БИТКА НА СПРОТИВНОСТИ ИЛИ КОПНЕЖ ПО ХАРМОНИЈА

КРХЕН БЕСМРТНИОТ ОД ЕВА МАЛИТИ - ФРАЊОВА, ВО СОВРЕМЕНА СЛОВАЧКА ДРАМА (ПРЕВОД: СТОЈАН ЛЕКОВСКИ), ГРИГОР ПРЛИЧЕВ, СКОПЈЕ, 2004.

Звонко Танески

          Крхен Бесмртниот (драма во 4 чина и сонот на Поштарот) од Ева Малити - Фрањова (1953) беше победнички текст во втората година од Конкурсот на Театарскиот институт во Братислава (2001). Се појави и негово книжно издание во Зборникот на најдобрите „натпреварувачки“ текстови - Драма 2001 (од каде што е направен и овој наш превод, заедно со текстот Негативисти од Роман Олекшак, кој влезе во финалниот избор, па затоа е и поместен во кориците на истата книга и понуден е како таков на македонскиот читател), како и во англиски превод - Contemporary Slovak Drama, издаден, исто така, од Театарскиот институт во Братислава. По премиерата во Мартинскиот театар (октомври 2002) во режија на Растислав Балек, оваа драма се смести во репертоарот на Словачкиот народен театар во Братислава (во режија на Роман Полак) и е атрактивна се’ до денес. Главните актери во неа се мошне познати имиња од словачкото глумиште. Крхен Бесмртниот, според добрата страна на нештата, не кокетира ниту со театролозите (од почетокот е јасно дека инсценаторите ги провоцира да пристапат кон „непроверени постапки“) ниту пак со гледачите (приказната за инцестот сместена кон крајот на 80-тите години е повеќе од смел поход за игра). Очигледно е дека станува збор за провокација и за ризик. Провокацијата е составен дел на секое дело; секој кој сака нешто да создаде, во извесна смисла, е „провокатор“. А, и на сцената, провокативноста на актерите е појдовна одредница за гледачот, кој би требало да се испровоцира во оној момент кога ќе почне да интерпретира и да создава и, на тој начин, ќе се вклучи во создавачкиот процес. Сепак, инцестот во Крхен Бесмртниот е метафора за трагичните собитија во историјата на Словачка, по Втората светска војна. Приказната за словачкото селско семејство на крајот на 80-тите години е, всушност, нејзина конкретизација.
          Авторката, која е научен кадар во Институтот за светска литература при Академијата на науки во Братислава (воедно е и преведувачка, прозаичка и теоретичарка), ни соопшти дека Крхен Бесмртниот ја добил својата „драматична форма“ веднаш, откако најпрво бил објавен во проза: „Беше многу жив, во текстот можеше да се чуе и да се види, тие кои го прочитаа имаа мошне жива претстава за него. А како и тој да сакаше да ја потврди својата живост, да ја направи претставата посуштествена, сакаше да оживи реално - на сцената, или можеби во филм. Кога го напишав своето драмско дебитантско дело, всушност само го послушав него“.

          Крхен Бесмртниот  од Ева Малити - Фрањова не е ниту историска хроника, ниту драма од селското простредие, ниту пак е политички трилер. Тоа е рафинирана повеќезначна творба, која ја „снима“ егзистенцијата преку универзалните категории: живот/смрт, раст/деструкција, жена/маж, младост/старост, повремено/вечно. Секојдневната битост во нејзината драматична форма е проникната со метафизичкото светло на цикличниот протек на својата „нежност“. Авторката знае да раководи со напнатоста и со изненадувањето, умее да компонира мотиви со магична сликовност и со смисла за необична театралност. На прво читање, тоа е една силно емоционална „игра“, која шокира со тмурната атмосфера и со силата на активното зло, кое го репрезентира директно „неподвижниот“ и до бескрај умирачкиот Крхен. Таквиот хумор, притоа, не треба да се сфати само како олеснително средство за „шверцување“ на табу теми. Тој е дел од менталитетот, психологијата и односите во претставениот микросвет. Уште со самата појава, Крхен е смешен со својата гордост, демагогија и херојство, но истовремено е и отпорен, зашто веќе се знае дека е деспот и насилник. Затоа, комичноста кај него стои во протитежа со трагичноста - со „силата на активното зло“. Интересно е тоа што гледачот може да почувствува дека тој е метафора на нашето време. Словаците знаат и да се идентификуваат со него во некоја парадоксално блиска врска. Уште со своето „чудно“ име, кое навидум се чини дека е неразбирливо, но во јазичен контекст тоа име говори нешто, од него може многу да се оттргне, да се извлече на површина, затоа што тоа име конотира симболизација, онака како што тоа го прави и неговиот помошен назив - Бесмртниот. Значи, кога Крхен е наш, би рекле Словаците, тој е и во нас и не можеме лесно да се „простиме“ од него. И уште - така како што поединецот не може да се дистанцира од одговорноста за својот преживеан живот, и народите во значајна мерка се одговорни за својата историја. Уште и кон Крхен. „Феноменот на посебна неактивност на некои такви мажи од земјите на т.н. Источен блок во втората половина на дваесеттиот век има, исто така, своја историска позадина“, ќе забележи режисерот на оваа постановка во Братислава. Но, Крхен е секако - екстра-тип, како што наведовме погоре, „извор на активно зло“. Крхен Бесмртниот, за мене е и гротеска со луцидно изнијансирана сонлива магија во која остануваат уште многу неизречени тајни, метафорични назнаки, копнежлива женска интуиција и „предметен“ хумор.

          Обидувајќи се да се ослободам од многузначната мрежа на приказната, се одлучив да издвојам три тези, чие дефинирање или поточно регистрација би ни ја олеснило ориентацијата во оригиналниот текст. Тие тези ги сфаќам како помошнички, ги сметам за подеднакво важни и испреплетени, и свесен сум дека со таквата артикулација ја девалвирам нивната законитост, ги подосиромашувам. Сепак, сакам македонскиот читател (кој можно ќе се преобрази скоро и во гледач) да добие од мене и таков импулс, во случај ако не сака да даде придонес само со својот спонтан впечаток од читањето (кој, на крајот на краиштата, е често најубедувачки и најдлабок).
          ТЕЗА 1: Реалистично-психологизирана приказна на инцестно злосторство во едно конкретно семејство во едно конкретно време. Приказна за домашното насилство за кое се разговара дури сега, иако одамна знаеме за него. Приказна за психолошката манипулација на посилниот поединец со послабата околина, од кого нема бегање, додека виновникот јасно не се означи и не се казни. Сето тоа може да се случи дури кога ќе престанеме да се плашиме, дури кога парадоксално со својата страв и послушност ќе престанеме да му помагаме на домашниот авторитет во тоа - да не’ повредува тој нам. Инаку се’ ќе остане по старо. Перпетуум мобиле на затскриеното тиранство и злоупотреба (секслуална, психолошка, социјална) во интимното опкружување на семејството.
          ТЕЗА 2: Во преносна смисла, станува збор за гротескна приказна на манипулатор, кој е олицетворение на злото. Можеби е тоа семе наследено од предците, но посебно деформирано и доформирано. За некои други - аналогија на политички диктатор. Ако ја разбереме поставеноста на така карактеризираниот Крхен во конкретното време, тесно пред падот на комунистичкиот режим во Словачка, тоа недвосмислено ќе не’ доведе во корелација за согледба и за споредба со историјата на Словачка. Пред се’, со нејзините темни страни. Во таа насока,  инцестот и неговото затајување се манифестација на неказнетото злосторство, кое се шири и се клонира, затоа што е „примамливо“ и толерирано. Запалувањето на домот на Крхен на крајот од драмата е повеќе од симболично. Сепак, во најнов контекст, не станува збор за политичка, ангажирана слика. Неоткриеното, необјаснетото минато, по правило, станува наша сегашност и иднина. Кога велам „наша“, со тоа мислам, во случајов, не само на таа семејна, туку и на „наша“ (овде словачка!) „народна“ сегашност и иднина. Исто така, и наднародна, ако се работи за пикирање на носителите на општествени деформации, на погрешни идеали и на пропаднати идеологии.

 

          ТЕЗА 3: Митска приказна, во која доминира некаква трагична баладичност. Реалноста се меша со сонот и преминува во сферите на фантастичното и на фантазмагоричното: светот на живите се конфронтира со светот на мртвите, а најпосле и се прелева во него. Нарушување на просторните и на временските конвенции, свесно приближување кон надреалното. Проверка и потврдување на моралните вредности односно можности - до колакава мера е човечкото битие способно да прави зла. Апстрактните поими добро и зло, злосторство и казна, виновник и жртва, добиваат небаре надвременска и наднародна форма. Тие се, накратко, универзално-превреднувани, благодарение токму на магичниот реализам и на слободата, кои го овозможуваат таквиот поглед врз човечките битија. Заострен акцент над принципот на злото, не како на конкретно злосторство, туку како на универзална категорија. Затоа, мртвите излегуваат на виделина, како и подземниот свет, бидејќи никој од живите нема потреба или храброст да суди. Но, овде и духовите се небаре „при-живи“, што значи толерантни. Сила наспрема слабост. Принципот на безобѕирна животоспособност се енкодира во трагичните етички категории за да ги релативизира. Грижата на совест, стравот и откривањето на престапниците на законите (не само на оние човечките) чекори со забревтана динамика, со смелост на биолошка сила, со деструктивна виталност. Магнетизам на енергија. Злото (нема да) победи (Крхен не добил сé  што сакал, а жртвите остануваат мементо). Тој „само ќе преживее“. Битката на спротивности има надеж само во случајот кога нема да копнееме по хармонија.
          Крхен Бесмртниот е драма создадена врз дуализам, започнат со спојувањето на светот на живите со оној на мртвите. И самото толкување на авторката на оваа драма е дуалистичко. Таа го гледа сето ова како бој на две струи, олицетворени претежно во моите тези 2 и 3. Имено, „реалистично-психолошката приказна на инцестното злосторство е секако присутна, но според мене, не твори самостојна линија, туку е содржана во споменатите 2 тези“, ќе рече Ева Малити - Фрањова, притоа продолжувајќи: „За мене се видливи во прв план прашањата за животот и смртта, за смртноста и бесмртноста, зашто Крхен остана на прагот, во фазата на премин меѓу животот и смртта. Не знам сега со сигурност да кажам дали е тоа негова победа или пак лоша карта. Но, кога веќе сите околу него се мачат, мислам дека всушност победил. Тоа е, се разбира, еден аспект на гледање“.
          Со задоволство ќе почекаме на следните, различни толкувања на оваа драма, бидејќи во суштина, на секое добро дело - постојано променливите времиња и места ќе му подаруваат инакви и секогаш актуелни интерпретативни огледала.