КНИЖЕВНО - ТЕОРИСКИТЕ ПОИМИ И НИВНОТО КАЛКИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Сенка Анастасова


________________________
Речник 1
Термини и поими од доменот на наратологијата и филмологијата
            Англиски јазик

_________________________

ASENDING TRACKING SHOT AND DESCEDING ZOOM SHOT- фар напред, фар назад.  Во класичниот филм ваквата комбинирана техника најчесто се користи за да се изрази внатрешната, субјективна состојба на ликот и неговата внатрешна фокализација. Познат е примерот во филмот Вртоглавица кајшто низ ваква техника ликот доживува вртоглавицата која е клучна за развојот на приказната.

EDITING - во наратологијата означува редигирање.  Во филмологијата означува филмска монтажа, реконструкција на секвенците, настаните.

EDITING DEVICE - прифатени монтажни техники:

- CUT - рез

- DISSOLVE - растворање (претопување,  претоп.  Со оваа монтажна техника сликите од еден кадар, се заменуваат постепено со слики од друг кадар)

- FADE - фединг, постепено губење, префинет нијансиран преод од дадена слика кон/до целосна темнина (fade out) и обратно (fade in)

- WIPE - бришење, наплив/одлив, монтажна техника со којашто сликите од еден кадар целосно се заменуваат со слики од друг кадар, ограничени со одредена граница која се движи низ и околу рамката (како на шини)

- SPLIT SCREEN - разделен екран.

Монтажните техники во филмскиот раскажувачки текст помагаат во одредување на позицијата од којшто се гледа, односно упатуваат на поврзување на  внатрешниот фокализатор со фокализираниот објект.

EYELINE MATCHES – насоки на поглед.  Во филмскиот јазик со овој поим се означува отпосле вметната техника за постигнување визуелен ефект, со цел да се утврди ,,погледот‘‘ на еден лик во друг лик, за да се одржи целта на видокругот.   Насоките на поглед упатуваат на откривање на видокругот низ перцептивно спојување, линии на спојување, стратегии на системот на континуираното монтирање. Насоките на поглед се едни од најважните техники на монтирање кои  ја зацврстуваат внатрешната фокализација во филмскиот раскажувачки текст.  Во класичниот филм, насоките на поглед се актуализираат во зависност од движењето на камерата, бидејќи тоа движење го привлекува вниманието на посматрачот кон хетеродиегетската позиција на камерата. На ваков начин се фокусира субјективноста на ликот која остава впечаток дека филмот си раскажува сам за себе.  

GAZE – на англиски јазик, долг впиен поглед, втренчено гледање во нешто, сериозно посматрање на нештото, континуирано гледање, продолжено загледување, долго гледање, поглед, гледање или посматрање.  Во доменот на филмскиот раскажувачки текст, во класичниот филм, овој поим ја расветлува комбинацијата на внатрешната и надворешната фокализација и преку него може да се следи објективното претставување на надворешна нарација.

 

GAZE (англиски јазик)/ LOOK (англиски јазик)/ MIRANDA (шпански јазик)/ POINT OF VIEW (англиски јазик)/  REGARD (француски јазик)/ SIGHT (англиски јазик)/  VANTAGE VISION (англиски јазик)/  VIEW (англиски јазик)/ WATCHING (англиски јазик)  поглед, гледање, точка на гледање, гледиште, глетка, визија, надредена визија, визура, гледање во живо суштество, гледање во објект.
(Нијансирање на поимите во зависност од контекст).
Овие поими го покренуваат прашањето за начинот на којшто е прикажана приказната во филмскиот раскажувачки текст. Токму како што при активноста на читање роман се подразбира постоењето раскажувач на рамништето на текстот, така гледачот на филмот, независно од читањето и слушањето – гледа - и трага по карактер кој дејствува и создава знаци во коишто гледа.  Овие поими го актуализираат прашањето за фокализацијата во филмскиот раскажувачки текст, која според Мике Бал претставува однос помеѓу ,,гледањето‘‘, односно помеѓу актерот кој гледа и она во коешто се гледа‘‘.

INTERTITLES – телоп,  меѓунаслови.  Во многу неми филмови, но и во звучни, меѓунасловите ја остваруваат функцијата раскажувач.

 

OVERHEAD LONG SHOT – прикажување на планот во горен ракурс.

 

SHOT/REVERSE SHOT - во филмскиот јазик означува план/контра план.  Во наратологијата, планот често пати е еквивалент на рамката, схемата. Во филмологијата е една од најважните техники на монтирање која ја зацврстува внатрешната фокализација во филмскиот раскажувачки текст. Се следат секвенци од три кадри: 1) лицето на ликот 2) во што гледа ликот 3)одново ликот во променета атмосфера во зависност од реакцијата на тоа што го видел.

STORY - на англиски јазик, (recit на француски јазик) - означува приказна, а во Наратологија од Мике Бал се дефинира како ,,односот помеѓу гледиштето на актерот кој гледа и она кое се гледа - е компонента на расказот - содржина на раскажувачкиот текст...‘‘, односно поимот фокализација е врзана за трансформација на фабулата во расказ. Овој однос е компонента на фабулата, содржина на раскажувачкиот текст.  Овој поим кога е поврзан со Мике Бал се преведува какорасказ. Структуралистичката ориентирана наратологија го воведува поимот расказ, претежно врз основа на формалистичкиот поим сиже, при што суштината на овој поим се врзува за единството, заокружувањето И внатрешната логика на елементите (С.Србиновска Подвижниот посматрач во романот, Сигмапрес, 2000)

 

VOICE OVER NARRATOR – во филмскиот раскажувачки текст овој поим го одразува гласот од заднина, или објаснувањето кое е дадено од раскажувачи кои не се гледаат во филмот, или се периферни или надворешни ликови во него.

________________________
Речник 2
Термини и поими од доменот на книжевна херменевтика

________________________

AESTHETIC RESPONSE (OF THE RECEIVER TO A WORK OF ART) означува  реагирање на примателот (читателот) на естетски дела, реактивна рецепција, активно читање, активен прием, реакција, одглас, одѕив, одговор на примателот на естетски дела.  

LISIBLE / SCRIPTIBLE – 
според Ролан Барт, првите текстови наменети за читање и вторите, пишувачки текстови, кои упатуваат на непрекината сегашност, претставувајќи нè самите нас во процесот, чинот на пишување.  Ваквите пишувачки текстови учествуваат во создавањето на перформативноста на писателите и критичарите кои подеднакво би придонеле за ,,градење‘‘ на текстот.


NACHFÜHLEN  
- jemandem etwas Nach empfinden (на германски јазик) означува  сочуствување, вживување.
      - вчуствување (на бугарски јазик)
      - уживљавање ( на српски јазик)
      - symphathy with the individual (на англглиски јазик)
      - на македонското јазично подрачје поимот е именуван како: категорија доживување, интерференција, проникнување, соживување - како изворно единство помеѓу субјектот и објектот на сознавање (во есејот ,,Епистемолошките основи од В.Дилтај, за втемелување на методологијата на проучување на книжевноста‘‘ од Е. Шелева).

THEORY OF AESTHETIC RESPONSE - теорија на реагирање на примателот на естетски дела, естетика на реагирање, естетика на активнио читање. Изворно кај Изер на германски јазик:  die ästhetische Wirkung и die Theorie ästhetischer Wirkung (во: Der Akt des Lesens, Theorie äesthetischer Wirkung, Wilhelm Fink, Munich, 1976), односно воздејство од страна на примателот (читателот) кон естетските дела (значи, примателот возвраќа на дејствувањето што врз него го вршат естетските дела) и, соодветно, теорија на воздејство кон естетски дела, естетика на воздејство.


________________________
Речник  3
Термини и поими од доменот на постколонијална критика

________________________

ARKHEION – (Derrida, J. 1996, Archive Fever: A Freudian impression) означува куќа, живеалиште, адреса, резиденција на врховниот судија, архонтот (оној кој упраува и кој како признаен авторитет има привилегирано право да го претсавува законот, нивниот дом, куќа, односно местото кајшто се оставаат на чување официјалните документи.  Архонтите, пред сè, се чувари на документите и имаат за право да ги ,,толкуваат‘‘ архивите.  Оттаму архивот се поврзува со моќта и со тоа Дерида ја нагласува ,,домицилизацијата во овој куќен притвор‘‘, во којшто се создава структуриран простор,привилегирана топологија, кајшто се вкрстуваат законот и единечното во привилегијата.  Би можело уште повеќе да се проширува овој поим и да се сврзе архивот со моќта да се памети, складира.  Во Литературата како паметење и како архив (,,Културен живот‘‘ 1/2002) И. Џепаровски го следи тополошкиот принцип на архивот како дом низ воочување на сличноста на јазикот како ,,дом/куќа на битието‘‘ (Хајдегер).

- топо – номологија – термин со којшто се означува вкрстување на ,,тополошкото‘‘ и ,,номолошкото‘‘ на просторот и законот, на основата и авторитетот.  Со овој термин се упатува на ,,архонтскиот принцип на архивот, кој е принцип на консигнација, собирање заедно‘‘ (според)

CONSIGNATION – 
консигнација, собирање заедно,оставање на чување, дознаката како акт на чување, спор. И. Џепаровски)
consigning through gathering together signs - ,,дозначување преку заедно собирање на знаците‘‘ (во есејот од Иван Џепаровски)

GRAND NARRATIVES –
 големи нарации, големи наративи. Во постмодернизмот, според Лиотар, сите форми на големите нарации, вклучувајќи го капитализмот и фашизмот, се непосакувани бидејќи ги редуцираат расколите (differends),  наметнувајќи поединечен јазик врз секого (Постмодерна состојба 37-39). 

IN DER WELT-SEIN, BEING IN THE WORLD
 - суштествувањето во светот, да се биде, да се постои во светот,


INTERDICTION (K.V. Tirumalesh  ,,Interdiction:  Or the Impossibility of Dialogueна англиски јазик означува забрана.  Во постколонијалната критика, кога забраната се однесува на употребата на сопствениот говор/јазикозначува неможност од проток  на дијалог. 
- Interdict (v), 
на англиски јазик, значи забранување, изолирање.
- Interdictio, onis,
 f., на латински јазик означува забрана, службена забрана, укинување, лишување, скратување на нечие право. 
- Inerdictum, i, n,
  на латински јазик во правната формална процедура означува официјален судски ред да не се чини определено нешто, или забрана во католичкото црквено право за извршување на извесни црковни обреди, како црквена казна за одредена област, држава, град, или општина.

EMERGENT LANGUAGE – јазик кој изнурнува, кој извира  (во Поредокот на нештата од Мишел Фуко, ваквиот јазик е тој кој ќе нè снабди со неопходно епистеме).  Ваквиот јазик се доведува во корелација со мислењето на Маларме дека ,,говорењето, во неговата осаменост, во неговата нежна вибрација, во неговата ништожност - е самиот збор, не значењето на зборот, туку неговото мистично и неизвесно битисување‘‘

EXPROPRIATE – насилно одземање на сопственоста, лишување од сопственоста во име на јавна употреба или државна сопственост, насилно оттуѓување, експропријација, конфискација. Во доменот на постколонијалниот екскурс, експропријацијата која е применета врз јазикот може да се чита како обезјазикување на оној кој говори.     

LETTING - SPEAK – во постколонијализмот, означува допуштен јазик, јазик кој се допушта да се говори во човекот, вон неговите сознанија од неговата поединечна научна конфигурација.  

MASTER NARRATIVE – надреден раскажувач, големи наративи. Во постструктурализмот ќе се дестабилизира структуралистичкиот континуиран дизајн на утврдување сезнаечки раскажувач.

METANARRATIVES – метанаративи. Фредерик Џејмсон смета дека ваквите наративи се апсолутно неопходни ако треба да се поврати историјата.  Но, тој е критичен кон некои типови метанративи.  Капитализмот, на пример, преку приватизирање на современиот живот принуди на схизма меѓу социјалното и психолошкото, политичкото и поетското, историјата и индивидуалното и го хендикепира нашето битисување како индивидуални субјекти, го парализира нашето размислување за времето и сè посигурно го менува нашиот говор, исто колку што и нè оттуѓува од него – вели тој.


NARRATION – 
теорија на нарацијата, чин на раскажување приказна

NARRATIVE – 
теорија на раскажувањето, теории на наративот, наративни теории, наратив, наративност, нарации
NARRATIVITÉ - 
расказност
NARRATIVITY  - 
наративност

REGIME OF PHRASES –
 режим на фрази, спрега, состав на фрази, структура.  Со овој поим Франсоа Лиотар скренува внимание кон силите кои нанесуваат неправедност врз жртвите.  Секогаш постои еден владеачки режим на фрази, привилегиран јазик кој си ја присвоил улогата на одлучување и ја конституира законитоста и ги поставува ,,правилата на разбирање‘‘.  За да бидеме сфатени  мора да ги употребиме овие ,,когнитивни фрази‘‘, т.е. фрази на доминирачката група.  Преведено со  терминологијата на Михаил Бахтин, ова е исто што и лишувањето или тотализација на јазикот, која за Лиотар е интердикција или  наметнување, ,,регрутација‘‘ (imposition/,,conscription‘‘)