МЕТОДОЛОШКИТЕ СПЕЦИФИКИ НА МЕЃУЛИТЕРАРНИОТ ПРОЦЕС

ДИОНИЗ ЃУРИШИН, ЛУДВИК КОРКОШ: СВЕТСКАТА ЛИТЕРАТУРА СО ПЕРО И ДЛЕТО, ПРЕВОД ОД СЛОВАЧКИ: СТОЈАН ЛЕКОСКИ, ГРИГОР ПРЛИЧЕВ, СКОПЈЕ, 2004

Звонко Танески

ISSN 1409-715X

          Името на големиот словачки и светски теоретичар и методолог на компаративната литература Диониз Ѓуришин, секако, е познато и мошне почитувано во македонските академски и универзитетско-филолошки кругови. Првото приопштување на Ѓуришин на македонски јазик беше реализирано во далечната 1987 година во Скопје, и тоа преку капиталното дело Теорија на споредбеното проучување на литературата, кое за брзо време стана основна лектира и двигател за развој, како и за активна, креативна и жива соработка меѓу македонската и словачката компаративна школа, пред сé, во 90-тите години на минатиот век.
          Делото на великиот словачки ум, кое што е сега пред нас е, всушност, концепциско продолжение и сумаризација на неговата извонредна монографија Што е светска литрература? (Братислава, 1992). Оригиналниот текст на делото што е предмет на наша елаборација е издаден во 1993 година од страна на Институтот за светска литература при Словачката академија на науките во Братислава. Дополнителен агенс, кој би требало да го „предзивика и да го убеди“ нашиот читател да пристапи кон негов прочит е фактот што основните категории на меѓулитерарниот процес овде ликовно ги дизајнирал, односно ги „оживeaл“ словачкиот академскиот скулптор и сликар Лудвик Коркош. Таквата оригиналност се гледа во обидот да се определи можноста за проучување на рефлексивните можности на меѓулитерарниот процес не само со посредство на литерарната наука, туку и со помош на ликовната односно визуелната уметност. Со таквиот начин, впрочем, станува експлицитно јасно дека сложените гносеолошки прашања не смеат да бидат, од уметничка перспектива, изолирани, туку напротив, треба да ги надминат своите „претпоставени“ граници и нужно да влезат во интердисциплинарен „меѓу-уметнички“ сооднос и систем. Лудвик Коркош (кој почина во декември 1992 година) со својата перцепција на меѓулитерарните категории е единствен и автентичен. Неговиот ентузијазам и способност да се доближи со својата уметност до проучувањето на општиот систем на литературните вредности ни оддалеку не означува само израз на одамна забележаните врски помеѓу уметничката литература и останатите жанрови на уметноста. Во нашиов случај, станува збор за многу пообмислено проникнување односно интерференција.
          Ѓуришин уште на почетокот на своето дело мошне добро знаеше дека дефинирањето на инструментариумот „светска литература“ не е ниту едноставно, ниту пак ново прашање. На него се обидувале да одговорат многу звучни имиња во историјата на литературната научна мисла. Ова дело би можело да претставува своевиден врв во истражувањата на еден научник, кој ги опфатил во својата аналитичка „работилница“ не само национално-литерарните аспекти на проучување на уметничката писменост, туку програмски ги развил нив и од гледна точка на „повисоките“ литерарно-историски формации. Сето тоа му дава за право на авторот да предложи и, од своја страна, да заклучи дека светската литература би требало да се толкува како врвен и конечен кодекс на меѓулитерарниот процес. Затоа е сосема нормално што тој не можел незаинтересирано да застане пред прашањето, кое си обезбедило привилегирана позиција во јадрото на неговата книга (каков е и како треба се интерпретира феноменот на т.н. светска литература?), па се обидел аргументирано да одговори на зададениот предизвик. Резултат од таквите напори е оваа книга, која оддалеку ги надминува национално-литерарните хоризонти, првенствено на идееен план. Кога пишува за формите и за функционалноста на светската литература, Ѓуришин небаре со својата зацртана цел и огромен копнеж, како да започнува да создава нова област на истражувања во историјата на литературата и како да го продлабочува, во целосветски рамки, развојот на литерарната историографија.

          Таквиот впечаток е валиден и од причина што авторот овде разработил голем број литерарно-научни категории, кои до скоро време не претставуваа директен предмет на интерес при истражувањата во литерарната наука, не само кај нас, туку и во светот. Тоа се литерарно-историските реалии од типот: литературата во родовското уредување, литературата на градовите-држави (полисите), средновековна и современа литература на малцинствата (на пример: словачката литература создавана во Унгарија, Романија, Србија и нејзиниот однос со „матичната“ литература...), многунационална литература (поранешната советска и југословенска литература, литературата на САД, збирот литератури во Индија, канадската, швајцарската, белгиската литература, литературата на Магребот, различните форми на англофонски, франкофонски, португалофонски, шпанскофонски и други аналогни групи литератури). Таквата методологиска одредница и матрица му овозможила на Ѓуришин полесно и поуспешно да ја продлабочи и проблематиката на меѓулитерарни заедништва и меѓулитерарни центризми. Со таквиот начин на обработка, словачкиот ерудит ја дефинира литерарната историографија не само во рамките на традиционалните национално-литерарни, туку и во пошироките интернационални размери со што внесува во литерарната компаратистичка наука нови димензии и нови творечки синтези во поглед на толкувањето на историјата на литературата и на нејзината типолошка суштина. Трасирањето на темата ги наметнало „обработката и создавањето“ на специфичната терминологија на Ѓуришин, а со тоа, и помогнало во раширувањето на предметот, на целите и на методите на литерарната компартистика, и воопшто, на целокупната литерарна наука, теорија и историја.
          Од сите горенаведени причини би требало да се заклучи дека преводот на ова дело на македонски јазик несомнено и драгоцено ќе помогне во збогатувањето на теориско-компаратистичкиот фонд кај нас, кој е „задолжен“ интензивно да ја промовира оваа методологија и да ја развива и во иднина, преку корпусот на прогресивните и на иновациските платформи на нашите компaратисти.