ФЕНОМЕНОТ НА ИНТЕРТЕКСТУАЛНОСТА

(ТЕОРИЈА НА ИНТЕРТЕКСТУАЛНОСТА, ПРИР. КАТИЦА ЌУЛАВКОВА, СКОПЈЕ, “КУЛТУРА”, 2003)

Лидија Капушевска-Дракулевска

1. Неколку воведни белешки

          Зборникот Теорија на интертекстуалноста, во избор и редакција на академик Катица Ќулавкова, е објавен во новоформираната едиција или библиотека “Хрестоматии” на реномираната издавачка куќа “Култура” од Скопје, на којашто и' припаѓаат уште и зборниците: Херменевтика и поетика - приреден, исто така, од академик Ќулавкова и Естетика на играта чијшто приредувач е естетичарот Иван Џепароски. Покренувањето на оваа мошне значајна едиција, несомнено, ќе пополни една очигледна празнина и ќе го ублажи недостигот од ваков тип прирачна литература во нашата средина. 
          Теорија на интертекстуалноста
 ја следи доследно структурата и стандардите во поглед на основниот концепт на овој тип публикации: имено, по воведниот, темелен и мошне исцрпен текст на приредувачот Ќулавкова, следуваат оригиналните текстови на вкупно 13 автори во превод на македонски јазик (некои од авторите се застапени со по два текста) проследени со кратко резиме и со основни биографски податоци, а на крајот се поместени и биографски белешки за преведувачите. Треба да се истакне дека најголемиот дел од преводите на текстовите од оваа хрестоматија се реализирани во рамките на научно-истражувачкиот проект “Теорија на интертекстуалноста” поддржан од Министерството за образование и наука на Р. Македонија, кој под раковоство на академик Катица Ќулавкова се работеше на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет “Блаже Конески” од Скопје, така што во неговата реализација учествуваше пред с# наставниот кадар од оваа Катедра: покрај нашиот бард или кормилар Ќулавкова, свој придонес дадоа и: Маја Бојаџиевска, Славица Србиновска, Лидија Капушевска-Дракулевска, Владимир Мартиновски и Марија Ѓорѓиева; сите тие се застапени на страниците на зборникот со преводи од француски, англиски и руски јазик, а за делот од германското јазично подрачје, треба да се одбележи соработката со Катедрата за германски јазик и книжевност при скопскиот Филолошки факултет, конкретно, ангажираноста на Ранка Грчева и постдипломките Душанка Каевска и Марија Мицевска. Значи, се работи за еден, така да се рече, интеркатедарски проект, што за жал, претставува вистинска реткост под сводовите на нашиот храм на науката. Да се надеваме дека иницираната меѓукатедарска соработка нема да остане единствен пример, туку дека ќе делува поттикнувачки во иднина.

1. Интертекстуалноста – наша современичка од дамнини

          Како што кажува и самиот наслов, стожерниот поим на хрестоматијата е една од најзначајните икони на книжевната и културната теорија и наука воопшто, во XX-от век – поимот интертекстуалност. Теоријата на интертекстуалноста изврши суштествени и функционални промени во поимањето на книжевноста во втората половина на XX-от век. Токму со помош на оваа теорија книжевниот текст престана да се посматра изолирано и парцијално, туку релационо, во созвучје со останатите културни феномени: како една од алките во бесконечната низа од текстови, или како фрагмент од целината наречена книжевност, култура, историја.
          Интертекстуалноста не е нова методолошка постапка: таа е можна уште од древните времиња, култури и книжевни дела, но тогаш, се разбира, не постоела јасна, издиференцирана свест за неа. Нејзините корени како точно утврдена категорија треба да се бараат кон крајот на 20-те и 30-те години на XX-от век (во раните студии на Бахтин, односно Валентин Н. Волошинов и Павел Медведев), а нејзиното конечно стапување на книжевно-научната сцена е неколку децении подоцна, што се објаснува со задоцнетата рецепција на методолошките иновации на ленинградскиот социолошки и семиотички круг на Бахтин во европски и светски рамки.
          Хрестоматијата на Ќулавкова започнува со “почетокот на сите почетоци” - култниот, сега веќе класичен текст на француската теоретичарка од бугарско потекло, Јулија Кр(и)стева “За речта, дијалогот и романот”, со којшто таа го инаугурира поимот интертекстуалност. Овој текст е напишан како предавање што Кристева го држи во 1966 година, по повод претставувањето на делото на ингениозниот Михаил Бахтин. Таа му покажува на светот дека токму Бахтин е првиот теоретичар кој, иако не го употребува дословно терминот интертекстуалност, укажува на овој феномен преку дијалогизмот и интерсубјективноста.
          Бахтиновото поимање на дијалогичноста на зборот или принципот на “полифоничноста” заснован на интерсубјективноста (елабориран во неговите студии за Достоевски), претставува иницијален концепт за идната поетика на интертекстуалноста. Како што, според Бахтин, значењето на зборот, неговото осмислување, настанува дури преку дијалог, така и секој текст е, всушност, дијалог со други текстови. Или, како што вели Кристева во својата одредница на интертекстуалноста: “Секој текст е конструиран како мозаик од цитати, секој текст е апсорпција и трансформација на некој друг текст. На местото од терминот интерсубјективност, се појавува терминот интертекстуалност, а поетскиот јазик се покажува, во најмала мера, како дублиран.”

3. Методолошки парадигми

          Основната развојна и тематска схема во којашто се движат огледите одбрани во оваа хрестоматија се трите носечки книжевно-теориски, интерпретативни и методолошки парадигми од втората половина на XX-от век и тоа: теоријата на текстот и на текстуалностатеоријата на читањето и на читателот и културолошката парадигма. 
          Првата методолошка парадигма – теоријата на текстот – е презентирана преку текстовите на веќе споменатата Јулија Кристева, на Жерар Женет и на Јуриј Лотман. Жерар Женет, еден од водечките европски и светски теоретичари на книжевноста и естетичари, ќе даде натамошна разработка на поимот интертекстуалност. Значењето на Женет треба да се согледа во рамките на неговото промислување на уметничкото дело како “палимпсест” или хипертекст (секој текст се чита во најмала рака како двоен, смета тој), од една страна, а од друга, во авторството на една нова кованица, нов сроден и надреден (поопшт) поим во однос на интертекстуалноста - транстекстуалност - кој ја означува “текстуалната трансцендентност на текстот”, односно “сето она што текстот го доведува во врска со други текстови.” Натаму, Женет прави една мошне оригиналната типологија на транстекстуалноста; имено, тој разликува пет типови транстекстуалност: интертекстуалност, паратекстуалност, метатекстуалност, архитекстуалност и хипертекстуалност.
          Рускиот семиотичар и професор на Тарту универзитетот во Естонија, Јуриј Михајлович Лотман, во хрестоматијата Теорија на интертекстуалноста е презентиран со својот знаменит “Текст во текстот”, кадешто македонскиот читател ќе се сретне со онаа клучна и честопати цитирана размисла која гласи: “За да функционира, свеста има потреба од друга свест, текстот од друг текст, културата од друга култура.” Споменатите зборови изречени од еден таков авторитет каков што е Јуриј Лотман, на најубав можен начин, упатуваат на основните начела на компаративната книжевна наука денес и на нејзиното промислување како своевидна поетика на средбата.
          Втората теориско-методолошка целина понудена во изборот на Ќулавкова е теоријата на читањето и на читателот. Според претставниците на интертекстуалната парадигма, ако текстовите се раѓаат од други текстови, од општата и анонимна интертекстуалност во отсуство на субјектот (оттаму и синтагмата “нулта интертекстуалност” како базична хипотетична состојба на секој текст), главната инстанца во која се согледува “многуликоста на текстот” (хетероглосијата) не е веќе авторот, туку читателската публика (аналогно на Јаусовата теорија на рецепција). Дури и се смета дека преку интертекстуалноста се надминува дихотомијата меѓу пишувањето и читањето и се воспоставува дуалистичко единство écriture/lécture, односно, дијалектичко, нераскинливо единство меѓу продукцијата (создавањето) и интерпретацијата (читањето). Токму во оваа насока се развива т.н. “генеративна теорија на читањето”, според која и читањето се сфаќа како креација, како комплементарен чин на творечкиот. Оваа методолошка парадигма во хрестоматијата Теорија на интертекстуалноста е презентирана преку текстот на Колумбискиот професор романист - Мајкл Рифатер. Неговата луцидна забелешка за текстот како Сфинга, а интертекстот како Едип, ја заговара идејата за читањето како загатка, како по-трага по решението, потрага која истовремено и плаши и мами, измачува, но нуди и естетско задоволство; потребна е само решителност да се искуси интертекстуалната енергија, зашто интертекстуалноста е покана за танц, за игра, за следење и откривање на трагите.
          Како репрезенти на културолошката парадигма која, патем речено, ги потенцира компаратистичките аспекти на интертекстуалноста, Ќулавкова ги одбира студиите на влијателните германски теоретичари Клаус Улих, Ренате Лахман, Улрих Бројх; потем, на рускиот културолог, филозоф, книжевен теоретичар и есеист, емигрирал во САД – Михаил Епштејн; на британските професори – романисти Мајкл Вортон и Џудит Стил; на британската теоретичарка Ен Џеферсон која употребува термин “сестра-текстуалност” со којшто упатува на интертекстуалните односи меѓу текстовите кои спаѓаат во корпусот на еден ист автор; на современиот американски теоретичар Греам Ален кој интертекстуалната теориска апаратура ја применува во интермедијалните дијалози меѓу уметностите; конечно, на берлинскиот професор Манфред Фистер чијашто студија, единствена од ваков тип, илустрира една конкретна интертекстуална интерпретативна опција (наспроти другите застапени текстови коишто се примарно теориски).

1. Наместо заклучок 
          Основниот критериум од којшто се раководела авторката во составувањето на хрестоматијата, како што истакнува самата во својот воведен есеј, е преку избраните и презентирани текстови на водечките имиња во оваа област од различни јазични подрачја, да даде увид во основните насоки во коишто се движеле стратегиите на толкувањето на интертекстуалноста, давајќи им притоа, намерна предност на помалку достапни, но не помалку значајни текстови и автори. Со други зборови, овде не се застапени оние текстови коишто и' се достапни на нашата средина преку соседните сродни јазични и културни средини. Основната цел, пак, на хрестоматијата, според Ќулавкова, е преку понудената рецепција во македонската јазична и културна средина, да изврши одредена едукативна и научна функција и да биде поттик за натамошни проучувања.
          Сознанијата до коишто доаѓа Ќулавкова како приредувач на две читанки од доменот на книжевната теорија и херменевтика, се повеќе од клучни за македонската книжевна наука во целина, а тоа е потребата од калкирање на голем број термини, односно потребата од нивно стандардизирање во рамките на теориската и компаратистичка терминологија на македонски јазик. Оттаму и потребата од толку неопходниот современ речник на книжевно-теориски поими на македонски јазик. Да се надеваме дека визиите на Ќулавкова за некои идни проекти наскоро ќе бидат реализирани и дека нашата книжевна наука ќе биде збогатена со некој нов издавачки потфат од сличен вид.
          На едицијата и' посакуваме уште многу, многу нови наслови!