ИНТЕРТЕКСТ, ИНТЕРТЕКСТУАЛНОСТ

Ката Ќулавкова

          Облик на комуникација и референција меѓу текстовите, книжевностите, дискурсите, медиумите, традициите и културите. Упатува на фактот дека секој книжевен текст е мрежа од текстови и текстуални практики, тн. амалгам од разнородни книжевни и некнижевни текстови, реплика на веќе востановените знаковни и мемориски практики во културниот систем (артефакти, симболи, историографски топоси, колективни места на меморија). Го редефинира поимот текст на тој начин што го истакнува принципот на меѓутекстовна поврзаност како основен структурален и коден принцип на книжевниот текст. Покажува дека книжевниот текст дијалошки поставен спрема историјата, спрема културата, спрема светот на книжевноста, науката и уметноста и дека во себе интегрира фрагменти од други и туѓи текстови. Книжевниот текст е експлицитна или имплицитна, индискретна или дискретна евокација на други текстови. Тој не почнува од ништо, напротив, секогаш зад себе пре-познава одредена традиција, јазички и семиотички артикулирана, културно препознатлива и текстуализирана. Постмодернистичка актуализација на традицискиот код како конститутивно начело на секое уметничко дело. Тој не е само конструкција на свет туку и трансформација на постоечките конструкти, реконструкција на сликите на свет наследени од книжевноста, науката, религијата, историографијата, уметноста, преданието, медиумите, езотеричните дискурси, колективната меморија.
          Кованица што Јулија Кристева ја создава шеесеттите години на 20 век, вдахновена од теоријата на дијалогизмот на Бахтин. Една од најзначајните теориски, компаратистички, културолошки и интерпретативни стратегии и алатки во втората половина на 20 век. Го иницира создавањето нова компаратистичка епистеме: интерлитерарност, интердискурзивност, интермедијалност, метатекстуалност, хипертекстуалност, алузија, актуализација, адаптација, цитатност, пародија, палимпсест, двојно кодирање, интертекстуална иронија, текст во текст, mise-en-abyme, метафикција, ревизија. Новиот историцизам и културалната критика ја дефинираат како автопоетички интерес на книжевниот текст, а пост-структуралистите сметаат дека книжевниот текст може да биде протолкуван само во контекст на неговите сложени врски со други знаци, тропи и текстови. Реплика на епистемолошката парадигма на традиционалната компаратистика конципирана врз категориите влијание, авторството, оригиналност, центар, периферија, епигонство, европоцентризам.
          Хронолошки гледано, интертекстуалниот феномен му претходи на интертекстуалниот терминолошки склоп. Тој е присутен во историјата на книжевноста и на културата од самите нивни почетоци. Релативно нова е неговата концептуализација, теориски артикулираната свест и поетика на интертекстуалноста. Сознанието дека интертекстуалноста е конститутивно начело на книжевноста е логичка аргументација на тезата дека интертекстуалноста постои откако постои книжевноста. Проучувањата на древните, перцептибилни книжевни практики, покажуваат дека интертекстуалноста е присутна во архаичните сумерски, индиски и хеленски епови, во античките трагедии и комедии, во светите писма/книги, подоцна и во средновековните и во нововековните книжевни практики. Постојат историски записи според коишто дури и во некои архаични епохи (пред неколку илјади години), постоела свест кај писателите дека е невозможна апсолутна изворност на книжевните дела, затоа што сè е веќе кажано! Интертекстуалната оптика е неизбежна и во инклузивните (дијалогични), и во ексклузивните (културофобични, ксенофобични) културни системи: таа го легитимира односот спрема духовното јазично, книжевно и уметничко наследство и спрема колективната меморија било во форма на афирмација или во форма на (отворена/прикриена) негација. Таа е начин на опишување на историјата, имплицитна и експлицитна херменевтичка алатка на секоја култура и културна практика. Книжевноста е осудена на интертекстуалност.

          Можеби звучи детерминистички и нормативно, но факт е дека во историјата се менува перспективата од којашто се посматра интертекстуалноста, дека се менуваат нејзините доминантни реторички облици и нејзините маркери, но дека интертекстуалноста се преобразува, во секоја епоха на нејзе својствен начин, од предиспозиција во константа на книжевниот систем и на сите семиотизирани и стилизирани, дискурзивни културни практики. Во тој контекст, метатекстуалноста е неодминливо својство на дискурзивниот код на критиката, реториката, поетиката и херменевтиката. Интердискурзивноста и интермедијалноста се конститутивни обележја на древните синкретички уметности, посебно на театарот и на усните книжевни традиции кои инклинираат кон сценичност.
          Интертекстуалноста постојано се редефинира. Ги подразбира сите видови односи меѓу текстовите, полемички и рамнодушни, свесни (цитати, позајмици) и несвесни (совпаѓања). Постои и кога изворите и индициите за присуството на еден текст во друг текст се анонимни, и кога се препознатливи и именувани. Разликата е во квалитетот на односите меѓу текстовите, кој варира од еден до друг текст, од еден до друг поетички и културен систем и од една до друга поетика. Квалитетот на интертекстуалните односи е типолошки критериум, а не показател за тоа дали постои или не постои интертекстуалност. Таа е системско, конститутивно својство на книжевноста (и на уметноста), па може да се доведе во прашање само видот на нејзиното присуство во книжевноста, а не и самата интертекстуална конституција на книжевноста (за каков цитат се работи, дали се работи за критичка и иронична реплика, дали се работи за алузија или за асоцијација, за реминисценција или за пародија, за колаж или за монтажа, за адаптација или за далечен текстуален одек). Таа е процес на прекодирање и на ресемантизација на трите текстовни инстанци: на цитираниот текст, на текстот кој цитира и на третиот, заеднички конструкт добиен при средбата на двата текста. Произведува семантички вишок (енигматичност) без којшто е незамислива структурата на уметничкото дело. Освен што ги подразбира односите во рамки на дискурзивните практитки, интертекстуалноста ги опфаќа и односите што еден текст ги гради со контекстот и со недискурзивните практитки. Таа е дијалог меѓу повеќе кодови, јазици, знаковни системи и (мемориски) практики. Таа покажува дека не постои апсолутна и самородна автентичност на текстот, дека секој текст води дијалог со други текстови на претходниците и на современиците и дека постојат неодминливи облици на општење меѓу текстовите, авторите, традициите, стиловите, постапките, жанровите и дискурсите.
          Две опции доминираат при дефинирањето на интертекстуалноста: онаа која инсистира врз анонимноста на изворите (дискретно присуството на хипотекстот) и другата која смета дека интертекстуалноста е одредена од дисконтинуитетот по однос на наследените книжевните практики. Според некои теории, интертекстот подразбира критичко и ревизионистичко поставување спрема традицијата (негативен, минус став спрема хипотекстот). Афирмативниот однос вклучува подражавање, следбеништво и епигонство, негативниот ја зголемува можноста за оригиналност. Факт е дека има интертекстуалност и во текстови кајшто изворите се препознатливи и кајшто се анонимни. Затоа поприфатлив е критериумот дис-континуитет на релација текст – интертекст (хипертекст – хипотекст). Имено, има интертекстуалност онаму кајшто е направен исчекор од веќе воспоставените семантички, стилски и др. книжевни и културни конвенции, кајшто новиот авторски текст зазема критичка, самосвесна позиција, кајшто има интертекстуална иронија и интертекстуален естетизам.

          Постојат начини на обележување на присуството на интертекст во еден авторски текст наречени маркери на интертекстуалноста (Улрих Бројх, 2003). Секоја епоха има свој доминантен репертоар на маркери во склад со владејачката епистемолошка парадигма. Ниту еден текст не може да биде сериозно и интегрално прочитан надвор од неговите соодноси со другите текстови. Обележувачите го прават присуството на интертекстуалноста семиотички видливо и препознатливо. Тие конституираат свест за присуството на еден интертекст (митски, орален, книжевен, историски, научен, библиски) во даден авторски текст. Тие упатуваат на други автори, на туѓи искази, на индикативни стилски постапки, топоси, жанрови, ликови. Корпусот маркери ја осведочува интертекстуалната реторика: двоен знак, игра со зборови, мото, цитат, алузија, иронија, пародија, гротеска, адаптација, реминисценција, парабола, крпенка (бриколаж, пачворк).
          При правањето типологија на интертекстуалноста како репер се користат односите помеѓу: еден и друг книжевен текст; еден книжевен и други пред-книжевни текстови (библиски, митски); еден книжевен текст и други некнижевни текстови (наука); еден книжевен текст и некој недискурзивен контекст од којшто еден текст може да се инспирира (историски настан/лик, културен артефакт); еден книжевен текст и други медиуми (филм, театар, сликарство, музика, електронски медиум). Типологијата на интертекстуалноста ги изделува следните фигури (реторика на интертекстуалноста): цитат, позајмица, имитација (отворена реминисценција), пародија, травестија и алузијата, алегорија (скриена реминисценција), асоцијација, мото, случајни и намерни совпаѓања, мистификации, симулации, адаптација, превод, варијација и парафраза.
          Интертекстуалноста има одиграно важна улога во современото ре-дефинирање на книжевноста. Не е возможно книжевноста да се посматра како интертекстуален феномен, а да не се модифицира нејзината традиционализирана дефиниција фокусирана врз текстот. Дефинирањето на книжевноста како интертекст ја контекстуализира концепцијата на книжевноста отворајќи ја преку текстот кон традицијата, историјата и кон другите дискурзивни практики. Исто така, книжевноста повеќе не се посматра само како референција за светот, туку како референција за уметноста, за себе и својата традиција (видови, постапки, конвенции и текстови). Книжевниот јазик не е упростен јазик-предмет, туку особен вид метајазик (интер-јазик, авто-јазик, пара-јазик). Книжевноста е синкреза на референцијалниот, метареференцијалниот, автореференцијалниот и интерреференцијалниот говор. Интертекстуалната херменевтика (култура и поглед на свет) влијае врз традиционалното поимање на книжевноста како јазик-предмет (феномен произлезен од односите меѓу книжевноста и стварноста). Јазикот на книжевноста е повеќекратно димензиониран (лингвистички, поетички, херменевтички и интертекстуално). Тој општи со јазиците на стварноста и на културата и гради палимпсестна мрежа од метајазични односи (метатекст, метанаратив, автореференција).
-- пр. Портрет на уметникот во младоста од Џ. Џојс, Името на розата од У. Еко, Мемоарите на Адријан и Црна мена од М. Јурсенар, Часови од Мајкл Канингам (Мichael Cunningham, 1998), Магбет од Е. Јонеско, циклусот песни за Крале Марко на Блаже Конески, Кукулино од Славко Јаневски, Азбука на непослушните од Венко Андоновски, Јане Задрогаз од Горан Стефановски, Разговори со Спиноза од Гоце Смилевски, Пат за Дамаск од Елизабета Баковска и др.
-- Бројх 2003. Еко 2003. Kaller 1990. Кристева 1976. Konstantinovic 1984. Рифатер 1990. Allen 2000. Ќулавкова 2003. Хачион 1984.

 

Теории на интертекстуалноста

          Профилирањето на книжевната теорија и херменевтика врз начелата на интертекстуалноста ги одбележа последните неколку децении од 20 век. Тоа ја заштити теоријата од ограничувањата на текстуалните методи кои го промовираат култот на иманентноста и на автономноста (формализмот, структурализмот). Сместувајќи ја книжевноста во простор и време, во традиција и во антрополошки амбиент, теоријата на интертекстуалноста ги поттикна латентните книжевни предиспозиции за социокултурен дијалог на релација: книжевност - човештво - цивилизација - култура - историја - традиција - колективна меморија - индивидуално искуство и слика на свет. Ослободена од наследените фрустрации на принципот влијание, на хронолошката и аксиолошка последователност и хиерархизираност на вредностите, таа укажа на перспективата на интермедијалните и на интердисциплинарните стратегии, потсетувајќи на фактот дека книжевниот код е тотален, а книжевниот свет хиперсензибилен на собитијата во општеството и во културата. Сознанието дека книжевноста не е само поетолошка, туку и културолошка категорија, влијае врз методите на толкување на книжевноста кои се потхрануваат со културолошки премиси, што пак повлекува модификација и на епистемолошко-категоријалниот систем на книжевната наука. Теоријата на интертекстуалноста е издиференцирана на повеќе теории, концептуализирани врз различни епистемолошки парадигми на различни критички и интерпретативни практики, засновани во различни културни и традициски констелации:
          1. Теоријата која поаѓа од веќе традиционализираните бахтиновски параметри синтетички претставени во носечките термини дијалогизам и туѓ говор. Имено, според социолингвистичката теорија на Бахтин и на Волошинов, јазикот е повеќејазичен (хетероглосен), а основна единица на металингвистиката е исказот (речта, не зборот). Секој исказ е дијалогичен и се формира во склоп на меѓучовечката интерсубјективна комуникација, од што произлегува сознанието дека значењето на еден исказ општи со претходно искажаните искази. Секој исказ е одговор на претходни искази и е упатен на адреса на различни приматели. Речта се авторизира во чинот на присвојување (апропријација), што значи дека секогаш е веќе проникната со трагите од некоја друга (туѓа) реч. Не постои апсолутна оригиналност и автентичност. Авторите не ги создаваат своите текстови од ништо, туку ги пермутираат и ги компилираат од веќе постоечките. Текстот не е изолиран, пасивен и рамнодушен предмет, туку компилација од различни текстови на културата и реплика на постоечките книжевни и некнижевни текстови.
          2. Теоријата на транстекстуалноста која идентификува пет типови хипертекстуалност изведени преку трансформација или имитација како два основни начини на изведување на еден текст од некој друг текст (интертекстуалност, паратекстуалност, метатекстуалност, хипертекстуалност и архетекстуалност), во препознатливата профилација на палимпсестниот карактер на книжевноста au second degre. Женет ја сфаќа интертекстуалноста како еден од петте видови транстекстуалност (паратекстуалност, метатекстуалност, хипертекстуалност и архетекстуалност). Има интертекстуалност само кога има ефективно, препознатливо присуство на еден во друг текст. Тој разликува хипертекст и хипотекст: текстот Б (хипертекст) е изведен од претходниот текст А (хипотекст). Во услови на коегзистенција на различни текстови (вметнување на еден текст во друг), доаѓа до употреба на цитати, референци, адаптации, плагијати. Во услови на интертекстуална деривација на еден текст од друг, доаѓа до создавање жанровски, стилски и реторички идентитети (пародија, пастиш).
          3. Семиотичката теорија на Ролан Барт, која ја постулира премисата дека секој текст е интертекст, затоа што во него се наоѓаат елементи од постари текстови и од блиски култури, дека текстот е сплет на кодови, формули и означители и како таков е најпогодно место за лизгање на кодовите и значењата.

          Барт, имено, го дефинира текстот низ оптиката на интертекстуалните односи и со тоа го посматра како сегмент на глобалниот систем на (книжевни и некнижевни) дискурси. Секој книжевен текст е фрагмент од бесконечниот текст на културата. И самиот знак не е стабилна и непроменлива конструкција, туку дијалошки пресек на различните писма (ecritures) на писателот, на читателот и на културниот контекст. Интертекстуалноста е „испреплетеност на текстовите во склоп на еден текст”. Таа сигнализира не само дека „некој текст ја чита историјата”, туку дека и самиот станува составен дел од историјата. Барт ги релативизира дефинициите на текстот и на интертекстот преместувајќи ги од тесниот лингво-поетички контекст во широкиот контекст на културата и нејзиниот семиозис. Секој знак може да се сфати како текст, а секој текст е интертекст бидејќи во него се наоѓаат елементи на други текстови и култури. Значи, знакот е иманентно интертекстуален. Текстот е сплет од кодови, формули и означители па, следствено, текстот е најпогодното место за лизгање на кодовите и на значењата.
          4. Теоријата на Де Сосир и на Жан Старобински, која ја дефинира интертекстуалноста како анаграмско впишување на еден текст во друг, со помош на бесконечното мноштво таинствени игри на метатетично реконституирање на знаците и нивните значења на релација хипограм - хиперграм.
          5. Теоријата на интертекстуалната иронија, интенција и интерпретација на Умберто Еко. Тој ја воведува и категоријата интертекстуален читател (наспроти наивниот), кој е свесен за дијалошкиот карактер на текстот и има капацитет да ги распознае различните кодови на текстот и да ужива во нив. Еко ја воведува во игра категоријата intentio intertextualitatis по аналогија со претходно актуализираните категории intentio auctores, intentio lectores и intentio operis. Интертекстуалната интенција не е само интерпретативна алатка, туку иманентно обележје на книжевниот текст за коешто покажува интерес и самиот писател. Таа упатува на фактот дека, освен релативно независните и непредвидливи чинители на текстовното значење (какви што се намерата на авторот, на читателот и на самиот текст), постои и една друга интенција својствена за односите меѓу самите текстови. Таа се јавува во форма на несвесни влијанија и дијалог меѓу текстовите, нивните традиции и културите.
          6. Теоријата на цитатноста (особено во хрватската и француската компаратистика) и нејзината специфична цитатолошка епистеме: експлицитни, имплицитни и вакантни цитати или псевдоцитати; како илуминативна и илустративна цитатност, цитатен триаголник, во облик на автоцитатност и автореференцијалност (Дубравка О. Толиќ, Антоан Компањон);
          7. Теоријата на интерпретанти и интерпретатори, на двојни знаци и интертекстуални игри со зборови, на стилски конфликти и контрасти, на интертекстуална силепса и трага, сe до степен на non-sens (тн. интертекстуален вриеж на Рифатер 1990). Според неа, „интертекстот е перцепција на односите меѓу едно дело и други дела кои му претходат или следат по него”, а интертекстуалноста е еднаква на литерарноста. Интертекстот е детерминниран од перцептивната моќ на читателот и од неговата упатеност (компетенција) во врските кои постојат меѓу еден и друг текст.
          8. Концептуализацијата на интертекстуалноста во рамки на критиката на читателската реакција (Reader Response Criticism) ја истакнува улогата на читателот во декодирањето на интертекстот како семантички конституент, потем во испишувањето на повеќезначноста на текстот (дисеминација) и во неговите детерминирачки идеологии (Louise Rosenblatt, Walker Gibson, Wolfgang Iser, Norman Holland, Jonathan Culler). Интертекстуалната мрежа го формира прагот на очекување на читателот по однос на тематската, жанровската и стилската припадност на еден текст. Таа создава предуслови интертекстуалноста да се востанови не само како компаратистичка, туку и како херменевтичка алатка во толкувањето на текстовите.

 

          9. Теоријата која ги следи методите на натурализација на книжевните текстови во процесот на нивното читање и толкување, моделите на веродостојност или vraissemblance, петте „начини на коишто еден текст се доведува во допир со друг текст и се дефинира во својот однос спрема него”: текстот на општествено дадениот или стварен свет, текстот на културата (културна веродостојност), текстот на (конвенциите и моделите) на книжевните жанрови (артифициелна веродостојност); моделот на интерпретацијата и натурализацијата, критички однос спрема конвенционалниот vraissemblance, моделот на пародирање и иронизирање, облици на асимилирање на новиот текст во стариот, кој е негова предлошка (Калер, 1990). Калер ја дефинира интертекстуалноста низ призма на дискурзивниот простор на културата и на разните јазични практики на означување („интертекстуалноста е општ дискурзивен простор кој му помага на текстот да биде разбирлив”). Тој ги уважува подеднакво и анонимните и препознатливите дискурзивни практики (1981).
          10. Интерпретативната стратегија позната под називот интертекстуална компаратистика (Константиновиќ) прави реторичка типологија на интертекстуалните видови: цитат (отворена реминисценција), пародија, травестија и алузија (скриена реминисценција), асоцијација, мото, случајни и намерни совпаѓања или конгруенции, филијација (сродства, наследства, традиција), адаптација, варијација или парафраза, превод, односно импулси, одеци и поттици, позајмици и имитации;
          11. Теоријата на интертекстуалноста како облик на културна и колективна меморија, како облик на промислување на традицијата, на минатото, на културата, на книжевноста и нејзините модели, функции и постапки (Лахман). Интертекстуалната меморија е проекција на културата во книжевноста, а културата е другото лице на општеството, на историјата, на стварноста. Интертекстуалноста е поглед на свет, заземање став спрема книжевното и културното наследство, поставување спрема доминантните книжевни модели, дијалог со постоечките и со можните и веројатни книжевни опции. Таа е увод во интеркултурната херменевтика.
          12. Концептуализацијата на интертекстуалноста како далечен текстуален одек и пародија (Л. Хачион) и како фигура на толкувањето во склоп на културалната имагологија (теоријата на другоста, стереотипите на другиот).

 

-- Blооm 1980. Genette 1982. Еко 2003. Konstantinovic 1984. Culler 1981. Компањон 2001. Лахман 1990 и 2002.