РОМАНОТ АЛИ И НИНО НА КУРБАН САИД - ПРИКАЗ НА ЉУБОВТА МЕЃУ ИСТОКОТ И ЗАПАДОТ И СПОЈ НА РАЗЛИЧНОСТА

Ана Вељаноска

ISSN 1409-715X

Вовед

          Романот Али и Нино на Курбан Саид ја тематизира љубовта во рамките на две сосема различни култури и истовремено ги портретира културните разлики помеѓу Истокот и Западот, помеѓу Европа и Азија, помеѓу мажот и жената.
          Романот проговорува и за дискурсот на идентитетот и за дискурсот на граничните култури, па ги прикажува и различните култури или говори за Другиот, односно за културата на другиот.
          Самиот писател на романот е контроверзен. Се верува дека Курбан Саид е псевдоним под се крие вистинското име на писателот Лев Нусибаум - син на еврејски бизнисмен кој живеел во Баку, Транскавказија.
Подоцна ја прима исламската религија, претставувајќи се себе си како човек на пустината и си го менува името во Есад Беј. Во хаосот на руската револуција, Беј и татко му го напуштаат Баку и одат во Берлин, па во Австрија. Таму ја запознава бароницата Елфриде Ехренфелс која му станала љубовница. Некои сметаат дека токму таа го напишала романот, а не Есад Беј; други пак, сметаат дека таа му помогнала при пишувањето на истоимениот роман. Во кругот на австриските кафулиња, Беј, освен со бароницата, се дружел и со Херман Брох и Макс Брод, со кои разменувал креативни идеи. Есад Беј пишувал на германски, а читателите го познавале под псевдонимот Курбан Саид, незнаејќи дека всушност, станува збор за човек со еврејско потекло. Денес, Али и Нино, најдобриот романтичен роман на векот - претставува национална гордост на Азербејџан.

Темата на границата

            Ориентот не е само сосед на Европа; тој е исто така место
            каде што Европа ги имала своите најбогати и најстари колонии, тој е
            извор на нејзината цивилизација и на јазиците, нејзин културен
            соперник, како и една од нејзините најдлабоки и најповторливи слики
            за Другото. Покрај тоа, Ориентот помогнал да се дефинира Европа
            ( или Западот) како нејзина спротивна слика, идеја, персоналитет, 
            искуство.                                                                                                     
                   Едвард В. Саид

          Да се дефинираш себе си преку другиот, да се обележиш и да ги подвлечеш разликите, значи и да се спознаеш најпрво себе си, а потоа, преку разликите, да го спознаеш и другиот, различниот од тебе.
          Романот Али и Нино од Курбан Саид проблематизира многу теми меѓу кои е и проблемот на разликите меѓу Ориентот и Оксидентот - во едвардсаидовска смисла, при што се мисли на иманентната разлика меѓу Истокот и Западот, а преку неа, и на разликите помеѓу мажот и жената, различните култури, културно-ориенталниот свет на Али и културно-оксидентниот свет на Нино, сè до прашањата за идентитетот, другоста, различноста.
          Романот започнува со, филмски кажано, една сцена на час по географија меѓу една мешовита група ученици во Кралската руска гимназија во Баку, Транскавказија, во чијшто состав влегуваат: триесет муслимани, четворица Ерменци, двајца Полјаци, тројца секташи и еден Русин. Нивна задача на часот е да размислуваат за прашањето за кое никогаш дотогаш немале размислувано - прашањето за необичната географска положба на нивниот град.
          Познато е дека постколонијалната критика го проблематизира прашањето за границата во смисла на промислување напозитивната и негативната имагологија на границата, при што границата некаде е сфатена како: кризно жариште, место каде што се таложи негативната енергија и оттука границата е сфатена како лимит, бариера, зона во која се санкционира она што е дозволено или она што не е дозволено, од една, и, од друга страна, границата сфатена како место или зона на контакт, зона на средби, во бахтиновска смисла, зона на продуктивност, зона на допири и зона на дијалогичност.

          Професорот по географија – Санин - ги обележува границите на Европа, велејќи им на учениците:

          Природните граници на Европа се: Северното Море на север,           
          Средоземното Море на југ и Атланскиот Океан на запад...
          Источната граница се протега долж Руското Царство и
          планината Урал, минува преку Каспиското Море и продолжува до
          Транскавказија. Токму за оваа област, која се наоѓа јужно од
          Кавкаскиот планински масив, науката сè уште се нема прецизно
          изјаснето.

           Така, и за градот Баку, градот во кој тие се наоѓаат, науката не се изјаснила каде точно припаѓа - Европа или Азија; додека некои научници велат дека таа и’ припаѓа на Азија, други, земајќи го предвид нејзиниот културен развој, велат дека оваа земја е дел од Европа.
          Значи сè зависи од вас, деца мои; вие ја носите одговорноста за тоа дали нашиот град ќе и’ припадне на напредната Европа или на заостанатата Азија.
          Во оваа смисла, професорот им наметнува на учениците една слика за Европа ви-за-ви Азија, гледајќи ја едната како напредна, а другата како заостаната, при што им вели дека треба да се определат или за едната или за другата страна, а соученикот на Али Кан Ширваншир, Мехмед Хајдар ќе рече: 

-Професоре, ве молам, повеќе би сакале да останеме во Азија... 
-Значи, Мехмед Хајдар, ти сакаш да останеш Азијат?Ајде 
истапи. Можеш  ли да ни ја кажеш причината за ваквата одлука?
Мехмед Хајдар се повлече, поцрвене и замолкна. Неговата уста 
остана отворена, челото намуртено, а очите го издаваа дека не 
знае што да каже. И додека четворицата Ерменци, двајцата 
Полјаци, тројцата секташи и Русинот се ситеа на она што го 
снајде, јас кренав рака и реков:
-Професоре, и јас исто така повеќе би сакал да останам во Азија.
-Али Кан Ширваншир! И ти?! Добро истапи!... Можеш ли барем ти  
да ми дадеш прична за ваквото размислување?'
-Да. Убаво се чувствувам во Азија.
-А, така значи. Дали некогаш си бил во неразвиените азиски 
замји, како на промер, во Техеран?'
-Да, секако. Минатото лето.
-Аха. А дали таму виде некои значителни достигнувања на 
европската култура, како на пример автомобили?
-О, да и тоа многу големи. За триесет луѓе, па дури и повеќе. И 
не возат само низ градот, туку од едно до друго населено 
место.
-Тоа се автобуси, и сообраќаат поради тоа што нема 
железница.Тоа се нарекува заостанатост. Седни, Ширваншир!
Знаев дека триесетмината Азијати се радуваа, по начинот на 
кој ме гледаа.
Професорот Санин, незадоволен од одговорот, замолкна. 
Должност му беше да ги воспита своите ученици да израснат во 
добри Европејци.

 

          Едвард Саид вели дека Ориентот помогнал да се дефинира Европа (или Западот), како нејзина слика, идеја, персоналитет, искуство; исто така, и професорот се обидува да го дефинира местото каде што се наоѓа, а тоа е Баку, како место кое, според него, е дел од напредната Европа, а не дел од заостанатата Азија, во смисла на Едвард Саид кој вели: „Ориентализмот е западен начин на доминација, преструктуирање и наметнување на авторитет над Ориентот”.

          Токму тој Ориент му е нужно потребен на Оксидентот, да се дефинира, да се омеѓи, да се ограничи, да се исцрта, да ги испише своите граници и јасно да стави до знаење дека е авторитет над неавторитетниот. Да говориш од името на некој друг - Саид смета дека тоа е една ситуација која е невообичена, а сепак постои, ситуација во која мора некој ,,прв” да го претстави оној ,,другиот”, при што за оној којшто го претставуваат или претставениот тоа би значело исто како да не е способен сам да се претстави, а од друга страна, на оној ,,првиот” му е дадена можноста за манипулација. Со истата техника на манипулација раководи и професорот кој буквално го засрамува Мехмед Хајдар и бара од него да образложи, зошто е дел од оние другите - според професорот, заостанатите.
          Во оваа смисла може да се говори за параметрите на моќт за кои говори и Мишел Фуко. Со нив многу јасно се објаснува како знаењето го користат чинителите кои се служат со моќта и располагаат со утврдените јазички конструкти, преку кои се остваруваат сите форми на потчнување во општеството. За тоа што е „вистина” одлучува моќното малцинство; тоа го надгледува и системски го регулира животот  на субјектите, за да го прилагоди на своите цели, делувајќи со посредство на некој дискурс. Фуко верува дека доколку група на луѓе поседува знаење, таа има моќ да создаде поглед на свет.
          На тој начин обезгласеноста, отсуството на глас, гласот кој не се зема предвид е субалтерен, инфериорен, над него се доминира. Во случајот на моќта и знаењето, тој што е моќен говори од името на оној кој не е во можност тоа да го стори за себе, при што на субалтерниот му се доделува онаква улога каква што сакаат моќните структури или структурите на знаењето.
          Професорот Санин, од една авторитетна позиција, како самиот тој да е моќно малцинство, ја наметнува својата моќна мисла на учениците кои сака да ги воспита во духот на „напредната” Европа, а никако во духот на „заостанатата” Азија; притоа и самиот свесен за фактот дека се наоѓа некаде помеѓу едното и другото, сакајќи да го негира, да затвори очи пред она што и него и учениците ги опкружува, а тоа е вкрстувањето на две моќни култури, на едно, од науката сè уште географски неопределено подрачје.
          Оваа позиција на моќ и знаење не ретко се пропагира низ страниците на романот Али и Нино токму кога станува збор за жената - онаа субалтерна, премолчана, културно потчинета. Мажот низ еден моќен дискурс говори за жената како за „суштество без ум и душа” или за тоа дека „жената е само нива која мажот мора да ја посее”.
          Моќта е дифузно подрачје од општествено-политички аспект. Параметрите на моќта влегуваат и во рамките на идентитетот. Тери Иглтон вели дека „обврзаноста на идентитетот е привилегија на потчинетиот”. Токму тие што се потчинети, истовремено се оние култури кои се обезгласени, за/пре/молчани, во постојан процес на себедокажување и себепрезентирање пред другите, односно пред оние „првите”. Постојаното легитимирање на идентитетот, на потчинетите пред моќните, според Хоми Баба, оние инфериорните се нарекуваат транслациони иднтитети. Така, преводливите идентитети се во исто време и иманентни  други, кои во однос на „првите” се потчинети, упатени на самодокажување и легитимирање. Ликот од романот, Мехмед Хајдар, мора да се докажува и да се легитимира пред професорот, пред моќниот, пред првиот, докажувајќи од каде е и каде сака да припаѓа. Но и Али постојано се докажува пред принцезата Нино: кој е, што е, и покрај тоа што и двајцата се решаваат на еден чекор осуден од заедницата. Во најмала рака, на нивниот брак се гледа чудно, па уште пред да се венчаат, некои сакаат да го одредат идентитетот на нивните неродени деца велејќи: Но, секако, вашите синови мораат да бидат шиити.  

 

Однос: Исток- Запад

 

          Али кан Ширваншир - како претставник на Азија, муслиман и Нино Кипијани - како претставник на Европа, христијанка - се ликовите во романот на Курбан Саид кои, се чини, дека се две спротивставени страни кои тежнеат да се спојат/соединат во една. Тие, всушност, функционираат како две страни на една монета: Морето и брегот се како мажот и жената, во вечна битка, а сепак соединети еден со друг. 
          На Нино и’ е потребен Али, не само како љубовник, а подоцна и како сопруг, туку тој и’ е потребен исто како што на центарот и’ е потребна периферијата, за да може таа да се означи, обележи и дефинира себе си како различно друга. Така, не ретко, во романот, и Али и Нино се дефинираат себе си едниот преку другиот и обратно: Фала му на Бога што сме во Европа. Да бевме во Азија, досега ќе бев забрадена, а ти немаше да можеш ниту да ме видиш. 
          Нино - девојка од Европа, барем самата таму сака да припаѓа, христијанка, се вљубува во Али кан Ширваншир - муслиман и момче кое сака да припаѓа во Азија, затоа што таму поубаво се чувствува и покрај убедувањата на прифесорот Санин за заостанатоста на подрачјето за кое се определува. И самата Нино е свесна за тоа дека ако се одлучи за живот со Али, нема да мора строго да се покорува на законите на религијата, како што вели, да се забради, затоа што Али, иако муслиман, иако го подучуваат како треба да се однесува кон жената, тој има прилично напредни сфаќања, за разлика од неговиот татко и чичко кои имаат еден радикално патријархален третман кон жената. Татко му тоа го потврдува со советите кои му ги дава, а чичко му - со самиот однос кон неколкуте жени со коишто живее.
          Сакајќи да се воспостави прилично дефинирана граница меѓу едните и другите, меѓу мене и тебе, меѓу Европа и Азија, меѓу мажот и жената, меѓу едната завојувана страна со другата (при што самиот Али е учесник во војната која, исто така, ги покажува разликите во размислувањата на завојуваните страни - Русите и Шиитите). Трагичниот крај на еден нетрагичен лик каков што е Али кој умира, ја покажува цената што во некои случаи се плаќа поради одреденото насилство - за да се потврди идентитетот на едните или на другите. Така, во романот Али и Нино, едните се дефинираат како шумски, а другите какопустински луѓе, при што едните се Европјани, а другите Азијати. Дадијани му се обраќа на Али Кан со зборовите:

 

           „Вие имате душа на пустински човек“', рече, „можеби постои само 
           една вистинска поделба на луѓето: шумски и пустински. Сувата 
           зашеметеност на Ориентот доаѓа од пустината каде што 
           жешкиот ветер и песок ги замајуваат луѓето, каде што светот 
           е едноставен и безгрижен. Шумата е загадочна. Само пусината 
           не поставува прашања, ниту нешто дава, ниту ветува. Меѓутоа 
           жарта на душата доаѓа од шумата. Пустинскиот човек - можам 
           да го познаам - има само едно чувство и знае само една вистина 
           што го исполнува. Шумскиот човек има повеќе лица. Фанатикот 
           доаѓа од пустината, создавачот од шумата. Тоа е всушност, 
              главната разлика помеѓу Истокот и Западот“.

 

          Али и Нино се трудат да ја срушат бариерата помеѓу Истокот и Западот во моментите кога Нино живее во Персија, додека нејзинот сакан сопруг е на боиштето или со самото тоа што еден град како што е Баку, е мост помеѓу двете цивилизации и во кој најдобро се чувствуваат и двајцата. И Али и Нино се свесни за она што е култура на „двојниот генитив”, како што вели Жак Дерида во Другиот правец, значи дека нема однос кон себе и поистоветување на себе си без култура, но мојата култура како култура на другиот, култура со двоен генитив  и разлика во себе и уште дека: На културата и’ е својствено да не е идентична со себе си. Не дека нема идентитет, туку таа сама не може да се идентификува, не може да каже ,,јас” или ,,ние”, може да го земе обликот на субјект само ако не си е идентична или, доколку повеќе сакате, ако во себе е различна. Нема култура, ниту културен идентитет без таа разлика во себе.

          Токму таа разлика и во себе и со себе, а истовремено и разликата меѓу Али и Нино, ја дава очигледната продуктивност и животна сила, игривост, шареноликост, убавина. Односот на Јас и Ти, на она што е Ние и Вие во романот постои, но кога станува збор за љубовта, таа граница Али Кан, се труди да ја избрише, да ја поништи, како што Нино се обидува да замижи пред многу работи за кои не верува дека се дел или дека ги прави нејзиниот сопруг. Таа дури добива и ксенофобични напади на грозење и одвратност кон нејзиниот сопруг кој, во едно воено време, беснее и убива луѓе:

            Ми ја покажа твојата душа, Али Кан, зборуваше речиси 
            безгласно, тивко како на сон. Бев кај моите родители. Пиевме чај 
           и холандскиот конзул нè покани на гости кај него. ... Сакаше да 
           ни покаже како изгледа една варварска прослава на Ориентот. 
           Стоевме на прозорецот, а реката на фанатици помина покрај 
           нас. Ја слушав тамбурата, ги гледав здивените лица и ми се 
           згади. „Оргија на верски фанатиц“', рече конзулот и го затвори 
           прозорецот, бидејќи од улицата доаѓаше смрдеа на пот и 
           нечистотија. 
           Одеднаш слушнавме диви пискотници. Погледнавме надвор и 
           видовме еден распартален дервиш кој се фрли под копитата на 
           еден коњ. А, потоа, потоа конзулот покажа со раката кон надвор 
           и рече: „Зарем тоа не е...?“ и не ја доврши реченицата. Погледнав 
           онаму каде што покажуваше и видов домородец во распарталена 
           облека, кој среде споулавената толпа се удираше по градите и 
           го камшикуваше својот грб.
           Ти беше тој домородец, Али Кан! Се срамам до дното на 
           душата што сум твоја жена, жена на еден фанатичен дивјак. Го 
           следев секое твое движење и на себе го чувствував секој поглед 
           на конзулот полн сожалување. ...Едвај се држев исправено, зошто 
           одеднаш ја видов бездната која стои меѓу нас. Али Кан, младиот 
           Хусеин ни ја уништи среќата. Те видов како дивјак помеѓу 
           фанатичните дивјаци, и повеќе никогаш не ќе можам да те 
           гледам поинаку
.

          Што е тоа што луѓето, во некој одреден момент од животот, ги поведува да се почувствуваат како Нино?, да го гледаат другиот како варварин, како оној кој им ја загрозува територијата или како оној кој „брбори”, говори нејасно - исто како што во античка Грција сите оние што имале поинаква етничка припадност и зборувале поинаков јазик од грчкиот биле именувани како „варвари”.
          Тоа му се случува и на Али Кан, кој пак, од своја гледна точка, културата на Нино ја гледа како варварска. Така, како што би рекол Бранислав Саркањац: „Спрема другиот (варваринот - радикално другиот, злото и заканата; робот и жената - другиот кој не е ни зло ни закана и спрема кој постои однос на индиферентност), исклучениот од политиката, кој не е слободен граѓанин, може да се биде насилен”.
          Наслиството го демонстрираат учесниците во војната едни кон други, покажувајќи си дека едниот е инфериорен во однос на другиот, а истото тоа го демонстрираат и машките ликови во романот во односот кон жената, како однос кон другиот, однос кој пропагира насилство, при што тоа насилство е дозволено или оправдано!

Другост

          И Едвард Саид и Јулија Кристева ја развиваат проблематиката на другиот и другоста. Ориенталецот кај Саид и странецот кај Кристева се концепти кои говорат за другиот, за еден простор на другата култура, другиот ентитет, другата заедница.

          Ликовите Али и Нино во истоимениот роман, говорат еден за друг од својата перспектива или од своја гледна точка. Али говори за културата на Нино како за една варварска култура; варварска, во смисла - друга, која говори друг јазик и има сосема други обичаи од неговата: Учителот по веронаука опширно ни раскажуваше за тоа колку е милозлив Алах, штом дозволил да се родиме како муслимани. Или: Тоа беше убава соба на вториот кат од куќата. Ѕидовите беа прекриени со темни таписерии од Бахара, Исфахан и Кошна, на кои имаше исткаено пејзажи со градини и езера, шуми и реки, онака како што ткајачите ги замислуваат во своите фантазии- незначајни за лаиците, а од особена восхит за оние кои се разбираат во оваа уметност. За изработка на боите, жените на номадите, кои живеат во далечните пустини, собираат тревки од трнливи грмушки, а нивните долги тенки прсти вешто го исцедуваат сокот од нив. ... и помеѓу сите овие предмети, премногу вознемирувачки и бесмислени, книгите на западната мудрост: хемија, латински, физика, тригонометрија - глупост измислена од варварите, со цел да го прикријат својот варваризам. 
          Варваринот, другиот, оној кој говори јазик различен од мојот, кој не ја сфаќа уметноста на луѓето на кои им припаѓа Али Кан, тоа е интракултурниот друг за кој говори самиот Али, говори за неговиот народ како да е од онаа страна на границата, иако сите припаѓаат на една иста територија во рамките на една иста земја, во која се вкрстуваат мирисите и на Европа, и на Азија.
          Како што Али Кан го гледа другиот, различниот од себе, варваринот, така и Нино, често на шега ќе му рече на Али дека е тој варварин, од истата перспектива, гледајќи го како човек кој говори јазик неразбирлив за неа и храната ја консумира на поинаков начин од неа: Гледај на сцената, варварину, ми одговори шепкајќи, но и покрај тоа погледна кон дебелиот Ерменец. Или: Но без оглед на тоа што имам речиси осумнаесет години, не умеам да ги јадам ориенталните специјалитети со истата префинетост како татко ми и чичко ми - да користам само три прста од десната рака, без ни малку да се извалкам. Нино го нарекува нашиот начин на јадење варварски.
          А Али Кан, пак, за начинот на кој јаде Нино, ќе каже: Во куќата на Кипијани се јаде европски, секогаш на маса. Кај нас само тогаш кога на гости имаме покането Руси, а Нино е опседната од помислата дека седам на тепих и јадам со раце. Можеби заборавила дека нејзиниот татко за прв пат фатил виљушка в рака дури на дваесет години.
          Често пати, во романот Али и Нино, не само што се разгледуваат разликите меѓу Истокот и Западот по принципот наинтеркултурен друг, повлекувајќи ги разликите меѓу Европа и Азија, исто така, се проблематизираат и односите меѓу мажот и жената - како едниот различен од другиот субјект. Значи, испреплетувањето на постколонијалниот и феминистичкиот метод уште еднаш е потврден тука, на тој начин што жената се разгледува како интракултурна друга, како потчинета, инфериорна, исто како што варваринот е неавтохтон, недофатлив, неразбирлив: Местото на жените е внатре во куќата. Добро воспитан човек не зборува со нив и не ги прашува, ниту пак ги отпоздравува. Тие се сенка на нивните мажи, дури и тогаш кога мажите добро се чувствуваат во нивната сенка. Така е најисправно и најмудро. Кај нас има една поговорка која вели „Жената има ум в глава, колку што јајцето има влакна!” Треба секогаш да се внимава на суштествата без ум, во спротивно тие ќе донесат несреќа, на себе и на другите. Мислам дека тоа е мудро правило.

          Иако ваквото размислување е бесмислено за Али Кан, сепак, неговиот чичко стои на таквото размислување и така ги третира своите неколку жени. Жената како друг, странец, варварин, секогаш во сенка на мажот, најчесто така идеолошки е претставена во романот Али и Нино, но сепак, Али Кан нема таков третман врз неговата, најпрво девојка– христијанка, која подоцна му станува жена. Али Кан, сосема различно размислува, тој има сосема поинаква претстава за другите и за жените и покрај тоа што и татко му, и чичко му, и неговите пријатели се обидуваат да му наметнат нивно мислење за она како ги гледаат и каде треба да им биде местото на жените и на другите луѓе различни од нив. На сето тоа Али Кан, ќе рече: Еве нè, овде седиме ние тројцата, претставници на трите најголеми народи на Кавказ: Грузијка, муслиман и Ерменец. Родени под исто небо, хранети од иста земја, различни, а сепак сме едно - како тројството господово. Исто како и Европејците и Азијатите попримаат и од Истокот и од Западот, а истовремено обострано даваат. 
          Сето ова потсетува на драмата на Драги Михајловски Шарена убавина, каде шареноликоста е поле на културните разлики кои нè чинат побогати, нè водат до патот на препознавањето, прифќањето и сакањето на таа шарена убавина. Во духот на едно вакво размислување, Нахарарјан - лик од романот Али и Нино - вели: И двајцата сакаат да се борат, принцезо, и двајцата, но не еден против друг. Од Русите нè дели карпест ѕид, а тоа е Кавкаскиот планински масив. Ако победат Русите, тогаш нашата земја на крајот ќе стане руска. Ќе ја изгубиме нашата црква, нашиот јазик, нашата своевидност. Ќе станеме европско- азијски копилиња, наместо мост помеѓу двата света. 
          Ваквата ксенофилија, или љубовта кон другиот, ја потврдуваат и Али и Нино остварувајќи го својот брак врз фонот на едно шаренолико подрачје на кое се вкрстуваат и муслиманството и христијанството, истокот и западот, Европа и Азија. Тоа што Азијатот не сака да се бори против Европеецот, говори за тоа дека тие меѓу себе ја потврдуваат својата различност, ја потенцираат, меѓусебно се признаваат и совршено добро функционираат, живеат едни со други. Зигмунд Бауман во Постмодерна етика вели: „Да се живее значи да се живее со другите (други човечки суштества; други суштества како нас)... Фактот дека другите со кои живееме (односно, откако живееме таков вид живот што ја вклучува свеста дека го живееме со другите) е она што го знаеме за нив.”
          Али Кан и Нино се сосема различни, но живеат еден со друг поради тоа што знаат да се почитуваат, при што ја вклучуваат свеста за другиот. Иако Али Кан, воспитуван во духот на муслиманството, е свесен дека ако сакаш некого треба да го третираш како што треба, а не како што подучуваат татко му и чичко му дека жената е само нива која мажот мора да ја посее и декажената нема ниту душа, ниту ум. Раководејќи се од овие банални размисли, на Али Кан му е дозволено да се ожени со Нино затоа што суштество без ум и душа и онака нема вера. Жената не оди ниту во пеколот ниту во рајот. Таа по смртта, едноставно, се распаѓа во ништо. 
          За жената која одредени ликови во романот ја сметаат како интракултурна друга и како пејоративна „останата”, како што вели Роси Браидоти во Номадски субјекти, или субалтерна - како што вели Гајатри Спивак, Али Кан во ниту еден момент не размислува како што размислуваат неговите најблиски. На Али Кан воопшто не му пречи што Нино е христијанка, ниту пак на Нино и’ пречи тоа што Али Кан е муслиман. Сепак, татко му на Али Кан за бракот со христијанка ќе каже:

 

           Многу е добро што ќе се жениш... Твојата Нино е христијанка. Не 
           дозволувај и’ да ја внесе туѓата вера в куќи. Во неделите испраќај 
           ја в црква, но во куќата не смее да стане поп. Жената е кршлив 
           сад. Важно е да го знаеш тоа. Не тепај ја додека е бремена. Но 
           никогаш не заборавај: ти си господарот и таа живее во твојата 
           сенка. Знаеш дека секој муслиман смее да има четири жени 
           истовремено. Но, подобро да бидеш задоволен со една... Не ја 
           изневерувај. Таа има право на секоја капка од твоето семе. 
           Прељубниците ги чека вечно проклетство. Биди трпелив со неа. 
           Жените се како децата, само многу поитри и попакосни; важно е 
           и тоа да го знаеш. Постојано опсипувај ја со подароци, дарувај и’ 
            свила и скапоцени камења. Но, ако некогаш ти затреба совет и 
           при тоа те посоветува, стори го спротивното. Ете, тоа е 
           можеби и најважната работа, која треба да ја знаеш.

          Али Кан на сето тоа ќе рече: Но татко јас ја сакам, што би значело дека Али Кан е свесен за различноста, за она што претставува Нино во неговиот живот и свесен е дека најважно е да ја сака и разбира, а не да ги следи баналните инструкции на својот татко. Тој ги слуша сите совети, но не спроведува ниту еден. Понатаму, татко му на неговиот коментар вели: Во суштина, жената не треба да ја сакаш. Треба да ја сакаш татковината, војната. Некои луѓе сакаат убави теписи или старо оружје. Но сепак, се случува мажот да ја сака жената. 
          Тоа: „се случува”, во говорот на татко му на Али Кан, го препознаваме како едно омаловажување кон другиот, кон жената, кон љубовта воопшто. Оваа мизогинија или во јазикот на постколонијалната критика, ксенофобија, е присутна и во речникот на чичко му на Али Кан:

           Ги посетивме царските и кралските палати  и најпознатите 
           христијани на времето. Тоа е еден необичен свет, а најчудно се 
           однесуваат жените. Жените, дури и оние на кралевите, се 
           шетаат разголени низ палатите и тоа никому не му пречи, 
          можеби зашто христијаните не се вистински мажи, а можеби и 
           од некаква друга причина... Ете толку ниско стои жената во 
           очите на Европејците! Си ја покажува голотијата пред сиот 
           свет, а спрема тоа човек не треба да биде учтив.

          Иако и Али не ги поздравува и не се однесува како што доликува кон жените на чичко му, сето тоа доаѓа од воспитувањето од страна на неговиот татко и чичко кои имаат прилично транспарентни и пластично- закоравени размислувања за жената, а со тоа и за другите, различните од нив, христијаните и Европејците. Кога Али Кан оди да ја побара раката на Нино кај нејзиниот татко кој е кнез, веднаш ја воочува разликата меѓу зборовите на неговиот татко и кнезот кои се однесуваат на бракот. Кнезот за бракот има сосема поинакво размислување од татко му: Зборуваше за бракот сосем поинаку од мојот татко. Според него, во бракот треба да постои заемна доверба и почит. Мажот и жената мораат безрезервно да си помагаат. И мора секогаш да имаат на ум дека тие се рамноправни човечки битија со сопствена душа. Свечено се заколнав дека нема да ја забрадам Нино и дека нема да имам харем. 
          Односот меѓу Али и Нино е парадигматичен за односот на едниот кон другиот, или за односот на Првите кон Другите, однос кон странецот, кон невдомениот, Истокот и Западот, при што во размената со другите луѓе се потврдуваат идентитетните разлики преку една дијалошка позиција. Идентитетната припадност на едните кон другите се потврдува токму преку дијалошкиот чин. И Али и Нино знаат каде припаѓаат, но истовремено, знаат дека „принципот на идентитетот коинцидира со принципот на дијалогичност, другост” (Елизабета Шелева), со што се потенцира двојниот концепт на идентитетот - како Истост и како Другост; како национален и единечен и како космополитски и глобален идентитет. Таа дијалогичност постои кога станува збор за љубовта, но кога Нино го моли Али да се преселат во Париз, тој вели:

            Нино, те молам, обиди се да ме сфатиш. Ги имам рамниот 
           покрив над мојата глава, пустината и морето. Го сакам овој 
           град, старите ѕидини и џамиите во тесните сокаци, и надвор од 
           Ориентот ќе се задушам, ќе умрам како риба без вода.
           Во Париз ќе бидам подеднакво несреќен како што беше ти во 
           Персија. Таму ќе се чувствувам како да сум жртва на зли сили. 
           Сети се на харемот во Шимран. Не ќе можам да ја поднесам 
           Европа, исто како што ти не можеш да ја поднесеш Азија.
             Ајде да одиме во Баку, каде што Европа и Азија 
             незабележливо се вплотуваат една со друга. 
Не можам да 
           одам во Париз, таму нема џамии, ниту пак стари ѕидини, и не ќе 
           најдам човек како Саид Мустафа. Одвреме-навреме морам да се 
           насладувам со духот на Азија за да имам сили да ги поднесам 
          многуте странци кои надојдоа. Во Париз ќе те мразам како што 
           ти ме мразеше после прославата во месецот мохарем. Можеби 
           не веднаш, но после некое време некој карневал или бал ненадејно 
           ќе почнам да те мразам поради туѓиот свет во кој сакаш да ме 
          принудиш да нурнам
.

          Јулија Кристева во Токати и фуги на другоста, во делот „Странци на себе си”, прецизно ја определува сликата на другиот, на странецот, како слика исполнета со омраза. Затоа Али Кан се плаши токму од таа омраза, од тој зазор, којшто би го обзел доколку ја напушти својата земја и отиде во друга, како што вели, „туѓа”, каде и самиот ќе стане туѓинец, странец, кон кого луѓето ќе имаат посебен третман. Тој не сака по никоја цена да го напушти својот дом, а со тоа и својот идентитет и да стане раселен и обездомен.
По малку иронично, на тоа Нино му вели:

           Прости и’ на твојата Нино, Али Кан. Бев многу глупва. Не знам 
           зошто си помислив дека тебе ти е полесно да ја менуваш 
           средината отколку мене. Остануваме овде и веќе нема да 
           зборуваме за Париз. Ти ќе си го имаш твојот азиски град, а јас 
           европската куќа. 

           Иако Али и Нино сакаат да се ограничат, да ја исцртаат границата меѓу нив во таа смисла што едниот иманентно сака да припаѓа на пустината, а другиот на Европа, кога станува збор за љубовта и за нивното дете, таа граница се брише, станува невидлива, разликите речиси не постојат, што се однесува до Нино, додека Али, сепак, останува на своето. Нино ќе рече: Но детето што го носам од тебе, не смее да биде ниту дете на пустината, ниту дете на песокта, едноставно ќе биде детето на Али и Нино. А Али на тоа вели: 'Договорено', реков и знаев дека со тоа се согласив да бидам татко на едно Европјанче. 
          Можеби трагичната смрт на Али Кан во пустината е симболично обележана, затоа што тој не се согласува да биде на некое друго место освен таму и не сака да биде татко на Европјанче; тој, иако не признава, но може да се насети дека сака да остане униформиран, а тоа е она што осиромашува, претставува закана, па можеби со неговата смрт, иако сурово, ама на тој начин, како тој да станува, помеѓу другото, и татко на Европјанче. Вредноста на детето на Али и Нино се состои во тоа што тоа е дете и на едниот и на другиот, тоа е дете кое ги носи обележјата и на двајцата, па колку и да биле различни и поинакви еден од друг.
          Во поинаквоста, во различноста е вредноста, тоа треба да се негува и чува. Наместо да се гради една цивилицазија на незадоволство, трба да се свртиме кон уживање во сета таа шареноликост, затоа што во спротивно стануваме робови, најпрво на самите себе, а потоа и на другите.

Заклучни согледби

          Најбитната компонента не е онаа која доаѓа од нашето потекло, туку онаа што ни дава сила и енергија за дејствување, креирање. Секое наметнување, колонизирање на сопствената волја нè затвора во еден круг од кој не ќе можеме да излеземе и да размениме мисли и чувства со други луѓе, различни од нас.
          Всушност, средбата и дијалогот со другите, доведува до тоа да се осознаеме, да ја осмислиме стварноста, животот, светот, себе си. Секоја средба, контакт, разговор, размена на зборови, циркулација на мисли, идеи и чувства е битна поради тоа што му дава покомплетна слика на светот, слика којашто му е потребна на секој поединец подеднакво, како би се разбрал себе си, а и другите/другиот, различниот од нас.


                                                                           Библиографија

1. Браидоти, Роси. Номадски субјекти. Скопје:  Македонска книга, 2002.
2. Бауман, Зигмунд. Постмодерна етика. Скопје: Темплум, 2005.
3. Bhabba, Homi. „Border Lives“. Скопје, in: Newsletter, vol. 1, 2000.
4. Дерида, Жак. Другиот правец. Скопје: Темплум, 2001.
5. Иглтон, Тери. „Културата во криза“, во: Маргина, број 3. Скопје: Темплум, 2000.
6. Саид, Едвард В. Ориентализам. Скопје: Магор, 2003.
7. Саид, Курбан. Али и Нино. Скопје: Темплум, 2008.
8. Саркањац, Бранко. Македонски катахрезис. Скопје, 2001.
9. Спивак, Чакраворти Гајатри. Постколонијална критика. Скопје: Темплум, 2003.
10. Кристева, Јулија. Токати и фуги на другоста. Скопје: Темплум, 2005.
11. Културен Идентитет - разлика во себе - зборник текстови. Скопје:  Темплум, 2002.
12. Малуф, Амин. Погубни идентитети. Скопје: Матица Македонска, 2001.
13. Маргина, број 61; 3. Скопје: Темплум, 2003.
14. Маргина, број 17-18 (јули-август). Скопје: Темплум, 1995.
15. Фуко, Мишел. Историја на сексуалноста Том 1. Скопје: Три, 2003.
16. Џепароски, Иван (прир.). Аспекти на другоста - зборник по културологија. Скопје: Евро- Балкан Прес: Менора, 2007.
17. Шелева, Елизабета. Дом / Идентитет. Скопје: Магор, 2005.
18. Шелева, Елизабета. Од дијалогизам до интертекстуалност. Скопје: Магор, 2000.
19. Интернет