МЕТОДИ НА КУЛТУРОЛОГИЈАТА

А. Ј. Флиер

          МЕТОДИ НА КУЛТУРОЛОГИЈАТА - севкупност на аналитички постапки, операции и процедури, кои се применуваат при проучувањето на културата, а до одредена мера, и на конструктивниот предмет на културолошката наука. Со фактот што културологијата е интегративна научна област која во себе вклучува и резултати на проучувања од редица други дисциплинарни области (социолошката и културната антропологија, етнографијата, социологијата, психологијата, науката за јазикот, историјата и други), анализата се реализира со посредство  на комплекс научни методи и норми што се групираат околу некаков смисловен центар на „културата и нејзините аспекти“, - со што се овозможува преосмислување на многуте појави и поими кои постојат во рамките на секоја од интегративните дисциплини посебно. При културолошката анализа, конкретните методи од разни дисциплини, се исползуваат по избор, според нивната способност да послужат во решавањето на анализираните општокултурни проблеми. Методите овде не ретко се применуваат, особено во хуманистичките и социолошките науки, наместо како формални операции, како пристапи кон проблемите. Сето тоа е причина да се зборува за определени трансформации на дисциплинарните методи и за нивната посебна интеграција во рамките на проучувањето на културата, што всушност и претставува стимул за развој на културолошката наука во целост.
          Се разбира дека таквата констатација не ја отфрла неопходноста од одделување на посебна група методи на анализа и нивно специјално проучување. Во таа смисла, за методите на културологијата податлива е поделбата распространета и во другите социолошки и хуманистички науки, која разликува: - методи кои допринесуваат за фундаментално спознавање на предметот и, - методи кои се поврзани со добивањето емпириско знаење за проблемот, а во посебна група би можело да се изделат методи кои дозволуваат разработка и на некоја применлива област од културолошката наука. Во последните години, во рамки на применетата наука се имаат појавено повеќе методи и технологии на поразвиените културолошки согледувања како: урбанистичката и еколошката антропологија, социокултурното проектирање, организација на меѓуинституционални односи и врски (вклучувајќи ги овде и советништвото и public relations) и слично.

           Друго едно групирање на културолошките методи се базира на историски традиционалната поделба на науките на - наука за природата и наука за духот. Во дваесеттиот век специјалистите прозборуваа дури и за применување на двата најважни групи методи при анализирањето на општеството и културата - идеографските и номотетичките (во оној вид во кој се среќаваат во делата на Винделбанд, Рикер, М. Вебер) или, методите на хуманистичката и социолошката наука за културата (според терминологијата на руската научна мисла). Кога се зборува за хуманистичките науки, се мисли на комплексот методи на книжевната и филолошката наука, науката за религијата, уметноста, етнографијата, културната антропологија, философијата, етиката и други науки, а кога станува збор за социолошките науки, треба да се земат пред вид методите на економската наука, политикологија, етнологијата, социологијата и други. Основната задача на првата група е поврзана со изучувањето на индивидуалниот карактер на културата, компарирање и опишување на таквиот културен материјал; генерализирањето во овој случај е вторична задача. Во рамките на тоа проучување се искористуваат методите поврзани со внатрешната смисла на културата, тие се вживуваат во внатрешната семантика на културните појави и вредности испитувајќи ги нивните позитивни страни. Помеѓу нив посебно значајни се методите на теренската етнографија (опис, класификација и запишување на искуствата и трагите), набљудувањето, отворените интервјуа во психологијата и социологијата, методите на историографската наука, а делумно и компаративно-историскиот метод, како и постапката на анализа на текстови во рамки на херменевтичките парадигми. Основна задача на втората група науки е да ги открие законите и принципите кои дозволуваат од општите закономерности да се премине кон разгледување на чистите појави. Во оваа група, одредените конкретни факти имаат помала вредност од концептуалните генерализирања кои на појавите им придаваат аналитичка смисла и ги обединуваат со мноштвото други разнолики појави. Во овој случај, применувањето на методите од различен тип, во голема степен е насочено кон научно објаснување на функциите на културата, кон промоција на објективните внатрешни причинско-последични врски и кон критичко осмислување на духовните појави во културниот живот. Кај овој метод принципите и категориите на изучување тежнеат кон идеалот на природонаучната парадигма на анализа и кон инструментално-проектниот начин на нивно исползување. Во тој правец широко се применуваат методологии и конкретни постапки на анализирање од економските, политиколошките и социолошките проучувања - структурално-функционалниот пристап, типологизацијата, анализата на факторите и компонентите, методот на моделирање со примена на математички анализи, анкетирањето, изучувањето на текстови по методот на контент содржинска-анализа и др.

          На тој начин, првата група методи е способна во поголема мера да го изрази пространствено-предметниот и конкретно-собитијниот свет на културата, тесно разгранетиот поток на културно искуство на луѓето, како и културните појави кои тешко се проследуваат, она што во нив тешко се изразува, уникалното; тие методи можат да ги рефлектираат променливите или фиксните појави во културата, но со нивна помош тешко може да се определи самата формата на таа промена и фиксираност. Втората група методи пак, напротив, противејќи се на силата на објективизираната апстракција, подобро се справуваат со класата задачи сосредоточени на објаснувањето на сеопштото, функционалното, задачите на анализата на хиерархиски регулираните структури. Тие методи подобро оперираат со оптималните културни квалитети и подобни се за изучување на тоа што се изделува, што се разединува, она што има јасно артикулирана форма на израз. Меѓутоа, со нивна примена тешко е на таа форма да i се придаде толку важната, и во културата секогаш индивидуално-своеобразната, човекова содржина.
           Во применувањето на тие или некои други методи невозможно е да се постави јасна граница помеѓу субјектот на анализата, од една страна, и проучуваниот предмет - од друга. Таа карактеристика ги обединува методите на хуманистичката и социолошката анализа, и од методите на природните, математичките и техничките науки, ги диференцира според фактор што нивната примена се базира врз процедурата на објаснување, речиси и не активирајќи го процесот на разбирање. М. Вебер е еден од првите иследувачи кој го привлече вниманието на укажаната особина на науките за општеството и културата каде објектот и субјектот на анализата е невозможно едноставно да се разделат. Поради тоа тој смета дека тие науки треба истовремено да се ползуваат и со методот на разбирање, и со методот на објаснување. Процсеот кој би ги соединил во едно, М. Вебер го нарекува „објаснувачко разбирање“. Од тој период, и надвор од Русија, во рамките на научните правци, како: социологијата (Ф. Знанецки, У. Томас и други), феноменологијата (А. Шјуц и други) социологијата на културата (Ф.-Х. Тенбрук, П. Бурдје и други), во нашата научна мисла кај приврзаниците на социјалната културологија, социологијата на културата - редовно културата и општеството се третираат како специфични и посебни објекти на научна анализа, кои за нивно проучување бараат посебни методи. Во рамките на спомнатите школи и правци во науката за културата, во последните неколку децении се гледа јасен стремеж да се надмине ограниченоста на етнографската описност, како и формализмот на структурално-функционалистичките методи, а воедно и огромно настојување да се разработат анлитички обрасци за проучување на културата што би условиле да се премине кон социолошко интерпретирање на историско-културниот материјал.

 

           Прашањето за неопходноста од решавање на таквите сложени проблеми беше поставено и во претходните периоди од развојот на културолошката наука, во него јасно се гледаат ред последователни етапи во чии рамки се обработуваат специјалните методи за анализа на културата и се создаваа определени научни модели.
          Првата етапа на анализата на културата К.Л. на народот или на историски оддалечен период се развива во рамките на хуманистичката проблематизација на материјалот, кој во основа има дескриптивно-емпириски карактер. При таа етапа се применуваат оние методи кои на проучувачите им помагаат да ги надминат бариерите на „неразбирањето“ на поинаквата епоха или туѓата култура. Овде примената на разните аналитички методи стреми кон објавување факти за објаснување на проблемот, и достигнување на повисоко теоретско ниво. При сето тоа, се разработуваат и се распространуват, и класификацискиот и дескриптивниот модел на проучување на културата; тие, од своја страна, претпоставуваат опис на културните конфигурации или на културата како една целина, без разгледување на каузалните и функционалните врски помеѓу проучуваните феномени.
          Следната етапа на примена на културолошките методи-пристапи е сопоставување на различни култури, што бара исползување на поширок спектар специјални дисциплинарни аналитички средства и поими. Овде културологот почесто се обраќа кон методите на философијата, логиката, социологијата, науката за јазикот, психологијата, семиотиката, кон историографските методи, а исто и кон аналитичките процедури на меѓудисциплинарен план, се обраќа кон структурално-функционалниот пристап, кон методот на моделирање, и други методи. Во рамките на тоа ниво на анализирање, одредени карактеристики и описи на културата сe уште остануваат одделени, неповрзни една со друга во силата на својата разноликост. Со еден збор, се разработуваат асоцијативниот и функционалниот научен модел на културата.
           Уште една етапа од развојот на културолошката анализа е поврзана со објавување на синтетичките, „водечки“, т.е. определувачки особености на културата: нејзиното устројство и стабилност, најважните структури и обрасци - нејзиниот погледот на свет, традициите, институтите и други. Уште еден степен на анализа на културата е поврзан со објавување и објаснување на тие тенденции и карактеристики на културата, кои како да противречат на нејзината основна градба, на нејзините најважни парадигми, но воедно со неа се и во соодветен баланс (такви можат да бидат ересите, револуциските ексцеси, појави на контракултура и слично).

 

          Двата последни аспекта на анализата, кои ја проучуваат културата на ниво на нејзините размерни динамички трансформации, на ниво на цивилизацискиот развиток во целост, се навозможни без примена на методите на хуманистичките науки кои се карактеризираат со погенерализирачка, а со тоа и со поголема способност да се погледне зад внатрешните конкретни појави на културата и во нејзините длабински односи и шеми на сознавање. На тоа ниво на анализирање на културниот феномен, се појавува неопходноста од разработка на системските, како и на динамичките модели за негово проучување.
          На крај, постои и поделба на културолошките методи во рамките на други правци или школи, пред сè на еволуционизмот, дифузионизмот, структурализмот, функционализмот, антропологијата на дејствувањето, когнитивната антропологија и други. Затоа во културолошката наука се применуваат само методите коишто се способни да решат проблеми на повисоко научно ниво, методи земени од другите концептуално-теориски парадигми. Секој метод го губи својот претходен карактер на самодоволност и добива нов квалитет на взаемодополнетост, посебен допир со други научни принципи, процедури и постапки на анализирање, што на културолошкото проучување му дава да го рефлектира својот, повеќе од комплексен, предмет - културата.

 

Литература: Пенто Р., Гравиц М. Методи на социолошките науки. Москва, 1972; Розин В.М. Културата и проблемот на нејзино проучување // Методолошките проблеми на теоретско-применетите проучување на културата. Москва, 1988; Прирачник по методологија на културно-антрополошките истражувања. Москва, 1991; Библер В. С. Од науката кон логиката на културата. Два философки уводи во XXI век. Москва, 1991; Орлова Е. А. Актуелни проблеми на културологијата // Културата во современиот свет: искуства, проблеми, решенија. Инф. зб. Москва, 1994. бр.10; A Handbook of Method in Cultural Anthropology // Ed. Naroll R. A., Cohen R. N.Y., 1973.

 


Превод од руски:
Кирил Мираковски