ПОЕЗИЈАТА КАКО ЈАЗИЧНА СЛОЖУВАЛКА НА СВЕТОТ

ТОМАЖ ШАЛАМУН: АМБЕР (ПРЕПЕВ ОД СЛОВЕНЕЧКИ: РИСТО ВАСИЛЕВСКИ), АРКА

Звонко Танески

ISSN 1409-715X        

          За еден поет од исклучително европски формат, каков што е несомнено Томаж Шаламун, треба на самиот почеток да се признае дека претставуваше (со своите дела) прелом во словенечката културна свест, дури и во многу пошироки рамки, уште со својата дебитантска објава Покер (1996). Од тој миг, па сé до денес, излегоа огромен број книги потпишани со перото на овој автор, а сите тие постепено но сигурно и мошне убедливо, го дообликуваа огледалото на авангардата, на модерноста и на негаторскиот став кон традицијата (не само на поетската традиција, туку и на традиционалниот општ поглед кон светот), започнат токму од него, во Словенија, но проблеснат и одомаќинет, порано или подоцна, и другаде.
          Шаламун со голема радост и во збирката Амбер (нејзиното оригинално издание е излезено во Љубљана, во 1995 година, а книгата која е пред нас е прво, долго очекувано, книжно приопштување на неговите стихови на македонски јазик) владее на полето на литерарната постмодерна во целата своја широчина, па мерата на индивидуални асоцијации што ја создава е често толку голема, што напати читателот има чувство на провокативна неможност да дофати некое значење во неговиот пев. Или, пак, можеби е тоа намера со предумисла?
          Иако некои критичари се обидувале досега поезијата на Шаламун да ја споредат со креативната игра, се чини дека таквите нишки се само тенок слој на површината, до кои вештиот постмодернист игриво, но прилично длабоко, го шифрира својот завет и порака.
          Кога би се интерпретирала збирката во целина, во преден план излегува мислата за барање на нови врски, сродности и можности во светот. Јазикот на Томаж Шаламун и во оваа збирка не е заснован врз принципот на доловување и на регистрација на реалноста, туку тој со својата жива, глаголива и неповторлива форма - повторно неа ја создава. Со таквото сфаќање, и на прв поглед, неинтерпретативната димензија на овие песни се преобразува во густа мрежа на значења и на форми. Лирскиот јунак не го посматра распоредот на светот, не се сосредоточува на неговата форма варијабилно од различни агли. Тој прави многу повеќе од тоа. Таа и таква форма ја раширува и се труди повторно да ја инаугурира и на тој начин да ја збогати. Помошно средство, но најпосле и резултат од материјалите на таквата активност станува јазикот и самата поезија. Токму и во тоа Шаламун го гледа нивното значење и посвета.
          Јазикот е тој што стои над нештата, бидејќи токму на нивото на јазикот во оваа извонредна поезија е видлива нивната релативност. Затоа, за да можат одново да ги градат врските, јазикот и поезијата мораат најпрво да ја откријат, да ја соголат суштината, нејзината смисла или бесмисленоста во ситуациите што се наметнуваат сами од себе: Јазикот го чешла бумбарот. Ги лупи лисјата, ги пои/кравите, оди понатаму и подлабоко од она каде се/разгореа судирите и каде, можеби,/едни на други си ги крадеа покривачите (Стравчиња, стр: 45). Така постепено се осветлува и потребата од поезијата не само како помошно средство за менување на светот (излегувајќи притоа од високите премиси и од длабоката внатрешност на поединецот), туку и потребата од разбирање и од толкување на извесните причини на функционирањето и од вистинската состојба на тоа што постои, а што ние будно го набљудуваме. Лирскиот субјект, како по наследство, зазема специфична постмодерна позиција кон тоа што го почувствувал. Таквата позиција и објавената потреба за смена, на парадигматско рамниште, се слеваат и солидарно се потпоруваат: Јазикот е спасител на љубовта,/роза на човештвото и Божји инструмент (стр: 46).

          Уметничката структура во поетските исповеди на Шаламун необично ми наликува на игра со детска сложувалка. Тоа што било поставено се расклопува на делови, потоа се добива неприкосновено право повторно сé да се постави, при што, во овој нов случај, не се обрнува премногу внимание на првичното место и на функцијата на секој од елементите, туку им се бара нова локација, нова акција, нова намена, што од друга страна, секако, таа избрана постапка не дозволува да им се промени нивниот првобитен лик. Деловите, кои авторот ги компонира со цел да ги прегради, имаат различен карактер. Најчесто, сепак, поетот произлегува и се води од конкретниот, интензивен и смисловен ужиток: Со кофа ги вадам/ портокаловите стебла. Потоа го земам кремот и/со разни истиснувања цртам прстен.Ке направам/маѓепсан круг, ќе го испробам... (Јоханес, стр: 47). Смисловниот ужиток како новосоздадена целост овде се јавува како неопходен, па независно од својата конкретност ги поврзува и импулсите, кои претставуваат, впрочем, индивидуални асоцијации, понекогаш и метафори, а кои своевремено ја зацврстуваат и реалната слика. Дел од таквата сложувалка е и посебниот вид на синкретизам кој се забележува во тоа што лирскиот субјект снима извесни појави со значења кои стојат во противтежа со сензуалните изразни карактеристики на истите тие појави. На тој начин се истакнува откривањето на привидните баналности, кои во таквото видување на светот се, можеби, и најважни. Тоа е уште еден значаен зрак произлезен од Шаламуновата поетска оптика.
          Конкретноста на обработуваните мотиви не е заложена само врз тесниот спој со сензуалното, туку многу пати, има и автобиографска позадина. Во некои случаи се работи за враќање во детството или пак за мал исечок од секојдневниот живот:Шетаме покрај Љубљанчица. И дрвјата и/визбите ги шират долништата. Потпукнува воздухот/меѓу/падобранот и јажињата. Потпукнува и бело прпоти/и се обѕрнува кон прозорците и вели: тука, тука, тука/пишував, тука се сеќавам на неговите ќерки(Брег, стр: 58). Во поголем број наврати, во стиховите излегува во прв план и стремежот за т.н. номадски космополитизам, пришто поетскиот субјект не се оттргнува од историските случувања и персони, дотолку повеќе користи и различни митолошки и филозофски максими и ракурси, проследени преку неочекувани обрти, ги рефлектира дури и надвременските феномени што се зависни од и со егзистенцијата на индивидуата. Сето тоа недвосмислено го дозаситува и онака бујниот поетски текст. На авторските преплетувања не им е туѓа ниту иронијата и тоа во моментите на потрага по сопствениот идентитет, како и на негово зачленување во составот на поетската сложувалка.
          Најзначајната девиза во патот кон ослободувањето на јазикот во оваа поезија не се наоѓа само во нејзините директни или метафорични конструкции - во секоја од поединечните песни, туку пред сe’, во поезијата како целост, како тоталитет, кој уметнички заразува со максимално либералниот творечки процес и со потполно ослободениот од секакви граници, поглед на светот.
          Томаж Шаламун како вистински постмодернист ги зема во раце бесконечните можности на јазикот не само за да го истакне туку и за да го промени она со што не се согласува, со што не е задоволен, па затоа и буквално неговите песни стануваат негов свет, или како што самиот милува да каже: „Мојот свет е јасен и се нарекува така, како што се наречени моите книги".  А, книгатаАмбер, и местото каде што се бере амбер (согласувајќи се притоа, со ставот на Милан Т. Ѓоргевиќ), се всушност, второто име за поезијата.