен дел на говорната практика. Со помало значење се специјалните правила за модалитет, чијашто намерна повреда е предуслов за разбирање само во случај на двосмисленост. Со тоа максимите за вистина и за релевантност се излишни, и треба подетално да се обработат.

      3.5.2. Нашето внимание повторно целисходно го насочуваме кон карактеризачкиот тип на разговор, кој, во рамките на секојдневната комуникација, го претставува спротивното на моќниот модел на Грајс. Грајс сметал на четири различни можности, и ова се однесува строго земено надвор од овој модел; тој максимите ги анализирал од аспект на говорникот, а од тие максими нас нè интересираат само две: 1. Говорникот ги повредува мирно и незабележително, што во некои случаи може да предизвика забуна; 2. Говорникот отворено повредува една максима, на начин кој на слушателот му допушта да се ориентира на последицата. Грајс, се разбира, се задржува само на вториот случај. Секако ќе се запрашаме, не само дали шемата на импликација навистина претставува соодветна санкција на повредувањето на правилата од страна на говорникот, туку и во поглед на секојдневниот разговор ослободен од надворешни намери, во која мера овде не се применува првата можност на однесување, односно првата постапка. Ако се задржиме на последново значење, тогаш тоа истовремено би значело дека максимите не само што се создаваат со negationem operativ, туку и бараат внимание во нивната позитивност; која е тогаш смислата на пречекорувањето на правилата, пречекорување кое нема да му се сигнализира на соговорникот, или пак тој не ќе може да го перципира? „Измама” би рекле веднаш, но се чини дека Грајс не мисли на овој едноставен одговор. Само: кој друг одговор би бил можен?

       3.5.2.1. Првиот одговор е толку едноставен, колку што е и радикален: таму каде што нивната техничка релевантност останува безначајна, максимите се неделотворни, односно запоставени, така што во последниот наведен случај на благо, во секој случај ненамерно еднострано непочитување, воопшто не доаѓа до нивна повреда. Всушност, (и сè уште само во однос на нашиот специјален тип на разговор), кога некој раскажува на пр. за својот личен живот, тогаш чисто теоретски, критериумот значење е битен најмалку од два аспекта: тој се однесува на тематското јадро на приказната, а потоа и на потребните податоци за ориентирање при разбирањето. И во двата случаи ова значење никогаш не може да се одреди со оценување на адресатот; во првиот случај потполно, а во вториот доколку е исполнет минимумот на податоци за времето, местото и лицата. Доколку постои повреда на правилата за релевантност, таа тешко ќе се конкретизира, независно од ограничената, во некои околности и поинаку толкувана можност во вториот случај. Таа скоро и да не е присутна во претставата на говорникот; што се однесува до соговорникот, би било неумесно неговата оценка за значењето да почива само врз тематски или когнитивни аспекти; притоа, не е важен само само начинот на пренесување на значењето, туку и ставот кон говорникот, како и тенденцијата, она што му е кажано да се направи транспарентно. Сепак, вака гледано, не е сè препуштено на случајноста. Во суштина, може да се појде од фактот дека еден исказ, изразен со барање за пертиненција, така ќе го толкува адресатот. Згора на тоа, треба да се почитуваат правилата за организација на разговорот: сè додека тематската конзистенција е сè уште актуелна, таа не смее да се омаловажува, во најдобар случај не смее да се менува или да се прекинува со специјални постапки. Но, се чини дека не само што е невозможно операционализирање на прашањето за релевантноста на барањата за организација, туку тоа, гледано во целост, во секојдневниот разговор има многу повеќе несуштествено интерсубјективно значење. Или поинаку кажано: токму општата релевантна слабост на разговорот придонесува на посакуваното место да дојде до комуникација ослободена од делотворност. Затоа треба да се земат предвид правилата на организација, бидејќи тие ја гарантираат формата на јазичната размена. Она што се обезбедува најнакрај, тоа не е само слободата на објективната итност, туку можност да се внесат релеванти во сопствената работа, токму такви кои покажуваат знаење или стручност, кои го насочуваат вниманието на сопствените позитивни состојби или пак состојби достојни за сожалување, накратко: можност за лично, поволно поставување на сцена со полагање право соговорникот да ја признае таа твоја сопствена слика.

       3.5.2.2. Во целина гледано, покомплицирани се односите кај максимите за вистина ( со две специјални правила, да се избегнат лажните искази и да не се изнесе ништо што не може да се докаже). Овде би биле доволни неколку забелешки. Најпрвин треба да се укаже на сознанието дека од социолошка страна се развиени претстави со две различни основи, кои наведуваат да изгледа безизгледно, со едноставната дијалектика на: лажно или искрено да се биде неискрен сообразно на односите во секојдневната комуникација. Во централниот поим на животот или секојдневието кај А. Шиц поимот за вистина е прагматичен во таа смисла што таму на формално важечкото усогласување на исказот со состојбата на нештата не му се припишува значење, туку многу повеќе тој е во состојба да му даде доволно објаснување18 на степенот на плаузибилност што варира според состојбата. Приближувајќи се повеќе до проблемот на интеракција, Е. Гофман повеќепати укажа на релативноста на односот вистина/невистина и ја утврди несоодветноста на категорискиот пар како основа на конверзацијата.  Овој фундамент ќе го обноват Браун/Левинсон (кои со својот face-концепт се надоврзуваат на Гофман), според концептот на Грајс како основа за импликација, но со тоа тој воопшто не доби значење. Овде не би имало потреба од темелно расветлување, доколку теоријата на јазичниот чин не го конструираше својот систем на правила, кој и’  е туѓ на интерактивноста, и  доколку хипостазата на рационалниот дискурс не го изложи субјектот како комуникативен двигател на самоотуѓувањето, поради што би морал да пропадне. Не е никакво чудо што еден критичар на Грајсовата максимата за квалитет наоѓа смисла во прашањето: зошто има ситуации, во коишто ни се допаѓа да сме искрени, а е недопуштено да лажеме или прикриваме? Но, со тоа се сменети само половите на дијалектиката вистина/лага, со зголемување на реалноста, која пак останува недоволна. Преку пример на конверзациско раскажување, јас се обидов да покажам како во услови на намален сензибилитет на референтност, може да настапи сигурност на местото каде што состојбите на работите се несигурни, да покажам, дека веројатноста која почива врз искуство нуди легитимност, се прифаќа и не се доведува во прашање (во смисла на „променливост на гледиштата” – идеализирање кај Хусерл/Шиц). Во овој случај не е дозволено ниту субјективно да се докаже отвореноста, ниту пак да се зборува за измама онаму каде што на пр. ќе бидат откриени или оформени суштините на нештата – вистинска е во прв ред желбата за идентификација поврзана со чинот, за чијшто успех може да се спроведат квалитетни - релевантни постапки. Слично на она што беше кажано за максимата на релевантност, и намалувањето на референтната контрола претставува истовремено услов за можноста, добиениот простор на располагање да се искористи за реториката за идентитет, без овој напор да стави јасна граница за свесната манипулација. Веројатно е мала опасноста, дека притоа од адресатот ќе се бара преголема толерантност, и не само затоа што самиот тој може да извлече корист од евентуалните оптималности на состојбата во говорот, туку дека во случајов, преку акцијата на говорникот, преку карактерот на разговорот и повеќеслојната комуникативна размена поврзана со него, интересот на соговорникот го наоѓа своето прибежиште во личноста на говорителот. Вака гледано, случајот на вредносните судови е информативен: се чини дека тие не ослободуваат само дел од посебноста на не ретко затворената лична сфера, туку и дека одвај се објаснуваат во строга смисла на зборот, слабо се оправдуваат, и со тоа му ја отежнуваат состојбата на соговорникот, доколку чувствува поинаку, експлицитно со исказ или одбивајќи ја интенционално изнудената потврда на говорникот.

      3.5.3. Да ги разгледаме најнакрај случаите што ги обработува Грајс, во кои пречекорувањето на максимите е спроведеноотворено и препознатливо. Всушност, се работи за класичните реторички тропи, кои пред сè треба да демонстрираат импликација при повредата на максимите за вистина (иронија, метафора, литота, хипербола). Но, сведувањето на реторичките фигури на механизам за импликација не само што нема да ја задоволи нивната прагматична функција, туку и во овој случај воопшто не функционира конверзациско-логичната импликација според концептот на Грајс, доколку повредата на максимата биде потврдена наместо да биде нагласена. Ако се случи ова, или, поинаку кажано, ако опишаната верзија не се отстрани со рационална импликација, кај соговорникот се имплицира сликата за световите во кои таа треба да е вистинита, и тогаш се појавува импликација од сосема друг вид: погледот на соговорникот преку ова посредување се насочува кон субјектот на реторичкиот чин, на неговото држење, став, итн.

        Во основа, се чини дека во последниов случај не се измени ништо од она што произлезе од претходните објаснувања. И токму овде, каде што надлежноста на максимите за конверзација требаше најпрвин да се потврди, таа е вратена назад или е оспорена, и тешко дека може на пр. да се зборува за повреда на максимите за вистина при употреба на метафорите. Ориентационите линии на тропите или сосема општо на реторичките фигури повеќекратно и поверојатно ќе се бараат во нормативните претстави или очекувања, кои, меѓу другото, или ќе бидат пречекорени, или ќе останат под границата, во евиденциите кои ќе бидат одрекувани,– тоа останува да се истражи подетално. Ова не значи дека се жртвува предноста од заложбата на Грајс, која кажувањето го става пред кажаното, туку напротив: субјектот, како почетна точка на односните отстапувања, добива уште поголемо значење со тоа што и таму каде што соговорникот јасно ќе ја прифати сигнификантноста на постапката, која овде може да му биде подметната посебно во разговорите, во кои таа не може да се смали на улога на „делотворен” функционер.
       Вака гледано, отпаѓа неопходноста, традиционалните реторички фигури начелно да добијат посебно место во секојдневниот разговор. Токму тие и’  се од корист на реториката на идентитетот, и се чини дека се прави малку разлика дали односните јазични постапки, во целина гледано, ќе се употребуваат поманифестно или подискретно, поспонтано или порефлектирачки, свесно или повеќе несвесно. Нивната употреба во крајна линија е во согласност со „прозата” на Monsieur Jourdain (Le Bourgeios Gentilhomme II, 4), дури и ако нивната јасност е помалку соодветна за комична поента.

       4.1. Да се обидеме да заклучиме што ни донесоа разгледаните размислувања. Максимите на Грајс, во основа земено, се добра дијалектичка ориентациона точка за да ја обележат, во нивната посебност, когнитивната конституција на говорните чинови во секојдневниот разговор. Енергично треба да му се пристапи на мислењето кое произлегува од фактот дека во секојдневниот разговор се работи за „дефициентен модус”; нема оправдување за тоа да се наведе како недостиг тоа што не е неопходно, кое, дури, во зависност од околностите не е ни пожелно. Податокот: „Салата беше половина полна” кажан во разговор што се однесува на една театарска или концертна претстава е општо прецизна, одмерена информација: наспроти тоа, бесмислено е да се рече: „од 1000 места 531 беа зафатени”. Колку објаснувања, на пример, без тешкотии ќе бидат прифатени од партнерот со кого разговараме во опуштен разговор, а кои според објективното мерило би се сметале за недоволни; но, токму тоа може да биде и прикладно, на пример само со навестување на контекстот во потребниот обем (од раскажувањето на една париска кабаре-пејачка, која, брзајќи од едно место на настапување кон друго, за малку ќе станела жртва на рација: „on (= la police) m`a pris pour une prostituée parce que la Rue Pigalle, enfin le quartier de Pigalle, c`est le quartier des prostituées”). Како посебно симптоматични во овој контекст можат да се сметаат тврдењата, од кои лесно може да се заклучи, дека во строга смисла на зборот тие имаат неиздржани аргументи, како на пример извесни воопштувања. Паушализирањата од типот: „Такво нешто секогаш се случува,…”, бидејќи означуваат попуштање, се недоволно објаснети, а многу повеќе, тие произлегуваат од потребата да го пренесат партикуларното, новото и потенцијално опасното во извесноста на животните искуствени структури; или пошироко набљудувано: тие се форма на преработка на „хетерономните систематски услови на дејствување”, со кои ние се конфронтираме во секојдневието. Оттука треба да се претпостави, дека таквите идеализирања (во смисла на Хусерл/Шиц) придонесуваат за удобноста во секојдневниот разговор.

       Наведениве примери даваат недоволен впечаток за можностите во секојдневниот јазик во поглед на когнитивното формирање. Ако погоре, во семиотички контекст, се зборуваше за „природноста” на секојдневниот јазик (сп. 2. 3), тогаш ова карактеризирање важи како за знаците на искажувањето, така и за когнитивната организација на кажаното и степенот на референтна близина, поточно рационалност (онаму, каде тој принципиелно може да се регулира) не само што се одредува според договорената потреба, туку оваа потреба генерално се смета за помала. Во разговорот тој варира според поставените релеванти и изненадувачки се искачува нагоре штом настапи случај на познатата одбрана, провоцирана од непочитувањето на социјалната важечка сфера на партнерот или од различните стручни ставови. Онаму каде што одбраната и нападот го одредуваат интерактивното случување во секојдневниот разговор, неговата природност отстапува зад намерите на објективноста, но на таквите ситуации, разумно и независно од реалниот настап, може да им се припише само карактер на исклучок.
      
      4.2. Одредувањето на природноста, што овде ја истакнавме за секојдневниот јазик, разбирливо бара да се пренесат набљудувањата од првиот дел, кои имаат свое исходиште во семиотичкиот аспект на комуникацијата. Поконкретно: по досегашните излагања, секојдневниот разговор треба да се сфати како место, кое во рамки на своето ослободување од надворешните намери, од една страна ја засилува „мултимедијалната размена” и дозволува да се искусат вредностите на социјалната средба, а од друга, го заштитува развивањето на реториката на идентитетот. Постои ли, згора на тоа, некоја можност за потесно поврзување на наведениве два аспекта?
        Една поопширна анализа на Р. Кокемор, која, вистина стручно е поинаку ситуирана, а централно е насочена кон проблематиката на интеракцијата, во овој контекст дава повод да му се приближиме на поимот на „предпредикативна сфера”, што во феноменолошката традиција го воведе Хусерл. Преку своето непосредно животно фундирање предпредикативната сфера и’  претходи на предикативната, и со тоа истовремено е и „предник на  сите логични резултати”. Токму со тоа го покажува своето право во поглед на субјективните конституциони резултати во реалната сфера на другите, и над другите и едновремено ја остварува неопходноста од обезбедување на идентитетот. Од друга страна, таа е подрачје во кое социјалните вредносни искуства од предпредикативна природа го наоѓаат своето значење. Ако се направи уште еден понатамошен чекор, тогаш ќе се признае комплементарноста на двата тека: останува празна реториката за идентитет која нема искуство на симпатија, интерес или одобрување, колку и да предизвикува само формално позитивни санкции. Но, можно е и спротивното: дури преку јазична акција се активираат и оживуваат ваквите вниманија.
       Се разбира дека вака погледната, пред-предикативната сфера не се појавува во генетска поврзаност, дури и кога не може да се потврди симетричен меѓусебен предуслов на двете сфери. Онаму каде што се постигнати логични резултати, онаму каде што сосема општо се бара когнитивната делотворност на разговорот, онаму каде што треба да се овозможат објективизации, таму секојдневниот разговор нуди „алтернативен” модел кој, доколку не го заменил другиот свет, тогаш сепак е понекогаш ужаснат од него. И овде не се може без какви било правила на игра, а доколку сите се придржуваат до нив, тогаш честопати на крајот победуваат сите учесници.


Превод од германски
: Марија Мицевска