КАКОВ СТАТУС ЗА ЛИТЕРАТУРАТА?

(JEAN BESSIÈRE, QUEL STATUT POUR LA LITTÉRATURE?, PUF – „L'INTERROGATION PHILOSIPHIQUE“, 2001)

Кристин Барон

          Кон крајот од XIX век е воспоставено двојното одредување на литературата, кое некогаш ја разгледува според нејзината блискост со светот, како во реализмот, а некогаш - според нејзиното оддалечување од светот, како во симболизмот. Утврдена во критичките перспективи од таа епоха, таа претставува начин да не го разнишува легитимитетот што самата си го дава веќе повеќе од еден век: да го разјаснува својот однос со стварноста, изразувајќи ги своите сопствени критериуми. Последицата од тие тези е недостигот на алтернатива, којашто го тематизираше романтизмот преку говорот на поетот кој, во сопствено име, без да одговара, може само да се соочи со еден нем свет. Всушност, импликацијата на тие претставувања на литературата е дека таа е определена од сопствената логика, онаа што и го доделува статусот на исклучок.
          Заемноста на субјективниот дискурс и на објективниот дискурс, наследена од романтизмот, ги огледа на ист план логосот, патосот и етосот, со што литературата се поставува под двојниот знак на објективната стварност и на субјективната онтологија. Таа дефиниција на литературата и доделува една когнитивна перспектива и ја определува како двигател на историјата, меѓутоа, исто така воспоставува и едно двојно недоразбирање: најпрвин, литературата се согледува според јазикот како своја сопствена творба, без притоа да се промислува формата на тоа создавање. Второ, таа би била самата идеја на јазикот и на животот, па оттаму и постојана референца во почетокот на поетииките и естетиките од тој период.         
          Наспроти тоа, литературата од типот на детективскиот роман, фантастиката, научната фантастика е промислена преку комуникацијата. Во оваа последна верзија, таа игра на таа нерешителност и на сведувањето на наддетерминираноста (surdétermination). Спротиставувајќи ги тие два типа литерарни практики и теории, есејот на Жан Бесиер укажува на патот на раскинот со тој статус на исклучок, според кого се одредува литературата веќе два века.   
          Составена од пет делови, во првите две поглавја „Литературата, реторички инструмент, моќта на литературата“ и „Статусот на исклучок на литературата“, студијата ги третира елементите наследени од симболизмот и од реализмот, кои ја дефинираат литаратурата следејќи го отсуството на алтернатива.
          Моќта што ја поседува литературата за да се искажува самата себеси - врз што почива современиот супститут на субјективната онтологија на романтизмот - како и да располага со секој дискурс, би можела да се искаже преку повеќе модалитети: поимот на заситениот, преполн симбол (symbole saturé) (Н. Гудман) имплицира една бесконечна херменевтика која претпоставува прекумерност на секое читање. Асимилацијата со моќта на јазикот литературата ја прави потребна и универзална, како и сето она на што таа може да се сведе, разгледувајќи ги и интерпретирајќи ги другите дискурси во нивната целост. Таква е, се чини, појдовната точка на лингивстичкиот статус на литературата во кој ја впишуваат романтичарите, правејќи од светот еден нем свет, чиишто интерпретатор е токму литературата. Во таа перспектива, јазикот што ги промислува и ги опфаќа сите нешта (Хердер) и негативноста на знакот (Батај) подеднакво ја означуваат моќта што и е доделена на литературата - да биде егземпларен интерпретатор на општеството, идентификувајќи ја автореферентноста на опишувањето како свој закон. Како актуелизација на моќта на јазикот, литературата претпоставува дека јазикот може да биде интерпретиран од страна и преку самот себеси како еден суверен исклучок, како нешто што во себе може да ја интернира секоја разлика.

          Исто така, одредувањето на литературата од страна на социјалните науки инсистира на нејзината моќ на претставување. За да биде признаена како фикција - тоа би имплицирало дека таа не би требала да води сметка за самата себе и дека таа не подлежи на никаква надворешна јуриздикција, дека треба сe’ помалку да биде одбележана преку врската со митот и религијата, а сето тоа укажува дека литературата самата по себе го конституира симболичкиот контекст за сите опишувања. Тие елементи само го зајакнуваат нејзиниот статус на исклучок, со тоа што го ја привилегираат инклузијата врз припадноста. 
          Една поинаква илустрација за тој статус на исклучок се манифестира во современите поетики. Поставувајќи го акцентот на означувачот (Дерида), на неотвореноста (Бланшо), на имагинацијата која упатува на недовршената метарепрезентација на литературата, тие ја ставаат под знакот на бесконечноста. Преку тезата за невозможната  асигнација на смислата, деконструктивизмот го потврдува тој статус на моќта на литературата, а подвлекувајќи ги апориите на таа теза, претпоставува дека делото секогаш настанува во неумереноста.
          Значи, таквите приоди го затскриваат проблемот на нејзиното настанување. Жан Бесиер се навраќа на тоа прашање во третото поглавје, каде што литературата е разгледана „два пати“, следејќи го правото на јазикот и на литературата, како и надвор од правото на јазикот и на литературата. Така, двете поетики го поставуваат прашањето за односот меѓу литературата и нејзиниот предмет, како преку самата литература (романтизмот, уметноста поради уметност или некои видови реализам) така и преку нејзиниот предмет, придавајќи му го специфичниот статус на непретставливост (детективскиот жанр, фантастиката, хетеронимичната поезија).  
          Во првата хипотеза, затворањето на дискурсот кој ја обмислува литературата преку самата себе, без двоумење се должи на фактот дека таа го смета вон од себе, како очигледност. Така, според реалистичката литература, зафаќањето на баналното е прогласување на неговата егземпларност; значи, баналното се вербализира следејќи го статусот на исклучок, па оттука и значењето на престапот (трансгресијата) и на каузалноста, којашто одлучува да се претставува според некоја норма и исклучокот од таа норма, кога и самата литература, станувајќи норма за претставувањето, го негира својот проблематичен карактер. Одредувајќи ја и поезијата со знакот на настанот, симболистичката литература, без да одлучи што ќе претставува (ако фактот не е тоа што се претставува) се’ уште ја лоцира литературата под знакот на колебливоста: литературата го воспоставува авторитетот на својата реч без притоа да го даде правилото за тоа. Авангардните движења ги повторуваат тие апории преку она што го прави расколот, во единственоста и во она што го воспоставува еден закон; како личното име, така и означувањето на книжевното движење, како она што е особено, така и тоа што ја дава фигурата на неговата припадност.
          Што се однесува пак до естетиките и поетиките на неотвореноста, тие се објавуваат следејќи ги познатите антиномии: немислена мисла, несторен престап; целата стварност и секој предмет се предадени преку литературата, и се претставени како објективни според неа, поетиките веќе два века се фокусираат на прашањето што е литературата.

          Во втората хипотеза, која како појдовна точка го зема постулатот дека право на литературата е да измислува, и го констатира проблематичниот карактер на претставувањето што предизвикува литературата повеќе да не се карактеризира според жанровите, дискурсите и лингвистичкте содржини, туку следејќи ја инвенцијата. Така, претставувањето на невидливи предмети ги преобразува тие предмети во дофатливи за знаењето на читателот и не му противречи на некое претходно знаење, е адекватно на тоа што може да биде видено (Невидливите градови на Калвино го илустрираат таа забелешка).
          Разгледувана преку моќта на јазикот, литературата поставува една колебливост заснована врз интерогативноста според која се мерат светот и нештата; но да се предложи една таква дефиниција на колебливоста би било исто како и да ја нема. Тука постои и една друга верзија која се состои во читањето на таа колебливост и неодлучност, покажувајќи дека интерогативноста на литературата и нејзините парадокси не се засебни туку одговараат и на други прашања; како, на пример, на оноа на историјата и на континуитетот. Тематиката на моќта на јазикот се пренесува во домените на собитијата, на времето, на историјата и на стварноста. Литературата прекинува да биде иманентен и трансцедентален тоталитет откога е поставена наспроти еден објект во когошто не може да проникне, освен ако излезе од статусот на исклучок. Оттука литературата повеќе не се базира врз опозицијата меѓу денотацијата и недостигот на денотација туку вледува во играта меѓу наддетерминацијата (surdétermination) и поддетерминацијата (sous-détermination).
          Дистинкцијата меѓу јас и светот е променета со онаа меѓу човековото индивидуално суштество и светот (во фантастиката и во научната фантастика). На тој начин е овозможена можноста за проширување на претставувањето, (а не повеќе правото на претставување) преку поставувањето на прашањето што е стварност за едно човечко битие.
          Значи, фантастиката беше читана под знакот на фикцијата, на дерализацијата, а сите нејзини толкувања претпоставуваа дека фикцијата е гарантирана од самата себе; тоа значи повторување на првичноста на моќта на јазикот и порекнување на фактот дека во фантастиката фикцијата би можела да оди до својата крајност, во мигот кога таа самата се разурнува како таква. Но фикцијата која нема никаква денотација е веродостојна затоа што таа се лоцира под знакот на читањето и набљудувањето, и следејќи ја обичната интуиција. Во таа перспектива, самиот предмет си е сопствено дело, така што фактицитетот може да биде доделен само како перцептибилен. Фантасичната литература е впрочем едно промисување на перцепцијата, едно истражување на видливото, коешто, давајќи им предност на овие аспекти го ослабува лингвистичкиот момент на претствавувањето. Таа од фикцијата прави резултат на една операција на реализација на мислата, подложувајќи ја таа моќ на прашањето за пертинентноста (умесноста, погодноста, точноста). Во презентацијата на она што не е никогаш видено како нешто што има врска со визуелноста се појавува исто така пертинентноста на еден заеднички идентитет. Романот на научната фантастика го испитува и поимот на искуството.
          Раскажаниот сон (le récit de rêve) е изложување на една безимена моќ (па оттука и упатувањето на подсвесното). Тој не би можел да биде сличен на изложувањето и на моќта на јазикот, бидејќи нема да се повика на правото на претставување со силата на сонот како таков. Што се однесува пак до детективскиот роман, тој го носи контекстот на тоа што го прикажува, но сепак, расплетот на неговата интрига изложува еден поширок контекст кој оттогаш опстојува врз разрешувањето на сите прашања. Книжевната форма на истрагата сведочи за тоа непрекинато изложување на прашањата.

 

          Во фантастиката, детективскиот жанр, научната фантастика постои и тешкотијата да се категоризира тоа што е презентирано. Хетеронимичната поезија (Барнабут за Ларбо или игрите со аукторијалниот идентитет на кои им се оддава Песоа) ја порекнува можноста за идентификација на една persona. Оттука, хетеронимичарите не можат да се одвојат од прашањето за идентитетот што го имаат. Многубројните одговори што би можеле да ги дадеме на прашањето за идентитетот упатуваат на различни места и различни времиња.
          Во овие примери, расказот нема никаков облик на претходен договор според јазикот во однос на петставуваниот свет, така што претставувањето овозможува проширување на контекстите и на човековата гледна точка.
          Четвртото поглавје „Литература, фигури на ефективноста, фигури на моќта и на дејството“ се навраќа на хипотезата за апсолутната метафора, константа од романтизмот до деконструктивизмот; таа се заснова на наддетерминираноста на книжевниот јазик, којшто го одликува делото. Поседувајќи ја во себе својата интелигибилност, книжевниот дискурс не се повикува на играта на заклучоци. Тој не го поставува прашањето за пертинентноста. Ниту интелигенција за самата себе, а ниту и за својата надворешност, литературата во овој случај претставува средина (un milieu). Тезата на Хајдегер (литературата е творба на еден јазик кој е пронајдок на поетот) и онаа на Кавел (препознавањето на себеси и на светот претпоставува една постојана перформанса која само се постигнува преку говорниот чин) повторно ја разгледуваат литературата преку нејзиниот статус на исклучок; наддетерминираноста во еден случај го потенцира писателот, а во друг случај - претставува доказ за  стварноста која се појавува во делото.
          Литературата која ќе биде своја сопствена потенцијалност (како во Бартлеби од Мелвил) овозможува делото да се наврати на таа моќ. Бартовиот означител (а особено реферирањето на буквата) е еден начин да се отфрли специфичното означено; означителот значи посочува на потенцијалот, а литературата ќе биде резервоар на јазикот. Џорџо Агамбен го лоцира делото под двојниот знак на процедурата и на рецепцијата. Значи, меѓу едната и другата не мора нужно да постои дисконтинуитет, а можноста за тој премин - впишувањето во делото на таа можност, колебливоста на јазикот пред да се употреби - дозволуваат да се прекине законот на статусот на исклучок.
          Овие забелешки овозможуваат да се реинтерпретира поимот на референца без референцијална содржина (де Ман). Всушност, репрезентирањето на референцата може да биде завршено, но сепак го поставува и прашањето; когнитивниот карактер поврзан со едно претставување ја испитува моќта на светот. Енигмата помалку се состои во фигурата на пренесувањето на светот во литературата отколку во тоа да се забележи дека светот и бега на литературата. Во однос на фикцијата, макар што нефактичкото се содржи во неа, тоа не ја исклучува врската со стварноста. Поимот на проширувањето (élargissement) од човечка перспектива е проширување кое ја следи интелигибилноста, која пак, ја претпоставува запрашаноста (questionnement) што ја води стрварноста, онаа што ја носи формата.
          Литературата повеќе не се дефинира како презаситен симбол, ами како контекст што не може да биде одреден. На тој начин литературата не ја преобразува секоја семиотичка релација во однос на наддетерминираност. Така, лирскиот говор, како и соголениот јазик на Бекет, преку моќта однадвор, може да биде интерпретиран како хомологија меѓу моќта на јазикот и онаа на светот.

          Нереализираното јадро на секоја репрезентација исто така може да претставува сигнал од страната на моќта на стварноста; претставувањето игра на двете празнини, онаа на неговиот предмет, како и онаа на сопствената реализација. Литературата се манифестира како одговор на двојната неопределеност (indétermination), во согласност на самата сопствена неопределеност. Да се означи литературата под знакот на моќта и на чинот, тоа имплицира еден специфичен пристап на историчноста, како и на алтернативата што ја претставува историјата. Така, романот и наративот претставуваат третирање на минатото и истражување на историчноста; тој го предава минатото како потенцијал кој ја истражува нашата актуелност и нашата историја.
          Наспроти тоа, секоја верзија на литературата која го претпочита нејзиниот оперативен аспект, нејзиното „како“ во однос на нејзиното идентификување со дискурсите го сочинува нејзиниот принцип на композиција и го третира дискурсот и самата литература како нешто кое не се поставува под прашање; на тој начин би можеле да го протолкуваме континуитетот меѓу естетиките на XIX век со современите минималисти. Поистоветувањето на заедничкиот дискурс и на литературата, како еден пишан ready-made, проследувајќи ја присутноста на литературата во смата неа и во јазикот (како современата метафикција) претставува една колекција на процедури. Фактот дека романот се маркира под знакот на нужноста, односно единственото универзално, е линија на литературата според јазикот, а отсуството на референца, забележано од деконструктивизмот, е знак за наддетерминираноста што ја произведуваат категориите на јазикот. Да се каже дека литературата има работа со непознатото, тоа значи дека животот очекува дека делото е средство за секој одговор на нејзината сопствена тематизација. Непрестано создавајќи ја својата сопствена разлика како внатрешна одлика во себе, литературата го покажува континуитетот на својот ефективен карактер и се заснова себеси како хоризонт на секоја работа и секоја тема. Така, во статусот на исклучок никогаш на литературата не и е доделен и друг статус со кој би можеле да направиме да се поигрува, што го имплицира тематиката на бартовото Писмо, како и докса-та на деконструктивизмот.
          Воспоставувањето на „една друга сцена на литературата“ имплицира дека е поставено прашањето за моќта на стварноста. Прашањето за колебливоста, поставено како во сонот, научната фантастика или фантастиката, не означува некаква неможност на значењето, туку една реформа на правото на претставување и преместување на моќта од доменот на јазикот во оној на историјата, на времето, на стварноста, соочувајќи ја литературата со еден објект кого што таа не може да го сфати според статусот на исклучок, којшто се претпоставува. Поставувајќи го невидливото под знакот на видливото, сонот, научната фантастика, фантастичната литература, го вербализираат невидливото според законот на гледањето и пертинентноста на фикцијата, забележувајќи ја заедничката состојба на мислата и на знаењето.
          Во таа перспектива, надвиснатата позиција на литературата се растура поради прашањето за заедничкото име наспроти стварноста, и поради преносливоста. Пертинентноста на секој заеднички идентитет ја овозможува артикулацијата на претставувањата што ги нуди литературата, како и  составените репрезентации на читателот.
          Заклучокот на есејот го разгледува примерот на филмот од гледна точка на камерата, која може да се промислува само преку својата сопствена ситуација на која, сепак, се надоврзува гледната точка којашто е надворешна во однос на неа; онаа на гледачот кој го гледа филмот од сопствена гледна точка.

 

          Претпоставувајќи дека постои наративна размена, романот е неразделлив од хипотезата за динамичната уверливост на таа размена, она што објаснува дека тој може да ги ситуира своите претставувања во секое време и на секое место. Потенцирањето на фикционалниот аспект, наменет за да ја затскрие романескната амбивалентност на реализмот и на фигуративноста, може да биде поврзано или со самолегитимирањето или со противречноста на реализмот, кој ја подразбира и засебноста и универзалноста на својот предмет. Овие две верзии сепак ја воспоставуваат пертинентноста на романот, како мисла за комуникацијата што ја имлицира презентацијата на наративната размена. Макар што естетиките на поезијата често го потврдуваат спротивното, дури и поезијата би можела да се чита поразлично во однос на знакот на ефективноста; тоа што таа ја забележува енигмата на значи нужно дека и самата е енигма пер се.  Останува реалноста на пишувањето и на читањето.
          Статусот на исклучок според кој се одредува литературата не е заменет со некој друг модел, туку со идејата за алтернативата, преку фактот дека кога литературата претставува медиум во својата општост, таа мора да ја замисли својата референца - во најразличните аспекти - во заедничкиот живот, под знакот на проширувањето на сите гледни точки што таа може да ги поседува. Верзијата која ја има предвид прагматиката на алтеритетот дозволува да се сфати крајниот парадокс на современата идентификација на литературата со моќта на јазикот, што се состои во тоа едновремено да се врати суверениот говор и човекот да се опредмети во логосот. Надвор од статусот на исклучок, литературата самата ги создава условите на прифатливост, а и ја одбегнува реификацијата со тоа што го одржува разноличието на контекстите што ги претставува, претпоставувајќи дека таа може да има двата света, без притоа едниот да се редуцира на другиот.
          Тоа згуснато теоретско дело, кое ги изложува своте размислувања врз основа на извонредно различни дела, го поставува прашањето за необработеното одредување на современите теории на литературата од романтизмот, и на тој начин предлага една алтернатива во однос на схемите на апоретичката мисла кои го изложуваат, повеќе од еден век, статусот на исклучок на литературата.
  
Превод од француски:
Владимир Мартиновски