ИДЕНТИТЕТИ - КОНСТРУКЦИИ

ВЛИЈАНИЕТО НА ДРУГИОТ ПРИ СОЗДАВАЊЕТО КУЛТУРЕН ИДЕНТИТЕТ НА БАЛКАНОТ

Игор Ивковиќ

       Да се говори за Другиот и Другоста, тоа значи да се укаже на влијателноста на оваа категорија, не само во книжевно-теориската практика, туку и врз сèвкупното културолошко, историско па и социолошко живеење. Безмалку, сите повлијателни, филозофии на изминатиот 20 век како еден од конституентите, во нивните учења, ја користат оваа категорија, која се промислува како основен и фундаментален дел на човековата егзистенција, како еден вид на онтолошки прерогатив или форматив на индивидуалната драма на постоењето.
          Една од таквите повлијателни филозофии и методологии, претставува Бахтиновата теорија за дијалогизмот и интертекстуалноста, која што дава посебен придонес во книжевната наука, а во исто време и придонес за другите науки и научни дисциплини, од причина што, самиот Бахтин оваа теорија, ја гради токму со помош на категоријата за Другиот, па оттука произлегува дека оваа теорија нема само книжевна ориентација, туку таа во исто време е и флозофски насочена, што докажува нејзината инконклузивност, во сите сфери на човечкото промислување.
          За Другиот, Бахтин ќе каже дека тој е неопходен елемент за човековото битисување, и тој никогаш не е, а и не може да биде туѓ и спротивставен на човечката индивидуа. Во него Бахтин, ги гледа корените на интерсубјективноста и дијалогичноста, во која Другиот ги сочувува своите права и неповредливоста на својот глас. Благодарејќи на Бахтиновата теорија, која се гради токму врз принципите на Другиот и Другоста, книжевната наука, се здобива со нови можности за аспектирање и толкување на нејзиниот предмет, во рамките на еден поширок филозофски концепт.
           Слично на Бахтин, кој својата теорија ја гради преку категоријата за Другиот, настапуваат и егзистенцијалистите, кога велат дека човековата егзистенција подразбира извесен степен на проектуалност, во која оној Другиот, завзема клучно место во неа. Тие всушност велат дека Другиот и' е потребен на индивидуалната егзистенција, а без која индивидуата бидува ништо. Сартр како еден од „водачите“ на оваа филозофија, во Другиот ги гледа границите на слободата. Другиот е тој кој ја втемелува одговорноста за постоењето.
           За Другиот, Другоста, Алтеритетот, се говорело, се говори и ќе се говори, како за категорија, не само мисловна, туку и реална; категорија која го засега не само теорискиот и филозофскиот дискурс, туку сèвкупното човеково живеење, а како доказ за ваквото тврдење, секако е „дневно-политичката“ примена на истиот, при конституирањето нечиј идентитет.



Балканската Другост

          По ваквиот „неизбежен“ вовед, кој е сосема кус, но и доволен, за запознавање, со основните примени на категоријата Друг, Другост, следува, обработка на она што е поставено во насловот на оваа студија, а тоа е Влијанието на Другиот и Другоста при конституирањето нечиј културен идентитет, или само идентитет, а како „најопиплив“ доказ, за таквото влијание е секако Балканот.
           Неслучајно е одбран Балканот како пример за влијанието на Другиот, при конституирањето на Балканскиот(те) идентитети, од причина што Балканот како посебна субалтерна култура, секогаш е подлежна на конструирање на идентитет(и) од страна на Другиот, од некој однадвор. Оттука произлегува едно од основните прашања, а тоа е: Дали Балканот самиот го дозволува тоа или пак истото му е наметнато? 
          Пред да се одговори на ова и сличните прашања, најпрвин ќе се обидам да дадам еден краток вовед, за оваа проблематика, која го засега севкупното живеење, на Балканецот, неговото социолошко, индивидуално, а најмногу културното кое само по себе претставува основен белег на распознавање и препознавање пред Другиот. 
          Она што ме испровоцира да пишувам за овој проблем е сè позачестената употреба на термините Балкан, Балканци, Балкански, и слични на нив, во смисла на нешто негативно, страшно, опасно по живот за Другите, што во исто време провоцира и претставува поттик за размислување на истата оваа тема. Таквиот статус за Балканот е сè поактуелен во поново време, во време кога за жал сèуште постои поларизација на светот на ние и тие, на запад и исток, или на окцидент и ориент, иако таквата поделба, како што се знае беше „укината“ со прекинувањето на Студената војна, Балканот, повторно за жал, се поима во негативните модуси на овие опозиции: тие страшните, оние од истокот, или Балканот? – Тоа е Ориентот.

          Како илустрација за ваквите терминолошки жигосувања за Балканот, ќе дадам еден кус преглед.
          Интересот за Балканот, како географска, историска и културна одредница, датира од многу одамна. Како доказ за ова може да послужи книгата на М. Тодорова Замислувајќи го Балканот, која на самиот почеток од книгата, опширно дава преглед на користењето на овој термин и неговото значење низ периоди, а овдека ќе издвојам само дел од нив и дел од историскиот преглед на Весна Голтсворти, даден во текстот под наслов Империјализмот на фантазијата.
           И двете се согласуваат дека најстарата употреба на терминот Балкан, датира уште од античкиот период, кога овој простор се именувал според планинскиот венец Балкан, денес попознат како Стара планина, а според античката терминологија како Хемус. Во 1577 германецот Саломон Швајгер, минувајќи низ Балканот, ќе забележи дека на тие простори (Балканот) се верувало дека од планинските врвови човек може да ги види Јадранското море, реката Дунав, а исто така Италија и Германија. Тој исто ќе забележи дека Хемус е познат по некогашните рудници за сребро, па затоа Италијаните ја нарекувале Сребрена Планина. Овој планински венец, станува една од најважните одредници за именување на просторот, во кои гравитираат земјите околу него: Бугарија, Грција, Македонија, Србија, Грција, Турција, Романија и др. Во 17 век, Балканот започнува да се именува како Тешка Планина, поради нејзините стрмни и опасни предели.
           Овој простор за прв пат се именува како Балкански полуостров од страна на германскиот географ А. Цојне, поради неговата геграфска положба. Во времето на Отоманската империја, поточно во 19 век Балканот се заменува со терминотЕвропска Турција, за во 20. век Балканот да започне да се употребува во политичката пракса, поради сè позачестените судири, војни и конфликти на интереси меѓу земјите и народите на Балканот, што станува основен знак на распознавање пред Другите.
          Самиот термин балкан, во речниците на некои од европските и светските јазици, подразбира извесни несакани симболички значења, а најчесто тие значења се сведуваат под знакот на непријателството на Балканските држави едни спрема други, или спрема другиот дел од Европа, како и значења во смисла на шизоидни, манијачни, убиствени стремежи, недоволна културна развиеност, суровост и примитивност варварство и редица слични на нив.
          Балканот станува опозит на она што значи Европа, во смисла на ориенталистичкото присуство на Балканот со тоа што ја раздвојува Европа, од оние земји кои биле под отоманска власт, односно, поделба на географската Европа на Источна-Варварска, и Западна-ЦивилизаторскаОриентот сам по себе станува дискурс, како што ќе каже Саид, и тоа дискурс преку кој Европа го произведува не само политички, туку и социолошки, логички, војно, идеолошки, научно итн. Истокот и Југот стануваат синоними за примитивизам, насилство, нецивилизираност, додека пак Западот и Северот, позитивните опоненти на овие претходни значења. Западот станува оној кој ја има моќта да продира во другите култури и да произведуваизвесни знаења за нив, а таквото произведено знаење, за тие култури, му овозможува на Западот, да ја легитимира сопствената моќ во областите кои ги поседува. Во исто време со ваквите конструкции на Западот кон Ориентот или Истокот, се конструира и себеси, како разлика од Ориентот, т.е. според „формулата“ не-јас, во кој секогаш, се вклучува и Балканот како дел од Ориентот.


Периферија-Центар

           Во поново време како „ублажена“ форма на именување на Балканскиот полуостров е Југоисточна Европа, термин, во кој за прв пат се употребува Европското детерминирање на овој простор, но и во ова ново именување, постојат извесни негативни значења, поради погоре изнесените констатации за Истокот и Југот. Во исто време ваквото ново и посовремено означување на Балканот, ни малику не го менува значењето на просторот како маргина на периферен дел од едно поголемо означување –Европа. Центарот во секој случај е Европа, како побогат, помоќен простор, простор кој нуди поголема креативност, а периферијата -Балкан по својата наметната позиција од страна на центарот, е означена како завидлива, нетолерантна, опасна и нестабилна. Балканот постојано се наоѓал и се наоѓа на маргините на своето егзистирање. Маргината, границата, сама по себе означува место на искушување, превреднување и соочување со Другиот. Во неа по дефиниција егзистираат субалтерните култури, кои постојано се борат со два идентитета, што воедно претставува носител на конфликтните опасности. Ваквиотпериферен третман на Балканот има оправдување, во смисла на одбрана на сопствениот геополитички идентитет на Европа, која како помоќна и „потолерантна“ има потреба да „произведува“ и современо колонизира одредени простори кои ќе ги означи како периферни и гранични култури, не само од извесни идеолошки причини, туку повеќе од геополитичките и економските причини.

         Сите вакви значења и определувања на овој простор, во најголем број случаи се изнесени од страна на странски истражувачи, историчари, патеписци, литерати, во поново време политичари, луѓе чиј интерес бил, и е значењето на Балканот. Така може да се дојде до основното балканско правило, кое укажува на тоа дека од дамнина, па сè до денес, оној Другиот,ја има контролата врз Балканот, Другиот е „господарот“, кој го определува, означува, овој простор, и за жал, го гради идентитетот на народите и културите, кои припаѓаат на него. Станува збор за т. н. патернистичко доделување улоги, и тоа такво во кои главниот и неповредливиот збор секогаш, го има оној помоќниот, посилниоит  и повлијателен.
          Оттука произлегуваат канонада од прашања кои се „производ“ на ваквото означување за Балканот, како на пример: Дали се оправдани ваквите сфаќања за Балканот? Ако е така, дали сме ние едни од виновниците за таквиот статус? или, Дали може да се промени нешто по однос на ваквото поимање кај „оние“ Другите? итн.



Пост-колонијален Балкан

          Одговорот на овие и слични прашања, може да се побара во рамките на самите народи, култури кои живеат на овој простор, но поцелосни и поподробни одговори, може да даде една релативно нова методологија, постколонијалната критика, која како посебна интердисциплинарна наука се констититуира кон крајот на осумдесеттите години на 20 век во нејзиното вистинско значење. Нејзино поле на истражување стануваат последиците од колонијализмот, во нашето разбирање на историјата, политиката, културата и книжевноста. Таа во прво време имаше за цел да го просудува самиот дискурс на (имаголошките и идеолошките деформации) во книжевната наука, односно нејзината основна задача беше да ги разјасни причините кои го поттикнуваат читањето на текстот и неговата трансмисија (Z. Milutinovi}), за подоцна, да опфати и пошироки аспекти на социо–културната еманципација. Во нејзините проучувања, се инкорпорираа и учењата кои ги проучуваат културите кои биле колонизирани, мигрантските етнички малцинства кои живеат во големите нации итн. Таа претставува критика на академскиот дискурс, во која се опфатени имаголошките проучувања, односно проучувања поврзани за разбирањето на другоста и нејзините модалитети.
         Нејзин главен предметен интерес на проучување освен претходните, стануваат и субалтерните култури, култури кои што ја трпат колонизацијата која се врши со современи методи, а таков е случајот со Балканот, во кои постоењето на повеќе различни култури и идентитети станува не само идеолошки и политички проблем, туку проблем на културната различност и Другост, поврзан во едно, според „колонизаторска“ желба и наметнатост од помоќниот Друг.
           За имагологијата во традиционалната компаратистика како дефиниција најчесто се користи е онаа која претпоставува проучување на слики за другите народи и култури, искажани преку различни творечки облици. Сликата за Другиот, најчесто се создава преку одредени медиуми, а никогаш преку директен контакт со тие народи. Во таа смисла имагологијата претставува замислување на другите земји и народи, односно формирање на конструкции и судови за особините на нивните жители, споредување на себеси со нив. Имаголгијата сама по себе, го промовира проблемот, кој е од особено значење за проучувањето на тие народи и култури, а тоа е идентитетот, кој го имплицира воедно и односот кон Другиот или уштеалтертетот.


За идентитетот

           Процесот на формирање на идентитетот на најопшт план, подразбира проучување на културниот идентитет во областите кои ги покрива постколонијалната критика. Таа пак не се ограничува само на колонизираниот, туку и на колонизаторот, бидејќи во нејзиното сфаќање, станува збор за двонасочен процес, процес кој ги опфаќа и двете страни. Во рамките на овие проучувања, идентитетот станува појдовна точка, при секој обид, да се анализира, просудува, научи нешто повеќе за одредена култура, за нејзиното, не само историско и геополитичко живеење, туку пред сè културното живеење.  
             Постојат најразлични дефиниции, теории, ставови, за идентитетот. Она што ги поврзува сите нив е согласувањето во едно, а тоа е: дека идентитетот е еден единствен, неделлив и комплексен по својата природа и како таков тој не може, а и не смее да се дели на групи и подгрупи.

         Специфичноста на идентитетот е тоа што тој во себе вклучува различни категоријални обележја, елементи кои се конституирачки, односно елементи од кои е тој сочинет и таквите елементи не се делат, туку се комплементираат во едно, т. е. во идентитетот. Дефинирајќи го самиот поим идентитет, А. Малуф во својата книга Погубни идентитет, ќе забележи дека тоа епрашање на филозофијата уште од времето на Сократ па сè до Фројд, па поради таквата определба, оваа категорија бара поголема компетентност, знаење и умеење. Скромно ќе се надоврзам на ова и ќе кажам дека овој мој „обид“, да го дефинирам и апликативно применам поимот идентитет, врз еден простор, определен, како специфичен, „уникатен“ и предизвикувачки, Балканот, не значи дека станува збор за докажување на висока степен на компетентност, туку знаење, искуство, како „Балканец“ во позитивна смисла (читај Европски), применето и преточено во еден текст, кој има тенденција да биде пример за тоа како всушност треба да нè поимаат оние Другите.


Балканскиот(те) идентитети

           Да се постави прашањето на идентитетот, на просторите на Балканот, често пати значи разгорување на националните, верските и идеолошките припадности на еден човек, народ и култура. Ваквото разгорувачко сфаќање на идентитетот се должи на несфаќањето, а и незнаењето на она што значи идентитет. Често пати ваквите толкувања за него, завршуваат со несакани последици за истите, а тие се повеќе од јасни, за кои нема простор, ниту желба и потреба да се говори.
             Кога некој човек има „задача“ да го дефинира сопствениот идентитет, често пати тој најпрвин посегнува по својатанационална или верска припадност, како една од конституирачките одлики на сопствениот идентитет, што во праксата покажало дека е сосема неоправдано таквото  дефинирање уште од самиот почеток, а во исто време се укажува на тоа дека овие елементи пак, не се исклучуваат во целост од нечиј идентитет, тие не се секогаш единствени и најбитни, туку се само делови како и другите елементи од кои е составен идентитетот, затоа што тој сам по себе претставува сложена конструкција.
           Идентитетот секогаш претпочита повеќе од националното и религиозно обележје. Во него се инкорпорираат културните, историските, половите, расните, интелектуалните, социолошките обележја, кои прават идентитетот да се разликува и одделува од нему сличните, од Другите. 
         Мојот идентитет е она поради кое 
не  сум идентичен ни со едно друго лице.
           Секоја од овие припадности, обележја кои го сочинуваат идентитетот се поставени според одредена хиерархија, која не е непроменлива, туку таа најмногу зависи од времето и просторот, односно од контекстот, кој ги модификува нејзините хиерархиски поставености. Некогаш на преден план избива културното обележје, некогаш националното, половото итн.
           Често пати, идентитетот што се наведува се отсликува  како негатив врз оној на противникот (А. Малуф), од оној на Другиот. Идентитетот секогаш претпочита извесесн степен на сепарација, одвојување од некој Друг, од некоја целина. Како што ќе каже Шелева во текстот Ах, тие Балканци, идентитарниот процес, секогаш, го вклучува и подразбира Другиот, но не само како контрастивен елемент според кој се издвојува нечиј идентитет од друг, туку и како конститутивен, принцип на субјективизацијата, т.е. на сопственото осознавање и легитимирање. Со тоа се инсистира на неговата Различност и Право да се биде Различен од некој Друг. Различноста на нечиј идентитет станува најглавната карактеристика со која се потврдува специфичноста и посебноста на идентитетот. Постоењето на еден или повеќе елементи кои се заеднички за два идентитета, не значи дека тие два идентитета се еднакви и во целост исти. 
          „Доволни се само неколку критериуми кои ќе имаат за цел да ја покажат различната хиерархиска поставеност на тие елементи, за да се покаже различноста на еден идентитет од Друг, макар и да станува збор за многу блиски роднински односи, како што се 
татко-син мајка-син-ќерка итн. Целото човештво е создадено од посебни случаи, животот ги создава разликите, а ако има „репродукција“ таа никогаш не може да биде идентична. Секое лице поседува композитен идентитет според кој се издвојува од другите и е сложен, незаменлив и единствен“.                     
         Она што најмногу влијае на еден идентитет за неговата припадност кон одредена група, заедница и култура, преку која тој ќе се спознае и идентификува е влијанието на Другиот, најпрвин влијанието од најблиските околу него – роднини, кои се обидуваат да го приклучат во групата и влијанието од надвор кои се обидуваат да го исклучат. На тој начин човекот станува свесен за својот идентитет, за својата припадност и единственост. Според ова ќе си дозволам да го констатирам следново:идентитетот се конструира со помош на другиот; другиот кој  вклучува  во одредена групација и другиот кој исклучува  од истата. Преку другиот идентитетот се конструира и гради како единствен и различен од нему сличните.

          Поставувајќи го ова прашање, обременети од предрасудите и колективната и личната меморија, долги години, народите и културите од Балканот, се потпираат врз сеќавањето, кое произведува повеќе историја, зашто во него има премногу минато. Ваквото рамо за плачење (сеќавањето), во моментите на себе-идентификација, е сосема неоправдан и неиздржано, во рамките на „европските правила“ за идентификација.
          Кај народите на Балканот секогаш постои стремеж тој да се препознава во припадноста која најмногу го погодува, а кога пак нема сили да ја одбрани таа припадност, таа тлее и чека погоден момент за одмазда. Најчесто станува збор за националната, етничката или религиозната припадност на одредена културна заедница, припадности преку кои сите што се чувствуваат како дел од нив се солидаризираат и мобилизираат за нејзино „неповредување“ од страна на Другиот, затоа што тој „Друг секогаш претставува закана за тој етникум, за нацијата и нивната религија и сè што можат да направат им изгледа сосема оправдано“ ќе подвлече Малуф.
           Често пати ваквиот одбрамбен механизам кон својот идентитет, раѓа убиствени побуди, исполнети со масакри, геноцид, убиства од секаков тип, од страна на една „култура“ и ваквите идентитети, Малуф ги нарекува племенски концепции на идентитетот, и тоа таква концепција која преовладува низ целиот свет, а не само кај фанатиците, затоа што во нивните концепции за идентитетот, основното правило за препознавање како посебен идентитет, секогаш се потпира на минатото, а минатото од сегашноста се оспорува и на тој начин создава конфликти.
            На тој начин, Балканот произведува мноштво од различни идентитети кои се нaметнати од Внатрешниот друг, а понекогаш, ако не и секогаш и од Надворешниот друг, кој ги произведува и конструира идентитетите, за своја цел, и оправдување на сопствениот идентитет, како различен од претходниот и помоќен од истиот.
           Балканот станува поле за производство на идентитети, зашто и самиот истото тоа го дозволува, а на моменти се чини и како нужна потреба, затоа што станува збор за потреба од авторитет, фалусот, како моќ на знаењето и моќ на авторитарност, која го отсликува машкиот принцип, а таквиот за жал, на Балканот исчезнува или воопшто и да го нема. Од таквата Фалогоцентрична позиција на Балканот, не е воопшто чудно што истиот е секогаш зависен од Другиот, во секоја смисла на егзистирање и идентификација и како реперкусија од оваа позиција често се прибегнува кон девијација и аморалност.  За ова Шелева ќе рече:
          Ефектите од нео-колонизаторскиот зафат на Балканот, сè повеќе, ја зацртуваат нашата претпоставка за 
симболичката (фаличка) кастрација , што ја доживува овој регион (Балканот), по однос  на Европа. Тука се соочуваме со една, од овдешна перспектива, мошне тешко прифатлива, појава, како што е „кризата на машкоста“,  ендемски својствена токму за колонијалната состојба, но и нејзините омекнати варијанти, како што е балканизмот. Така, во услови, кога доаѓа до (колонијално произведената) „криза на машкоста“, се забележува јакнење на компензаторните механизми, кои обезбедуваат „моментална консолидација на машкиот авторитет“ : а, тоа се насилството, криминалот, алкохолот .
         Причината за ова можеби се наоѓа уште во минатото, односно во периодот на отоманското владеење, на овие простори, кое и по неговото исчезнување или ослободување, постојано балканските народи се во некаква дисхармонија и немир, која резултира со потреба за помош од надвор.
         За сите вакви импликации и ставови чувствувам потреба да започнам од почеток. Несомнено како најдобар показател за сите овие балканистички профилирања и жигосувања во рамките на неговата идентитарност и себност, се литературните и уметничките остатоци и новопојавени дискурси кои во целост го обработуваат балканизмот, (термин превземен од М. Тодорова), такви дела кои се опипливи и податливи за анализа во рамките на постколинајлната критика и нејзината специјалност, имаголошките модалитети на другоста и идентитетот.



Балканскиот хронотоп

           Балканскиот хронотоп со право за многумина, интелектуалци, книжевници, политичари, претставува специфичен хронотоп, во кој централно место завзема злото, како основен и фундаментален дел на балканското егзистирање. Имено, за злото како една од битните одредници, преку која се поима севкупното балканизирање, постојат нашироко, некои политички и некои социолошки, претпоставки, а како најдобар аргумент за него се книжевните остатоци, во кои се согледува сета поетика на злото. Велам поетика, затоа што освен во нејзината основна, разградувачка функција овој термин, во книжевностите на балканските народи, има и поетолошка функција односно функција на естетика на грдото, која не е својствена само за Балканот, ако го имаме в предвид фактот дека и кај симболистите и романтичарите, како главен адут беше токму оваа естетика, т.е. естетиката на злото, грдото.

          Според книжевните остатоци, се покажува дека злото станува differentia speciffica на балканските народи. Таа сатанска и садистичка привлечност и „потреба“ да се измачува послабиот, Другиот, станува неизбежна и основна човекова потреба. Злото како таква speciffica, станува основниот адут, за многуте Балкански војни, кои се случувале и за жал сеуште постојат. Оттука следи и прашањето: Како Балканецот треба да се постави кон Злото? Дали нему му е вродена таквата потреба за зло, деструкција, немир, хистерија, војна итн. или пак таквата улога му е „доделена“ од Некој однадвор, од некој кој има некаквиинтереси и цели, при таквиот балканистички третман?
          Постојат многу одговори, но како илустрација ќе го изнесам следново:
          Во поезијата на Блаже Конески, и тоа во оној дел од неговата поезија која го опфаќа циклусот песни за „Болен Дојчин“, кој се темели на интертекстуални алузии, со легендите од македонското творештво, може да се забележи дека, злото во нив е опеано, во неговата основна модификација, како деструкција, која најчесто ја врши оној Другиот, страшниот, непосакуваниотЦрна Арапина, кој во исто време создава исти нагони и желби и кај оној Другиот, оној кој е репресиран од него. Се забележува дека злото само по себе претставува дијалектичен однос. Тоа е еден вид зараза, епидемија која се шири во огромни размери и ги зафаќа сите подрачја на егзистенција, зараза, која „напаѓа“ и онаму каде што е непотребна.
          Во корпусот песни за овој лик-Црната Арапина, секогаш се поима со негативен предзнак, како: Арапината,Другиот, Страшниот Друг, без разлика на тоа што за него нема одредена локација од каде потекнува и што е всушност тој. Често пати Арапината се поврзува со Турчинот, на кој му се придаваат значењата на злото, деструкцијата, анархизмот и редица слични на нив. Ваквите симболички значења за Арапината, како злотвор и носител на сите семантички потенцијали на злото, се произлезени и произлегуваат од неговото именувањето, како црн (зол, лош, страшен) и Арапина (црн, туѓинец, Далечен, Друг), што во исто време го удвојува злото од двете имиња и потврдува како неизбежен факт.
           Ако злото само по себе претставува дијалектичен однос, тогаш без резерва истото, како што може да се забележи го опфаќа и Дојчин, но присуството на злото кај него, не се поима како нешто негативно, туку оправдано. Злото кое се буди во Дојчина е сосоема оправдано од причина што тој има потреба да се одбрани, да ја одбрани својата чест и доблест, како јунак на еден народ, кој ќе го спаси родот и народот од поголемото зло, злото од Црната Арапина.
          Оттука произлегува една констатација дека насекој Балканец, му е предодредено да го избира злото, но сепак зависи кое зло ќе го избере; поголемото или помалото зло. Едното од другото се разликува, како плусот и минусот, како убавото од неубавото, потребното од непотребното, како што покажува примерот со Црната Арапина и Дојчин.
          Балканскиот хронотоп за Големиот Друг останува простор, во кој цути и се раѓа злото. Злото на овој простор според него, станува основниот симбол, знак, за распознавање. За ваквото жигосување, не е виновен само оној, Големиот Друг, туку и Малиот, непосреден Друг, (според терминологијата на Шелева), соседот, кој секогаш има извесни аспирации кон помалата од него, понемоќната култура, чии аспирации се носители на злото, кое перманентно траат со векови наназад. Една таква култура, која до скоро ја именуваа како „оаза на мирот“ – Македонија, постојано е под колонијални репресии од страна на нејзините непосредни соседи, постојано се негира нејзиното име, националност, вероисповед и што ли уште не, што во исто време овој однос од страна на нејзините соседи, претставува носител на потенцијалната заразаод Злото, која можеби чека погоден момент да го инфицира целиот тој простор.
           Не е таков само случајот со Македонија. Постојат редица примери во кои постои извесно Зло меѓу непосредните соседи. Доволно е да се потсетиме на несаканите братоубиствени војни кои се случија на крајот од минатиот век и на почетокот на новиот. Ваквите немири и превирања на Балаканот меѓу соседите, Големиот Друг-Западот, Окцидентот, ги користи во своја полза, со тоа што како помоќен и потолерантен од нив ја наметнува својата стратешка и културна доминација на овие простори, што воедно претставува колонизација во современи рамки на една „моќна“ земја над друга, послаба.
            Другиот како непријател, во рамките на книжевностите на балканските народи, а со посебен акцент во македонската книжевност, се формулира и етаблира како таков, како Друг кој има моќ и контрола врз конструирањето на идентитетот на одредена култура, во случајов Македонската. Самиот просотор (Балканот) се промислува како што претходно и напоменав, како простор во кој се произведуваат заемни и различни идентитети, кои подлежат на извесни идеолошки и геополитички конструкти. Другиот станува основниот чинител, при таквите конструкции, во кои завзема двојно место, како што ќе  подвлече Сенка Анастасовска, Другиот се потцртува или како добар, или како лош, зависно од фокализаторот  и од која позиција се пренесуваат настанитеТој е стихиен и деструктивен, сила која урива, но и важен при конституирањето на идентитетот на секоја група, зашто по однос на него, првиот се дефинира и себе се одредува.

           Како најопиплив пример, за ваквите тврдења и ставови се драмските текстови на најетаблираниот и светски признат драмски автор Дејан Дуковски, чии текстови ја отсликуваат целата стварност за идентитарноста не само на македонецот(ите), туку и на Балканот, текстови во кои е присутна иронијата која е во функција на подбив и шега упатени кон големиот Друг, Другиот кој е инволвиран во таквиот процес.
           Балканот, изобилува од агресивни етнонационализми и системи кои се подложни на Злото, деструкција, верски омрази и крвопролевања, ќе рече некој од надвор, некој антибалканец, европеец. Текстовите на Дуковски сето ова не го претставуваат во рамките на ваквото толкување, туку истото е применето, како што вели А. Б. Марковска, со висок степен на еротичен потенцијал, таков потенцијал, во кој наспроти стравот од Непријателот, во Другиот, постои привлечност од негова страна, неодоллива привлечност, која мами и која го подготвува субјектот да го прифати ризикот и да им подлегне на разликите, зашто истите се заводливи.
           Другиот, Непознатото е мистерија по која индивидуата, копнее за средба, за контакт со него. Ова наликува на неодолливата привлечност на Дракула, трансилванискиот заводник, кој иако носител на злото и деструкцијата, од неговата привлечност не може да се избега. Тоа е магија која привлекува, за која не постојат соодветни термини за нејзино опишување.
          Таков е и случајот со Турчинот во Македонија и неслучајно е дадена паралелата со Трансилванискиот заводникДракула, затоа што и тој е дел од еден топос, хронотоп, како што е Балканот.
          Пред појавата на текстовите на Дуковски, овој однос на Другиот, Непознатиот, Страшниот, Турчинот, секогаш се поимал во смисла на робување на субјектот, Македонецот, за потребите на Другиот; страв од Другоста и страв да се прифати различноста, станаа основен показател во драмите на Чернодрински и нему сличните.
           I. Клетото Турче, е оној кој сака да ја избрише мојата вера, нација, мојот живот од Бога даден. Јас пак се потврдувам преку него како посебен и различен идентитет, (националниот избива на преден план, затоа што тој тоа ми го наметнува). 
          Умрев ама турчинка не станав
, стана најпознатата реплика од македонското творештво, која го илустрира третманот на Другиот, при себеидентификацијата во минатото. Турците се омразените, наметнатите други, другиот кој тероризира, колонизира, угнетува, тој е концептуалниот туѓинец, оној кој ја гуши мојата идентитарна припадност, оној кој е и самиот хаотичен, насилен, оној кој создава ксенофобични слики кај мене за него, додека пак македонецот борецот за слобода, за права, бранител на националниот идентитет. Оттука лесно се забележува дека во драмите на Чернодрински, Другиот, во случајов Турчинот, во ниту еден случај не е посакуваниот и привлечниот Друг.
          II. За разлика од Чернодрински, кој завзема ваков став по однос на Другиот, Дуковски во текстот Balkan is not dead, илиМагија еделвајс, завзема сосема спротивен став од претходниот, иако станува збор за реактуелизација на истиот текст на Чернодрински Македонска крвава свадба, но во поинаков современ контекст.
          Како што нагласив погоре во текстот, односот кон Другиот, Турчинот, во овој текст на Дуковски се реализира, по однос на неговата привлечност, еротски потенцијал, потенцијал, кој е неодминлив дел при себеидентификацијата, Другиот, Турчинот е оној кој привлекува и раѓа љубов, кон неговата различност и спротивност. 
           „Средбата со Другиот, не подразбира робување на постоечките стереотипи, туку 
ритуал на трансцеденција , премин од онаа страна на границата, граница, која се користи како начин да се сретне Другоста“.
           Преку Турчинот, Осман-бег, во овој текст на Дуковски, Цвета, како централен лик и лик кој во првичниот текст на Чернодрински, беше роб на истиот овој лик, а воедно и роб на културните стереотипи од тогашниот период, сега добива слобода, на мислење, права кои се во согласност со „европските“ и модерните размислувања во рамките на феминистичкитепрокламирања, а таквиот статус, Цвета, несомнено го стекнува преку Осман-бег, кој повеќе не е лошиот и зол Турчин, туку оној корисниот и добар, преку кој јас се потврдувам себеси. Цвета се стекнува со посебен тип на самодоверба, самодоверба која ја стекнува преку Осман; самодоверба, која влијае и врз него, врз ликот кој исто така се менува и поприма дел од припадностите на Цвета, од нејзиниот народ, од нејзиниот културен идентитет. Цвета завршува со Умрев, ама..., кое носи додатен семнатички потенцијал и отвореност за толкување, како што е отворен нејзиниот концепт на идентитарност и концептот на Осман. Оваа последна реплика од текстот, повеќе не се поима во смисла на одбрана на националното и колективното, како што беше случајот со Чернодрински. Се создава алузија дека таа се ослободила од националните стеги и репресии кои ги наметнува историјата, која прокламира сепарација. Таа станува прототип на она што значи отвореност, толерантност имултикултуралност, како посебна одлика во современиот свет на конструирање на културен идентитет.

 

           Ова се потврдува како што ќе каже Марковска, преку сликањето на природата на ориенталниот маж; нивниот фалогоцентричен дискурс, ги поттикнува женските ликови да се ослободат од робувањата на црно-белата реторика и присвојувајќи го искуството на асиметричниот Друг, со тоа го первертираат традиционалниот дискурс на македонската жена.
          Како илустрација на ова доволно е да се напомене сцената помеѓу Елени Каринте и Кемал Атартук, во која таа ја посакува спротивноста, различноста, преку која се потврдува себеси, како слободна, независна жена, жена со сопствени ставови и судови по однос на сопствениот идентитет, што нејзиниот татко, човекот со стереотипни и застарени модели на размислување, не го одобрува и го прекорува, а како негов „најјак“ аргумент се јавува, окупацијата, колонизацијата од страна на Османлиите, за која е можеби виновен и тој самиот.
          Велам виновен и тој самиот поради отвореноста на Балканот кон туѓите влијанија, односно потребата од машкиот принцип, принципот на моќта и авторитет, кој речиси и да го нема. Оттука и ставот кој што го изнесов погоре, дека овие текстови на Дуковски, освен што ја отсликуваат стварноста за Балканот, имаат и посебна доза на иронија, каква што е и оваа во смисла, на критика на фалусната потреба на овој простор, кој самиот Балкан го посакува.
           Балканскиот културен идентитет, секогаш бил, и е отворен кон приемот на туѓото, различното. Истиот некогаш во целост, некогаш, делумно успевал да се интегрира во него, а при тоа инсистирајќи да ја задржи Другоста, различноста од онега кому му се наметнуваат одредени припадности.
           Прашањето за идентитетот, Дуковски го поставува како клучно во сите негови текстови, кои како основна тематика го имаат Балканот. Прашање за идентитетот, тој го поставува и во текстот М. М. Е. Кој прв почна, текст, во кој ова прашање авторот го разгледува во смисла на моќите на знаењето и тоа такви моќи кои и'  допуштаат на модерната и цивилизирана Европа, да создаде од балканскиот субјект, кодиран Друг.
           Европскиот дискурс, се наметнува на балканскиот Друг, преку неговите моќи, на знаење и умеење, како субјект кој е културолошки посупериорен од балканскиот. Понекогаш, постои и извитоперена слика за Европската супериорност, моќност на знаење, моќност која е повеќе лукава отколку реална, во смисла на заводливост.
           Тоа Дуковски го потврдува во сцената насловена како Вера, во која Д-р Фалус има за цел да му даде знаење на Младиот дојденец од Македонија во Европа, а таквото знаење повеќе се реализира како заводливост со лажење, моќ на заведување, кое оди до рамките на репресивност, сексуално трауматизирање, знаење, кое Балканот го применува, знаење кое се должи на голем дел аморални и деструктивни активности, за кои Балканот е отворен во секој момент да ги прими.
           Д-р Фалус, е индикативен и по неговото име, кое има алузија на Гетеовиот лик Фауст, а се разликува од него, поради тоа што овој го отсликува фаличкиот принцип, за кој говорев погоре во тексто, како принцип, кој е исчезнат од овие простори, а потребен и суштински дел од секој конструкт на идентификација.
           Од перспектива на Европејците, балканскиот субјект во драмите на Дуковски, стекнува идентитет на Другост, поточно, станува културолошка конструкција на една 
внатрешна другост , која си го поставува прашањето „како тоа, сè што е убаво им се случува на другите луѓе?“ (Д. Дуковски Буре барут)
          Интересна констатација, мора да се согласиме. Секогаш помоќниот Друг, дали станува збор за Европа, Америка, целиот Западен регион, кој е политички и културолошки помоќен од Балканот, ги наметнува самобезвредните елементи на балканскиот идентитет, елементи или припадности кои лесно се консумираат, а тешко отстрануваат.
           На Балканецот, не му е вродено да биде примитивен, заостанат, нетолерантен и некултурен, како што тоа го вреднува Западот. Ова го велам од причина што Балакнот претставува лулка на европската, ако не и светската култура и уметност. Доволно е да се потсетиме на античката Грчка уметност, која географски не беше во денешните граници на Грција, туку опфаќаше еден поголем простор од денешните земји: Македонија, Турција, Грција, Бугарија итн, и како таква таа беше моќната култура која влијаеше низ сите региони и области во Европа и Светот, која им ја даде севкупната културна традиција и уметност, на оние кои сега прокламираат, извесни културни правила за однесување, на народите и културите, кои се носители на ваквите и слични културни вредности.
          Не значи дека со ова завземам став на обвинител кон Западот, туку се обидувам да покажам зошто овој простор, ги доживува сите овие пост-колонијални „трауми“, во време кога светот се декларира како либерален, отворен кон сите различни култури.

 

            Ваквите извитоперени слики, кои ги продуцира Западот, за Балканскиот регион, станаа лајт-мотиви, за уметностите на балканските народи, кои преку различни изразни средства, театар, сликарство, музика, филм, имаат за цел, да го објаснатфеноменот Балкан, на надворешниот свет, на Западот, да му ја дадат, вистинската слика или сликата, која ќе биде една метафора за вистинското поимање на балканската идентитарност.
           Погледнувајќи во седмата уметностфилмот, може да се забележи, еден огромен подем на правење филмови, кои ја обработуваат темата БАЛКАН. Во еден есеј насловен како Рефлексии врз балканскиот мебел, Петар Крстев, дава нашироко објаснување, за користењето на оваа тематика во рамките на балканскиот филм, со посебен акцент, на најетаблираните и наградени, автори од ова поднебје, Е. Кустурица за филмот Подземје и М. Манчевски за Пред дождот.
           Во овој текст, Крстев со право подвлекува дека и двајцата режисери, во нивните филомови, Балканот го претставуваат како место на различни, митски, традициски обреди, место кое никој не може да го разбере освен оние што егзистираат на тоа тло, а уште помалку да ги променат.
           Имено, оној од надвор, не се ни обидува да ги разбере ваквите традиционални, балкански „обреди“, туку истите, сака да ги искорени и промени, во сопствена корист и цел. За нив, проблемот и тензијата меѓу Македонците и Албанците, (проблем, кој во рамките на имагологијата се сведува на создавање имаголошки проекции од страна на Македонецот за Албанецот, како концептуален туѓинец, кој е посупериорен од него, хаотичен, насилен, друг, кој поседува голема сексуална моќ и претставува опасност за одредената, Македонска култура, па така истиот треба, да се отстрани што подалеку од видикот на Македонците), не претставува центар на проблемите кои се случуваат во Македонија и кои треба да се разрешат, туку овој проблем за нив е иницијатор и повод за наметнување, на нивното, „арогантно“ себепотврдување, како супериорна и моќна култура.
            Светот и Европа, како што покажуваат и овие два филма, во Балканот го гледаат, несвесното од својата свест, оној дел кој не може да се контролира во свои рамки, а може да се контролира во туѓи и притоа, создавајќи од истите имаголошки слики за нив, како варвариннемилосрден, оној кој би можел да избие над свеста и да го уништи, „скриениот“ ред кој владее таму.
          За разлика од нивното, создавање и перципирање на сликата за Другиот, балканската имагологија, секогаш создава такви слики, кои ја илустрираат опседнатоста со Другиот, со што ја руши сопствената слика како образец, според кој треба да се гради идентитетот. Надворешниот, Големиот Друг, станува репер, според кој се гради целото, културно милје на идентитарност на Балканот, не сфаќајќи притоа, дека таквиот идентитет, станува само конструкт, кој ќе користи за целите на оној што го наметнува.

 


Заклучни согледби

 

         Балканот произведува повеќе историја, отколку што може да консумира - Черчил.
           Се додека се случува произведувањето на историјата и потпирањето на неа при секаков вид на неволја или извесна закана, Балканот нема да може да ги отстрани ваквите жигосувања, кои беа наведени во текстот. Секогаш, тој ќе бидеотпадокотrestle, на Европа, страшно место за европјаните кои секогаш ќе имаат ксенофобичен став кон нас како колатерална штета на современото општество-Европа, и нашето место во големото Европско семејство, ќе биде оневозможено без разлика на сите напори. Шелева, во контекст на ова ќе забележи:
          Затоа, за Балканот, како регион, во кого екстремно се фаворизира една „култура на потеклото“ (автохтоноста, изворноста), се чини повеќе од неопходен, е самиот процес на де-колонизација на наративот (или, менталитетот) на средиштето, како и на самата (дискурзивна) борба по културно средиште (axis mundi). Меѓу (корисните) обиди за распознавање на потеклото и (манипулативно настроениот) чин на неговата безрезервна апсолутизација-бездруго постои значителна (та дури и индикативна) разлика. Имено, доколку денес говориме за Балканот, во тоа неминовно се вклучува и парадигмата на „балканизмот“, со оглед на која Балканот е воспоставен како епистемолошки објект, чијашто улога се состои во тоа да претставува „
рест“  , резидуум остаток на Европа . При тоа, овој и вака зададен објект, во склад со барањата за легитимизација на одредени политички зафати, спроведени од страна на „центарот“, чекор по чекор, доследно, се претвора и во абјект.

          Потребна е де-колонизација, пред сè на умот, де-колонизација, во смисла на отфрлање и лечење од сите зависности, без разлика дали тие се наметнати од надвор или продуцирани од внатре. Потребно е самоспознавање на сопствениот идентитет, а не создавање на нашиот идентитет преку влијаниото на Другиот, зашто како што видовме неговото влијание при создавањето на идентитетот е огромно, но таквиот „произведен“ идентитет, со негова „помош“ е само конструкција, која почива на стаклени нозе; идентитет, кој лесно може да се сруши, доколку дојде влијание од Трет, кој ќе биде помоќен од оној Другиот.
          Можноста за живот на Балканот како мултикултурно општество, кое е наметнато во поново време, повторно од надвор, е уште една поткрепа на досегашната анализа за влијанието на Другиот, на овие простори. Ваквото ново „софистицирано“ и „неизбежно“, наметнато живеење, е само пример, дека и во 21 век, векот на либерализмот, демократијата и независноста на секој субјект, нација и култура, повторно се случува колонизација, но не само културолошка и социолошка, туку и колонизација на умот.
         За да се оттргнеме од ваквите и слични влијанија и именувања на Балканот како: Ориентот, Истокот, Опасниот Друг итн, треба пред сè да престанеме самите да се ориентализираме, примитивизираме и уназадуваме, да се повикуваме на минатотокако клуч во нашата идентитарност.
         Потребно е да ја прифатиме Различноста, Другоста, да се идентификуваме преку неа како посебни идентитети, не само како национални и религиозни, туку и културолошки идентитети. Да ја афирмираме нашата културна свест, да се повикаме на неа како водителка во идентификацијата.
         Нека таа ни биде влијание, нека нè „тероризира“ ( во позитивна смисла), нека биде Другиот кој ќе влијае на нашиот идентитет, зашто само преку неа, самите ќе влијаеме на Другите, кои сега нè колонизираат нас и само така ќе опстоиме каконезависни идентитетиидентитети во вистинска смисла на зборот, попрво отколку идентитети-конструкции.

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

- Анастасовска, Сенка. Балкански фусноти. на: mirage.com.mk;
- Бановиќ-Марковска, Ангелина. Како го читаме Балканот (имагологија на другоста во драмските текстови на Д. Дуковски). во: Стожер, Скопје: 2001;
- Голдсворти, Весна. Империјализмот на фантазијата. во: Маргина, бр. 53. Скопје, 2001;
- Гелевски, Никола. Нова картографија – точки на допир.во: Маргина, бр. 53. Скопје, 2001;
- Дуковски, Дејан. Балкан ис нот деад или магија еделвајс. во: Културен живот. Скопје. 1993;
- Дуковски, Дејан. М. М. Е. Кој прв почна. во: Културен живот. Скопје. 1997;
- Крстев, Петар. Од другата страна на нормалното. Скопје: МАГОР, 2002;
- Малуф, Амин. Погубни идентитети. Скопје: Матица Македонска, 2001;
- Тодорова, Марија. Замислувајќи го Балканот. Скопје: МАГОР, 2001;
- Ќулавкова, Катица. Од симплификација до парономазија (ресемантизација на Турчинот во македонската книжевност). во: Мала книжевна теорија. Скопје: ТРИ, 2001;
- Ќулавкова, Катица. Балкански хронотоп (херменевтика на злото: престабилизиран архетип, антрополошка константа или транснационален логос на профитот). во: Мала книжевна теорија. Скопје: ТРИ, 2001;
- Шелева, Елизабета. Ах, тие Балканци. во: Културолошки есеи. Скопје: МАГОР, 2000;
- Шелева, Елизабета. Од дијалогизам доинтертекстуалност. Скопје: МАГОР, 2000.