ПОЕЗИЈАТА И СЛИКАРСТВОТО

Едвард Луси Смит

ISSN 1409-715X

          Сплотувањето со ликовните уметности започна во ренесансна Италија, отпрвин преку илустрациите на Дантеовите дела – особено преку серијата цртежи на Ботичели – а продолжи во барокната епоха преку сликите што илустрираа епизоди од Ариостовата романса Риналдо и Армида. Овие слики претставуваа секуларни алтернативи на сликите со исти размери и амбиции, кои илустрираа епизоди од Библијата, како и други сакрални теми. Нивниот иновативен квалитет се должи не само на фактот што се книжевни илустрации туку пред сè заради нивното својство на визуелни коментари на пост-класичниот текст.
          Во XVIII век визуелните илустрации на книжевните дела станаа мошне ценети во Англија особено преку сликите кои се илустрации на Ричардсоновата Памела,  како и на епизодите од Тристрам Шенди. Во Франција дури се среќава и обратниот феномен – во еден театар во Париз била поставена претстава базирана врз елаборирање на популарните жанр-сцени на Гроз. Тоа кулминираше во живите сцени втемелени во сликарството. Оваа тенденција продолжи и во XIX век, иако уметниците настојуваа да ги изберат етаблираните „класични“ текстови како основа на нивните амбициозни дела. Актуелната книжевност обично им беше препуштена на професионалните илустратори, а знаменит пример се Тенеловите серии илустрации на Алиса во земјата на чудатаод Луис Карол, кои прераснаа во нераскинлив дел од влијанијата на самиот текст.
          Вистинскиот обид за фузија меѓу поезијата и сликарството мораше да причека до раѓањето на модерните движења во почетните години од XX век. Тоа е видливо во некои од текстовите на италијанските футуристи, но фузијата го доживува целосниот расцут во серијата Калиграми на Аполинер (иако тие беа всушност антиципирани уште кај Карол: „Опашот на глувчето“), како и во делата на руските поети футуристи, како што е Велимир Хлебников. Во Цирих дадаистите исто така, правеа слични експерименти. Најпознатиот пример е песната  „Fisches Gesang“ на Хуго Бал, која едноставно е составена од серија цртички алтернирани со буквата „u“.
          Во текот на XX век беа правени повремени експерименти од овој вид,  а тоа кулминираше во движењето на конкретната поезија, кое се разви во интернационални рамки, но особено во Бразил, во 1960-та година. Еден од најзначајните небразилски приврзаници беше Шкотланѓанецот Јан Хамилтон, кој од поет печатен во мали книшки прерасна во славен скулптор и пејзажен архитект, чиишто скулптури всушност, во основа, се конкретни претставувања на зборови и реченици.
          Вистинската историја на врската меѓу модернистичката уметност и модернистичката поезија сепак е подлабока од она што го сугерираат претходните примери. Таа се содржи во тесната соработка меѓу уметниците и поетите во групи со заеднички естетски цели. И италијанскиот футуризам и надреалистичкото движење во Франција започнаа пред сe како книжевни движења, макар што она по што сега главно ги валоризираме е токму нивното влијание на визуелните уметности. Надреализмот одигра долготрајно влијание врз француската поезија, така што би било доволно само да го споменеме името на Пол Елијар, посветениот надреалист и еден од најценетите француски поети на XX век.

          Од друга страна, посуптилен и веројатно позначаен плод на модернистичкото проникнување меѓу уметниците и поетите е раѓањето на концептуалната уметност, која има длабоки корени во движењето на бразилската конкретна поезија, и покрај тоа што вообичаено погрешно на нејзините почетоци се гледа како на Северно-американски феномен. Речениците напишани по ѕидовите од страна на Лоренс Вајнер, како и светлечките и трепкачките текстови на Џени Холцер се примери на претопување на жанровите. Постојат веројатно две причини зошто сепак тоа го нарекуваме „уметност“, а не „поезија“. Прво, затоа што постои публика, т.е. делата се изложени во јавниот простор, додека поезијата се разгледува како нешто  приватно во кое се комуницира „еден на еден“. Втората причина е дека публиката на она што се нарекува „современа уметност“ денес е, секако, далеку побројна од публиката на она што се нарекува „поезија“.

Превод од англиски јазик: Владимир Мартиновски