ПОЕТИКА НА ОТПОРОТ

Ката Ќулавкова

           Одбележувањето на 85-годишнината од раѓањето на основоположникот на македонската книжевна критика, академикот Димитар Митрев, одбележување кое коинцидира со 120 годишнината од раѓањето на неговиот татко Анастас Митрев, еден од соработниците на Јане Сандански и Ѓорче Петров и претставник на македонската левица од првата половина на 20. век, е чин кој дава можност да се актуелизираат суштествените аспекти на културната и колективната меморија на македонскиот народ во нашево време на искушенија од почетокот на 21. век. Димитар Митрев, укажувајќи на конфликтноста меѓу историските и историографските процеси, ја предочува доминантната заблуда по однос на објективноста на историографската наука. Историографијата претендира да биде објективна и веродостојна, но не ретко е крајно субјективна и неверодостојна. Избегнувајќи ја баналноста на максимата дека „историјата ја пишува победникот“, Митрев луцидно забележува: „Не случајно се вели историјата ја пишувам јас, не фактот“.
          Кој ја пишува историјата? Субјектот, победникот, победениот, идеологиите, интересите или фактите ? Фактите, за жал, некогаш отстапуваат пред моќта на субјектот и на институциите кои ја порачуваат сликата на минатото што сакаат да ја официјализираат. Станува ирелевантно какво навистина било минатото и историската стварност. Кога историографијата служи како идеолошки и етнологички инструмент, тогаш станува само далечен отслик на науката и ја губи етичката димензија. Митрев знаел, уште пред неколку децении, дека историографијата има (и) предиспозоции да биде зло-употребена, затоа што претставува не само регистер на факти и архив на артефакти, туку се обликува и како толкување на минатото и е дисциплина од „посебен општествен интерес“. Толкувањето на минатото е по дефиниција толкување направено од некој субјект и од нечија перспектива. Затоа толкувањето е не само научна туку и еминентно етичка работа. Токму толкувањето на минатото не ретко ја оддалечува историографијата од реалноста и ја доведува во ситуација да манипулира со фактите. Историографијата се претвора во инструмент со којшто се етаблираат изобличени слики на историската стварност. Таквата псевдо историографија, ако е потребно, ќе ги фалсификува и фактите, ќе го ретушира минатото, ќе ја редизајнира меморијата.
          Во „транзициони“ периоди, податливи за структурни промени, се иницира -по правило- ре-визија на историјата, мотивирана од нечии стратешки етноцентрични интереси. Таа ги девалвира и ги релативизира научни параметри на емпиричност и објективност. Историографијата се претвора во рашомонска приказна-во-приказна раскажана од повеќе субјекти и низ повеќе различни перспективи, така што ги релативизира фактите до тој степен што слушателот има впечаток дека секоја приказна е вистинита и никоја не е сосема вистинита. Се создава историја-во-историјата, историска бездна. Историографијата умее да се преобрази во дневно-политички дискурс кој смета на тоа дека неколку пати повторените лаги стануваат вистина и дека, ако нема противговор, шокантните и скандалозни интерпретации на историјата набрзо ќе станат дел од официјалната слика на минатото.
          Она од што е обележан животот на Анастас Митрев, животот на Димитар Митрев и на нивните генерации, тоа е мечтаената Македонија - Македонија што ја посакувале, по којашто копнееле, за којашто се бореле, на којашто и' ги посветувале своите судбини и во којашто верувале.

          Само народ кој верува длабоко во сопствениот идентитет може да се артикулира како државотворен народ. Аморфни идентитети не создаваат држави, ниту ги одржуваат државите. Така без исклучок се случувало со сите државотворни народи во Европа и во светот. Дури и современите нации конструирани врз неетнички принцип, но врз цврсти и кохезивни чинители, каков што е јазикот! Таквите политички нации преземаат се’ што е во нивна моќ да го конструираат својот трансетнички идентитет во некој супститут со јазичен, културен и политички предзнак во којшто ќе се препознаваат индивидуално и колективно припадниците на таа нација.
          Македонскиот народ го стекнува својот идентитет според доминантните европски историски модели и се стекнува со своја самостојна држава по распадот на големите империи на овие простори во чијшто состав влегувале сите други народи од балканскиот полуостров. Временската разлика во создавањето на независните држави на Балканот е историски занемарлива. Македонската традиција има сложени врски со цивилизации и култури од древното, предантичко минато. Македонскиот народ има митско име кое до ден денешен е мрачен предмет на желби на други народи и држави. Македонската територија се дели од моментот кога Македонија излегува од составот на последната голема империја на Балканот, Отоманската. Тој процес не е завршен. Самостојна и независна, остварена како посебна држава, мечтаената Македонија на Димитар Митрев денес повторно се соочува со натамошни внатрешни искушенија и делби. Повторно се возобновува мечтата. Историјата е иронична. Сведоци сме на процеси чијашто крајна цел е да се ревидира интегритетот на македонската држава, а со тоа да се проблематизира по којзнае кој пат, брутално, етничкиот, културниот и историскиот идентитет на македонскиот народ.
          На Македонија денес и’ недостасуваат доблесни и достоинствени личности како Димитар Митрев. Едновремено теоретичар и критичар, публицист и општественик, беседник и професор, Маж со харизма, суверена индивидуа која не зависи од центрите на колективната моќ и не им се покорува беспоговорно на дневно-политичките ефемерии, Митрев умееше да ги промислува книжевните факти и вредности во контекст на културно-историските и општествените процеси. Колку што беше ерудит од европски маштап, толку беше Македонец приврзан за националната кауза и културната традиција на којашто цел живот и’ припаѓал и на којашто и’ посветил неколку свои значајни студии. Димитар Митрев знаеше дека константа на македонската национална и културна историја е фактот дека постојано, во критични моменти, се проблематизира нејзиниот идентитет - генезата, народот, јазикот, црквата, границите, литературата, културата, конечно - неговиот хабитус! Но иронично е што сега, при имање на сопствена македонска држава, повторно се прават обиди да се ревидира македонската историја. Зад тие обиди се крие претекстот да се ревидира и македонската иднина. Ревизијата никогаш не е наивна постапка, како што некој се труди да не убеди. Има некои проверени и докажани собитија и кај нас, и во Европа. Нив не може никој да ги ревидира. Впрочем, историјата, особено поблиската, онаа за којашто има сеуште живи сведоци, се памти, а не само се пишува. Ревизијата која го негира усвоениот модел на толкување на историјата, заговара конфликтни ситуации; заговара ревалоризација на сликата на македонскиот народ како мирољубив народ; заговара ревалоризација на демократските придобивки на Република Македонија; заговара официјално прогласување на македонската држава како држава која практикувала политика на дела против човештвото...

          Да имаме личности како Димитар Митрев, таквите ревизионистички проекти тешко дека би поминувале толку тивко и без отпор. Митрев е прототип на пасиониран полемичар кој не ги чува аргументите за себе, туку и’ ги пружа на јавноста, така што и кај јавноста го поттикнува критичкото и аргументирано мислење. Па и отпорот. Еден од првите наслови на овој мој избор на текстовите на Митрев, гласеше Поетика на отпорот. Делото и личноста на Митрев се незамисливи надвор од визурата на отпорот, револтот, непомирливоста. Човекот познат по боемштината, запамтен по елеганцијата и пеперутката, како знак за неговата несекојдневност и свесност за тоа, тој човек знаеше и умееше да биде во дослух со суптилните копнежи на македонскиот народ во 19. и во 20. век.
          Вдахновена од духот на отпорот на Митрев, не можам а да не кажам нешто за тивкиот македонски народ и за македонската држава чијашто судбина ја споделувам деноноќно, човечки и творечки. Антрополошка димензија на македонскиот народ е да биде толерантен, да биде адаптибилен, да проштева, да го разбира другиот а, во мигови на немоќ и организиран прогон, да се повлекува и да бега во егзил. Токму толерантноста на Македонците во историјата била искористувана за антимакедонски проекти. Еден од нив е поврзан со препознатливиот дискурс на (псевдо) загрозеност. Секој дискурс за загрозеноста произведува конфликти, а најмногу оној кој е вештачка конструкција на идеолошки центри на моќ. Приказната за распадот на нашата некогашна држава на југословенските народи се темелеше на мотивот на загрозени човекови и етнички права. Тој дискурс кулминира денес во Македонија. Тој дискурс ја претвори Македонија од држава со признати високи демократски стандарди според европските критериуми, во држава која има тн. институционален национализам кој ги загрозува правата на едно малцинство, на една етничка заедница. Тој дискурс дезинтегрира и генерира колективно чувство на вина. Иронично, Македонија се претвори во театар во кој стварноста е заменета со привиди на стварност. 
          Современата западноевропска цивилизација е втемелена врз концептот на помирување и прошка, а не на ревизија. Германија не бара ревизија на историјата која хипотетички би почнала да го толкува нацизмот и фашизмот низ обратна диоптрија од усвоената, и која ќе го претвори нацистичкиот концепт во цивилизациска придобивка. Таа бараше прошка, доби прошка и израсна во еден од столбовите на мирот и напредокот во Европа. Прошката не е заборав. Прошката е паметење, но паметење за да не се повтори злото, а не за да се обновува и да се практикува култура на освета.  Современите лидери и квазилидери би требало да се поучат на моделите на цивилизацискиот развиток на таквата Европа. Би требало да ги афирмираат историските и културните вредности и да се интегрираат со нив, затоа што тие никогаш не припаѓаат само на еден народ, туку се општочовечка придобивка. Ксенофобичниот концепт кој генерира аверзија спрема вредностите на македонската културна историја и современост, аверзија спрема македонскиот јазик и нелојалност спрема македонските државни институции, кој го супституира Уставот со меѓупартиски договори, е туѓ на развиените демократии во светот, и денес, и во минатото. Останува отворено прашањето зошто човекот не се поучува на позитивните искуства од минатото и зошто ги повторува грешките?

 

          Време е да се помириме со Македонија сите кои сакаме да живееме во неа. Време е да промовираме култура на взаемна почит. Македонскиот народ ја конституирал оваа држава како држава на еднакви граѓани независно од нивната етничка припадност. Тоа е стекнато право чијашто повреда предизвикува вознемиреност и се заканува да ја редизајнира македонската стварност. Треба да се прифати Македонија и нејзините инхерентни права, во име на цивилизациските вредности. Треба да се направи исчекор од сопствениот затворен простор на етницитети и паралелни етнички стратегии кои ги игнорираат македонските симболи и им спротивставуваат во континуитет симболи на други држави. Тоа треба да го направиме и во спомен на великаните на нашата историја, каков што е Димитар Митрев. Во име на сите оние кои го заокружуваа процесот на конституирање на македонската државност. Во име на оној концепт на државност кој е услов без којшто тешко опстануваат сите, а особено малите култури, малите јазици и народи. За да опстанеме. За да ја избегнеме уникатната судбина да ја загубиме стекнатата државност. За да и’ помогнеме на богатата, многувековна македонска култура и јазик да опстанат во оваа епоха на глобализација во којашто секојдневно одумираат јазици ширум светот; во којашто секојдневно одумира дел од слоевитиот и разнолик културен идентитет на светот и во којашто секојдневно одумира дел од културната меморија без којашто човештвото губи од своите духовни и хумани димензии и станува се’ посиромашно и се’ посурово а стварноста е обележана од воени конфликти и војни со невидени размери.
          Во моето сеќавање останува гласот на професорот Митрев кој, на конгресот на македонските комунисти кој се одржуваше на сајмиште во Скопје, некаде 1975 година, при едно гласање, единствен крена рака против и викна на сет глас: јас сум против! Сите се збунија и се почувствуваа неудобно во сопствената кожа. Никој не очекуваше некој да биде против. Митрев беше против! Сите потајно му завидуваа: само тој имаше храброст да го издели своето мислење. Да се издели своето мислење, значи да се има мислење. Да се биде против, некогаш значи да и’ се помогне на татковината. Без таквите изделени мислења би имало само догми и брз премин во небитие, или во тоталитарен ум. Јас денес чувствувам морална потреба, потсетувајќи на личноста на Димитар Митрев, радувајќи и’ се на книгата Живо дело, да го искажам својот револт, и повеќе од тоа, својата резигнација поради трагикомичната и гротескна ситуација во којашто е втурната македонската држава. Историјата не почнува од вчера, ни од 1992 година, ни од 2001 година, ни од 1945 година... Никој нема право да ги повредува македонските национални чувства и концепти се’ додека се во дослух со историската стварност и со востановените светски демократски стандарди. Историјата е долга и за среќа не’ надживува. Верувам и дека ќе ги исправи грешките на современоста.
          На крај, би сакала да му се вратам на делото на Митрев и да ја нагласам потребата македонската држава да инвестира повеќе во сферата на науката, денес сведена на најниска можна стапка од постоењето на државата, мислам од АСНОМската Македонија до оваа денес, да ја истакнам неопходноста од промислено проучување на културната историја, како подалечната, така и поблиската. Инвестициите во спознавањето и афирмацијата на сопствената културна историја и традиција повеќекратно се исплативи за секоја држава.

          Негувањето на колективната меморија би требало да послужи да се избегне заборавот, и тоа не со цел да се живее романтичарски со минатото, туку со цел да се постигне повисока и похумана степен на само-свесност за сопствените вредности и потенцијали.
          Дел од таа меморија во којашто треба да се инвестира е и критичкото издание на делото на Димитар Митрев, дело кое има извонредно значење во конституирањето и практикувањето на македонската национална свест. Тоа дело е посветено на книжевната теорија и критика, но воедно, ако не и примарно, тоа дело е посветено на проектот на македонскиот идентитет. Неговите студии посветени на Григор Прличев, на Зборникот на браќата Миладиновци, на Никола Јонков Вапцаров, на критериумот и догмата, се неодминливи референци во толкувањето на македонскиот национален, културен и книжевен идентитет. Тие дела треба допрва да бидат предмет на толкување и да бидат попристапни до младите генерации и до Македонците кои живеат ширум светот. Живото дело на Митрев антиципира многу идни состојби, затоа што умно и објективно согледало многу состојби во минатото. Ингениозен ретор, многу свои дела ги оставил само во форма на аудио записи. Неговата теорија на книжевноста, неговите предавања, се наоѓаат во тетратките од неговата архива, уредно попишани од неговата сопруга, Љерка Тарник Митрева. Ако тие се објават, Митрев и де факто ќе се легитимира како основоположник на македонската книжевна теорија. Редно е на овој темелник на македонската современа култура да му се оддаде должното признание со тоа што ќе се уредат и ќе се објават најпрвин неговите необјавени дела, потем и другите, на коишто им е потребна минуциозна редакција. Избор од богатото дело на Митрев годинава се објави во издание кое е иницирано и спонзорирано од сопругата на Митрев, професор д-р Љерка Тарник Митрева. Македонската Академија на Науките и Уметностите ја поддржа иницијативата, и благодарение на тоа взаемно разбирање денес имаме прилика да ја промовираме оваа книга, која за мене е повеќе од книга.