ПАРАДОКСИТЕ НА КНИЖЕВНАТА ТЕОРИЈА

Ката Ќулавкова

Уводно појаснување

1: појаснување на поимот


а. Од теорија до теорија на книжевноста
         
          Секој обид да се дефинира поимот теорија е драматичен, затоа што соочувањето со теоријата е соочување со несовладливото и непознатото, кое пак побудува морници, зазор, одбивност и привлечност едновремено, како што и може да се претпостави со оглед на историското искуство со непознатото и човековите средби со него. Теоријата е средба со непознатото кое упорно чука на портите на свеста и на востановените системи на знаења затоа што има моќ да ги разниша и да ги поткопа востановените канони. Теоријата, при секој обид на ново промислување и редефинирање, покажува дека не спаѓа во редот на нештата кои можат да се совладаат и да се владеат едноставно и долгорочно, во целост и без остаток. Напротив: теоријата за себе сфаќа, а другите ги потсетува, дека нејзината атрактивност се состои токму во фактот што е податлива за неапсолутно расудување и про-мислување. За амбициозно но не и догматично. За суптилно, луцидно и логично мислење. Тука таа се разликува изворно од мимесата и диегезата кои директно или индиректно кажуваат, прикажуваат или раскажуваат приказни, митоси, мечти, привиди и измислици. Драматизирајте, рекол Хенри Џејмс, драматизирајте! (1962:265) Кажете дека на битието на книжевниот говор му е својствено мечтаењето, вообразбата, привидот, баснословието, на теоријата пак - ќе употребам една старословенска реч - безмечтанието, потоа созерцанието, долгото соочување со мечтите, вообразбите, привидот, логосот склон на теореми.
          Tеоријатa одбива догматски и дефинитивни толкувања, и претпочита отворено и исторично толкување на на еден систем во рамки на културниот систем како надсистем или систем на системи. На пример, теоријата на книжевноста претпочита толкување на книжевноста во целина, на посебните книжевни модели, родови и видови и на одделните книжевни творби кои не ретко ги порекнуваат востановените модели и востановуваат нешто трето, непредвидено, мешано, хибридно, кое за возврат ќе бара одново преистпитување на конвенциите на културните и книжевните системи и суб-системи и ќе согледа нешто ново во новата книжевна форма. Може на пример, да се случи, една таква книжевна форма да успее да ги интегрира во себе и фикционалните, и поетските и есеистичките елементи, и романескните и новелистичките, или - вербалните, визуелните и музичките, историографско-документарните и фиктивните, итн. итн... Книжевноста е подрачје на висока слобода и оптимални канони, па дискурсот кој се занимава со неа треба да и’ парира, да биде некој оптимален аналогон на книжевноста, а сепак да биде посебен свој метајазичен, теориски дискурс со елементи на спекултативност, филозофичност, антропологичност и културологичност. Да резимирам:теоријата секогаш остава простор за слобода, колку и да е удобно сместена внатре во границите на сопствениот поредок.
          Јас имам намера да зборувам за одреден вид теорија, не за теоријата воопшто. Тој одреден вид теорија за којшто денес ќе зборувам е теоријата на книжевноста. Значи, нема да навлегувам во подрачја кои ја поврзуваат теоријата со некнижевните уметности какви што се сликарството, филмот и театарот и нема да се оддалечувам од уметноста на зборот, уметноста на речта или на јазикот, а што денес сите ја нарекуваме и ја препознаваме како книжевност.

        Да се зборува, пак, за теоријата на книжевноста, треба да се има знаење, умеење и дарба да се каже нешто посуштествено за неа, а тоа, според мене, најдобро може да се направи ако се прикажат нејзините внатрешни парадокси, оние на коишто таа постојано наидува и што повеќекратно ги промислува, се’ до следната прилика. А да се прикажат парадоксалностите на теоријата на книжевноста, значи тие да се разобличат, да се именуваат, да се препознаат, да се идентификуваат. Ова предавање има цел да посочи неколку фреквентни и вообичаени парадокси, кои токму поради тоа што ја создаваат илузијата дека се вообичаени, остануваат не ретко неспознати, поттурнати како прашина по аглите на тн. книжевна наука, потценети како споредни проблеми или примени лежерно и љубопитно, небаре се работи за одразот на виножитото по некој убав дожд, што набргу ќе го снема, па кој го видел видел, кој не го видел - не го видел. Се’ до следниот.

б. Од поетика до теорија

         
          Тука ќе наведам само уште едно уводно појаснување. Во ова предавање нема да зборувам за ПОЕТИКА, туку за ТЕОРИЈА НА КНИЖЕВНОСТА, од две важни причини:
          прво, затоа што поетиката е историски претходник на теоријата и во деветнаесеттиот век, кога теоријата се етаблира како една од носечките духовни научни дисциплини (денес се во оптек и атрибутите хуманистички, општествени и културолошки), таа се вградува во теоријата како нејзин составен дел, што ќе рече дека теоријата е посеопфатна дисциплина од поетиката, односно дека теоријата го проширува јупитеровски екстензивно предметот на спознаен интерес на поетиката, кој традиционално се движел меѓу жанровскиот систем и теоремите, органонскиот концепт на постапки, закони, модели и норми врз коишто функционираат и се конституираат книжевните родови, видови и факти (како стихот, фигурите на говорот и сл.), значи од внатрешните елементи на книжевноста. Теоријата, преземајќи во и вградувајќи го во својот предметен домен на промислување, го проширува овој интерес на поетиката  кон тн. надворешни аспекти на книжевноста, во насока на проблематизирање на односите меѓу книжевноста и другите уметности, меѓу книжевноста и општеството, културата и идеологијата, меѓу самата поетика и теорија и другите духовни и општествени дисциплини: филозофијата, од којашто и самата произлегува, реториката и стилистиката, кои сеуште на поспецијален начин се занимаваат и со книжевните аспекти на стилот и на говорот, антропологијата, со која има тесна предметна и методолошка врска, психологијата и историјата, односно историјата на уметноста, со коишто традиционално се надополнува, естетиката, херменевтиката, теоријата на информациите, семиотиката, културологијата, интермедијалните теории. Таа, теоријата на книжевноста, добар дел од овие општи во својата област дисциплини, ги специјализира во своето потесно подрачје и создава специјални под-дисциплини какви што се на пример - книжевната семиотика, книжевната стилистика, книжевната херменевтика...;
          второ, затоа што поетиката и денес опстанува како книжевно-теориска и методолошка опција и се фокусира на одделните книжевни дискурси, формации и постапки, па и се остварува како поетика на фикцијата, поетика на прозата, поетика на лирската поезија, поетика на романот, средновековна поетика, поетика на романтизмот, поетика на Модерната, поетика на стихот и тн.

 

Уводни појаснувања

 

2: појаснување на карактерот на теоријата на книжевноста

 

          Теоријата се одликува со неколку карактеристики што ги стекнува по дефиниција и во практика. Затоа, ќе ја искористам можноста да го релативизирам овој став и ќе речам дека теоријата, по правило, е метајазична, спекулативна односно трансисторична, емпирична односно исторична, интердисциплинарна односно интердискурзивна и  скептична односно критична. Секоја теорија, теоријата на системите, теоријата на знакот и на знаковните системи, теоријата на романот, теоријата на текстот, теоријата на субјектот, теоријата на културата...
Таква е и теоријата на книжевноста:
(1) метајазична, затоа што е јазик за книжевниот јазик;
(2)спекулативна односно трансисторична, затоа што е логична, аналитична, мисловна дисциплина на којашто и’ е својствено апстрактното расудување, комбинирање и заклучување, создавање нормативни и прескриптивни органони, упатства, авторитетни модели;
(3) емпирична односно исторична, затоа што треба сама да го совлада својот порив кон апстрактни спекулации и типологизации и да го надополни со тоа што ќе се навраќа постојано и насушно на своите извори, на книжевните дела и чинители (авторот, читателот, текстот, значењето, кодот), на пример, и затоа што освен стремежот да важи и да се однесува на книжевноста воопшто, значи на книжевноста од минатото, од современоста и начелно и на онаа од иднината, претпоставената и замислената книжевност, така што да биде во „методичен“ дослух со логиката и со законитостите на книжевноста и на книжевниот развиток, таа сепак не може а да не се повикува на конкретни книжевни дела, постапки, ситуации и функции, поврзани со дадена култура и културен систем, со дадено време, историја, традиција и јазик, така што проектира и извесни историски констелации и при тоа, кога е потребно, отстапува од сопствените претходно заземени становишта;
(4)интердисциплинарна односно интердискурзивна, затоа што во својата критичност и отвореност, уште во раната фаза од своето конституирање и етаблирање, увидела дека може да ја интегрира традиционалната поетика во себе, ама не може да се сведе исцело на неа, со оглед дека има поширок опсег на интереси и има внатрешна потреба да се надополнува и да води дијалог со другите сродни дисциплини и дискурси какви што се лингивстиката, реториката, стилистиката, филозофијата, културологијата, психоилогијата, историографијата, семиотиката, антропологијата итн.;
(5) скептична односно критична, затоа што има вродена смисла за критичност, сомневање, недоверба, од што произлегува потребата да преиспитува, да редефинира и да превреднува, па можеби затоа Калер ја дефинира и како „предизвик на здравиот разум“. 
          А сега ќе го свртам вниманието кон неколку системски и семантички јазли на теоријата, неколку  ранливи, неверојатни, навидум неможни, а сепак маркантни противречности на теоријата на книжевноста кои ја сочинуваат нејзината сложена смисла, кохерентност и одржливост.

Парадокс број 1:  поредок и слобода

          И теоријата ја формира својата особеност и идентитет воспоставувајќи нужна хармонија меѓу редот, организираноста и предвидливоста како својства на системот и поредокот, од една страна, и ентропијата, безредието, дезорганизираноста и непредвидливоста, како својства на говорот, посебноста и индивидуалниот влог на книжевноста и на другите уметнички практики, од друга. Во таа внатрешна, семиотичка конфликтност, се наѕира основната, би рекла дури и иманентна парадоксалност на теоријата, која е услов без којшто не е можно да се теоретизира теоријата и да се востанови особениот и уште поапстрактен метатеориски дискурс, кој денес се препознава во тн. методологија пројавувана во форма на преглед на критички методи и теориски концепции, како варијабилен или различно третиран состав од критички методи и нивните парадигми кои се заменуваат една со друга, ретко се надоврзуваат или се надополнуваат една со друга. Подрачјето на книжевната теорија и методологија, како подрачје на две комплементарни дисциплини, од коишто едната, методологијата е изведена од рамките на другата, или теоријата, во тек на цел еден век покажа дека може не само да опстане, туку и да еволуира, градејќи го својот идентитет преку методолошкиот симултанизам и плурализмот од методи и парадигми, во атмосфера на напрегнат и не секогаш извесен дијалог и/или конфликт. 
          Во тек на втората половина на дваесеттиот век преовладува заблудата дека да се напише едно системско книжевно-теориско дело значи да се состави една читанка, хрестоматија или преглед на теориските и критички методи, концепции и интерпретации на книжевноста. Така, дискурсот на теоријата на книжевноста е заменет со дискурот за книжевните теории кои се всушност супституција на критичките методи во проучувањето и толкувањето на книжевноста, главно почнувајќи од формалистичкиот метод, новокритичкиот, па структуралистичкиот, стилистичкиот, егзистенцијалистичкиот, марксистичкиот, родовиот, семиотичкиот, пострструктуралистичкиот, новоисторицистичкиот, деконструктивистичкиот, методот насочен кон читателот, културалниот, интертекстуалниот. Универзитетската настава исто така предност дава на уводите во теориите и критичките методи и со тоа врши силно влијание врз поимањето на теоријата и на теорискиот хабитус. Пред неколку години, во 1997 и 2000 година, конечно се појави еден мал, но компетентен многу кус увод во Книжевната теорија од Џонатан Калер, кој на поширок план, најпрвин во сферата на англофонското подрачје, фрли нова светлина врз книжевната теорија. 1999-та година, уште пред да биде појавена книгата во Македонија, значи независно, објавен е мојот Уводот во Теоријата на книжевноста, кој можеби уште порадикално се залага за ревизија на сфаќањата на книжевната теорија во насока на диференцирање на нејзиниот предмет на истражување од оној на методологијата, и негово фокусирање врз темелните прашања на поимот книжевност и на спознајниот книжевен комплекс. Македонскиот университет „Св. Кирил и Методиј“ и наставните планови и програми од областа на теоријата на книжевноста тоа го потврдуваат како легитимна академска концепција, која во некои насоки се однесува и аватарски, поставувајќи се крајно продуктивно спрема новите изведени дискурси.

          Во тоа се состои, имено, идентитетот на книжевната теорија, да биде некаде помеѓу поредокот и слободата, помеѓу системот и практиката на книжевноста. Теоријата на книжевноста се поставува од една страна, меѓу помеѓу општите, надиндивидуални и трансперсонални модели, обрасци, конвенции, функции и законитости на книжевноста, и од друга, меѓу нејзините единечни и неповторливи дела, ефекти и вредности. 

Парадокс број 2: знаење и дарба

          Книжевноста, колку и да е знаење, умеење, искуство, вештина, меморија, толку повеќе во основата секогаш е дарба и не мора нужно да произлегува од системска и методична кооперација со теориските системи на знаења. Историјата на книжевноста покажува дека во архаичните епохи како и во епохите на новото Време, од Ренесансата наваму, да речеме, постојат примери на дела и творби кои потсетуваат и кои опоменуваат дека се дела и творби на автори кои не биле посебно едуцирани или упатени во теоријата, кои ги напишале и ги создале своите дела и творби, вон од некој неопходен Контекст на идентификација и на стекнување на значење и вредност.
          Тоа ќе го илустрирам со еден пример земен од расказот „Апсолутен слух“ на современиот италијански писател Даниеле дел Џудиче, со цел да го илустрирам кажаново и да направам една речита парабола, која малку ќе ја релаксира оваа беседа од теоретичност, ќе ја спушти на земја и ќе и’ помогне да биде посликовита. Во него се случува едно апсурдно убиство, навидум сосема случајно и немотивирано, но кое не останува, како ниту едно убиство, совршено, иако апсурноста му помага тоа да биде. Всушност, самиот расказ не се занимава со детекција на убиството и на убиецот, туку многу повеќе со проблемот на идентитетот („возот е идеално место за исмислување лажен идентитет“), зависта на обичните луѓе спрема апсолутниот слух, потрагата по личноста која е надарена со него, општо кажано се занимава со самиот феномен на апсолутниот слух, откровението... Што е тоа? Стручњакот за прашина, вака го дефинира: „Апсолутен слух е кога тоа е кога некој може да на чуе и да интонира некоја нота без да мора да ја извади од нејзиниот однос со другите ноти. Некој ви бара ниско е и вие веднаш му го отпејувате, без размислување, или некој може да ви отсвири само една нота и вие веднаш знаете која е. Тоа е вродена дарба. Ја немаат дури ни диригентите, па ни музичарите. Оној кој има апсолутен слух обично и не знае дека го има...“ По пат на неверојатно луцидна теориска логика и интуиција, едниот лик (стручњакот за прашина) насетува дека другиот лик (раскажувачот) го извршил необјаснивото убиство на пасионираниот младич-одгледувач на риби и самоук композитор на чудесни музички творби. Тој фрла сенка врз едно од најнедвосмислените и несомнени правила во лингвистиката и особено во поетиката и семантиката, дека значењето на секој збор се формира само и единствено во определен и соодветен контекст, наспрема и наспроти другите зборови, искази и чинители на тој контекст. Нема значење без контекст, вели тоа правило.
          Не постои значење само по себе, ниту вредност сама по себе. Но во поезијата, како и во музиката, ретко, ама сепак, понекогаш и по исклучок, и најсветото правило може да биде неиспочитувано и да биде нарушено. Така, може да се случи да се насети смислата на некој збор по пат на дарба и интуиција, прекогнитивно, предспознајно, без подробно појаснување, реконструкција и употреба на контекстот. Контекстот, се разбира, постои, но постои имплицитно, па некогаш и сосема несвесно и неинтенционално. Но до него се стига via дарбата и претчувството, а не со помош на сувопарни знаења и совладани рецепти за вештини на компонирање и творење.

Ако ја следиме теориската логика, оваа согледба ќе ја надополниме и поткрепиме со една обратна опсервација, со обратен пример. Станува збор за неспорната даденост дека во светот (денес и во минатото) постојат многу едуцирани и образовани индивидуи кои не чувствуваат ниту внатрешна потреба, ниту моќ, ниту задоволство во тоа да создаваат книжевни дела, да бидат писатели и своите знаења и видувања да ги изложат и да ги искажат низ книжевни уметнички облици и знаци. Значи, знаењето не е одлучувачки ни пресуден чинител во творештвото, иако е чинител со некаква важност по однос на творештвото. Тоа доаѓа особено до израз кога се работи за создавање дела кои почиваат врз некоја спознајна, филозофска и културна традиција, кои се повикуваат на некои текстуални предлошки, кои се пародија на востановени модели, кои реферираат на одредени извори, кои ревидираат одредени кодекси, кои реконструираат уметнички одредена историска ситуација или симулираат одредена историска личност, собитие и време...
          Секоја свесна, намерна или интенционална ревизија на книжевните канони се темели на длабоко проучени и промислени туѓи искуства и постапки. Особено книжевноста на дваесеттиот век, познат како век на теоретизација и век на неколкукратно евоцирани „кризи“ во уметноста, во романот, во драмата, во поезијата, има потреба од компетентни писатели упатени во системот на книжевноста и неговиот поредок, за да можат одвнатре, со силата на индивидуалниот чин, волја и моќ, да го симнат од пиедесталот и да го заменат со некој нов поредок. Слободата е преминот од еден кон друг поредок, не премин во анархија и хаос. Творечката слобода е желна за Битие, а свесна дека до него може да стигне и преку проекција и конфликт со Небитието. Таа ризикува за да го помине тој пеколен пат меѓу небитието и битието. Таа е распната меѓу сомневањето во постоечкиот поредок и вербата во новиот. Сатурн го развластува Уран, Јупитер го развластува Сатурн, и така до бескрај традицијата е исполнета со трагизми створени дома и меѓу Таткото и Синот, меѓу Диктатурата и Слободата, меѓу старата и новата Моќ... Од тие трагизми се создаваат нови вредности и нови констелации, но останува вечна нивната првобитна и архетипска симболика, втисната во антрополошката матрица на човекот некогаш и денес, отворена за нови персонификации и собитија.
          Се разбира, самата ќе бидам меѓу последните кои ќе пледираат за аналфабетизам во книжевното творештво или кои ќе ја реактуелизираат на отворени врати тезата за божествената вдахновеност на писателите како единствен, достаточен и самодоволен предуслов за создавање книжевни дела и книжевни вредности. Јас само се обидувам да ве воведам во атмосферата на противречното, амбивалентно, контроверзно, динамично и дијалектичко книжевно-теориско промислување. Никогаш одговорот не е едноставен и прост, па да кажеме книжевноста е проекција на божествената волја и ум, писателот е медиум со ретка дарба и сл., исто како што не би требало да ја поедноставуваме улогата на теоријата и на знаењето и да речеме дека пишувањето книжевни уметнички дела е проста кумулација на знаење и умеење, на совладани техники и вештини на пишување. Книжевноста не е ни едното, ни другото, но нешто кое е во дослух и со теоријата/концепцијата на дарбата и интуицијата, и со теоријата или концепцијата на вештината и знаењето. И уште многу повеќе од просто помирување на овие две концепции и дадености. Нешто сложено, деликатно, суптилно, нешто кое толку се надминува самото себеси што во комуникцијата со другите има потреба од медиумот каков што е теоријата и каква што е херменевтиката и практиката на толкувањето на книжевните дела, за да стане помалку херметична и да отвори неколку влеза и излеза од себе и кон себе. Оти книжевноста чувствува, иако тоа не секогаш и одговара на нејзината суета и особено не на суетата на авторите, дека - in ultima linea - е во рацете на читателите, дека зависи од читањето и од контактот со читателите во различни времиња и простори, згора на тоа е нурната фатално во бездната на сопствениот Јазик, има насушна потреба од превод, зависи од многу други чинители и субјекти, па следствено, треба да допушти да живее и поинаку и надвор од границите на предвидливото, да се отвори за другото во смисла на друг читател, друг преведувач, друг толкувач, друго време, друг светоглед, друг систем на етички и естетички вредности, други културни и книжевни конвенции, други теориски системи.

 

Парадокс број 3: теоретичност и литерарност

 

          Имајќи ги предвид основните својства и премиси на книжевниот вид кој се дефинира како мешан вид (genre mixte), може да се прифати, во послободна варијанта на толкување овој поим, согледбата на Ричард Рорти (Richard Rorty) и на Џонатан Калер (Jonathan Culler) дека теоријата на книжевноста спаѓа во редот на мешаните видови (2001:11), а со тоа и во редот на тн. интердискурзивни практики, толку својствени на епохата на европското граѓанско општество од крајот на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век до денес, ако не се заборави нивната втемеленост врз принципот на децентрализација на власта, индивидуализација на погледот на свет и намалувањето на социо-културниот јаз во општествената и државната хиерархија на надредени и подредени, образовани и необразовани, моќни и немоќни. Особено еден подвид на теорискиот дискурс, есеистичкиот, се вклопува во моделот на мешаниот вид. Теоријата на книжевноста, и кога се остварува како авторефлексија на книжевноста за самата себе и како автореференција, сепак го задржува својот примарен идентитет на говор, вид и семиотички систем, кој го има за предмет на свое промислување - сложениот комплекс на книжевноста, нејзиниот говор и систем, така што не може а да не биде пред се’ и над се’ - метакнижевен, метафикционален, метапоетски и метајазичен вид. Нејзина доминантна одлика не е поетичноста и литерарноста, туку - сепак - спекулативноста и аналитичноста.
          Обидите да се литераризира теоријата не се проекти на укинување на идентитетот на теоријата и на книжевноста, обратно, тие само потврдуваат дека теорискиот и книжевниот дискурс се два засебни дискурси кои постојат еден наспрема друг, кои се огледуваат не ретко еден во друг, но кои настојуваат да ги задржат секој одделно своите специфични својства и своите диференцијални функции. Фокусирајќи се врз уметничките и метафизичките аспекти на книжевноста, теоријата не може а да не се огледа да се препознае и самата, барем делумно, во зоната на естетското и метафизичкото. Така, во втората половина на дваесеттиот век особено доаѓа до двонасочни процеси: до теоретизација на книжевноста (филозофски роман, расказ-есеј, есеизирана песна и сл.) и до естетизација и литераризација на теоријата (есејот е прогласен како хибриден или мешан жанр par exellence, односно до создавање свесни облици на автореференцијални фрагменти за книжевноста во самите книжевни дела.
          Интердискурзивноста е сеопшт процес на современоста, ги редефинира книжевните и теориските видови говор и ја отвора самата книжевност кон другите текстови, преку нив и кон традицијата од книжевен и некнижевен тип со долга текстуална историја, така што и ја доведува во ситуација да го постави одново основното прашање - што е книжевноста?, колку книжевноста е јазик - предмет кој се однесува на вонкнижевната стварност, а колку е метајазик и јазик - интертекст кој се однесува на другите јазици, така што се однесува и на самата книжевност, па следствено книжевноста се испишува и се чита како специфичен вид „иманентна теорија“ или автореференцијален дискурс кој нема само примарен јазичен, туку и дополнителен метајазичен карактер.

Парадокс број 4: гледање со ум и задумно гледање

          Не е непознато дека поимот теорија етимолошки се доведува во врска со зборот кој има потекло во зборот теориа,  кој на стариот хеленски јазик означувал умствено и духовно гледање, набљудување и посматрање. Tеоријата е „глетка на умот“, умот е око кое гледа без престан и без почин, гледа сладострасно и поетски, не само спекулативно, здраворазумски, когнитивно и апстрактно (Колева, 2002:5-71). Теоријата е облик на анамнеса, на реконструкција и симулакрум на поетското сеќавање во еден облик на јазик (логос, слово) кој не е поетски, кој е метајазичен, метапоетски и металитерарен. Следствено теоријата, споредена со другите дисциплини на спознајниот книжевен комплекс (наспроти книжевната историографија и критика), би требало да е најмногу склона на принципиелност, објективност, непристрасност, бескомпромисност и целесообразност. Нејзиниот историски претходник и современ составен дел - поетиката и го изградила почетниот модел на теорија, прескриптивно-нормативниот, така што е просто непоимна теорија без минимум прескриптивност и нормативност. Од неа се наследени дефинициите на теоријата како збир на теореми, органон и кодекс на норми и правила кој ја игра извонредно добро улогата на „граматика“ на книжевноста, на прототип за поредок и код ослободен од притисокот на субјективните критериуми за вреднувања и системи на вредности.
          Наспроти неа, на критиката и’ доликува многу повеќе да биде „неправедна“, субјективна, идеографска, конјунктурна, актуелна, компромисна и пристрасна. На поинаков начин, но повторно, и на историјата на книжевноста и’ се поблиски искуствата со ретушот, декорацијата, адаптацијата, идеализацијата на книжевното минато одошто на теоријата. Теоријата на книжевноста, и од неа изведената методологија на книжевноста и на книжевната теорија, има премногу широк простор на избор, слобода и дејствување, за да се сведе и да се подреди на ефемерните потреби и критериуми. Во таа смисла, таа е многу повеќе трансисторична, одошто историска во строгата смисла на зборот. Да се изведе и да се состави, на пример, теорија на лириката или теорија на метафората, значи да се направи промислен пресек на развојот на лириката или на метафората низ историјата низ одбрани и парадигматични примери од историјата на лириката или на метафората, кои нужно не се врзани за современоста, ниту за една национална книжевна продукција. Така, ако можеме, платоновски и метафизички, на умот да гледаме како на органон и око на душата, тогаш можеме, по аналогија, на теоријата на книжевноста да гледаме како на око и органон на книжевноста, на тој естетизиран облик на човековата психе и човековиот јазик.

          Парадоксот е, пак, во тоа што гледањето со умот на она кое веќе претставува УМ, да го наречеме уметнички ум на јазикот на човекот, на психата, на колективната меморија, на имагинацијата или мечтата, на она кое веќе претставува искуство, искушение и игра со ЗАДУМОТ на Поиезисот како на квинтесенција на книжевноуметничкиот Ум, се изобразува, во стварноста, во гледање кое за да го сфати екстатичното, задумното и чудното на Поиезисот, и самото треба да мине низ тоа искуство, или барем да развие усет за него, да не го потценува, да го уважи, да го сфати. Дваесеттиот век, теоријата на релативитетот, квантната физика, теоријата на убедлива веројатност и „научно“ ја разбиваат повеќевековната заблуда на човештвото наследена и натрупана низ историјата од неколку епохи и нивните филозофски концепции, дека -имено- патот до вистината е пат на разумот во строга смисла на зборот, односно пат на позитивистичкото докажување, пат на вулгарниот материјализам и на каузализмот. ( Durand, 1984) Е, тука, теорискиот логос е на самата граница со паралогосот и потребна е голема умешност за да го сочува здравиот разум, во аристотеловска смисла, и да проникне во поетскиот логос и мимесис, па да може да каже нешто разумно за нив. Едната дарба се соочува со другата дарба, а и двете престојуваат во домот на искуството, вештината, трудот, клесањето, усовршувањето како потрага по финесите. И, како во старата зен приказна, можеби, по долго време макотрпна работа, можеби еден ден ќе изгледа дека некој есеј ќе може да се напише со леснотија и брзо. Таа леснотија е транскрипт на долгогодишна минуциозна работа и умствено гледање, подробно читање и развивање на вештината на толкување на книжевноста, и тоа не во некој самоцелен и изолиран контекст, туку во сложениот контекст на културата.

Парадокс број 5:теорија и метатеорија

          Теоријата е мајка на метатеоријата. Како метајазик, таа ги генерира другите мета-метајазици, каков што е јазикот на критичките методи. Методологијата на книжевните студии или на книжевната наука е произлезена од теоријата како потреба да се промислува самата теорија, нејзината научност, методичност, историја и историчност, конфликтите, дескрипцијата и компарацијата меѓу постоечките теориски концепции и од нив изведените критички методи во историјата и во современоста, методолошкиот симултанизам и еволуционизам, схемите на методите и нивните терминолошки и поимски парадигми, нивниот идентитет. Но, откако ја создаде методологијата, теоријата се издвои од неа, со што покажа дека го разбира и го подразбира природниот историски тек на развојните процеси, кои ги диференцираат дисциплините и дискурсите и ги дефинираат во процес нивните идентитети. Теоријата, значи, не е метатеорија, иако ја поттикнува појавата на метатеориските рефлексии, на критичките и компаративните перцепции на самата теориска практика, на историографијата на теориските концепции и интерпретации и на нивното класифицирање. Разликата со методологијата, која инаку сеуште не е официјално етаблирана насекаде во универзитетските средини и кругови во светот, е дополнителен мотив и симптом за да се дефинира идентитетот на самата теорија на книжевноста денес.
          Несогледувањето на таа разлика меѓу теоријата на книжевноста и методологијата на книжевната теорија е една од основните причини зошто и денес приказот на теоријата на книжевноста во академски рамки се изведува во форма на критички, компаративен, типолошки или просто на хронолошки преглед на методи со коишто се служела теоријата на книжевноста, пошироко и книжевната критика и интерпретација, во проучувањето и особено во толкувањето на книжевноста. Хронолошкиот модел на прикажување на критичките методи, кој е навидум наједноставен, но всушност најтешко изводлив, ја покажува сета внатрешна сложеност на теоријата, нејзината испреплетеност со методологијата, нејзината неразделност од книжевноста, нејзината поврзаност со критиката и херменевтиката, ја покажува сложеноста на системот на книжевните проучувања и ним соодветните дискурси, дисциплини и поддисциплини.

          Невозможноста да се изведе доследно хронологија на развојот на теориско-критичките методи и концепции на толкување на книжевноста, всушност, манифестно го покажува и го докажува постоењето на концепциски и методолошки симултанизам, плурализам, како и на концепциски и методолошки конфликти и противречности. Ниеден развој, особено ниеден развој кој го пречекорува прагот или се иницира во повисоко рамниште и стадиум на постоење, не го направил тоа без-конфликтно и мазно. Ништо не е мазно во книжевноста и во книжевната историја. Тоа е подрачје на релјефен, и повеќе од тоа, на див предел полн висови и бездни, пукнати хоризонти и паднати самраци, полн сијамски близнаци и гордиеви јазли. Тука треба да се оди внимателно, со апсолутно активен и вдахновен ум за ноќно бдение и ноќно гледање, а за тоа треба да се располага и со кондиција, и со време, и со соодветни интелектуални и техничкии алатки.
          Историјата на книжевната теорија, впрочем и на книжевноста, е историја на дефинициите на книжевната теорија, односно историја на дефинициите на книжевноста. Теоријата е првиот и изворен порив да се со-гледа и низ умствено согледување, набљудување и посматрање да се спознае некој уметнички феномен и некоја уметничка визија на светот. Таа го губи сопствениот имунитет и идентитет кога се отуѓува од уметноста. Таа се создава во моментот кога започнува да се распрашува што е книжевноста, зошто и како таа постои, каква функција врши во културата, низ историјата, во општеството, во какви облици се пројавува, какво е нејзиното градиво, каков е нејзиниот јазик, кој ја создава, кому му е наменета, што кажува и што означува, низ кои канали се пренесува и се восприема??? Распрашувајќи се, теоријата ги посматра облиците и творбите на уметноста, на сите рамништа на нивното создавање, постоење, опстанок, паметење, восприемање, значење...
          Поради тоа, спрегата „применета теорија“ или „апликативна теорија“ звучи тавтолошки и неупатено. Теоријата започнува во допирот со феноменот што го посматра и „завршува“ во преобразбите што ги доживува во чинот кога творецот свесно или несвесно ги преиспитува нејзините конвенции. Зашто, да не заборавиме, уметничкото творештво и’ претходи на секоја теорија и теориска практика, гледано историски и хронолошки. Теоријата не е нужна за да постои уметноста, иако е потребна и корисна во нејзината еволуција, но затоа пак уметноста е нужна за да постои нејзината теорија. Да поедноставам: за да постои теорија на книжевноста, неопходно е да постои книжевност; таму и тогаш кога постои развиена теорија, ќе постои и развиена методологија, и развиена херменевтика, и развиена критика.

Парадокс број 6: Нереалниот сон и трагизмите  

          На парадоксите на творештвото недвосмислено упатува уште Платон во моментот кога ја испишува неговата Политеја,  која треба да почива врз строго и рационално устројство потчинето на една ирационална мистика. Светот на стварноста е свет на сенки, привиди и зла, идеалниот свет е светот на идеите, а светот на уметноста е третиот, посебен вид свет или стварност чијашто суштина се состои во тоа - да биде одраз, мимеса или сенка на сенката, привид на привидот, без моќ да општи непосредно или направо со идеалниот свет на Идеите и на совршениот склад. Светот во којшто живее човекот е навистина несовршен, далечен отсјај на вишото совршенство. Но факт е дека поетот го опева тој и таков несовршен, нескладен, неправеден и зол свет полн со парадоксални прагми, а не светот на Идеите, дека поетот е рамнодушен спрема светот на Идеите и на идеалните парадигми на Убавото, Доброто, Мудрото, Праведното, а нерамнодушен спрема светот на сенките, луѓето и стварноста или спрема светот на веројатното и можното.

          Природна средина на поетот е анамнесата и мимесата на трагизмите и пароксизмите. Трагедиите се извор на вдахновенија или инспирации на поетот. Трагедиите се примарни човечки ситуации, не апсолутниот спокој и склад. Трагичките докси и се’ она кое е во врска со нив - неправдата, злото, неумерените и неконтролирани страсти и мании, алчноста, ненаситноста, тиранијата, властољубието, суетата, зависта, глупоста, непомирливоста, љубовта, „страшните и жални собитија“ (Аристотел), повредата на идеалните вредности, нескладот, неразрешливите конфликти, неумерените и нереалните посакувања, диспропорциите, дисхармониите - се основен предмет на интерес за промислување и подражавање, дел од регистерот на тн. вечни, смртни прашања ...
          Навистина, па и не постојат „реални соништа“. Реалниот сон е желба во рамки на возможното, конвенционалното и допуштеното. Тој не е сон. реалниот сон е монотоното секојдневие и нема движечка сила, ни позитивна ни негативна. Тој е инерција. Книжевноста ја интересира вистинскиот сон. Нереалниот рон. Трагичниот. Драмскиот. Поетскиот. Сонот по природа е нереален. Сонот оди отаде реалното, излегува од него, се судира со него, а со тоа го изместува стожерот на човековото постоење, поттикнува на нереални амбиции, на бескомпромисни страсти, на неразумни постапки, на неморални гестови, на бестијални собитија, на нескротлив ерос, на опседнатост, на посегање по туѓото, туѓата држава, туѓиот дом, туѓата жена, туѓиот маж, туѓите пари, туѓото дело, туѓата убавина, туѓиот јазик, туѓата слобода, туѓиот живот, итн. Тој мрачен предмет на желбата наречен ТУЃА ТУЃИНА е во средиштето на книжевните описи, ситуации, собитија, прагми. Токму со такви нереални соништа е исполнет човековиот живот, а бидејќи книжевноста е во дослух со животот и стварноста која е деноноќно под признакот на нестварното и метафизичкото, е исполнета со мотиви и топоси од „нестварен“, онирички, чудесен, бајковит, басновит, волшебен, имагинарен, фантастичен, утописки и негативно-утописки вид.
          Парадоксално, но пак ќе направиме една алузија, повикувајќи се на Платоновиот апел искажан во тестаменталното послание: „Не потчинувајте ја Сицилија, ниту која и да е друга држава, ова ви е мојот завет, на неограничената власт на луѓето, туку на законите!“ (Платон, „Седмо писмо“, 326 АВ). Теоријата на книжевноста нема да биде теорија ако не тежнее кон виша правда, кон метафизичка вистина која успокојува и поучува, макар залудно, теоријата на книжевноста, посматрајќи ја книжевноста, без ограничувања во простор и време, има привилегија да ги согледа од упатна дистанца човековите заблуди и грешки и, ако веќе не може да го натера човекот да се поучи на сопствените грешки, барем да го опомени човештвото, да ја опомени елитата на човековата цивилизација, мислиме при тоа и на современата, па и на македонската, дека книжевните трагизми не се само чиста измислица и празен говор кој нема никаква врска со стварноста и историјата. Напротив, теоријата опоменува дека врската меѓу книжевноста и историјата е навистина нерамна, таинствена и симболична, но токму симболичноста и ја прави да биде суштествена, а кога е веќе суштествена покажува дека не треба да биде игнорирана, особено не од културните и политичките елити во современото општество.

          Книжевноста антиципирала многу одамна многу современи ситуации, веројатно и многу идни, нејзината антиципативна моќ има профетски карактер, моќ да претскажува, само треба да има кому да претскажува, да има кој да ја чита и кој да ја слуша. Држава која малку повеќе ја чита, ја разбира и ја почитува книжевноста во којашто се проектира богатото антрополошко искуство, го намалува ризикот да ги повторува крупните грешки на историјата, на народите, на државите. Држава која не ја чита историјата преку книжевноста, која ги превидува книжевните и митопоетски и архетипски искуства го радикализира секојдневно ризикот да направи трагични и непоправливи грешки. Улогата на теоријата визави општеството е да укажува на ѕакономерностите кои изгледаат премногу неверојатни за да бидат стварни, но кои секогаш одново, од епоха до епоха, покажуваат дека стварноста е исполнета токму со неверојатни собитија и дека токму тие ги менуваат општествените текови, а конечно го покажуваат патот на опстанокот или бездната на исчезнувањето.
          Историјата е немилосрдна. Природата исто така. Книжевноста и книжевната теорија можат, во вршењето на својата културна функција да помогнат во изборот меѓу патот и беспатието. Не ми е целта да бидам патетична, ни добрата книжевност не е патетична, целта ми е само да укажам на драматично немилосрдните вистини кои постојат, чијашто сенка не обвива, не ретко sub specie victimae, а што ние арогантно или небрежно, ги забораваме. Теориски и хипотетично, да не биде премногу доцна!

 

Литература

Henry James (1962), The Art of the Novel, New York and London: Charles Scribner's Sons, 265 (1st. ed. New York, 1907-09).

Jonathan Culler, Literary Theory, A Very Short Introduction, Oxford University Press, Oxford/New York, 1997, 2nd. ed. 2000.

Катица Ќулавкова, Теорија на книжевноста, увод, Скопје, Култура, 1999.

Даниеле дел Џудиче, Апсолутен слух,  Београд, Рад, 1999.

J. Culler, Knjizevna teorija, Vrlo kratak uvod,  2001, 11.

Елена Колева, „Платон - историско-митска личност“, предговор кон Политеја од Платон, Скопје, Три, 2002, 5-71.

Gilbert Durand, Les structures anthropologiques de l'imaginaire, Introduction à l'archétypologie générale,  Bordas, Paris, 1984, na hrv. Zagreb 1991.