АЛЕГОРИЈА

Ката Ќулавкова

ISSN 1409-715X

           AЛЕГОРИЈА (хел. 'αλληγoρiα', 'αλληγoρεo' - нешто скриено, таинствено и мистериозно зад појавната форма на јазичниот израз, кажува нешто друго, зборува за нешто друго од она што го кажува, преносен говор, толкува описно).
Се изделуваат четири доминантни дефиниции на алегоријата: (1) како реторичка фигура (2) како особен книжевен вид (3) како визија на светот и (4) како метод на толкување.
(1) Од антиката до денес се дефинира како стилска говорна фигура (изразно средство) која спаѓа во категоријата на тропите* или семантичките фигури (фигура на значењето). Според класичната латинска/римска реторика, алегоријата е проширена метафора (Квинтилијан). Во Средниот век, алегоријата  се посматра како permutatio, расчекор меѓу кажаното и означеното, меѓу сликата и идејата, наспроти метафората која е translatio. Теолозите, во согласност со алегоричната естетика, ја посматраат различно од реторичарите, дефинирајќи ја како облик на паралелизам, погоден за изразување мудрости преку аналошки, трополошки и анагошки значења. Француската нова реторика ја дефинира како троп од повеќе зборови кој се остварува врз начелото на фикција или преку слика, за разлика од оние кои се остваруваат преку рефлексија и преку опозиција (Фонтанје, 114-118). Во оваа група тропи на фикција спаѓа, освен алегоријата, и персонификацијата. Кон нив Фонтанје додава уште три фигури: субјектификација, алегоризам* и митологизам*. Фонтанје, значи, прави разлика меѓу алегорија и алегоризам. Тој ја дефинира алегоријата како исказ кој има „двојно значење, буквално и духовно одеднаш, преку коешто се претставува една идеја низ сликата на некоја друга идеја, со цел да ја прикаже на пожив и на пофрапантен начин одошто таа би можела да се претстави кога би била искажана директно и без никаков превез“ (Фонтанје, 114), за разлика од алегоризмот* кој е продолжена метафора и може да се толкува само еднозначно. Алегоријата нема реско изделлив и автономен принцип како другите тропи. Кога се заснова на сличност и паралелизам, тогаш се доближува до метафората и алузијата, кога се заснова на обратност/различност, тогаш се доближува до иронијата, кога се заснова на допир/блискост, тогаш се доближува до метонимијата и синегдохата. Другоста на значењето на алегоријата ги опфаќа сите тие варијанти и затоа за алегоријата може да се говори како поопшта реторичка категорија. Најголема прецизност алегоријата добива кога се претвора во особен говорен вид - басна, парабола, зен приказна, exemplum), односно кога може да се дефинира како алегоризам во смислата што на овој поим му ја придава Фонтанје. Во алегоријата преовладува индиректниот стил на конструирање, на искажување и на соопштување на пораката/идејата/значењето, кој се применува сукцесивно и во континуитет во цел еден текст.

          Алегоријата  е логично и подробно проширување на симболот, поради што остава впечаток дека го разводенува фигуративниот ефект на симболот. Алегоријата го драматизира значењето нагласувајќи го конфликтот меѓу реченото и кажаното. Вообичаено, се смета дека алегоријата го менува значењето на еден исказ така што на апстрактните етички и религиозни тези и доктрини им дава конкретни претставувања, персонализации и персонификации односно обратно, конкретните слики и обичните приказни ги преобразува во поучни морални, филозофски, верски и политички пораки. Х.Г. Гадамер вели дека алегоријата наликува на симболот* затоа што кажува нешто друго од она што го мисли, но така што сепак може да се разбере што е тоа другото. Врската меѓу појавниот и идејниот свет во алегоријата е „конвенционална и догматски фиксирана“ (Гадамер, 1962). Со тоа, значењето кое треба да се искаже се прима сликовито, непосредно, фамилијарно па дури и како дел од сопственото искуство. В. Бенјамин (1977) и Пол де Ман (1983) се на мислење дека ал. е многу поважна од симболот Кај алегоријата (како и кај метонимијата, синегдохата и металепсијата), фигуративното значење се подразбира уште во основниот поим. За да се постигне алегорискиот ефект, неопходен е необичен контекст кој ја нагласува алузијата врз другото, фигуративно значење на исказот. Алегоријата е повеќе читлива алузија одошто далечна асоцијација. Еднаш дешифрирана, алегоријата станува толкувачки модел кој може да се примении врз (алегоричниот) текст во целост (басната, параболата...).

           Алегоријата често се вбројува меѓу тропите сродни на метафората* или кои се подвид на метафората, со што се препознава како троп кој се структурира врз начелото на сличност/аналогија. Но, алегоријата е можеби посродна со другите две темелни семантички начела - начелото на спротивност и обратност, со што се доближува повеќе до иронијата и ирониската група семантички фигури/тропи и до начелото на контигвитет, допир, соседство или блискост кое е во науката прифатено како метонимиско начело.

           Иако алегоријата се оформува и се употребува во сите книжевни родови (поезија, драма, проза), во стих и во проза, сепак се смета дека типичната алегорија е наративна и има раскажувачка структура. Како и секоја семантичка говорна фигура, алегоријата не остава видливи траги на знаковното, формално и надворешно рамниште (фонолошко, морфолошко, синтаксичко и лексичко), туку се остварува на значењско, суштинско и внатрешно рамниште на коешто доаѓа до промена на значењето врз начелото на замена на едно со друго значење, на конкретното со некое изведено апстрактно значење (морално, религиско, филозофско или политичко). Алегоријата го менува значењето менувајќи го контекстот на толкување од банални секојдневни ситуации кон повисоки хуманистички, идејни, идеолошки, морални и верски стремежи, вредности и идеали. За таа цел таа користи стандардизирани постапки на навестување на алегоричното значење преку имињата на ликовите, на нивните карактерни својства или цели кои се семантички симптоматични и аналогни со посакуваното и намеравано алегорично значење кое треба да се постигне со употребата на алегоричките постапки и форми. Некои автори, на пр., на своите ликови им даваат имиња како Надеж, Вера, Љубов, Добрина, Глупост, Софија... Обратно, на пр., седумте доблести се претставени со женски фигури, а меѓу нив Филозофијата е претставена како жена чијашто глава е во облаци, која држи книги во десната рака и има една скала за достигнување на повисоките сфери на знаењето.

           (2) Историските книжевни видови (во оралната и уметничката традиција), познати како басна, апологија, еxemplum, парабола, зен приказна, се сродни на алегоријата и можат да се сметаат за историски, традициско-културен, тематски или стилски подвид алегорија. Алегоријата се остварува на микро и на макро исказен и текстуален простор. Поради тоа, алегоријата од семантичка фигура се преобразува во особен вид говор, се препознава во историјата на книжевноста како историски вид* - книжевен и реторички. Тоа се огледа во одделни книжевни традиции (кинеската, јапонската), односно во одделни историски епохи (античката, средновековната). Алегоријата како раскажувачки говорен вид (жанр) или како алегорична приказна се практикува понагласено во периоди и во општествени констелации кога е загрозена демократијата и е намалена слободата на говорот и кога треба говорот да поприми дидактичка содржина и да биде во служба на одредени догми и нивното популаризирање (библиска и проповедничка алегорија). Алегоријата има моќ да алудира сугестивно на одредени човечки, колективни и општествени ситуации затоа што алегоризираниот јазичен исказ и комуникација го надополнува со имплицитни сценично-театрални реквизити. Оттаму,алегоризацијата е облик на театрализација на исказот и на комуникацијата.

           Видови алегорија: алегоријата може да биде интегрална или епизодна, зависно од тоа дали го опфаќа текстот во целост или фрагментарно, односно зависно од тоа дали е вградена во рамки на едно неалегорично дело или пак го дефинира делото жанровски и стилски како алегорично. Едно неалегорично дело може да употреби, патемно и фрагментарно, персонификации на апстрактни ентитети (Лудоста, Честа, Ласкавоста, Злото), познати и како алегорична сликовитост (аlegorical imagery).

           Два типа алегории обично се истакнуваат како носечки: (а) религиозната, политичката и историската алегорија; и (б) моралната алегорија, некаде дефинирана и како алегорија на апстрактни теми. Во првиот тип алегориските алузии се однесуваат на историски личности, собитија и места, а во вториот тип на човечките, колективните и етничките недостатоци и доблести, состојби на духот, темпераменти, карактери и својства (мрзливост, превртливост, алчност, сервилност, педантерија, хипохондрија, плашливост итн.). Алегоријата со тоа се доближува до структурата на вицот и анегдотата и ја легитимира својата хуморно-сатрирична димензија.

           (3) Алегоријата  не е само обично изразно средство и реторички орнамент, не е само проста постапка на пишување, туку ивизија на светот, облик на впечатлива и сугестивна имагинација, надминување на субјективноста и ефемерноста, влез во општите, повисоки и универзални сфери на вистината. Алегоричниот поглед на свет најмногу му соодветствува на средновековниот културен систем кој се темели на начелото на трајна поврзаност на стварите и луѓето, на непроменливи знаци и значења. Тука некои теоретичари наоѓаат сродност меѓу митската и средновековната алегорична традиција.

           (4) Како метод на толкување или алегореза*, алегоријата се практикува од 6 век п.н.е, од страна на толкувачите и коментаторите на еповите на Хомер и софистите, па дури и кај Платон, кој е скептичен спрема алегориските толкување на митовите.

           Пример: Интегрална алегоријата  има во Животинска фарма од Џорџ Орвел, во Божествена комедија на Д. Алигиери. Алегориска  персонификација има во Пофалба на Лудоста од Еразмо Ротердамски. Третото поглавје од Гуливеровите патувања(1726) на Џонатан Свифт е алегорична сатира. Епизодна алегорија има во Загубениот рај од Џон Милтон, Кн. 2 (17 век), мак. превод Д. Михајловски (1996), како и во вториот дел на Фауст од Ј.В. Гете (19 век). Станува збор за сцената на средбата меѓу Сатаната и Смртта, алегорично претставена како дете родено од инцестуозната врска меѓу Сатаната и неговата ќерка.
КЌ

Алегоризам, алегореза (фр. allégorismе).

1. Алегоризмот e вид алегорија иако некои го сметаат за посебна реторичка фигура. Се дефинира како продолжена, проширена или експлицитна метафора (métaphore continuée) со препознатливо значење кое се протега на целиот исказ и служи како матрица на толкувањето. Се протега на долги исказни секвенци и продолжени метафорични фрази, но емитува само „едно и единствено значење“ (Фонтанје, 116). Тешко се разлачува од алегоријата, затоа што двојното значење и повеќезначноста произлегуваат од самиот контекст и еден ист израз може еднаш да се толкува како алегорија, а друг пат како алегоризам. Во примерите од античкото беседништво се потврдува оваа теза. На пр., Цезар, кога ги претставува своите амбициозни планови за Рим, го опишува светиот град како навален столб кој може секој миг да падне под налетот на силни ветришта и бури, така што го бара неговото рамо за да се потпре и да се одржи. Слична е и репликата на Цицерон Против Пизоните (9, 20) „Јас, кој сум управувал во бурни невремиња и бранови со бродот на државата и го донесов неоштетен на пристаништето, зар јас да се плашам од челото твое намуртено и од духот на другарот твој?“

           2. Алегорезата е метод и модел на толкување и објаснување на усни и пишани текстови практикуван особено во Антиката, во Средниот век и во Барокот (во салонската, дворска книжевност). Херменевтиката го изделува алегоричното толкување на текстовите (библиските, сакралните) како особен вид толкување на скриената и таинствената смисла на текстот. Алегоричниот метод на толкување е карактеристичен за средновековната и библиската херменевтика. Алегоретичкото толкување дешифрира цели текстови (песна, еп, проповед, беседа, гатанка) или подолги одломки од текстови како да се шифрирани со некој фигуративен семантички код, кој кога ќе се дешифрира правилно или логично, го појаснува текстот во целина, но и го поедноставува, до тој степен што потоа тој лесно се отклучува и се објаснува. Алегорезата не остава темни и несфатливи места во текстот. Алегоретичкиот клуч на шифрирање и на дешифрирање на говорот е релативно едноставен, може да се имитира, да се научи, па и да се вулгаризира во практиката. Таквото дешифрирање на текстовите е погодно за инструментализација на алегорискиот модел на шифрирање на пораките. Во алегорезата постои извесен степен на произволност, инсинуација и пресумпција. Таа е својствена за догматично ориентираните херменевтики. Современата херменвтика покажува дека се можни различни толкувања на култните текстови како Песна над песните, на пр.
Алегоретичко толкување изведено во рамки на самите библиски и книжевни текстови е иманентно толкување и во таков случај имаме иманентна алегореза.

           Пример: Теаген (крај на 6 век п.н.е.) е прв херменевтичар  кој ги толкувал на алегоричен начин митовите и Хомеровите епови. Познато е и алегорично-теолошкото толкување на Песната над песните низ перспективата на односот меѓу Исус Христос и Црквата. Во самата Библија /Свето писмо има одломки на иманентно алегоретично толкување: в. Книга на пророкот Захарија 6, кајшто ангелот го толкува значењето на црвените, црните, белите и сивите коњи како четирите небесни духови. Уште попознато е толкувањето во рамки на Откровението на светиот апостол Јован Богослов на седумте златни светилници или седумте ѕвезди кои се алегорично претставување на ангелите на седумте цркви (1,20). На крајот на Средниот век се инсталира и поетското толкување на епот на Вергилиј Енеида од страна на Данте, во епот Божествена комедијa.