ХАИКУ - ГРИЖА ЗА ДРУГИТЕ

ПОВОД: ИСКРА ДОНЕВА, КОЈ ЌЕ ГИ ЗГРЕЕ ПТИЦИТЕ?

Владимир Мартиновски

                                                                                              
ISSN 1409-715X
                                                                                                                          Дрво за огрев
                                                                                                               сечат... А кој ли ќе ги
                                                                                                                         згрее птиците?

          Неодминливиот јапонски хаику-мајстор Мацуо Башо во една прилика рекол дека доброто хаику не се пишува со зборови, ами со срцето. Макар што е мала по формат и исполнета со песни од најкусиот канонизиран лирски вид, книгата Кој ќе ги згрее птиците од Искра Донева е исполнета со песни напишани од, со и за срце. Таа е плод на голем емотивно-креативен влог и интензивна духовна работа.
          Имено, уште со интерогативниот наслов Кој ќе ги згрее птиците?, поетската книга загатнува една од суштинските одлики и доблести на хаикуто – грижата за Другите.
          Богатата ризница на традиционалното јапонско хаику изобиува со песни во кои поетот (преку вербална порака од само 17 слогови, целосно лишена од извештачен патос) ненаметливо покажува дека сочувствува со сите појави што го опкружуваат, а особено за незаштитените, кревки, лесно ранливи, суштества, како што се бубалките, птиците (а впрочем и човекот). Како класичен пример би можеле да се потсетиме на две песни на Кобајаши Иса, чијашто поетика е длабоко обоена од грижата за оние нешта кои eдвај ги забележуваме: „Ела ваму да си / поиграме, врапченце без / татко и мајка!“ или пак, „Не гази онаму: / сношти толку светулки / светкаа таму! “.
          Хаикуто на Искра Донева, според кое е и именувана книгата („Дрво за огрев / сечат...  А кој ли ќе ги / згрее птиците?“) , недвосмислено го манифестира уникатниот - но неопходен – спој на духовната состојба на симпатија, емпатија и синергија, својствена за сензибилитетот на овој тип лирика. Симпатијата, според Аристотел, игра клучна космолошка улога во создавањето и одржувањето на универзумот. Сфатена како сочувство и соучество, како наклонетост и сродност, или уште поедноставно – како љубов -  таа е истовремено и тематска преокупација и емотивна доминанта, но и ненаметлив композициски клуч на книгата Кој ќе ги грее птиците. 
          Имено, преку песните распоредени во три циклуса, поетската имагинација и интуиција на Искра Донева осветлува три аспекта на феноменот на симпатијата. Поетското писмо на Донева мошне спонтано и разновидно ја доловува оваа состојба преку првиот циклус хаикуа наречен „Дуел“. Овој збор, кој во секојдневната комуникација најчесто означува двобој, натпревар, агон, мегдан и сл., преку песните од овој циклус добива побогати конотации (пред сè: средба, соочување, предизвик, заемна поврзаност, игра...). Томку „дуелите“ покажуваат колку се поврзани сите нешта меѓусебно во големата космичка игра: човекот со трска и рибата во реката, старецот и мачката што ја чека вечерата, чепкалката и семчето од сусам, кавајџијата и канаринецот…

          Во овој циклус се особено возбудливи песните во кои изненадувањето се постигнува преку интерференцијата меѓу малото и големото, блиското и далечното, како во хаикуто,: „Истурен сок. / Мравка мисли плови по / Жолтата Река“; како и поетските слики во кои - во духот на гатанките - на сосема нов, неочекуван и игрив начин се перцепираат добро познати појави: „Пирамида од / отворени чадори – стара шишарка“.
          Циклусот годишни времиња нe упатува на вечната тема на хаикуто – врската меѓу промените во природата и човековите расположенија.  Покрај извонредните т.н. „сезонски“ хаикуа во кои сликата на поетскиот пејзаж поседува јасни индикации за годишното време („Коси ми китиш / со венче од цветови. / Дошла пролетта“/ „Цреша во лето. / Се нагиздала сета / со обетки зрели.; „Врапче се весели / во напуштено гнездо / од ластовица“;„Снегулки веат. / Сама в соба ја гледам / нивната дружба.“ итн.), овој циклус изобилува и со песни во кои се тематизирани токму премините меѓу сезоните, како и грижата за другите: „Неочекуван снег .../ На врв од гранка стои / збунето врапче.“ ; „Средина на март, / стреата обеззабена – падна  мразулец.“ или „Напукнат мраз. / Низ него никне нежно / бело кокиче„… 
        Циклусот „Петка или глава“, чијшто наслов упатува на игрите на среќа, го пронижува копнежот по една  повисока мудрост (философија). Мудроста да се добива и кога се губи. Мудроста да се слушне тајната вистина од ветрот и да се пронајде безвременоста во капките дожд, или, да се почувствува среќата кога се стои со раширени раце во класје жито. Мудроста барем за миг да се сочувствува со Другите. 
          Едно од највпечатливите песни гласи: „Грст детелини / со четири листа крај пат. / Среќата се множи.“ Се чини дека со оваа книга поетесата ја открила тајната за умножување на среќата. Таа се множи со секое ново хаику, со секоја нова свртена страница. Се множи и во чинот на создавањето, но и во чинот на пресоздавањето на песната во свеста на читателот. Среќата се множи преку полната тишина по секоја нова песна.