ГРОТЕСКАТА ВО ТВОРЕШТВОТО НА ЕРМИС ЛАФАЗАНОВСКИ

Марија Проскурнина

ISSN 1409-715X

          Присуството на гротеската во литературата (од антиката до денес) го одразува општиот стремеж на светската уметност да се репродуцираат разновидните деформации на стварноста. М. Бахтин во славната книга Творештвото на Франсоа Рабле и народната култура на средниот век и Ренесансата (1966) не само што детално jа анализира гротескната сликовитост на Рабле (коjашто, според Бахтиновото мислење, значително ги определи понатамошните развоjни патишта на светската литература), туку и ги проследи различните проjави на гротеската од антиката сè до модернизмот и реализмот на ХХ век.
          Помалку или повеќе, гротеската им е своjствена на многу големи уметнички дела. Во нив таа е присутна и како системски фактор на поетиката, и како делумен формирачки принцип, „гротескен одблесок“ (J.Ман). Во ХХ век, гротескниот „гест што снижува“ (Бахтин) со своето претерување, хиперболизам и прекумерност, одигра посебна улога во оние жанрови во коишто „комичните и трагичните елементи се преместуваат во правец на трагикомичното“. Гротеската е своевидна форма на апсурд но, истовремено, се покажува и како начин да се надмине тоj апсурд. Бахтин наjпотполно jа изрази спецификата на гротеската како дуалистичка поjава во коjа, во една или во друга форма, се застапени (или се насетуваат) двата пола на промена - и старото и новото, и тоа што умира и тоа што се раѓа, и почетокот и краjот на метаморфозата.  Двоjната основа на гротеската jа изразува противречноста на светот. Симболично доближуваjќи ги противречностите, гротеската во уметничките дела внесува парадоксалност што дава можност да се согледа наjдлабоката диjалектика на битието на архетипско ниво. Чудното во гротеската jа разурнува реалноста и дозволува да се здогледа тоа што претходно било незабележливо. Гротеската секогаш е поврзана со ирониjа. Таа карактеристика особено се развила во литературата од втората половина на ХХ век, кога насекаде се шири пародичен однос кон сите постоечки доминанти, вклучуваjќи го тука и градењето на уметничкиот текст. Во модерната и посмодерната литература ирониjата добива методолошко значење, се издвоjува како еден од аспектите на теориското согледување на уметничкиот текст во семиотичкиот простор на културата во епохата, кога се сменуваат културните парадигми. Ирониjата станува речиси единствен метод за надминување на кризата што го опфаќа просторот на jазичното постоење.
          Во литературата од краjот на ХХ век, наjзабележлива е спецификата на еволуциjата на гротескната уметничка традициjа. Неjзината цел би можела да се определи со Бахтиновите зборови кои, иако изречени за романот на Рабле, се многу актуелни и денес за естетиката и поетиката на постмодернизмот: „Целта на гротеската е да се потисне атмосферата на мрачна и лажна сериозност, коjашто го руши светот со сите негови поjави. Неjзината цел е да го промени изгледот на светот и зборот да звучи поинаку… фамилиjарно, весело и бестрашно.“ Навистина, не е случаjно тоа што многумина истражувачи на постмодернизмот во него гледаат многуброjни траги на ренесансната култура коjа се карактеризира со jазична „бестрашност“, смели експерименти со традициjата и естетскаа амбивалентност. „Веселата релативност“, карневализмот, „веселата граматика“, прекршувањето на jазични граници, гротескната логика - сите тие ренесансни карактеристики забележани и умесно анализирани од Бахтин, не можат да бидет запоставени и од истражувачите на постмодерната култура, за коjашто е карактеристична речиси целава низа од Бахтиновите дефиниции на ренесансната естетика.
          Покраj тоа, ренесансната „гротеска на изгреjсонце“ во културата на преминот од ХХ во ХХI век, значаjно се трансформира. Таа ‘и отстапува место на „гротеската на изненадувањето“ што се темели врз епистемолошката несигурност и културната неопределеност, а тоа и го намалува „степенот на чистата веселост“ во гротескните текстови од краjот на ХХ век.

          Сè што носи постмодернистичката  естетика се засновува врз сомневање и ирониjа (самоирониjа). Во постмодернистичкиот поглед на свет нема никаков утопизам. Гротеската во постмодернистичките текстови се jавува како неопходна естетичка доминанта, бидеjќи острите и безизлезни конфликти на епохата се поврзани со трагикомичното толкување. Жанровската и стилската деформациjа, лексичиот вишок и истовременото бришење на смислата, искривеното огледало на хиперболизмот - сите тие белези на постмодерните текстови се своевиден израз на тоталната несигурност на постмодерниот човек во целоста на битието и во траjноста на вистините.
          Од оваа гледиште ни се чини мошне интересно творештвото на македонскиот прозаист Ермис Лафазановски, од критиката наречен „виртуоз на гротеската и маjстор на каламбурот“. Тоj успеа традиционалните гротескно-сатирични форми да ги исполни со нова, современа содржина. Наjрепрезентативен во таа смисла е прекрасниот и навистина смешен (дури и за еден странски читател!) роман Благородник. 
          Авторот во романот дискретно се осврнува кон една од главните тенденции во менталитетот на современиот човек. Тоа е носталгичниот копнеж за некои доминанти од минатото во услови на хаос. Хаосот е прикажан преку културолошката неопределеност, коjа е поврзана со критичкиот однос кон претходните норми, што не се соодветни со новиот начин на живеење. Преку хаосот, авторот jа формира новата поетика. Таа се засновува врз различни културно-естетички координати, врз семантичко инсценирање на пародични игри со jазикот и иронизирање на суштинската смисла.
          Поради тоа, не е случаjно што главниот jунак на романот, со прекар Курандо - итрец, авантурист, коj живее од трговиjа и ситен шверц - решава да стекне благороднички чин, трудеjќи да се задлабочи во историjата на своjот род. Самиот контраст меѓу називот на романот и jунаковиот провокативно снижен прекар, земен од сферата на телесниот „долен дел“, гротескно го засилува пародичното дублирање на „благородниот“ стремеж на хероjот да дознае за своите корени. Сериозниот церемонијал на составување генеалошко дрво, коjшто е традиционален за класичната литература и обично го доведува jунакот (прек историjата на предците) до самоспознавање, во романот од македонскиот автор се претвора во гротескно травестирано сиже.
          Темата на барање корени се трансформира во гротескна нарациjа во коjа маjсторски се вплетуваат уште неколку пародиско-авантуристички линии. Тие jа снижуваат и jа превертуваат почетната носталгична авторова намера. Сè она што во романот е високо и идеално, е преместено во материjално-телесната сфера. Така, распрашуваjќи го своjот дедо за предците, Курандо неочекувано дознава за ќесе полно со пари, кое некогаш му паднало на неговиот прадедо поп Ламбе (инаку расказот за тоj настан е jавна пародиjа на познати фолклорни сижеа за доверлив богат патник и подмолен домаќин што го сместува и го ограбува патникот). Од овоj момент, „високиот“ пат на jунакот кон благородничката титула, на парадоксален начин, се спушта надолу: Курандо многу сака да ги добие парите на прадедото. Лафазановски, во духот на Гогољ и Булгаков, раскажува за доживувањата на своjот jунак, преминуваjќи од ирониjа кон вистински црн хумор. Една од сцените во таа смисла, е кога хероjот, сомневаjќи се дека дедо му ги скрил кобните пари, размислува за можна тактика на добивање информации: „Неколку можни вариjанти што ги имаше смислено беа и: да се измачува старецот, со тоа што ке го обеси за кожа, да виси додека не признае; да му протне вжештена игла во дупчето, па да не може да седи додека не умре; … со дваесеттина багери или со атомска бомба да му jа сруши хуманитарната барака“.
          Интересна е спокоjната наративна интонациjа, наспроти парадоксалноста и прекумерноста на гротескните претерувања што jа сочинуваат поетиката на делото.

          Во основата на романот Благородник лежи гротескната логика, што произлегува од смеата, коjа пак, според Бахтин, доаѓа од средновековниот карневал. Наjпрвин, тоа е логиката на „тркалото“ што се карактеризира со постоjано преместување „горе – долу“. Такви вртења на тркалото во романот се многуброjни. Може да се сетиме на пример, на расказот за силувањето на убавата Цоца, прапрабабата на jунакот, од Турците. Традиционалното за македонската литература сиже за Турци-насилници и невини благородни македонски девоjки во текстов започнува со трагични тонови, а завршува како фарса. Цоца воопшто не се противи, туку погледува да не доjде маж ‘и. Турците, незадоволени од „силувањето“ се разочарани и само се чудат како Цоца пред нивните очи го тепа маж ‘и, коj ништо не насетува.
          Потоа, логиката „наопаку“ во полна мерка, го карактеризира гротескниот свет на романот, каде што, на пример, шпионите не се криjат, туку го следат jунакот во кафеаната со „доверливиот“ наслов „Каj проклетите шпиони“.
          Натаму, гротескната поетика на романов се потпира врз различни видови пародии и травестии. Тоа пред сè, се проjавува во наративната организациjа на текстот на романов, кога деjството, на парадоксален начин, не се совпаѓа со своето jазично обликување.
          Поетиката на романот на Лафазановски се ориентира, секако, кон користење и истовремено травестирање на разновидни литературни традиции на гротескното. Особено се истакнува гротескно-сатиричната линиjа на руската литература. Романот на Лафазановски го проникнуваат гогољевски и булгаковски интонации (а тоа што Булгаков е следбеник на Гогољевата традициjа е повеќе од очигледно). Тоа се однесува посебно, на позициjата на нараторот што во романот Благородник се гради според принципот на двоjно кодирање - како што е случаjот и со „Повеста за тоа како се скарале Иван Иванович со Иван Никифорович“ од Гогољ или „Маjсторот и Маргарита“ од Булгаков. Треба да се земе предвид сложеното множество на нараторот во романот од Лафазановски: пред нас се менуваат сезнаечкиот автор кој jа креира уметничката вселена, како и раскажувачот, чиишто jунаци се независни од неговата волjа. Се разбира, тоа е вистинско маjсторство, кое е чисто гротескно и кое создава парадоксални заемни односи меѓу: авторот и jунакот, реалноста на текстот и стварноста надвор од текстот. Поради тоа, нарациjата каj Лафазановски, како и каj Гогољ и Булгаков, не е монолитна. А самото емоционално расположение на текстот е многустрано. Нарациjата се движи од истакнато неутрални интонации, преку страсна заинтересираност за доживувањата на jунакот, сè до ироничното потсмевање. Меѓу другото, авторот не им се постмева само на ликовите, туку и на читателот, чиишто очеквања се измамени, бидеjќи хероjот парите не ги нашол.
          Гротескниот главен лик е семантички центар на романов. Курандо се jавува како еден современ храбар Швеjк. Многу нешта го обединува Курандо со jунакот на славната комична епопеjа од Jарослав Хашек. Македонскиот автор, исто така, го создава националниот тип врз основа на споjот меѓу социjалното типизирање и гротескното претерување. Сликаjќи го ликот на Курандо, авторот му понудува на читателот да jа реши загатката: каде завршува наивноста на jунакот и почнува итрината? Двосмисленоста на jунаковите постапки, неговите сомнителни морални и интелектуални квалитети, неговиот весел цинизам - дали тоа се само маски или не? Мислиме дека Лафазановски овде го следи Хашек, креираjќи во главниот лик на романот еден своевиден симбол што содржи многу можности, само делумно подоткриени. Авторот не дава решение, туку задача за решавање (да jа искористиме карактеристиката на симболот дадена од Љосев).
          Гротеската во романот на Лафазановски го одразува авторовиот однос кон различните културни, наративни и стилски клишеа доjдени од фолклорот, авантуристичката литература, од делата на социjалистичкиот реализам, хумористичната и сатиричната литература, а исто и односот кон разновидни сижеа од националниот живот, траjно вкоренети во свеста на еден Македонец: борбата со Турците, ликот на типичниот Балканец, односот кон предците, историските настани.

 

          Писателот како да потцртува дека денес, значењето на jазичните формули е девалвирано, дека со нив не е можно да се говори, зашто тие веќе jа немаат своjата изворна вредност, па во современата ситуациjа можат да се прочитаат само иронично. Просторот на стварноста што „се разлева“, уште се придржува кон старите шеми, но таа сигурност во романов има експлозивен карактер, затоа што пред читателот се одвива само гротескна инсценациjа на сижето за jунакот коj го бара своjот идентитет.
          Гротескниот и ироничниот однос на Лафазановски кон претходните културни кодови не добива црти на ирониjа, туку на противоирониjа, „што jа превртува смислата на самата ирониjа и повторно jа воспоставува сериозноста. Но таа веќе не е директна и еднозначна“. Вршеjќи преместување на акцентите, авторот се откажува и од стегнатата сериозност, и од вулгарната ирониjа, понудуваjќи едно ново гледиште.
          Зад противирониjата се крие носталгиjа на современиот Македонец за загубената определеност во услови на глобализациjа, коjа настапува врз претходните животни норми. Меѓутоа, носталгиjата е од посебен род, гротескно претставена. Во неа се среќаваат митологеми од балканскиот модел на светот, кои не само што jа сочинуваат македонската национална свест, туку и ги определуваат типично балканските комплекси. Последниве, според нашето мислење, придонесуваат македонскиот менталитет истовремено, диjалектички да биде вкоренет во традициjата, но и немоќен да излезе надвор од неа, да се одликува и со сигурност, но и со инертност и затвореност.

          Литература

Манн Ю. Искусство гротеска (о повести Н.В. Гоголя „Нос“). М., 1957.

„Базилевский А.Б. Творчество Станислава Игнация Виткевича и польская литература гротеска.“ Автореферат диссертации на соискание ученой степени доктора филологических наук. М., 2000. С.2.

Бахтин М.М. Творчество Франсуа Рабле и народная культура средневековья и Ренессанса. М., 1966. С.30.

Барышникова Д. Методологическая ирония // Феноменология смеха: карикатуры, пародия, гротеск в современной культуре. М., 2002. С. 196.

См.: Затонский Д. А был ли Франсуа Рабле ренессансным гуманистом?  (Опыт постмодернистской интерпретации „Гаргантюа и Пантагрюэля“) // Вопросы литературы. М., 2000, сентябрь – октябрь. С. 208 – 235.

Бахтин М.М. Указ. соч. С. 14.

Термин В. Муравьева, предложенный им в предисловии к поэме В. Ерофеева „Москва – Петушки“ (издание 1990 г.).

Эпштейн М.Н. Постмодерн в русской литературе. М., 2005. С. 422-423.