СПИНОЗА И ЛУ АНДРЕАС САЛОМЕ КАКО КУЛТУРНИ ИКОНИ

Соња Стојменска - Елзесер

ISSN 1409-715X        

           Кои се причините еден контроверзен филозоф од седумнаесеттиот век и една необична  дама од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век да се сретнат во насловот на ова книжевно истражување што се занимава со технологиите на меморијата? Секако, тоа би можела да биде формалната забелешка дека обајцата, според своето далечно потекло, ги влечат корените од заедницата на Eвреи од Иберискиот полуостров, кои низ текот на вековите се раселиле низ Европа. Друга, уште понеобична алка што ги поврзува овие две личности може да биде и една трета личност – филозофот Фридрих Ниче, кој во својата грандиозна филозофска работа духовно бил инспириран и интимно поврзан со обајцата, се разбира со извесни нијанси на таа врска. Пошироката рамка на обидот на ова место за овие две историски личности да се проговори паралелно, е етаблираниот став дека тие со својот животен опит, својата биографија и своето дело, прераснале во своевидни икони на културната европска традиција и се пресоздале во жаришта на една трајна спиритуална еманација, која вродила со низа недобројни разновидни креативни реакции, со низа ним посветени филозофски, научни и уметнички дела.
- Поимот „икона“ во оваа прилика е употребен во значењето кое го има кај Светлана Слапшак (2003), која објаснува дека: „Контекстуализираното значење ИКОНА е само едно од многуте значења што ги има грчкиот збор EIKON: таа ги означува сликата и представата заедно, содржината и описот, поимот и неговото асоцијативно окружување. Икона не е исто што и симбол, бидејќи нема пренос на значењата; напшротив иконата ги концентрира значењата“. Лесно овој поим може да биде заменет и од терминот „персона“ што го користи Cammille Paglia, (2002). Овој пристап, всушност ги комбинира овие поими потенцирајќи го нивното значење во конструирањето на културната меморија -

Последната, и во овој контекст најважна причина, е фактот што во таа се побројна групација на условно наречени „спинозисти“ и „лу-саломисти“ се вбројуваат и двајца македонски романсиери кои во своите романи (што инаку претставуваат примероци на поуспешни прозни остварувања во македонската продукција во последниве години) преку специфичната книжевна постапка на т.н. фингирана или мистифицирана книжевна биографија, реализираат приказни кои и во своите најдлабоки идејни слоеви се допираат преку третманот на заедничката проблематика на контрапунктот, односно бинарноста, или дихотомијата дух-тело. Станува збор за романите Разговор со Спиноза (2002) од Гоце Смилевски и Заклученото тело на Лу (2005) од Оливера Ќорвезироска.
          Но, да се обидам посталожено да го образложам интересот за овие две историски личности во еден заеднички контекст. Иако за холандскиот мислител (Бенто-Барух)-Бенедиктус (де) Спиноза до денес се напишани многу дела кои на некој начин ја допреле неговата филозофија (да се потсетиме барем на Лесинг, Хердер, Гете, Фихте, Шелинг, Хегел, Шлаермахер, Хајне), сепак, неговата популарност го доживува својот зенит кон крајот на ХХ век, и тоа пред се преку делата на водечките филозофи-спинозисти во Франција – Жил Делез, Пјер Машери, Александер Матерон. Особено влијателни во тој поглед се и книгите на Антонио Негри: Дивата аномалија: Силата на метафизиката и политиката на Спиноза, напишана за време на едногодишниот престој во затвор 1979-1980, а објавена 1981 година и подоцнежната, напишана како еден вид продолжение на првата  Субверзивниот Спиноза: (не)современи варијации, објавена 2004 година. Книгата на Genevieve Lloyd Спиноза и етиката  содржи библиографија со над сто наслови на книги и статии на кои примарен интерес им е ликот и делото на Спиноза. Овој огромен број на референци е доволен аргумент да се зборува за Спиноза како икона на европскиот ХХ век.

          Имајќи го сето ова пред себе и македонскиот писател Гоце Смилевски го вложува својот личен креативен удел во хетероглосниот полилог за Спиноза. Тој го остварува својот роман преку прозното поигрување кое опфаќа најмалку три нивоа на интертекстуалност: со биографијата и погледите на филозофот, со делата напишани за него од други автори, како и со суптилните естетски пораки на фламанското сликарство. При работата врз својот роман Смилевски ги користел постоечките биографии на Спиноза, како оние од неговото време – од Жан-Максимилиан Лукас и Јохан Колерус, така и оние од денешно време, на пример од Маргарет Гујан-Вур и Стивен Недлер. Каков е Спиноза на Смилевски? Двослојноста на романот му дава можност на авторот да го измисли/прикаже/толкува Спиноза во две противречни варијанти; во првиот дел како обестрастено, интелектуално битие кое тежнее кон апсолут, поточно како homo intellectualis, а во вториот, како страсен, жив, топллокрвен човек кому не му е „туѓо ништо што е човечко“, поточно како homo sentimentalis. Ваквата книжевна постапка на интересен начин ја доловува токму дихотомијата што владее во целата филозофија на Спиноза меѓу разумот, бесконечноста, апсолутот, духот, од една, и емоцијата, сетилноста, убавината на минливите нешта, самиот живот, од друга страна. Романот на Смилевски е апологија на животот и на неговата мигновеност, неговата убавина и неповторливост. Во тој контекст централен мотив е љубовта кон Клара Марија, која во првата варијанта на приказната е разумски отфрлена и потисната, а во другата варијанта, прифатена и остварена. Иако во самиот роман авторот не се експонира (тој е „мртов во фукоовска смисла“), сепак, неговата позиција во разрешувањето на дихотомијата е јасна. Таа повикува: „колку се слатки овие минливи мигови... доживеј ја минливоста, Спиноза, дозволи си да те боли минливоста“ (Смилевски 2002:151).
          Смилевски во поговорот на својот роман ја истакнува неговата длабока поврзаност со интерпретацијата на Спиноза од страна на Жил Делез. Очигледно е дека неговите дела Експресионизмот во филозофијата: Спиноза и Спиноза: Практична филозофија имаат доминантно влијание врз целокупното формирање на иконата на Спиноза, но неговите интерперетации се и конституенс на конкретниот роман на Смилевски. Тој забележува: „Имав чувство дека книгата ја пишуваат три раце – две десни (на Спиноза и мојата) и едната лева (Делез, велат, бил леворак)“ (Смилевски 2002:227). Интертекстуалната врска со Делез му дозволува на Смилевски да изгради своја интерпретација која се надоградува на синџирот од интерпретаци, кои, сепак, во крајна инстанца, се согласуваат во една заедничка фасцинација од животот како врвна максима на мислата на Спиноза, за животот сфатен како радост на постоењето, на создавањето и љубовта, како минлив миг кој самиот по себе е убав и во него треба да се ужива и нему треба да му се радува. Таквата филозофија на афирмацијата создадена преку препрочитувањата и реинтерпретациите на Спиноза, според Антонио Негри, претставува алтернатива на постмодернстичките тапкања во место, на депресивните и стерилни вртења во круг на современата хуманистичка мисла. Тој истакнува: „Но, она што никогаш не можев да си го замислам е колку корисно и важно би можело да биде денес тоа наше ново читање на Спиноза при поставувањето на една позитивна онтологија (на искуството и егзистенцијата) на една филозофија на афирмацијата, наспроти на новите ’слаби’ феноменологии на постмодерната ера“ (Negri 2004: 115).

          Посебно интересен аспект на книжевната постапка на Смилевски при меморирањето и реинтерпретирањето на ликот на Спиноза е нагласената интермедијална позадина на неговото книжевно писмо. Имено, оживувањето на холандскиот амбиент во описите на романот евидентно му ја должи својата живописност на фламанското сликарство. И не само тоа. Еден од најзначајните делови во книгата при создавањето на ликот на Спиноза се служи токму со сликарските дела, како што се портретите на Спиноза од непознати сликари. Коментарот врз овој портрет гласи: „Но има ли поголем сведок за животот на еден човек од изразот на неговото лице, особено на човекот кој постојано говорел за очајот како за негативен афект, а сепак не можел да го скрие дури ни кога го портретирале?“ (Смилевски 2002: 223). Посебно место во романот, а и на самите корици на неговото прво издание има и Рембрантовата слика „Час по анатомија“, која во приказната влегува така што Смилевски наметнува податок дека во моментот кога Спиноза е зачнат во прегратката на своите родители на нивниот семеен ледикант, во истата улица, во една друга куќа, Рембрант стои пред штафелајот и ја скицира својата знаменита слика. Преку типичен екфразис (Мартиновски 2004:86-93) Смилевски го потенцира деталот на капката крв во која го концентрира целосното читателско внимание, за да го потсети на основната проблематика на телото и телесноста во самата филозофија на Спиноза, но и во романот кој е нејзина книжевна реинтерпретација. Мошне сугестивен е и скриениот екфразис, т.е. книжевниот опис за кој не е истакнато на која слика и одговара, но за познавачите на фламанското сликарство е лесно препознатлив. Со овие детали романот на Смилевски уште еднаш докажува колкаво е значењето на визуелната меморија, поточно на сликовното доживување на светот во општата културна меморија.
          Слично на сликарството и фотографијата има, можеби уште повеќе, моќ на конзервација на проверливите факти, но и на инспирацијата за нивно реинтерпретирање. Другата европска икона за која говориме, Лу Андреас Саломе, веројатно најмногу е запаметена по една необична фотограгија на која таа ја „тера“ со бич колата во која се впрегнати двајца од нејзините обожуватели - Пол Ре и Ниче. За ликот на Лу можеби најсоодветна определба е категорјата на иконата на „музата“, за која говори Светлана Слапшак во веќе споменатата книга. Но, додека за Слапшак, претставничките на оваа икона обично се оние неми мистериозни придружнички на славните писатели и уметници, кои својата личност потполно ја подредувале на личноста чии креативни музи биле, Лу самата е импозантна креативна личност-персона: психоаналитичарка, писателка и интелектуалка. Иако нејзините книжевни остварувања не се здобиле со трајна популарност, макар што во времето на нејзиниот живот биле доста читани, сепак, нејзиното име останува запаметено низ вековите, првенствено поради неговата поврзаност со неколкумината славни мажи кои биле нејзини љубовници, меѓу кои се истакнуваат веќе спомнатите Ре и Ниче, но и Рајнер Марија Рилке, Сигмунд Фројд и др. Славната фотографија снимена во Швајцарија во 1882 година, си нашла своевидно место и во романот на македонската писателка Оливера Ќорвезироска Заклученото тело на Лу. Претворањето на фотографијата во приказна кај Ќорвезироска изгледа вака: „Од фотографијава лесно може да се забележи дека идејата на Ниче не му падна на ум во мигот кога ја соопшти, ами многу пред да втаса пред ’Лав’, можеби веднаш по пристигнувањето во Луцерн. Зашто, тешко за верување е дека токму тој фотограф пред чијашто работилница се најдоа има дрвена кола, камшик, насликана немирнопејзажна заднина и ко божем земјена подлога...се по мерката на замислата на Ниче... Мизансценот на фотографијата, филозофот до детаљ го имаше договорено со фотографот, денови и денови порано...итн.“ (Ќорвезироска 2005: 27).

 

          Самиот наслов на книжевната биографија на Лу од перото на Ќорвезироска покажува дека е концентрирана врз еден многу нејасен и провокативен детаљ од нејзиниот живот – фактот дека Лу не знаела за телесна љубов се до нејзината триесет и петта година, додека, подоцна, љубовната страст и станала опсесија. Мистериозната причина за тоа, односно приказната што може да се исплете околу овој необичен факт е и основната нишка што ја следи македонскит роман. И овој роман е еден вид реинтерпретација и во себе содржи низа линкови со други уметнички, биграфски и есеистички дела посветени на Лу Саломе. Во таа смисла, директно надоврзување и дијалог може да се забележи со есеистчката книга на француската писателка Франсоа Жиру со насловЛу: приказна за една слободна жена, како и со романот на српскиот писател Светислав Басара Срцето на земјата, во кој на специфичен начин се измислуваат варијации на љубовната врска меѓу Лу и Ниче. Целото ткиво на романот е прошарано со извадоци од кореспонденцијата и од делата на Лу, со песни од Рилке, како и со цитати од книгите на Ниче. Ќорвезироска во своите коментари на Ниче запишува: „На секоја реченица од Заратустра, на пример, може да и се измисли прашање во име на Лу или во име на Вагнер, сеедно. Таквите измислени прашања, пак, не се измислени во вистинската смисла на зборот, туку се ’разбудени’ од заспаната колективна меморија во нашите кревети која ги содржи целосните животи на сите предци, на сите што биле живи пред нас, исто како што идните генерации ќе ги наследат нашите сегашни животи како некакви сопствени книжевни измислици“ (Ќорвезироска 2005:37).
          Преку Ниче и Лу, Спиноза и Делез, Гоце Смилевски и Оливера Ќорвезироска и илјадниците други знајни и незнајни имиња, се затвора кругот околу најголемата загатка на постоењето - телото, односно самиот живот, односно „живиот“ живот. И Спиноза и Лу како европски икони актуелни на преминот меѓу дваесеттиот и дваесет и првиот век ја одразуваат таа запрашаност пред телото, таа фасцинација од неговите мистерии и таа своевидна сплотеност меѓу духот и телото, што се уште е енигма која пленува.
          Двата македонски романа се вклопуваат во таквата актуелна мисловна преокупација, но и на книжевен план се поклопуваат со бранот литература која вибрира меѓу фактицитетот и фикцијата. Во тој возобновен пристап кон културната меморија овие два романа му припаѓаат на еден веќе востановен жанр, кој може да се определи како мистификаторски, апокрифен, фалсификаторски биографизам. Тоа е книжевна постапка која на специфичен начин ги претвора историските факти во естетски креации и на тој начин го возобновува, но и ја збогатува меморијата за конкретната историска личност. Станува збор за специфична книжевна технологија на културна меморија во која доаѓа до израз инвентивноста на самите писатели. Интересот на авторите-фикционисти за историскиот податок се засилува некаде во осумдесеттите години на дваесеттиот век. Фиктивната историја е една од борхесовските книжевни постапки, прогласени како канон на постмодернистичката проза, но интересен е и податокот за биографијата Марбот од австрискиот писател Хилдесхајмер, која била објавена по објавувањето на низа автентични биографии на славни личности од истиот автор, кои кон историските факти пристапувале со нужна строгост и одговорност. Оваа биографија веќе се претворила во своевидна прозна игра: во неа писателот ја измислил личноста, но затоа пак, сите детали, ситуирањето во времето и просторот, и декорот биле испишани од строго историски, проверливи факти. Од времето на овој експеримент до денес се регистрира засилена појава на помалку или повеќе измислени портрети на познати историски личности, меѓу кои предничат писателите, филозофите и другите уметници.

 

          Преку овој специфичен книжевен жанр се збиднува однос кон историското како „средба со другиот“, која ги релативизира времињата и просторите и во која се коегзистентни и компатибилни ликот што се толкува и оној што него го толкува. Во таа смисла, Софи Рабо (2005: 265-287) говори за т.н. „херменевтичка кретивност“ во која се допираат и испреплетуваат интерпретацијата и фикцијата. Истиот автор потсетува дека во антиката, попрецизно во времето на Лукијан, се разликувале три начина на раскажување, односно пишување: mythos (неверојатна фикција), historia (референцијална историја) и plasmata(веројатна фикција). Романите за кои говориме припаѓаат на третиот начин на раскажување. Како „веројатни фикции“ и како егземплари на една „специфична книжевна технологија, односно постапка“ тие се вклучуваат во колективната меморија, која, пак, од своја страна, секогаш претставува динамична и менлива мешавина од документи и измислици.

 

Литература:

 

Basara, Svetislav, (2004), Srce zemlje, Beograd: Narodna knjiga

 

Deleuze, Gilles, (1990), Expressionism in Philosophy: Spinoza, New York: Zone Books (оригиналното издание на француски јазик во 1968)

 

Deleuze, Gilles, (1988), Spinoza: Practical Philosophy, San Francisco: City Lights Books (оригиналното издание на француски јазик во 1970)

 

Giroud, Francoise, (2002), Lou. Histoire d’une femme libre, Paris: Librairie Artheme Fayard а во превод на српски јазик Žiru, Fransoaz, (2003), Lu: Priča o slobodnoj ženi, Beograd: Laguna

 

Lloyd, Genevieve, (1996), Spinoza and the Ethics, London and New York: Routledge

 

Мартиновски, Владимир, (2004), „Најновата македонска проза и визуелните медиуми“,Книжевна Академија 4/2004.

 

Negri, Antonio, (1991), The Savage Anomaly: The Power of Spinoza’s Metaphysics and Politics, Minneapolis: University of Minnesota Press (оригиналното издание во 1981)

 

Negri, Antonio, (2004), Subversive Spinoza: (un)contemporary variations, Manchester and New York: Manchester University Press.

 

Paglia, Cammille (2002), Сексуалне персоне: уметност и декаденција од Нефрeтити до Емили Дикинсон, Белград: Zepter Book World.

 

Рабо, Софи, (2005) „Кратка средба со Хомер: интерпретација, фикција и факти во ’Вистинската приказна на Лукијан“, во Дијалог на интерпретации, приредиле Катица Ќулавкова, Жан Бесиер, Филип Дарос, Скопје: Ѓурѓа.

 

Слапшак, Светлана, (2003), Женски икони на ХХ век, Скопје: Темплум.

 

Смилевски, Гоце, (2002), Разговор со Спиноза, Скопје: Дијалог.

 

Ќорвезироска, Оливера (2005), Заклученото тело на Лу, Скопје: Магор.