СЛИКАТА КАКО СУДБИНА НА ЗБОРОТ- И „ТАЈНИОТ ПЕЈЗАЖ ОД НЕДОРЕЧЕНИ ЗБОРОВИ“-

Елизабета Шелева

ISSN 1409-715X

          Кога се навраќаме на интермедијалните односи меѓу поезијата и сликарството (и, воопшто, ликовните уметности), првиот и непореклив аргумент најчесто потекнува од т.н. генетско-контактен пристап, кој укажува на директните и експлицитни врски помеѓу конкретно дадено книжевно и експлицитно посочено ликовно дело што заемно се поттикнуваат и реверзибилно се опишуваат.
          Во овој прилог, меѓутоа, јас се одлучив за еден поинаков вид аргумент и пристап, кој не се потпира на референцијалната врска меѓу еден (надворешно присутен) визуелен поттик и даден поетски текст, ами поаѓа од внатрешно изградената (с)ликовна впечатливост на Песната како иманентна на самиот текст.
          Всушност, иако вообичаено не го тематизираме како такво,  читањето е постојано, индивидуално обусловено ре-креирање слики, кои се интерактивни, по својата за-даденост кон Другиот.
          Во таа смисла, помеѓу литературата и сликарството се одвива еден непрекинат, не само асоцијативен, туку и структурен (или, синтактички) прескок – бидејќи онака, како што самото сликарство “знаело” да биде “наративно” и “тектуално” – така и песната, од своја страна,  непрестајно “кокетира” со својата визуелна осетливост, допадливост и димензионираност!
          Така пред нашите, помалку или повеќе будни, очи се одигрува вековната прељуба на едната и другата уметност, прељуба која впрочем обете ги прави не само уште пошармантни, ами и уште повљубени една во друга.
          Што се однесува до овој повод (симпозиумот “Песна и слика”, одржан во рамките на СВП 2006 год.), за свој аналитички и огледен пример, јас ја одбрав неодамна објавената книга песни на Матеја Матевски “Внатрешен предел” (2000 год.). Во неа исчитуваме уште една, притоа несомнено троглива етапа на духовното (покрај останатото и кармичко) дозревање на авторот, сé повеќе загледан навнатре кон себеси, како метафизичка загатка и непресушна дилема околу тоа, што е всушност автентичен живот:

Сé е во себеси загледано
во бунарот на својот внатрешен предел
од згаснати огледала

            Авторот на овие стихови несомнено ја испишува својата вознемиреност и загриженост пред “гаснењето на огледалата”, животниот сјај и трепет, жедта што го придвижува да љуби и да твори, но, таа јанѕа и интимна тревога ги пронаоѓа токму “зад цртата на видливото”, или, од онаа страна на непосредно допирливото и соопштливото. Ги пронаоѓа, поточно, во својата навидум кротка, но изразито бурна и ликовно импрегнирана, поетска внатрешнина.
          Така веќе со индикативно избраниот наслов, овој наш, пошироко знаменит автор недвосмислено го потврдува својот поетички континуитет и за него препознатливата интровертна поетика. Насловната синтагма “внатрешен предел” интенционално се совпаѓа со длабоката загледаност на лирскиот субјект во себеси, во својот најдлабок духовен “ентериер”, во кој, од друга страна, се препознаваат и откриваат множество драматични инхерентни слики.

Сиот свет станува негов внатрешен предел
скокот што му го опишува
и ние во него”

            Во песната “Појавувањето на рисот”, лирскиот субјект нé соочува со речиси бесконечната апсорптивна моќ на опасниот шумски ѕвер, при тоа убедувајќи нé, дека и самите ние сме впиени и секогаш веќе содржани во неговиот сеопфатен и не помалку мистичен скок.

 

          Овој поетски призор, како впрочем и погоре наведениот, самиот по себе ја гради и нé озрачува со својата инклузивна ликовност, со впечатливата, mise en abyme претстава или “слика во слика” на некој што навнатре се загледува и во себеси здогледува редица магични огледала.
          Се разбира, во книгата постојат и цели, ликовно заокружени композиции, кои сведочат за сугестивната моќ на авторот, на сосема неочекуван, нов начин да ги “види” како визуелни, дури и оние состојби или “онтологии”, кои најмалку се чинат такви.

 

Се свртиш ли сé е земја
И ветерот што ги отвора цветовите
И дождот низ неа
Мртвите што ги дои

            Оваа песна (“Кавги”) на мошне впечатлив начин ја открива авторовата визуелизација на смртта, односно мртвите како доенчиња кои се хранат (цицаат) од дождот, што од своја страна може асоцијативно да се надоврзе на некои бројгеловски (или, зошто да не и шагаловски), во основа надреалистички претстави за постојаната размена и кружење меѓу овој и “оној” свет.
          И додека претходните стихови на свој, длабоко осознаен начин, ја естетизираат смртта како претстава, дотогаш стиховите од песната “Патишта”, се чини, дополнително неа ја хуманизираат – сакајќи да ја надраснат со една метемпсихоза или кружење, кое меѓутоа не е морфолошки конечно и прераснува во своевиден онтолошки дијалог.

Се бараат низ корењето
со векови време
ѕиркаат низ минералите
во минерали претворени
но тагата нивна не знае за време

            Во песната “Рондо”, лирскиот субјект предочува една длабоко еротизирана слика на вселената како танчарка, кога танцот не е само една меѓу уметностите, туку и основен онтолошки принцип, според кој светот/вселената однатре се управува и кружи.

Ново семе
Во отворената утроба на вселената
Што го врти и врти светот
околу колковите свои

           Ќе бидеме нецелосни, доколку сепак не споменеме, дека меѓу песните на Матеја Матевски се наоѓаат и оние, што им се директно посветени на наши познати ликовни автори (овде конкретно мислиме на неговата најнова книга песни “Копнеж по целина”, објавена во 2005 год.).
          Таквите песни, кои според теоријата на интертекстуалноста и припаѓаат на групата интерсемиотички цитати, исто така го заслужуваат нашето внимание, бидејќи одново укажуваат на автономната моќ на песната/текстот, во свои координати и димензии одново да го пре-создаде дури и оној ликовен призор, што еднаш веќе освоил свој онтолошки простор во друга уметност.

Метални стада што пасат,
во таткојната на железото
во лулката откорната своја
јато од дрвја што лета над заборавената шума

            Песната “Будењето на вајарот” директно посветена на Боро Митриќески – неговото творештво, всушност, го трансцендира и преобликува во вербална “скулптура”, каде на прв план доаѓа до израз антропоморфизираната претстава на “пасечките” стада, како и “јатото” од разлетани дрвја, така што дадените поетски слики одново ја ре-артикулираат визуелната референцијалност на (инаку) мошне конкретните вајарски дела.

Сé е распеано Божилото збори
дур молчи тој зад бои

          Во песната “Последниот потез”, посветена на неодамна починатиот сликар Ристо Калчевски, со посредство на умешно изведената синестезија (за зборувачкото виножито), авторот понира во суштественото “молчење” на ликовниот творец – и за неговиот јазик, што секојпат (треба да) го  сведочат други – најмногу боите!

Пред погледот негов времето се кроти
во раката помнежот се згуснува
се слева
Трепка светлината
Под покровот на мрачавата и крвта

           Посветена на знаменитиот сликар Димитар Кондовски, песната “Небесната палета” сведочи за трансценденталното “кротење” на времето (минливоста), што му е својствено на сликарското око, а кое воедно го поентира метафизичкиот “труд” на сликарот, на творецот. Неговиот опус по својата природа е палимпсестен (со згуснат помнеж), незаборавно одбележан со танатоморфниот ефект на крвта.
          Конечно, во песната “Монолог на градителите” го откриваме според Матевски суштественото сродство меѓу поезијата и архитектурата, и овојпат тематизирајќи го молкот (тишината) како естетски вредносна позиција на ликовниот творец:

Молкот е нашиот дом
Нашиот единствен бог

           Сепак, во финишот на оваа песна, доаѓаме до извонредно важен семантички пресврт:

А ние ја градине Се гради уште
небесната кула на молчењето Нашата
Згаснатата пепел на песната
што ја чува
тајната на непобедената смрт
што раѓа тишина
од обете страни на ништото

            Со други зборови, градителите од оваа песна му припаѓаат на архитектонскиот “еснаф” само во условна смисла: бидејќи нивниот градителски труд повеќе се однесува на “кулата” на песната и “непобедената смрт”, како нивен главен онтолошки предизвик.
          Да заклучиме – Матеја Матевски, во своите песни ја покажува и докажува основаноста на нашата, погоре искажана претпоставка – за иманентниот ликовен потенцијал, за вградениот ликовен “простор” како автономна придобивка на песната, за сликовниот mise en abyme -  т.е. огледалното умножување и нижење слики, во имагинативно расплисираната текстура на песната.
          Притоа, само моќната перцепција, креативната проникливост, предодреденоста за ликовна визуелизација – на поетот му овозможуваат да создаде впечатливи, поттикнувачки, незаборавни слики, кои се родени (токму или) благодарение на неговата способност – да наслика “пејсаж од и во зборови”.
          На крајот од овој прилог, а со помош на автентичните наводи од песната “И тоа” на авторот Матевски, уште еднаш би сакале да го подвлечеме внатрешното сродство, односно неизбежниот творечки синкретизам, својствен на уметничките како свето-творни чинови, без разлика на тоа од која конкретна област истите потекнуваат:

Отаде двата предела на видливото
на превалецот
на присутниот недофат
што звукот и бојата сал
и сал зборот да ги прибере може
да ги опфати искаже истагува
и во ништото говорејќи
за постоењето свое