КУЛТУРОЛОГИЈА

А. Ј. Флиер

                 КУЛТУРОЛОГИЈА - наука, која се формира како спој на социолошката и хуманистичката наука за човекот и општеството, наука што ја изучува културата како целост, како специфична функција и модалност на човековото битие.
          Макар што појавувањето на терминот културологија се поврзува со името на Американскиот антрополог Л. Вајт, во западната научна мисла тој назив не наоѓа широка примена, меѓутоа во последните две до три децении цврсто се втемелува во Русија. Тешко е да се најде термин, во научните класификации прифатени на Запад, кој би бил аналоген на руското поимање на културологијата, затоа што за разлика од руската традиција, која разбирањето на културата го поврзува пред сe со уметничката и просветителската практика и проблематика, во западната научна традиција феноменот култура се поима првенствено во социјално-етнографска смисла. Оттука, како основни науки кои ја проучуваат културата во Европа и Америка, се земаат социолошката и културната антропологија (според руската класификација - нешто помеѓу социологија, етнографија и психологија), чистата социологија, структурната антроплогија (во Русија би ја нарекле етнопсихолингвистика), новата културна историја (синтеза на историјата на секојдневието со историјата на етнопсихологијата), семиотиката, пост-структуралистичката лингвистика (постмодернизмот) и слични науки.
          Современата руска културологија се стреми кон обединување на веќе спомнатите дисциплини, вклучувајќи и некои нови правци и методологии на изучување на културата, со националните традиции на изучување на секојдневието на луѓето, митологијата и културно-филолошките реконструкции, концепциите на културно-историските типови, со  филозофијата и идеологијата на просветителските аспекти на културата, со идеите на концепцијата на „рускиот космизам“ и т.н. Извесно влијание на востановувањето на руската културологија извршува и руската наука за Истокот (истокознание, ориенталистика), која се занимава со слични задачи на синтеза на социјално-научната и хуманистичката наука, но пред сè, toa go pravi во тесниот ракурс на науката што се занимива со проучување на разните земји со сите свои пројави и феномени (види Културолошка наука во Русија).
          Со подобрувањето на меѓународните контакти на научен план, се појавува и проблемот на еквивалентен превод и објаснување на содржината, на руско сфатената културологија, на другите европски јазици. Рускиот поим културологија е многу поширок од западниот anthropology, меѓутоа, не го опфаќа во целост поимот humanitaria. Изразите од типот: Cutural research или Cultural studies до некаде се доближуваат до руското значење, но малку од него опфаќаат и објаснуваат. Проблемот на меѓународна верификација на руски сфатената културологија сè уште не е решен.

          Разновидноста на  филозофиите и научните дефиниции на културата коишто постојат денес, не дозволуваат да се потпреме на тој поим како на најочигледно значење на објектот и предметот на културологијата, потребно е појасно и потесно конкретизирање, потребни се дефиниции од типот: „културата, се разбира како...“. Оттука, културата која е предмет на проучување на културологијата, може да се сфати како историско социолошко искуство на луѓето да селектираат, да акумулираат и да применуваат такви форми на дејствување и влијание, кои освен нивната утилитарна ефективност, социјална цена и последици, по што се покажуваат восприемливи и за широките маси, се одбираат и според критериумот на ненанесување штета на социјалната консолидираност на општеството и се утврдуваат во сиситемите на нивните културни вредности, норми, модели, традиции и слично. Поточно, форми на дејствување, кои по себе претставуваат систем на определени „социјални конвенции“, кои директно или индиректно го компонираат колективниот карактер на човечкиот живот со сите негови активности. Тоа социокултурно искуство се отелотворува во системот на непосредно регулираните уредувања - на обичаите, законите, каноните, моралот и карактерот, етикетите и слично; се опредметува во специфичните карактеристики на технологијата и продуктивноста (резултатите на) работата на луѓето за задоволување на колективните и индивидуалните интереси и потреби (кои во дадено општество ги определуваат незабранетите начини на реализирање на каква било работа и, параметрите кои се појавуваат при таквите резултати). Тоа искуство се покажува како основна содржина на сите видови комуникација помеѓу луѓето, формира јазични карактеристики и особености на „културните кодови“; ја определува содржината и методиката на процесите на социјализација и инкултурација на човековата личност; се рефлектира и се интерпретира во „културните текстови“ на  филозофијата, религијата, социјалните и хуманитистичките науки на книжевноста и уметноста, општествената мисла, правата и идеологиите, обредите и ритуалите и слично; се предава од поколение на поколение во вид на традиција, обичаи, вредносни ориентации, егзистенцијални уредувања и сл.; се покажува како именител на основните процеси на социјалното обновување на општествата и на тесно локалните црти на неговиот културен систем и конфигурација. Всушност, тоа и претставува културата во таа смисла, во која ја изучува културологијата.

           Во таков случај, предмет на проучување на културологијата стануваат: содржината, сруктурата, динамиката и технологиите на функционирање на социјалното искуство во ракурс на неговиот генезис, селекција и акумулација, неговиот системски поредок, регулативната практика; променливоста; семантичката изразеност; практиката на освојување, исполнување и нарушување на неговата лична нормативна репродукција и творечки развој; развитокот; конвенционалните и авторските рефлексии и интерпретации и слично. Сумирано, културологијата се занимава со проучување на тоа, како се раѓаат, како функционираат, се пренесуваат и се толкуваат, случајно и намерно произведените „национални конвенции“ според интеграцијата на луѓето и регулациите на формите, со еден збор, таа се занимава со проучување на нивното заедничко сопостоење и функционирање.
            За разлика од мноштвото социолошки и хуманистички науки, што проучуваат различни сфери на човековото живеење, и што се разликуваат по нивното сосредоточување врз одделни аспекти на тоа живеење - економијата, правото, политиката, воените, уметничките, педагошките и другите науки, културологијата се однесува на групата науки кои ги иследуваат сите видови и форми на цели и ориентации на човековата животна практика (па дури и обичната, секојдневната), но во строго определени аспекти. Во таа група се наоѓаат историографските науки (генетичко-хронолошкиот аспект на колективното постоење), психологијата (мотивациониот аспект на човекот), социологијата (аспектот на улогата на трудот, како и структурно-функционалниот аспект на социјалната активност на луѓето), вклучувајќи ја овде и културолошката наука (вредносно-регулативниот и комуникативниот аспект на колективниот или индивидуалниот живот).
           Таквиот карактер на културолошкиот предмет, ја детерминира и без тоа сложната структура на самата културолошка наука. Хиерархиски гледано, во културологијата може да се изделат два основни профили на проучување: Чиста културологија (во потесна смисла) - како интегративна наука за целосниот феномен на културата во реалното историско време и социјален простор на нејзиното постоење - и наука за културата - како севкупност на составните научни дисциплини што ги проучуваат одделните подсиситеми на културата по специјализирани области на функционирање (економија, политика, религија, уметност и сл.). Притоа, редица културолози, филозофијата на културата (курзив на авторот) како методологија на осмислување на метафзичката суштина на културата и формирање на основата на нејзиниот поглед на свет, не ја вклучуваат во структурата на автентичните културолошки науки, туку ја вбројуваат во областите на типично филозофските науки кои за разлика од социолошките науки, како и од самата културологија, проследуваат сосема различни предмети и домени.

 

           Се разбира, критериумите на разграничување овде се сосема условни, голем број теоретски испитувања од областа на културата се исполнуваат при допирот на  филозофијата на културата со културологијата, се базираат на синтетизираните методологии и во себе вклучуваат елементи, како и начини на изучување и интелектуален ангажман, и од двете области. Оттука, и самата културологија се покажува како сосема емпириска наука која ги проучува конкретните историски културни појави и ги промовира универзалните закономерности на појавување, функционирање и промена на тие појави. Можна е дури и таква класификација која во културологијата изделува - социолошка и хуманистичка културологија. Првата првенствено се занимава со проучување на функционалните механизми, процеси и форми на социокултурна организација и регулација на колективниот живот на луѓето (вредности, норми, обичаи, начини на живот, технологии на работа, јазици на комуницирање, инструментариуми на социјална репродукција и слично, како на секој поединечно, така и на цела заедница воедно), а втората се концентрира на проучување на процесите и формите на културното себеспознавање - интелектуалните творечки рефлексии и интерпретации на природните и социјалните појави на битието, кои се отелотворуваат во различни вербални и невербални „текстови на културата“. Тие два правци видно се разликуваат и по основните методологии на проучување: рационално-експланаторен во првиот случај и, описно-интерпретативен во вториот. Затоа треба да се разликува: Автентичен културолошки метод - кој се ориентира главно на аналитичка реконструкција на „правилата на играта“ (на „социјалните конвенции“, поимање на вредностите, и слично) кои во проучуваната заедница, го определуваат восприемањето на формите на реализирање на човековиот труд, и Културно-контекстуална анализа, која објектите ги проследува изделено, во нивното културно-историско окружување, но во рамките на традиционалните, историски описно-интерпретативни пристапи. И покрај тоа што во рамките на Русија таа традиција веќе е прифатена, методолошки сосема неисправно се покажува сфаќањето на културно-контекстуалната анализа како културолошка.
           Покрај диференцирањето по предметот на проучување и методологиите, културологијата може да биде структурирана уште и по специфичноста на целите, предметните области и нивоата на спознавање и генерализирање на резултатите.

        Овде, пред сè, место зазема поделбата на културологијата на фундаментална - која го проучува и теоретизира историското познание на тој феномен, и која го разработува категоријалниот апарат и методите на проучување, и сл., и применета - која е ориентирана на примена на фундаменталните познавања за културата со цел да се прогнозираат, проектираат и регулираат актуелните културни процеси и на разработка на специјални технологии на транслација на културното искуство и механизми на постигнување степен на развој на која било социјална практика, кој би бил соодветен на културните неормативи. Притоа, во рамките на фундаменталната културологија можат да се изделат помали или поголеми правци, како социјалната и културната антрогологија - што ја проучуваат културата како социјален феномен и социјална микродинамика на реализација и функционирање на културните појави; историската културологија - која ја проучува макродинамиката на реализација и функционирање на „социјалните конвенции“ на колективниот живот, културно-историската типологија на општеството, психологијата, антропологијата - кои ја гледаат човековата личност како „продукт“, „побарувач“ и „производител“ на културата, вклучувајќи ја овде и психологијата на социокултурните мотивации, самоидентификации и взаемодејствија на луѓето, културна семантика - која ги исследува знаково-комуникациските особености и функции на културните појави и се исползува со методите на лингвистиката и филологијата за дешифрирање и реконструкција на културните објекти како смислоносечки текстови (во крајна мера, токму и на тоа е ориентирано апсолутното мноштво на хуманистички проучувања на културата, макар што културната семантика како област во науката не се ограничува само на едни и единствени хуманистички методологии), како и ред поинакви и различни правци на изучување на културата. Во секоја од тие дисциплини на фундаменталната културологија може да се изделат и неколку степени на спознавање и генерализирање на материјалот: општотеоретски, на системските објекти, на обрасците (схеми, норми, модели) и на единичните артефакти на културата. Во применетата културологија се формираат такви правци на изучување, како: управување со културата, социокултурна рехабилитација, социокултурни аспекти на образованието, културно-просветителска и какви било други слободни активности, музејство, информационо-библиотекарска и архивска работа и друго.

 

            За разлика од културологија, профилот на проучување на науката за културата, е обусловен од тоа што, во секоја специјализирана област на човеково дејствување, освен основните утилитарни цели и технологии на постигнување на резултат, дејствуваат исто така и норми и регулатори на екстраутилитарното својство, коишто, од своја страна, ги определуваат социјално восприемливите форми на реализација на дадена функција и параметрите на нејзините резултати. Тие норми ја определуваат допуштената од неа социјална цена и последици, професионалната етика и корпоративните традиции на специјалистите, структурата и методиката на професионалното образование, критериумите на професионализмот, службените јазици за размена на информации и т.н. Таа севкопност на таквите особини образува една појава која може да се нарече - „професионална култура“ во различни области на специјализираната практика (“економска култура“, „култура на управување“, „ филозофија на културата“ и слично), што во себе ги акумулира основните параметри на социолошката значајност на дадената сфера, нејзиниот социјално-вредносен аспект, професионалните норми на владеење со технологиите и слично, што, од своја страна, бара изучување на ниво на самостоен предмет, како и обучување на кадрите со таквата „професионална култура“.
            Социјалните перспективи на културологијата се огледуваат пред сè во тоа што, при развојот на „револуцијата на информациите“, која го опфати човештвото во втората половина на 20 век, и која во основа се допира до технологиите на управување со производствените, комуникативните и другите процеси на животно дејствување на луѓето, неизбежно ќе настапи етапа на „револуција“ во областа на прогнозирањето и проектирањето, која ќе биде задолжена ефективноста на методиката на управување со сите процеси да ја искачи на едно повисоко ниво. Како најважни, притоа, ќе се покажат и задачите на социолошкото и културното проектирање на социокултурни регулативи на општествениот развој, пресметка на социокултурните последици од управувачките решенија и применетите технологии и поддршка на техно-хуманистичкиот баланс во системите на вреднување и социјалните стандарди. Значајно место ќе зазема и барањето нови методи на социјализација и инкултурација на човековата личност, поефективни методи на социјална репродукција на заедницата и зачувување на нејзините специфични културни карактеристики во услови на општа социокултурна модернизација и стандардизација, и слично. Впрочем, при решавање на тие задачи, специјалистите-културолози укажуваат на тоа дека е неопходно: познавањето на закономерноста на социокултурниот развој, раѓањето и внедрувањето на иновациите, методологиите и методите на социокултурното проектирање и регулирање во оштеството, како и познавањето на историскиот пример на социјалната самоорганизација и саморегулација на заедницата.

Литература: Флиер А.Ј. Современа културологија: Објект, предмет, структура // Општествените науки и современоста. 1997. № 2; Александрова Е. Ј., Биховскаја И. М. Културолошки искуства. Москва, 1997; Орлова Е. А. Социјална и културна антропологија. Москва, 1997; Морфологија на културата: Структура и динамика. Москва, 1994.

Превел од руски: Кирил Мираковски