ПАТ ОКОЛУ КИРКА ЗА 80 ДЕНА

Липша Леа


...Intertext(re)ality или дијалогот на бубашвабите

      ....Постои еден тигар на Борхес кој никако да ми излезе од главата...
      Постои една улица која никогаш нема да ја одминат моите чекори...
      Тоа лето наполнив 24 години и смртта ме потплеснуваше во вид на една неизлечива досада и часови и часови поминати на каучот во кујната сосема празна како таванот како белиот таван како бел лист хартија. На некои 40 степени се тегнев и деновите минуваа бели и празни, а таванот ми беше единственото огледало.  To be or not to be that was out of question. Тогаш од никаде се појави ти мала црна бубашваба на белиот таван на сред бел ден. Бубашвабите не излегуваат на светло, никогаш ми рече сестра ми, а јас веќе тоа добро го знаев, но оваа беше тука дрска и неподвижна се прчеше, можеби е мртва рече сестра ми, ама како тогаш не паѓа долу?   Или се прави мртва, тие секогаш се прават мртви кога ќе запалиш светло.  И така, јас и бубашвата продолживме да се гледаме, а таванот веќе не беше празен.  И јас не бев празна.  Ја имав бубашвабата. Цело попладне ја гледав како стои неподвижна и спокојна како време, а јас бев мирна и задоволна.  Бубашваби,  нивната игра и грицкањето во темница,  нивните јајца капсули, отровот што никогаш не може да ги убие докрај.  Тогаш влезе ти со правосмукалката со огромното црево кое се подаваше нагоре како огромен фалус (како онаа твоја разгледница дионис која стои над твојот кревет), ја приклучи машината ја доближи кон таванот и ја вшмука со гадење мојата бубашваба, и каква болка каков крик и гримаса гримаса на жена што се дави што се гуши што плаче поразена или избркана, гримаса што никогаш додека сум жива нема да ја заборавам, како кинење на парче од мене како кастрација како минус, одземање.  Ме болеше и викнав од дното крик кој не престанува крик кој се претвара во липање во безнадежно цимолење.  И тогаш...Sudden Light, I have been here before but when or how I can not tell......Has this been thus before?...
       ...и ја видов Делија, онаа на Кортасар како липа како се грчи од болка бледа страшна и убава, како Марио ја крева раката, ја зема бомбоната, и наместо кон устата бомбоната во раката на Марио згмечена и внатре бубашваба, ..(наводници)..месечината ја осветли белкастата маса телото на бубашвабата од кое беше отсранета лушпата, а околу него помешани со ментол и мелен бадем, парченца нозе и крилја, прав од смрсканата лушпа.. (наводници)...На полицата во кујната стоеше Тајно Оружје и јас ја подадов раката и баш онака Бартовски делото стана текст, почна да тече крв во безживотната хартија а во Тајно Оружјепостоеше Кирка, Кирка на Кортасар, Делија и Марио и сликата која се повтори и болката која ја чувствував, толку силно и вистински.  И видов една месечина студена и бледа како лицето на Делија, осамена месечина, осамена жена во вечна потрага по мажот што не постои, ја видов Кирка на својот остров Кирка маѓепсничката Кирка како клекнува и крикнува пред Одисеј чиј меч е високо дигнат, а таа на колена крик, крик и гримаса на поразена жена и ја видов (можеби) ја видов, но го почувствував нејзиниот студен здив, Лилит seductress, Лилит жената плус последната бесмртна, како се разгранува и тече низ вените на текстови и текстови на жени и жени и тогаш знаев дека потрагата почнува, бубашвабата палимпсест, скриен текст на белиот таван...
P.S.
       Дали вистинската ја повика книжевната или обратно, или можеби само разговараа бубашвабски дијалог едната надоврзувајќи се на другата претопувајќи се и правејќи ја границата меѓу книжевниот текст и текстот на животот непостоечка измислена, вештачки направена.  Мојата бубашваба како другиот тигар, оној што не е во стиховите.  Како да излегла од книгата и станала тело живо тело за да ме повика, за да ја повтори сликата која веќе постои во една книга, за да ме збуни, за да ме направи лик, книжевен лик, и тогаш помислив, дека ако ја отворам книгата, ќе ме голтне, а Делија ќе излезе да живее на моето место, и јас ќе останам заробена во книгата сè додека некоја друга жена не ја види истата слика и посака да ја отвори книгата....Дали тоа беше мојата болка или болката на Делија и кој беше тука лик?   Дали јас ја создадов Делија или таа ме создала мене или се поклопивме во мигот, во сликата, но крикот не беше еден крик тоа беа милиони гласови хармонично цимолење хор од крикови.  Деновиве читав една книга Women Who Runs With The Wolves, Clarissa Pinkola Estes, таа вели дека ...еднаш сонував како раскажувам приказна и некој ме фаќа за глуждот, како да ме охрабрува, како да ме теши.  Гледам тогаш дека стојам на рамената на една постара жена, која ми се смее, јас и’  велам дојди застани ти на моите рамена, јас сум помлада, ти си постара, а таа ми вели, не, така треба да биде, таков е редот, и  тогаш гледам дека и таа стои на рамената на жена која е постара од неа, а која пак стои на рамената на друга жена која е уште постара од неа и така во недоглед, постари............зошто таков е редот.

        Приказната нема господар, барем не еден, приказната не е твоја, не е ни моја, ни на Кортасар, ни на Росети, тоа е истата приказна, ама секој ја раскажува поинаку и приказната е збирот од сите приказни.  Пат, што од еден расказ ме однесе кон други раскази, кон други животи, од Кортасар кон Росети, од Кирка до Лилит, од мене до Делија од Делија до бубашвабите, од мојата реалност до реалноста на Кортасар (неговата случка со бубашвабите), од Марио до Одисеј, мостови кои ме поврзуваа со други животи, понекогаш патот беше тесен, тоа беа канали кои немаа излез, денови и денови по некои тесни и темни тунели кои не знаев каде завршуваат, но јас одев, понекогаш тоа беа светли огромни пространства со зелена трева и јаболкници, некогаш се качував, некогаш слегував, некогаш во себе некогаш надвор од себе, но јас беше едно друго јас, зошто имав мост, и јас беше Росети, беше Кирка, беше Кортасар, беше Лилит (отсекогаш било), беше една мала бубашваба на таванот во кујната....како puzzle малку по малку ми се отвори (на крајот) една друга слика, мојата приказна, вишокот приказна, а сепак  тоа беше истата приказна за Делија Кирка и Лилит, но јас ја раскажувам посебно и жената на чии рамена стојам ми се насмевнува...

...Создавањето е мешавина на заборав и сеќавање на веќе прочитаното... Борхес

Кошмар

       ...Милиони копии на Мерлин Монро чекаат пред вратите на Холивуд, но никогаш нема да влезат внатре.  Енди Ворхол мерлин монро копии.  Постои само една приказна, која е веќе измислена.  Сите други приказни се копии на таа приказна.  Се надоврзуваат една на друга, до бескрај.   Милиони копии чекаат за да станат вистинската приказна, оригиналот, големата приказна, митот.  Оваа слика противречи на претходната визија за надоврзување, за влегување во други текстови, за безгранична слобода на движењето. Интертекстуалноста е парадоксално формулирана. Ограничувачка и неограничена интертекстуалност... Ништо ново, но никогаш ни истото старо.  Разговор со текстовите, разговор на текстовите, мрдање на значењата, лизгање на означеникот, укинување на линеарното време, можност за бесмртност...но и: никогаш големиот мит, никогаш оригиналот, никогаш ново, однапред прочитани, однапред напишани.  Ако читаме некоја стара книга тоа е како да сме го прочитале сето време што поминало од денот кога е напишана...пак Борхес, неговата Библиотека...Допир, дијалог, говор во говорот исказ во исказот, говор за говорот, исказ за исказот сега Бахтин...Авторот е читател на друг автор кој е читател на друг автор кој е читател...Полиглосија, полифонија, интерсубјективност, интертекстуалност, хипертекст, архетекст, предтекст на некој цитат кој е во некој текст, но и тој предтекст е цитат (свесно или несвесно) на некој друг текст извлечен од некој друг контекст.  Експлозија на значења.  

       Интертекст, што си? Или обид за дефинирање

      Интертекстуалноста постои откако постои текстот, а текстот постои отсекогаш, и не верувам дека некогаш постоел текст кој не бил интертекст.  Но, свеста за неа постои од неодамна, кога една жена  го преведе терминот на Бахтин од интерсубјективност во интертекстуалност. За Кристева интертекстуалноста не е однос меѓу два текста, туку меѓу еден текст и корпусот текстови (ризницата, севкупниот текст).  За Кристева постои writing subject, addressee, exterior texts.  И секогаш word’s status is defined:  хоризонтално (зборот им припаѓа и на примачот и на субјектот кој пишува), и вертикално (зборот is oriented toward enterior or synchronic literary corpus).  Интертекстуалноста ја редефинира книжевноста, поточно свеста за интертекстуалноста ја редефинира книжевноста.  Зошто?  Затоа што се губи вербата во еден, целосен, затворен текст, значење едно непроменливо.  Затоа што се свртуваме кон читателот (отворено дело, reader responce criticism, песна во песна, приказна во приказна, двојно кодиран знак).  Затоа што Барт му вели на авторот ти си мртов, но смртта на авторот значи раѓање на читателот).  Затоа што Барт вели дека еден текст може да се разбере само ако е интертекст.  И дека и Јас што му пристапува на текстот е веќе plurality of other texts.  Затоа што текстот е производство, процес, динамика, наместо статика.  Затоа што текстот постои како репродукција, а не како продукција.  Затоа што твојот текст е само чвор во мрежата како сакал да рече Фуко.  Затоа што каде што почнува свеста, почнува дијалогот, како Бахтин што сака да каже или да се биде значи да се комуницира дијалошки.  Но, Барт вели и дека интертекстот е имплицитен, затскриен, несвесен цитат и да се бара значи да се западне во стапицата за прашањето за потеклото.  Постои и една друга струја или застапници на експлицитен интертекст кои велат дека постои интертекст само ако експлицитно се укажува од страна на авторот за неговото постоење, а читателот свесно го прима. Женет или урамување на дефиницијата.

        Тој интертекст, значи текстови кои се интертекстуално насочени, каде интертекстот е постапка, или Дубравка Ораиќ Толиќ, цитатност, експлицитен интертекст и обид за едно стеснување на границите на теоријата за сеинтертекстуалност.  Значи две струи: или секој текст е интертекст и цитатот е имплицитно содржан во текстот, или теорија на цитатност или цитатот е експлицитно содржан во текстот.  Секоја интертекстуалната врска има три члена текст кој цитира (нов текст); текст кој е цитиран (цитат) и претходен контекст од каде е извлечен цитатот (или предтекст, прототекст).  Односот на новиот текст кон цитатот, односно предтекстот ја одредува цитатноста, најчесто во два правци: одстапување од традицијата (борба на текстови, пародија, илуминативен тип цитатност, автореференцијални текстови, обид за хаос во литературата, исмевање на старите вредности, на претходниците) или продолжување на традицијата (надоврзување, приклучување кон традицијата, илустративен тип цитатност, продолжување на космосот, поддржување на претходниците).
       Интертекстуалноста може да има различна функција, може да биде авангардна или постмодернистичка, интертекстуалноста значи и враќање на текстот на светот (Саид), комуницирање со други уметности, со други системи знаци, со животот фактоцитат, цитат од животот...
Кула Вавилонска...

      Како што вели Борхес читањето е еден вид среќа, задоволство во текстот.  Задоволството во (интер)текстот за мене е вишокот значење, она што го добива цитатот во новиот контекст. Во новиот текст, семантичко поместување, ново светло...

...Внимателното око ја забележува пукнатината меѓу цитатите, светлоста која продира...

Лилит

And one kiss I had of her mouth, as I took the apple from her hand. But while I bit it, my brain whirled and my foot stumbled; and I felt my crashing fall through the tangled boughs beneath her feet, and saw the dead white faces that welcomed me in the pit.
DANTE GABRIEL ROSSETTI 
The Orchard-Pit

      Данте Габриел Росети, на почетокот на расказот на Кортасар.  Данте Габриел Росети, основач на прерафаелистите, mith maker, сликар и поет.  Данте Габриел Росети, кој ја донесе Лилит од преданијата, старите книги, мистицизмот, во 19 век, стварна и тука, како ги плаши и возбудува мажите, сега и тука, како во старото  време, ја оживе, ја стави во main stream литературата, ја донесе во неговото секојдневие, ја виде како седи во будоарот, сама и загледана во сопствениот одраз во огледалото, бракокршачка, убивачка на деца, заводничка, демонка на ноќта, вишокот сила, змијата со јаболко во раката, таа Лилит, Lilitu, Obizuth, првата  жена на Адам.  Но, оваа Лилит на Росети доби и вишок значење, дупка во цитатите, како што и Лилит/Делија на Кортасар добива вишок значење, поместување нанапред, чекор напред во приказната.
      Уште од сумероваилонските приказни постои Лилит, демонката, која се вгнездува во дрвото на Инана, заедно со Зу птицата која свива гнездо на крошните на дрвото, и змијата која се вгнездува кај корените, Лилит на средината на дрвото си направи свој дом.  Лилит со крила и змиска опашка, Лилит која ја подведе Ева, да го гризне јаболкото, Лилит змијата.  Првата жена на Адам, создадена не од ребро (Адам е мајка на Ева, неговото ребро ја создава), туку иста како Адам, од земја.  Која е Лилит?  На почетокот Бог ги создаде двајца, Адам и Лилит, но кога Лилит му се спротивстави на Адам, зошто тој сакал секогаш да биде над неа, кога воделе љубов, таа го изговори името господово и исчезна во воздухот.  Лилит живее на дното на морето, Лилит која ги убива малите деца, а child-slaying witch, Лилит со уста убава како мала вратичка, прекрасната демонка заведувачка, која ги убива мажите откако ќе им капне во виното змиски отров.  Лилит на која не може да и’  се одолее.  Лилит, вториот дел од Самаел, од злото двојството Лилит, целото Лилит.  Нејзиното лице е бледо и розово, нејзиниот јазик е остар, нејзините зборови мазни.  Ноќното чудовиште Лилит, вештерката Лилит, вампирката Лилит...Совршенството Лилит, Лилит која носи смрт после совршена љубов...
       Сè до Лилит на Росети, оваа сеприсутна демонка, има најчесто три функции, или три лица:  заведувачка/подведувачка, убиец на деца вештерка и првата жена на Адам.  Пред Росети, ја спомнува Гете во Фауст (Валпургиската ноќ)...„Чувај се од нејзините убави коси...ако таа освои некој човек млад, нема да го пушти така лесно и брзо“....

       Но, Китс е авторот од кого Росети ја наследува сликата на Лилит како femme fatale.  Во Lamia и La Belle Damme sans Merci,  жената е архетипска демонка, Ламиа, романтичарската Лилит.  И тука таа е заведувачка на која не може да и’  се одолее, таа плаши и привлекува истовремено, таа е лажга, експерт во телесната љубов, но не и’ се суди.  Приказната за Ламија има два аспекти: убиец на деца и вампирка.  Ламија ја засака Зевс, но Хера ја прогонуваше и ги уби сите нејзини деца.  Ламија се сокри и ги прогонуваше и убиваше децата на другите мајки.  Никогаш не можела да заспие, била проколната на бессоница.  Зевс и’  даде моќ да ги вади очите, за да спие.  Ламија подоцна е женско чудовиште кое прогонува млади момчиња и им ја цица крвта. Вампирка.  Оваа втората слика го интересира Китс, Ламија вампирката со необична убавина, Ламија, Лилит како вториот дел од Самаил/Сатана.  Лилит како искусување на дното во љубовта, после неа нема враќање назад во светот на обичните смртници, на обичната љубов.  После таа совршена љубов нема ништо друго освен смрт. 
       Сликата на Лилит прекрасната земачка на животи, самата смрт, која привлекува/плаши, но на која не и’  се суди, чија убавина е посилна од нејзиниот порок се појавува во поезијата и сликите на Данте Габриел Росети.  Но...


Огледалото на Лилит

...Секое огледало е дом на Лилит...Секое огледало е порта кон Другиот Свет и води во пештерата на Лилит.

      Убавина која нема нежност, нема сожалување, ладна убавина, загледана сама во себеси.  Оваа Лилит на Росети нарцисоидна женска фигура, која не повикува никого, која не пати за вниманието за машкиот поглед, (нејзината долга златна коса, симбол на отворена сексуалност, но и коса/змија, нејзината коса во која како во мрежа се заплеткуваат илјадници мажи), оваа Лилит, загледана сама во себеси.  Lady Lilith или Body Beauty, песната за сликата:
...And, subtly of herself contemplative,
Draws men to watch the bright web she can weave,
Till heart and body and life are in its hold...

      Афион и бели ружи, како смрт, и студена љубов.  Но, лицето, нејзиното лице, со досадата на бесмртните...Се плашеле дека огледалото може да ги однесе во пештерата на Лилит.  Но, каде ќе ја однесе Лилит огледалото? Таа, осамена, најосамената на светот, која нема ништо друго освен сопствениот одраз во огледалото.  Огледалото за Лилит не е влез во друг свет, туку таа самата.  Огледалото не е врата, туку ѕид, крајот на светот.  Крајот на значењето.  Останува само нејзиниот одраз и таа самата, никаква друга опција.  Таа знае сè, таа има сè, но нејзината потрага продолжува, проколната на потрага, на бесполезна, неуспешна потрага...зрела и тажна како последните денови на летото со коса од морски треви коса од дното, со досадата на бесмртните во скутот низ очите на милиони жени низ светлото на заби во црна темница, безбоен оган, со заби на ѕвер, што крцкаат како снег, непипнат снег  белото на смртта.  Жената плус жената вишок со копнеж заборавен под залудното време проколната на потрага, проколната да прогонува самата прогонувач и прогонета, самоизгнаник, во потрага по непостоечкиот неизмислениот маж, што нема да изгори од нејзиниот допир...
     Делија/Лилит на Кортасар, жената која уби двајца свои вереници, плава и префинета со спори движења.  А, сега третиот се фаќа во нејзината пајажина (Дури и мајката Селеста раскажуваше како Делија си играла со пајакот кога била мала).  Делија Мањара и нејзиниот трет вереник...Хектор, кој се удави...само длабоко разочарување можеше да го натера на тоа..и Роло, слабикавиот, чие срце не издржа и се струполи пред вратата, претходно мртов, падна на скалите со скршен врат.  После совршена љубов, нема ништо друго освен смрт.  И третиот Марио, кој открива на средината на бомбоната која Делија му ја нуди (секогаш треба да се јаде со затворени очи за да се погоди вкусот) бубашваба...Мало гратче со малограѓански навики и приказни, мало, скриено местенце, банално секојдневие, некоја приказна (која има аргентински имиња), за некоја девојка на која и’  умираат верениците, а приказната не може да остане незабележана во една таква средина...Но, тоа е Лилиту, силната демонка, која е осудена на потрага, а секој што ќе го осети нејзиниот допир умира.

Борхес, или пауза

      Меѓу две читања, меѓу Лилит на Кортасар и онаа на Росети, јас земав во рацете една друга книга, која првпат ја отварав и која е подарок, сосема случајно донесен пред неколку дена, купен во една сосема неутрална земја за мојава приказна и мислев да се одморам малку, јас не можев да се одморам, зошто и јас бев прогонувана од приказната.   Ја отворив книгата на Борхес и сега ми се отвори една друга приказна, за Кортасар и пак тука се провлекол Росети, само една негова реченица, според која Борхес ја толкува приказната на Кортасар.

      Во 1940 година, бев уредник на едно списание за литература, кога низ вратата влезе едно екстремно високо момче, и ми донесе ракопис кратка приказна.  Му реков да се врати за десет дена и јас ќе му кажам што мислам.  Се врати за седум дена, а јас му кажав дека веќе сум ја испратил приказната да се печати.  Годините минуваа и една ноќ во Париз, тој ми кажа дека тоа било првото нешто што му било објавено.  Приказната е за постепеното обземање на една куќа од некоја невидлива сила/присутност.  Кога Данте Габриел Росети ја прочита Оркански Висови, му напиша на еден пријател: „Приказната се случува во пеколот, но местата, не знам зошто имаат англиски имиња.“  Нешто слично се случува и кај Кортасар.  Карактерите се намерно тривијални и се движат меѓу тривијални нешта.  Топографијата одговара на Буенос Аирес и на Париз.  Но, малку по малку, гледаме дека не е така.  Авторот суптилно нè внесува во еден свет, ужасен свет, каде среќата е невозможна.  Човечката свест може да влезе во животно и обратно.  Тој си игра и со она од кое сме направени: време.  Во неговите приказни две различни времиња течат и се мешаат...
       Оваа приказна за која зборува Борхес, не е истата приказана, не е Кирка, но тоа е истата тривијална средина, каде се Делија и Марио и Мањарите и мајка Селеста и комшивката што живее над Делија.  Обични и тривијални ликови каде се случува една приказна мит, една архетипска ситуација се повторува, фигура како што сакал да каже Кортасар.  Делија е Лилит.  Или подобро Делија е реинкарнација на Лилит, новата Лилит, онаа која се родила во Алмагро.  Се бришат границите што линеарното време ги поставува како закон, закон за кутрите смртници.  Се брише самото време, зошто Лилит може да постои и во најзафрленото гратче во Јужна Америка, и во најтривијалната средина, да се слее со времето на Делија.  Но, никогаш потполно повторување, никогаш знак на еднаквост.  Оваа смртната Лилит дава вишок значење, дава дел од своето време, од својата средина, од своите верувања, вишок значење што една смртна го дава го накалемува на бесмртната.  Пред некој ден еден пријател ми раскажуваше приказна за сериски убиец кој пател додека ги убивал своите жртви, но не можел ништо против тоа, тој едноставно морал да убива.  Делија, нејзиниот плач, никој не може да ја замолкне, таа е проколната да бара, да плете мрежа и да ги убива своите жртви.  Делија не ужива.  Таа е фатена во некоја друга мрежа, таа е создадена таква, и не може ништо против тоа.  Делија seductress, но Делија осамената, онаа која крикнува на дното на морето и никој не може да го смири нејзиното липање, да ја заќутка, да-на крајот на краиштата го прекине нејзиното плачење.   Лилит осамената, во бесполезна потрага, по оној кој не постои...

Псевдоцитат или игра со времето, бришење на едни други граници

The Orchard-Pit

A Fragment
Piled deep below the screening apple branch
They lie with bitter apples in their hands:
And some are only ancient bones that blanch,
And some had ships that last year's wind did launch,
And some were yesterday the lords of lands.  5
In the soft dell, among the apple trees,
High up above the hidden pit she stands,
And there forever sings, who gave to these,
That lie below, her magic hour of ease,

And those her apples holden in their hands. 10
This in my dreams is shown me; and her hair
Crosses my lips and draws my burning breath;
Her song spreads golden wings upon the air,
Life's eyes are gleaming from her forehead fair,
And from her breasts the ravishing eyes of Death.  15
Men say to me that sleep hath many dreams,
Yet I knew never but this dream alone:
There, from a dried-up channel, once the stream's,
The glen slopes up; even such in sleep it seems
As to my waking sight the place well known. 20

My love I call her, and she loves me well: ...?
But I love her as in the maelstrom's cup
The whirled stone loves the leaf inseparable
That clings to it round all the circling swell,
And that the same last eddy swallows up. 25

       Еве ја песната на Росети, но каде е цитатот на Кортасар, оваа песна никогаш не е завршена, напишал Росети и нешто проза за оваа песна, но ни таму го нема цитатот.  Цитатот на Кортасар е псевдоцитат, кога реално постои предтекстот, но односот меѓу цитатот и предтекстот е лажен.  Најчесто се употребуваат ваков тип цитати, за да се сруши предтекстот, за да се пародира.  Но, во овој случај, целта на псевдоцитатот е сосема друга.  Кортасар, ја дополнува песната на Росети, ја довршува песната што Росети не успеал да ја заврши.  Цитатот на Кортасар може да се вметне тамо каде што песната на Росети е прекината. Каде што наместо текст стојат точки, како белина, како незавршеност, како простор оставен за допишување. Тој станува Росети, влегува во неговата песна, го прекинува линеарното време и двете времиња постојат паралелно.  Сега тоа не се времињата во текстот, времињата на ликовите, (како што се слеваат Делија и Лилит), туку времето, реалното време на авторот Кортасар и авторот Росети, Кортасар патува, за да ја заврши песната, наназад во времето, а Росети нанапред и тие се допираат, и овој псевдоцитат, наместо како пародија служи како мост, што го поврзува Кортасар авторот со Росети авторот, или можеби Кортасар човекот со Росети човекот, границите избледуваат за на крај да се избришат, како меѓу Делија и Лилит сега на едно друго рамниште.  Тоа се ликови двојници и текстови двојници, кои се надоврзуваат, се прелеваат и надополнуваат, тоа се автори двојници, можеби е тоа истиот автор…

Кирка

...сите животни чувствуваа покорност кон неа, и не се знае дали од љубов, дали од нејзината надмоќ, и’  приоѓаа, без да ги погледне...

      Кирка, ќерка на Хелиос и Океанидата Персеида, ткае и пее на својот остров Ајаја (цвилечка), островот на зората, но и островот на смртта.  Повеќе демон одметник, отколку божица, таа ги пречекува залутаните морнари, со маѓепсана храна и пијалок, нудејќи им задоволство и мир, ги преобразува во животни.  Тие ја забораваат татковата земја.  Кирка, соколица, е поврзана со тројната божица Хеката, која владее на копното, морето и небото.  Кирка е исто тројна Божица, ќерка на огнот/светло/машки принцип и водата/темно/женски принцип.  Поврзана со хтонскиот и соларниот принцип, исто како Лилит, Лилит со крила и Лилит со опашка на змија....од Делија останаа само рафинирани лудории, ракување со есенции и животни, нејзиниот контакт со едноставни и мрачни нешта, нејзиниот напола мртов здив...Кирка привлечна и страшна, сама на својот остров, вечно сама како Лилит.  Божица на смртта, која преде го преде времето кое несопирливо минува, тече.  Божицата на непоколебливото раѓање и умирање, за повторно раѓање, цикличното движење на времето.  Стравот од вечното женско, раѓање/смрт.  Метаморфозата, преобразбата на мажите во свињи, метемпсихоза, селење на душите, неизбежното напуштање на телото, враќање кон мракот, за повторно раѓање.  Пред да го напише расказот, Кортасар минувал низ една, како што самиот ја нерекува невроза.  Не можел да јаде, ја чачкал храната пред секое јадење, зошто мислел дека внатре има бубачка, бубашваба.  Гадење од храната, од животот, нагон за повраќање, како одбивање да се прими животот, како гадење од мајката.  Можеби?  И тогаш ја напишал Кирка и стравот исчезнал.  Затоа што со сласт ја проголтал бубашвабата, или можеби ја расцепил бомбоната на пола, можеби го нашол moly, таа тревка, победа над женското, победата на Одисеј поразот на Кирка?  Или тоа не беше пораз, тоа беше долго чеканиот, кој го извади мечот како да ќе ја убие, и таа крикна, крик од дното, крик на откриената тајна, тајната на сознанието плус?
      Марио ја зграпчува Делија за вратот, ја открива нејзината тајна, но дали останува неповреден?  Дали може да продолжи со животот, сега откако ја знае тајната, го гризна јаболкото од дрвото на сознанието, ја вкуси храната на Кирка, ја слушна песната на Сирените, тие птици, тие жалосни птици, под чии нозе лежат коски, никогаш незадоволни, секогаш победници...Никој не пројде покрај нас, пред да ја чуе нашата песна, па да се врати дома занесен и повеќе да знае...Марио не излегува од вратата, нèостава Кортасар сами.  Дали ќе падне по скалите како Роло, или ќе се удави како Хектор, или можеби ќе измисли некоја нова трета смрт, Делија, девојката која уби тројца свои вереници...Дали Роло и Хектор ја откриле ?тајната, па умреле, сигурно, тие не можеле да го видат лицето на Медуза а да останат нескаменети, да го испијат виното на Кирка, а да останат во својот облик, да го гризнат јаболкото а да останат во Рајот..Дали на Хектор ќе му успее...  Дали Одисеј, тој човекот кој што го минал морето, којшто успеал да го победи морето, да исплови до својата цел, како ловец, со една мисла, со една цел, е човекот тој, мажот тој, оној кој не изгорува од допирот...Марио зема чаша вода, и се враќа во собата и тогаш знае, знае што е тајната,...ја сфати желбата во нејзиниот глас, сега тоа го сфати со јаснотија, која не доаѓаше ни од месечината, ни од Делија...Дали Марио е Одисеј, човекот, кој ќе успее да помине низ царството на мртвите, да има две смрти...Смелице, који сте живи у дубине сишли Аиду, двосмртни ви сте, до други једаред умиру људи...(Хомер, Одисеја. XII. 20)
       Или можеби ова не е потрагата на Лилит по мажи, залудната потрага, можеби е ова прогонувањето на Делија, Делија прогонета од Лилит, од Кирка?

...што мајка бараш вечерва тука, што бараш ти Моја л. мојата непотребна драга.
Не ми е веќе гајле кој те проколнал и кој те заробил во залудна потрага.  Само сакам да прекинам да те намирисувам кога ти се пие крв, да те пратам, да ти го позајмувам телото, да ти ги подавам рацете, зошто ме оставаш утредента. Ме оставаш сама со лешеви.  Ноќе е, глад силна несопирлива потреба вечерва ќе пијам крв. Пазете се...Пазете се зошто утре навистина ќе ми биде жал, тоа не сум јас, мртви мои мажи што лежите кротки и непознати на првиот зрак од сонцето сè ќе исчезне....Утро е, и тогаш знам дека дупката во стомакот ќе остане засекогаш отворена рана...Дека никогаш нема да го најдам вистинскиот, непостоечкиот, забранетиот...Дека никогаш нема да го најдеш драга моја стара л.  и дека ќе продолжиш да го бараш... ја наведнувам главата надолу и се лажам дека следната бура што ќе ја предвидам ќе биде вистински крај  и за мене и за тебе...

      Метемпсихоза, Лилит и Кирка во Делија...
      Или можеби, спојување, бришење на границите на времето, повторно, спојување, создавање една нова Хеката една пак тројна божица Делија/Кирка/Лилит, обид да се допрат, да си кажат, да се надополнат, да се слеат едната во другата, и seductress да стане sorceress, користење на интертекст за спојување, можеби сега, по трет пат, за спојување на три жени, најосамените на светот.  ..
       ...  Ама зошто бубашваба, зошто тие бубачки, зошто баш бубашваба, како сознание, како вишок знаење кое убива...

Last flesh on Earth

Not Likely, we’ve developed everything from sex hormones to roac killing wasps in our billion dollar war against the cockroach, and we haven’t made much of a dent...The problem is that after 350 million years of evolution, your kitchen-variety of cockroach is exquisitely designed for survival.  A single German female cockroach generates 35.000 descendants a year on a diet of just about everything: table scrabs, glue, hair, even her young...The more offspring she produces, the better the chance that one of them will be born resistant to whatever poisons future scientists decide to spray.  Even if we did menage, to rid a city of roaches, they would still do just fine.  What the species really has going for it is wanderlust – and a penchant for traveling with people.  That is how cockroaches first colonized the world, and that’s how they are spreading today, hitchhiking on trains, planes, automobiles – even up the trousers of unknown tourist.  The last living thing on planet, says entomologist Roger Gold, will be a roach eating a lichen on a rock.

       Еве ја сега сликата, после толку одење, излегов на крајот на еден тунел, и не можев да продолжам.  (можеби можев, можеби постоеле други ходници).  Таму стоеше една направа, нешто како дурбин и погледнав низ него...
       Дали Бог ја беше уништил или некоја еколошка катастрофа, или некое нуклеарно оружје, не знам..Но, земјата  беше пустелија, без дрва и трева, без животни и луѓе..Пустелија, само карпи, со по некој лишај и бубашваби, милијарди црни подвижни точки,  кои грицкаа лишаи, отпорни на сите отрови, отпорни на уништување...и една жена која не знаеш дали лебди, дали лази и нејзиниот глас,  ужасен глас таа пее и гледа некаде далеку, таа го знаеше крајот, Лилит летка и гледа во она што отсекогаш го знаела, последното месо на земјата...Лилит и бубашвабите...Јас викнав, ми се испушти крик и тогаш се сврте и јас ги видов моите очи во нејзините очи, мојот глас во нејзиниот и наместо  да умрам, да се скаменам, јас се насмеав, се насмеа и таа последната бесмртна...и нејзиниот одраз во огледалото.