СТРАТЕГИИ ЗА РОДОВИ/ЖЕНСКИ СТУДИИ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА: РЕГИОНАЛНА ИНИЦИЈАТИВА

ФОРМАЛНИ И АЛТЕРНАТИВНИ ОБЛИЦИ НА РОДОВИ СТУДИИ

Ката Ќулавкова

         Самиот факт што подрачјето на родовите студии е постојано соочено со симптоматична терминолошка поливалентност на којашто и’ соодветствува соодветна симптоматична семантичка поливаленција е убедлив индикатор за интензивното плурализирање на ова подрачје на интерес на општеството, а во тие рамки и за негово внатрешно усложнување исполнето, од една страна, со мноштво суптилни дистинкции на топиката на родовата проблематика, а од друга, обележано и од бројни внатрешни противречности, амбивалентни и конфликтни концептуални дистинкции. Најпрвин чувствувам потреба да разјаснам неколку аспекти поврзани со терминологијата и топиката на родовите студии, па дури потоа да се навратам на стратегиите за родовите студии во југоисточна Европа во светлина на темата за којашто се определив да зборувам на овој собир, а која имено гласи „Формални и алтернативни облици на родови студии“.
          Потребата да го разјасниме и да го прецизираме контекстот и референцијата на проблематиката на -општо земено- родовите студии, што речиси постојано ја чувствуваме кога го проблематизираме прашањето на родовите студии, е показател кој не би требало да се игнорира, напротив. Која е таа потреба? Во што ја согледуваме таа потреба? Ќе наведам неколку фреквентни и познати примери кои бараат потемелно промислување, и кои овде ќе бидат наведени иницијално но со специјална намера да послужат во дефинирањето на комплексот на родовите студии, што е неопходно за да можеме понатаму да зборуваме за етаблирањето на родовите студии во високото образование и наспроти тоа за воведување и/или опстанок на родовите студии во алтернативните облици на образование во регионалните рамки на југоисточна Европа.
          Постојаноста и актуелноста на потребата да го разјаснуваме значењето на синтагмата родови студии се огледа во фактот што употребата на оваа синтагма е не ретко проследена од нејзини сродни синтагми и поими, од нејзини опонентни поими, од нејзини синонимни и комплементарни поими кои укажуваат на видливи и помалку видливи, јасни и сеуште недоволно јасни (за одредени кругови) поимски и терминолошки дистинкции. Кога даваме приоритет и кога во суштина предлагаме женските и феминистичките аспекти да бидат средишен интерес на одредена наставна или истражувачка програма, курс, студиум, тема на конференција и слично, како да чувствуваме едновремено потреба да се дообјаснуваме, да се извинуваме, да понудиме коректив на „темата“, па велиме родови и кога не се работи за широкиот комплекс на родови студии. Кога зборуваме за теории од областа на родовите прашања, обично велиме феминистичка теорија и критика, кога зборуваме за методите и стратегиите на толкување на книжевноста, па и на уметноста во ХХ-от век, по правило велиме феминизам, феминистичка критика и теорија. Кога зборуваме за поетиката, книжевноста и пошироко за уметноста создадена од жени - творци, обично ја користиме синтагмата „женско писмо“. Одредницата феминистичка теорија нема свој бинарен опозитен пандан во некоја маскулинистичка или андронистичка теорија.

          Изворната мотивација да се основаат феминистичките студии, теории и движења е биокултурниот, родовиот, натаму социјалниот, културалниот, политичкиот, семејниот, творечкиот, историскиот (и друг) статус на жената. Тој првичен импулс подоцна, врз основа на една темелна внатрешна авторефлексија и автореференција, се обидува да најде прифатливи и неопходни корективи по однос на сопственото подрачје на интерес, по односн на јавното мнение и конечно поради свеста дека феминистичката проблематика би била фрагментаризирана токму на нејзина, штета до колку категорично се сепарира или се сегрегира од пошироката родова проблематика.
          Таквиот проширен контекстуален видокруг и мотивациски претекст доведува до конципирање на едно малку поразлично и покомплексно програмско, проектно и истражувачко поврачје на тн. родови студии. Во фокусот на истражувачкиот интерес не се наоѓа само феминистичкиот дискурс туку дискурсот за родот воопшто, за родовите варијанти и трансформации, за родовите институции, втемелени пред сe врз приопштената темелна разлика меѓу родот и полот (посматрање на „половата различностпреку критиката на родот како институција на моќ“ - Р. Брајдоти), меѓу родовиот, половиот или сексуалниот идентитет. Феминистичкиот дискурс се ревидира со едно битно дополнување кое не нуди просто интродуирање на андронистичкиот дискурс, туку кое претставува превреднување на основните феминистички категории во перспективата на родовата проблематика.
          Оттаму, родовите или џендер студиите се голем чекор напред во развојот на феминистичките студии. Тие се всушност многу повеќе исчекор од затворениот феминистички круг и од неговите суб-специјалистички опсесии, и отворање кон серијата на аспекти поврзана со Другоста и алтеритетот, која пак не инклинира ексклузивно кон жената, ни кон мажот, ни кон полот ни кон родот, туку се отвора ширум спрема сите релевантни аспекти на идентитетот, чиешто друго лице е другоста и различноста, кои пак не можат а да не ја имплицираат и сличноста и блискоста, да речеме дослухот и преодноста меѓу родовите, како што ги имплицираат и расните, етничките, јазичните, конфесионалните и идеолошките другости и идентитети, нивните меѓусебни интерпретации и проекции, нивните взаемни транзиции и мутации.
           Родовите идентитети се конституираат како значења и функции само во склоп на даден антрополошки, културален и социјален контекст. Лишени од контекстот, родовите идентитети се аморфни, непрепознатливи, атопични, немаат свое место во светот на човекот и на општеството. Надвор од минималниот контекст, дури ни половите или сексуалните идентитети не можат да се лоцираат односно можат да се перципираат пред сe како дислоцирани и лажливи параметри и вредности. Отсуството на контекстите генерира бројни заблуди, фрустрации и конфликти, меѓу нив и оние кои имаат полова и родова провиниенција.
          Плурализацијата на феминистичкиот комплекс не завршува само во насока на родовиот, кој - треба да се признае - има интегрирачки карактер и моќен дијалошки капацитет неопходен за да се воспостави интерактивен однос на релација меѓу половите и родовите „како емпириски субјекти на социополитичките реалности“ (Роси Брајдоти) природните, културните и цивилизациските дадености, идентитети, микстури, вредности и нивните системи. Доаѓа не само до еволуција во насока на востановување на еден интегрален или „тотален“ родово-културален дискурс, туку доаѓа и до повеќекратни суб-специјализации на родовата топика. Така, наспрема женските или феминистичките студии се конституира посебна област која се занимаа со проучување на веќе развиената и исполнета со сопствена историја и мисловен багаж - феминистичка теорија и критика.

          Феминистичката практика созреа до тој степен што пројави потреба од сопствена теорија, типологија, историјат, мета-феминистичка мисла која ја профилира и ја потхранува феминистичката теорија и критика. Секој дискурс во моментот на својот зенит ја поттикнува генезата на сопствениот мета-дискурс или на сопствената теорија. Тоа се случи и со феминистичкиот дискурс кој доби плодна, контроверзна и неодминлива варијанта на мета-феминистички дискурс. Феминистичкиот дискурс, поддржан од теоријата на феминизмот, доби извесна софистицирана димензија, која привлекува повеќе умови, опуси и имиња одошто тоа би го направиле женските студии во веќе традиционална смисла на зборот.
          Ми се чини дека веќе ги извлековме трите најмаркантни подрачја на коишто се сосредоточија трите основни студиуми од родова провиниенција: традиционалните женски студии, (интегралните) родови студии и феминистичките студии во смисла на феминистичка теорија/критика. За нив може да се зборува и како за три одделни и како за три комплементарни студиски подрачја, но во секој случај како за три специјализирани подрачја на проучување на науката, кои се инволвираат на свој начин и во рамки на образованието, особено високото образование, во Европа, Америка и во светот пошироко. Тие се и трите основни терминолошки и концепциски дистинкции што имплицитно или експлицитно веќе се почитуваат во едукативниот и културниот систем, а не само во специјализираните научни студии.
           Но, спомнатата плурализација на топиката на родот продолжува и во други интересни субспецијалистички насоки. Ќе ги истакнам само семантичките комплекси кои конституираат одделни подрачја на проучување, па и на образование, што ги препознаваме во синтагмите „женско писмо“, главно вклопено во рамки на компаративните книжевни студии, алтернативните теории на родот, потоа „теориите на Другоста“, во тој контекст и теориите на идентитетот, субјектот и на сексуалноста, кои имаат интердисциплинарен статус, кои не се строго поврзани ни етаблирани за одредени образовни институции и студиуми па подеднакво можат да се најдат и на компаративните книжевни и културни студиуми, како и на филозофските, културолошките и антрополошките, на пример; натаму, би можел да се истакне и интересот за тн. „имаголошки студии“ кои имаат своја бранша развиена во форма на „имагологија на жената“ (поретко и имагологија на мажот!); потоа психоаналитичката теорија на толкување на родот, херменевтиката на родот, родот и злото и насилството во книжевноста и уметноста, родот и расата, теоријата на телото и гестот, конечно теоријата на андрогинот и митските и библиските контекстуализации на женското и машкото...
          Тука спаѓаат и различните облици на контекстуализирање на родовиот и особено на феминистичкиот дискурс во регионални рамки, во временски рамки, што дава како последица, на пример, проекти, истражувачки центри и приоритети на истражување во смисла на контекстуализирана перцепција на - жените на Балканот, жените во југоисточна Европа, жените и Медитеранот, африканската жена, жената во постколонијалното доба, и тн. Тука се вклопуваат и истражувања кои се во дослух со тн. женски движења во историјата на човештвото, во историјата на еден народ и сл. кои го реактуелизираат прашањето на еднаквоста на половите, имплицитно и прашањето на нееднаквоста, потоа жените во склоп на маргиналните и маргинализираните групи (на УНЕСКО, Меѓународниот П.Е.Н. и други меѓународни асоцијации), како и извесни алтерни и субалтерни поетики (да ги наречеме слободно), мрежи на поврзување и облици на презентација и на репрезентација на жените и на нивното творештво, на нивната женска разноликост, на нивниот статус во рамки на различни колективитети, вклучително и дискурсот на загрозеноста на жената.

 

           Овој дискурс на загрозеност на жената, како впрочем и секој друг дискурс на загрозеност (на народи, јазици и сл. ), може да има своја позитивна функција до колку е во согласност со реалноста, а може да генерира и некои негативни реперкусии до колку се предимензионира, до колку станува опсесивен и до колку повикува на анимозитетни и деструктивни становишта, независно дали анимозитетот е насочен кон тн. спротивен пол или мажот, или кон општествени инстанци, кон институциите на моќта во државата, кон одредени детерминизми на глобализацискиот процес, или кон одредена традиција. Феминистичкиот мета-дискурс, женскиот и родовиот дискурс, можат да поттикнуваат процеси на хуманизација и да создаваат цивилизациски вредности, па и порадикални општествени промени, само до колку не го изгубат чувството за мера, за објективност, за хармонија, смислата и културата на разбирање и толеранција, и практиката на дијалог и конструктивност. Оттука, феминистичкиот и родовиот дискурс треба да биде подготвен да понуди аргументирани опции и алтернативи за своите концепти, со што нема да биде само ригидна критика на востановените институции на моќ, на доминантните конвенции и социокултурни модели.
          Ваквиот широк, динамичен, историчен, филозофски, херменевтички, психоаналитички, политички итн. комплекс од јазици, ваквата хетероглосија на родот и на феминизмот, веројатно не може да се задоволи само со еден строго детерминиран и етаблиран предмет на проучување на универзитетот, во високото образование. Многу универзитети во светот својот идентитет го градеа, меѓу другото, и со својот нагласен интерес за родовите студии во неколку различни варијанти, па придонесоа и за јакнење на рејтингот и евторитетот на родовите студии. И тие покажуваат дека феминистичкиот и родовиот дискурс постепено се преместуваат од позиција на загрозени и дискредитирани дискурси, во позиција на дискурси кои стекнуваат несомнена општествена моќ и позиција. Родовите студии во развиените култури и образовни системи се етаблираат во рамки на официјализираните форми на високо образование, а не само како облици на алтерно и субалтерно образование. Тоа што го направија тие големи и развиени култури, треба да го направат и културите и образовните системи на земјите од југоисточна Европа, и во таа смисла, секоја промислена иницијатива, како што е оваа на Центарот за родови истражувања при Евро-Балкан од Скопје и Центарот за женски студии од Белград, е за почит и уважување.
           Зошто треба овие процеси на трансформација на образовните системи и на вградување на комплексната проблематика на родовата топина во југоисточна европа да се проектира и да се изведе без радикални преструктурирања и под пресија на наталожените фрустрации, отпори и инхибиции, глувост на општествените институции и центри на моќ, без визија на инстанца која настапува од инфериорна позиција? Не е едноставно да се одговори, но мислам дека е неопходно да дадам свој личен прилог во одговорот на ова суштествено прашање.
            Најпрвин би го подвлекла фактот дека востановувањето и повеќегодишната практика на повеќето алтернативни и вонуниверзитетски истражувачки центри за родови и женски прашања во регионот на југоситочна Европа веќе создадоа терен, културален, психолошки, социјален, медиумски, па и образовен, за да може токму сега, во период кога се започнати европските процеси на реформирање на високото образование врз единствени критериуми а според Болоњската декларација и моделот на кредит-трансфер системот, кога постојат објективни и отворени можности за суштествени промени на наставните планови и програми (курикулуми и силабуси), кога се создаваат услови за протек и циркулација на студенти, професори, идеи и знаења, од еден до друг универзитет, од една до друга држава, кога се отвораат специјализирани мултидисциплинарни културолошки студии во повеќе земји од овој регион, кога се развиваат компаративните студии, би требало да се преземат добро промислени мерки, чекори на вклучување на родовата топика во одделни, новововедени предмети, но и за интегрирање на бројни родови аспекти во постоечки предмети и во нивните модифицирани програмски и наставни содржини. Неопходна е агенда на координирани активности и резултатот нема да изостане.

           Од друга страна, многу дополнителни и комплементарни мерки, кои во извесна смисла зависат превосходно од постоечките алтернативни и вонуниверзитетски центри, би требало да опстанат и да продолжат да постојат, затоа што ќе бидат неопходен коректив во идниот развој на високото образование, а ќе се занимаваат и со облици на дејност кои не мора нужно да се бараат ни да се очекуваат од универзитетот: цпецијални наставни облици, специјализирани едиции и колекции на книги, превод, работилници и панел дискусии, информатички и институционални мрежи на поврзување, медиумски и кампањи и сл.
          Знаењето не е строго конвенционално и не произлегува од строго контролирани универзитетски и државни методи и облици на спознавање, истражување и афирмирање на спознаеното. Знаењето има насушна потреба од постојана обнова, ревизија на информациите и на стереотипите, полемика со детерминирачките и рестриктивни облици на знаење и со востановените, формални и по правило стерилни центри на моќ. Знаењето е во двоен дослух и со логосот и со креативниот ум, со интуицијата, со митот, со окултното, со алтернативното, со апартното, со неформалното... Затоа не треба да се сопрат вентилите на нови извори на знаење, на дијалог и на креација со и во светот. Моќта на феминистичкиот дискурс е во неговата критичност и авангардност. Во моментот кога ќе се етаблира, тој ќе биде една од новите конвенции, самозадоволна и нарцисоидно свртена кон себе и изолирана. Можеби треба, апелирајќи за неопходниот минимум на институционализирани содржини и облици на проучување на родовите дискурси, да бараме да продолжи да се негува и традицијата на алтеритетот во самото општество и по однос на малите, но креативни и во таа смисла „моќни“ центри на родовите дискурси, кои ќе ги поддржуваат процесите на интерактивност на релација универзитет - алтернатива, за да може да доаѓа до плодна заемна размена и до комплементарни надополнувања и корекции кои ќе бидат закана за стерилните логоцентризми на современите култури кои се наоѓаат распнати и запрашани меѓу коцептите на глобализацијата и концептите на културната разноликост.
          Општествената запоставеност, дискриминација и инфериорност не ретко ја раѓаат потребата од конфликт, ароганција и уште понагласена агресивност и доминација. За родовите проблематики тоа може да биде контрапродуктивно, како впрочем и за многу други сфери и феномени на човековата култура, наука и образование. Понекогаш и самата промена на перспективата на гледање на еден ист феномен, ги менува неговите вредности и функции. Науката на ХХ век покажа дека научното има контроверзен статус и разновидно потекло, дека не е елитна и ексклузивна придобивка на математичките, техничките и тн. егзактни науки, туку дека припаѓа на сите модуси на спознавање на светот и на човекот.
          Родовите дискурси исто така можат да понудат своја опција и квалитет на научност, во функција на хуманизација на меѓучовечките односи и во функција на поголемо разбирање меѓу луѓето, меѓу луѓето и власта или центрите на моќ, меѓу луѓето и природата, релации во коишто секое време секогаш одново и одново втиснува енигматични и не лесно совладливи разлики, амбиваленции и поводи да се превреднуваат во склад со духот на даденото време востановените митски, сексуални, полови, родови, психолошки, јазични и други културни структури и стереотипи. Статусните симболи на родот се исторични и се дестабилизираат, се детронизираат и пермутираат од една до друга епоха, од една до друга култура. Неопходна е стратегија на неисклучивост, дијалошка и инклузивна, не поради отсуството на критериуми и вредносни системи, туку поради потребата на битието на човекот и на светот, на женскиот и на машкиот род, на двата рода, а можеби и на трите рода и на трите родови матрици, да им се пријде со оптимална доза на разбирање, со висока доза на информираност, компетенција и подготвеност за посуптилна, понекогаш и посестрана, а понекогаш и поправедна интерпретација.